post

[Видео] Визијата на Steve Jobs за светот

Во изминатиот период доста време поминувам со автобиографската книга за Steve Jobs од Walter Isaacson, која едноставно во многу елементи од она што го знам ме насочи дека нешто е многу погрешно. Успехот на Apple како компанија е многу повеќе отколку она што може да се види, но забележително е влијанието на еден човек, човек кој најверојатно заскогаш го смени изгледот на компанијата која ја започна, но и изгледот на светот кој го знаевме до пред десетина години. Тоа, нешто е многу подлабинско, поемоционално, поневидливо…

Дел од тоа може да се види и од видеото во кое тој ја кажува неговата визија за светот.

Светот како што го гледал и замислувал Steve Jobs е окарактеризиран преку следниве негови зборови:

Кога ќе пораснеш имаш тенденција да кажеш дека светот е онаков каков што е и дека твојот живот е да го живееш животот во тој свет. не се обидувај премногу да ги пробиваш ѕидовите. Обиди се да формираш добро семејство, да се забавуваш, заработиш нешто пари…

Тоа е многу ограничувачки живот. Животот моѓже да биде многу поширок доколку откриеш еден единствен факт: Се околу тебе што го нарекуваш живот е направено од луѓе кои не се попаметни од тебе и ти можеш да го смениш тоа, да влијаеш на тоа, да изградиш твои сопствени работи кои другите луѓе ќе ги користат.

Еднаш кога ќе го научиш ова, никогаш веќе нема да бидеш истиот.

post

Може ли поголема продуктивност со Evernote

Во изминатите неколку недели одлучив малку повеќе да се занимавам со користење на Evernote како една апликација која има потенцијал да ја зголеми мојата продуктивност.

Морам да напоменам дека сеуште сум во фаза на бреинстормирање и пробување на различни идеи како да се организирам самиот себеси и се она околу мене за да ја зголемам сопствената продуктивност. Затоа и планирам во нареден период да обработам повеќе постови за различно користење на Evernote како алатка за продуктивност.

Evernote

Досега повеќе пати во изминатите две години пишував за корисноста на оваа алатка, па можете да ги погледнете тие постови како за почеток.

Но, она што можев да го забележам во изминатите неколку недели е дека иако ја знам корисноста, иако го користам, јас не ги искористувам ни 10% од можностите што ми ги нуди алатката.

Зошто една ваква констатација. Можеби, но и најверојатно затоа што никогаш не сум имал време да седнам и подетално да потрошам неколку часови за да ги испитам сите можни опции истовремено размислувајќи за тоа како да ги користам тие опции за мене. Сепак останав едно утро до 3 часот по полноќ и успеав да се пограм доволно за да ја ставам алатката во категорија на најкористена на сите мои уреди: iMac, iPad и iPhone.

Тука би сакал да напоменам за некои начини на користење што ме натераа секојдневно да биде вклучена алатката:

#1 To-Do дневни листи

За една организација на моите дневни активности го користам Things за iPad. Алатката е одлична и можете да го видите и видеото кое го направив за Things. Но, сепак има и некои недостатоци, сеуште не работи во cloud како автоматски би се синхронизирале активностите на сите уреди (напомена: во моментов оваа опција е во фаза на тестирање). А, сепак понекогаш некои активности едноставно произлегуваат од некои забелешки, од нешто што прочитам на интернет или некоја книга која ја читам на iPad.

Затоа и започнав да го користам Evernote како надополнување на Things за поставување на некои активности кои треба да ги спроведам во иднина. Фолдерот за овие активности го именував како My Big To-Do List. Од друга страна денес (недела кога го пишувам овој пост) забележав 10-тици ливчиња на мојата работна маса кои содржеа белешки за некои активности и страници од некои книги на кои треба да се навратам а кои се однесуваат на еден проект кој го работам за еден мал бизнис. Сите тие ливчиња завршија во канта едноставно по внесување во Evernote.

#2 Блог постови

На претприемач сеуште не ги обработувам постовите во Evernote, но во изминатата недела сите постови за Entrepreneurship in a Box ги обработив тука. Забележав дека процесот е доста поедноставен, бидејќи постои еден фолдер каде што се наоѓаат идеи за идни постови кои ги ажурирав секојдневно за да на крајот ја завршам драфт верзијата. Не сум врзан за потреба да имам компјутер или интернет. Едноставно некоја идеја може да се заведе и преку мобилен телефон на место на кое немате Wi-Fi конекција, а кога ќе дојдете во позиција да имате интернет, апликацијата синхронизира и идејата е достапна од секој уред.

Морам да напоменам дека за оваа цел направив еден посебен темплејт во кој се обработува еден блог пост, а содржи различни елементи за олеснување на работата. На пример, темплејтот содржи и листа на активности кои треба да се преземат за еден пост, како на пример, обработка на драфт  верзија, проверка, избор на слика, избор на линкови… Но, повторно да напоменам дека овие идеи за користење подетално ќе ги обработам во посебен блог пост.

#3 Работа со клиенти

Оваа работа консултантска бара навистина големо ниво на фокусираност и секако креативност и инвентивност. Затоа и поставив еден фолдер во кој за секој клиент направив подфолдери каде идеите за нивно подобрување или она што би требало да се направи ги бележам. Ова е поради фактот што забележав дека идеите ми доаѓаат на различни места независни од клиентот, а тогаш и најбргу се забораваат.

Она што ми се допаѓа е што можам да додадам и аудио забелешка така да додека возам, кога и сум најкреативен лесно можам да додадам забелешка без да гледам во телефонот.

#4 Најинтересни сегменти од книги

Бидејќи оваа година започнав да читам само во електронска верзија книги најчесто на Kindle купени од Amazon, забележав еден недостаток покрај многуте предности. Иако апликацијата Kindle ми дава можност да подвлечам нешто и да се навратам на тоа нешто сепак некако не е баш најдобро решение. Ми се случува да она што сум го прочитам биде актуелно во мојот мозок се додека не поминам на друга книга.

Затоа одлучив да го користам Evernote каде ќе ги складирам сите тие забелешки или подвлекувања од книгите. Она што најмногу ми се допаѓа е што забелешки стануваат лесно достапни и преку фунцкијата пребарување и тоа без ограничување на една книга или пак извор на информацијата.

#5 Што уште планирам

Секако, тука не е и крај на можностите на користење на оваа алатка. Планирам се повеќе да ги зголемувам така да стане најголемиот извор на мое лично организирање . Тука ќе наведам некои планови за иднина кои ги вадам од белешката од Evernote:

  • Одделување на лични од бизнис белешки
  • Изработка на темплејт на белешка за бизнис идеи во стилот на книга со бизнис идеи
  • Изработка на темплејт за анализи и фолдер за идеи и белешки за анализи
  • Да го користам како основен извор на информации
  • Изработка на библиотека на хардкопи книги кои ги имам (околу 400), а кои досега се евидентирани во тефтер со број име на книга, автор, издавач и година на издавање.
  • Целата Email комуникација со клиенти да оди во соодветниот фолдер за клеинтот.
Но, подетално искуството од сите овие користење ќе бидат споделени во посебни постови.
post

Идеи кои можете да ги искористите од Ноември 2011

Претприемач

Претприемач

Време е за уште еден пост во кој ќе ги извлечеме најдобрите од претходниот месец.

Секој месец врз основа на аналитиката на најчитаното на претприемач како и препораките од тимот на претприемач и секако читателите, ги избираме најкорисните постови од претходниот месец. Овој серијал кој го подготвуваме на месечна основа ги издвојува најдобрите наслови кои ќе влезат во страната Започни тука на претприемач на крајот на годината.

Кои се најкорисните идеи кои можете да ги искористите од Ноември 2011 кога станува збор за твојот бизнис и за тебе како еден претприемач?

Да започнеме со листата:

Маркетинг

  • Не што тие велат дека сакаат или што ти мислиш дека сакаат. Честопати она што мислиме дека го сакаме и она што навистина сакаме е сосема различно. Но, и она што бизнисите мислат дека сакаме е различно од она што ние навистина сакаме. Во постот се дадено препораки кои можете да ги искористите за бреинстормирање на различни потреби на твоите сегашни или потенцијални потрошувачи колку што може повеќе.
  • Како да изградиш силни односи со твојата заедница. Освен градење и одржување на твојата заедница мора да градиш и подобри односи со таа твоја заедница. Мора да комуницираш со неа. Мора да направиш да ти бидат партнери. Ти треба нивната помош доколку сакаш да го раснеш твојот бизнис.
  • Како да се диференцираш себеси. Во постот е презентиран еден можен процес кој ти како еден претприемач можеш да го користиш за да се диференцираш себеси и твојот бизнис.
  • Како да ја комуницираш вредноста? Секој бизнис нуди одреден вид на вредност за потрошувачите. Но, за да успее мора да ја комуницира таа вредност со потрошувачите или потенцијалните потрошувачи.
  • Како да ја анализираш конкуренцијата? Кои се тие? Што прават? Кои се импликациите врз твојот бизнис од она што тие го прават? Што треба да направиш?

Бизнис план

  • Твоите бизнис вредности ќе ти кажат што треба да направиш. Кога возиш автомобил низ пат кој е полн со кривини има поставено патобрани кои служат доколку изгубиш контрола да те вратат на самиот пат или барем да ја ублажат катастрофата. Така и твојот бизнис патува низ пат кој е во цик-цак форма и му се потребни патобрани, а тоа се вредностите кои ги имаш поставено.

Менаџмент

  • Добар менаџер – постои ли такво нешто? Кои се некои од најдобрите особини кои треба да ги поседува еден менаџер? Во овој пост се дадени некои од нив и секако доколку сакате да ги погледнете преку една видео презентација можете да го погледнете и видеото.
  • 10 книги за менаџмент кои мора да се прочитаат. Еден начин за да ја зголемиш твојата бизнис потенцијална енергија во твоите менаџерски вештини е да најдеш, прочиташ и научиш од различни книги за темата. Во постот е дадена листа од најважните книги за кои јас сметам дека ти како еден претприемач мора да ги прочиташ доколку сакаш да ја менаџираш твојата компанија кон успехот.
  • 30 цитати за одложување. Дали си се нашол во ситуација да одложиш некоја твоја важна активност? Во постот се дадени 30 цитати кои се однесуваат на оваа зло за еден претприемач.

Претприемач

Технологија

Финансии

post

10 Начини за привлекување на внимание

Започнуваш нов бизнис и потребно ти е внимание за да имаш успешно започнување.

Се подготвуваш да лансираш нов производ или услуга на пазарот и повторно ти е потребно внимание за да имаш успешно лансирање.

Па, и за нормално секојдневно функционирање на твојот бизнис, повторно вниманието е клучен елемент за успешноста на бизнисот.

Се чини дека живееме во ерата на внимание. Поголемо внимание поголема бизнис потенцијална енергија за секој проект кој ти како претприемач ќе го преземеш и обратно, помало внимание помала веројатност за успех на тој проект.

Иако постојат многу начини за привлекување на внимание, сепак тоа е процес кој бара макотрпна работа од страна на сите бизнис членови. И она што во овој пост го опфаќаме не е нешто конечно и не гарантира успех, но барем ќе те доближи до саканата цел.

Ти се бориш за вниманието на твоите потенцијални купувачи. Твоите конкуренти исто така се обидуваат да им го привлечат вниманието. Трети бизниси се обидуваат да им го привлечат вниманието за нивните производи или услуги кои немаат врска со твоите. Околината се обидува на секаков можен начин да им го привлече вниманието.

Се наоѓаш во еден океан каде сите се обидуваат да привлечат внимание на секого.

Привлекување на внимание

Привлекување на внимание

#1 Мора да имаш нешто вредно за внимание

Доколку сакаш навистина да го привлечеш вниманието на твојот пазар кон твојот бизнис, ќе мора да имаш нешто навистина вредно за нивното внимание.

Тоа нешто мора да решава некаков проблем на оној на кого сакаш да му го привлечеш вниманието, мора да е нешто навистина посакувано и потребно и мора да биде нешто што навистина се бара од страна на потенцијалниот купувач.

#2 Започни и пред да биде финалниот производ

Мора да креваш врева и пред да бидеш готов со финалниот производ или услуга околу која сакаш да привлечеш внимание. Не ти требаат сите карактеристики за да започнеш да зборуваш за твојот нов проект. Не треба да стравуваш од конкуренцијата.

Целта е да поттикнеш желба за имање на твојот производ или услуга. Целта е да поттикнеш нетрпение во очекување на конечната верзија. Целта е да имаш привремени корисници (оние први кои ќе го пробаат) и ќе ти помогнат во подобрување на конечната верзија, а во исто време ќе ја распространуваат информацијата за нивното искуство. Целта е да предизвикаш љубопитност за она што се “крчка” во твојот бизнис.

#3 Влијателни лица

Ти требаат влијателни лица кои едноставно можат да влијаат на другите во распространување на информацијата и искуството околу твојот нов производ. Дали тоа ќе бидат оние први корисници од претходниот начин, или некои кои навистина се активни во заедницата а кои ќе ја распространуваат пораката за твојот нов производ или пак некои трети лица кои едноставно имаат висок потенцијал да привлечат внимание околу нив, тебе ти требаат за привлекување на внимание.

Пронајди ги, дај им да пробаат и искористи го нивното влијание за да привлечеш внимание околу твојот проект.

#4 Социјални медиуми

Одлично место за кревање на врева и привлекување на внимание. Сето она што досега го опфативме во начините и сите останати можат добро да бидат интегрирани со социјални медиуми. Може да се прочита, да се слушне, да се види, да се презентира…

Немаш ограничувања, само твојата креативност е важна.

#5 Настани од индустријата

Семинари, конференции, собири, саеми… Сето тоа се настани дизајнирани за да ти помогнат да го привлечеш вниманието кон твојот нов проект. Мора да ги користиш, мора да бидеш присутен, мора да зборуваш, убедуваш, презентираш и комуницираш.

#6 Блог

Бизнис блог може да биде моќна алатка во твоите раце за привлекување на внимание кон твојот бизнис. Направи план за блог постови за новиот проект. Напиши, сними, покажи, едуцирај…

#7 Реклами

Старите добри привлекувачи на вниманието не треба сеуште да бидат отфрлени од користење. Но, можат да бидат додадени новите медиуми и новите технологии кои денес ги прават многу помоќни во привлекувањето на вниманието.

#8 Голема заедница околу твојот бизнис

Потребата и корисноста од имање на голема заедница околу твојот бизнис заради привлекување на внимание е нешто што не бара голем коментар. Колку поголема заедница поголемо ќе биде и вниманието кон твојот бизнис.

#9 Квалитетна заедница

Освен големината ти треба и квалитет на твојата заедница. Треба да имаат потенцијал за поттикнување на вниманието кон тебе и твојот бизнис. Мора да работиш постојано на подобрување на квалитетот на заедницата.

#10 Кредибилитет, репутација и доверба

Доколку ги поседуваш, вниманието само ќе си дојде. Но, потребно е време и работа во градење на твојот кредибилитет, репутација и доверба.

 

post

Биди најден и конвертирај повеќе со целни страни

Едно од почесто поставуваните прашања е како бизнисот да биде најден во една прашума од страни на интернетот од колку што може повеќе потенцијални потрошувачи и во исто време кога веќе ќе стигнат до страната да се конвертираат (да ја преземат акцијата која претприемачот ја сака) повеќе.

Затоа и вториот вебинар на премиум претприемач е од темата на интернет маркетингот: Како да бидеш најден и да конвертираш повеќе преку твоите целни (landing) страни? Кое сигурно си го поставуваш доста често доколку градиш присутност на интернет (а кој бизнис не гради).

Во овој вебинар станува збор за следниве прашања:

  • Што се тоа целни страни? Основата е да се знае точно што претставуваат целни страни. Постојат различни видувања кои се ограничувачки, но постојат и видувања кои се со многу пошироки видици. Целта е еден претприемач да го прошири сопствениот видик кога станува збор за целни страни.
  • Кои се трите фактори од кои зависи конверзијата? Многу е важно да постои двојна конверзија. Зошто? Потребна ти е конверзија на самата кампања (PPC реклама, банер, пребарување…) за да се стигне до таа целна страна. Поголема конверзија тука, повеќе посетители до страната, каде самата страна треба да ја преземе конверзијата во однос на преземање на акција од страна на посетителот (купувањље, нарачка, контакт, email листа…). Затоа во вебинарот навлегуваме во основните три фактори или како што уште се нарекуваат “троножец” на конверзија.
  • Примери од локално и глобално ниво во однос на целните страни и трите фактори на конверзија? Во минатите неколку месеци собиравме различни примери на кампањи (повеќето од локално ниво) и целни страни до кои водат тие кампањи кои во самиот вебинар ги анализираме и забележуваме што е добро, а што лошо.
  • Процес на креирање на целни страни. На крајот секако прикажан е еден процес на креирање на целни страни кој е најоптимален за најмалку можни грешки.
  • Акции кои треба да ги превземете. И секако и овој вебинар како и секој останат е проследен со акции кои ќе треба да ги преземете.

Пристап до еден вебинар на премиум претприемач е 500 денари, а со пристап до вебинарот имате и пристап до транскрипт на истиот, самата презентација и акциона листа.

Вебинарот трае еден час и 22 минути, а можеш и да го погледнеш воведниот дел на истиот во видеото подолу:

Уште еднаш линкот до вебинарот насловен како: Како да бидеш најден и да конвертираш повеќе преку твоите целни страни?

post

Претприемнички циклус на ветувања

Во светот на бизнисот, еден претприемач го базира сопствениот бизнис на ветување.

Ветуваш дека твојот бизнис ќе ги реши проблемите и задоволи потребите на потенцијалните потрошувачи, и доколку тие ти веруваат, ќе купат од тебе. Но, доколку го испорачаш ветеното, автоматски ти стануваш личност од доверба и со поголем кредибилитет кое заслужува да ја ужива нивната доверба.

Како и да е, доколку пак не успееш во испорака на ветеното, твојот кредибилитет и доверба ќе бидат нула, и тоа е крајот на твоите односи со тој потрошувач.

Многу е важно за тебе да го испорачаш сето она што си го ветил. Испорачување или испорачување на повеќе од ветеното, по автоматизам гради кредибилитет на тебе како еден претприемач, но и на твојот бизнис како целина.

Размисли за ситуација кога си купил нешто поради ветувањето од рекламен материјал за тоа нешто и по пробување на твојата нова играчка доаѓаш до заклучок дека ветувањето за решавање на твоите проблеми не е исполнето. Како се чувствуваш во една таква ситуација? Ќе купиш ли нешто во иднина од истата компанија? Дури и ако направат уште едно, подобро ветување, едноставно нема да им веруваш. Те губат засекогаш.

Размисли малку на спротивен начин. Што мислиш за претприемачи и нивните бизниси кои ти го испорачале она што го ветиле? Дали би купил нешто повторно во иднина од нив?

Циклус на ветувања

Бидејќи ветувањата се нешто што постојано се користи од страна на претприемачите од една страна, а има голем потенцијал да ја издигне или пак уништи компанијата ид друга страна, ова го нарекувам циклус на ветувања.

Ветуваш нешто и го испорачуваш ветеното. Твојот кредибилитет е на повисоко ниво отколку претходно.

Повторно ветуваш уште нешто и го испорачуваш ветеното. И повторно се појавува раст на твојот кредибилитет.

И повторно, ветуваш и го испорачуваш ветеното и повторно кредибилитетот ти расте.

Сето ова продолжува, повторно, и повторно, и повторно…

Ова е циклус кој никогаш не завршува се додека е жив и твојот бизнис. Но, од друга страна, секоја испорака на ветеното и зголемување на кредибилитет и доверба значи и зголемување на твојата бизнис потенцијална енергија. Поголема бизнис потенцијална енергија значи и поздрав бизнис.

post

Постигнување на совршенство во се!

Совршенство, перфекционизам…

Сигурно дека можеме да бидеме совршени во нешто, но дали можеме да бидеме совршени во однос на се што го работи нашиот бизнис?

Реално барање на перфекционизам во се претставува опасност за бизнисите особено поради фактот што праксата покажува дека совршенството не се постигнува 100% секогаш. Па затоа започнуваме со калкулации, 100% совршенство минус 1% совршенство, дали е прифатливо? Или пак некои други бројки, за да откриеме што е прифатливо за нас како одалеченост од совршенството.

Ние сме израснале во општество кое преку сопствениот образовен систем бара да бидеме совршени постојано. Но, совршенството сепак е далеку од нас. Не можеме да бидеме совршени во се. Можеби и грешката на самиот образовен систем лежи токму во тоа барање на совршенство од секое дете, а не насочување во нешто во кое може да биде најблиску до совршенството.

Како еден претприемач секогаш бараш да бидеш совршен во се што го работиш за твојот бизнис. Но, и мало отстапување значи дека не си совршен, иако можеби блиску сепак совршенство значи 100%.

Сега, размисли колку време ти треба за да стигнеш до совршенство кое всушност не е совршенство, бидејќи секогаш ти недостига тој 1% за целосно совршенство. Без тој еден процент нема совршенство.

Пред да продолжам со некои идеи за постигнување на “несовршено совршенство” би сакал првин да презентирам еден дијаграм позајмен од книгата на Seth Godin насловена како Linchpin. Добро погледајте го дијаграмот.

Секогаш блиску до совршенство

Што гледате? Гледате дека совршенството е недостапно и тоа оди до бесконечност. Секогаш ќе недостасува нешто. Но, многу е важна и втората оска Х која го покажува времето. Колку време ќе потрошите за да стигнете до “несовршено совршенство”. Затоа, кога го бараме совршенството секогаш треба да започнеме со прашањето: Вреди ли?

Но, како да го постигнеме тоа “несовршено совршенство” кое сепак е потребно за нашиот бизнис?

#1 Пасија

Работи го она за што имаш пасија. Тоа е она во што уживаш, што сакаш да го работиш, што претставува најголемо задоволство за тебе и секако во што си најдобар.

Доколку целосно се фокусираш на твоите силни страни, односно она во што си најдобар, и за што имаш пасија секогаш ќе може да стигнеш најблиску до совршенството кое тука го нарекуваме “несовршено совршенство”.

#2 Вежбај

Исто како и во спортот, постојано вежбање е нешто што доведува до совршенството. Колку повеќе тренираш во однос на твоите најсилни страни, толку поблиску ќе бидеш до “несовршено совршенство”.

#3 Пробувај, ништо не се постигнува од прва

Ништо не се постигнува од прва. Зошто? Затоа што единствената константа во бизнисот е неизвесноста. Доколку не пробаш, нема да знаеш. Доколку не погрешиш, нема да научиш. Доколку не научиш, не можеш да стигнеш до тоа посакувано “несовршено совршенство”.

#4 Каде што си најслаб, пополни со експерт од надвор

Сепак, да се биде претприемач бара многу знаења, искуства или совршенства. Не можеш да бидеш совршен во сите, но можеш да најмиш “несовршено совршенство” па да ја комплетираш целината.

post

Верувај во себе, да, ти можеш…

Бизнис 101: Маркетинг Како еден претприемач, еден од најважните фактори кои те прават успешен претставува твојата спремност да преземеш акција.

Доколку ја немаш инкорпорирано оваа особина во тебе, се останато ќе изгуби на значајност.

Постојат многу луѓе кои што имаат одлично знаење и вештини. Тие се креативни, имаат многу добри идеи. Тие се интелигентни, но сепак не го преземаат тој прв чекор кој води да неговите соништа станат реалност.

Дали тие се претприемачи? Не, тие се сонувачи. Тие може да сонуваат, но не успеваат нивните соништа да ги преточат во реалност. Тие не се претприемачи, бидејќи не прават нешто од ништо и се заради тоа што не се спремни да преземат акција кон исполнување на нивните соништа.

Зошто ова претставува чест случај?

Една од најголемите пречки кон успехот е кога луѓето не веруваат во нивните сопствени соништа и нивните способности за да ги реализираат тие соништа. Зошто?

Се плашат од непознато. Секој сон и секоја акција кон успехот бара да се напушти удобната зона во status quo позиција. Напуштање на денешната удобност за да се псотане успешен претприемач во иднина носи многу неизвесности.

Тие стравуваат дека не можат да успеат. Неизвесноста не гарантира успех. Како и да е, доколку не веруваш во твоето знаење, вештини, силни страни и искуство за да ја промениш иднината, како може да очекуваш дека некој друг ќе ти верува?

Мора да излезеш од сопствениот страв и започнеш да преземаш нешто во однос на твоите соништа. Тоа е најголемиот предизвик за човекот. Сите ние имаме потенцијал и можности да го промениме светот во кој што живееме.

Доколку се прашаш себеси можеш ли да започнеш бизнис, одговори да, јас можам.

Доколку се запрашаш себеси можеш ли да успееш со тој проект, одговори да, јас можам.

Доколку се запрашаш себеси можеш ли да го промениш светот, одговори да, јас можам.

Верувај во себе. Ти го можеш тоа. Можеби нема да биде едноставно (што е веројатно), но сепак чекор по чекор можеш да ги реализираш твоите соништа.

post

Зошто онлајн успех води до офлајн успех?

Онлајн стратегија Понекогаш постои страв дека онлајн активности не влијаат на офлајн подобрувања на бизнис функциите. Некои претприемачи сметаат дека постои јасна и недвосмислена граница меѓу офлајн и онлајн активности на еден мал бизнис и дека за некои бизниси не можат да се применуваат онлајн стратегии за да се успее целосно во офлајн светот на бизнисот.

Можеби постои мислење дека еден бизнис кој целосно е фокусиран на офлајн продажба нема потреба од онлајн присуство.

Но, сето тоа не е точно. А, еве и зошто.

#1 Се повеќе луѓе имаат интернет и го користат секојдневно

Дали се присутни заради комуникација, забава, информација, проширување на знаењето или било што друго, факт е дека луѓето поминуваат се повеќе време и се почесто се наоѓаат закачени на интернетот. Дали директо преку PC или пак лаптоп или пак во движење со мобилен телефон, тие се таму. Тие се присутни, комуницираат, споделуваат, се забавуваат, слушаат, гледаат, бараат, се информираат…

Каде ти и твојот бизнис се наоѓате во тој свет? Дали твоите летоци се присутни и достапни на овој се поголем и поголем сегмент? Дали твоите радио реклами или брошури се таму?

#2 Онлајн дава нов приод на комуникацијата

Знам дека имаш телефон и го користиш за повикување на потенцијални купувачи, примање на нарачки од тековни купувачи, обележување на некои денови како честитки за роденден или празници со тековните купувачи…

Знам дека користиш и состаноци, ручеци, вечери, кафиња… Сето тоа е твојата секојдневна комуникација со пазарот.

Но, може ли и нешто поинаку. Што е со видео презентација, коментар на блог пост, Google Hangout, Skype, социјални медиуми… Треба ли да ги избегнуваш. Доколку и мал дел од твоите потенцијални купувачи се онлајн, мора да ги користиш и новите онлајн техники на комуникација. Тие му даваат еден сосема нов приод на твојата секојдневна комуникација со пазарот.

#3 Поедноставена препорака

Твојот бизнис во голем дел зависи од препораки кои може да бидат од уста на уста, преку споделување на пишан материјал, преку раскажување за твојата радио реклама или ТВ реклама…

Но, што е полесно, прераскажување на ТВ реклама и чекање кога ќе биде (што воопшто не е така) или еден клик на YouTube видео реклама или презентација на твојот бизнис. Брзината со која препораките се одвиваат онлајн не може да се мери со брзината на препораките офлајн.

#4 Онлајн те поттикнува да излезеш од зимскиот сон

Да, токму така. Се чини дека се наоѓаш во зимски сон со твоите офлајн активности. Но, онлајн мора да бидеш жив, мора твојот бренд да биде жив. Се бара постојата комуникација, постојано споделување, постојана едукација… Нешто што те одржува буден постојано, а со тоа и твојот бренд.

#5 Луѓето се повеќе бараат производи и услуги онлајн

Првин ги интересира решение за проблемот за кое сакаат да се едуцираат. Потоа бараат понуди, споредуваат цени, карактеристики, бенефиции… Потоа проучуваат и анализираат брендови, кредибилитет, репутација, доверба.. А, потоа одлучуваат каде ќе купат.

Дали ти си присутен во овие фази од донесување на одлука на потенцијалниот купувач?

post

Ја имаш таа одлична идеја, но…

Бизнис модел и онлајн стратегија

Бизнис модел и онлајн стратегија

Добро, ти веќе ја имаш таа одлична идеја. Нешто што ќе ги решава проблемите на твоите идни купувачи. Нешто што ќе биде хит на пазарот. Што е следното што ќе треба да го направиш за твојата бизнис идеја и твојата идна компанија?

Треба да започнеш со преземање на активности. акции кон твојот личен и на твојот бизнис успех. Чекај, застани за момент.

Во постот насловен како Имате бизнис идеја – Што понатаму напишав дека ќе треба да:

  • ги дефинираш твоите производи и услуги. Твојата идеја е нешто што може да реши нечиј проблем, но сеуште не е трансферирана во одличен производ или услуга кој треба да ја заврши таа работа. Затоа и треба да го дефинирате производот или услугата кои ќе произлезат од таа идеја.
  • го дефинираш пазарот. Иако твојата идеја е веќе нешто што решава нечиј проблем, сепак ќе мора да знаеш многу повеќе за тие кои ќе го решаваат сопствениот проблем преку твоите производи или услуги кои се резултат на твојата идеја. Ќе мора јасно, прецизно и недвосмислено да го дефинирате пазарот кој ќе биде опслужуван со твоите производи и услуги.
  • ги дефинираш главните конкуренти. Мора да ги знаеш тековните услови на пазарот. Кои се главните играчи? Што тие нудат? Како го нудат она што го нудат?
  • ги дефинираш ресурсите. Доколку сакаш да го започнеш бизнисот ќе ти требаат ресурси. Ќе ти требаат финансии. Ќе ти требаат човечки ресурси. Ќе ти треба технологија. Ќе ти требаат згради, канцеларии, погони…

Но, дали тука нешто недостасува?

Кога го напишав тој пост, мислев дека она што недостасува е здрав разум, нешто нормално. Но, направив грешка. Извинете.

Елементот кој што недостасува е нешто најважно за секој бизнис и претприемач по бизнис идејата.

Она што недостасува е одговор на прашањето како бизнисот ќе заработува, односно како ќе прави пари. А, тој одговор го дава твојот бизнис модел.

Денес, може да забележиш различни бизнис модели и различни успешни и неуспешни приказни зад нив. Но, тебе ти треба твој сосптвен и уникатен бизнис модел кој ќе ти каже како твојата компанија ќе заработи пари во иднина.

Не прави грешка да започнеш без еден јасен бизнис модел дури и да е тој само во твојот мозок, или на салфетка од ресторанот во кој си се наоѓал кога ти светнала сијаличката. Твојот бизнис модел ќе ти ги даде врските помеѓу тебе, твоите потрошувачи, твоите партнери и вредноста која твојот бизнис ја нуди. Тоа едноставно значи одговор на прашањето како ќе заработуваш.