post

5 Митови за претприемништвото кои не се точни

За претприемништвото многу се пишува, многу се зборува, многу се проучува…

Сето тоа доведува до дузина различни мислења, теории и тврдења.

Но, проблемот е што претприемништвото сеуште како една научна дисциплина нема воспоставено цврста рамка за тоа што е лошо а што добро, што дава резултати, а што не дава резултати, што е потребно за успех, а што не е потребно за успех…

Причината за ваквата состојба е фактот што секој бизнис е различен, секој пазар е различен и секоја индустрија е различна. Но, и секој бизнис, пазар и индустрија се подлежни на крупни промени како што поминува времето. Затоа и многуте детални анализи и проучувања додека да се завршат, дел од нив стануваат невалидни заради променетите услови на стопанисување на еден бизнис.

Кои се оние митови кои што ги знаеме, а кои сепак не се точни?

1. Доволна е добра бизнис идеја и успехот ќе следува

Бизнис идејата е само почеток, но не и гаранција за успех. Многу добри бизнис идеи воопшто не се преточени во успешен бизнис или успешен процес на претприемништвото.

Една бизнис идеја мора да биде во согласност со потребите и проблемите на пазарот, но и да биде имплементирана.

2. Сите претприемачи се богати луѓе

Ако некој е претприемач не значи по автоматизам дека е богат човек. Пред сопствено богатење постојат многу чекори кои треба да се изодат, многу процеси кои ќе треба да се имплементираат и многу елементи во кои ќе треба да се инвестира.

3. Претприемачот е сам свој газда

Иако изгледа така, сепак реалноста е сосема друга, дури понекогаш и многу полоша. Од еден газда или еден шеф, претприемачот добива повеќе газди и шефови. Тоа се повеќе луѓе кои на ваков или онаков начин наредуваат, бараат, притискаат…

Купувачите, снабдувачите и државата се само дел од новите можни газди за еден претприемач.

4. Потребни се многу финансиски средства за претприемништвото

Некако кога се зборува за претприемништвото прво што му паѓа на ум на секој човек е дека се потребни многу пари за започнување, растење и развој на бизнисот.

Во некои случаи за одредени бизнис идеи тоа е точно, но сепак постојат многу можности за започнување на бизнис и без огромни вложувања на пари.

5. Претприемништвото е нешто вродено кај претприемачот

Дали претприемачот се раѓа или развива? Прашање кое доста актуелно.

Практиката покажува дека сепак доколку потенцијалниот претприемач се насочи во соодветна насока на личен развој ќе успее во своите намери да стане успешен претприемач.

post

Графикон на рентабилност – една апликација

Графикон на рентабилност претставува една важна алатка во рацете на претприемачите. Таа едноставно кажува колку треба да се продаде за да се покријат трошоците и започне со профитабилно работење.

Оваа алатка користи т.н. точка на рентабилност која означува завршување на работење со загуба и започнување на правење на профит.

На сликата е претставена основната филозофија на алатката за што не би навлегувал подетално бидејќи досега повеќе пати пишувавме и можете да прочитате во следниве наслови:

Графикон на рентабилност

Пред неколку денови налетав на една апликација за iPhone која служи за една ваква “брзинска” анализа која едноставно може да ви каже колкава цена да ставите на производот или услугата или колку единици ќе треба да продадете за да заработувате.

Апликацијата има една lite верзија која е бесплатна и целосна верзија. Во секој случај едноставен џебен калкулатор кој може да ви послужи за да донесете вистинска одлука.

Графикон на рентабилност iPhone апликација

Графикон на рентабилност iPhone апликација

post

Што е она што не запира?

Животот се сведува на патување од А до Б, каде А е позиција каде што се наоѓаме во моментов, а Б претставува нашата дестинација, успех или она што сакаме да бидеме или постигнеме.

Но, тоа патување не е права линија, и не е без препреки. Постои и секогаш ќе постои нешто што ќе не запира за да стигнеме во точката Б.

Што е она што не запира да станеме она што сакаме да станеме?

Што е она што не запира да го преземеме тој следен чекор? Што е она што не запира да ја имплементираме промената која ќе не донесе до посакуваната позиција?

Што е она што не запира да стигнеме до успехот за кој сонуваме?

Сте си кажале ли некогаш “не денес, можеби утре”? Но, утре никогаш не доаѓа за тие чекори бидејќи повторно имаме утре се додека не биде предоцна. Го живееме нашиот живот денес. Денешноста постои, а сонуваме за утрешноста.

Доколку не преземеме нешто што ќе не доближи до сонуваната утрешност нема да можеме да ја направиме поубава утрешнината. Мора да го елиминирате двоумењето во самите себеси. Мора да го елиминирате то големо НЕ кое е складирано во вас самите.

Можеме ли да направиме нешто за да ја смениме таа status quo ситуација во која се наоѓаме? Да можеме, но како?

Прво мора да најдеме што е она што не запира да бидеме она што сакаме да бидеме. Мора да откриеме што не запира да ги правиме работите кои што сакаме да ги правиме. Мора да ги најдеме сите препреки кои не попречуваат да ги преземеме чекорите кон нашиот сопствен успех.

Размисли за следниве прашања:

  • Дали сте вие личноста што си ја ограничува сопствената успешност?
  • Дали е тоа ваш недостаток на самодоверба?
  • Дали е тоа нешто наречено како “самосаботажа”?
  • Дали е тоа вашиот страв од сопствениот успех?
  • Дали се тоа вашите родители?
  • Дали се тоа вашите пријатели?
  • Дали е тоа вашиот сопружник?
  • Дали се тоа вашите учители, наставници, професори…?
  • Дали е тоа вашиот менаџер?

Постојат многу елементи кои може да ве ограничуваат, ова се само некои можности, што не значи дека мора да бидат 100% вистинити. Мора да ги откриете и елиминирате доколку сакате да кажете да, јас можам да направам разлика. Не се двоуми. Не кажувај не. Само напред!

post

Како да инспирираш иновација во твојот бизнис?

Во денешно време за да успее еден бизнис тој мора постојано да иновира.

Кога зборуваме за иновација не мислиме само на некои крупни иновациски проекти, туку на секое можно подобрување како на производите или услугите така и на сите бизнис процеси кои допринесуваат тие производи или услуги да стигнат во рацете на потенцијални купувачи.

Иновација претставува и развој на сосема нов производ или услуга, но и подобрување на постоечки производ или услуга. Иновација претставува имплементација на сосема нов канал на дистрибуција, но и подобрување на постоечкиот заради скратување на времето на достава. Иновација претставува и имплементација на сосема нов маркетинг процес во бизнисот, но и подобрување на постоечкиот.

Во секој случај, иновацијата е важна за секој бизнис, без разлика на кој пазар се наоѓа или во која индустриска гранка функционира.

Следниве пет начини претставуваат можности кои ќе инспирираат иновација во вашиот бизнис.

1. Иновацијата нека биде секојдневна активност во бизнисот

Секој бизнис има две основни функции: одржување и иновирање. Ова значи дека секојдневно се работи на одржување на постоечките резултати, истовремено имплементирајќи иновации заради подобрување на тие резултати.

Денеска да се иновира не значи еднаш годишно да се одржува состанок на кој ќе се дискутираат иновативните проекти. Да се иновира значи секојдневно да се бараат начини за подобрување на сите аспекти на работењето на бизнисот.

Како претприемачи вашата задача ќе биде да обезбедите креативен простор и време за сите членови на бизнисот како би работеле на иднината на вашиот бизнис.

2. Иновацијата е сечија одговорност

Иако вие сте претприемач и најголемата одговорност е сместена кај вас кога станува збор за иновација, сепак немате ексклузивно право само вие да иновирате. Но, и таквиот индивидуален настап во иновациските процеси само може да ви наштетат на бизнисот.

Како претприемачи, мора да обезбедите дека иновацијата е сечија одговорност и секој предлог за било какво подобрување од било кое работно место е добредојден.

3. Анализирај ја индустријата и види може ли нешто поинаку да се направи

Индустријата ја сочинувате вие и сите ваши конкуренти кои нудат ист или сличен производ или услуга.

Што претставува стандард во иднустријата? Може ли да се смени нешто?

Кои се трендовите во индустријата? Каде сте вие во тие трендови?

Овие прашања ќе ви отворат нови видици за тоа каде може да се најде вашиот бизнис во иднина.

4. Не стравувај од промени. Иновацијата и промени одат едно со друго.

Иновацијата не е можна без промени, а промените значат иновација бидејќи никој не се менува за да стане полош.

Стравот од промени може да биде една од најголемите пречки за иновативниот процес во вашиот бизнис. Не дозволувајте да преовлада и да ве забави во процесот на развој.

5. Не ги заборавај купувачите, тие се најголеми инспиратори на иновацијата

И како последно, но не и неважно се купувачите. Иновацијата е она што тие го сакаат, она што тие посакуваат или она за што тие сонуваат.

Купувачите може да претставуваат одличен извор на иновативни можности, само треба да се послушаат.

post

7 начини да откриеш што мислат купувачите

Купувачите како с’рж на секој бизнис се во центарот на внимание на секој претприемач. Но, дали секој претприемач успева да ги прочита, да знае што мислат и да одговорат на нивните очекувања? Тешко!

Проблемот е што не секогаш купувачите сакаат да се искажат за нивното реално мислење во однос на вашите производи, услуги, бренд, вработени… Тие си имаат свои тајни кои ќе останат само за нив, а ќе се однесуваат согласно она што го мислат.

Затоа претприемачите се наоѓаат во позиција кога постојано мора да бараат начини да бидат поблиску до своите купувачи, да им ги читаат мислите, да ги анализираат и извлекуваат заклучоци…

Да разгледаме 7 можни начини преку кои може да откриеш што мислат купувачите за твојот бизнис.

1. Излези надвор и помини време со нив

Намерно не ги ставив анкетите како први, бидејќи иако најмногу се користат сепак не се нешто на што може во целост да се базирате. Анкетите се пополнуваат без ваше присуство и на таков начин губите многу визуелни сигнали кои ќе ви бидат потребни заради извлекување на вистинскиот заклучок.

Мора да излезете надвор од канцеларија и да испиете по едно кафе со вашите купувачи. Не мора сите, но можете да имате некој репрезентативен примерок кој би бил квалитетен за соодветна анализа.

2. Не ги игнорирај секојдневните контакти со твоите купувачи

Некој од твојот тим секојдневно контактира со твоите купувачи. Можеби тоа сте вие, можеби вашиот продажен тим или пак луѓето од маркетингот. Можеби некој ваш вработен е комшија со ваш купувач. Факт е дека на ваков или онаков начин вашиот бизнис е во секојдневен контакт (физички и виртуелен) со некој од купувачите.

Тука лежат доста квалитетни информации кои можете да ги искористите за прилагодување на вашиот бизнис заради подобро излегување во пресрет на нивните потреби. Тоа е суштината на бизнисот.

3. Анкетирај ги

Дојдовме и до анкетата, која иако ја искритикував во првиот начин, сепак не е забрането користење, особено бидејќи претставува квалитетно надополнување на претходните два начина.

Анкетите можете да ги искористите во определување на трендови, но и за проверка на заклучоците од директни состаноци и секојдневни контакти.

4. Имплементирај иницијативи за добивање на повратен одговор

Дали знаете што значи тајна. Тајните постојат за да не се кажуваат, но и за да се прекршуваат. Но, најдобар начин да го извлечете она пто го сакате е да имате систем за иницијативи за добивање на повратен одговор.

Што ќе добијам јас, доколку ви го кажам тоа и тоа?

5. Бидете онлајн покрај нив

Бидејќи се повеќе твои купувачи се таму некаде онлајн, каде изразуваат желби, комуницираат и се едуцираат вашето присуство во таа близина е задолжително. Не сте ни свесни што се ќе дознаете, доколку слушате.

6. Анализирајте ги јавно достапните информации

Иако можеби не се сосема адекватни за вашите потреби, сепак јавно достапните информации може да ви помогнат во заокружување на таа вистина која ја барате. Државен завод за статистика, медиуми, информации од Влада или било која друга јавно достапна информација може да биде од корист за да откриете некои глобални трендови поврзани можеби и со вашите купувачи.

7. Имплементирајте го она што сте го научиле од информациите и прашајте за одговор

И секако повратна врска. Сте слушале, сте комуницирале, сте анализирале… Сега сите заклучоци од тие информации треба да ги имплементирате. Вашиот бизнис треба да биде подобар.

Но, како што од добро постои подобро, и од подобро повторно може да биде подобро, секако доколку прашате за мислење.

post

Како да изградите продажен тим кој победува?

Како и секој бизнис така и вашиот ќе се темели на успешноста на продажниот тим и генерираната продажба. Колку и да се одбегнува оваа прашање, сепак тоа е суштинско нешто за секој бизнис.

Колку е поуспешен продажниот тим, толку поголема продажба ќе генерира вашиот бизнис. Колку поголема продажба ќе се генерира толку поголем приход и поголема профитабилност за бизнисот ќе се обезбеди.

Како да изградите продажен тим кој може да се окарактеризира како “успешен”?

1. Внимателно изберете го вашиот продажен тим.

Потребно е да обрнете особено внимание кога го избирате продажниот тим. Многу понатамошни активности на бизнисот ќе зависат токму од тие луѓе кои ќе бидат во директен контакт со купувачите.

2. Научи ги се што знаеш

Како претприемачи вие веќе имате искуство во продажбата. Веројатно веќе ги имате направено првите зделки и знаете што е она што поминува, а што не поминува. Споделете го вашето знаење со продажниот тим како би можеле вашите лични искуства веднаш да се акумулираат во нивниот сопствен приод.

3. Одржувај редовни состаноци заради меѓусебно споделување на искуство

Секоја продажба е различна и претставува посебно искуство. Добро е да одржувате редовни состаноци со вашиот продажен тим на кој посебно секој ќе го сподели сопственото искуство од изминатиот период со останатите членови на тимот.

Целта на овие состаноци е да се зголемува знаењето на членовите на тимот кое ќе придонесе до зголемување на успехот на поединечните обиди за продажба.

4. Доколку некого не го бива, не притискај

Иако вниметелно сте го избрале вашиот тим, може да забележите дека некој не може да ги оствари предвидените квоти на продажба. Не се обидувајте со притискање да ги поправите работите, така само ќе ги влошите.

5. Имплементирај систем за поттикнување на продажба

Системи за поттикнување на продажба преку мотивација на продажниот тим секогаш се добредојдени. Наградувај ги најуспешните членови на тимот, имплементирај бонуси за натфрлување на квотите, промовирај ги најуспешните… Целта е да поттикнеше креативност и натпреварувачки дух кај секој член на тимот заради поголеми постигнувања кај истите.

6. Не имплементирај цврсти правила, во продажбата никогаш не се знае…

Иако правилата понекогаш се потребни, сепак продажбата не е нешто што може целосно да се базира на правила. Затоа не дозволувај да постојат цврсти правила со кои ќе се регулира 100% работата на продажниот тим. Сепак, продажбата е нешто што бара креативност, а правилата ја гушат креативноста.

post

Состојби во меѓународниот менаџмент

Активностите во компанијата може да се поделат на менаџерски и неменаџерски, но и двете активности се клучни за работењето. Голем број на земји се обидуваат сопствените економски проблеми да ги решат со примена на менаџментот како што е во развиените земји. Јапонските менаџери пред втората светска војна практикувале автократско управување, што често било причина за незадоволство кај работниците и било проследено со големи штрајкови. Поучени од искуствата од САД, кои за производство на воена опрема за време на Втората светска војна, поради недостиг на високошколуван кадар биле принудени да ги вклучат во одлучувањето, планирањето и работењето работниците, користејки ги нивното знаење и искуство, успеаа да унапредат голем број на производствени процеси. Јапонските менаџери го изменија својот стил и сега, пред да преземат било каков потфат, прво детално се консултираат со подредените, со цел да се добијат голем број на информации. Јапонските менаџери употребуват консензус во процесот на одлучување. Вработените кои се наоѓаат на пониските нивоа проследуваат иницијативи до повисоките нивоа, кои ја разгледуваат иницијативата и потоа доколку ја одобрат, повторно ја враќат на пониското ниво за да се соберат повеќе информации и имплементира она што е одобрено. Важна карактеристика е да се концентрираат на дефинирање на проблемите и прашањата. Сето тоа е пропратено со интензивна комуникација. Јапонската пракса во менаџментот нагласува интерес на колективот, изразено старешинство и лојалност кон компанијата. Јапонците ја нагласуваат кооперација помеѓу купувачите, работниците, менаџерите, снабдувачите и непрекинато настојуваат да го подобрат квалитетот и продуктивноста. Во Јапонија постои голема конкуренција, па компаниите кои ќе преживеаат на домашниот пазар сосема се способни за работење на мегународниот пазар. Ограничениот простор и ограничените ресурси со кои располага Јапонија наметнува потреба нејзините компании да бидат исклучително штедливи. Доколку ова се врзе со исклучителната способност на Јапонците да работат во групи, тогаш постигнатите резултати се големи. Јапонците се приврзаници на чистотата и на редот. Едно од главните обележја на Јапонското работење е доживотното вработување. Тоа создава силна врска и лојалност на вработените кон компанијата. Јапонците ставаат голем нагласок на тимска работа, при што настојуваат сами да прават производствена опрема, а доколку се принудени да ја купат од друг, истата се подобрува и прилагодува за сопствена употреба. Бидејќи е забележана потреба од подинамично однесување на вработените, Јапонските компании во последно време вршат модификација и воведуват одредени промени. Порано напредувањето низ компаниските хиерархии беше врзано за големиот стаж поминат во компанијата, додека сега се забележува тренд на унапредување и по основ на личната способност на поединецот, што е влијание од Американската школа која пак форсира индивидуализам. Промените се однесуваат и на висината на платата, која порано била врзана за должината на стажот, а сега повеќе се вреднува личното достигнувања на поединецот. Карактеристики на Јапонското производство се:

  1. Економично производство во мали серии.
  2. Флексибилно производство.
  3. Производство без залихи.
  4. Just-in-time производство (Со користење на системот JIT се намалуваат залихите. Овој систем толку се рашири што го применуваат голем број на светски компании во поголема или помала мерка.)
  5. Канбан систем.
  6. Производство без магацини.
  7. Производство со нула грешки.
  8. Самоконтрола.
  9. Елиминирање на сите загуби.

Можеме да наведеме некои сличности и разлики помеѓу американскиот и јапонскиот менаџмент. Американците негуваат управувачки стил, а јапонците заштитнички стил. Јапонската пракса во менаџментот нагласува интерес на колективот, изразено лидерство и лојалност спрема компанијата, американските менаџери најчесто вината ја префрлуваат на самата одлука, а не на определување на проблемот. За разлика од нив, јапонските менаџери донесуваат одлуки после долги дискусии за проблемот или за прашањето кое е предмет на решавање. Планирањето во Јапонија претставува долгорочна ориентација, а во САД краткорочна. Одлучувањето во Јапонија е колективно и со консензус, додека одлучувањето во Америката се карактеризира со индивидуализам. Па, одлучувањето во Јапонија се движи од долното кон горното хиерархиско ниво, додека во Америка одлучувањето се движи од врвот кон дното. Поради тоа донесувањето на одлуките во Јапонија е спор процес, додека во Америка е брз. Во Јапонија одговорноста е нејасна, а во Америка е децидна. Во Јапонија нема голема мобилност на вработените, бидејќи доколку е можно тие настојуваат да добијат доживотни вработувања. Додека во Америка трансферот и мобилноста на кадрите е голема. Во Јапонија изразена е лојалноста на вработените кон компанијата, а во Америка лојалноста е насочена кон професијата. Во Јапонија напредувањето е споро, додека во Америка може да биде брзо и базирано на индивидуалните карактеристики. Раководителот во јапонската компанија е член на групата, додека раководителот на американската компанија е водач на група. Јапонците негуваат заштитнички стил, додека американците негуваат управувачки стил. Процесот на контрола во Јапонија е концентриран на групата, а во Америка на поединецот. Теоретски, компанијата може да биде економски успешна и со сиромашен менаџмент, доколку има силен маркетинг, квалитетно производство (баран производ) и силен финансиски извор. Тоа е случај со Германија, која во однос на САД и Јапонија има послаб менаџмент, но нивниот успех се должи на перфектните технички достигнувања. Германските менаџери очекуваат строга послушност на своите подредени, а менаџерите имаат големо почитување спрема техниката. Германската култура почитува авторитет и законски ограничувања. Другите менаџерски активности како планирање, контрола и стратегија во однос на техниката имаат секундарно значење. Поголемиот број на производни менаџери имаат инженерска диплома. Половина Германски студенти се опфатени година дена со приправнички стаж, каде се вклучени околу 350.000 компании, а студентите одат 4 дена на пракса, а еден ден учат теорија. Германските компании главно се насочени кон купувачите, односно кон задоволување на барањата на купувачите. Менаџерите и вработените настојуваат да останат во една компанија целиот свој работен век. Германците имаат управување кое се базира на постигнување на општа согласност. Тие настојуват да ги унапредат производите преку постепена еволуција, а не со драматични скокови. Остварените финансиски средства најчесто ги користат за подобрување на процесот на производство за разлика од компаниите во САД, кои истите средства најчесто ги користат за зголемување на капацитетите. Менаџерите во Австрија се слични како Германските менаџери. Овие менаџери се придржуваат до законите, а толеранцијата спрема ризикот е мала. Во Франција владата ја планира националната стратегија и помага во координирање на плановите на одделни индустриски гранки. Тука е поистакната менаџерската функција, планирање. Цел на владата е да се употребат најефикасните ресурси со кои располага земјата и да се одбегне работењето во помалку профитни области. Владиното планирање се однесува на одредени регионални области, чиј развој се врши со мал број на компетентни компании. Планот се ревидира на секои пет години и ги опфаќа: стопанскиот развој, стабилноста на цените, билансот во меѓународното плаќање. Работата на менаџерите не се ограничува со владиниот план, туку менаџерите согледувајќи го планот се вклучуваат во неговата реализација. Британскиот менаџмент во голема мерка се базира на американскиот менаџмент. На британските менаџери најважна им е сигурноста, но како и во американскиот и во британскиот менаџмент индивидуалноста е високо вреднувана. Италијанските менаџери делуваат во рамките на законските толеранции спрема ризикот.

post

Дилема на еден претприемач: Дали може да наплаќам повеќе?

Определување на цената на производите и услугите претставува еден од посложените процеси, кои едноставно иницираат чувство на страв кај еден претприемач. Тоа е и нормално, доколку се земе во предвид дека цената е еден од првите инофрмации кои креираат соодветна перцепција кај купувачите за производот или услугата.

Но, стравот воопшто не е потребен и треба да се елиминира. Претприемаштвото како процес бара систематичност, аналитичност и нормално одлучност.

Дали може да наплаќам повеќе? Оваа прашање се појавува кај 99,99% од претприемачи. Комплексно прашање од кое што можеби ќе зависи и иднината на бизнисот.

Колку пари губам? Може ли повеќе? Доволно ли е? Да не е премногу? Што ќе кажат?

Сите овие прашања се нешто што постојано се врткаат во главата на еден претприемач.

Ајде да видиме што би можеле да направите.

#1 Запознај ги твоите купувачи

Првото нешто што треба да го направите, доколку веќе имате купувачи е добро да ги запознаете. Размислете за тоа како се однесуваат со досегашните цени и што е она што тие го сакаат од вашиот бизнис. Доколку е ниска цена единственото нешто посакувано, веројатно ќе имате проблем со понатамошниот избор на стратегија на цени. Ваквите ситуации ќе бараат целосно преразмислување на бизнис основите, нормално доколку сакате да изградите навистина “одржлив” бизнис.

#2 Што е со конкуренцијата?

Кога веќе доволно добро ги познавате купувачите, разгледајте ја конкуренцијата. Размислете на следниве прашања:

  • Која е вредноста која конкурентите ја нудат?
  • Колку наплаќаат за таа вредност?
  • Каков вид на купувачи тие имаат?
  • Каква е споредбата на вашите производи во однос на конкурентските во однос на вредноста и цената?

#3 Вие за што би платиле повеќе?

Знаеме дека производот е основната вредност која се испорачува, но околу производот се наоѓаат повеќе дополнителни вредности кои може да ја зголемат позитивната перцепција за вашиот производ или услуга. Дали вие би платиле повеќе доколку станува збор за подобар квалитет? Што е со испораката и навременоста во испораката? Што е со гаранцијата? Би платиле ли повеќе доколку бидете добро примени од продажниот персонал? Би платиле ли повеќе доколку станува збор за поубаво пакување? Што е со ексклузивноста?

Размислете за овие и секако уште многу други прашања кои може да додат вредност кон основниот производ или услуга.

#4 Анализирај ги купувачите?

Имате ли купувачи кои се жалат за цената? Кои се оние кои не се задоволни со цената, а премолчуваат?

Добро е да направите една скала со купувачи кои не се задоволни и оние кои се задоволни врз основа на цената која ја наплаќаш или би можел да ја наплаќаш во иднина.

На ваков начин ќе можете да извлечете неколку нови сегменти кои со дополнителни анализи на пазарот ќе ви кажат за кои сегменти кои цени одговараат.

#5 Прашај ги купувачите?

Иако овој начин е доста чувствителен начин на прибирање на податоци во однос на цените, сепак во определена форма може да се искористи за добивање на директни информации. Не треба да се разочарате доколку сите одговорат дека сакаат ниска цена, бидејќи во еден купопродажен процес тоа е основата (купувачот се “ценка” за пониска цена, продавачот преговара за повисока цена).

Обидете се во една “интересна” незабележителна форма да поставите прашање во однос на цените.

#6 Тестирајте

Можеби најдобар начин е да тестирате. Постојат многу начини, методи и техники за да тестирате различни цени и нивната прифатливост од страна на купувачите. На пример, можете да користите split тестови на две групи на купувачи со различни цени. Можете да одите со постепено зголемување се додека не забележите дека се намалува продажбата. Во премиум претприемач имаме изработено повеќе алатки и техники кои би можеле да ги користите за оваа цел.

#7 Мерете

Се она што ќе го тестирате мора и да го мерите. Но, мерењето е потребно и без тестирање. Наједноставната логика е доколку не можете да постигнете со продажбата дека цените ви се прениски. Сепак, бидете систематични и одберете ги клучните индикатори кои ќе ги мерите.

post

Стратегии за настап на меѓународен пазар – Дел 4

Продолжуваме со четвртиот и последниот дел од стратегии за настап на меѓународен пазар на транснационалните компании. Претходните делови дел од овој серијал можете да го прочитате:

9. Франшиза

Франшиза значи привилегија, право, лиценца. Со франшизата се врши трансфер на технологија на работење. Пред да се одлучи дали ќе се купи франшиза и дали ќе се отпочне со таков начин на работење, треба да се изврши проценка на квалитетот на понудената франшиза. Дел од проценката треба да изврши самиот купувач на франшизата, бидејќи и тој поседува одредени сознанија за бизнисот со кој сака да се занимава, додека останатиот дел од проценката најдобро е да ја направи адвокат, кој има искуство во слични договори.

Постојат неколку типови на франшиза:

  • Франшиза на производот. Карактеристика на ова работење е тоа што купувачите на франшизата имаат право да го дистрибуираат производот, а за тоа плаќат надомест.
  • Производствената франшиза има широка употреба во индустријата. Франшизантот има ексклузивно право да го произведува и дистрибуира производот во одредена област.
  • Бизнис франшизата е најпопуларна форма на франшиза (75 % од сите франшизи во САД). Понудувачот на франшизи нуди широк спектар на услуги, а за тоа прима надомест.

Со продавање на франшизата продавачот стекнува и одржува капитал, воспоставува ефективна дистрибутивна мрежа, ги намалува пазарните трошоци, не ги поседува продавниците, нема свои вработени, па не им обезбедува плата, осигурување, администрација. Продавачот на франшизата бара почетна членарина, поради компензација на трошоците за одбирање на локацијата, извршениот тренинг и други услуги неопходни за успешен старт.

Ова е популарен начин да се отпочне бизнис, бидејќи нуди поголема сигурност во работењето. Кога ќе се купи франшизата, се станува дел од големата компанија со сите предности што одат со тоа. Рекламирањето на поширок регион, со реклами подготвени од централата е само дел од предностите.

Купувачот на франшизата се согласува да исполни одредени стандарди пропишани од продавачот. Тој плаќа одредена сума, а за возврат добива право да: продава производ или услуга, користи некое заштитено име, користи заштитени знаци, техника на операција или технолошки процес којшто го поседува франшизата.

Предности во работењето со франшизите постојат, бидејќи по правило се работи за веќе проверени компании кои нудат франшизи. Тоа не значи дека и новиот франшизер ќе биде достоен наследник на успешните франшизи, меѓутоа пред потпишувањето на договорот продавачите на франшизи ги проверуваат способностите на купувачот на франшизата, како и пазарниот потенцијал и локацијата каде ќе функционира франшизата и доколку тие показатели се добри, постојат малку причини кои можат да доведат до неуспех на франшизата.

Предностите кои се добиваат со франшизинг начин на работењето се:

  • Со користење на франшизинг системот се намалува ризикот од евентуален неуспех.
  • Сите клучни операции во процесот на производството и продажбата претставуваат разработен систем на работа.
  • Новиот сопственик има пристап до сите техники, па не му треба големо искуство во работењето.
  • Шпекулациите и манипулациите во работењето се минимални.
  • Предноста на франшизинг системот се состои и во можноста да се привлечат поголем број на купувачи.
  • Продавачите на франшиза овозможуваат добивање различни консултантски услуги.
  • Продавачот на франшиза обично помага при изборот на локации.

Како поизразени недостатоци на франшизата се:

  • Продавачот на франшизата диктира темпо и поставува правила на однесување, кои мораат строго да се почитуваат.
  • Бидејќи условите за работење ги поставува продавачот на франшизата, се јавува нерамноправност при донесувањето одлуки.
  • Договорот честопати го ограничува трансферот на сопственоста над франшизата.
  • Купувачот на франшизата може да биде оштетен доколку опремата и суровините мора да ги купува само од фирми одобрени од давателот на франшизата.
  • Проблемите во франшизинг системот се взаемни и за купувачот и за продавачот, бидејќи се поврзани во еден единствен систем на работа и дејствување.
  • Се смета дека со франшизинг системот се зголемуваат трошоците на работа за 2-6 % .
  • Корисникот на франшизата му плаќа одреден процент на продавачот од годишниот профит.

10. Клуч на рака

Клуч на рака значи извоз на готовите технологии.

Овие проекти најчесто се спроведуваат од страна на високоразвиените компании во неразвиените држави и овозможува стекнување на големи профити. Најчесто земјата домаќин, распишува тендер за работа на која некогаш се јавуваат повеќе кандидати, па се одбира најповолната понуда.

Оваа меѓународна стратегија во своето работење вклучува планирање, дизајнирање, конструкција и изградба на објекти, како и обука на локалните кадри од страна на компанијата извозник на технологија, за да може успешно да ја користат. Оваа стратегија најчесто се користи за изградба на фабрики, електрани, хидроцентрали, тунели, патишта, спортски и други објекти. На компанијата и се плаќа за реализирање на проектот, најчесто во повеќе рати и има обврска на инвеститорот да му ги предаде клучевите кога објектите ќе бидат готови, а вработените обучени за ракување со опремата или објектите.

Бидејќи се во прашање големи суми, договорите најчесто се склопуваат на ниво на држава, за да се намали ризикот во работењето. Земјата во која се извршуваат работите добива гаранција дека компанијата квалитетно и навремено ќе ја заврши работата, а компанијата е сигурна дека ќе и се плати за извршените работи. Некогаш капиталните инвестиции се финансираат преку меѓународни инвеститори, па тогаш и тие се вклучуваат во преговорите за да се следи транспарентноста во одлучувањето кој изведувач ќе ја добие работата и под кои услови, како и да се испочитуваат сите договорени обврски.

11. Давање стока на консигнација

Доколку компанијата има вишоци од некоја стока, а постои побарување за таа стока во некој регион кој не е во голема мерка ликвиден, компанијата може да ја даде стоката на продажба преку консигнација. Стоката се дава бесплатно или со минимална надокнада да стои во продажен објект, се додека не се продаде.

Најчесто од увозникот се бара да приложи банкарска гаранција за стоката. Ова банкарска гаранција се наплатува само доколку се исполнети во договорот пропишаните услови, односно доколку по определениот рок стоката не биде платена. Кога стоката ќе се продаде продавачот за себе одделува свој дел, додека остаток го исплатува на произведувачот, секако по подмирување на обврските спрема државата.

Потребно е да се поведе сметка за плаќање на даноци, придонеси, царини, доколку се работи за странски компании. При тоа, стоката и транспортот мора да бидат осигурани во случај на несакани последици, што ја поскапува цената на консигнацискиот производ.

12. Лон систем

Меѓународните компании користат евтина, квалитетна и обучена работна сила, па имаат интерес за ваков начин на соработка. Овој систем на работење е во голема мерка застапен кај нас, особено во Куманово, Штип, односно таму каде порано беа лоцирани големите текстилни и чевларски производствени капацитети. Кога настанаа проблеми во работењето на овие големи компании, од поранешните вработени се формираа голем број на помали компании, кои успеаа да ги обноват меѓународните врски и да отпочнат со овој начин на соработка.

Меѓународните компании испраќаат нацрти на готови производи, со точно определени норми и точно определена висина на плаќање за секое произведено парче, како и севкупниот материјал за производство на тој производ.

Најчесто се работи за високо поставени норми и малку платени производи, но бидејќи кај нас владее голема невработеност, а пласманот на производите и исплатата е главно сигурна, владее голем интерес за ваков начин на работа. Понатаму тие производи се пласират под брендирано име со високи цени. Често пати и во нашите продавници можат да се најдат овие производи, овој пат увезени како крајни и скапи производи.

post

5 Лимитирачки фактори за еден стартап

Секој жив организам го потпира својот раст и развој како на внатрешни фактори на тој жив организам, така и на надворешни фактори во кои живее тој организам. Иако таквите фактори можат да бидат во голем број сепак, како и во се останато и тука важи 80/20 правилото.

Што е она што може да го лимитира еден стартап за да стане успешен бизнис? Доколку ги расчленуваме тие фактори би добиле сигурно илјадници, кои и се проучуваат од страна на универзитетите и научните кругови со цел да се добие еден совршен пат кој би требало да го изоди еден претприемач. Но, мора да признаеме дека досегашните искуства кажуваат дека не постои нешто такво.

Сепак тука би сакал да ги напоменам едни од најважните фактори во групата 80 од 80/20 правило кои може да влијаат лимитирачки на еден стартап.

#1 Бизнис идејата

Бизнис идејата доколку не е добра, нема да помогне ниту пазарот, ниту претприемачот, ниту бизнис моделот, ниту вистинскиот тим кој ќе ја спроведува. Таа бизнис идеја мора да биде на вистинско место, во вистинско време наменета за вистински луѓе. Бизнис идејата мора да реши проблем за кој се бара решение, но и за кој барателот на решение е спремен да плати.

#2 Пазарот

Може да имате одлична бизнис идеја, но доколку пазарот сеуште не постои, или пазарот сеуште не е свесен за потребата од таков производ или услуга или пак е свесен но сеуште не чувствува потреба од задоволување на таква потреба ќе постојат ограничувања. Не значи дека овие ограничувања ќе бидат кобни за бизнисот, но значат дека ќе треба да постои многу поголем ангажман и многу повеќе активности во однос на пазарот.

#3 Бизнис моделот

Бизнис моделот ја опишува вредноста и начинот на испорака на таа вредност до купувачот. Грешките во бизнис моделот може да предизвикаат појава на лимитирачки фактори за развој на бизнисот. Но, сепак бизнис моделот е една динамичка алатка во рацете на претприемачот која овозможува лесно прилагодување со цел на избегнување на појава на такви лимитирачки фактори.

#4 Претприемачот

Иако во листата е како четврти, не значи дека е помалку важен од претходните. Вештините, знаењето, искуството и образованието на еден претприемач доколку недостасуваат може да се гледаат како лимитирачки фактори за еден стартап.

#5 Вистински тим

Ниедна идеја не може да се реализира без еден вистински тим во составот на еден бизнис. Од развој до испорака на производот или услугата ќе биде зависно од тој тим. Недостаток на вистински тим може да има многу лимитирачка улога во развојот на еден стартап во успешен бизнис.