post

Не е до заборавањето, до процесот е…

Запиши, нема да заборавиш. Секогаш не учеле така!

Кога појдовме во прво одделение имавме тетратка во која учевме да пишуваме. Во средно по секој предмет носевме тетратки во кои фаќавме белешки. На факултет, една тетратка или нотес повторно полн со белешки…

На првото работно место и првиот состанок кај шефот со тетратка или нотес за да забележиме што ќе работиме…

Но, сето тоа друг ни го наметнал. Учителката, наставниците, асистентите, професорите, родителите, шефовите…

Но, има повеќе од еден проблем.

Прво, денес не мораме да запишуваме, можеме да снимиме. Денес не мораме да го носиме “тефтерот” со нас, тој е во секој наш уред било каде и да сме.

Но и тоа не е проблем, проблемот е еден чекор понапред… Што потоа?

Можете да имате десетици тефтери, тетратки… Можете да имате илјадници нотеси во вашиот Evernote акаунт. Но, што потоа…

Можете да имате различни рамки, со црвена боја, подвлекувања… Но, тие се само во тевтерот или Evernote или Word документ. Што доколку не се завршуваат работите?

Вашата книга со бизнис идеи може да има илјадници идеи, вредни илјадници евра… Но, доколку не се имплементираат тие се обичен лист хартија.

Постојат успешни луѓе кои воопшто не запишуваат, снимаат или бележат. Немаат потреба за тоа, затоа што веднаш имплементираат.

Затоа, не е до заборавањето… Може да биде заборавено и на хартија и на Word документ и во Evernote акаунт. Најискрено, колку белешки имате во било каква форма?

Важен е процесот на завршување на работите и бришење на она што е во мозокот, на хартија, Word документ или Evernote акаунт.

Заборавањето е наша природна особина. Но, завршување на работите се чини не е. Тоа е процес. Нешто што бара вежбање, стандардизација, подобрување и имплементација.

Еден од најдобрите процеси е GTD (Getting Things Done) од David Allen, иако морам да напоменам дека не гарантира резултати, без прилагодување и обврзување за реализација… Процесот го напоменавме во Evernote и GTD каде можете да го видите и дијаграмот на истиот.

post

Договор одсега да се спроведува она што претходно било договорено…

Морам да го започнам и самиот овој пост со насловот

“Договор одсега да се спроведува она што претходно било договорено… :)”

Што мислите за реченицата?

Дали ви се случило на некој од состаноците на кои поминувате, да се навратите на она што сте го договориле на претходниот состанок, а на овој повторно да дискутирате и полемизирате и одлучите дека треба да се спроведува?

Договарање за договорен договор… 🙂

Одлучување за веќе донесена одлука… 🙂

Иако нема логика сепак се случува кај повеќето претпријатија.

Од иновирање и култура на иновирање, компанијата преминува во една бирократска култура во која се состаночи, дискутира, полемизира и реодлучува.

Ова е моментот кога за првпат основачот, претприемачот се соочува со потребата од менаџмент.  Тој момент значи дека компанијата досега доста успешно се справувла со сите досегашни фази од својот животен циклус, но сега се наоѓа во доста “деликатна” позиција која бара сосема поинакви одлуки отколку што било праксата досега.

Досега работите се завршувале, без здодевни состаноци, дискусии, полемики и реодлучувања. Еден носи одлука, без разлика дали е добра или лоша и таа се имплементира. Доколку е погрешна, се извлекува поука со што и претприемачот и бизнисот стануваат подобри, посилни, збогатени со дополнително знаење и искуство. Но, сега не е едноставно. Постои хиерархија, структура, правила, процедури…

Но, сепак насоката во која ќе се движи бизнисот сеуште зависи и се наоѓа во рацете на претприемачот. Тој го има клучот на вратата која води до раскрсница за тоа по кој пат ќе се продолжи. Колку побргу ја отвори вратата и го избере патот, толку побргу ќе се знае што ќе се случува понатаму.

Едниот од двата пата е да се забави со растот на компанијата и обид да се врати во претходната фаза кога едноставно семејната атмосфера која што постоела довела до растот кој е постигнат.

Вториот пат е да се продолжи со растот преку имплементација на менаџмент системи кои ќе бидат доволно силни за да го понесат теретот на трансформациите кои што следуваат. Но, прашањето е кој ќе ја преземе таа улога?

Во секој случај и двата пата се оправдани за претприемачот. Сепак, тој од ништо веќе создал нешто. Дали ќе се оддржи на патот на растот или пак едноставно претприемачот ќе си ги ужива благодетите од досега оствареното ќе зависи од него. Неговата одлука ќе биде една од најтешките во неговата претприемачка кариера.

 

post

За да иновирате не ви треба…

Што е иновација? На секој бизнис му е потребна. Секој претприемач е директно поврзан со иновација. Но, постои проблем кога станува збор за претприемачи. Проблемот е што просечните претприемачи сметаат дека иновацијата мора да тргне од нешто големо, нешто спектакуларно, нешто невидено и сеуште незамисливо. Од друга страна, тоа мислење наметнува уште “пострашно” размислување кое едноставно влијае на појава на блокада кај претприемачот и лесно откажување од намерата да се иновира. Тоа размислување е дека за да бидете добар иноватор треба да имате докторат. Иновација значи иновирање во однос на:

  • Нов производ,
  • Подобрен производ и
  • Подобрен процес (производствен, организациски, маркетинг, продажен процес…)

Можеби ќе мислите дека сопственик на бутик не може да иновира бидејќи се е веќе познато. Се набавуваат произвдите, се ставаат во продажниот објект и се продаваат по повисока цена. Но, нели е иновација следново:

  • Соодветна комбинација за презентација на разни производи заради поттикнување на продажба.
  • Додавање на една алка, ремен или било што друго што ќе додаде вредност на основниот набавен производ за бутикот.
  • Комбинација на неколку маркетинг алатки за привлекување на повеќе купувачи.
  • Продажен процес во кој се поттикнува вирозен маркетинг…

Ова се само дел од можните иновации во еден традиционален бизнис како што е овој од примеров кој го потенцирам. Се што ќе додаде вредност за купувачот, се што ќе го разубави и подобри животот на купувачот, се што ќе ги намали фрустрациите на купувачот од десегашниот начин на функционирање на истиот ќе претставува иновација и можност еден бизнис да профитира од тоа. Разгледајте ги основачите на најголемите компании (освен Google) на глобално ниво и видете колку од нив се доктори на науки. Ова не значи дека образованието е непотребно, туку значи дека не мора да се гледа како пречка за да започнете да го промените светот во кој што живеете. Мора да иновирате без разлика во која фаза на животниот циклус на вашиот бизнис се наоѓате. Тоа е факт. Бидете креативни и започнете да го менувате светот.

post

Критериуми за избор на меѓународна стратегија

Постојат одредени критериуми кои е потребно да ги применуваат врвните менаџери за да ја изберат најдобрата стратегија за влегување на определен меѓународен пазар.

Да реазгледаме некои од тие критериуми:

1. Правните прописи

Тие се специфични за секоја земја. Правните прописи ги детерминираат границите во кои ќе се остварува економијата. Од правните прописи најважни се: законот за странски вложувања, законот за сметководство, законот за работни односи и други. За полесно да се совладаат правните прописи, транснационалните компании најчесто ангажираат правни лица од земјата во која планираат да ја спроведат својата активност, за да не дојдат до можен судир со законите на таа држава.

2. Ризикот

Ризикот може да варира од земја до земја. Врвните менаџери секогаш се обидуваат да го предвидат секој можен ризик и начинот на кој може да го амортизираат потенцијалниот ризик. Постојат разни ризици, а најчести се политичките и економските. Заради тоа мора да се оцени нивото на ризикот и степенот до кој инвестициите можат да бидат заштитен од ризиците. Доколку ризикот се подели помеѓу партнерите, тогаш опасноста од ризикот е помала, бидејќи два или повеќе партнери го штитат заедничкиот интерес.

3. Трошоци

Трошоците се важан критериум за избор на меѓународна стратегија. Врвниот менаџмент може да одлучи да одстапи од дејствување во една земја, доколку трошоците за влез на тој пазар се големи и тешко можат да се надокнадат. Врз база на висината на трошоците ќе се примени стратегијата на целосна сопственост, стратегијата на заеднички вложувања, стратегиската алијанса или купување на компанијата.

4. Географско подрачје

Географското подрачје е многу важен критериум при избор на меѓународната стратегија за купување на компанијата, заедничките вложувања или стратегиските алијанси. Стратегиски важното географско подрачје за интересите на компанијата е од големо значење, затоа што може да се користат природните богатства, патните коридори или може да овозможи лесно пласирање на производите на компанијата во други региони или држави.

5. Јазик

Јазикот е критериум кој подеднакво е важен за сите видови на меѓународни стратегии, кој е потребен во текот на преговорите за купување или за разбирање и совладување на културните разлики. Јазикот во последно време се смета за еден од помалите проблеми, бидејќи англискиот јазик е широко распространет во сите држави.

6. Искуство

Врвниот менаџер најголемиот дел од знаењето го стекнува преку образованието или преку специјалистичките студии и семинари. Но знаењето кое се добива со искуството е немерливо и многу ценето, бидејќи праксата секогаш открива новини, кои теоретски не можат секогаш да се предвидат. Поради неискуството, врзано со меѓународното работење (извоз, увоз, инвестирање, работење), можат да настанат разни проблеми со големи последици.

7. Контрола

Важноста на контролата како критериум за избор на меѓународна стратегија се зголемува со зголемување на сопственоста. Компаниите кои ја применуваат стратегијата на директните инвестиции, извоз или лиценцирање, имаат помала можност за контрола, отколку при примена на меѓународната стратегија за целосна сопственост или купување на компанијата.

post

Со помош на 5S направете го вашето работно место попродуктивно

Сакате да бидете попродуктивни, да завршите повеќе работа побрзо, но истовремено со подобар квалитет на работа. Во голем дел, нашата продуктивност ќе се базира на самото работното место каде што обично ја изведуваме нашата работа.

Како можете да ја организирате вашата канцеларија за да стане попродуктивна?

Да, можете да ја зголемите вашата продуктивност, едноставно со организирање на работите околу вас за да ви бидат подобро достапни.

Сте се нашле ли во ситуација кога губите дел од вашето време за да најдете некој физички предмет околу вас во вашата канцеларија? Сте се нашле ли во ситуација кога троште премногу време за да најдете документ во вашиот компјутер?

Ако вашиот одговор е ДА, тогаш навистина ќе сакате да ја реорганизирате вашата работна средина.

Во овој пост, сакам да зборувам за методологија која може да ви помогне во организирање на работите во вашата канцеларија, а која корените ги влече од производството и Lean филозофијата.

Што претставува 5S?

5S е методологија за организација на работното место, развиена во Јапонија и главно се користи во производство. Името доаѓа од пет јапонски зборови кои започнуваат со буквата “S”.

  • Seiri – сортирање.
  • Seiton – подредување.
  • Seisi – чистење.
  • Seiketsu – стандардизирање.
  • Shitsuke – одржување.

Како можете со помош на 5S да ја зголемите продуктивноста?

5S е процес составен од 5 различни фази кои треба да се спроведат на работното место.

Првите нешта треба да бидат во прв план. Вам не ви треба да подобрувате нешто што не е потребено во вашата дневна работа рутина. Како прво треба да започнете со Seiri, сортирање на сè околу вас, во вашето работно место. Сортирањето значи да најдете сè околу вас и да го елиминирате сето она што не ви е потребно во работата. Користете ги следниве прашање кои ќе ви помогнат да започнете со сортирање:

  • Што се се наоѓа во мојата работното просторија?
  • Дали ми е потребно?
  • Кои работи треба да се елиминираат?

Кога ќе го елиминирате се она што не ви е потребно, а вие знаете колку е важен е специфичниот елемент кој ви треба, можете да започнете со подредување (Seiton). Направете место за сè и се треба да биде на своето место. Ова ќе ви обезбеди лесна достапност на она што ќе ви биде потребно во даден момент. Одговорете на следниве прашања во оваа фаза:

  • Колку е важен специфичниот предмет за мојата работа?
  • Колку пати сте го користиле специфичниот предмет на дневна, неделена и месечна основа?
  • Дали предметот е на вистинското место?
  • Што треба да сторите кога ќе ви треба специфичниот предмет?
  • Дали движењето кое што го правите кога ви треба специфичниот предмет е оптимално?
  • Дали местото каде што секој специфичен предмет е ставен е вистинското место за твојата работа рутина?
  • Каде секоја специфичен предмет ќе биде сместен?
  • Како ќе бидат означени тие места?

Сега, кога ќе се елиминира се што не ви е потребано, се си има своето место, и се е на своето место имате многу подобро работно опкружување околу себе. Следното нешто што ќе ви треба е рутинското чистење (Seisi). Чиста работна средина е многу попродуктивна од неорганизирано и валкано работното место.

На крајот на секој работен ден ќе треба да го исчистите вашето работно место на таков начин сè да си биде на своето место, подготвено за вашата утрешна употреба.

Клучна работа е дека чистењето и враќањето на своето место треба да биде дел од вашата секојдневна работна рутина. Ако ја користите оваа фаза само повремено, вашето работно место наскоро ќе стане повторно неуредно, неорганизирано и валкано.

Кога знаете што ви треба, каде треба да стои, како да ги подредите и очистите работите, сето тоа ќе треба да се стандардизира како посебна работна практика (Seiketsu). Оваа методологија не претставува еднократнно имплементирање и не значи дека ќе се спроведува без да се заборави. Треба да се стандардизираат практиките од првите три S во ваша дневна работна рутина. На таков начин, можете лесно и брзо да го подобрите вашето работно место со што истото ќе биде попродуктивно.

Кога првите четири S се воспоставени и имплементирани како нешто нормално во вашата дневна работа, ќе треба да го проверите и прегледате процесот за да најдете подобри начини да ги организирате нештата околу вас (Shitsuke). Пронајди го најдоброто време за да ги ревидираш твоите стандардни процедури за одржување и подобрување на работното место.

post

Избор на меѓународна стратегија

Изборот на меѓународната стратегија е мошне важен, доколку компанијата се определи за работење на меѓународниот пазар.

Кога ќе се премине од домашно на меѓународно работење, се менува комплексноста во работењето. Врвниот менаџмент мора да изврши ревизија на мисијата и целите. Тие уште мора да ги оценуваат стратегиите од аспект на можностите и ограничувањата кои ги наметнува новото опкружување, како и нивните јаки и слаби страни.

Менаџерите треба да бидат информирани за глобалните фактори кои делуваат во светот. Изборот на меѓународната стратегија се базира на атрактивноста на земјата и конкурентските предности на производот.

Атрактивноста на земјата ја одразува големината на пазарот, стапката на растот на пазарот, владините регулативи, како и економските и политички фактори.

Конкурентските предности на производите го одразуваат:

  • учеството на пазарот,
  • степенот на задоволување на потребите од производот,
  • репрезентативноста на пазарот,
  • поддршката на пазарот од страна на кадрите во земјата и
  • профитот по единица производ.

Кога станува збор за висока атрактивност на земјата и високи конкурентски предности на производите се избираат стратегии на инвестирање или развој. Овие стратегии укажуваат на обврската на компанијата да оствари силна позиција на пазарот и доминантното учество на пазарот, којшто брзо се зголемува и бара значајни финансиски инвестиции. Подеднакво важни се инвестициите во кадри, кои треба да ја поддржат силната конкурентска позиција. Истражувањата и развојот се многу важни за прилагодување на производот со специфичните пазарни барања во Европските земји.

Кога станува збор за ниска атрактивност на земјата и ниска конкурентска предност компаниите применуваат стратегија на стекнување, повлекување, лиценца или комбинирање. Тие всушност применуваат стратегии за остварување на профит или продажба на бизнисот. Создадената готовина ќе биде употребена за одржување на пазарното учество. Во таков случај, готовината претставува критичен фактор. Компанијата има мало учество на пазарот и слаба конкурентска позиција и заради тоа стратегискиот план треба да се фокусира на остварување на краткорочен профит, се додека бизнисот не биде продаден или напуштен.

Кога компаниите се конкурентно слаби на пазарот иако земјата е атрактивна се применуваат стратегии на доминирање, повлекување, joint ventures.

post

Како да подготвиш стратегија од една страничка?

Кога станува збор за малите бизниси, се треба да биде мало, едноставно, но корисно.

Не можеме да очекуваме дека еден претприемач за својот мал бизнис треба да пишува неколку томови стратегија. Таквите стратегии се само збунувачки, ќе ви го одземат времето и нема да ја постигнат целта заради која постојат.

Стратегија го дефинира планот со кој ќе стигнете од А до Б. Стратегија претставува план на акции за остварување на поставените цели. Или поедноставно кажано таа е средство за постигнување на целите.

На вас како претприемачи ќе ви треба кратка, јасна и концизна стратегија која може да се смести на една страничка. Таа една страничка секојдневно треба да биде пред вас во периодот за кој се однесува.

Предности од една ваква кратка стратегија од една страничка се:

  • лесно ќе можете да ја следите реализацијата секојдневно;
  • лесно ќе можете да ја прилагодите согласно вистинските потреби од теренот;
  • ви дава слика за она што ќе треба да се направи без одвлекување на вашиот фокус кон небитни работи.

Па како да подготвите една таква стратегија?

Едноставно, одговорете ги следните прашања.

1. Што сакате да постигнете?

Мора да започнете со она што сакате да го постигнете. Бидејќи стратегијата претставува средство за реализација на целите, затоа и целите ќе бидат стартната точка на вашата стратегија.

Поделете го листот хартија на три делови. И во првиот (најгорниот) наведете ги најважните 5 цели кои вашиот бизнис мора да ги постигне во периодот од 2-3 години кои следуваат.

Дали целта е да заработите 1.000.000 долари?

2. Каде сте во моментов?

Знаете што сакате или требате да постигнете, но треба и да знаете каде се наоѓате сега. Во претходното прашање ја дефиниравте позицијата Б од вашиот пат од А до Б. Сега ќе треба да ја дефинирате позицијата А, односно од каде треба да тргнете за да стигнете до посакуваната позиција.

Во вториот дел од листот хартија наведете каде се наоѓате во моментов, но преку призмата на поставените цели. Ако целта е за приходи, напишете колкави се сегашните приходи.

Дали во моментов заработувате 500.000 долари?

3. Што треба да направите за да стигнете таму?

Сега кога веќе знаете каде се наоѓате и каде треба да стигнете, вашата задача е да ги дефинирате активностите за периодот кој следува кои ќе ве доведат до посакуваната цел.

Во третиот дел од листот хартија наведете што ќе правите во периодот кој следува за да ги реализирате поставените цели.

post

Меѓународен менаџмент е меѓународна стратегија

Големата конкуренција на меѓународно ниво бара применување на различни видови на стратегии. На сликата е даден приказ на четирите меѓународни стратегии, базирани врз фокусирање на меѓународниот пазар и остварување на стратегиската контрола.

4 Меѓународни стратегии

Етноцентричната стратегија е меѓународна стратегија базирана на претпоставката дека производите и услугите на една земја се посупериорни во однос на производите и услугите пласирани од друга земја. Оваа стратегија е фокусирана на производот или на услугата во зависноста од тоа што компанијата поседува. Под централизирана контрола производот или услугата се пласира во други земји каде за нив постои потенцијален пазар. Компанијата треба да го модифицира производот со цел да ги задоволи вкусовите и желбите на земјата домаќин. Доколку производот или услугата е супериорна, оваа стратегија успешно ќе се примени.

Геоцентричната стратегија е меѓународна стратегија базирана на географска децентрализација со стеснет асортиман на производи и намален ризик, преку производство во повеќе земји. Доколку компанијата во некоја земја има проблеми во работењето, останатите филијали непречено продолжуваат да работат. Негативна карактеристика на овој начин на работа е тоа што управувањето со различни организациски целини, на различни локации, претставува главен менаџерски проблем. Предноста е што работењето на една филијала, може да се спореди со работењето на друга филијала. Сите ресурси можат да се префрлат од една во друга филијала, во зависноста од потребата. Оваа стратегија овозможува прилагодување на работењето на компанијата спрема локалните услови и поради тоа е поефикасна во однос на полицентричната стратегија, која ја зема географската децентрализација како екстрем.

Полицентричната стратегија е меѓународна стратегија базирана на намалување на ризикот преку постоење на голем број на автономни пазарни единици и широк асортиман на производи. Поголем број на помали единици се помалку ранливи, отколку една голема единица. Намалувањето на ризикот е остварено преку бројни акции, како користење на различни валути и слично. Слабост на оваа стратегија е тоа што диверзификацијата и локалната автономија ја ограничуваат размената на информации помеѓу филијалите во однос на цената, производите, дизајнот и движењето на менаџерите.

Глобалната стратегија е меѓународна стратегија која фокусот го става на меѓународното поврзување на странските пазари. Се смета дека светот е еден пазар кој треба да се третира како таков. Се предпоставува дека стратегиите на различните единици се влеваат во една сеопфатна долгорочна стратегија на компанијата на матичната земја. Глобалната стратегија претпоставува дека глобалната дистрибуција на производи може да биде оправдана преку економијата на обемот.

Независно од тоа која стратегија ќе биде применувана, опкружувањето во таа земја мора да се набљудува и анализира, а потоа да се донесат заклучоци, која стратегија да се примени за да се задоволат локалните барања.

post

Ќе треба да кажете НЕ на многу работи

Честопати се наоѓам себеси во ситуација кога треба да кажам не на многу од работите кои ми доаѓаат на ум. Снимам сè околу мене за што мислам дека ќе ми биде корисно во иднина, но сепак, таковиот начин за отпочнување на имплементација на различни работи е опасен, затоа што лесно можам да се најдам во позиција со премногу работи кои сакам да ги започнам, што во реалноста е невозможно.

Морам да кажам не на многу од работите, затоа што знам дека имам само 24 часа во мојот ден, и морам да го користам тоа време оптимално.

Да се каже не не е лесна задача, и не може да се сработи денес и да трае постојано во иднина. Утре, пак ќе има многу можни задачи, можни идеи и можни работи кои сакате, или посакувате да да ги сработите. За да се каже не потребно е вежбање.

Моите вежби започнуваат со спроведување различни системи кои ќе ми помогнат да управувам со моето време, и моите дневни задачи што сакам и треба да ги сработам и во исто време да имам време и за другите лични активности.

Еве една листа на некои промени што ги имам направено во последните неколку години за спроведување на систематскиот приод да се каже не за многу нешта.

  • Прво, ми треба систем што ќе го забележува сето она што мислам дека ќе биде важно за мене. Тоа се оние работи кои доаѓаат до мојот ум во форма на идеи, задачи, списоци за читање, желби … Бидејќи мојот ум не е во позиција за рационална одлука за она што е важно, итно, или дали имам време да направам нешто во тој моментот со тоа, сакам сето тоа да биде на некое место каде што можам да се навратам подоцна и да ги процесирам работите. Тоа место сега е Evernote, каде што нафрлувам сè, од секаде.
  • Второ, ми треба време кое ќе го користам за процесирање на работите и да одлучам кои ќе бидат следните чекори. Бидејќи мојата листа на работи кои го ставам како белешки може да биде многу долг, и знам дека не можам да почнам да работам сè, потребно е да се каже не на многу од работите. Таа одлука ќе биде донесена на дневна основа, кога започнувам со процесирање на Inbox фолдерот во Evernote со сето она што го ставам таму во тој ден. Овој дел од процесот повторно е некој вид на вежба, бидејќи ми треба рутинска работа секојдневно за да се процесира сè што се наоѓа таму.
  • Третата работа е да кажам не на многу работи. Кога велам не, не мислам сите работи да бидат трајно отстранети, бидејќи многу од нив ќе останат како опција за во иднина, или ќе бидат имплементирани од другите луѓе (делегирање).
  • Ќе кажам не за работите кои не се важни ниту итни за мене. Ги бришам од Inbox фолдерот, бидејќи не сакам да се мачам со нив ни денес ни во иднина. Тие едноставно претставуваат губење на моето време.
  • Ќе кажам не за работите за кои мислам дека некој друг може да ги направи за мене. Тие работи ги делегирам.
  • Ќе кажам не за работите кои се важни, но не итни за мене. Ова не значи дека ќе ги отфрлам бидејќи тие ќе останат некаде во мојот систем за управување на задачи (сега го користам OmniFocus), затоа што планирам да ги спроведам во иднина, или едноставно да ме потсетат дека имам такво нешто.

На ваков начин, едноставно можам да елиминирам во повеќето случаи повеќе од половина од задачите, обезбедувајќи дека ќе работам на она што е најважно и најитно за мене, а сè друго што е важно, ќе биде процесирано на соодветен начин за да биде завршено во иднина.

Сакам да напоменам, дека овој процес не е успешен поради процесот, тој може да биде успешен само поради вашиот начин на размислување. Ако одлучите, да станете попродуктивни и многу пофокусирани на она што е важно за вас, ќе треба да експериментирате и вежбате со различни пристапи.

post

Важноста да бидете ефективни

Знаеме дека е потребно да бидеме ефикасни и ефективни во бизнисот, доколку сакаме да успееме. Но, сè започнува со вас, претприемачите.

Како претприемачи вие треба да ги направите вистинските нешта за нашиот бизнис, пред сè друго останато. Во повеќето од случаите, вие ќе бидете единствениот со моќта за поттикнување на бизнисот на неговиот пат кон успехот. Сепак, понекогаш започнуваме да работиме без да реализираме дали тоа е нешто важно за нас, или нашиот бизнис.

Како можеме да успееме ако ние сме успешни во вршење на работите кои не се вистинските работи за нашиот бизнис. Тоа е невозможно. Ќе бидеме фокусирани на нешто што не може да ни донесе резултати.

Поради тоа, како претприемач ќе треба како прво да бидете ефективни, да ги правите вистинските нешта и потоа ефикасни, да ги вршите работите на вистински начин.

What We Need to Do, Before Start Doing?Like this graphic? Get more productivity tips from My Productivity Tools.