post

Залихи – Како да ги управуваме?

Во претходниот пост пишувавме за залихи како зло без кое се може или не се може во кое претставив еден поедноставен дијаграм на тек за управување со истите.

Управување со залихите е повеќе од едноставно набавка на производи. Мора да знаете што да набавите, кога да набавите и колку да набавите. Мора да воведете систем на следење на залихите (рачно или автоматизирано) и од тој систем да извлечете знаење кое ќе го користите во процесот на набавки.

Од што зависи нивото на залихи?

Две работи од кои зависи нивото на залихите што треба да го имате се нормална (просечна) побарувачка на вашите производи во определен временски период и времетраење на процесот на набавка на Вашите производи (време од нарачка до примање на нарачаните производи).

Недоволно залихи може да значи губење на продажба, пореметување на производствениот процес и зголемување на оперативни трошоци. Од друга страна големи залихи ги зголемуваат трошоците. Затоа претприемачите мора посебно внимание да посветат на залихите.

Процес на управување со залихи

На графикот е прикажан еден поедноставен систем за контрола и управување со залихите и континуирано подобрување на истиот.

Дијаграм на тек за управување со залихи

Дијаграм на тек за управување со залихи

Значи доколку тековните залихи се поголеми од просечната потрошувачка во одреден временски период помножена со времетраење на процесот на нова набавка постои можност за подобрување на нивото на залихите.

На пример, просечната дневна потрошувачка е 10 парчиња, а процесот на набавка трае 3 денови. Во една ваква состојба теоретски ќе мора да имаме 30 прачиња на залиха. Доколку имаме 50 значи дека имаме 20 парчиња повеќе што претставува можност за подобрување.

Ова подобрување се изведува преку воведување на систем за контрола на залихите и намалување на истите на нивото на просечната потрошувачка во одреден временски период помножена со времетраење на процесот на нова набавка.

Како што забележувате на нивото на залихи влијае и времетраењето на процесот на нарачката. Овој временски период од нарачката до пристигнување на стоката може да зависи од Вашиот бизнис и од снабдувачите. Откога ќе го намалите нивото на залихите поминете на процесот на намалување на времетраењето на нарачките. За потоа повторно да го започнете истиот циклус.

Методи и техники

Може да користите повеќе методи и техники за управување на залихите. Но основата е во квалитетен систем на следење на залихите. Овој систем на следење може да биде:

  • со паметење
  • со картички (на хартија)
  • компјутерски

Првиот начин може да се користи доколку претприемачот е искусен во работењето, а асортиманот не е голем, па во секој момент знае во која состојба се наоѓаат залихите. Овој начин на работењето најмалку е препорачлив, бидејки напорот кој треба да се вложи за другите начини на евиденција е далеку помал, а добиените резултати се значително поголеми. Со ваков начин на евидентирање можни се чести и големи грешки, а воедно се оневозможува правење на дополнителна анализа со која ќе се утврди временскиот период во кој одредена стока имала зголемено или намалено побарување. Во пракса постојат примери на претприемачи кои на овој начин беспрекорно функционираат, но ние сепак не би го препорачале овој начин на работењето освен во екстремни ситуацији кога треба брзо да се реагира на некоја евтина понуда или во некој друг момент. Но замислете само доколку се работи за 100 артикли. Дали може да се запомнат сите. Секако дека не, затоа претприемачите мора да преминат на некој од пософистицираните начини на следење на залихите.

Евидентирање со картички е постар метод во однос на компјутерската евиденција. Овој метод се користи во случаи кога претприемачот нема компјутер на располагање или доколку претприемачот не е обучен за работење со компјутери. Тоа во денешно време е карактеристика на старите претприемачи кои немат доволно знаење за компјутерите. И во овој случај во практиката се наидува на претприемачи кои беспрекорно функционираат, но ние нема ни овој метод да го препорачиме (може како испомош во случај на некој квар на компјутер, нестанок на струја или некои други екстремни случај). Овој систем функционира на таков начин што за секој тип на производ постои картон со кој се води евиденција како што е прикажана на табелата. Овој систем е многу подобар од претходниот, но може и да биде компликуван со поголем број на артикли. Ако имаме 100 артикли ќе мора да водиме посебна евиденција за сите артикли.

Датум набавкаПЛ бр.КоличинаЕд.меркаДатум продажбаФактура бр.КоличинаОстаток во магацин
01.01.20091100PCE07.01.200918020
08.01.20093150PCE15.01.2009510070

Сега е веќе вообичаено да се набави персонален компјутер, соодветен софтер и да се изврши шифрирање на артиклите и евиденцијата на продаденото количество и количеството на залихите. Можно е автоматско печатење на листи на сите артикли, на сигнално ниво и започнување на нивна набавка. На овој начин се отвара можност за комплетна евиденција од потребната залиха, од побарувачката што била во претходниот период и уште голем број на другите анализи. Со шифрирањето во секој момент може да се види каква е состојбата на залихите како и лесно да се пронајдат потребните залихи во магацинот.

post

Залихи – Зло без кое не се може или се може

Залихите претставуваа количина на стоки и материјали кои бизнисот ги има во својот магацин. Но, зошто се потребни залихите? Дали се потребни залихите? Дали залихите обезбедуваат поефикасно и поефективно работење на бизнисот? Дали залихите претставуваат сигурност на бизнисот? Какво влијание имаат залихите врз финансиите на бизнисот? Сето ова се прашања за кои секој претприемач мора да ги знае одговорите. Ќе се обидеме накратко да дадеме одговор на овие прашања. Навистина залихите претставуваат нешто без што не се може од една страна, но од друга страна постојат голем број на факти кои велат дека може да се работи и без залихи и од тоа бизнисот само ќе има поголема корист.

Негативности на залихи

Без оглед дали се работи за производствено претпријатие (фабрика), услужно претпријатие или се работи за трговија секое од овие претпријатиа мора да држи одредени залихи. Тоа се суровини, материјали, резервни делови, готови производи… Секоја залиха со себе носи трошоци.

Врзани финансии

Како прво се врзуваат финансии кои би можеле да се употребат за други цели. Парите претставуват крвоток за секој бизнис, а со големите залихи Вие го загрозувате тој крвоток. Дури тие пари да не се користат за бизнис, може да се дадат под камата (бидејки парите се секогаш барана стока) и така дополнително да се заработува.

Пред извесен период разговарав со еден случаен познаник кој е еден вид на печалбар! Во муабетот кога стана збор за бизнис и вложени на пример 20000 евра во производи за продажба, ми кажа дека тој избрал да не вложува пари во бизнис туку да ги стави во банка и за таа сума да добива околу 10000 денари месечно.

Магацински простор

Следниот проблем е чувањето на залихите. Потребно е да се обезбеди магацински простор. Доколку немате магацински простор ќе треба да го изнајмите што претставува дополнителен трошок (а зошто Вие да не изнајмувате магацинскиот простор и со тоа овозможите дополнителна заработка). Магацинскиот простор мора да поседува пропишани димензии. Понатаму магацинскиот простор треба да биде соодветно изграден да не дојде до оштетување на залихите. Обезбеден, да не може да дојде лесно до крадење. Доколку постои можност за кражба потребно е да се обезбеди чуварска служба. Понатаму залихите можат да бидат загрозени поради елементарните непогоди земјотреси, поплави, пожари, оштетување при транспорт, влијание од штетниците… На пазарот може да се појави иста стока по пониски цени, стоката може да излезе од мода, може да помине рокот на траење и ред други негативности.

Сите овие причини ги терат менаџери и претприемачите да се позанимаваат малку повеќе со проблематиката на залихите. Во тој поглед најдалеку отидоа јапонците кои преко системите JIT (Just in Time – точно на време), TQC (Total Quality Control – Севкупна контрола на квалитет) и други методи при што набавка на залихите е комплетно контролирана и водена од пазарот. Во некои случаи се изведува и непосредно пред да започне монтажата доколку се работи за производствено претпријетие.

Па сега требаат или не требаат?

Сепак залихите во некои случаи мора да постојаат. Тие не треба да се преголеми, ниту премали за да не би дошло до пореметување на производствениот процес (види 80/20 правило и ABC анализа). Во однос на малопродажбата со премали залихи не би можело целосно да се задоволат потребите на купувачите. Значи залихите теба да бидат оптимални и да ги задоволаат вистинските потреби на бизнис процесите. Ако залихите се преголеми се јавуваат финансиски трошоци за кои што кажавме.

Но, уште една позначајна работа освен финансиите во однос на преголеми залихи е дека тие ги сокриваат проблемите во бизнис процесите кои што постојат. Овие проблеми не се решаваат, или пак претприемачите и менаџерите мислат дека ги решаваат со обезбедување на залихи, што претставува навистина ризично решение. Ако залихите се премали се губаат потрошувачи, бидејки не можат да го купат оно што го сакаат како по асортиманот така и по количина, па се создава лош имиџ.

Основното е дека тие треба да се држаат помеѓу максимумот и минимумот односно со залихите треба да се управува. Затоа се воведува еден термин кој се нарекува сигнално ниво на залихите. Кога залихите на стока ќе дојдат до тоа сигналното ниво, тогаш се започнува со процесот на набавка. Значи сигналното ниво претставува количина на залихи која ќе биде потребна да се овозможи непрекината работа на бизнисот во период додека трае процесот на набавки.

Тоа сигналното ниво зависи од просечната продажба доколку се работи за малопродажба или големо продажба и просечното производство доколку се работи за производствени бизнис од една страна и времетраење на процесот на набавка.

дијаграм на текот во процесот на менаџирање на залихите

дијаграм на текот во процесот на менаџирање на залихите

На сликата е прикажан само еден мал едноставен дел од дијаграм на текот во процесот на менаџирање на залихите. Важно е да го започнете процесот за управување на залихите бидејќи веднаш ќе ги почувствувате предностите.

Мора да напоменам дека управувањето со залихите се повеќе ќе се усложнува особено поради фактот што:

  • Се повеќе бизниси ќе воведат онлајн продажба.
  • Векот на траење на производот ќе биде се пократок.
  • Потрошувачите многу бргу ги менуваат сопствените потреби.
post

Brian Tracy Формула за зголемување на приход

Пред неколку дена преку Stumbleupon налетав на едно видео со Brian Tracy кое се однесува за зголемување на приход за 1000%. Гледајќи го видеото веднаш го зедов телефонот да направам некои забелешки во форма на mindmap.

Овој пост ќе го искористам за да ја споделам таа мапа за која сметам дека има корисни препораки како да се навлезе во еден циклус на здрав ментален живот и постојано подобрување со цел за одреден временски период (една, две, три или пак 10 години) да се стигне до зголемување на приходот за 1000%.

Првин да го погледнеме видеото и советите во него.

Сега главните препораки во вид на чекори кои ги препорачува Brian Tracey за неговата формула за зголемување на приходот за 1000% во вид на mindmap:

Mindmap Brian Tracy - Формула за зголемување на приход

Brian Tracy Формула за зголемување на приход

Прв чекор: Прочитај нешто

Овој прв чекор за секој ден ми остави впечаток. Brian Tracey го нарекува златен час кој секое утро треба да го потрошите на читање нешто инспиративно, едукациско, душевно… Тој вели дека како што утринската вежба служи за здраво тело, читањето наутро претставува психички развој.

Втор чекор: Направи акциона листа

Ништо ново за секој добро организиран претприемач. Тефтерче, телефон или било што, што помага да ја направиме и следиме листата на дневни активности ќе ни помогне во голем дел да го завршиме она што сме го испланирале.

Трет чекор: Приоритизација

Секогаш ќе има активности кои ќе бидат поприоритетни од другите. Една сигурно ќе биде најприоритетна. Не е добро да започнеме од најмалку приоритетната и никогаш да не стигнеме до приоритетната само затоа што најмалку приоритетната е најлесна.

Четврт чекор: Започни со најприоритетната (Број 1 активност)

Нормално кога листата ќе биде приоритизирана започнуваме со првата и се додека не ја завршиме не преминуваме на втората. Повторно ништо ново.

Пети чекор: Слушај аудио програми во автомобил

Советот е дека додека возите од работа накај дома или обратно или било каде да користите едукациски аудио програми во автомобил. Иако сметам дека е корисно, сепак овој чекор е малку застарен и сметам дека претставува маркетинг на Brian Tracy за неговите аудио тренинг програми по кои тој е карактеристичен.

Шести чекор: Одговор на две прашања

Овој чекор е навистина важен во било кој процес. Brian Tracey ги нарекува магични прашања и тие се токму оној дел кој го воведува циклусот на континуирано подобрување.

  • Што направив денес правилно?
  • Што можам да направам поинаку?

Седми чекор: Третирај го секој како важен за вашиот бизнис

Секој може да биде потенцијален купувач e правило кое не смее да се заборави.

post

Бизнис успех во 50 чекори

Бизнис успех во 50 чекори

Бизнис успех во 50 чекори

Можеме ли да имаме одредени чекори кои мора да се изодат за да го направиме бизнисот успешен? Мислам дека не може да има некаков темплејт дизајниран од едноставни чекори кој ќе го одведе нашиот бизнис до успехот. Како и да е, од друга страна, не постои волшебно стапче кое ќе направи успех. Успешноста на бизнисот зависи од нас и од нашите одлуки.

Доколку успешноста на нашиот бизнис зависи од нас, тогаш ќе мора да превземеме некои акции кои ќе не одведат до тој успех.

Би сакал да споделам можни чекори кои имаат потенцијал да го одведат бизнисот кон успехот соберени низ моето искуство и искуството на успешните претприемачи. За некои претприемачи 30 чекори ќе бидат доволни, додека за некои ни сите 50 нема да се доволни.

Чекор 1: Развој на повеќе од една бизнис идеја

Чекор 2: Анализа на сите бизнис идеи

Чекор 3: Иницијално истражување на пазарот

Чекор 4: Вклучи ги заклучоци од иницијалното истражување на пазарот во анализата на бизнис идеите

Чекор 5: Избор на најдобрата бизнис идеја за започнување

Чекор 6: Развој на јасна визија

Чекор 7: Анализа на перформансите

Чекор 8: Направи ги соодветните прилагодувања

Чекор 9: Откриј ја твојата толеранција за ризикот

Чекор 10: Определи ги личните цели

Чекор 11: Определи ги иницијалните бизнис цели имајќи ги во предвид личните цели

Чекор 12: Провери дали целите се опипливи и мерливи

Чекор 13: Отстрани ги сите неопипливи и немерливи цели или пак направи ги да бидат опипливи и мерливи

Чекор 14: Обврзи се за остварување на сите опипливи и мерливи цели

Чекор 15: Подели ги иницијалните цели во потребни акции

Чекор 16: Направи бизнис план

Чекор 17: Избери го го најдобриот бизнис модел

Чекор 18: Дефинирај ја мисијата на бизнисот

Чекор 19: Дефинирај ги суштествените бизнис системи

Чекор 20: Дефинирај ги ресурсите за сите бизнис системи

Чекор 21: Осигурај се дека сите подготовки се спремни за стартување

Чекор 22: Идентификувај ги сите компетентности потребни за остварување на целите

Чекор 23: Вработувај согласно идентификуваните компетенции

Чекор 24: Секогаш наградувај се себеси и вработените за постигнување на секоја цел

Чекор 25: Идентификувај ги сите можни извори на промени

Чекор 26: Имплементирај систем за следење на тие извори на промени

Чекор 27: Дефинирај ги потенцијалните извори на отпор кон промените

Чекор 28: Пронајди начини како да ги елиминирате тие извори на отпорот кон промените

Чекор 29: Имплементирај ги потребните проемни континуирано

Чекор 30: Мери ја имплементацијата на промените

Чекор 31: Нека промените бидат дел од вашата бизнис култура

Чекор 32: Идентификувај ги сите главни конкуренти

Чекор 33: Анализирај ги предностите на конкурентите

Чекор 34: Проучи ги сите чекори на конкурентите

Чекор 35: Имплементирај ги и подобри ги сите вредни акции на конкурентите

Чекор 36: Идентификувај ги најважните купувачи

Чекор 37: Сегментирај ги потрошувачите

Чекор 38: Награди ги најважните купувачи

Чекор 39: Оценувај го задоволството на купувачите

Чекор 40: Отстрани ги сите елементи кои предизвикуват незадоволство кај купувачите

Чекор 41: Направи финансиско предвидување

Чекор 42: Спореди ја актуелната финансиска ситуација со предвидената

Чекор 43: Направи анализа на готовински тек

Чекор 44: Идентификувај потенцијални трошоци за елиминирање

Чекор 45: Подобри го готовинскиот баланс

Чекор 46: Направи ABC анализа на производите и/или услугите

Чекор 47: Елиминирај ги производите со слаб приход или профит

Чекор 48: Дефинирај ги најважните платформи за социјални медиуми и отвори акаунти

Чекор 49: Започни бизнис блог

Чекор 50: Биди интерактивен со потенцијалните и тековните купувачи онлајн

post

Извори на организациски промени: Навремено откривање

Навремено откривање на извори на организациски проемни

Навремено откривање на извори на организациски проемни

Изворите (причини, сили или фактори) на организациските промени се основа за секоја организациска промена. Промените се постојани. Малите бизниси се тие кои се доста прилагодливи и тоа е главната предност на малите бизниси во однос на големите компании. Но, секоја промена е последица на некое дејствие. Тоа дејствие претставуваат изворите на организациските промени и тоа дејствие ви дава сигнал дека нешто мора да менувате во вашето работење. Дали е тоа намалена продажба како внатрешен фактор или тоа е законска регулатива како политички извор од надворешни извори на организациски промени вие како претприемач мора да преземете соодветна акција – промена.

Можете да прочитате за извори на организациски промени каде што се обработени внатрешните и надворешните извори на промените, односно основните извори на организациски промени. Но, сепак постои прашање дали изворите на организациските промени се значајни за претприемачите? Претприемачите кои не ги следат изворите на организациски промени нема уште долго време да бидат претприемачи.

Еве некои причини заради кои се значајни изворите на организациските промени за претприемачите:

  • Кога се знаат изворите (причини) за организациските промени, претприемачите поедноставно ќе можат да го испланираат процесост на промените.
  • Бидејќи организациските промени претставуваат решение на некој проблем, така изворот на организациските промени го расветлува проблемот кој треба да се реши
  • Познавањето на изворите на организациските промени дава одговор на тоа кога организацијата треба да се менува
  • Изворите на организациските промени не дозволуваат фирмата да влезе во зимски сон, туку ја одржуваат будна за да може соодветно да реагира на сите тие сили кои бараат промени
  • Надворешните и внатрешните извори на промени ја одржуваат фирмата во рамнотежа со околината.

Значајнста на навремено откривање на изворите на организациските промени ја прикажува Peter Senge во неговото дело Пета дисциплина (The Fifth Discipline: The art and practice of the learning organization). Тој ненавременото откривање на изворите (причините) на организациските промени го споредува со парабола на „варена жаба“. Senge опишува дека кога жаба ќе ставиме во врела вода таа веднаш ќе се обиде да излезе од садот во кој се наоѓа водата, но доколку во садот има вода со собна температура, жабата ќе остане во садот. Ако постепено ја зголемуваме температурата на водата на 20 до 25 оC жабата нема да реагира и дури ќе покажува знаци на задоволство и удобност. Со понатамошно покачување на температурата, на жабата ќе и биде се потопло и потопло, но нема да реагира се додека веќе не биде во состојба да реагира и ќе се свари. Senge вели дека ова се случува заради тоа што жабата има внатрешен детектор на закани кој е подесен на ненадејни крупни проблеми. Слично може да се случи и со бизнисите (организациските системи) кои постојано се наоѓаат под одредено влијание на околината. Доколку во околината се случат крупни проблеми претприемачот ќе возврати со организациски промени со кои ќе избегне да тие промени во околината влијаат негативно на работењето на неговиот бизнис. Но, доколку промените во околината се постепени и постојани, претрпиемачот нема да одговори на истите закани се додека не сфатат дека веќе е предоцна да се стори нешто за опстанок.

Да земеме еден пример. Доколку приходот на бизнисот се намали за 100 денари во просек дневно, претприемачот нема да примети се додека не свати дека на крајот на годината е 30.000 денари во загуба, па потоа да презема мерки кои можеби ќе бидат предоцнети. Но доколку прометот му се намали за неколку илјади денари секако дека ќе забележи и ќе размислува што е тоа за вакво движење и ќе бара решение и ќе имплементира решение кое ќе го подобри работењето на бизнисот.

Внимавајте на изворите на организациските промени како на внатрешните така и на надворешните, како и на крупните така и на ситните. Токму ова може да биде клуч за вашата конкурентска предност. Следете се што се случува и во внатрешноста и во надворешноста од границите на вашиот бизнис.

post

Два вида на извори на организациски промени

За секоја организациска промена постои некоја сила, причина, односно извор на таа организациска промена. Дали тоа е притисок од околината, дали тоа е внатрешен притисок секоја организациска промена има своја причина, а таа причина се нарекува извор на таа промена. Што е онаа што малите бизниси и претприемачи ги прави успешни? Тоа е флексибилноста. Флексибилноста значи дека претприемачите брзо се менуваат самите себеси и својот бизнис за да успеат и да го развијат бизнисот и фирмата која ја поседуваат. Секој претприемач мора да воспостави систем преку кој ќе ги следи овие можни извори на промените и без одлагање да изврши прилагодување во своето работење. Во прилог на текстов е дадено кратко разработување на можните извори на организациски промени.

Организациските промени не се појавуваат сами од себе. За било која постапка која ја изведуваме постои одредена причина, односно постапката е последица на одредена причина. Доколку не постои причина за одредена постапка или дејствување, логично е дека нема да постои ни таа постапка или дејствување. Бидејќи организациските промени се постојани во еден животен циклус на бизнисите, секогаш ќе постојат и причини за тие организациските промени. Овие причини (поттикнувачи, сили) ги нарекуваме извори на организациски промени.

Надворешни извори на организациски промени

Врз основа на тоа како ја делиме околината така може да се определат подрачјата во кои спаѓаат надворешните извори на промените. На сликата е дадена општата поделба на околината на една организација.

Надворешни извори на организациски промени

Надворешни извори на организациски промени

Од сликата се гледа дека околината на организацијата ја сочинуваат следниве подрачја, а со тоа и надворешни извори на организациски промени:

  • Економски надворешни извори на организациски промени. Тоа се конкурентите, добавувачите, каматни стапки, стапка на невработеност, приходи на населението, кредитна политика, бруто општествен производ, инфлација, степен на меѓународна размена… Сите овие фактори влијаат на потреба од промени во организацијата. Потребно е добро следење на истите како би се донеле вистинските одлуки за промените.
  • Технолошко подрачје како извор на организациските промени. Технологијата претставува примена на знаење, методи, техники и средства со кои една организација го трансформира влезот во излезот. Стапката на влијание на технологијата како надворешен извор на организациски промени варира од индустрија до индустрија. Секој претприемач мора да го следи развојот на технологијата во сопствената индустриска гранка и воопшто и да ги применува најновите достигнувања во развојот на сопствениот бизнис. Ова ќе бара организациски промени.
  • Социо-културно подрачје. Ова подрачје на околината како надворешен извор на организациските промени е составено од вредности, навики/традиција, норми, ставови и демографски карактеристики на луѓето. Секое општество има различни социо-културни карактеристики кои може да се разликуваат врз основа на регионот, етничка основа, населението итн. Сите овие фактори различно влијаат врз бизнисите и бараат различни прилагодувања кон нив.
  • Политичко подрачје. Оваа подрачје како надворешен извор на организациските промени се базира на законските и подзаконските акти донесени од страна на законодавните домови на една држава како и прописи од страна на владите. Политичкото подрачје содржи елементи како законодавство, стабилност навлада, штрајкови, политички состојби во соседни земји, оданочување итн. Овие извори на промени мора да се почитуваат од претприемачите и да се инкорпорираат во работењето на нивните фирми.
  • Меѓународно подрачје.  Земјата во која работи една фирм претставува потесна околина на организацијата, но пошироката околина како меѓународното подрачје во последно време има се поголем замав во влијанието врз бизнисите заради се поголема глобализација на пазарот. Она што се случува на меѓународен пазар влијае на сите бизниси. Пример е тековната глобална економска криза која го зафати целиот свет.

Внатрешни извори на организациски промени

Внатрешните извори на организациските промени претставуваат сили кои се појавуваат од внатрешноста на организацијата. Контролирањето на овие извори на организациски промени е поедноставно за претприемачите и менаџерите бидејќи доаѓаат од внатрешноста на организацијата, нешто што според функцијата, менаџментот го контролира.

Исто како и кај надворешните извори на организациските промени и тука би можело да го искористиме истиот пристап во дефинирање на внатрешните извори на промени. Поаѓаме од внатрешната околина на една организација. Што претставува внатрешна околина на една организација? Наједноставно кажано, внатрешната околина на една организација претставува се она што е внатре во организацијата. Организацијата како систем е составена од:

  1. Луѓе
  2. Структура
  3. Процеси

Луѓето се тие кои ги извршуваат сите активности во организацијата. Можеме да ја имаме најдобрата структура и најдобрите процеси, но без луѓето процесот на трансформација на влезот во излезот нема да може да се изврши. Луѓето во организацијата може да бидат менаџерски или неменаџерски кадар, но и двата типа претставуваат извор на организациски промени. Вработените се тие од кои може да потекне иницијативата за промени во нивното работно место, односно промени на работните задачи заради поефективно и поефикасно извршување на истите.

Структурата на една организација е таа што не дозволува појава на хаос во работењето на истата. Таа ги дава меѓусебните односи на сите компоненти на организацијата. Организациската структура го дефинира местото на секој поединец во организацијата преку хиерархијата, и улогите на секој поединец преку правила, норми и процедури. Со текот на времето организациската структура не може да одговори на потребата од ефикасно и ефективно работење на организацијата па така станува внатрешен извор на организациските промени.

Процесите во една организација ги претставуваат сите активности кои се изведуваат за да влезовите се трансформираат во излез кој ќе има некоја вредност за потрошувачите. Процесите во организацијата може да бидат различни, но ќе дадеме дел од нив кои се најзначајни за бизнисот:

  • Технолошки процеси (процеси кои ги трансформираат организациските ресурси во производи или услуги)
  • Процес на донесување на одлуки (избор на насока на дејствување од страна на луѓето)
  • Процес на комуницирање (распределба на информации помеѓу луѓето во организацијата)
  • Процес на управување (менаџментот како процес – управување на луѓето во насока на исполнување на целите на организацијата)

Овие процеси претставуваат внатрешен извор на организациските промени, бидејќи било каков проблем во истите ќе бара решавање на тој проблем што пак претставува нов начин на функционирање на тој процес или организациската промена.

post

Претприемничката инерција: Идеи за да ја победите

Претприемничка инерција

Претприемничка инерција

Претприемничката инерција е нешто што предизвикува еден претприемач да се противи кон промените што е спротивно на она што по дефиниција треба да биде претприемачот.

Понекогаш навистина доаѓаме во ситуација и кога не сакаме да одбиеме нешто што претставува акција за нас или пак за нашиот бизнис. Ваквите ситуации сигурно сте ги окусиле во Вашиот живот.

Дали сте се нашле во ситуација кога сакате или мора да превземете акција, но не ги превземате?

Дали сте се нашле во позиција да сакате да започнете бизнис, но нешто ве повлекува наназад кон статус кво ситуацијата?

Дали сте се нашле во ситуација кога мора да донесете одлука, но сепак не ја ностите?

Дали сте се нашле себеси во ситуација да имате визија за нешто, но сепак да кажете нема врска?

Сите овие ситуации се пример на претприемничка инерција која може да го направи Вашиот претприемнички живот доста потежок.

1. Биди упорен, не се откажувај!

Упорноста е нешто што ќе ви даде способност никогаш да не бидете инертни во Вашиот бизнис. Доколку имате јасни цели и во исто време сте упорни да ги остварите тие цели никогаш нема да бидете дел од претприемничка инерција.

2. Отстранете ги сите можни препреки!

Пронаоѓање и перманентно елиминирање на препреките ќе ја зголеми Вашата лична и бизнис продуктивност. Продуктивноста претставува опозиција на инертноста. Од друга страна секогаш ќе постојат препреки во вид на страв, недостаток на талент, потреба од перфекционизам… Доколку сакате да побегнете од претприемничката инерција, отстранете ги од Вашиот мозок.

3. Не одложувајте!

Одложувањето е причина и влезна порта кон инертноста. Не одложувајте. Завршете се што имате на листата за денес и нема да бидете дел од претприемничката инерција.

4. За секоја бизнис одлука веднаш направете акциони чекори

Самата одлука не претставува акција. Нешто што не претставува акција со што ќе ве придвижи нанапред претставува дел од инерција. За да се осигурате дека ќе ја имплементирате секоја бизнис одлука веднаш по одлучувањето направете акциони чекори кои ќе ве водат кон имплементација.

5. Бидете јасни во вашите цели!

Нејасни цели ќе ве водат до скокнување на некои од нив и продолжување со наредните на листата. Доколку вашите цели се јасни и конкретни сите Ваши цели ќе бидат постигнати и никогаш нема да бидете дел од претприемничката инерција.

6. Направете сите Ваши идеи да станат реалност

Знам, сите ние имаме премногу идеи кои едноставно неможат да станат реалност. Но, доколку се организираме на вистинскиот начин се може да стане реалност. Прочитајте ја книгата Making Ideas Happen од Scott Belsky.

7. Не обидувајте се да биде перфектно

Понекогаш перфектноста може да биде многу далеку од нас. Но, тоа не значи дека ние ќе треба да ги запреме нашите бизнис активности. Ништо не е перфектно. Се може да се подобри.

8. Побегнете од негативците

Уште од самиот почеток на овој блог напишав наслов за негативците (всушност тоа беше заеднички напишано со мојот колега м-р Илија Чубровиќ). Негативците околу вас може да бидат голем извор на инертноста. Обидете се да избегате од нив, доколку не сакате нивната негативна енергија да биде пренесена на вас.

9. Наградете се!

Наградите навистина можат да бидат голем придвижувач нанапред. Наградете се за секое постигнување.

10. Објавете го она што планирате да го направите

Доколку нешто е јавно објавено, постои голема веројатност дека ќе биде и завршено. Доколку јавно обајвите дека нешто ќе направите ќе има поголема тежина доколку тоа го знаете само вие.

post

Стилови на менаџмент согласно Адижес и отпорот кон промените

Отпор кон промени и стил на менаџментот

Отпор кон промени и стил на менаџментот

Ќе продолжам со темата за отпорот кон промените. Во претходниот пост беа дефинирани 28 фактори кои предизвикуват отпор кон промените. Сега би сакал да навлеземе во еден начин како менаџерите ќе можат да го предвидат различното однесување врз основа различен стил на менаџментот кој се практикува.

Не постојат исти менаџери. Дали би имало потреба од менаџмент доколку сите се исти. Да, тоа се луѓе, може да бидат маж или жена, но тоа не е она што ги прави менаџери. Доколку е така сите би биле менаџери. Некои менаџери ќе бидат успешни, некои неуспешни. Но, не постои идеален менаџер или „менаџер по учебници“. Разликата помеѓу различните менаџери е стилот на менаџментот што тие го применуваат. Едни употребуваат закани, други се обидуваат со систем за наградување, едни работат со постојани идеи други се сконцентрирани на резултати итн. Сето ова се различни стилови на менаџмент.

Науката препознава повеќе експерти во оваа подрачје кои застапуват различни мислења во однос на стиловите. Тука ќе претставиме еден начин на поделба на стиловите на менаџментот според Адижес. Исак Адижес е еден од врвните експерти од областа на менаџментот и неговата методологија е широко прифатена во голем број на светски познати компании. Со претставување на овие стилови ќе се обидеме и да претставиме начин како менаџерите можат да го предвидат отпорното однесување на индивидуалците кон организациските промени.

4 Основни стилови на менаџмент

Исак Адижес изведува четири различни улоги кои го определуваат посебно секој стил на менаџментот и со нивната комбинација го предвидува нивното однесување во однос на прифаќање или одбивање на промената. Основните стилови на менаџментот според Адижес се:

  • (P) – Производител
  • (A) – Администратор
  • (E) – Претприемач
  • (I)  – Интегратор

Според Адижес ова претставуваат четири улоги кои се потребни во менаџментот.

Улогата производител во менаџментот е улога која треба да произведува резултати преку производи и услуги. Резултатите се најважна работа, особено за стартап бизнисите. Доколку има добри резултати и бизнисот ќе биде посилен и ќе се зголеми шансата за успех и преживување. Малите бизниси, особено стартап бизнисите во раните фази на постоење најважни им се резултатите како би ги преживеале турболентните моменти од својот животен циклус.

Улогата на администрирање не се занимава со произведување на резултати туку со одредени активности преку спроведување на политики и процедури. Целта на администрирањето како улога во менаџментот е да обезбеди системот да функционира ефективно и ефикасно, односно да ги правите правите работи во право време со прав редослед и интензитет. Зад секој бизнис без разлика дали се работи за мал или голем постои администрирање. Земете ја продавницата на мало, некој треба да води сметководство, некој треба да го бележи она што е продадено, некој треба да споредува со она што е остварено итн. Значи сево оваа обезбедува некој ред и дисциплина.

Улогата на претприемачот е одговорна за нови идеи и иницијативи, односно за иницирање на промените. Претприемачот е тој кој мора да го покаже правецот и насоката по кој бизнисот треба да тргне. Секој нов бизнис е плод на идеа на претприемачот. Новите идеи се движечка сила на бизнисот. Секогаш треба да се наоѓа подобар начин на работа од сегашниот со цел да се задржи конкурентската предност.

Улогата на интегрирање е последната улога во менаџментот според Адижес. Интеграторот е тој кој се грижи да функционира тимската работа, за социјалните односи помеѓу вработените. Тој се грижи за интегрирање на луѓето и се обидува да овозможи системот да функционира беспрекорно од аспект на луѓето. Во секој бизнис меѓучовечките односи внатре во системот се многу важни заради ефикасно и ефективно исполнување на сите останати обврски.

Комбинација на улогите

Забележуваме дека сите овие улоги се важни за функционирање на системот. Многу е тешко да се најде менаџер кој ги поседува сите карактеристики од овие улоги. Идеален менаџер претставува менаџер кој ги има сите овие улоги инкорпорирано во сопствениот стил (PAEI). Ваквите менаџери тешко се наоѓаат во пракса. За стартап бизнис од страна на претприемач кој во почетните фази е единствениот во бизнисот треба да ги има сите овие улоги без улогата на интегрирање. Поради тоа што тешко се наоѓаат претприемачи со сите овие карактеристики доаѓа до најголемата смртност во почетните фази на стартап бизниси.  Како што ќе се шири и расте бизнисот така и потребата од секоја од улогите ќе се зголемува.

Бескорисен менаџер претставува менаџер без ниедна улога во својот стил на менаџментот (—-). Со истакнување на една улога во однос на другите и нивната комбинација се добиваат различни стилови на менаџментот кои Адижес различно ги именува. На пример, стилот (Paei – истакната улога на производител во однос на останатите) претставува производител, додека стилот (P— само улогата на производител без останати улоги) претставува осамен јавач.

Реакција на промените

Во табелата подолу се дадени некои карактеристични стилови на менаџментот според Адижес заедно со основните карактеристики на тој стил и начин на реагирање на промената.

КодСтил на менаџментотРеагирање на промената
----Бескорисен човекНе се противи на промената бидејќи е незаинтересиран за истата.
P---Осамен јавачСе противи на промената бидејќи нема време поради презафатеност
Ќе ја прифати промената доколку таа дава брзи резултати
-A--БирократСе противи на промената поради страв од губење на контрола
--E-ПаликуќаГи прифаќа промените доколку самиот ги иницира
Се противи доколку тој не ги иницира тие промени 
---IСуперследбеникГи прифаќа промените доколку ја зголемуваат неговата улога во решавање на конфликти и не го загрозува единството во организацијата
PaeiПроизводителПоради поизразена улога на производител може да се противи на промените кои не даваат брзи резултати
pAeiАдминистраторИзразената улога на администрирање доведува до противење на промени со кои се нарушува стабилноста на организацијата
paEiПретприемачПромените ги прифаќа доколку тие претставуваат негова иницијатива. Се противи на промените кои може да доведат до зголемување на правила, политики и процедури во работењето.
paeIИнтеграторСе противи на промените кои ги нарушуваат воспоставените социјални односи поради позразена улога на интегрирање.


Забележувате дека различен стил на менаџментот различно ќе реагира на промената. Затоа доколку сте менаџер и сакате да иницирате организациски промени, направете предвидување на тоа како би реагирале Вашите први соработници кои всушност ќе треба да започнат, па потоа подгответе стратегии за имплементација.

За овој текст користени се следните литературни извори кои ги препорачуваме на сите сегашни или идни претприемачи:

  1. Ichak Adizes: How To Solve The Management Crisis (Prevod na srpski jazik: “Prometej” Novi Sad. 1994)
  2. Isak Adizes: Stilovi dobrog i loseg upravljanja. Adizes. Novi Sad 2004
  3. Ichak Adizes: Mastering Change: The Power of Mutual Trust and Respect in Personal Life, Family Life, Business and Society. Adizes Institute Publications. Santa Monica, 1991. (превод на македонски јазик: Центар за кадровски и информатички услуги ДЕТРА, 1998)
post

5 Тајни кои купувачите нема да ви ги кажат

5 тајни кои купувачите нема да ви ги кажат

5 тајни кои купувачите нема да ви ги кажат

Сметам дека не постои претприемач кој не би сакал да знае што купувачите мислат за неговиот бизнис. Како и да е, тоа мислење во повеќето од случаите останува затворено кај самите купувачи кое ќе биде споделено со лицата со кои тие сакаат да ја споделат. Доколку пак тоа мислење е негативно, тајната ќе се распространи како вирус помеѓу неговите пријатели, потоа пријатели на пријатели итн.

Секогаш ќе постојат одредени тајни кои купувачите ќе се обидат да си ги задржат само за себе. Вашата задача како претприемач е секогаш да се обидете да најдете начин како да дојдете до тие тајни и да ги користите во Вашите секојдневни активности за бизнис подобрување.

Можете да користите различни техники за прибирање на тоа знаење за нивните тајни, но најкористено и најпрактично е едноставно да ги прашате за нивните мислења во однос на Вашиот бизнис. Од друга страна, тука е и Вашиот продажен тим кој секојдневно е во контакт со Вашите купувачи и едноставно може да постави прашање или да го набљудува нивното невербално однесување кое може во голем дел да ни каже за нивните тајни.

Едноставно правило е: Доколку не прашате, тие нема да ви кажат.

Во продолжение се дадени 5 основни тајни кои купувачите на своја волја нема да ви ги кажат.

1. Што тие не сакаат во вашиот бизнис?

Доколку не ги прашате тие едноставно нема да ви кажат што е она што тие не го сакаат во вашиот бизнис. Различни купувачи имаат различни елементи кои ги сакаат или не ги сакаат (прочитај во Оптимизација за потрошувачи).

Тренирајте го вашиот продажен тим да го чита невербалното однесување на купувачите за да најде знаци на незадоволство и едноставно да ги праша што е тоа што кај нив предизвикува незадоволство.

Користете ги тие информации за соодветни подобрувања за да ги направите тие купувачи позадоволни од вашиот бизнис.

2. Зошто уживаат во бизнисот со вас?

Доколку тие уживаат во бизнисот со вас, тогаш тие ќе се вратат и ќе го повторат истото. Како и да е, како што поминува времето нивните потреби ќе се менуваат и вашиот бизнис мора да се прилагоди на новокреираните потреби на пазарот.

Од друга страна, доколку нешто во вашиот бизнис предизвикува вистинско уживање за вашите купувачи ќе можете тоа да го нагласите во сите ваши маркетинг кампањи. Доколку знаете во што најмногу тие уживат ќе можете да ги подобрите тие елементи и да креирате уште поголема „уживанција“ за вашите купувачи.

Затоа прашајте ги што креира најголемо уживање за нив во бизнисот со вас. Користете ги тие информации за да креирате уште поголема продажба со тековните купувачи и во исто време да опфатите повеќе купувачи.

3. Зошто ве напуштаат?

Некои купувачи може да бидат незадоволни заради нешто и сепак да го продолжат бизнисот со вас. Но, некои едноставно ќе ве напуштат и ќе се свртат кон вашите конкуренти.

Мора да вложите напори за да го запрете тој тренд на напуштање. Како и да е, за да започнете да реагирате на таков тренд ќе мора да знаете зошто ве напуштаат. За ова ќе можете да јандете информации на неколку начини:

  • Места каде тие можат да се жалат (блог, вебсајт, продавница, продажен тим, состаноци…)
  • Социјални медиуми
  • Форуми
  • …

Користете ги тие информации за да ја подобрите вашата компанија. Кога и да можете да одговорите на таквите поплаки, одговорете со ветување дека сето тоа ќе биде поправено во точен временски период.

4. Што друго сакаат од вашиот бизнис?

Секогаш ќе постои нешто екстра што ќе биде посакувано од вашата компанија. Оваа информација е една од најважните информации која секој претприемач сака да ја има и да ја искористи.

Едноставно прашајте ги вашите најважни купувачи што уште тие сакаат од вашиот бизнис, или пак искористете анкета за соодветна анализа.

5. Колку се спремни да платат?

Цените претставуваат важен бизнис елемент за секој претприемач. Вие ќе мора да ги пресметате цените така да тие ги задоволат двете страни – бизнисот и купувачите.

Мала е веројатноста дека ќе ви кажат колку се спремни да платат. Затоа мора да прашате и да го следите нивното однесување за да собирате податоци за овој вид на нивни тајни.

Со оваа информација во вашите раце, ќе можете да ги прилагодите вашите ценовни стратегии со што ќе се стекне поголема продажба за вашата компанија.

post

28 Фактори кои предизвикуват отпор кон организациски промени

Овој пост претставува мала презентација од анализата и истражувањето во мојата магистерска тема. Идентификувани се 28 фактори од 25 литературни извори. Врз основа на оваа теоретска анализа потоа се премина на практична анализа со спроведено истражување во над 80 компании во Република Македонија.

Отпор кон промени - 28 фактори

Отпор кон промени - 28 фактори

За секаква отпорност кон организациските промени постојат одредени причини кои можат да бидат различни. Овие причини претставуваат извори на отпорноста, односно претставуваат фактори кои предизвикуваат отпорност кон организациските промени. Во текстот кој што следи се прикажани резултатите од анализирани 25 литературни извори од различни автори во кои се наведуваат различни фактори кои предизвикуваат отпорност кон организациските промени за потребите на изработка на магистерски труд на авторот.

Вовед во анализата

Како што напоменав за добивање на оваа листа од 28 фактори се користеа 25 литературни извори во кои различни автори и експерти од полето на менаџмент со промените дефинираа различни извори на отпор кон промените. Сите тие фактори беа класифицирани согласно повторувањето во рзличните литературни извори. На пример, оној кој највеќе се повторува беше класифициран како фактор со најголемо значење. Подоцна оваа анализа се спореди со практичното истражување на над 100-тина менаџери од врвно, средно и прволиниско ниво.

Анализата на литературните извори доведе до препознавање на 28 фактори кои предизвикуваат отпорност кон организациски промени. Секој менаџер, претприемач или секој кој работи со луѓе и мора да спроведува организациски промени (а дали нешто во бизнис светот не се менува?) треба да ги разгледа сите овие фактори и да се обиде да го намали интензитетот на истите во процесот на промените.

Фактори кои предизвикуват отпор

  1. Закана за моќта на индивидуално ниво. Со секоја промена постои опасност одреден индивидуалец да загуби дел од својата моќ, па нормално е да се очекува опасноста дека тие индивидуалци ќе се противат на предложените организациски промени.
  2. Закана за моќта на организациско ниво. Како на индивидуално, така и на организациско ниво промената може да одземе дел од моќта. Ова е моќта сконцентрирана во организационата единица – одел или сектор. Кога промената го предвидува ова, нормално е дека тие организациони единици ќе се противат на предложените организациски промени.
  3. Губење на контрола од страна на менаџерите. Кога организациските промени доведуваат до намалување на нивото на контролата што треба да ја спроведуваат менаџерите, ќе доведе до појава на отпорност кон таквите промени од страна на менаџерите на кои им е одземено правото на контрола.
  4. Зголемување на контрола над вработените. Кога организациските промени доведуваат до зголемување на контролата над вработените, ова ќе доведе тие вработени да се противат на тие организациски промени.
  5. Економски фактори. Кога промените доведуваат до намалување на платите како севкупно намалување на трошоци во организацијата тогаш претставуваат вистинска закана за вработените кои ќе бидат погодени со тие промени.
  6. Имиџ, престиж и репутација. Секое работно место носи соодветен имиџ, престиж и репутација кои се битни за вработените. Ова ќе влијае на појава на отпорноста од страна на вработените кои ќе сметаат дека се оштетени во овој поглед.
  7. Закана за удобност. Организациските промени резултираат во лични неудобности, односно животот на вработените го прават потежок. Секој кој ќе почувствува неудобност од организациските промени ќе се противи на истите.
  8. Работна сигурност. Организациските промени можат да влијаат до намалување на работни места, технолошки вишоци, отпуштања. Работната сигурност има големо влијание на појава на отпорност од страна на вработени кои ќе почувствуваат дека ќе бидат погодени со тие промени.
  9. Прераспределба на ресурсите. Никој нема да сака да изгуби нешто со што досега располагал во вид на финасии, луѓе, опрема итн.
  10. Стекнати интереси на одделни групи. Организациските промени ги прават новите групи поважни за успехот на организацијата, а тоа пак претставува закана за старите коалиции што пак влијае на појава на отпорност кон промените од страна на вработените кои се погодени.
  11. Импликации на лични планови. Организациските промени доведуваат до прекинување на другите планови, проекти или другите лични и семејни активности што пак доведува до појава на отпорност кон таквите промени.
  12. Преголема зависност од другите. Скоро во секоја организација постојат луѓе кои се на одредено работно место заради тоа што „шефот“ така сака или пак заради тоа што некој пријател или роднина е во менаџментот на таа организација. Доколку промените претставуваат закана за таквата заштите сите погодени ќе се противат на таквите промени.
  13. Неразбирање на промената. Кога вработените не ја разбираат промената претпоставуваат дека тоа е нешто лошо и влијае на појава на отпорност кон предложената организациска промена.
  14. Недоверба во иницијаторот на организациските промени. Кога постои недоверба во иницијаторот на организациските промени, секоја промена ќе се прима негативно.
  15. Различни проценки и сваќања. Организацијата е составена од индивидуалци кои нормално имаат различни сваќања и проценки за различни ситуации. Ова влијае на тоа да вработените кои сметаат дека промените се лоша идеја ќе се противат на истите.
  16. Страв од непознато. Кога вработените чувствуваат неизвесност во процесот на трансформација тие насетуваат опасност. Оваа неизвесност и стравот од непознатото влијае на тоа да организациските членови се спротивставуваат на промената.
  17. Навики. Сите работиме по одредени навики. Овие навики не прават посигурни. Доколку организациските промени бараат менување на тие навики ќе предизвикаат отпорност кон организациските промени.
  18. Минати искуства за организациски промени. Сите вработени веќе имаат некои искуства од претходните организациски промени. Искуствата покажуваат дека повеќето програми за организациски промени биле неуспешни, а тоа влијае на појава на отпорност кон организациските промени.
  19. Закана за интерперсонални односи. Вработените честопати се меѓусебни пријатели кои имаат блиски односи на работно место и надвор од него. Организациските промени честопати бараат разбивање на таквите цврсто изградени социјални мрежи што влијае на појава на отпорност кон организациските промени.
  20. Слабости во предложените промени. Ова е пожелен извор на отпорност бидејќи ќе се откријат и можат да се отстранат сите слабости. Откривање на слабости од страна на вработените влијае на истите да се спротивстават на промените и да бараат надминување на тие слабости уште пред почетокот на имплементацијата.
  21. Ограниченост на ресурси. Скоро во секоја организација нормален проблем е ограниченоста на ресурсите. Ова влијае на тоа да се појави отпорност кон организациските промени на оние кои губат дел од тие ресурси.
  22. Бирократска инерција. Индивидуалецот често пати е член на некоја група. Таа група си има свои вредности, ставови, норми, правила на однесување. Сето оваа предизвикува инерција кон организациските промени. Оваа инерција влијае на појава на отпорноста кон организациските промени.
  23. Селективно процесирање на информациите. Индивидуалците вообичаено вршат селективно процесирање на информациите, односно го слушаат она што сакаат да го слушнат. УТие едноставно ја игнорираат информацијата што се спротивставува на тековната состојба, а со тоа се спречени да ги прифатат важните аспекти на предложените промени што влијае на појава на отпорност кон организациските промени.
  24. Неинформираност. Честопати вработените не се обезбедени со адекватна информација во однос на организациските промени кои треба да се спроведат. Неинформираноста влијае на појава на отпорност кон организациските промени.
  25. Притисок од колеги. Честопати се врши неформално казнување на колегите поради тоа што ја поддржуваат промената која другите не ја поддржуваат што влијае на појава и на зголемување на веќе постоечката отпорност кон промените.
  26. Скептицизам околу потребата од промени. Вработените кои се скептични и не можат да ја видат важноста на промените покажуваат слаба спремност запромените. Ова влијае на појава на отпорност кон организациските промени.
  27. Зголемување на работно оптеретување. Во текот на процесот на организациските промени вработените освен со редовното работно оптеретување ќе бидат оптеретени и со процесот на промените. Оваа работно оптеретување влијае на појава на отпорност кон промените.
  28. Кратко време за спроведување на промените. Поради тоа што организациските системи се отворени системи и се интерактивни со нивната околина, потребата од промената честопати доаѓа од надвор и темпото на спроведување се диктира од надворешноста на организацијата. Ваквата состојба доведува до кратко време за спроведување на организациските промени, што пак влијае на појава на отпорност кон промените.

Ова се фактори кои предизвикуваат отпорност кон организациските промени и во над 90% од случаевите придонесуваат до неуспешност на предложените промени. Вие како менаџер или претприемач сте должни да ги предвидите сите можни последици. Се надеваме дека ова ќе ви помогне во вашата секојдневна работа.