post

[Видео] Што е бизнис модел?

Во многу прилики тука на претприемач ја истакнуваме важноста на бизнис модел, особено за стартапи и како дел од теоријата на бизнис идеи.

До пред извесен период немаше едно систематско решение или алатка која би помогнала да се креира еден бизнис модел се до појава на книгата Business Model Generation од Alexander Osterwalder и Yves Pigneur. Тие ја даваат следнава дефиниција за бизнис модел:

Бизнис модел опишува како една организација креира, испорачува и стекнува вредност.

Сето она што го зборуваме и ќе продолжиме да го зборуваме тука, во однос на бизнис моделот во оваа видео е презентирано сликовито.

post

Видео: Роки приказна раскажана од Тони Робинс

Филмовите за Роки и патот кон успехот на ликот, главниот јунак се чини дека нема кој не ја знае.

Оваа видео претставува приказна за тој јунак, но раскажана од еден од најголемите експерти за мотивација – Тони Робинс.

post

Креирање на нова бизнис идеја преку комбинација на постоечки

Задачи пред започнување на бизнис Креирање на бизнис идеи претставува процес на иновативни можности на еден претприемач. Во серијалот за иновативни можности опфативме повеќе можности за креирање на бизнис идеи кои може да се искористат од еден претприемач.

Зошто на еден претприемач му требаат постојано нови идеи?

Ниеден бизнис не е имун на надворешното влијание. Претпоставките и за најиновативните бизниси дека можат да бидат мирни подолг временски период зарди недостаток на конкуренција не држат вода. Мора постојано да се иновира, менува и подобрува.

Како една можност за стекнување на добри бизнис идеи претставува комбинација на две или повеќе бизнис идеи во една.

Сите го знаеме примерот на појава на видео игри како резултат на еден човек кој работел во детски забавен парк и студирал електроника. Двете идеи, односно индустрии (забавен парк за деца и познавање од електроника) ги искомбинирал во тогашното чудо на техниката наречено како видео игри.

Подолу е еден процес кој би можел да го искористиш за оваа намена:

  • Бреинстормирај колку што можеш повеќе бизнис идеи.
  • Прегледај ги и групирај ги доколку некои се слични или имаат иста намена.
  • Направи табела со две колони во кои ќе ги смести бизнис идеите.
  • Започни со една идеја од првата колона и додека мислиш на неа разгледувај ги идеите од втората колона (без онаа која си ја избрал од првата) и размислувај за можна комбинација меѓу истите.
  • Кога ќе налеташ на идеја од втора колона која може да се комбинира со идеја од првата колона и притоа ти се чини интересна поврзи ги со стрелка.
  • Продолжи со истиот процес за секоја идеја од прва колона се до последната.
  • Во посебна табела извлечи ги можните комбинации.
  • Доколку сакаш да го повториш процесот за комбинација и на трета идеја во комбинација на првите две додади уште една колона каде ќе ги повториш иницијалните идеи.
  • Повтори го процесот на идеите (комбинации) од првата колона со втората колона (иницијални идеи).

Внимавајте при процесот да ги отфрлите сите предрасуди и размислувања за можната изводливост. Како еден претприемач ти бараш иновативна можност, идеја која може да го смени изгледот на светот.

Од друга страна не е лошо кога ќе дојдеш до повеќе комбинации да дадеш и сопствени размислувања, или идеи за подобрување на комбинацијата.

Целта е да дојдеш до идеја, а не до тоа дали е изводлива и дали купувачите ќе ја сакаат. Тој процес е опфатен со теорија на бизнис идеи.

 

post

Зошто повеќето стартапи не успеваат?

Започнување со раст Зошто стартапи не успеваат?

Едно од најпоставуваните прашања и на кои тешко може да се нејде едноставен и универзален одговор.

Прво, да напоменам дека тука го користам зборот стартап и тој се однесува на ентитет, организациски систем кој се обидува да започне бизнис, да иновира, да креира нешто ново, да задоволи потреба на пазарот… Не станува збор за стартап како процес на започнување на бизнис.

Второ, мора да ни биде јасно што всушност претставува стартап. Имам проучено можеби стотици дефиниции за стартапи. Сите се различни и сите отсликуваат една карактеристична состојба на овој или оној начин. Но, доколку ги рангирам врз основа на тоа која е најдобра, односно која најреално го претставува тој организациски систем секогаш би ја издвоил и би ја издвојувал онаа која ја споменав во Дали погрешно се разбравме, дефиницијата на Steve Blank:

Стартап претставува привремена организација во потрага за приспособлив, повторлив и профитабилен бизнис модел.

Во изминатиот период од две години анализирав стотици вакви организации, што формално, што неформално. Дури и некои кои во моментов изгледаат дека успешно ја поминале таа фаза од животниот циклус, а сепак постои опасност да страдаат во една блиска иднина. Тие анализи, ми ги потенцираат неколкуте причини за неуспевање. Подолу се презентирани истите.

#1 Започнување на бизнис врз основа на интуиција

Иако интуицијата понекогаш е потребна сепак, таа не е нешто што гарантира резултати. Започнување на бизнис бара многу влужувања, и често пати тие ги мериме само врз основа на финансии, но тука е и трудот на еден претприемач, време кое може да биде и повеќе од 20 часа дневно… Да не зборуваме за стрес, односи со семејството или сите пропратни елементи кои го следат едно започнување. Влогот е голем и мнопгу е ризично да се започне врз основа на интуиција.

Интуицијата е видлива и во бизнис плановите, на пример:

  • Ќе имаме приход од толку и толку.
  • Купувачите се тие и тие, и ќе ги сакаат нашите производи.
  • Продажбата ќе биде таква и таква…

Сите тие претпоставки во голем дел се базираат на интуитивен одговор на идниот претприемач, а понекогаш и се “шминкаат” особено, ако се конкурира за финансиски средства. Но, ваквиот пристап ќе го чини претприемачот, кога тогаш.

#2 Недоволно препознавање на вистинскиот пазар

Многу ретко малите бизниси, односно претприемачите го препознаваат вистинскиот пазар. Денес дефиниците на пазарот не се исти како во минатото и не може да се користат традиционалните знаења.

Во една таква ситуација, бизнисот се започнува со едноставно таргетирање на севкупниот пазар, да се задоволи секој кој на некаков начин е поврзан со пазарот. Но, дали еден мал бизнис може да задоволи секого? Мала бакалница во локално маало не може да задоволи купувачи од друга населба. Но, може и има голема предност да влијае на локалните купувачи од тоа маало, да купуваат кај него наместо во големите маркети.

Кој е вистинскиот пазар за еден стартап? Оној кој ќе даде најдобри резултати за најкратко можно време. Специфични сегменти од пазарот имаат специфични потреби, специфични проблеми, специфични желби… Голем дел од тие потреби, проблеми или желби воопшто не се задоволени, ниту пак решени. И, она што е најдоброто за еден стартап е што големите бизниси дури и немаат интерес во моментов да креираат или задоволуваат такви желби.

#3 Недоволно препознавање на вистинските купувачи

Вообичаено во пракса се има идеја, се прави бизнис план во кој се наведуваат купувачите и се започнува бизнис. Но, дали тоа се оние вистинските купувачи? Кој знае? Ти, сигурно не знаеш и не си сигурен 100%. Единствено кој знае е твојот купувач, тогаш кога ќе дојде да ти даде пари за твојот производ и/или услуга, но и кога ќе се вратат да го повторат процесот.

Секој стартап има потреба од оние купувачи кои ги нарекуваме “рани прифаќачи”. Доколку не постојат такви купувачи кои ќе бидат спремни да купат нешто сеуште неиспробано на пазарот, нешто сеуште недокажано, нешто што можеби сеуште не постои, односно не е развиено, бизнисот не треба да започнува. Преку нив се дефинираат вистинските купувачи, бидејќи задоволувајќи ги нивните специфични потреби, проблеми и желби се дефинираат вистинските купувачи за бизнисот.

Препознавање и анализа на вистинските купувачи не се изведува од канцеларија со помош на интернет и списанија или пак статистики. Тие се изведуваат во директни контакти со таквите можни купувачи. Тие се изведуваат така што во повеќе случаи ќе се креира желба која што можеби и воопшто во моментов не постои.

#4 Предолго чекање за директен настап

Идеите се вредни само доколку се проверат дека ќе функционираат и доколку навистина се имплементираат за да функционираат. Започнување на бизнис се карактеризира често пати со еден долг макотрпен процес на развој на идеја, развој на производ и/или услуга, подготовка на бизнис план, барање на финансии, барање на локации…

Интересно е што процесот може да трае со месеци, а понекогаш за поспецифични високо-технолошки бизниси и со години. Идејата која е вредна денес, утре можеби и најверојатно нема да вреди. процесот на започнување на бизнис не претставува имплементација на бизнис идеја, како што е во најголем број на случаи. Тој процес претставува, како што кажува и дефиницијата за стартап погоре процес на потрага за приспособлив, повторлив и профитабилен бизнис модел.

Кога се трага по присопособлив, повторлив и профитабилен бизнис модел лансирањето на производот и/или услугата во одредена фаза е присутно. Не се чека, се да биде готово па да се започне, туку итеративно се воведува и имплементираат подобрувања се додека не се стигне до ниво кое веќе е спремно за масовен пазар.

#5 Започнување без бизнис модел

Многу ретко сум видел кај нас во пракса да се има бизнис модел при започнување, без разлика дали тој е добар или лош. Да, некои имаат бизнис план, но само заради некои формалности без можност за практична имплементација подоцна. Од друга страна и самата имплементација во еден стартап на бизнис план е неможна бидејќи се е претпоставка, а не постојат некои цврсти докази или податоци за било што што ќе се презема.

Зошто на еден стартап му треба бизнис модел?

Бидејќи многу работи се непознати, бизнис моделот претставува едноставно флексибилно средство кое ќе овозможи тестирања за да се дојде до вистинскиот модел.

#6 Премногу трошење, непотребно

И како последна причина би ја издвоил премногу непотребно трошење додека сеуште бизнисот претставува стартап. Се троши на маркетинг, на развој на производ, на обезбедување на локации, на опрема…

Но, дали сето тоа навистина треба? Ако е маркетинг дали наместо 100.000 денари може да се потрошат 20.000 денари? Дали оваа фаза бара трошење на 100.000 денари во маркетинг? Дали, има потреба од маркетинг?

Таквите прашања ќе бараат постојано одговор од еден претприемач. Доколку не се постигне вистинскиот баланс помеѓу трошењето и креирањето на бизнисот, веројатноста за неуспех е голема.

Ова се само шест причини кои ги издвоив како главни за оваа фаза. Инаку, имам листа од 70-тина причини која ја ажурирам постојано преку нови анализи, проучувања и тестирања.

Твојата работа е да го искористиш ова знаење, доколку сакаш да започнеш бизнис. Смени го начинот на размислување и примени нешто што ќе даде резултати.

 

post

Бизнис план за еден ден преку прашања

Бизнис план

Бизнис план

Бизнис план е потребен кога бизнисот веќе ќе започне да функционира, кога се поминува она страотна стартап фаза, но без грешка.

Во овој наслов би сакал да презентирам еден едноставен процес на подготовка на еден едноставен план за развој на твојот бизнис. Процесот е преку одговор на специфични прашања кои ќе те поттикнат да размислиш, најдеш одговори и составиш план со конкретни чекори за твојот бизнис во наредниот период.

Напомена: овој вид на бизнис план се однесува на мали бизниси кои само што ја поминуваат стартап фазата, односно хипотезите се тестирани и докажани и бизнисот започнува да заработува пари.

Ти како претприемач

Ти си претприемач, од тебе се започнува или започнало. Затоа и мора да започнеш од тебе.

Интересно е што многу проблеми во еден бизнис се јавуваат токму во таа спрега, претприемач, бизнис и купувачи. Претприемачот има свои цели, бизнисот има свои цели, но и купувачите имаат свои цели.

Сите тие цели мора да се усогласат за да системот-спрегата функционира како едно. Затоа мора да започнеш од тебе, твоите цели и твојата визија.

  1. Како еден претприемач како се гледаш во следните една, две или три години?
  2. Што сакаш да постигнеш на личен план во тој период?
  3. Можеш ли да го постигнеш тоа што сакаш да го постигнеш?
  4. Што твојот бизнис треба да постигне за да можеш да ги постигнеш личните цели?

Бизнис визија

Кога веќе знаеш што сакаш и како да го постигнеш тоа што го сакаш време е да ја скицираш визијата за бизнисот за во иднина, односно периодот за кој ќе се однесува тој бизнис план.

  1. Што сакаш твојата компанија да биде во иднината?
  2. Зошто сакаш да биде тоа што сакаш да биде во иднина?
  3. Како бизнис визијата може да допринесе за визијата за тебе како еден претприемач?
  4. Како бизнис визијата може да допринесе за купувачите?

Бизнис цели

За да една визија стане реалност мора да исполнат одредени цели. Кои се тие цели?

  1. Како ќе ја реализираш визијата?
  2. Која е целта на постоење на твојот бизнис, односно мисијата на бизнисот?
  3. Која е вредноста која што ќе им ја ветуваш на купувачите во идниот период?

Маркетинг

За еден бизнис да ги исполни целите поставени пред него ќе мора да има купувачи, и да ја зголемува базата со купувачи. Затоа и потребата од маркетинг стратегија.

  1. Кои ќе бидат идеалните купувачи за твојот бизнис?
  2. Каде се тие?
  3. Што сакаат?
  4. Како функционираат?
  5. Како ќе го раснеш бизнисот?
  6. Како ќе стигнеш до тие купувачи?
  7. Какви можности постојат на пазарот?

Финансии

И се би било ОК, доколку не постојат трошоци. Но, тие се неминовна реалност на еден бизнис и мора да се обезбеди нивно покривање, инаку нема бизнис.

  1. Што треба да постигнеш на финансиски пла по една година од имплементацијата на планот?
  2. Какви приходи очекуваш?
  3. Каква профитабилност очекуваш?
  4. Како ќе го мериш успехот?
  5. Како ќе се движи готовинскиот тек?
  6. Треба ли да интервенираш со дополнителни финансии заради целосна имплементација на планот?

Акција

Досега беше се лесно и едноставно, си седиме во канцеларија и пишуваме на лист хартија, користиме дигитрон или компјутер. Но, она што се планира, мора да се имплементира. А, ќе се имплементира само доколку твојот план има прецизно и јасно дефинирани чекори кои треба да се преземат заради реализација на планот и остварување на зацртаните цели.

  1. Какви конкретни чекори ќе преземеш заради остварување на визијата?
  2. Кога клучните проекти ќе бидат комплетирани?
  3. Кој ќе биде одговорен за имплементација на конкретните следни чекори?
  4. Што претставува успешна акција?
Ова е план кој може да биде и на една страничка, добро, можеби двострано. Но, овој план ќе биде јасен патоказ за периодот кој следува. Доколку сакаш подетален план со опфаќање на сите елементи може да ги погледнеш специфичните поглавја на еден бизнис план во постот насловен како процес на бизнис планирање каде се дадени 15 елементи кои еден бизнис план треба да ги опфати преку еден процес на планирање.
post

Менаџерска позиција без искуство

Менаџмент Не сум оној кој ја брани тезата дека за да се биде менаџер мора да се помине време во една организација, преку билдање на искуство…

Многу менаџерски позиции се прецизирани со тоа: работно искуство од минимум… Мое лично мислење е дека таквото ограничување претставува препрека за брз организациски развој на организацискиот систем во кој е дефинирана специфична менаџерска позиција.

Не сум ни од оние кои сметаат дека ако не треба менаџерската позиција да биде ограничена со работно искуство, било кој може да стане менаџер. Имав можности да видам први работни искуства по студентските денови да се станува менаџер. Добро, некои завршија во “ќорка” што би рекол Шојиќ.

Но, она што одсекогаш сум сметал дека мора да се земе во предвид е личниот капацитет на лицето кое конкурира за менаџерска позиција. Зошто велам дека ограничувањето со работно искуство со години е лошо? Затоа што секое лице има различен капацитет. Некој потребното искуство ќе го стекне за 5 или шест години, додека некој друг за една година. Некој ќе ми каже дека не е возможно. Зошто да не е возможно. Младите брзо прифаќаат нови работи, брзо се едуцираат, брзо применуваат она што го научиле… Тие тестираат, имплементираат, грешат и учат од грешки. Тоа е новата енергија која му е потребна на секој организациски систем во денешно време.

Менаџери се потребни, тоа е факт. Но, и секој вработен кој претендира на една таква позиција поминува одредени скалила. Сигурно дека нема да може да извршува функции на врвен менаџмент, но може да раководи со мала организациска единица и тоа многу добро. Од друга страна, прескокнување на некој со одредено искуство кој чека можеби десетици години да се ослободи таа позиција може да предизвика проблеми.

Пред некоја недела имав можност да зборувам и да презентирам дел од моето лично искуство пред постдипломци во Нови Сад. Иако немав време за никаква подготовка сепак успеав да ги извлечам најважните три карактеристики кои треба, но и не мора да ги има еден млад менаџер. Велам, но и не мора бидејќи може и мора да започне со нивното градење веднаш откако ќе дојде на една таква позиција. Ги извлеков директно преку едно мое искуство кога се зафатив да работам на менаџерска позиција, но без доволно работно искуство пропишано за тоа работно место.

Кои се тие елементи? Досега повеќепати сум ги споменувал тука, но од еден друг аспект, односно преку еден поглед од страна на маркетинг функцијата во еден бизнис.

На еден млад менаџер прво што ќе му треба е кредибилитет. Што претставува кредибилитет?

Според Stephen Covey, авторот на The Speed of Trust, кредибилитет е функција на 4 елементи:

  • Интегритет. Интегритет ќе изградите со помош на вашата искреност и чесност.
  • Посветеност. За посветеноста морате да имате мотив, агенда и однесување кое ќе ве претстави како навистина посветен менаџер на работата која ја работите.
  • Способност. Способноста пак е функција на вашиот талент, вештини, експертиза и знаење. Способноста одговара на прашањето: Дали сте токму вие релевантен?
  • Резултати. Резултатите се приказ на вашите перформанси како сегашни така и минати. Прикажување на овие резултати го зголемуваат вашиот кредибилитет.

Целта е да се постигне доверба. Како млад менаџер, тешко ќе помине постарите да имаат доверба во тебе. Затоа кредибилитетот води кон тоа да бидете искрени, чесни, посветен на работата, со посебен мотив, да бидете способен и да имате резултати. Е, сега кога станува збор за резултати, со помало искуство тешко може да се издвојат, но повторно, не зборуваме за директен скок “од улица на менаџерска позиција”, туку зборуваме зо помината година, можеби две или три на некое неменаџерско работно место. Доколку во тоа искуство постојат резултати, значи дека може да се претендира на менаџерска позиција. Од друга страна, може да се помине и на брзи постигнувања на резултати и како нов менаџер, со што работите ќе се движат во нагорна линија во поглед на односот на менаџер и вработени.

Вториот елемент кој е потребен, а кој ќе зависи од кредибилитетот, односно кредибилитетот може да помогне за негово брзо постигнување претставува репутација.

Репутација претставува:

  • Јавно мислење. Какво мислење имаат оние кои треба да ги менаџираш за тебе како менаџер?
  • Социјална евалуација. Како оние кои треба да ги менаџираш те евалуираат како еден менаџер?
  • Идентитет дефиниран од страна на други луѓе. Каков идентитет ти даваат оние кои треба да ги менаџираш?

Како што може да се забележи, на кредибилитет може да се работи и да се гради, додека кога станува збор за репутација таа мора да се стекне.

И секако за крај, како последен елемент кој пак единствено може да се стекне преку градење на кредибилитет и стекнување на висока репутација е довербата.

Довербата е таа која обезбедува непрекинат тек на сите работни активности во еден организациски систем, а со тоа и долгорочна стабилност на бизнисот. Ако имаат доверба во тебе, нема да бојкотираат, нема да се противат и ќе бидат фокусирани на работата која им ја доверуваш.

post

Идеи кои може да ги искористиш од Март 2012

Претприемач

Претприемач

Веќе сме во четвртиот месец од оваа 2012 година кога помина првата недела. Овој пост претставува месечен серијал за оние најчитаните, односно најдобрите постови кои како идеи може да ги искористиш за развој на твојот бизнис, а се објавени претходниот месец. Претходниот месец во овој случај е март 2012 година.

Овие наслови, на крајот на годината по уште една анализа на популарноста ќе влезат на страната Започни тука.

Во февруари на претприемач беа објавени 44 наслови во кои преовладуваше темата за започнување на бизнис што е логично како главна тема за оваа 2012 година на претприемач.

Па, да видиме што е она најактуелното што можеш да го искористиш за твојот бизнис од Март 2012 година.

Започнување на бизнис

Маркетинг

Продажба

Претприемач

post

Систем за продуктивност кој ќе го смени твојот живот

Постојат повеќе системи за продуктивност. Минатата недела веќе споменав еден, GTD во постот насловен како Evernote и GTD.

Но, кога го гледаме тој дијаграм на тек за GTD сепак недостасува нешто пред започнување на собирање на разни работи околу нас и нивно организирање за извршување. За имплементација на GTD во најголем дел го користам Evernote. Може слободно да се каже дека GTD ни дава одговор повеќе на како да ги организираме работите, без притоа да навлезе детално во она што треба да работиме, дали треба да го работиме она што го работиме и дали е тоа вистинското за нас.

Затоа, сметам дека секој треба да има своја листа на желби. Што е она што посакува да оствари? Тука се крие мотивацијата, тука се крие движечката сила на она што треба да се направи, дури и да се паѓа на тој пат. Листа со желби ќе поттикне да се кренеме и да продолжиме.

Подолу е еден график за еден едноставен систем кој го креирав за целите на еден друг проект My Productivity Tools кој го започнав пред десетина дена.

The Wish, Will and Start Doing Productivity System
Like this graphic? Get more productivity tips from My Productivity Tools.

post

Видео: Вил Смит и патот кон успехот

Вил Смит еден од најуспешните луѓе во светот споделува некои негови искуства за неговиот пат до успехот.

Инспиративно видео.

post

Дали погрешно се разбираме?

Стартап - Започнување на бизнис Постојат повеќе полемики и постојано сум прашуван за тоа како може да пишувам дека бизнис планот е непотребен.

Но, никаде не велам дека еден бизнис план не е добра алатка за бизнисите. Но, велам дека не е најдобра алатка за започнување на бизнис.

Повторно, не е најдобра алатка, а што ќе користиш кога започнуваш бизнис останува на тебе како еден иден претприемач.

Кога се започнува еден бизнис постојат многу прашалници, равенства не со една или две туку со повеќе непознати, виша математика… За постоечките бизниси со изграден пазар, изградени купувачи и производи кои веќе се продаваат е многу полесно.

Викаат имаш бизнис идеја претвори ја во бизнис план. Но, дали некој знае како кога станува збор за нов бизнис? Да, повеќето знаат вака:

  • Мојот бизнис ќе биде тоа и тоа.
  • Моите купувачи ќе бидат тие и тие.
  • Моите производи ќе ги задоволуваат тие и тие потреби или ќе ги решаваат тие и тие проблеми.
  • Продажбата ќе биде вака и вака.
  • Трошоците ќе бидат тие и тие.
  • Маркетингот ќе биде ваков и ваков.
  • Билансот на состојбата ќе биде таков и таков (Биланс на состојба, уффффф…)…

Забележете едно ЌЕ секаде кое што е болдирано. Исто како кога син ми кога погреши нешто и се обидувам да го казнам ми вели ќе направам друг пат тоа и тоа. Но, по еден ден песната повторно иста ќе-то не станува направив. Или барем не станува лесно направив.

И кога ќе прашаш некого од каде податоци за тоа “ќе”, дали се сигурни итн. ќе добиете одговор дека е направена анализа на пазарот, Македонија има толку жители, толку се машки, а толку женски, деца се толку од нив одат на училиште толку и тоа е мојот главен сегмент или целен пазар, користев весник, податоци од статистика… Тралалалала…

Но, клучното прашање дали ќе има купувачи и дали веќе има не постојат како одговор. Дали тие купувачи го сакаат токму тоа решение?

Можеби проблемот е што не се сфаќаат новите дефиниции на стартап. (Знам дека правам грешка со користење на англиски израз за започнување на бизнис, но започнување на бизнис претставува активност на преземање на нешто, а јас зборот стартап го користам за опишување на ентитет, една организација или организациски систем, па поради тоа не можам да го користам македонскиот израз. Можеби би требало да кажам бизнис во започнување, но стартап не значи дека сеуште имаме бизнис бидејќи тој сеуште не претставува бизнис. Оставам простор на експертите од ова подрачје да најдат соодветна терминологија или пак доколку има нека ја посочат, дотогаш ќе го користам терминот стартап.) Во овој случај ќе ја искористам дефиницијата на Steve Blank (и да не заборавам неговата најнова книга The Startup Owners Manual која излезе на почетокот на март претставува “нова библија” за стартапи и во голем дел е во согласност со она што започнав да го развивам за наши услови како теорија на бизнис идеи од почетокот на оваа година):

Стартап претставува привремена организација во потрага за приспособлив, повторлив и профитабилен бизнис модел.

Како за една таква организација може да помогне бизнис планот? Никако. Но, за постоечки бизниси, менаџментот започнува да игра клучна улога, па и планирање и бизнис планот ќе претставува една од најважните алатки. Затоа и во претприемничкиот процес кој го развив и насловив како “претприемачки часовник” и кој сеуште не е никаде објавен, бизнис планот не е видлив од прва, туку се наоѓа во делот на менаџмент како процес на планирање.

Се надевам дека полека се разбираме.