post

Претприемач: Претходна недела од 12 Јули и идна од 19 Јули 2010

Претприемач - мината и идна недела

Претприемач - мината и идна недела

Помина уште една недела која ја обележаа високи летни температури и секако размислување и барање аранжмани за годишниот одмор. Оваа недела ми започна веднаш по завршување на еден прекрасен викенд во Охрид, Трпејца каде отидов малку да ги нaполнам батериите.

Освен контактите и соработка со клиентите и соработниците од неколкуте проекти кои ги имаме започнато, оваа недела некако повеќе се занимавав со правни работи. Тоа значеше секојдневни состаноци со мојот пријател и адвокат при што разговаравме во однос на брендирање, трговски марки, индустриска сопственост, интелектуална сопственост… И сето тоа од еден поинаков агол – законот, наместо потрошувачот и пазарот.

Но, минатата недела на претприемач постовите беа повеќе околу технологијата, бизнис идеи, бизнис опкружување и испорака на вредности и стравот од неуспех во однос на тоа испорачување.

Понеделник, 12.07.2010 – Страв од неуспех.

Ова е нешто природно што сите сме го почувствувале, но од друга страна претставува една огромна пречка за секој претприемач. Важно е да научиме да се справуваме со стравот и секако да ја испорачуваме вредноста што треба да ја испорачаме на пазарот.

Вторник, 13.07.2010 – Терминологија во хостинг индустријата

Технологијата е важен елемент од опкружувањето на секој бизнис. Се почесто се користат различни терминологии кои доаѓаат од научно-технолошкиот развој на одредена индустрија. Затоа со помош на МКХост се обидовме да ги опишеме најкористените терминологии во хостинг индустријата како еден претприемач би знаел да се снајде при анализа на понуди за изработка или пак хостирање на веб страни.

Среда, 14.07.2010 – Препознавање на можности и создавање на идеи

Ова е многу интересен пост кој се однесува на создавање на бизнис идеи. Претставува анализа на теоретски согледувања за тоа како успешните претприемачи ги препознаваат можностите и создаваат идеи.

Четврток, 15.07.2010 – PEST – Политички, Економски, Социо-Културни и Технолошки Влијаниа

Еден бизнис не е сам на пазарот. Тој има свое опкружување со кое се наоѓа во одредена динамичка рамнотежа. На секое влијание на околината бизнисот возвраќа и на секоја одлука на бизнисот околината возвраќа. Тука е претставен еден модел за анализа на бизнис опкружување наречена PEST или пак STEP.

Петок, 16.07.2010 – Технологија – Прифати ја, Не бегај!

Работната недела ја завршивме со уште еден пост за технологијата и препорака доколку сакате да бидете успешен претприемач да ја прифатите, а не да бегате од неа. Дали нам тоа ни се допаѓа или не технологијата е најпроменливо нешто како дел од опкружување на бизнисот. Доколку не ја прифатите и применувате, ќе се најдете во голема опасност.

Идна недела на претприемач

Го подготвивме распоредот за идната недела:

  • 77 Подобрувања за 77 дена
  • Подкастинг – Маркетинг средство 62
  • Купувачот секогаш има повеќе алтернативи
  • Домен име – Совети при избор
  • Достапност на испорчаното – Прашање за претприемач
post

PEST – Политички, Економски, Социо-Културни и Технолошки Влијаниа

PEST или STEP окружување

PEST или STEP окружување

Еден бизнис и еден претприемач имаат постојани влијанија од надворешноста на бизнисот. Иако денес е тешко да се определат прецизно границите на еден бизнис сепак може да претпоставиме дека зад некои замислени граници постои окружување кое влијае на бизнисот.

Еден бизнис како организациски систем се наоѓа во постојана интеракција со сопственото окружување. Ова значи дека постојат фактори кои влијаат од надвор кон бизнисот и бизнисот со сопствените активности (акции) влијае на окружувањето со цел да остане во динамичка рамнотежа со истиот. Во повеќето научни трудови кои ги пишував оваа го претставував како Третиот Њутнов Закон: На секоја акција одговара еднаква реакција, со ист правец но со спротивна насока.

Ова значи дека бизнисот мора да одговори на влијанијата од надвор како и да очекува дека на секоја негова акција ќе постои соодветна реакција од околината.

Овие влијанија може да се анализираат од аспект на тоа како ја делиме околината на бизнисот. Најчесто во научната литература се користи PEST (Political, Economical, Socio-Cultural и Technological) класификација на окружувањето на еден бизнис. Оваа класификација уште може да се најде и како STEP (Socio-Cultural, Technological, Economical и Political).

Во овој пост ќе се обидам само накратко да навлезам во сите овие подрачја на околината кои влијаат врз бизнисот. А во некој од наредните ќе навлезам подетално во секое од подрачјата.

Политичко влијание врз бизнисот

Оваа подрачје се базира на законските и подзаконските акти донесени од страна на законодавните домови на една држава како и прописи од страна на владите. Политичкото подрачје може да се состои од законодавството, стабилност на владата, штрајкови, политички состојби во соседните земји, начин на оданочување итн. Законодавецот донесува закони кои што индивидуалците, групите и организациите мора да ги почитуваат, инаку ќе сносат одредени последици. Тие закони имаат различно влијание на бизнисот. Без разлика дали се добри или лоши тие мора да се почитуваат. Политичката состојба во некоја земја ќе има влијание на бизнисот доколку таа ги извезува своите производи во таа земја. Стабилност на влада во одредена земја влијае на бизнисот доколку тој бизнис има учество со своите производи во таа земја или пак доколку одлучи да инвестира во нов погон во истата земја. Начинот на оданочување е доста значаен фактор за еден бизнис кој што може да влијае во однос на нивото на инвестиции во една земја.

Економско подрачје

Во оваа подрачје спаѓаат конкуренти, добавувачи, каматни стапки, стапка на невработеност, приходи на населението, кредитна политика, бруто општествен производ, инфлација, степен на меѓународна размена и многу други фактори кои влијаат на бизнисот. Влијанието на конкурентите на работењето на еден бизнис е многу значајно. Воведување на нов производ од страна на конкуренцијата бара соодветно реагирање на од страна на бизнисот и претприемачот. Добавувачите исто како и конкурентите имаа големо влијание врз работењето на бизнисите преку можноста истите да ги исполнат барањата на бизнисот како и навремена и точна испорака на репроматеријалот потребен за производство. Кредитната политика и каматните стапки на банките имаат големо влијание врз бизнисот во однос на расположивоста на финансиски средства кој може да биде потребен за одредени инвестициони потфати. Стапката на невработеност ја дава структурата на распложливиот кадар кој би можел да се најде на пазарот на трудот. Доколку е мала стапката на невработеност бизнисот има помал избор во однос на обезбедување на квалитетно обучена работна сила и обратно при поголема стапка на невработеност поголема е можноста за избор и привлекување на работна сила за бизнисот. Приходи на населението се значаен фактор за секоја организација. Тие ја отсликуваат куповната моќ на населението од пазарот каде учествува еден бизнис. Бруто домашниот производ и инфлацијата влијае на способноста на бизнисот да ги обезбеди потребните ресурси. Степенот на меѓународна размена ја отсликува состојбата на една држава во која егзистира една организација во однос на тоа какви договори има таа држава со другите држави за безцарински увоз/извоз за репроматеријали и добиени готови производи.

Социо-културно подрачје

Ова подрачје е составено од вредности, навики/традиција, норми, ставови, и демографски карактеристики на луѓето. Секое општество има сопствени вредности и ставови кои може да се разликуваат врз основа на регионот, етничка основа, населението итн. Овие вредности и ставови можат различно да влијаат на работењето на бизнисот. На пример, ставовите на луѓето кон загадувањето ќе има влијание врз бизнисот во однос на тоа дали да инсталира системи за заштита на животната средина или не. Нормите претставуваат стандарди на однесување прифатени од општеството кои се разликуваат од едно до друго општество. Секое општество има одредени навики во однесувањето кои се резултат на историјата на одредено општество. Навиките на луѓето влијаат на работењето на организацијата со тоа што доколку се работи за потрошувачи тие навики може да влијаат на начинот на консумација на производот, навики да користат други производи (супститути) итн. Демографските фактори се составени од старосната структура на населението, полот, составот на работна сила, нивото на едукација, работни вештини на населението и други карактеристики на истите. Овие фактори влијаат на работењето на бизнисот со тоа што даваат прецизна слика на новите пазари или пак инвестирање во нови погони од страна на организацијата.

Технолошко подрачје

Технологијата претставува примена на знаење, методи, техники и средства со кои еден бизнис го трансформира влезот во излезот. Тука најважен фактор е иновацијата или развој на нови процеси, производи или услуги. Стапката на влијание на технологијата како екстерно опкружување врз бизнисот варира од индустрија до индустрија. На пример, влијанието на технологијата на информациската индустрија е многу поголемо во однос на влијанието на било која индустриска гранка.

Меѓународно подрачје

Земјата во која работи еден бизнис претставува потесна околина на бизнисот, но пошироката околина како меѓународно подрачје во последно време има се поголем замав во влијание врз бизнисите поради се поголема глобализација на пазарот. Како што кажав во литературата доста е застапено групирање на околината со акроним PEST и STEP кои сите во себе го содржат и меѓународното подрачје. Ова подрачје на опкружувањето е составено од меѓународна конкуренција, меѓународни пазари, ограничени домашни ресурси итн. На пример, ограничените домашни ресурси ќе влијаат на тоа дали бизнисот има потреба да ги набавува од странскиот пазар. Доколку бизнисот е извозно ориентиран секако дека влијанието на меѓународната конкуренција ќе биде големо. Пробивање на пазар на кој има учество бизнисот од страна на меѓународна конкуренција или пак воведување на нов производ на меѓународниот пазар од страна на конкуренцијата ќе бара соодветен одговор од тој бизнис.

post

Страв од неуспех

Испорака

Испорачувај!

Во природата на човекот е да стравува. Најверојатно еволуцијата и историјата не научиле така! Но преголемиот страв од неуспех, од грешка претставува огромна сопирачка за секој претприемач.
Оваа сопирачка не спречува да испорачуваме вредност. Не спречува да бидеме тоа што сакаме да бидеме и што можеби сме!
Сигурно сте се нашле во позиција да завршите нешто а да не го испорачате односно да го одложите испорачувањето! Дали сте напишале одговор на писмо и да го зачувате за уште некоја проверка? Дали сте направиле анализа но не сте ја испорачале на шефот на потпис заради страв од грешка? Дали сте дизајнирале некој производ или услуга и не ја испорачувате заради тоа што стравувате како пазарот ќе ги прими?
Честопати се фаќам самиот себеси како ја одложувам испораката! Имам подготвено неколку проекти кои ги оставам за утре заради завршување на секојдневни тековни активности. Така само одложувам со испорака.
Треба да бидеме послободни во испораката! Гршките се нормални и едноставно можеме да научиме за наредните испораки да бидат подобри.

post

Талент како пречка!

Повеќе пати на претприемач пишував за талентот! Тоа беше повеќе заради тоа што бркајќи го нашиот талент забораваме за испорака на вредност. Барајќи го нашиот талент создаваме страв кај самите себеси и ги одложуваме нашите испораки кои претставуваат основа за успех на еден претприемач.

Понекогаш едноставно не испорачуваме

Но, освен опасноста за одложена испорака и можноста никогаш да не се испорача вредноста постои уште една опасноста – себичност! Имам сретнато доста иако не сите талентирани луѓе кои кога ќе го докажат сопствениот талент стануваат себични токму во моментот кога треба да менаџираат. А себичноста за еден менаџер е многу лоша особина. Замислете добар дизајнер кој започнува бизнис врз основа на негов талент (дизајн) и има брз раст кој бара проширување на бизнисот. Тогаш наместо да тренира, менаџира, води, помага тој се затвора и не дозволува неговото знаење и неговите идеи да струјат низ сите бизнис членови. Тоа значи максимумот е постигнат и сега наместо понатамошен раст низ животниот циклус на бизнисите следува патот кон самоуништување. Од друга страна големо влијание има и околината, односно соработниците! Доколку вие сакате да го распространите вашето знаење, вашите идеи и вашиот талент на вашите соработници а тие не сакаат да го примат, вие повторно се наоѓате во опасност. Затоа внимавајте со кого работите и не бидете себичен. — Post From My iPhone

post

Испорака на вредност – прашања за претприемачите?

Претприемач - испорачател на вредност

Претприемач - испорачател на вредност

Веќе подолго време снимам различни состојби околу бизниси и претприемачи околу мене. Состојбата не можам да кажам дека е розова што поради околината или бизнис окружувањето особено поради P – то од PEST (Political, Economical, Socio-Cultural & Technological Environment). Но не можам да кажам дека интерната околина во самиот бизнис (претприемачот, структурата, стратегиите, целите, менаџментот…) се на највисоко можно ниво.

Едно нешто е јасно, во минативе 15-20 години надојдоа некои правила на игра кои станаа стандард во денешниот бизнис свет, иако не треба. Некако се повеќе луѓето сакаат да се занимаваат со политика наместо со испорака на вредности. Зошто е тоа така? Најверојатно затоа што во тој период некако се направи класификација успешните да бидат само доколку се политичари. Се чека времето и кога ќе дојде успехот е тука. Но, каде е испораката на вредноста? Најверојатно никаде, затоа што останатите не се важни.

Но, останатите таканаречени обични смртници мора да ги следат правилата на претприемништвото за да стигнат до некаков успех или пак едноставно преживување, особено во тешките времиња на рецесија. Затоа како еден од првите елементи на претприемништвото ја избрав испораката, бидејќи претприемачите се тоа – испорачатели на вредност.

Тие се испорачатели на вредност за општеството, за државата, за локалната самоуправа, за пазарот, за потрошувачите, за снабдувачите…

Затоа можеби би било добро да си ги поставите овие прашања:

  • Што испорачав денес, вчера, претходен месец, претходна година?
  • На кого испорачував вредност?
  • Колкава е вредноста што ја испорачав?
  • Каква е реакцијата на моите испораки?
  • Што добивам јас од моите испораки?

По одговор на прашањата, размислете како да ја подобрите испораката за сите интересенти и секако како да ги подобрите Вашите лични придобивки, бидејќи се надевам дека Вашиот бизнис го водите заради Вас и Вашето семејство а не заради државата или општеството. Сепак Вие сте во центарот на вниманието, Вие сте претприемачот.

post

Задржување на најдобрите без промоција во менаџери

Ако сака да остане мајстор, нека остене така!

Ако сака да остане мајстор, нека остене така!

Еден голем проблем со кој може да се соочи секој претприемач особено претприемачи на брзорастечки бизниси е да ги задржат најдобрите вработени притоа без да се промовираат истите во менаџери. Треба да бидеме свесни дека постојат одлични вработени со одлични технички вештини, но едноставно не сакаат да бидат менаџери или пак немаат потенцијал за менаџерска позиција.

Одличните технички вештини на одредени вработени претставуваат огромно богатство за еден бизнис. Тие технички вештини се оние кои ги произведуваат бизнис резултатите. Повеќе за менаџерски вештини можете да прочитате во менаџерски вештини. На пример, некои програмери во многу ситуации нема да сакаат менаџерска позиција бидејќи ќе сакаат да седат до доцна вечер пред сопствениот компјутер и да пишуваат код кој ќе претставува навистина огромна вредност за бизнисот. Доколку таквите личности ги промовирте во менаџери како дел од Вашиот систем за наградување ќе ја уништите нивната креативност.

Во една ваква ситуација еден претприемач или пак менаџер ќе има голема дилема. Дилемата е како да се задржат најдобрите и во исто време да бидат наградени, задоволни и респектирани без да мора да ги промовирате во менаџери.

Може да се искористат два приоди. И двата се важни за еден вработен.

1. Награди во форма на пари

Парите се важен елемент за секој вработен. Доколку некој е навистина потребен на тековната позиција и во исто време таа/тој или немаат потенцијал или едноставно не сакаат менаџерска позиција подобро е да останат на истото оперативно ниво. Но, тие може да очекуваат некаква награда во форма на пари. Тие знаат дека се вредни за бизнисот, знаат дека носат брилијантни резултати и знаат дека мора да бидат наградени за нивните напори.

Можете да користите различни начини за издвојување на овие вработени од просекот. Еве некои идеи:

  • Зголемување на плата,
  • Парични награди по секоја успешно комплетирана задача или проект,
  • Бонуси,
  • Платен одмор за нив и нивните семејства,
  • Платена школарина за нивните деца…

2. Нефинансиски награди

Иако се важни, но не претставуваат единствена можност за задоволство. Во бизнис светот постојат многу различни награди кои ќе бидат ценети од вработените. На пример, секој сака:

  • Да биде респектирана личност
  • Да има подобра репутација
  • Да има привилегии во независно донесување на одлуки.

Респектирана личност. Доколку некој е повреден од просечните вработени ќе очекува да биде респектиран од страна на колегите. Знаеме дека менаџерите се респектирани личности, но ние сакаме да изградиме вистински респект без менаџерски позиции. Интересно е што при едни вакви услови кога еден е повреден од остатокот (мнозинство) може да се појави љубомора од страна на мнозинството кон поединците. Но, затоа сте тука Вие како претприемач и/или менаџер кој може многу да помогне во градење на еден таков респект. Некои примери како можете да помогнете може да бидат следниве:

  • Споделете некои добри зборови за нив пред нивните колеги.
  • Пофалете ја нивната работа за да слушнат другите колеги. Едно браво, може да значи многу.
  • Давајте им ги најважните задачи од проектот.
  • Прославете со нив за нивната успешно завршена работа.

Подобра репутација. Репутацијата претставува мислење, општествена евалуација и идентитет дефиниран од страна на други луѓе кон една личност. Секој сака да има подобра репутација во неговата работна околина. Вие како еден менаџер или претприемач може да бидете доста влијателна личност во остварување на овие цели на индивидуалецот – вработен. Помогни им да изградат подобра репутација.

Независно одлучување. Менаџерите се личности кои носат одлуки. Како и да е, доколку не сакате да промовирате некој од Вашите најдобри вработени во менаџери ќе можете да го проширите нивното подрачје за одлучување.  Ова значи дека тие ќе можат да одлучуваат за некои проекти и без вас.

post

Претприемништво – Инфографик на претприемач

Во изминатата една и пол година имам опфатено над 400 постови на претприемач кои едноставно се расфрлани на сите страни. Затоа се обидов во еден инфографик да внесам графичка презентација на информации опфатени во едно 20-тина написи.

Повеќето се од спроведени анкети на претприемач при што се добија квалитетни информации кои што едноставно сакам да ги поедноставам преку овој инфографик.

Инфографикот е поделен на 4 дела:

  • Бизнис идеја како основа за постоење на претприемништвото
  • Најголеми причини за пропаѓање на бизнисите
  • Карактеристики на еден успешен претприемач
  • Во какви услови стопанисуваат претприемачите во Република Македонија.

Претприемништво - Инфографик

Претприемништво - Инфографик

Овој инфографик за претприемништво можете да го симнете преку Претприемништво-Инфографик.

post

Портфолио приод за менаџирање на потрошувачи

Портфолио приод за менаџирање на потрошувачи претставува една навистина квалитетна алатка во процесот на менаџирање на Вашите потрошувачи и секако соодветна алокација на Вашите ресурси кон оние вистинските потрошувачи. Оваа тема е навистина доста широка и може да користи различни научни и практични аспекти за приодот кој еден бизнис или еден претприемач може да го изберете. Тука ќе презентираме еден портфолио модел кој сепак Вие самите ќе си одлучите како ќе го користите, но се надевам дека ќе ви даде идеја за примена во Вашиот сопствен бизнис.

Досега на претприемач опфативме неколку написи во однос на потрошувачите, нивната сегментација и користењето на бизнис ресурсите врз основа на тие информации од сегментацијата и вредноста на потрошувачите. Еден од тие постови беше и RFM формула за сегментација на потрошувачи.

Вредност на потрошувачите

Целта на овој приод како и на повеќето приоди кои се користат при сегментација на потрошувачите е да се определи вредноста на секој потрошувач и истите да се групираат соодветно на таа вредност.

Како и се друго останато во бизнисот така и потрошувачите имаат една една вредност. Еден финансер кога гледате во еден бизнис гледа низ актива и пасива. Тоа се елементи кои се изразуваат во парични единици. Но, во таа актива воопшто не се содржани потрошувачите кои сепак претставуваат еден имот за секој бизнис. Имот кој можеби претставува имот со најголема вредност за еден бизнис, бидејќи без потрошувачи нема ни бизнис, нема ни претприемач.

Секој имот во Вашиот бизнис има сегашна вредност, но има и некоја идна вредност (зголемена или намалена), па така и потрошувачите како еден имот може да имаат сегашна и идна (потенцијална) вредност. На пример, сегашна вредност може да биде:

  • Износ на месечен приход.
  • Износ на годишен приход.
  • Кумулативен приход до денес.
  • Месечен профит.
  • Кумулативен профит.
  • Годишен профит.
  • Кумулативен износ на продадени парчиња, килограми, тони…
  • …

Забележувате дека може да постојат различни начини преку кои еден бизнис може да ја пресмета сегашната вредност на еден купувач. За разлика од сегашната вредност, потенцијалната вредност може да бидат истите фактори само определени за еден иден период на време. На пример, сегашен кумулативен профит од овој потрошувач е збир на профит од сите продажби до денешен ден, додека потенцијалната вредност ќе биде збир на профит до денешен ден плус збир на профит во идната година.

Портфолио на вредноста на потрошувачите

Доколку овие вредности во вид на сегашна и идна (потенцијална) вредност на потрошувачите ги поставиме во еден квадрант ќе го добиеме портфолио на вредноста на потрошувачите како на сликата подолу.

Портфолио на вредноста на потрошувачите

Портфолио на вредноста на потрошувачите

Забележувате дека имаме 4 групи на потрошувачи:

  1. Потрошувачи кои имаaт слаба сегашна и слаба потенцијална вредност. Оваа група на потрошуваче се оние потрошувачи кои само еднаш купиле и веќе ги нема. Иако не можеме да кажеме дека еден бизнис нема корист од вакви потрошувачи сепак не треба да се трошат премногу ресурси заради раст на нивниот потенцијал. Најверојатно вие веќе сте потрошиле пари преку различни маркетинг кампањи за тие да дојдат да купат нешто или пак да нарачаат преку веб страната нешто, но тука завршува животниот циклус на еден потрошувач за Вашиот бизнис. Затоа едноставно заборавете ги.
  2. Потрошувачи кои имаaт слаба сегашна и висока потенцијална вредност. Ова се новостекнати потрошувачи. Бидејќи сеуште се нови имаат слаба сегашна вредност поради недостаток на историја со Вашиот бизнис. Но, затоа имаат висока потенцијална вредност и заради тоа Вашиот бизнис ќе мора да се насочи на зголемување на овие потрошувачи како и соодветно одржување во натамошниот процес од животниот циклус на еден потрошувач за Вашиот бизнис. Доколку на вистинскиот начин се менаџираат овие потрошувачи тие ќе станат дел од десниот горен квадрант.
  3. Потрошувачи кои имаaт висока сегашна и слаба потенцијална вредност. Ова се потрошувачи кои имаат одлична историја со Вашиот бизнис, но заради некоја причина потенцијалната вредност им е намалена. Затоа за ова група е потребно да се дизајнираат специјализирани програми за задржување на потрошувачите како би им ја зголемиле и потенцијалната вредност.
  4. Потрошувачи кои имаaт висока сегашна и висока потенцијална вредност. Ова се најважната движечка сила за секој бизнис. Овие потрошувачи го генерираат најголемиот приход за Вашиот бизнис и ќе продолжат да го генерираат. Потребно е да се задржат овие потрошувачи и да им се обрне соодветно внимание за да останат во оваа група.
post

Мултитаскинг – Паралелно на повеќе задачи

Мултитаскинг во претприемништвото

Мултитаскинг во претприемништвото

Мултитаскинг е една од најпосакуваните опции на секој корисник на iPhone која што со последната верзија на оперативен систем ќе биде овозможена. Сите бараме мултитаскинг опции бидејќи сметаме дека ќе завршиме повеќе работа. Па така може да ни се случи во исто време да разговараме на телефон и да проверуваме дали имаме добиено e-mail или пак што се случува на Twitter. Сигурно повеќето од вас сте се нашле во состојба на започнување на неколку проекти, задачи, работни активности истовремено барајќи ја Вашата во тој момент најпродуктивна стратегија за остварувања. Повеќе за ова можете да прочитате во работи на еден проект се до финиш.

На пример во овој момент додека го пишувам ова во неколку наврати проверувам е-mail, во неколку наврати ќе ми влетаат нови идеи, само што завршив разговор на мобилен и погледнав во вториот PC за втората e-mail адреса (ова го пишувам на лап топ).

Дали мултитаскингот е добра претприемничка особина?

Можеби изгледа како добра особина, бидејќи сметаме дека сме многу способни и изведуваме повеќе активности истовремено со помош на мултитаскингот. Но, што се случува со нашиот фокус и концентрација кон она што го работиме. Секако дека опаѓа.

Да земеме еден пример со едноставни две задачи: разговор на телефон и проверка на e-mail.

Навистина едноставни задачи гледано од физичка перспектива. Со едната рака го држам телефонот, а со другата глувчето со кое го притиснувам Send/Receive копчето. Но, што се случува од перспектива на нашиот ум? Се би било ОК доколку во тој момент не добиеме e-mail. Но, доколку добиеме e-mail, нашето внимание ќе биде привлечено и веднаш ќе започнеме да го читаме. Како започнуваме да читаме нашата концентрација и фокус кон обработка на информации примени преку сетилото за слух (од телефон) ќе се намалува. Доколку се фокусираме кон слушање на звукот од телефонот не можеме да го исчитаме примениот e-mail. Па затоа слободно може да го напишам следново:

Зголемен мултитаскинг = намален фокусот и концентрацијата кон поединечната задача на која работиме.

Квалитетот на една завршена задача зависи од тоа колку сме фокусирани и концентрирани за нејзино завршување. Тоа значи дека намален фокус и концентрација кон поединечната задача доведува до намалување на квалитетот на завршената задача. Доколку заменам во равенството погоре ќе го добијам следново:

Зголемен мултитаскинг = намален квалитетот на завршената задача.

Од ова мое кратко образложение може да се заклучи дека не може да се смета дека мултитаскингот претставува квалитетна претприемничка особина.

Кои се причините за мултитаскинг?

Мултитаскингот може да биде предизвикан од разни причини. Едни се поради тоа што ние сакаме да работиме така додека други се поради некои надворешни фактори кои влијаат на нас. Но, првин би тргнал од тоа да се проверите дали Вие сте мултитаскинг ориентиран индивидуалец. Одговорете на следниве прашања со Да или Не.

  • Кога сурфате на интернет имате отворено повеќе јазичиња одеднаш?
  • Кога работите нешто на компјутерот често кликнувате на Send/Receive копчето за e-mail?
  • Работите во работна околина во која што постојат лесни пореметувања на концентрацијата?
  • Кога разговарате со некој очи во очи често пати ви се случува мислата да ви отиде на други проблеми?
  • Кога разговарате со некој очи во очи често пати ви се случува да слушате други разговори и да се уфрлувате во истите?

Доколку на повеќето од прашањата одговорите со Да тогаш постои веројатност дека Вие го применувате принципот на мултитаскинг.

Како најважни причини за мултитаскинг би ги издвојил следниве:

  • Работа на здодевни проекти или задачи. Секогаш кога работите нешто и тоа ве прави да се чувствувате здодевно ќе барате нешто што ќе ви ја намали здодевноста.
  • Постојани пореметување на редовните текови за активности. Доколку имате околина на постојани пореметувања ќе се доведете во состојба на мултитаскинг. На пример доколку e-mail клиентот ви е вклучен постојано ќе ви се појавува знак дека сте примиле нов e-mal.
  • Мислење дека така сте поефикасни и поефективни. Ова е едно мислење кое се чини оправдано иако во повеќе случаи не е. За ова пишував во работи на еден проект се до финиш.

Како да го избегнете мултитаскингот?

За крај би дал некои препораки кои може да помогнат во намалување на овие навики и воедно зголемување на квалитетот на завршените задачи.

  • Подели го денот на важни и неважни активности. Неважните остави ги за крај и сите можни пореметувања кои може да се појават за неважни активности исклучи ги. На пример, проверка на e-mail е доволна еднаш дневно па затоа исклучи го e-mail клиентот се додека не дојде периодот за таа активност.
  • Подобри ја сопствената концентрација. Концентрирај се на една задача во одреден временски период.