post

Меѓународен маркетинг

Компаниите при своето формирање најчесто се насочени кон работењето на домашниот пазар. За таа цел, таа го испитува пазарот, подготвува ресурси и отпочнува со работење.

При понатамошната експанзија, компанијата има за цел:

  • прво да влезе на одредениот пазар,
  • потоа да опстане на тој пазар и
  • на крајот настојува да заземе што поголем дел од пазарот.

Но, глобализацијата си го направи своето. На домашен пазар постојат и меѓународни конкуренти. Затоа поради се поизразените глобални тенденции во работењето, конкуренцијата и на домашниот пазарот добива се поголем меѓународен предзнак.

Неизвесната средина, јаката конкуренција, притисокот да се намалат трошоците и да се зголеми продуктивноста, подобрувањето на квалитетот на производите, како и недостатокот на клучните суровини и енергенси, го определуваат работењето на компаниите како во домашните така и во меѓународните услови.

Поради тоа домашните компании не смеат да чекаат да бидат нападнати од други меѓународни компании, туку тие сами треба да градат и развиваат конкуретски предности, за да успеат прво на домашниот, а потоа и на меѓународниот пазар. Но, без никаква помош од страна на владата, бидејќи помошта едноставно се претвора во еден од најголемите непријатели на една компанија, која доколку не може да се снајде во домашни услови, многу потешко ќе биде да се снајде во меѓународни услови.

Определбата за влез на компанијата во меѓународното работење, претставува клучна стратегиска одлука за понатамошната деловна судбина на една компанија.

Меѓународниот маркетинг го препознаваме низ следниве четири елементи:

  • специфичност на меѓународниот пазар;
  • специфичност во управување со маркетинг активностите;
  • постоење специфичности во меѓународното работење;
  • значење на глобализацијата.

Атрактивноста на новите пазари го определува број на купувачите, нивната платежна моќ и нивната спремност да го користат понудениот производ или услуга. Доколку компанијата започнува со работењето, тогаш се оди најчесто со пласирање на помала количина на производи, без оглед дали истражувањата покажуваат потреба за поголема количина, бидејќи луѓето во компанијата немаат изградена самодоверба, а ризикот е секогаш голем. Од друга страна, нема подобро опипување на пулсот на пазарот без разлика на големите истражувања, бидејќи информациите доаѓаат од теренот, со реални производи, пазар, купувачи, дистрибутери…

Голем број на купувачи се осетливи на вербално и невербално комуницирање, поради што мораат да се бираат зборови кога се рекламира одреден производ со цел да се погоди суптилноста на пораката. За остварување на меѓународните маркетинг стратегии потребно е да се вработат експерти за јазици, бидејќи не може секоја маркетинг порака да се преведе буквално на поголемиот број на јазици. Доколку пропагандната порака се преведе буквално на некој јазик, таа може погрешно да се свати или да биде дури и смешна, со што ќе изостане нејзиниот пропаганден смисол.

Секоја компанија која планира да нападне некој странски пазар претходно се подготвува, зголемувајќи ги своите капацитети, како по прашањето на финансиите, така и во развојот на технологиите, маркетингот, менаџментот. Па кога ќе го нападне одредениот пазар, домашните компании тешко можат да пружат адекватен одговор на интензивниот напад, доколку претходно не се подготвени за тоа.

Доколку во моментот на нападот се врши преструктуирање и консолидирање, за да се одговори на нападот, ефектите ќе бидат минимални. Чекањето и не реагирањето на предизвиците кои доаѓат од странство, може за домашната компанија да биде катастрофа.

Одредени етнички, верски, расни, национални и патриотски чувства, некогаш определуваат дали нешто ќе се купува или не. Преку пропагандата “купувајте наше” или “не купувајте нивно” може значително да се влијае на побарувањето на одредени производи. Етноцентризам или форсирање на сопствената култура или производи, е чест случај. Но, тогаш се јавува закана од други држави, и тие ќе применат реципрочни мерки, па најчесто се одбегнуваат директни повикувања за користење на сопствените производи, а бојкотирање на туѓите производи. Во пракса сепак може да се забележи бојкот на одредени производи, што може да овозможи создавање на дополнителна шанса на домашната компанија да се преструктуира и да продолжи со работењето.

Поради состојбите на светскиот пазар, меѓународниот маркетинг добива се поголемо значење. Компаниите кои сакаат активно да се вклучат во меѓународниот маркетинг потребно е да бидат:

  • пазарно насочени;
  • да постојат координирани деловни активности;
  • да постојат меѓународни мрежи;
  • компанијата адекватно да се вклопи во меѓународната средина.

Маркетинг принципите важат во сите држави со пазарни стопанства, но сепак мора да се оспособи маркетинг сектор за специфичности кои произлегуваат од работењето на меѓународниот пазар. За таа цел се користат повеќе функции на меѓународниот маркетинг: планирање на маркетинг; дизајнирање на организациска структура за меѓународен маркетинг; прогнозирање на продажбата; подготовка на продажна квота и буџет; водење на меѓународните маркетинг функции; развивање на производот, пласирање, промоција и деловни полиси.

Разликите кои постојат помеѓу оделни земји на кои треба да се обрне внимание се: техничкиот развој, различните транспортни можности, различните економски можности, јазикот, религијата, културата, навиките, обичаите, климата (ладно, топло)…

За успешно да се совладаат сите овие различности, потребно е компанијата да ангажира дополнителен број на експерти. Трошоците за дополнителни вработувања ќе се надокнадат со остварените деловни резултати, односно профит. Некогаш постои голема разлика помеѓу маркетинг активностите на домашниот и странскиот пазар, а некогаш тие активности се потполно исти. Доколку се работи за слични национални, етнички, верски, културолошки региони, тогаш и маркетинг активностите ќе бидат слични и спротивно.

Меѓународните компании настојуват да освојат што поголем пазар, користејќи развиена технологија, развиен маркетинг, јак финансиски потенцијал како и истакнати меѓународни марки на производи. Успешното работење на компаниите не зависи само од работењето на една компанија, туку од работење на комплексни мрежи кои сочинуваат производители, инвеститори и други финансиски институции, осигурителни компании, добавувачи, дистрибутери и слично. Доколку членовите на оваа мрежа се појаки, тие можат да понудат поконкурентски услови на пазарот и подобро да работат. Сите членови на овие мрежи мораат паралелно да вршат развој на техниките и технологиите за сопствената гранка, но мораат да вложуваат и во развојот на вработените.

Пример: Производителите развиват производни капацитети, банкарите развиват банкарски услуги, осигурителни компании развиват услуги во свој домен и сл. На тој начин јаките мрежи стануваат уште појаки и многу тешко е да им се конкурира на меѓународно ниво.

Кај земјата домаќин, главна причина за користење на меѓународните производи се: пониски цени; подобар квалитет; сoвремена технологија; континуирана испорака… Некои компании работат самостојно, некои се во партнерски однос со други компании, а одредени компании работат во меѓународни услови преку посредници, доколку немаат добро развиен сопствен маркетинг.

Меѓународниот маркетинг треба да ги испита специфичностите на еден пазар и тие специфичности да ги искористи во работењето. Со текот на времето, поради интеракција помеѓу компанијата и околината, компанијата е во состојба во одреден обем да ги промени специфичностите на тој пазар. Но, компанијата во почетокот на работењето не треба да настојува по секоја цена да ги анулира специфичностите кои постојат на еден пазар, туку треба да почека одредени разлики и специфичности на пазарот со текот на времето постепено да исчезнат.

Меѓународните маркетинг активности се скапи, па мора да се издвојат финансиски средства за реализирање на маркетинг активностите. Маркетинг активностите во странство, можат да бидат финансирани: од страна на државата, од страна на неколку компании од истиот или различниот сектор или од одделни богати компании. Богатите компании ги концентрират своите напори на перспективен пазар, пласирајќи производи или услуги во облик кој е најприфатлив за тој пазар, па стануват уште побогати.

На меѓународниот пазар може да се оди со потполно истиот производ како и на домашниот пазар, со делумно изменет производ во сагласност со потребите на одредениот пазар, а може и со производи кои се посебно креирани за определениот пазар. Некогаш самиот тип на производите бара вакво однесување, додека некогаш тоа однесување се должи на имање или немање на доволно ресурси, за одреден производ да се пласира во различни форми на различни пазари.

Мора да се согледа и која цена се спремни купувачите од оделни земји да ја платат за производот или услугата. При работење со странство треба: да се плати царина; транспорт; осигурање на транспорт и други давачки; па најчесто се одобруваат пониски цени отколку на домашниот пазар. Понекогаш се потребни и државни гаранции за финансиска подршка на одредени проекти.

Работењето на меѓународно ниво е препорачливо кај гранките кои драстично се менуваат како електрониката, телекомуникациите, како и кај информатичката технологија, која изврши преобликување на економските односи во целиот свет, користејќи го интернетот како и другите софтверски решенија. Сателитските комуникации овозможија револуција во комуникациите. Се јавуват автоматизирани и роботизирани фабрики во голем број на индустриски гранки. Со ваквите технологии, компаниите создаваат производи на кои тешко се конкурира. Компаниите од нерaзвиените земји, додека се одлучат што да преземат, додека купат технологија, додека обучат вработени, губат време и по правило нема што да бараат со висококонкурентни компании како и со нивните големи истражувачки центри.

За потребите на пазарите во сиромашните земји, некои производи се продаваат со помош на репарација на веќе користени делови или машини. Еден пример е одлуката на Германската влада, парично да ја стимулира продажбата на автомобили, вршејќи замена старо за ново. Но, тие стари автомобили треба да се рециклираат на нивните отпади. Поединци, тука најдоа добар извор за заработка, демонтирајќи ги сочуваните делови и склопови и продавајќи ги како репарирани делови.

post

Идеи кои можеш да ги искористиш од Јануари 2012

Претприемач

Претприемач

Помина првиот месец и од оваа 2012 година. Овој пост претставува месечен серијал во кој се групираат најчитаните наслови од претходниот месец од страна на читателите на претприемач, но и наслови кои ќе влезат во започни тука страната.

Во јанураи, месец полн со празници и неработни денови имаше објавено 40 наслови, од кои само 10 ќе влезат во овој серијал врз основа на аналитиката за посетеноста на овие наслови.

Започнување на бизнис

Оваа 2012 година посебно внимание ќе биде посветено на започнување на бизнис. Затоа и како посебна категорија можеби секогаш ќе има повеќе наслови во овој избор. Ова не значи дека ќе бидат запоставени и другите категории, туку едноставно ќе има приоритет. Целта е преку научно-истражувачки методи и техники како и практично искуство да развиеме и презентираме една теорија, која ја нареков теорија на бизнис идеи, односно како да се развие бизнис идеја која ќе опстои.

Како најчитани наслови од оваа категорија во Јануари 2012 беа следниве:

Маркетинг

Едно нешто е јасно: секој бизнис без разлика од индустријата во која функционира се наоѓа во маркетинг бизнис. Тоа е факт, и доколку се избегнува може да биде кобно за бизнисот.

Менаџмент

Овој месец во категорија на менаџмент беше цел еден серијал за интрапретприемачи и интрапретприемаштво. Иако, ова е цел серија од десетина наслови како најчитан меѓу првите 10 влезе следниов:

Видео

И категоријата видео влезе во овој избор согласно аналитиката за посетеност со постот насловен како:

post

Во бизнисот е обратно! Се гради од крајот кон почетокот!

Кратенки во бизнис Кога читате книга започнувате од првата страна и ја читате до последната. Или пак едноставно ако е здодевна се откажувате.

Но, кога станува збор за градење на бизнис од страна на еден претприемач, се започнува од сликата на крајот, односно од она како треба да изгледа веќе изграден бизнис.

Започнување на бизнис не е лесна работа, да се разбереме. Секој кој ќе ви каже дека тоа е едноставно во два до три чекори или нема врска со тоа што го зборува или нешто разбрал, но не доразбрал па “глупа тропости”.

Да, точно нема волшебно стапче кое во три чекори ќе го изгради вашиот бизнис, бидејќи започнување на бизнис претставува сложен процес кој комбинира повеќе научни дисциплини од една страна и повеќе персони од страна на претприемачот од друга страна. Вистинската комбинација на тие научни дисциплини заедно со вистинската комбинација на тие персони во еден претприемач е она што покажува дали еден бизнис ќе биде успешен или не.

Често пати започнувањето се базира на интуиција, која не дека е лоша, проблемот е што не е доволна за градење на бизнис.

Често пати се започнува без стратегија, односно одговор на прашањето што понатаму откако ќе започнам, па затоа повеќето претприемачи се наоѓаат во состојба од која не знаат како да излезат, или едноставно не знаат како дозволиле да се најдат во една таква состојба која се карактеризира со голем напор, фрустрација, незадоволство и едноставно ситуација во која сите се криви само не тој.

Често пати се започнува без вистински дизајн на бизнисот, кој всушност треба да ги даде основните системи кои треба да се изградат и имплементираат во текот на започнувањето, а на кои бизнисот ќе се базира и по завршување на стартап фазата. Едно нешто треба да биде јасно, бизнисот не се базира на претприемачот, или подобро кажано не се базира и не може да се базира во целост на претприемачот, туку на системите.

Зошто? Затоа што и самиот бизнис претставува систем.

Бизнисите претставуваат организациски системи. Овие системи се комплексни системи поради тоа што во исто време тие претставуваат:

  • Вештачки систем бидејќи го создава претприемачот (човек)
  • Сложен систем бидејќи во својот состав има повеќе компоненти
  • Динамички систем бидејќи за функционирањето на овој систем е потребно управување што доведува до менување на истиот со текот на времето
  • Стохастичен систем бидејќи не е прецизно позната наредната состојба која настанува како резултат на одредена акција на претприемачот или менаџментот
  • Отворен систем бидејќи врши размена на материја, енергија и информации со околината и
  • Нелинеарен систем бидејќи врската помеѓу влезот и излезот во и од бизнисот (системот) претставува нелинеарна равенка.

Гледаме дека бизнисот не спаѓа во категорија на само еден систем и токму затоа тој е комплексен. Токму затоа имаме и успешни и неуспешни бизниси. Токму затоа смртноста на новите бизниси е многу голема.

Дали еден ваков систем се гради во два до три па и пет или 10 чекори? Не верувам, иако може да се изгради, но статистичката потврда за смртност на бизнисот ќе продолжи да се докажува.

Затоа, кога се гради бизнисот мора да го имате крајот во главата, односно обликот, изгледот и составот на тој бизнис. Финта е да не пропуштите нешто во фазата на градење. Таа е многу важна, бидејќи подоцна каењето нема да помогне.

И да, оваа година ќе изградиме една теорија која ќе се однесува на започнувањето.

post

Mаркетинг цели

Маркетинг пред започнување

Маркетинг

Целта на маркетингот е купувачот, односно суштината на маркетинг концептот е задоволување на купувачите подобро отколку што тоа го прави конкуренцијата. При тоа се анализираат и задоволуват потребите и желбите на купувачите, се врши насочување на купувачите за создавање на нови потреби и се стимулираат купувачите за зголемено купување, со цел компанијата да оствари профит.

Како што знаеме зборот “маркетинг” потекнува од францускиот збор “market” – пазар, на кој се додава суфиксот ing. Суфиксот “ing” означува: акција или процес. Во маркетингот вообичаено, целите се дефинираат со помош на следните показатели:

  • обем на продажба,
  • пазарно учество,
  • остварениот профит,
  • создавање на корист и
  • врски со купувачите.

Маркетинг активностите од секогаш постоеле. Во периодот пред индустрискиот бум немало голема потреба од маркетинг, бидејќи постоел недостиг на производи, конкуренцијата била слаба, па производите лесно се продавале. Со зголемување на индустриското производство, се задоволуваат голем број на пазарни потреби, конкуренцијата на домашниот и на светскиот пазар станува се посилна, се јавуваат вишоци на производи, па потребата од маркетингот со чија помош би се продале тие производи станува се позначајна. Слаб интерес за маркетинг активностите покажуваат и земјите кои ги затвараат своите економии или се наоѓат под економски санкции воведени од одделни моќни држави или од страна на Обединетите Нации.

Во тие земји се јавува недостиг на определени производи, па во такви случаи скоро и да нема потреба за примена на поозбилен маркетинг, бидејќи најчесто владее недостиг на производи и се што ќе се произведе лесно се продава. Тоа се екстремни случаи кои се познати во праксата, а во сите други случаи потребата за маркетинг, во денешните услови на работење, е неоспорна. Овој пример го согледавме кога на соседна Србија и беа воведени санкции, па поради недостиг на голем број на производи, владеше големо побарување, дури и не постоеше потреба за примена на некои поозбилни маркетинг стратегии.

Во маркетингот се развиваат нови концепти

Да, во маркетингот се развиваат нови концепти на работење како: TCS – Total Consumer Satisfaction, со која се настојува да се оствари севкупното задоволување на барањата и желбите на купувачите. Концептот е дефиниран за задоволување на барањата на купувачите надвор од компанијата. Сличен концепт е и TQM – Total Quality Managеment, на кој компанијата се потпира поради остварување на внатрешните потреби и за реализирање на квалитетно производство. Цел на двата концепти е, на најдобар можен начин да ги исполни барањата и желбите на купувачите.

Во секое работење постои одредена доза на ризик

Ризиците можат да се поделат на оние кои можат да се контролираат и оние кои не можат да се контролираат. Оние ризици кои не можат да се контролираат, пожелно е да се одбегнуваат. Некои компании токму во таквите зделки гледаат можност за успех во работењето, реализирајки ги тешко остварливите цели. Менџментот на компанијата треба да направи анализа дали компанијата може да се справи со толкав предизвик. Доколку правилно не се процени ситуацијата можни се и неуспеси. Неуспехот може да се јави дури и ако се е грижливо испланирано, бидејќи постојат разни закани кои доаѓаат од околината како посредна, така и непосредна.

Пример: владата може да донесе нов закон, одлука, пропис, и слично. Секоја влада треба сериозно да внимава на своите одлуки за да не го исплаши и избрка капиталот.  Државата може да западне во тешкотии; може да се зголемат каматите на кредитите; може да се запре со кредитирањето; купувачите може да престанат да го купуваат одредениот производ или да ја користат одредената услуга; може да се појави силна конкуренција; може да се појави нова технологија или нов производ.

Во денешно време осмислувањето и производството на одреден производ/услуга претставува полесна работа, отколку продажбата и наплатата на побарувањата за тој производ/услугата. Така да маркетингот станува еден од клучните делови во работењето на компанијата, а менаџерите што се занимаваат со маркетинг активностите, стануваат признати и ценети без оглед што одредени маркетинг менаџери имаат лоша репутација дека се бескрупулозни, агресивни, непријатни.

Маркетингот на една компанија треба да утврди што сака купувачот

Целта на маркетингот е и да утврди што сака купувачот, односно што за купувачот претставува вредност, желба или потреба и секогаш мора да се излезе во пресрет на нивните барања, насочувајќи се кон одредена целна група каде може да се оствари најголем профит. Менаџерот со своите ограничени ресурси не може да ги задоволи барањата на сите купувачи. Доколку се определи да ги задоволи сите купувачи, тоа во голем број на случаи не може да го оствари квалитетно и компанијата може да стане цел на напад од другите конкуренти, бидејќи секогаш ќе се најде компанија која ќе ги задоволи подобро барањата на купувачите.

Маркетинг активностите се доведени до совршенство. Во создавање на маркетинг стратегиите вклучени се различни експерти, дури и психолози и социолози, кои толкуваат одредени однесувања и потреби на купувачите и врз база на тоа се определуваат маркетинг активностите.

Маркетинг активностите во голема мерка, мора да се базираат на етиката. Етиката или моралот објаснуваат што е добро, а што не е. Со придржување до етиката компанијата стекнува и задржува позитивен став кај купувачите, но избегнува и контрола од страна на државните инспекции.

Доколку има голем број жалби од страна на купувачите или од други луѓе кои се загрижени по одредени прашања, државата испраќа соодветни инспекции да извршат контрола на работењето на компанијата. Тоа најчесто се случува доколку компанијата има лош производ, по прашање на квалитетот, безбедноста или доколку компанијата нанесува штети загадувајќи го воздухот, реките, при прекумерното сечење дрва или при уништувањето на други ретки природни богаства. Голем број на купувачи ќе купат одреден производ и покрај тоа што е поскап, доколку знаат дека компанијата која што ги произведува овие производи, се придржува до етичките кодекси.

Доколку маркетингот на една компанија им понуди на купувачите нешто што им е потребно, а тоа не можат да го најдат на друго место, тогаш маркетингот е во потполност успешен.

Најчесто се работи за револуционерен производ, како лек против птичји грип или некое револуционерно техничко решение, за чиј пласман не постои никаков проблем.  При тоа треба да се разликува маркетингот од продажбата, бидејќи продажбата е само краен резултат на внимателно планирање и ефектно изведена маркетинг стратегија и тактика.

post

Која е твојата мисија?

Мисија Се чини толку едноставно, но толку многу работи зависат од една обична реченица која се нарекува мисија.

Не верувам дека постои компанија која нема мисија. Барем поголемиот дел од компании имаат посебна веб страна на нивниот сајт во кој ја наведуваат мисијата.

Не е проблем што ја имаат мисијата на веб сајтот, проблемот е суштински:

  • мисијата не ја отсликува реалноста на бизнисот и
  • значењето на мисијата е потценето.

Тогаш, зошто ни е мисијата.

Во бизнис план – содржина и резиме пред неколку години пишував за мисија како дел од бизнис планот. Но, изгледа требаше да обрнам особено внимание како посебни наслови.

Мисијата треба да го дефинира она што бизнисот сака да го работи за најмалку четири категории:

  • Потрошувачите
  • Вработените
  • Сопствениците
  • Општеството

Кажано со едноставни зборови мисијата претставува причина за постоење на бизнисот.

И сега го гледаме следново:

Мисија на XYZ  е да ги обезбеди најдобрите, најквалитетнтите, најсовршените производи и услуги од ABC индустрија за нашите купувачи.

Ова е една кратка верзија. Мисијата може да биде составена и од повеќе реченици, но повеќето се бла, бла, бла…

Често пати им го поставувам прашањето на претприемачите за кого? За купувачи велат. За кои купувачи? За наши купувачи велат. А, кои се ваши купувачи? И тогаш настапува вистински проблем. Било кој велат.

Тука не одам во останатите 3 категории, доволна е првата – купувачи.

Кои се твоите купувачи?

Дали доволно добро ги знаеш?

Се чини дека клучните прашања немаат одговор.

Пред извесен период дојдов до една структура на CRM база на податоци во која видов дури и смешни работи. таму имаше полиња кои се занимаваа со тоа дали има домашно милениче? Дали е тоа куче или маче? А бизнисот немаше врска со домашни миленичиња. Но, бизнисот сака да знае колку што може повеќе за своите купувачи.

Сакаш да излезеш во пресрет на нивните потреби? Мора да ги знаеш многу подобро. Кога ги знаеш подобро, специфицирај точно во твојата мисија за кого станува збор. Мисијата не е само за табе. Таа е и за сите останати во твојот бизнис, но и за сите од надворешноста на твојот бизнис.

Како дел од теорија на бизнис ќе одиме посебно во развој на купувачи и ќе видите зошто тоа е суштината на еден бизнис.

post

Како да го имплементираш твојот маркетинг план за 2012?

Маркетинг план Веројатно веќе имаш маркетинг план за оваа година и веројатно веќе започна со неговата имплементација.

Facebook реклами, бизнис картички, летоци, радио, Google Adwords, блогирање за бизнис, социјални медиуми…. Уф, уф, уф… И уште стотици, ако не илјадници можности за испраќање на твојата порака.

Маркетинг план претставува блупринт за комуникација на пораките за твоите производи и услуги со купувачите,  односно детален патоказ кој ги опфаќа твоите маркетинг стратегии, тактики, активности, трошоци и проектирани резултати во однос на временскиот период за кој се однесуваат сите твои маркетинг активности.

Доколку не читате од поодамна можеби веќе имате маркетинг план согласно 5 прашања и една табела:

  • Кој е целниот пазар?
  • Кои цели треба да ги исполни маркетингот воопшто?
  • Какви се маркетинг стратегии?
  • Кои маркетинг тактики ќе користиме?
  • Што треба да преземеме за да се исполнат целите?

И секако ја имате убаво дизајнираната табела како следнава:

Маркетинг план - табела

Сето тоа на хартија е одлично, но треба да се имплементира и крајот на годината, доколку планот се однесува за оваа 2012 година ќе каже што сме постигнале или не. Од друга страна оваа табела е премногу едноставна и фокусот и е да се имплементира се што е планирано без да навлегува во ефикасноста и ефективноста на самата имплементација и резултатите. Иако табелава е добиена преку основните – целниот пазар и целите на маркетингот кои се вклопуваат во бизнис целите, сепак еден поглед не покажува која е целта и особено што треба да се постигне со имплементација на соодветна тактика или активност. Затоа и би требало да се дополни со:

  • Треба да се оствари…
  • Се остварило…

Ова значи дека ако тактиката е зголемување на оналјн присутноста на бизнисот треба да се изберат и мерни индикатори кои ќе овозможат да знаеме како одиме со постигнувањата од имплементацијата. Не е се во имплементација. Имплементација без реализација на поставените цели не е добра имплементација, тоа е губење на време.

Што ти како еден претприемач треба да направиш за да го имплементираш твојот маркетинг план во 2012, но со резултати?

#1 Дефинирај ги остварувањата во бројки

Секоја цел преточи ја во бројки. Од таквата цел за секоја тактика дефинирај остварувања во бројки. На пример, целта е зголемување на онлајн присутноста на бизнисот за 30% од претходната година. Имаме повеќе тактики, но за примерот ќе ја земеме блогирање за бизнис при што би изгледало нешто вака:

  • Подобрување на квалитет и квантитет на содржината на бизнис блогот за 30%.

Активностите ќе бидат:

  • Имплементација на календар за содржина (издавачки календар),
  • Неделно наместо 3 по 4 наслови ќе бидат објавувани,
  • Секој квартал по една e-книга,
  • Секој месец по едно видео за користење на нашите производи,
  • …

Сега бидејќи тактиката ние таква која има и квантитет и квалитет потребно е да дадеме и квантитаивни и квалитативни мерки. Квантитаивни е лесно бидејќи едноставно, ако минатата година на пример сме имале 100 наслови, оваа година ќе имаме 130 во планот. Можеби проблемот е квалитет и дефинирање на бројките бидејќи не сме ние тие кои одлучуваме. Но, едно е јасно. Не постои нешто што не може да се измери. Така да можеме да ги дефинираме индикаторите кои едноставно ќе ни дадат слика за квалитетот на нашите маркетинг активности. (Подетално ќе одиме во мерење и методологии и техники за мерење во наредните постови оваа година како дел од теорија на бизнис идеја). На пример, квалитетот ќе биде презентиран како функција од некој од следниве индикатори (сепак за вас ќе зависат од продажната инка и системот за генерирање на потенцијални купувачи):

  • X посети во 2012
  • Y коментари во 2012
  • Z регистрации
  • W нарачки
  • A реализирани продажби

#2 Знаеш што треба да се оствари и знаеш каде си?

Бидејќи знаеш што треба да се оствари и знаеш каде си со реализацијата во моментов може едноставно да провериш дали бројките кои се реализираат ветуваат реализација на поставените цели.

Едноставни математички операции ќе ти кажат каде имплементацијата е ОК, а каде не е добра и бара интервенција за да се подобри. Ова второто може да бара и промена на планот. Но, ништо страшно, планот не е статички елемент кој не се менува.

#3 Не заборавај да мериш?

Знам дека понекогаш е тешко да се мери, но бидејќи твојот план содржи бројки, а резултатите од досегашните постигнувања повторно се во истите бројки едноставно е да мериш и да споредуваш. Но, целта на ова мерење и споредување е да ги пополниш дупките кои секогаш ќе постојат.

post

Не прави ги овие 6 работи кога планираш промени во твојот бизнис

промени Еден од најважни и без завршување или стопирање процеси во секој организациски систем како и бизнисот се организациски промени.

Како еден претприемач, твојата задача е да решаваш проблеми, како внатрешни така и надворешни. Внатрешни проблеми кои се поврзани со твојот бизнис и се она што е во внатрешноста на компанијата, и надворешни проблеми поврзани со целниот пазар, потрошувачите и се она што е надвор од твојата компанија.

Да, ти си решавач на проблеми. Секој проблем бара решение.

Од друга страна, имплементацијата на решение претставува процес на промени кој го подобрува твојот бизнис.

Но, статистички многу процеси на промени пропаѓаат заради различни причини. Тука, би сакал да предложам 6 работи кои би требало да ги избегнеш доколку сакаш да ја зголемиш веројатноста на успех на процесот на проемни.

#1 Не започнувај без јасна визија за иднината

Секој процес на промени започнува со план. Кога го планираш следниот процес на промени, треба да погледнеш во иднината. Доколку не ја знаеш иднината, нема да можеше квалитетно да ги испланираш промените.

Без јасна визија за иднината, нема да го знаеш патот кој треба да го поминеш во текот на проесот на промени.

Мора да ги одговориш следниве прашања:

  • Што ќе се случува во иднината?
  • Како ќе изгледа иднината и какво ќе биде нејзиното влијание врз мојата компанија?
  • Можеме ли да ја креираме, подобруваме, игнорираме или прифаќаме таа иднина? Што тоа би значело за нас?
  • Каква ќе биде улогата на мојот бизнис во иднина?

Кога одговараш на овие прашања, тогаш може да продолжиш со процесот на планирање.

#2 Не започнувај без јасна формулација на проблемот или вистинскиот извор на промени

Секоја промена е последица на некоја причина наречена како извор или сила на промена. Доколку сакаш да успееш со процесот на промени, мора да имаш јасна формулација на вистинскиот проблем или вистинскиот извор на промени.

Доколку ги знаеш изворите на промените, ќе знаеш и што треба да направиш.

#3 Не ја потценувај моќта на отпорот кон промени

Секој процес на промени ќе биде соочен со отпор кон тие промени. Мора да го знаеш тоа и да се подготвиш за работа на справување со тој отпор уште пред започнување со имплементација. Некои од организациските членови ќе ги прифатат промените. Некои ќе ги иницираат, но некои ќе ги игнорираат или едноставно ќе им се противат.

Процесот на промени ќе биде под закана на лицата кои ги игнорираат или се противат на предложените промени. Мора да ги знаеш тие лица. Некои од причините на отпорот може да биде прво подобрување на процесот кој треба да се имплементира, но со некои ќе треба да се справиш пред самиот процес доколку сакаш процесот да успее.

#4 Не ги отфрлај изворите на организациските промени од било каде

Извори на организациски промени може да бидат било каде внатре или надвор од организацијата. Ќе мора да ги отвориш очите, да го подобриш слушањето и да следиш се што се случува околу тебе. Се може да биде трансформирано во корисни сигнали кои ќе ти кажат што треба да се промени во твојот бизнис доколку сакаш да останеш на вистинскиот пат.

#5 Не заборавај дека твојот бизнис има моќна околина

Една од темелните основи е претпоставката дека секој бизнис функционира во многу моќна надворешна околина. Таа околина влијае на секој аспект на твојот бизнис. Таа околина не ти дава можност да останеш тивок, туку постојано ти врши притисок да промениш нешто доколку сакаш да останеш во динамична рамнотежа со неа.

Мора да ги следиш промените во околината, и веднаш да се прилагодиш согласно тие промени. Тие промени ќе станат реалност, без разлика дали ти сакаш или не.

#6 Не избегнувај да го прославиш успехот со твојот тим

Успехот на процесот на промени не зависи само од тебе како еден претприемач или менаџер. Целиот тим кој работи за тебе е одговорен за успехот. Понекогаш процесот може да биде доста болен за твојот тим. Веројатно тие повеќепати се нашле себеси во позиција да одлучуваат дали да продолжат или да запрат. Но, доколку процесот успее, тоа значи дека секој го дал максимумот за тој успех.

Од друга страна знаеш дека завршување на еден процес на промени не значи и запирање со промени воопшто. Постојат и други процеси кои ќе треба да се имплементираат. Доколку сакаш да продолжиш со успехот базиран на поддршката од вработените, ќе треба секој успех да го прославиш со нив.

post

[Видео] Промени, иновација и претприемачот

Иако видеото е наменето за САД сепак има идеи кои мотивираат, поттикнуваат и може да креираат промени и иновации. Токму она што ни недостасува. Сепак, од нас зависи.

Вреди да се потрошат две минути за да се погледа.

post

Како да го намалиш времето кое не додава вредност во 5 минути

Намалување на активности кои не додаваат вредност - Продуктивност Колку време дневно трошиш на активности кои додаваат вредност на твојот бизнис?

Или пак можеби подобро е прашањето да гласи: Колку време трошиш на активности кои не додаваат  вредност?

Како еден претприемач, мора да бидеш попродуктивен. Мора да го подобруваш бизнисот во сите можни аспекти кои ќе ти дадат најдобри резултати, или најдобар повраток на инвестиција во форма на пари, енергија или време.

Доколку се фокусираш во креирање на поголема вредност, ќе бидеш и подобар претприемач.

Да разгледаме еден процес кој ќе ти овозможи да го намалиш времето кое не додава вредност во 5 минути.

Минута #1: Направи листа на сите активности во еден просечен бизнис ден

Направи една листа која ќе ги содржи сите твои задачи во еден просечен бизнис ден кои треба да ги завршиш или едноставно вообичаено ги завршуваш.

Може да внесеш се како што е состанок со вработени, проверка на е-пошта, одговор на телефон, склопување договори…

Стави колку што можеш задачи на листата, оние кои ги навистина ги работиш, не размислувај за било што друго, едноставно напиши ги.

Минута #2: На секоја активност додади знак кој ќе означува додава вредност или не додава вредност

Сега, кога имаш листа, и веќе знаеш како го трошиш времето, едноставно може да ги поминеш повторно сите активности во втората минута и да ги означиш оние кои додаваат вредност различно од оние кои не додаваат вредност.

Минута #3: Разгледај ги сите активности кои не додаваат вредност и избриши ги оние кои не се потребни

Во третата минута, ќе треба да ги провериш сите активности кои не додаваат вредност а останаат по првото бришење. Секогаш ќе најдеш некои активности кои не се важни или едноставно немаат некое значење за твојот бизнис.

Доколку немаат значајност за твојот бизнис, едноставно избриши ги и нив.

Минута #4: Разгледај ги сите останати активности кои не додаваат вредност, а за кои сметаш дека мора да се изведат и делегирај ги

Сега, твојата листа е составена со важни активности кои додаваат вредност и активности без многу големо значење во додавање на вредност, но мора да се спроведат заради нормално функционирање на бизнисот.

Едноставно, твојата четврта минута од процесов ќе биде да се “отарасиш” од сите преостанати активности кои не додаваат вредност преку делегирање на некој од твојот тим. Ти си претприемач, и твојата задача е да се фокусираш на активности кои додаваат вредност во твојот бизнис.

Минута #5: Уште еднаш провери што останало и финализирај ја листата

Твојата листа сега содржи само активности кои додаваат вредност. Иако е така, сепак нема да изгубиш ништо доколку и последната минута ја потрошиш за уште една проверка на листата. Можеби ќе најдеш дека нешто е заборавено и треба да се додаде на листата. Може да забележиш и дека некои од активностите кои додаваат вредност не се толку важни и може да се делегираат.

Целта на последната минута е уште едно конечно прочистување на листата, бидејќи доколку е предолга нема да гарантира успех, бидејќи едноставно нема да можеш да постигнеш се.

post

[Вежба] Планирање, детализирање, фокусирање

Вежба на еден претприемач Кога размислував за вежбата за оваа недела на претприемач имав други идеи, но вчерашниот пост насловен како претприемач во крајно обоениот свет ме натера да го одложам распоредот за спремните и да одиме оваа недела со вежба за она што барем како вовед го дадов во тој пост.

Зошто?

Затоа што планирање, детализирање и фокусирање претставуваат доста важни секојдневни активности на еден претприемач. Можеби затоа што токму сега е време да се преиспитате себеси за она како се однесувате доколку веќе имате бизнис или пак доколку сеуште сте во фаза на започнување да размислите кога, што и како треба да правите.

Вежбата за оваа недела ќе биде составена од прашања на кои едноставно треба да размислите и да се обидете да дадете одговор. Одговорите ќе ви ги дадат и насоките како да постапувате или што треба да промените за во иднина.

Па, еве ги прашањата:

  • Во која фаза од животниот циклус се наоѓа мојот бизнис?
  • Во која индустрија се наоѓа мојот бизнис?
  • Какви се промените во индустријата и колкав притисок истата врши врз мојот бизнис?
  • Дали треба да бидам доста прилагодлив бидејќи околината на бизнисот го бара тоа?
  • Какво е моето искуство кога станува збор за планирање?
  • Требали и што треба да променам во начинот на кој се изведува планирање во мојот бизнис?
  • Дали детализирам и што е она што го детализирам?
  • Дали сето она каде детализирам треба да биде во толкави детали?
  • Треба ли нешто да променам во однос на детализирање, да детализирам повеќе во нешто што досега не сум детализирал или да не губам време со детализирање за нешто што премногу го детализирам?
  • Каде е мојот фокус насочен како еден претприемач?
  • Дали онаму каде што најмногу се фокусирам треба навистина да се фокусирам?
  • Може ли некој да ме замени некаде каде премногу се фокусирам?
  • Има ли мојот бизнис капацитет за да ја спроведе таа замена?
  • Треба ли нешто да променам во однос на мојот фокус како еден претприемач кога станува збор за мојот бизнис?