post

23 Бизнис идеи во категорија “зелени”

Трендовите на глобално, но и на национално и локално ниво се забележливи кога станува збор за заштита на животна средина, водење на здрав живот и обезбедување на благосостојба за идните генерации и поколенија.

Како и секаде во светот, така и кај нас се јавува потребата од т.н. “зелени” бизниси. Се сретнува и поимот “зелено” претприемништво.

Зелено претприемништво претставува посебна форма на претприемништво и се дефинира како активности на претпријатието со кои избегнува да и се наштети на околината или на некој начин помага за да се заштити околината.

Зелено претприемништво креира т.н. “зелени” претпријатија, односно “зелени” бизниси при што може да обезбеди зголемување на енергетска ефикасност преку заштеда на природните ресурси и заштеда на пари.

Денеска кога постојано се зборува за загадувањето, за можните последици заради наше недолично однесување кон природата, зеленото претприемништво станува се попопуларно и како можност и како нешто што дава допринос за природата.

Анализирајќи повеќе од 500 т.н. “зелени” бизнис идеи, се одлучив за некои кои сметам дека се прифатливи за наши услови и може да претставуваат одлична можност за претприемачите. Подолу се 23 такви идеи.

  1. Производство на органска храна за ресторани.
  2. Еко-туризам
  3. Изнајмување на зелени лимузини
  4. Дизајн на производи кои се напојуваат преку соларна енергија или енергија добиена од ветер.
  5. Зелени фризери
  6. Зелени салони
  7. Зелен мотел
  8. Зелена книжарница
  9. Производство на зелени производи за убавина
  10. Зелен маркетинг експерт
  11. Зелен бизнис консултант
  12. Консултант за енергетска ефикасност
  13. Рециклирање
  14. Зелени услуги на чистење
  15. Зелени градежни компании
  16. Билборди напојувани од соларна енергија
  17. Дизајн на апликации кои обезбедуваат на бизниси да работат без хартија.
  18. Дизајн и производство на органска облека за бебиња
  19. Отстранување, прочистување, продажба и вградување на користени градежни материјали.
  20. Зелено микрофинансирање
  21. Услуги за менаџирање со отпад
  22. Консултант за зелени производствени системи
  23. Инсталација на соларни системи
post

Вработување во меѓународни компании

Во домашните и во транснационални компании, секогаш постои потреба за вработување на способни и образовани кадри.

Производството и другите облици на меѓународната соработка веќе не се врзуваат за бројноста на работната сила, туку за нејзиниот квалитет, способност и искуство. Обезбедувањето на кадри во транснационални компании, како и нивната обука, унапредување и иницирање на заедничко работење е покомплексно, бидејќи може да се работи за луѓе со различно образование, раса, вера, јазик, културни навики и слично.

Етноцентричен кадровски пристап

Етноцентричен кадровски пристап е политика на вработување на кадри од матичната држава на клучни менаџерски позиции. Тие менаџери имаат искуство и знаење за дејностите на компанијата и можат успешно да ја презентираат во светот.

Вакво вработување може да се примени, доколку во земјата домаќин нема доволно обучен кадровски потенцијал.

Одредени менаџери сметаат дека одењето во странство е штетно и неисплативо за нивната кариера, бидејќи се оддалечуваат од центарот на компанијата и од главните збиднувања.

Компании кои имаат голем број на вработени во странство, обезбедуваат претходна обука, со која се овозможува успех во работењето во странство, но и кога ќе се вратат им се помага во ресоцијализација. Менаџерите кои одат во странски експозитури на компанијата, се извршни менаџери.

Компаниите сметаат дека со примена на етноцентризмот, може најдобро да одржи унифицирана корпорацииска култура. Оваа политика оневозможува напредување на менаџерите од земјата домаќин, што може да педизвика незадоволство и непродуктивност кај домицилните менаџери, бидејќи се помалку платени и тука се разбива корпорациското единство. Увезените менаџери некогаш не се во состојба да ги разбераат карактеристиките на локалните вработени и купувачи.

Полицентричен кадровски пристап

Полицентричниот пристап во кадровската политика подразбира државјаните на земјата домаќин да управуваат со филијалите, додека со главното седиште на компанијата управуваат менаџери од матичната држава.

Компанијата ги вработува државјаните од земјата домаќин врз база на нивната способност или врз база на политичко или друго влијание, кое тие или нивните семејства го остваруваат во својата земја. Овие вработени се добро запознати со политичките, економските, културните и други вредности на својата земја и уживаат одреден углед и респект.

Компанијата доколку е потребно врши нивно техничко или друго усовршување. На овој начин компанијата подобро ги разбира културните разлики, а ова е и поевтин пристап во вработувањето.

Како недостаток се јавува можноста да се создаде јаз поради јазичното недоразбирање, поради националната лојалност, помеѓу централата и експозитурата. Поради недостаток на светско искуство, овие менаџери тешко можат да напредуват во центарот на компанијата, што може да предизвика незадоволство. На тој начин може во рамките на компанијата да се создаде одредена автономија, која би го пореметила работењето на глобално ниво и по некој период, компанијата би морала да вложува додатна енергија за да ја совлада развиената автономија на својата деловна единица.

Геоцентричен кадровски пристап

Геоцентричниот пристап, при екипирање ги користи најспособните луѓе за секоја позиција во компанијата, без оглед на националната припадност. Ова политика и овозможува на компанијата да го искористи најсилниот човечки потенцијал со кој располага. Оваа група на менаџери може да ја сочинуваат вработени од трета земја, кои своето искуство го стекнале во централата на компанијата или во другата земја, па се ставаат на располагање на компанијата да работат во било која земја, каде ќе се јави потреба за нивно работење.

Тие развиле флексибилно однесување и се прилагодливи за работење во било која земја. Со оваа политика се одбегнуваат културолошките грешки. Пример, еден производ или реклама не мора да доживее еднаков успех во сите земји.

Оваа политика може да биде ограничена од емигрантските закони, кои ги наметнуваат развиените земји, за да им дозволат на странските менаџери пристап на својата територија. Најчесто компанијата на овој начин ги вработува екстремно способните луѓе, па е во состојба да ја обезбеди потребната документација. Раководството на компанијата може да има проблем доколку локалните вработени се спротивстават против придојдените, па мора внимателно да се постапува.

При вработување во странство се случуваат неуспеси и менаџерите често се откажуваат поради:

  • неможноста на брачниот партнер да се прилагоди,
  • неможноста на менаџерот да се прилагоди (на клима, на луѓе),
  • други семејни проблеми (смрт во семејство, болест, деца, школување, спорт),
  • личната и емоционална стабилност на менаџерите,
  • неспособност да се справуваат со поголеми проблеми во странство и слично.

Заради овие проблеми и заради намалување на стресот кај своите луѓе, компанијата унапредува млади луѓе од сиромашните земји, кои без приговор ќе одат во било која странска експозитура. Доколку одбијат многу тешко ќе најдат слично вработување, а и нивните брачни партнери и деца најчесто одат на подобро место за живење и сите тоа го посакуваат. За нив дополнителен мотив претставува и остварување на добра заработувачка, доколку се докажат како експерти, со што можат да помогнат и на своето пошироко семејство, кое останало да живее најчесто во сиромашни услови.

На работа во странство не одат само врвните, туку одат и пониско рангирани менаџери, технички лица и слично, на кои не им се овозможуваат екстра добри услови за живеење и работење, па тие наидуваат на поголеми проблеми. За луѓето кои треба да работат во странство може да претставува проблем: јазикот, културните навики, создавањето на пријатели, лошата здравствена заштита, лошите сместувачки капацитети, негостољубивата клима, недостатокот на забава, небезбедност во одредени региони и слично.

За работа во странство, најчесто компаниите одбират технички добро подготвени вработени, додека помалку внимание обрнуваат кон културолошката и семејната оспособеност на вработените, што е често клучно за опстанокот на вработениот во новата средина. Се зависи и од должината на времето кое треба да се помине во странство. Доколку, времето е пократко, помали се и проблемите и дури некој ги гледа како одмор, но доколку се работи за подолг временски престој, тогаш проблемите излегуваат на виделина.

Менаџерот кој има стереотипни мислења за луѓето од одредена средина, секогаш ќе има проблем во комуникацијата, ќе влегува во конфронтации и проблеми со локалните вработени, се додека тоа стереотипно мислење не го измени или сокрие. Во развиените земји се повеќе ќе има потреба за високообразовен кадар и поради тоа се повеќе компании се впуштаат во лов на таленти и одлив на мозоци од неразвиените земји. Со тоа развиените ќе станат уште поразвиени, а неразвиените уште понеразвиени.

post

10 Ситуации во кои ќе треба да се извините

Понекогаш е многу тешко да се преземат одредени чекори, кога треба да се извините. Но, како претприемач ќе мора да се извинувате многу пати во вашата претприемачка кариера.

Како човечки суштества, можеме да направиме грешки. Вашиот бизнис како еден отворен систем во својот состав ги има луѓето кои во различна секојдневна работа можат да погрешат.

Понекогаш, грешките можат да бидат поради надворешните фактори како што се нашите добавувачи, партнери, па дури и купувачите. Но, понекогаш тоа е само перцепција на купувачот за она што тие сметаат дека треба да направите.

На пример, можете да се најдете во позиција каде што вашите купувачи мислат дека морате да се извините за нешто, а вие мислите дека не мора. Тоа може да биде голем судир помеѓу вас и некои од вашите купувачи.

Тука, сакам да прикажам 10 различни ситуации кога ќе треба да се извините, без оглед кој е во право а кој не. Понекогаш, извинувањето може да се претвори во вредна движечка сила за вашиот бизнис, затоа што луѓето знаат колку е тешко е да се направи еден таков чекор.

#1 Кога ќе погрешите

Мислам дека не може да се најде безгрешна личност. Сите ние секојдневно правивме различни грешки. За некои од нив, сме свесни, но за некои не сме. Но, сепак да бидеме реални, тие се тука.

Секој пат кога вие или вашиот бизнис ќе направите грешка, ќе морате да се извините.

#2 Кога не сте го испорачале ветено

Вашиот бизнис е изграден или се гради на ветување дека вашата клучна вредност и понуда ќе им се испорача накупувачите. Кога не можете да го исполните тоа ветување, без оглед на причините за тоа, ќе треба да се извините.
На пример, ако ветите испорака во рок од 24 часа, а поради некои причини, испораката не може да биде завршена во таа временска рамка, ќе треба да се извините и да им објасните на вашите купувачи зошто тоа се случило и што планирате да направите за во иднина.

#3 Кога го немате она што вашите купувачи го сакаат

Вие не можете да имате сè за секого. Тоа значи дека не можете да ги задоволите сите. Но, ќе имате потенцијални купувачи кои ќе сакаат нешто повеќе што не е дел од вашата актуелна понуда.

Од друга страна, тоа се многу корисни информации за вашата иднина, затоа што можете да ги користите тие информации за да ги подобрите вашите актуелни понуди и вашиот бизнис во целина.

Но, факт е дека неможете да постигнете, барем во моментов. Во таква ситуација, најдобро е да се извините и да кажете дека ќе го имате во предвид барањето за идните понуди.

#4 Кога ќе бидете критикувани

Како претприемач не да бидете поштедени од критика. Можете да бидете критикувани од вашите вработени, од вашите купувачи, вашите партнери, вашите добавувачи …

Затоа ќе треба да ги менаџирате критиките кои се однесуваат за вас и вашиот бизнис како целина. Не е добро решение да се дејствува нервозно на критичарите. Некои критики ќе бидат фер критики кои ќе треба да ги земете во предвид за подобрување на вашиот бизнис. Но, исто така, ќе има и критики кои нема да бидат поткрепени со вистински причини.

На секоја критика, треба да се одговори со извинување и да му кажете на критичарот дека ќе ги земете во предвид за во иднина.

#5 Кога касните со испорака

Понекогаш не можете да ги испорачате вашите производи и услуги на време поради различни причини за тоа.

Во таков случај, ќе треба да се извините и објасните зошто се случило такво нешто.

#6 Кога нешто ќе тргне во погрешна насока

Многу пати нешто ќе тргне наопаку, поинаку отколку што сте планирале. Кога ги правиме нашите планови, ние се обидуваме да направиме претпоставки за во иднина. Но, многу пати таа претпоставка нема да биде во согласност со нашата реалност.

Треба да се извините кога нешто ќе тргне во погрешна насока.

#7 Кога вашите вработени погрешат нешто

Не е важно кој погрешил нешто во вашиот бизнис, бидејќи вие како претприемач сте единствениот претставник во вашиот бизнис, одговорен за сите одлуки и чекори за акција што ќе се спроведуваат од вашиот бизнис, тоа значи и за чекорите и акции на вашите вработени.

Ако вработените погрешиле нешто, вие сте тој кој ќе треба да се извини за тоа.

#8 Кога вашите добавувачи направат грешка

Понекогаш некои од грешките ќе бидат базирани на грешките на твоите добавувачи. Но, факт е дека вашите купувачи не се грижат за вашите односи со вашите добавувачи. Вие сте одговорни се да биде како што треба да биде.

Поради тоа, вие ќе треба да им се извините на вашите купувачи, а не вашите добавувачи. Тие немаат никаков однос со вашите купувачи.

#9 Кога мислите дека треба да се извините

Понекогаш може да се чувствувате дека едноставно треба да се извините за нешто. Кога сте во таква позиција, подобро е да го преземете тој чекор и објасните што мислите и што ќе направите во однос на тоа.

#10 Кога мислите дека не треба, но вашите купувачи сепак очекуваат да се извините

Исто така, можете да се најдете во ситуација кога мислите дека дури и ако очекувањата на купувачите се да се извините, вие не треба да се извините. Вашиот купувач е секогаш во право, дури и ако не е. Подобро е да се преземе тој чекор и да разговарате со нив отворено за секој можен проблем, отколку да се инаетите.

 

post

Одлуки на патот кон успехот

Поседување на сопствен бизнис и играње на претприемачката игра не е лесна задача за вас. Доколку претприемништвото било толку лесно нема да има вработени. Секој ќе биде претприемач.

Но, различни луѓе имаат различни движечки сили кои ги носат до успехот. Некои луѓе сакаат да го прават она што навистина сакаат да го прават, без разлика на приходите што ќе ги добијат, некој ќе сака да го задржи зголемувањето на бизнисот до најмногу десет луѓе.

Да погледнеме некои прашања кои ќе бидат корисни доколку сакате да ја најдете вашата движечка сила што ќе ве однесе до успехот.

#1 Што навистина сакате да правите?

Дали навистина сакате да го правите она што вашиот бизнис ќе го побара од вас? Тука не станува збор само за сакање, веројатно најважниот дел е да се знае што е она што навистина треба да се прави.

Многу пати, претприемачите не се ни свесни што се е потребно да прават за нивниот бизнис. Тоа е првиот и можеби најголемиот конфликт помеѓу нив и нивните компании.

Но, ако знаете што треба да се правите, а тоа е многу повеќе од иновирање во областа на вашиот бизнис ќе треба и да сакате да го правите. На пример, ќе треба да управувате, да размислувавате за финансии, набавка, маркетинг…

#2 Што е со вашата сегашна состојба?

Важно да знаете што е она што го имате денес во вашите раце. Ќе треба да знаете што имате, и што потенцијално може да изгубите со започнување на бизнисот.

Понекогаш, вашата сегашна состојба може да ве врати назад, што значи дека нема да ги преземете чекорите што треба да се преземат.

#3 Колку голем сакате да биде вашиот бизнис?

Некои претприемачи не сакаат да имаат голем бизнис со многу вработени и без семејна атмосфера.

Други сакаат да го развиваат и раснат својот бизнис колку што е можно повеќе.

Различните пристапи поинаку ќе го дефинираат вашиот успех и патот до тој успех.

#4 Што е со финансиите?

Вашите финансии многу пати ќе бидат важен креатор на патот кон успехот.

Дали ви се потребни дополнителни средства? Како ќе ги добиете? Дали ќе треба да се откажете од некој дел од вашата компанија? Кој ќе одлучува?

Ова се важни прашања за вашиот бизнис и секако вашето работење во иднина.

#5 Што е со вашите лични морални вредности?

Вашите лични морални вредности многу пати ќе ја дефинираат иднина на бизнисот. Тие ќе бидат патоказ кој ќе ви каже кога ќе треба да ја менувате насоката на движење, за да останете на вистинскиот пат, единствениот кој води до успехот.

Овие вредности ќе ви помогнат да ги разликувате добрите од лошите работи и многу пати вашите одлуки ќе се базираат токму на нив.

#6 Што е со луѓето со која сакате да работите?

Не можете да бидете, или не можете да останете сам, кога сте претприемач. Ќе морате да работите со различни луѓе на дневно, неделно или месечно ниво.

Каков тип на луѓе ви се допаѓаат, и со кои луѓе ке сакате да работите, ќе влијае на вашите бизнис одлуки.

#7  Подготвени сте да преземате ризик! Но, колку?

И како последно, но исто така важно е ризикот кој сте спремни да го поднесете. Секој потфат значи ризик за вас, вашето семејство и вашиот бизнис. Колкав ризик можете да преземете?

post

Да се сработи или да не се сработи?

Ви се случуваат ли ситуации кога треба да одлучите дали мора да сработите нешто или не во моментот?

Ова е веројатно една од најтешките одлуки која треба да ја донесете во вашиот работен ден.

Вие знаете дека постојат многу работи кои морате да ги сработите во еден ден, но работите едноставно се случуваат околу вас и без да ги планирате, па затоа и ќе се најдете во ситуација да треба да ја донесете таа тешка одлука. Ќе мора да се организирате, или поточно реорганизирате некако.

Понекогаш имате извонреден план, и “да направам” листа за денес, а ви се јавува партнерот кој ви кажува дека постои одлична можност за вашиот заеднички бизнис. Но, веќе ја имате “да направам” листата која ви го предвидува целиот ваш ден. Што ќе направите? Ќе оставите ли се и ќе скокнете во можностите за кои вашиот партнер ви се јавил?

Зошто ми се случува ова?

Еден едноставен одговор на ова прашање е дека вие сте личноста која овозможува да се случи вакво нешто. Доколку не добивте повик во моментот кога работите нешто нема да имате таква дилема.

Од друга страна, ако примањето на повици од вашиот партнер е нешто со најголем приоритет на вашите активности тогаш немате дилема, едноставно треба да прекинете со се и да го направите тоа што вашиот партнер ви го кажал.

Но, шта ако повикот е од други лица? Што ако добиете електронска пошта? Што ако добиете порака на Facebook?

Сето тоа е возможно бидејќи едноставно немате систем кој ќе ги елиминира сите можни одвлекувања на вниманието кога работите на вашата “да направам” листа, каде најверојатно (а би требало) да имате само важни работи за сработување денес.

Но, повторно постои и другата страна на тунелот. Доколку оставите се и едноставно се “фрлите” на нови приоритети, најверојатно вие немате високо-приоритетни задачи на вашата “да направам” листа.

Во било кој од случаиве ќе ви требаат промени во вашиот систем, мора да го подобрите.

Дали навистина треба да оставите се?

Првото прашање што логично треба да ви дојде на ум е прашањето: дали треба да оставите сè на што работите во моментот и да започнете со она другото кое е поприоритетно? Откако веќе нешто се случило, ќе треба да направите нешто. Треба да одлучите да направите нешто или да не правите ништо.

Решението на овој проблем е да се има способност за брза приоритизација што е следното нешто што треба да го направите. Со системот на приоритизација, ќе можете брзо да одлучите што е најдобро за вас.

Ако повикот од вашиот партнер е навистина висок приоритет и со поголем приоритет од сè друго на вашата “да направам” листа тогаш ќе можете едноставно да се одлучите да оставите се и да скокнете во нова насока на вршење на работите.

Понекогаш тоа може да биде многу неуредно за остатокот од вашиот работен ден, но повторно, вие сте лицето што овозможило да се случи ова.

Како да ја избегнете дилемата?

Ако одлучите да ги напуштите своите планови за денес, и почнете да правите нешто ново што доаѓа до вашиот ум без некакво планирање, навистина ќе ви создаде хаос во работата. Задачите закажани за денес ќе бидат одложени, се друго ќе доцни за постигнување. Ќе треба да останете повеќе на работа, ако сакате да го завршите она што било планирано за денес.

Наједноставно решение е да се избегне една таква ситуација. Но, прашањето е како?

Еве неколку идеи како може да се подобри и избегне дилемата за да се направи нешто или да не се направи.

  • Вашата “да направам” листа треба да има јасна разлика помеѓу задачи со висок приоритет и низок приоритет. Ако знаете што е висок приоритет за вас и започнете да работите на тие задачи ќе знаеш дека за сè друго нема потреба од вашето внимание.
  • Кога работите на задачите со висок приоритет елиминирајте го секое можно одвлекување на внимание кое може да се случи. Бидејќи што веќе знаете дека било што друго не смее да ви го одвлекува вниманието кога ќе работите на вашите задачи со висок приоритет можете едноставно да имплементирате систем со кој ќе елиминирате се што може или би можело да го одземе вашето внимание од работата. Тоа значи да се работи без телефони, без е-пошти, без социјалните медиуми, без можности за некој да влезе на вашата врата…
  • Кога ќе завршите со задачите или активности со висок приоритет тогаш ќе можете да ги проверите сите претходно исклучени одвлекување на внимание. Никогаш не е доцна да скокнете во друга високо приоритетна задача, но само откако ќе ја завршите секоја приоритетна задача закажана за денес. Ниско приоритетните задачи можеат да се завршат и утре, а најдобро е да како еден претприемач воопшто не се замарате со нив.
post

Зголеми ја продуктивноста со следниве 5 Google Chrome апликации

Денес нашата работа во голем дел се базира на компјутери. Но, сепак сакаме да ја зголеми продуктивноста вршејќи си ја нашата секојдневна работа.

Дел пак од работата на компјутер се базира на интернет. Со најновите случувања во cloud технологијата, целосно можеме да си ја работиме нашата работа во голем дел без десктоп апликации.

Поради тоа, кога треба да бидеме попродуктивни, можеме да искористиме некоја од повеќето алатки за продуктивност што можеат да ни помогнат во нашите напори.

Денес сакам да споменам пет Google Chrome апликации кои имаат потенцијал да ја одиграат улогата на зголемувачи на продуктивноста додека работиш на интернет.

1.  Google Popchrom

Google Popchrom

Доколку вашата работа се базира на пишување на текст во интернет прелистувачот можете да ја користите оваа алатка за да креирате сопствени кратенки за одредени секојдневни текст фрази кои ги користите. Секој пат кога ќе треба да се напише таа фраза, ќе можете да ја напишете кратенка, наместо целата фраза.

2. Read Later Fast (Веќе ја нема за Google Chrome)

Read Later Fast

Денес кога го користиме интернетот за да прочитаме многу нешта. Понекогаш може да се најде нешто вредно да се прочита, но едноставно немаме време. Едно од решенијата е да се има отворен посебно јазиче за страната која што сакате да ја прочитате подоцна кога ќе имате време за читање. На таков начин, можете да се најдете со еден куп на отворени страници за подоцнежно читање кои едноставно ја забавуваат работата.

Со ваква апликација можете да ги сочувате страниците за да ги прочитате подоцна онлајн, или офлајн избегнувајќи премногу отворени јазичиња.

Бидејќи за Google Chrome веќе ја нема апликацијава можете да пробате некои замени како што е Pocket или пак едноставно нешто што минатата година најмногу го користев Instapaper.

3. StayFocused

Stay Focused

Колку пати сте се нашле себе си да седнете на компјутерот да почне да работите, а во исто време, проверувате Facebook, Twitter, електронска пошта, вашиот RSS читач… Кога ќе станете свесни за примарната работа која што треба да ја направите, ќе видите дека веќе поминале неколку часа.

Оваа алатка за продуктивност е една екстензија на Google Chrome, која ќе ви помогне да останете фокусирани на она што треба да се направи, така што ја ограничува количината на времето која можете да го потрошите на сајтови кои што ќе ги определите како некои кои бесцелно ви го одземаат времето.

4.  HootSuite

Hootsuite

Ако сакате да останете фокусирани, да се организирате и да управувате со различни активности на различни социјални медиуми, ова апликација ќе ви помогне многу. Можете да ги ажурирате вашите статуси и да распоредите објави за во иднина.

5. Google Calendar Checker

Google Calendar Checker

Ако користите Google Calendar за да го организирате вашето време и активности, оваа апликација ќе ви помогне многу.

Со помош на оваа апликација можете лесно да го видите одбројувањето до вашиот следен ангажман директно од вашиот интернет прелистувач.

post

Менаџирање и функционирање на транснационални компании – Дел 3

Овој наслов претставува третиот дел од серијалот за транснационални компании. Првите два дела можете да го прочитате во насловите Менаџирање и функционирање на транснационални компании – Дел 1 и Менаџирање и функционирање на транснационални компании – Дел 2.

И понатаму останува состојбата транснационалните компании да бидат држава над држава. Поради ова се поставува прашањето: Дали оваа компанија може да влезе во рамноправен однос со други држави? Веројатно формално правно не, но во пракса секако да. За однесувањето на државата, главно влијание имаат гласачите, додека за однесување на компаниите главно влијание има профитот. Заеднички карактеристики на државата и транснационална компанија е долгорочното економско планирање и распределба на средствата – финансиите, човечките и природните ресурси од аспект на сопствениот интерес.

Планирањето на државата (барем официјално) има територијална рамка, додека планирањето на транснационална компанија нема територијални ограничувања. Овие компании формираат стратегија со која решаваат од каде ќе ги набават суровините, каде ќе градат фабрики или истражувачки лабаратории, во кои региони ќе ги сконцентрираат своите напори и слично. Доколку матичната држава на компанијата воведе санкции против определена држава која е богата со одредени ресурси, компанијата ќе се најде во неповолна состојба во однос на компанијата, чија држава не вовела санкции против таа држава. Со тоа компанијата станува помалку конкурентна, бидејќи воведува поскапи производи, затоа што до нив дошла потешко. Со тоа се намалува профитот, а со намалување на профитот доаѓа до намалување на издатоците за истражувања, давање донации, акционерите можат да префрлаат акции во други компании, кои нудат поголеми дивиденди и така се создава една негативна спирала. Заради тоа, транснационалните компании настојуваат да дејствуваат пред владата да донесе одредена, за нејзе можеби негативна одлука.

Кога една од транснационална компанија ќе навлезе на еден пазар (пример е ривалство на Coca Cola -Pepsi) другата компанија ќе побрза и таа да влезе на истиот пазар, за да го оневозможи создавањето на голема предност создадено со првичното влегување од страна на компанијата конкурент. Со отварање на филијали во странство, овие компании пренесуваат современа технологија во земјите каде владее недостиг на одредена технологија. Дополнителна поволност за овие земји е што тие немат ни доволно средства ни доволно знење за користење на вакви технологии. Филијалите на транснационални компании мора да ги почитуваат законите на други држави, па компанијата настојува да дојде до позитивни законски решенија во склад со своите интерси.

Влијанието на транснационална компанија во неразвиените земји може да се подели на три периоди. До 1960 година владеела потполна доминација на компаниите. Во периодот од 1960-1980 година доаѓа до голема конфронтација помеѓу земјите домаќини, поддржани од Советската држава и идеологија. Следува периодот по 1980 години кога сиромашните земји главно ги упропастуваат преземените или национализирани делови на транснационални компании и согледуваат дека без нив им е уште полошо, па пристапуваат кон постепено повторно отварање на пазарите и давање на големи овластувања на компаниите.

Национализацијата на имотите на големите транснационални компании се вршеше со цел капиталот да работи за доброто на народот, а не за приватен профит. Кај неразвиените земји во шеесетите години на минатиот век, постоеше дури и обид, преку здружување да се конкурира на транснационални компании. Највпечатлив пример е здружението ОПЕК, кој и покрај тоа што успеа да ја зголеми цената на нафтата, сепак не успеа да ги победи транснационалните компании кои работат во нафтениот сектор. Нафтените компании ја искористија лошата економска состојба во Венецуела, приморувајќи ја повеќе да произведува нафта, за да може да се раздолжи. Како таа повеќе произведуваше, така цената на нафтата на светските пазари повеќе паѓаше, па беше принудена уште повеќе да произведува за да достигне одредена парична вредност потребна да се исплатат кредитите. Сличен е и примерот на Дубаи, каде по објавување на веста дека се наоѓа во финансиска криза, поради мегаломанско трошење и спроведување на грандиозни проекти, цената на нафтата на светско ниво падна, бидејќи се очекува зголемување на производството за да се отплатат долговите.

На нападите од новоформираните држави, транснационалните компании не останаа со скрстени раце и возвратија со скратување на финансиската, техничката и други видови помош на земјите со кои влегоа во конфликт. Има и примери на извршени смени на влади од страна на овие компании, па дури и на предизвикување на воени конфликти и државни удари. По одреден период, владите на неразвиените земји востановиле дека без финансиска и технолошка подршка од овие компании, не може да постои квалитетен развој на државата, па почнуваат да влегуваат во соработка со компаниите. Од друга страна и транснационалните компании востановиле дека со соработка можат многу повеќе да постигнат, отколку со конфронтирање и на заеднички интерес почнуваат со повторна соработка. Меѓутоа сега компаниите се вооружени со дополнително искуство и знаење, па по секоја цена настојуваат да ги сокријат акциите кои би имале негативен публицитет. Промовираат одредени хуманитарни и јавни општествени акции, па за себе создаваат поубава слика, како за јавноста во матичната држава, така и за јавноста во државата домаќин. Јавноста во развиените држави покажува сожалување доколку компанијата ги приморува луѓето да работат во нехумани услови или доколку ги уништува природните богаства, бидејќи со тоа се уништува не само земјата домаќин, туку и целата планета.

Поради широката глобализација и одделни богати личности од неразвиените земји можат да бидат значајни акционери во транснационални компании. Овие компании може седиштето да го лоцираат и во неразвиените земји, но тие земји не можат да им овозможат соодветна заштита за нивните интереси. Овие земји немаат влијание врз меѓународните институции, па не се во состојба да го спречат донесувањето на одлуки од меѓународните тела, доколку се спротивни со интересите на компанијата, па остануваат со седиштата во моќните земји со што тие стануваат уште помоќни. Пример: со спроведување на законот за намалување на глобално затоплувањето на земјата, компаниите би морале да преземат одредени чекори кои се за нив финансиски штетни, па моќните државите (односно најголемите светски загадувачи САД и Кина) го одлагат потпишување на тие договори, за да нивните транснационални компании не мора да издвојуваат дополнителни финансиски средства за реализирање на овие проекти. Со развојот на индустриските капацитети, во суштина целиот свет станува повалкан, а со преземање на валканата технологија од страна на неразвиените земји и тие стануваат валкани и загадени.

Синдикатите можат многу да влијаат на глобализацијата, притискајки ги овие компании да поведат повеќе сметка за своите вработени. Но, мораме да констатиреме дека синдикализмот се наоѓа во криза и дека се наоѓа во службата на олигарсите. Тоа можеме да го подкрепиме со следниве факти:

  • Прво, 70 милиони вработени во светот се под целосна контрола на босовите на големите корпорации.
  • Второ, 100-150 милиони работници се перменентно невработени, а нивната сегашна и идна егзистенција е непосредно определена и зависна од програмите и пакетите на правните акти за решавање на нивниот социјален статус, за што постојано се договараат оние кои барат работа и оние кои можат да понудат работа, значи претставниците на корпорациите и претставниците на трудот, кои се најчесто продолжена рака на корпорациите.
  • Трето, најмалку 300 милиони работници се посредно вработени во големите корпорации или во нивните афилации кои се дисперзирани низ голем број на земјите. Заради тоа за нив е свето правило “не тумбај” подготвени се слепо да се покоруваат и ништо да не менуваат за да не ги загрозат своите позиции. Се помасовно тие го напуштат синдикатот но и синдикатот ги напушта нив служејќи им на интересите на корпорациите.

Овие податоци укажуваат дека нема синдикални движење, нема работнички организации, нема моќни унионистички сојузи, егзистенција на современиот работник е органски поврзана со егзистенцијата на големите гигантски компании. Тие ги контролираат работничките асоцијации во Југоисточната Азија со 90%, во Америка со 70%, во Европа околу 40-60%. Општ е трендот синдикалните лидери да бидат во служба на големите компании. Но и обичните работници не се мотивирани да се борат за свои права, зашто им е обезбеден “прав живот”, односно живот од кој тие се задоволни. Овие бенефиции ги користат милиони работници во развиените држави, а што е со други милиони работници од неразвиените држави? За нив не треба да се преговара бидејќи треба да се дели од “колачот”, а тие работници се контролирани, беспомошни и безопасни бидејќи се неорганизирани, па тешко доаѓаат и до можностите кои им се на дофат на раката. На мислење сме дека ќе пројде уште голем временски период за да се ублажат овие неправди.

post

Свесност на потенцијалните купувачи како основа на приодот

Пред извесен период налетав на една книга која запрвпат била објавена во 1966 година и на која многу компании го темелат својот успех во постигнување од ништо нешто. Ме изненади фактот дека пред извесен период пред реобјавување на книгата луѓето биле спремни да платат и илјадници долари за копија од истата. Книгата е насловена како Breakthrough Advertising од Eugene M. Schwartz. Во истата меѓу другите елементи од областа на маркетингот и продажбатае солидно разработена и темата за свесноста на потенцијалниот купувач и различните приоди на пристап кон различното ниво на свесност што го има тој купувач во однос на желбата, потребата, бизнисот, брендот, производот или услугата. Што претставува состојба на свесност? Состојба на свесност, ни дава одговор за тоа колку луѓето, односно потенцијалните купувачи знаат за начинот на кој вашите производи ги задоволуваат нивните потреби. Авторот помеѓу милионите сиви варијанти успева да ги класифицира овие нивоа на 5 основни.

#1 Целосна свесност

Оваа состојба е кога потенцијалниот купувач знае за вашиот производ, знае што може вашиот производ да направи и секако знае дека му треба тој производ. Во една ваква состојба, продажбата е многу полесно да се изведе бидејќи е доволно било која рекламна кампања да го содржи името на производот и цената со уште еден елемент како тековен попуст, бонус или било што друго што би поттикнало моментална продажба на производот. Но, што е случајот со интернет маркетинг и онлајн продажбата? Истата рекламна кампања (односно насловот во стил “Производ тој и тој сега 3000 денари наместо 5000 денари”) ќе може да се користи за PPC реклами или банери. Но, повторно ќе остане еден дел од потенцијални купувачи во оваа ниво кои нема да ги видат тие кампањи туку едноставно ќе бараат на Googleза решение. Разликата е што тие во оваа ситуација нема да го впишат името на бизнисот, производ или услуга, туку ќе го впишат видот на проблемот. Затоа ќе бидат потребни дополнителни стратегии за пристапи и приоди.

#2 Свесност за производот, но едноставно не го сака…

Оваа состојба е кога потенцијалниот купувач знае за брендот, за производот, за она што производот го прави, но сепак сеуште не сака да го купи производот бидејќи не е целосно свесен за се она што производот може да го направи, или не знае колку добро тој производ го прави тоа или колку е подобар сега. Во една ваква состојба е потребен сосема поразличен приод отколку во нивото од претходната состојба кога потенцијалниот купувач беше целосно свесен. Така, авторот ги предлага следниве насоки (во книгата се повеќе но тука ги презентирам групирани):

  • Демонстрација дека производот е подобар од конкурентските производи.
  • Подобрување на имиџот за тоа како производот ги задоволува желбите.
  • Докажување и документирање за тоа како производот го решава проблемот.
  • Воведување на нови механизми со кои претходните ограничувања ќе се елиминираат.

#3 Свесност дека производот го обезбедува тоа што го сакаат, но не се сигурни дали производот го испорачува тоа…

Во оваа состојба потенцијалниот купувач знае дека сака она што производот го обезбедува, но сеуште не е е сигурен дека производот го обезбедува токму тоа. За да се надмине овој проблем, треба да се спроведат два чекори. Прво, треба да се посочи сеуште некристализираната желба на вашиот пазар. Ова ќе го изведете преку анализа на пазарот со определување на она што пазарот најмногу го прифаќа а вашиот производ или услуга го нуди. Второ е да обезбедите дека желбата и решението што го нудите е толку јасно што станува веднаш препознатливо од страна на пазарот.

#4 Свесност дека имаат потреба

Во оваа ниво на свесност, потенцијалниот купувач нема сеуште желба, туку е само свесен дека има потреба од нешто. Тие лесно ја сфаќаат потребата, но сеуште не го поврзуваат вашиот производ или услуга со таа потреба за да имаат желба да го купат. Како можен приод се предлага објаснување и интензивирање на потребата како нешто што треба да се задоволи. Тука станува збор за важноста на задоволување на таа потреба. Интересна споредба би била, стратегија која можеби и сеуште се применува од страна на Appleкога станува збор за нивниот iPad како производ. Скоро сите кампањи се однесуваа, и уште се однесуваат за важноста на потребата која може да се задоволи со тој производ (Читање на книга, обработка на документи, менаџирање на задачи…). Понатаму, се оди со презентирање на производот или услугата како незаменливо нешто во задоволување на таа потреба.

#5 Целосна несвесност

Најтешкото ниво е токму оваа ниво каде потенцијалниот купувач ниту е свесен за потребата ниту за желбата. Во оваа ниво не постои никаква врска со твојот производ, цена, понуда… Единствено нешто што е важно е потенцијалниот купувач при што приодот за таргетирање се нивните емоции, однесувања, незадоволство… Вашата цел е да ги поврзете со вашата порака. Само така ќе може да се изгради свесноста за потреба или желба за нешто.

post

Менаџирање и функционирање на транснационални компании – Дел 2

Овој наслов претставува вториот дел од серијалот за транснационални компании. Првиот дел можете да го прочитате во насловот Менаџирање и функционирање на транснационални компании – Дел 1.

Не постои орган кој го контролира и регулира работење на транснационални компании. Постоеше обид од страна на ОН да се усвои кодекс на однесување на компаниите. Под огромен притисок од страна на компаниите, во 1992 година центарот за транснационални компании при ОН или UNCTC ја губи самостојноста, а нивното работење 1993  година е сосема згаснато. Наместо тоа се основа Дивизија UNCTAD за транснационални компании и инвестиции, но не со цел да го регулира работењето на овие компании туку да го унапреди нивното работење, со промовирање на директни странски инвестиции. Додека од друга страна Меѓународна трговска комора во Париз (ICC), се занимава со заштита на интересите на овие компании. Транснациониот бизнис мора да го пратат транснационалните банки кои најчесто настануваат со фузија на националните банки, а поради глобализацијата почнува да доаѓа до фузија и на меѓународните банки.

Најголемите транснационални компании се наоѓаат во САД, Јапонија и ЕУ. По бројноста но и по големината најмногу ги има во САД. Најголем број на одлуките кои ги носат државите се под директна контрола на тие компании. Со тие одлуки се влијае на економскиот раст на одредени држави, региони па и континенти. Има радикални мислења дека транснационални компании се инструменти на империјалистичка доминација. Овој став особено го подржуваат бившите социјалистички и колонизирани земји. Но, заради неуспехот во нивната економија, тие се приморани широко да ги прифатат и дури да бидат благодарни доколку сакаат да соработуваат.

Основен интерес на транснационални компании е свет без граници, за нивните производи, услуги и пари. Со стекнувањето на огромна моќ, работењето на овие компании е под се помала контрола на државата, а се повеќе самостојно дејствуваат. Кој поседува финансиска моќ, поседува и моќ да одлучува по голем број на прашања, па овие компании се во можност да предизвикуваат добри но и лоши дела. Како добри дела може да се набројат развојот на: техниката и технологијата, вселенските истражувања, медицината, зголемување на понудата на поевтини и поквалитетни производи. Како лоши страни може да се набројат: гладот, преголемите исцрпувања на природните богаства, еколошките уништувања, глобалното затоплување и слично.

Широкиот спектар на интереси, доведе до преклопување на интересите на државата и транснационалната компанија, но некогаш предизвикува и судири. Овие компании ги гледаат само сопствените интереси. Нивна цел е остварување што поголеми дивиденди за своите акционери, а никако решавање на социјалните проблеми. Тие не покажуваат никаква лојалност ни кон матичната држава, но поради големите меѓусебни интереси тие настојуват секој спор да го решат на заедничко задоволство. На државата и треба јака транснационална компанија, но и на компанијата и треба јака држава. Доколку матичната држава ги зголеми даноците и другите давачки или воведе рестриктивни еколошки закони, тие ќе се обидат да го спречат тоа уште пред да се случи, но доколку не се во состојба, тогаш ќе ги дислоцираат своите капацитети надвор во трети земји, каде нивните инвестиции би биле посигурни и би се оплодувале повеќе.

Влијанието на транснационалните компании во развиените држави е помало и доколку постои, тогаш е прикриено на софистициран начин, додека влијанието на овие компании во неразвиените земји е поголемо, подиректно и побрутално. Развиените земји се бранат од вијанието на овие компании преку рестриктивно законодавство, голема контрола на власта, подобра економска состојба во државата и мала корупција. Колку поголем приход зема државата од компаниите, толку нејзината самостојност и сувереност е помала, а доколку не зема ќе ја загрози својата благосостојба. Притоа, државите балансират помеѓу одржување на одредено ниво на сувереност, но и на одржување на одредено ниво на приходите.

При своето работење транснационалните компании ги одбегнуваат судирите со законот или создавањето на негативен публицитет кај луѓето, поради своите интереси. Сепак државите сеуште располагаат со механизми со кои можат да и наштетат на интересите на транснационална компанија, доколку се обиде да се конфронтира. Но и луѓето, доколку имаат негативни сознанија за компанијата, можат да го одбегнуваат купувањето на производите од таа компанија, па и тоа може да и предизвика сериозни штети на компанијата.

Доколку интересите на транснационална компанија во странство се загрозени, тогаш во нивна заштита влегува матичната држава и доаѓа до таканаречена трговска војна. Таа најчесто се води помеѓу САД, Европа, Јапонија, а во последно време и Кина, бидејќи другите земји не се моќни да им се спротивстават на овие сили. Пример, забрана за увоз на хормонски третирано месо од САД, во земјите од ЕУ.

Транснационална компанија прво се стекнува со економска моќ, па со медиумска, а понатаму со политичка. Одлуките на оделните компании, имаат поголемо влијание за квалитетот на живеење во одделни земји, отколку одлуките на владата или парламентот во истите. Транснационална компанија дава големи донации на одредени политичари или политички партии, а често се случува да даваат пари и на спротивставените политички опции, па која и да победи на изборите, должна е да се оддолжи на овие компании. Друг начин на кој транснационална компанија врши притисок на државата е што вработува голем број на луѓе кои се и директни гласачи, па со лошо промовирање кај вработените на одредена политичка партија или со големи отпуштања, компанијата може да предизвика социјални немири и со тоа да ја собори владата.

Доколку треба да се донесе определена одлука, компаниите лобираат кај политичарите, објаснувајќи им “зошто се или зошто не се” против определена одлука, што е сосема дозволено. Но, некогаш компаниите можат да се послужат и со недозволени средства како: подмитување, закани, воена интервенција. Влијанието на политичарите може да се искористи и за добивање на работи каде државата се јавува како купувач. Пример, јавни набавки, воени услуги и слично.

post

Неколку правила за привлекување на внимание

Како претприемачи или сопственици на мал бизнис можеби веќе сте се нашле себеси во позиција кога можеби најважната активност во вашата работа е да привлечете внимание на потенцијалните купувачи.

Иако можеби изгледа лесно сепак бара повеќе напори.

Имате бизнис, имате производ или услуга, сега треба некој да чуе, да види, да почувствува дека вие сте тука спремни да го решите тој толку страшен, неподнослив, проблематичен и здодевен проблем за потенцијалните купувачи.

Првиот чекор е да го привлечете вниманието. Иако, привлекување на внимание нема да гарантира успех за вашиот бизнис за што може да прочитате повеќе во внимание, репутација и доверба, сепак претставува прв чекор кој мора да се преземе.

Вниманието има за цел да ги привлече потенцијалните купувачи кон вашиот бизнисот. Може да се постигне бесплатно во стил на вирозни маркетинг кампањи или препорака од уста до уста или пак да се плати за истото преку користење на различни маркетинг средства. Сепак, за да се постигне успехот ќе треба да се имплементираат некои правила. Веќе пишувавме за 10 начини на привлекување на вниманиеод кој произлезе следниов график:

Привлекување на внимание

Во овој пост би сакал да наведеме неколку можни правила кои би требало да ги имплементирате кога станува збор за вашите напори во привлекување на внимание.

  1. Планирајте го привлекувањето на внимание. Без разлика што понекогаш не може да се испланира се, но сепак многу посистематски приод ќе имате доколку ги планирате различните начини и можности за привлекување на внимание.
  2. Користете различни канали за привлекување на внимание. За различни бизниси ќе функционираат различни канали. Добро е да се обидете и да тестирате различни канали за привлекување на внимание.
  3. Дади внимание за добиеш внимание. Правило за реципроцитет кое потекнува од работата на професор Robert Cialdini од неговото дело Influence. Доколку дадеш, поверојатно е дека ќе добиеш.
  4. Ризикувај и информирај дури и за тајните. Ќе ме прочита конкуренцијата, ќе ме копираат, ќе ми го преземат… Иако исказиве се можни сепак мора да се преземе ризик, затоа што не може потенцијалниот купувач да дознае за тебе без неговото вистинско внимание.
  5. Бидете уникатни, не копирајте. Можете да ги проучите и анализирате конкурентите, но немојте да ги копирате. Вие сакате да бидете уникатни. Уникатноста е најдобро средтсво за привлекување на квалитетно внимание.
  6. Бидете реални. Не е важно што вие мислите, важно е што мислат твоите тековни купувачи. Тие ќе привлечат повеќе внимание кога го опишуваат вашиот производ или услуга, отколку кога вие ќе го презентирате.
  7. Престанете со зборување и започнете со слушање. Слушањето ќе ви каже што другата страна сака да постигне и доколку го знаете тоа и навистина ги погодите во нивното вистинско “сакам” еќ го имате нивното внимание.