post

Ден 10: Предвидување – 77 подобрувања за 77 дена

Подобрување на креативност Да продолжиме со нашиот предизвик да го подобриш твојот бизнис за 77 дена.

Претходниот ден на кој што работеше е за подобрување на твоето претходно искуство со процесот на бизнис планирање. Денес, ќе продолжиме со еден од најважните елементи на процеот на планирање, а тоа е предвидување.

Што можеш да подобриш во твоето предвидување?

Предвидувањето е важно бидејќи секој бизнис план се базира токму на него, а понекогаш се нарекува и претпоставување бидејќи не можеме секогаш да ја предвидиме иднината. Би било премногу едноставно да бидеш претприемач доколку можеш да гледаш во иднината. Реалноста е многу поинаква и поради тоа многуте од твои идни активности ќе бидат базирани на твоите планови, кои пак од друга страна се базираат на предвидување и претпоставување.

Најголемиот предизвик за подобрување на предвидувањето е да успееш истото да биде колку што може поблиску до реалноста кога ќе се случи. Ова значи дека целите на твоите напори за подобрување ќе бидат да ја намалиш разликата помеѓу предвидената ситуација и вистинската ситуација.

На пример, доколку предвидиш дека твојата продажба во следните 6 месеци ќе биде 1000 парчиња, ќе сакаш на крајот од шестиот месец да имаш реализирано продажба која ќе е блиску до тој број. Доброто предвидување ќе значи дека имаш реализирано продажба помеѓу 900 и 1100 парчиња. Доколку имаш помалку, ќе треба да работиш на подобрување на твоите предвидувања за следниот циклус.

Кои се факторите кои влијаат на твоето предвидување?

Постојат повеќе фактори, но најважните за тебе се:

#1 Квалитет на историски податоци.

Секое предвидување започнува со анализа на твоите историски податоци, нешто што твојата компанија го има во некаков вид на запис во минатото.

Доколку немаш такви податоци, ќе бидеш навистина во една незгодна ситуација за твоите предвидувања, бидејќи ако сакаш да направиш добри предвидувања на иднината ќе ти треба нешто од каде би можел да започнеш, а твоите историски податоци се одлично место за започнување.

Да видиме што можеш да подобриш во овој дел:

  • Доколку немаш база на податоци за следење и запишување на податоци од твојот сопствен бизнис, започни со креирање на нешто такво.
  • Осигурај се дека најмалку ги имаш податоците од продажба, трошоците и односи со потрошувачите.
  • Обезбеди дека лесно можеш да пристапиш и да ги анализираш податоците.

#2 Надворешни фактори

Иако не можеш да имаш некое големо влијание на надворешните фактори, треба да ги користиш во твоите предвидувања бидејќи тие имаат огромно влијание на твојата бизнис иденина.

Ти треба систем за следење и подобрување на твоето сопствено знаење најмалку за овие фактори:

  • конкуренција,
  • општи бизнис услови,
  • општи економски услови и
  • трендови на пазарот.

#3 Внатрешни фактори

Освен надворешни фактори, твоите предвидувања треба да содржат и некои дополнителни внатрешни фактори како што се твоите планови во однос на реклами, промоции, развој на нови производи и процеси, ценовни политики…

Дали имаш јасен поглед на се она што сакаш да го постигнеш во иднина?

Доколку немаш, обиди се да бидеш сигурен за тоа.

#4 Временска рамка

Твоето предвидување како и разликата помеѓу предвидување и реалноста во голем дел зависи од временската рамка за која ќе се однесуваат предвидувањата. Помеѓу нив постои вистинска позитивна корелација. Доколку временската рамка е помала, помала ќе биде и разликата предвиденото и реалноста и обратно.

Доколку сакаш да го подобриш твоето предвидување и бизнисот во целост, ќе треба да користиш планови кои ќе се базираат на пократок временски период, па така и предвидувањата ќе се однесуваат на пократок временски период. На таков начин ќе ја зголемиш успешноста на твоите предвидувања.

Секогаш подобро можеш да предвидиш што ќе се случи утре отколку следниот месец.

#5 Твоите сопствени вештини

Ти си претприемач и ти требаат различни претприемнички и менаџерски вештини за да ја предвидиш иднината. Еден дел од процесот на подобрување е секогаш да ги подобруваш твоите вештини.

Читај книги, читај списанија и весници поврзани со индустријата, читај блогови од индустријата, читај се што на некаков начин е поврзано со твојата индустрија и твојот пазар… Така секогаш ќе знаеш што се случува надвор од твојот бизнис.

#6 Секогаш обидувај се да вметнеш проценка на грешка

Повеќето од твоите идни активности ќе се базираат на предвидување за кое знаеш дека не може да биде 100% точно. Зошто не се обидеш да ги процениш можните грешки и да ги користиш во процесот на имплементација?

На ваков начин ќе можеш да знаеш каде би можело да треба да вметнеш некои промени кога имплементираш нешто врз основа на предвидувања со поголема проценка на грешки.

post

Ако размислуваш за започнување на бизнис гледај го ова видео

Постојат многу совети за претприемачите, добри, просечни па можеби и лоши. И тука на претприемач може да најдеш огромен број на совети.

Понекогаш само еден совет може да ја направи разликата. А тоа е преземи акција, започни и не запирај се додека не успееш.

Токму тоа е советот што во Donny Deutsch show, CEO на Skechers, Robert Greenberg го дава во ова едноминутно видео.

А сетете се на најважните фактори кои еден претприемач го прават да биде успешен претприемач. Првиот и најважниот е токму преземање на акција.

post

10 Книги за менаџмент кои мора да се прочитаат од секој претприемач

Работиш ли со луѓе во твојата компанија?

Менаџираш ли различни проекти во твојот бизнис?

Сакаш ли твојот бизнис да успее?

Доколку одговориш со да на овие прашања тогаш ќе ти бидат потребни менаџерски вештини. А, ќе ти требаат и лидерски вештини.

Еден начин за да ја зголемиш твојата бизнис потенцијална енергија во твоите менаџерски вештини е да најдеш, прочиташ и научиш од различни книги за темата. Тука сакам да споделам листа од најважните книги за кои јас сметам дека ти како еден претприемач мора да ги прочиташ доколку сакаш да ја менаџираш твојата компанија кон успехот.

Листата не е согласно некое рангирање по важност.

1. The Lean Startup

The Lean Startup The Lean Startup: How Today’s Entrepreneurs Use Continuous Innovation to Create Radically Successful Businesses претставува книга која навистина може да ја зголеми твојата бизнис потенцијална енергија преку имплементирање на lean принципи во твојот мал бизнис. Книгата ги користи основите на lean производство за да ти помогне во креирање на една навистина иновативна компанија преку континуирано учење, експериментирање и тестирање на твојата визија како еден претприемач.

2. Linchpin

Linchpin Linchpin – Are You Indispensable? Книга, која ќе го промени твоето размислување за се околу твојот бизнис. Книга која ќе ги отвори твоите очи за да гледаат на работите во твојот бизнис многу поразлично и во корелација со денешната реалност. Seth Godin зборува за тоа како менаџерските и лидерските стилови можат да те направат тебе, твоите партнери, твоите соработници и твоите вработени неопходни (indispensable). Оваа е книга која мора да се прочита од секој претприемач.

3. StrengthsFinder 2.0

StrengthsFinder 2.0 Знам дека ти како еден претприемач знаеш многу работи кои ги работиш. Но, знаеш ли што е она што го знаеш најдобро, нешто во што навистина си најдобар? Дали го работиш токму она што го знаеш најдобро и во што си најсилен? Дали си се нашол себеси во средување на твоите недостатоци или слабости, наместо да ги развиваш твоите силни страни? Strengths Finder 2.0 е книга која ќе ти помогне да ги пронајдеш твоите јаки страни, да ги развиеш и да започнеш да го градиш се останатото врз нив.

4. Good to Great

Good To Great Good to Great од Jim Collins е нешто што исто така мора да биде прочитано од секој претприемач. Никој не е совршен. Но, како твојот бизнис може да постигне трајна одличност од нешто што се нарекува добар бизнис, просечен бизнис или пак лош бизнис. Книгата ќе ти покаже зошто некои компании стануваат одлични компании додека останатите остануваат само добри.

5. Thinking Fast and Slow

Thinking Fast and Slow Thinking Fast and Slow од Daniel Kahneman се однесува на нашето размислување, или на нашиот мозок и начинот на кој го користиме при размислување. Книгата опишува два системи кои ги користиме во процесот на размислување: првиот е системот на брзо размислување кој се базира на интуиција и емоции, додека вториор е систем на споро размислување базиран на логиката. Важно е за тебе како еден претприемач да знаеш кога можеш, а кога не можеш да и веруваш на твојата интуиција.

6. The Tipping Point

The Tipping Point The Tipping Point: How Little Things Can Make a Big Difference од Malcolm Gladwell претставува книга за промени, кои можат да започнат од нешто навистина мало и да го промени целиот твој живот или целиот твој бизнис. Овој феномен авторот го нарекува како tipping point кој во целост е опишан во книгата. И оваа е едно задолжително четиво за претприемачите.

7. Start With Why

Start With Why Размисли за тоа колку пати како еден претприемач си дошол до идеи за подобрување на твојот бизнис едноставно преку одговор на едно прашање кое едноставно започнува со зошто, или пак целото прашање е само зошто. Во книгата Start With Why, Simon Sinek обезбедува една рамка околу идејата која тој ја нарекува “The Golden Circle”. Таа идеја може да ти помогне да изградиш одличен бизнис, и таа идеја започнува токму со тоа “зошто”.

8. The E-Myth Revisited

The E-Myth Revisited The E-Myth Revisited: Why Most Small Businesses Don’t Work and What to Do About It од Michael E. Gerber ќе те води низ процесот кој треба да го имплементираш доколку сакаш да успееш преку сите нивоа на животни циклуси на твојот бизнис. Друг важен аспект кој ќе го научиш преку читање на оваа книга е разликата помеѓу тоа да работиш на твојот бизнис и да работиш во твојот бизнис.

9. The Speed of Trust

The Speed Of Trust Како еден претприемач секогаш ќе бидеш во потрага по довербата околу тебе. Сакаш твоите потрошувачи да ти веруваат. Сакаш твоите вработени да ти веруваат. Сакаш твоите партнери да ти веруваат. Довербата е најважниот елемент за секој мал бизнис. Колку побргу ја изградиш, побргу твојот бизнис ќе стане успешен. The Speed of Trust: The One Thing That Changes Everything од Stephen M.R. Covey е книга која ќе те води низ процесот на креирање на силна доверба околу тебе и твојот бизнис.

10. Blue Ocean Strategy

Blue Ocean Strategy Blue Ocean Strategy: How to Create Uncontested Market Space and Make Competition Irrelevant е книга која може да ти даде многу идеи како да пристапиш на пазарот со нешто навистина различно, нешто што ќе креира нов пазар и нова потреба за твоите производи и услуги. Авторите оваа различно и ново го нарекуваат како “плав океан”, кој ти треба да го креираш на пазарот.

post

Бизнис одлуки

Како еден претприемач твојата работа во голем дел ќе биде да носиш одлуки за твојот бизнис. Не важно дали сакаш или не сакаш да носиш одлуки. Ќе мора да одлучуваш бидејќи сакаш да бидеш претприемач.

Што ќе направиш? Што треба да направиш? Кој ќе направи што? Како твојата компанија ќе продава? Како ќе ги понудиш твоите производи или услуги?

All of these and much more are everyday questions that you as an entrepreneur must answer, or make decisions about them.

Одлуките не се носат само заради тоа што треба да одлучиме за нешто. Ни требаат добри одлуки, или вистинските одлуки кои ќе ја зголемат бизнис потенцијалната енергија на компанијата.

Кои се најважните фактори за донесување на добри одлуки за нашата компанија?

Што точно значи една квалитетна претприемничка одлука?

Одговорите на овие две прашања се дадени во mindmap-от подолу.

 

Бизнис одлуки

Фактори на кои се базираат добрите бизнис одлуки

  • Ти треба знаење за предметот на одлуката доколку сакаш да ја донесеш вистинската одлука.
  • Твоето искуство во предметот на одлучување само ќе го подобри севкупниот процес. Нема да му наштети, а ти треба.
  • Твоите вештини се важен дел од целиот процес и донесување на најдобрата одлука.
  • Потребни ти се одредени информации врз база на кои ќе ја донесеш одлуката.
  • Понекогаш ќе ти треба и среќа.
  • Во ситуации кога недостасуваат информации, а ќе ги има многу, ќе треба да се базираш и на сопствениот инстикт.
  • Одлуките се базираат на логични заклучоци. Како на еден претприемач ти треба логично размислување.
  • Голем дел на процесот на донесување на одлуки се базира токму на анализи.

Квалитетни одлуки се одлуки кои:

  • се имплементирани,
  • ја водат твојата компанија кон успехот,
  • ја подобруваат твојата компанија и
  • ги решаваат вистинските проблеми.

Доколку донесеш одлука која нема да биде имплементирана, исто е како и да не си одлучил за тоа нешто. Не гу би време за донесување на одлуки кои нема да бидат имплементирани.

Зошто ги носиш одлуките? Бидејќи сакаш твојот бизнис да успее.

Секоја одлука е дел од процесот на решавање на проблеми. Секој процес на решавање на проблеми е дел од процес на подобрување.

Мора да ги приоритизираш одлуките. Првин, мора да бидат решени вистинските проблеми.

post

Како да ја анализираш конкуренцијата?

Конкуренција

Конкуренција

Дали знаеш што твоите главни конкуренти прават на пазарот?

Како одговараш на нивните акции?

Дали имаш стратешки имплементиран процес кој ќе те води низ соодветно истражување и одговор на конкурентските чекори?

Конкуренцијата за еден претприемач секогаш ќе биде реалност која не може да се избегне. Тие се тука, околу тебе и твојот бизнис. И може да имаат влијание на твоите севкупни бизнис активности.

Доколку сакаш да успееш, ти како еден претприемач секогаш мора со едното око да гледаш во твојата конкуренција. Секогаш мора да ги користиш информациите од твоите истражувања за да ги донесеш вистинските одлуки за идните чекори на твојот бизнис.

Кои се тие? Што прават? Кои се импликациите врз твојот бизнис од она што тие го прават? Што треба да направиш?

Овие прашања секогаш ќе те следат и тебе и твојот бизнис. Затоа мора постојано да ја анализираш конкуренцијата како сегашна така и идната, потенцијална конкуренција.

Да видиме 9 начини кои можеш да ги искористиш за оваа цел, кои секако не се конечни.

#1 Започни со Google

Добра стартна позиција на твоето истражување е Google, најголемата онлајн база на податоци. Побарај со различни зборови кои го опишуваат твојот бизнис, твојот пазар и твојата индустрија. Особено внимание посвети на зборовите кои најверојатно потенцијалниот купувач би ги користел кога бара решение за проблем кој твојот бизнис го нуди.

#2 Не заборавај ги социјалните медиуми

Следното место каде што може да продолжиш со твоето истражување претставуваат социјалните медиуми. Погледни преку Twitter Search и Facebook и пронајди ги профилите на компаниите твоите конкуренти (доколку имаат). Можеш да пронајдеш многу информации, трендови, идеи… Сега, тука е и Google+ (патем, можете да го следите Претприемач на Google+) кој има или ќе има огромен потенцијал за да дојдеш до различни информации кои ќе те интересираат.

#3 Прашај го твојот продажен тим

Твојот продажен тим е во секојдневен контакт со твоите потрошувачи. Тие може да знаат што твоите купувачи мислат за твоите најголеми конкуренти. Зошто да не ги искористиш тие информации?

#4 Прашај ги твоите купувачи

Твоите купувачи се најдобриот извор на информации кога станува збор за твојата конкуренција. Зошто да не ги прашаш што мислат за твојата конкуренција. И зошто те избрале тебе намсето нив?

#5 Спроведи анкета

Анкетите се постојано добар извор на информации кога станува збор за истражување на пазарот и конкуренцијата.

#6 Снабдувачите може да бидат одличен извор на информации

Твоите снабдувачи може да бидат и снабдувачи на твоите конкуренти. Зошто да не се обидеш да извлечеш некои информации за твоите конкуренти (кои ги имаат во изобилство) од нив?

#7 Разгледај ги нивните понуди

Нивните понуди се место каде тие ги опишуваат вредностите кои тие ги нудат на пазарот. Тие се неверојатен извор на информации за тебе.

#8 Поставувај прашања за нив и за нивните акции

Поставувај прашања за нив и нивните акции и чекори кои ги преземаат. Поставувај многу прашања, и обиди се да ги најдеш одговорите.

#9 5 Зошто

На секоја информација или на секое прашање кое ти како еден претприемач даваш одговор за твојата конкуренција користи го 5 Зошто принципот.O 5 Зошто значи дека ќе мора да се прашаш себеси 5 пати зошто за се кога станува збор за конкуренцијата. Ова е нешто што ќе те води во едно подлабоко истражување на твојата конкуренција.

post

Како потрошувачите да те изберат тебе место конкуренцијата?

Како постојано да се надополнува бизнис потенцијалната енергија во тебе како еден претприемач? Знаењето е едно од клучните елементи на бизнис потенцијалната енергија складирана во тебе.

Затоа од минатата недела на секои две недели на премиум претприемач објавуваме по еден вебинар. Вебинарите не се во живо туку се снимаат или ќе се снимаат, но за да се надополни тој недостаток во секој вебинар има специјализирана контакт форма преку која може да се постават прашања, да се прикаже напредокот во однос на акционите чекори преземени по следење на вебинарот и секако да бидеме во можност да ти дадеме дополнителни насоки.

Првиот од 24-те во следните 12 месеци е насловен како: Како потрошувачите да те изберат тебе наместо конкуренцијата?

Едно од најважните прашања за секој бизнис. Затоа и го избравме како прво што ќе биде одговорено низ вебинарот.

Во овој вебинар станува збор за следниве прашања:

  • Како да се дојде до неверојатен кредибилитет и доверба? Овој дел од вебинарот навлегува во клучните влијателни фактори кои влијаат на тоа еден потенцијален купувач да го избере твојот бизнис наместо конкурентскиот. Врз основа на научни и секако практично докажани факти доаѓаме до сржта на она што го поттикнува потенцијалниот купувач да донесе брза и правилна одлука кога станува збор за твојот бизнис.
  • Акции за брзо градење на кредибилитет. Врз основа на научните сознанија во првиот сегмент на вебинарот презентираме повеќе акции кои ќе ти помогнат за брзо градење на кредибилитетот. Ова е нешто што можеш да го преземеш уште денес и секако да ги почувствуваш корисностите.
  • Акции за градење на долгорочен кредибилитет. Освен онаа брзо градење, во исто време треба да работиш и на долгорочно градење на кредибилитетот. Ова е твојата стратешка цел, која ќе ја исполниш следејќи ги презентираните акции.
  • Обезбедување на непристрасност. Секогаш ти треба и ќе ти треба некој кој едноставно ќе те освести, ќе ти каже каде навистина се наоѓаш. Вистината и реалноста понекогаш е тешка. Но, што е тука е, мора да работиме за да ја подобриме. Овој сегмент навлегува токму во тоа, да ти помогне да бидеш непристрасен кога станува збор за самоанализа.
  • Обезбедување на ефективни и ефикасни контакти со пазарот. Едно од најсилните средства за градење и јакнење на кредибилитетот е контактот со пазарот. Ќе одговориме на прашањето како да имплементираш ефективни и ефикасни контакти со пазарот.
  • Акции кои треба да ги превземете. И секако кои се акции ќе треба да ги преземете е сржта на секој вебинар кој ќе го реализираме. Доколку не преземеш акција, бесцелно е следење на вебинарот. Затоа подготвивме за овој (истото ќе биде и за секој друг) акциона листа од 22 страни каде се објаснети сите чекори кои ќе треба да ги преземеш како и сите алатки кои може да ти помогнат во спроведување на тие чекори.

Вебинарот трае еден час и десет минути, а со пристап до вебинарот имаш и пристап до транскрипт на истиот, самата презентација и секако она највредното акциона листа која доколку ја спроведете ќе ве лансира до успешноста.

Може и да го погледнете воведниот дел на истиот во видеото подолу:

И уште еднаш линкот преку кој можеш да пристапиш до вебинарот е следниов: Како потрошувачите да те изберат тебе наместо конкуренцијата?

 

post

Парите не се единствена мотивација! Кога?

Една од задачите на менаџерите, па и на претприемачите бидејќи долго време ќе ја имаат таа улога е да мотивираат. Постојат повеќе теории за мотивација и една од најцитираните теории е Масловата теорија која можеби за првпат воведува мотивациски потреби кои немаат врска со пари.

Идејата за мотивација во организациските системи на научна основа е стара уште од времето на почетоците на Тејлоровиот научен менаџмент и неговите истражувања во кои се обидува да ги зголеми перформансите.

Но, во овој пост сакам да препорачам едно интересно видео во вид на анимација во кое се објаснети некоирезултати од спроведени истражувања за тоа кога парите се главен фактор кој влијае на перформансите (учинокот) во работата, а кога тие не влијаат, па дури и предизвикуваат да дојде до намалување на перформансите. Заклучокот е дека:

  • За едноставни, механички и целосно испланирани работни задачи каде не е потребно умствено размислување парите играат голема улога во учинокот на тие луѓе. Ова значи дека за овие задачи, повеќе пари, односно поголема парична награда, поголем и учинокот.
  • За сложени задачи за кои се потребни умствени напори, креативност и инвентивност парите не играат никаква улога дури може и да наштетат во учинокот на луѓето кои работат на таквите работни задачи. Ова значи дека тие луѓе бараат нешто друго, и за нив не поминува IF THEN (ако го направиш тоа ќе добиеш толку) принципот.

Во секој случај во видеото име многу корисни информации. Вреди да се потрошат 10-тина минути на него.

post

Претприемач на Google+

Пред извесен период, поточно во август оваа година напишав еден пост насловен како Google+ и можното влијание врз бизнисите. Тогаш во однос на бизнис профили, или страни беше следнава состојба:

Но, она што е важно во овој момент е дека сеуште Google+ нема излезено со некоја официјална понуда за бизнисите. Дури и оние кои направија личен профил за да го презентирааат својот бизнис едноставно ги снемува (се бришат од страна на Google). Официјално е најавено дека набргу ќе излезат со една таква понуда и дека е најдобро да се почека бидејќи во моментов работат со одреден број на компании за подготовка на платформата за бизнисите.

Google Plus лого

Google+

Пред една недела и бизнис страните станаа реалност со што Google+ станува достапен за брендирани страници.

Сеуште платформата не е богата со премногу карактеристики, но сепак она што може да се прави не ја намалува вредноста и особено заради тоа што сепак компанијата која стои зад оваа социјална мрежа е најголемиот пребарувач, а Google+ ќе има големо влијание во иднина во развојот на SEO индустријата.

Сепак овој пост е само информативен дека можете да го следите Претприемач на Google+, а корисностите и функционалноста и секако идеите за користење од страна на бизнисите во друга прилика.

Што би правеле таму?

Ајде да одиме еден чекор понапред. Едноставно,

  • Ставете ја страната на претприемач во некој ваш круг (дали преку линкот од тука или десно на страничната лента),
  • Поставувајте прашања преку коментарите на постовите кои ќе ги споделуваме за да бреинстормираме квалитетни идеи,
  • Покажете што ви се допаѓа преку +1 копчето,
  • Можеме да имаме видео чет преку hangout каде дури 10-мина ќе разговараме одеднаш и
  • Секако препорачајте ја страната на вашите пријатели.

Се гледаме на Google+.

post

Што е карактеристично за секој претприемач и секој мал бизнис?

Неизвесност

Неизвесност

Едно прашање со кое многумина се занимаваат. Многумина го проучуваат. Многумина бараат податоци, анализираат податоци, групираат податоци и прават сложени статистички анализи за пронаоѓање на корелации.

Но прашањето е едноставно. Се бара нешто со што секој претприемач или секој мал бизнис ќе биде соочен. И одговорот е едноставен, бидејќи постои само еден и единствен одговор кој ќе биде применлив за сите претприемачи и за сите бизниси. Но, првин зошто само еден одговор.

Бизнисот не е ништо поврзано со здрав разум

Здрав разум подразбира дека може да се следи нешто што е научено, нешто што е прочитано, нешто што е видено… Но, тоа не е така кога станува збор за твојот претприемнички пат како еден претприемач.

Обидете се да ги анализирате карактеристиките на најуспешните претприемачи низ историјата. Јас сум се обидел. Но, резултатот од таа анализа за моите очекувања беше погубен, затоа што очекував дека ќе дојдам до еден универзален сет на карактеристики, активности, размислувања или вредности кои го дефинираат успехот на претприемачите во глобала.

Од друга страна, барем дојдов до еден корисен заклучок, а тоа дека сите тие се различни, па дури и дијаметрално спротивставени иако може да доаѓаат од иста индустрија или пак да развиле сличен бизнис. Споредете ги само двајца големи основачи на големи компании Steve Jobs и Bill Gates. Разликите се огромни, иако и двајцата имаат слична патека, создале успешни компании.

Претприемништвото не претставува здрав разум. Што функционира за еден претприемач, нема да функционира за друг. Но, и другиот сосема ќе се разликува од првиот. Успешноста ќе се разликува бидејќи различно го дефинираат успехот. Идеите не можат да бидат здрав разум бидејќи тие се креација на креативноста. Тие можат да започнат од личен проблем и да се претворат во задоволување на глобален проблем на целата светска популација. Можат и да се базираат на копирање на нешто постоечко но со додавање на дополнителни вредности во тоа постоечко со што ќе се задоволи различен сегмент на пазарот или една ниша на пазарот која не е задоволена со постоечката понуда.

Пари исто така не можат да се земат како важна карактеристика бидејќи искуствата покажуваат дека некој може да започне со милиони парични единици, додека друг со стотици илјади, а повторно по некое време во очите на потрошувачите ќе изгледаат како успешни, бидејќи ја задоволиле нивната потреба.

Па, што е тогаш она што секогаш ќе ги карактеризира?

Како што напоменав на почетокот на овој пост, одговорот е премногу едноставен.

А тоа е незивесноста.

Неизвесноста е карактеристична особина за секој претприемач и нормално за секој мал бизнис. Еден претприемач може да прави обиди да ја намали неизвесноста со помош на планирање, предвидување, анализирање… Но, сепак и по сите тие активности таа останува константа.

Ако знаеме и велиме дека промените се константа во бизнис светот, а неизвесноста е нешто што во голем дел влијае на промените и токму поради тоа промените се константни, тогаш и единствена карактеристика која секогаш ќе постои за претприемачи и која секогаш ќе биде константна е неизвесноста.

Неизвесноста во еден бизнис изгледа вака:

  • Неизвесност
  • Уф, уф, уф… Намалување или мислење дека сме ја намалиле
  • Баааам, нова неизвесност
  • Уф, уф, уф… Намалување или мислење дека сме ја намалиле
  • Баааам, нова неизвесност
  • …

Зошто неизвесност?

Повторно прашање и повторно одговор кој е доста едноставен иако понекогаш не сме свесни за тоа.

Еден претприемач и еден бизнис постојано се опкружени со ентитети кои не се во рацете на претприемачот и како такви нивното управување како и влијанието на претприемачот е премало, а можеби и никакво. Не дека не може да влијае, може, но различно влијание ќе дава различни резултати.

Ти како претприемач не можеш да кажеш што сака пазарот. Пазарот сам си дефинира што сака и за што има потреба.

Ти како претприемач не можеш да влијаеш на глобалните економски текови, на промената на демографијата, на навиките, на законите донесени од страна на владата… А ова е само еден мал дел од оние креатори на твојата неизвесност.

Но, неизвесноста може да претставува и можност

Секогаш кога постои неизвесност, постои и нова можност. Неизвесноста можеби носи проблеми, но носи и решенија кои секако дека претставуваат нови можности и нови неизвесности истовремено.

Но, ти си претприемач, твојата задача е да се обидуваш секогаш да бараш начини за осветлување на твојот магловит пат. Доколку не е така премногу би било лесно.

post

Ден 9: Претходно искуство – 77 Подобрувања за 77 дена

Подобрување на креативност Започнуваме со вториот дел од нашиот предизвик за подобрување на твојот бизнис во 77 дена. Овој дел се однесува на подобрувања во однос на процесот на бизнис планирање.

Најдобар начин за да започнеш со подобрување на процесот на бизнис планирање е со твоето претходно искуство во еден таков процес.

Ти знаеш, што си направил добро, а што лошо во минатото. Знаеш што ти ги донело посакуваните резултати, а што не. Ги знаеш сите твои грешки. Тоа знаење ќе ти ги даде можните места каде треба да започнеш со подобрување на процесот на бизнис планирање.

Интересно е што постои голема корелација (силна) помеѓу подобрувањата во процесот на планирање и севкупните бизнис подобрувања. Преку подобрувања во процесот на планирање, ја подобруваш и иднината на твојот бизнис.

Да погледнеме во прашањата кои ќе те водат кон можните подобрувања:

  • Во претходно искуство, кои се целите во твојот бизнис план кои не си ги постигнал? Зошто не си ги постигнал тие цели?
  • Во прерходно искуство, кои се целите во твојот бизнис план кои што си ги постигнал? Зошто си успеал да ги постигнеш тие цели?
  • Дали постои нешто во твоите производи или услуги што може да биде подобрено врз основа на имплементација на претходните бизнис планови?
  • Дали твоите производи или услуги се во согласност со вистинските потреби на твоите потрошувачи? Зошто не се, доколку не се во согласност со вистинските потреби?
  • Дали твојот бизнис модел е нешто што ја дозволил имплементацијата на претходните бизнис планови такви како што биле без проблем?
  • Какво е твоето претходно искуство со предвидување на продажбата? Дали реализираните бројки се исти со планираните? Зошто се различни доколку се различни? Кои се причините за разликите?
  • Кога ќе погледнеш во твоите продажни бројки, може ли да видиш некои “шила” во нив? Зошто постојат такви нагли зголемувања или намалувања? Што можеш да научиш од нив?
  • Дали твоите претходни бизнис планови си ги базирал на потребите на потрошувачите? Дали тие потреби се менуваат брзо или пак остануваат непроменети во текот на целиот процес на имплементација на планот? Можеш ли да најдеш нешто повеќе за нивните потреби што би се вклучило во идните активности од процесот на бизнис планирање?
  • Дали некои потрошувачи си ги вклучил во твоите предвидувања, но тие едноставно не купиле ништо од тебе? Зошто? Можеш ли да ги повратиш и како?
  • Твоите бизнис планови се базираат на претпоставки и хипотези. Можеш ли да ги идентификуваш грешките во твоите претпоставки и хипотези? Можеш ли да ги подобриш претпоставките и хипотезите? Можеш ли да го подобриш бизнис планот кога се имплементира, доколку откриеш дека тој се базира на погрешни претпоставки и хипотези?

Одговори ги овие прашања и ќе ги откриеш подрачјата каде ќе треба да имплементираш подобрувања за идните процеси на бизнис планирање.

Следниот ден од овој предизвик е подобрување на предвидувањето како важен сегмент од процесот на бизнис планирање.