post

Анализа: Какво е влијанието на политиката врз бизнисите во Македонија?

Анализа - Политика и бизниси

Анализа - Политика и бизниси

Дали политиката влијае врз бизнисите во Македонија? Прашањето иако се чини едноставно и нешто што е општо познато сепак е интересно за анализа. Она што е најинтересно е дека вообичаено одговараме врз основа на нашата политичка определеност. Затоа и сакавме да спроведеме една анализа на можното влијание на политиката врз бизнисите.

Започна со еден пост насловен како Бизнис и политика – Одат ли едно со друго? Во тој пост во неколку црти наведовме зошто политиката треба да нема директно големо влијание врз работата на бизнисите. Потоа поставивме еден анкетен прашалник за Анализа на влијание на политиката врз бизнисите во Република Македонија кој беше онлајн во периодот март и април оваа година.

Прашалникот во тој период го отворија 964 луѓе и резултатите од анализата на одговорите се прикажани на следнава презентација. Можете и да го симнете истиот кој е во pdf форма.

 

post

10 Причини да имате WordPress блог за вашиот бизнис

Гостински пост од Владимир Апостолски: Авторот е дипломиран инженер по информатика. Моментално е развивач на софтвер. Еден од ентузијастите позади агрегаторот на попусти http://bagatela.mk. Повеќе информации на: http://about.me/vladimir.apostolski

Бизнис блог со WordPress

Бизнис блог со WordPress

Како претприемачи, досега би требало да ви е јасно дека ви е потребен блог за поддршка на бизнисот. Блогот дава уникатна можност да допрете до вашите идни клиенти, им оставате простор да се едуцираат околу вашите активности, услуги и производи. Тој треба да биде интегриран, но независен од примарната веб страница која ја користите за презентирање на вашите бизнис активности.

За оние што се уште немаат блог за својот бизнис, но јасно им е како треба да изгледа и што е неговата цел, еве еден предлог за изборот на платформата на блогот: WordPress. Во продолжение се наоѓаат 10 причини зошто е добро да ја одберете оваа платформа за блогирање

1. WordPress е бесплатен

Meѓу ретките бесплатни работи на овој свет. И покрај тоа што во бизнис светот се вели „Не постои бесплатен ручек“, кај софтверот ова не е секогаш случај. WordPress е еден ваков пример, па затоа е многу поволен за да биде платформата на која ќе се потпира блогот.

2. Набрзина се инсталира

WordPress е исклучително лесен за „инсталирање“. Доволно е да го превземете (http://wordpress.org/download/) и да го поставите на веб сервер и со минимални подесувања вашиот блог ќе биде подготвен за вашиот прв напис. Добра идеја е да го поставите на посебен поддомен од вашиот сајт, како на пример blog.mojdomen.com или mojdomen.com/blog .

3.Можете да се искажете „на долго и широко“, а сепак уредно

Со помош на WordPress можете да напишете и подолги, но лесно читливи написи, со слики, видеа и поврзани содржини. На клиентите им е многу важен уредниот изглед на текстот, а за самиот автор е важно да може без многу напор да објавува вакви написи. Интегрираниот уредувач на текст многу ќе ви помогне во оваа работа

4.Едноставно споделување содржини преку друштвените мрежи

Со оваа платформа, на вашиот блог лесно се активираат додатоци за споделување на написите преку социјалните мрежи. Како што знаеме, блогот е моќна маркетинг алатка и како таков е одлична можност за да допрете до потенцијалните клиенти преку друштвените мрежи.

5.Wordpress е популарен

Популарноста значи дека софтверот го користат многу луѓе и дека генерално се задоволни од неговите функционалности. Штом постојат над 20.7 милиони WordPress блогови ширум светот, тогаш сигурно постои добра причина тоа. Освен што шансите за багови се помали, и самите читатели ќе се чувствуваат побезбедно да остават коментар на платформа која ја познаваат.

6.Стабилност

Зад WordPress стојат 8 години развој, надоградување и поправки на багови. Она што е мошне фасцинантно, Wordrpess развивачката заедница ги слуша потребите на корисниците, па со гласање се одлучува што ќе биде овозможено во следната верзија. Со WordPress вашиот бизнис блог би бил во сигурни раце и можете мирно да спиете дека нема некои елементарни грешки да го нарушат вашиот кредибилитет.

7.Отворен код

Технологијата која е употребена за развивање на самата блог платформа (PHP) е една од најпопуларните во светот и што е поважно, целиот код за неа е отворен. Тоа значи дека доколку вашиот бизнис блог користи WordPress, многу лесно ќе најдете развивач на софтвер или дизајнер што може да го уреди неговиот изглед да биде по ваш вкус.

8.Лесна оптимизација за веб пребарувачи

Веб пребарувачите (како Google и Bing) во целост ги разбираат содржините кои ги пласирате и им даваат големо значење при рангирањето на резултатите. Бизнис блогот може да ви послужи како моќно SEO оружје за да се рангирате подобро за одредени клучни термини за вашиот пазар.

9.Многу развивачи и дизајнери

Уште една предност која ја уживаат WordPress блоговите. Лесно ќе најдете дизајнер што ќе ви направи дизајн по ваша мерка и ќе го отсликува корпоративниот дух, ќе го интегрира блогот со амбиентот од вашата примарна веб страница или ќе приспособи некој веќе постоечки дизајн (кој исто така може да биде бесплатен). Истото важи и доколку сакате некои посебни функционалности на блогот, но за тоа ќе ви треба програмер.

10. Бесплатни и корисни додатоци

Скоро на се што ќе помислите, веќе постои бесплатен додаток, кој можете да го инсталирате со два клика. WordPress платформата не бара да имате програмерски способности за да додавате нови функционалности и однесувања.

За крај, запомнете, дури и да не користите WordPress, важно е да имате блог кој ќе го поддржува вашиот бизнис. Во најмала рака, ќе ви помогне да изградите свој сериозен бренд, а ќе бидете и изненадени од потребата на корисниците да ве контактираат преку блогот, и покрај добро познатите можности, како на пример, е-пошта, Фејсбук и Твитер.

За да не биде дека зборувам напразно, туку од искуство, можете да го погледнете блогот на bagatela.mk (http://blog.bagatela.mk/) да видите како овие совети се применети на дело.

Имате ли бизнис блог? Која платформа ја користите и дали успевате да допрете до клиентите со помош на блогот?

Кои функционалности најмногу ви вршат работа?

post

Дали носите добри одлуки?

Добри одлуки

Добри одлуки

Како еден претприемач приморани сте секојдневно да носите одлуки – да пресечувате за различни прашања поврзани со вашиот бизнис. Некои одлуки се крупни и може да имаат големо влијание врз вашиот бизнис, но некои одлуки се мали и секојдневни кои немаат големо влијание врз вашиот бизнис или пак немаат краткорочно видливо влијание (доколку се изземе ефектот на пеперутка кај бизнисите).

Дури и вашата To-Do листа и тоа дали нешто ќе завршите што е предвидено за денес или ќе го оставите за утре претставува еден вид на одлука. Дури и да не донесете одлука за нешто претставува еден вид на одлука (нулта одлука).

За да видите дали сте добар „одлучувач“, односно дали носите добри одлуки и да ја увидите можноста од ваше лично подобрување одговорете ги следниве прашања:

1. Со колку одлуки сте соочени на дневна основа?

Започнете со анализа на вашиот просечен бизнис ден. Колку одлуки донесувате во просек дневно? Можеби прмногу потребни одлуки во еден ден од ваша страна ви вршат притисок и со тоа се зголемува веројатноста во дел од тие одлуки и да погрешите.

2. Какви се тие одлуки?

Дали тие одлуки се важни за секојдневно работење? Дали тие одлуки се секојдневни при што може да се автоматизираат? Морате ли токму вие да ги донесете? Што ќе се случи доколку некој друг донесе дел од тие одлуки?

Ова се прашања кои ќе ви помогнат да ги класифицирате одлуките кои ги носите на дневна основа како по важност, така и по приоритет.

3. Колку од одлуките делегирам?

Дали и колку од одлуките ги делегираш на останатите луѓе во бизнисот? Какво е досегашното искуство?

Ова е многу важно прашање бидејќи повеќето претприемачи се обидуваат да бидат столбот за сите одлуки како да бизнисот не може без него во сите аспекти од работењето. Ова може да биде погрешен пристап во практицирање на претприемништвото и нормално да доведе до неуспех на бизнисот.

4. Што преферирате повеќе акција или анализа?

Понекогаш во процесот на донесување на одлуки претприемачот може да се однесува на два начини:

  • Да реагира (донесе одлука) а потоа да ги анализира последиците и
  • Да ги анализира можните последици а потоа да донесе одлука.

Доколку сте првиот вид на претприемач вие носите брзи одлуки и навистина реагирате брзо на секоја ситуација. Но, една таква брзина може да доведе до грешки за кои подоцна ќе се каете зошто сте ја донеле таквата одлука.

Од друга страна доколку вие прво ги анализирате можните последици од можните одлуки веројатноста е поголема да донесете добра одлука, но времето за анализа понекогаш може да значи задоцнето носење на одлуки.

5. На какви информации ги базирате одлуките?

Квалитетна одлука бара квалитетни информации. Може да има различни ситуации во зависност од тоа како ги гледаме информациите. Но важно е да ги класифицирате потребните информации за различните одлуки во однос на важноста и приоритетот. Па така некои одлуки ќе бараат краткорочни информации базирани на чувство, додека другите ќе бараат долгорочни информации базирани на интуиција.

6. Имате ли систематски приод во процесот на одлучување?

Добро размислете на оваа прашање бидејќи може да биде од исклучителна важност за вашиот бизнис. Проучете го добро процесот на одлучување и доколку можете, а можете додајте еден вид на систематски приод во истиот. Ова значи дека одлуките ќе се донесуваат врз база на издржани механизми поставени во самиот систем на вашиот бизнис.

post

Идеја во успешен бизнис за еден викенд – Startup Weekend

Startup Weekend Skopje

Startup Weekend Skopje

Од идеја до успешен бизнис за 54 часа. Дали е можно тоа?

Може доколку процесот во однос на креативноста, знаењето и комерцијализација биде воден на вистински начин.

Викендот 24-26.06.2011 во Скопје се организира Startup Weekend за првпат кој веќе е организиран во повеќе од 110 градови низ светот и кој даде одлични резултати во креирање на нови компании од страна на млади луѓе.

Настанот ќе биде организиран викендов 24-26.06.2011 на ФОН Универзитетот.

Што претставува Startup Weekend?

Startup Weekend е 54 часовен процес на креирање на мобилни или интернет базирани решенија со потенцијал да се трансформираат во успешен бизнис.

Додека трае процесот се собираат експерти од различни полиња: ИТ експерти, графички дизајнери, бизнис експерти… Целта е да се креираат апликации во кои ќе биде содржана и комерцијална сратегија за нивна имплементација на пазарот.

Сите оние кои ќе аплицираат ќе имаат 60 секунди време за воведна презентација на идеите, по што ќе се формираат тимови за идеите кои треба да изработат прототип на производот. На крај од настанот проектите се презентираат пред комисија и потенцијални инвеститори за проектот. За најдобрите тимови следуваат награди за поттик и финализирање на проектот.

Повеќе детали на официјалниот сајт на Startup Weekend Skopje.

post

11 Чекори за маркетинг со содржина

11 чекори за содржина како маркетинг
11 чекори за содржина како маркетинг

Содржина како маркетинг средство повеќе пати е обработувана тука. Се појасно е дека компаниите мора да земат активно учество во креирање на квалитетна содржина за да допрат до поголем број на потенцијални купувачи.

Промените во маркетингот кои ги носи технологијата и секако однесувањето на потенцијалните купувачи не доведуваат во ситуација кога МОРА да извршиме промени во досегашниот начин на нашето однесување.

Иако во делот на маркетинг средства ја обработивме и содржината сепак не навлеговме во некои од поважните чекори кои ќе треба да ги спроведете за да спроведете успешни кампањи. (Доколку може да се кажат како кампањи бидејќи кампањите асоцираат на нешто што е активно и по одреден временски период прекинува. Од друга страна содржината е нешто што бара континуитет за да се почувствуваат корисностите од истата.)

1. Поставување на цели

Која е целта на содржината како маркетинг средство? Што сакате да постигнете со креирање и споделување на содржина за вашиот бизнис?

Овој чекор мора да започне од севкупните бизнис цели кои ги имате воспоставено и секако од маркетинг целите во вашата маркетинг стратегија.

2. Целен пазар

До кој сегмент од пазарот сакате да допрете со вашата содржина?

Не можете да очекувате дека содржината ќе биде маркетинг средство кое ќе допре до целиот пазар на кој настапува вашиот бизнис. Од друга страна целта на овој чекор е да знаете кои се оние со кои ќе комуницирате преку содржината бидејќи само на таков начин ќе можете да преминете на следниот чекор – дефинирање на нивните потреби.

3. Дефинирање на потребите кои треба да се задоволат со содржината

Што тој целен пазар сака да добива како содржина? Кои се нивните потреби и желби?

Кога го знаете целниот пазар едноставно преминете на бреинстормирање на сите потреби кои тој целен пазар ги има, но во термини на содржинакоја ќе треба да ја креирате.

На пример, доколку сте бизнис кој нуди различни видови на производи, во поголем квантитет по вид на производи, за различни сегменти на пазарот некои од потребите би можеле да бидат:

  • Како да изберам кој производ е за мене и мојата индустрија?
  • Како најефикасно и нејефективно да го користам тој производ?
  • Како да дојдам до тој производ?
  • Како да ги следам новитетите и научно-технолошкиот развој во индустријата?
  • Како да го монтирам тој производ?
  • Кои се најдобрите практики?
  • …

На ваков начин со помош на овој чекор вие веќе ќе знаете што треба содржината да опфаќа и во која насока да се развива истата.

4. Платформи за содржина

Каков вид на содржина ќе споделуваме? На кои платформи ќе бидеме застапени? Каде се нашите потенцијални купувачи?

Кога станува збор за содржина иако е најлесно и најчесто се мисли на онлајн содржина сепак реба да напоменам дека оваа маркетинг средство се спроведува и офлајн преку каталози, брошури, билтени, периодични весници…

Затоа во овој чекор првин преминете на бреинстормирање на сите можни видови на платформи на кои можете да настапите. Кога зборувам за платформи мислам на блог, социјални медиуми, електронски билтен, печатен билтен, е-mail маркетинг, писма, упатства…

Понатаму бреинстормирајте и анализирајте каде се наоѓаат тие потенцијални купувачи дефинирани во вториот чекор. Дали се онлајн или пак помалку време поминуваат на интернет? Дали сакаат повеќе да читаат печатени изданија или пак електронски? Дали се присутни на социјални медиуми?

Овој чекор на крајот ќе треба да ви даде една листа на можни платформи комбинирани со сегменти на кои ќе се однесува секоја платформа.

5. Каква содржина имаме во моментов?

Во овој чекор вашата задача е да ја соберете целокупната содржина која ја поседува вашиот бизнис. Можеби тоа се каталози, брошури, упатства, билтени, презентации…

Целта е сета оваа содржина да ја поврзете со претходните откритија од претходните чекори. Од друга страна сакаме да знаеме и што веќе имаме и може да биде спремно да го користиме, а што е она што ни недостасува согласно чекорот 3 (потребите).

На крајот од овој чекор вие веќе ќе имате една мпа која ќе ви покаже на кои платформи до кои потенцијални потрошувачи ќе допрете со која содржина која веќе ја имате и што е она што ви недостасува.

6. Процес на креација на содржина

Кој ќе креира содржина? Кога ќе креира содржина?

Во овој чекор треба прецизно да го дефинирате процесот на креирање на содржина. Веќе знаете која содржина е потребна и преку кои платформи ќе се споделува, сега е време да го креирате и процесот на креирање и споделување на таа содржина.

7. Календар за содржина

Содржината како мркетинг средство користи различни платформи за различни сегменти на пазарот со различна содржина за истите. Затоа за да се зголеми ефикасноста и ефективноста добро е да креирате еден календар каде пред време ќе биде наведена која содржина кога ќе се сподели на кого и од страна на кого.

8. Имплементација

Дали се е имплементирано?

Кога имате календар едноставно можете да ја следите имплеметацијата на истиот. Обидете се да обезбедите дека се она што е наведено во тој календар ќе биде имплементирано во периодот за кој е наменет календарот.

9. Ажурирање на календарот со нова содржина

Ова е процес, а не обична кампања која има почеток и крај. Постојано во временски период пред завршување на календарот од чекорот 7 направете ажурирање со нова содржина и одговорности за наредниот период.

10. Мерење на резултати

Какви се резултатите од имплементацијата?

Едноставно, она што е испланирано не мора да биде се онака како што е планирано. Затоа мора да следите што ќе се случува во процесот на имплементација. Мора да дефинирате како ќе ги следите резултатите и кои ќе бидат мерните индикатори за тие резултати.

11. Подобрување

Што може да биде подобро од денес?

Ова е еден циклус кој никогаш не завршува и секогаш може да се подобри. Претходниот чекор од мерење ќе ви даде добри информации кои ќе ви кажат што дава а што не дава резултати, што треба да се промени, подобри, а што треба да се отфрли.

 

post

Најдобри совети за организациски промени

Теорија на менаџментот - неколку дискусии

Совети за организациски промени

Организациски промени како нешто континуирано и можеби најважен дел од претприемничкиот живот се мој главен предмет на интерес уште од 2000 година.

Имам спроведено неколку истражувања во компании од различни индустрии со повеќе од 100 менаџери од сите нивоа на организациската хиерархија. Изненадувачки е како промените предизвикуваат неизвесност и страв кај сите менаџери. Дали нешто ќе тргне наопаку? Прашање кое ги остава без здив, бидејќи одговорот не може уште на почетокот да биде познат.

Од друга страна постои и секогаш ќе постои одредено ниво на отпор кон тие промени со што целиот процес станува уште потежок за имплементација. Ништо не е онака како што е планирано.

Со овој пост би сакал да опфатам неколку совети за сите претприемачи или пак менаџери кога се наоѓаат во ситуација на имплементација на истите.

1. Навремено откривање на сите можни извори на организациски промени

Основата на успешни промени лежи доколку навреме сватите дека нешто треба да менувате. А, ќе сватите доколку соодветно ги следите можните извори на организациските промени.

Повеќе во Истражување: Главни извори на промени и Извори на организациски промени.

2. Редизајн на бизнис моделот

Секогаш започнете го процесот со поглед во бизнис моделот и барање на можности за негов редизајн. На ваков начин ќе можете да дојдете до сите можни извори на промени како и до сите можни подрачја кои треба да се подобрат.

Повеќе во Дефинирање и редефинирање на бизнис моделот.

3. Претходни промашувања

Погледни во историјата на претходните промашувања во услови на имплементација на процес на организациски промени. На ваков начин можете да дојдете до дополнителни причини за организациски промени како и до можни извори на отпорот.

Повеќе во Подобрување – последица на грешки.

4. Извори на отпор кон промени

Мора да ги пронајдеш сите можни извори на отпорот кон промените и да се обидеш уште во фазата пред започнување со имплементација да ги елиминираш или во најмала рака да го намалиш нивното влијание врз севкупниот процес.

Повеќе во Отпор кон организациски промени – 28 фактори.

5. План за имплементација

Направи јасен план за имплементација во кој ќе бидат содржани сите одговорности, временски рокови и очекувани резултати.

Повеќе во Процес на бизнис планирање.

6. Набљудување на процесот на имплементација

Не заборавај постојано да го набљудуваш процесот на имплементација и секогаш кога ќе се појави потреба да смениш нешто смени го.

Повеќе во Следење на имплементација на бизнис планот.

7. Краткорочни победи

Секогаш обидувај се да ги поттикнуваш луѓето вклучени во процесот на имплементација да креираат краткорочни победи (успешно завршување на одредени фази) кои едноставно ќе им покажат на луѓето дека успехот е остварлив и блиску.

8. Прослава на успехот на имплементацијата

Не заборавај да го прославите успехот на имплементацијата на процесот на организациски промени. Како и да е, можете прославите да ги имате и во средината на процесот по успешно завршен одреден број на фази со што повторно ќе се зголеми моралот и поттикот за завршување на процесот.

9. Мерење на резултати и споредба

Не заборавај по завршување на процесот да започнеш со мерење и споредба на оствареното со планираното.

post

Бизнисот и видео камери

Бизнис и видео камери

Бизнис и видео камери

Денес живееме време кога технологијата ни е достапна по многу нормални цени. Кога станува збор за видео камери дури и не мора да се купуваат посебни видео камери доколку имате добар мобилен телефон во кој е интегрирана камера.

Во секој случај полека но сигурно поминува времето кога малите бизниси беа ограничени за сопствени видео кампањи заради високи цени на подготовка на истите.

Во овој пост би сакал да напоменам некои иде како можете да ги користите видео камерите во полза на вашиот бизнис.

1. Видео туториали за користење на вашите производи и/или услуги

Знам дека имате упатство на една страничка можеби во вид на текст и чекори (чекор 1, чекор 2…) или пак имате скица како да се монтира вашиот производ и/или услуга. Но, сепак нема ли да биде подобро доколку сето тоа го ставите на едно видео кое чекор по чекор ќе покажува како да се монтира или пушти во употреба производот кој го продавате.

2. Препораки од сегашните купувачи

Сигурно имате задоволни купувачи. Зошто да не ги прашате да ги снимите нивните изјави за препораки или искуство со вашиот бизнис. Овие видео материјали можат да имаат огромен потенцијал за вашиот бизнис.

3. Интервјуа за анализи

Доколку правите една анализа преку анкетен прашални составена од неколку прашања и поврзана со вашата индустрија, можете едноставно да го смените во вид на видео анализа преку која ќе ги интервјуирате луѓето за поставените прашања и на крај би ги сублимирале одговорите и дале заклучок од спроведената анализа.

4. Интервјуа со експерти во индустријата

Во секоја индустрија постојат експерти па и во вашата. Можете да контактирате некој од нив и да спроведете интервју за нивните мислења, предвидувања, предлози…

5. Зад сцената во вашиот бизнис…

Луѓето по природа се љубопитни. Сите сакаат да видат што се случува зад сцената во вашиот бизнис. Можете да го снимите работниот простор како канцеларии, погон, вработени… Можете да снимите дел од производствен процес на вашиот производ.

6. Зад сцената кај вашите купувачи…

Освен зад сцената во вашиот бизнис интересно и корисно би било да снимите видео за зад сцената кај некој од вашите клучни клиенти. Дури и ако можете да покажете како се користат вашите производи и/или услуги кај него би било супер.

7. Објаснувања

Објаснувања претставуваат можност да прикажете како нешто работи. Дали вашиот производ или услуга оди со некој друг производ или услуга, како да се омбинираат тие различни производи, како да се извлече максимумот… Ова се само дел од можностите кои можете да ги користите за да објасните нешто во врска со вашиот производ и/или услуга.

8. Промотивни видео материјали

И секако на крај како 8-ма идеја во овој пост да не ги заборавиме и промотивните видео материјали во кои едноставно можете да го покажете производот, да ги наброите карактеристиките, полезностите и како да може потенцијалните купувачи да дојдат до нив.

post

Инкрементални промени во бизнисот

Инкрементални промени

Инкрементални промени

Промените се секојдневни кога станува збор за еден бизнис. Една од класификациите на промените може да биде инкрементални и радикални промени. Зборот инкрементални доаѓа од латинскиот збор incrementum што значи пораст, прираст, растење, напредување. Значи инкременталните организациски промени претставуваат такви промени кои доведуваат до еден константен прираст на ефективноста и ефикасноста на бизнисите, односно доведуваат до константни подобрувања во кратки временски периоди. Ове промени се појавуваат полека во еден релативно подолг временски период, со релативно константна стапка или мали флуктуации во интензитетот. Ваквите мали подобрувања гледани во подолг период може да доведат до доста големи подобрувања во перформансите на организацијата (види слика).

Инкрементални промени - нереално

Инкрементални промени - нереално

Инкрементални промени - реално

Инкрементални промени - реално

Од сликите може да забележиме дека инкременталните промени во пократок временски период не доведуваат до големи подбрувања и тие промени се мали дури и неприменливи. На сликата а) промените се претставени праволиниски што во реалноста не може да биде точно бидејќи постигнатите подобрувања се различни во различни временски интервали како што е прикажано на сликата б).

  • Карактеристично за инкременталните промени е насеоченоста кон постоечките процеси, структури и технологии. Оваа карактеристика е основа за другите карактеристики на овој тип на организациски промени.
  • Втората карактеристика на инкременталните промени е тоа што имаат многу мал ризик од неуспех. Ова е поради фактот што овие промени се иницирани од луѓето на дното на хиерархиската структура и се насочени кон подобрување на тековните процеси како и постоечката структура и технологија.
  • Третата карактеристика на инкременталните промени е мала неизвесност. Затоа кај овој тип на промени отпорот е помал. Бидејќи се работи на подобрување на постоечките елементи на организацијата кои се познати, а познат е и проблемот кој се решава и јасна е визијата за состојбата по изведување на промената, како и фактот што иницијативата е од индивидуалците кои што се среќаваат со тој проблем, веројатноста за отпор кон тие промени е многу мала.

Инкременталните промени може да бидат:

  • Реактивни инкрементални промени кога се реагира на некој проблем кога ќе се појави
  • Проактивни организациски промени кога се решаваат некои идни проблеми кои сеуште не се појавиле но можат да се појават во иднината.

Спрема насоченоста инкременталните промени може да бидат:

  • Технолошки инкрементални промени – промени во технологијата
  • Структурно-процедурални промени – промени во структурата на бизнисот
  • Инкрементални промени насочени кон луѓето
  • Техноструктурни инкрементални промени – промени насочени кон технологијата и луѓето
  • Социо-структурни инкрементални промени – промени насочени кон луѓето и структурата
  • Социо-технолошки инкрементални промени – промени насочени кон луѓето и технологијата
  • Социо-техно-структурни инкрементални промени – промени насочени кон луѓето, технологијата и структурата одеднаш.

Последниов тип на промени во реалноста е најпотребен. Не можеме да правиме промени во едно подрачје без притоа да се променат и другите. На пример со промени во технологијата ќе мора да ги обучиме луѓето (а тоа се промени) и да ја смениме структурата која нема да одговара на новата технологија.

 

post

Работни задачи на менаџерите – Дел 3

Ќе продолжиме со третиот дел од работни задачи на менаџерите. Во изминатите два дена имавте можност да ги прочитате првите два дела:

Со конкуренцијата треба да се настојува да се задржи фер и коректен однос бидејќи секоја акција предизвикува реакција, а конкурентите еден на друг можат да нанесат големи, дури и фатални штети.

Знаење и вештини во менаџерска хиерархија

Работни задачи на менаџерите

Доколку конкурентите се со урамнотежени сили, тогаш односот помеѓу конкурентите повеќе се базира на промоција на фер релации. Бидејќи постои двостран страв дека спротивната страна ќе превземе контра мерки. Но, доколку еден од конкурентите е послаб, тогаш кон него не се пристапува во „ракавици“ туку се напаѓа без респект. Можеби само со една кочница врзана со одбегнување на создавање на негативниот публицитет.

Постојат сегашни и идни конкуренти, како и директни и индиректни конкуренти. Доколку пазарот е ограничен, а конкурентите се со приближно иста сила тогаш ривалитетот е поголем.  За секоја компанија најголема опасност демне од директните конкуренти.

Конкурентите можат да воведат нова технологија, да воведат нов или да го подобрат постојниот производ, да ја намалат цената или да донесат некоја одлука што директно се конфронтира со интересите на матичната компанија.

Но, и индиректната конкуренција е опасна за интересите на компанијата. Компаниите кои произведуваат монтажни или фиксни базени, се индиректни конкуренти на компаниите кои организираат туристички патувања.

Доколку компанијата поседува производ кој е од исклучителна важност за купувачот (стан, кола, камион, компјутер), тие автоматски стануваат конкуренти на голем број други компании. Тоа се случува бидејќи купувачот за овие производи може да ги даде сите расположливи финансиски средства, дури и да земе кредит, што претставува своевидна конкуренција, бидејќи купувачот не располага со дополнителни средства за купување на други производи или купува во значително помала мерка.

Доколку компанијата работи во перспективна индустриска гранка, тогаш треба да се обиде да ги затвори сите приодни патишта за влез на нови конкуренти, бидејќи потенцијалните конкуренти секогаш внимаваат некоја компанија да направи грешка, за да влезат на пазар и по можност да земат што поголем дел од пазарниот „колач“. Дури и од конкурентите, кои не успеале во работата и пропаднале, може доста да се научи доколку се согледаат нивните пропусти и грешки, бидејќи многу подобро е да се учи од туѓи отколку да се учи од свои грешки. Заради овие причини, секој потег на конкуренцијата треба внимателно да се набљудува и да се биде спремен во секој момент да се парира со соодветна реципрочна мерка, без оглед дали се работи за ценовна политика, за подобрување на квалитетот на постојните производи и услуги или за воведување на нови производи и услуги.

Од купувачите се очекува големо добро, бидејќи со купување или со користење на услугите што ги нуди компанијата, тие директно го финансираат развој на компанијата.

Доколку е купувачот задоволен, тој ќе ги шири своите сознанија, па ќе привлече дополнителен број на купувачи, што ќе го зголеми дополнително профитот и успехот на компанијата. Но доколку не се задоволни од цената, услугата, квалитетот или од некој друг фактор (заштитата на животната средина, односот на компанијата кон вработените), купувачите можат да ја одбегнуваат компанијата, да шират негативни гласини и компанијата да ја доведат во лоша состојба.

Купувачите треба да се убедат дека производот или услугата што ги нуди компанијата се со одлични квалитети и добра цена, дека компанијата има фер и коректни односи со сите заинтересирани партнери и дека е добро и за купувачот и за компанијата да дојде до реализација на зделката.

Со добавувачите треба да се настојува да се постигнат поволни цени за компанијата, како и квалитетот на стоката да биде на предвидено ниво, да се договори начин на транспорт, начин на плаќање (готовина, компензација), време за плаќање, како и време за кое е потребно да стигне нарачаната стока.

Доколку добавувачите одобрат одложено плаќање, за компанијата тоа е еден вид на бескаматно финансирање.

На компанијата може да и прети и закана од добавувачите, доколку и тие одлучат да станат производители или доколку конкуренцијата ги побара нивни услуги. Тогаш добавувачот може да покачува цена, да намали обем на испорака или да бара некои дополнителни услуги. Тука, неминовно, за компанијата ќе се јави опасен противник.

Менаџерот мора да има и дух на претприемач, да дава идеи и да презема активности за реализација на идеите за развој, за унапредување, за нови работи, ново поле на дејствување и сл. Претприемничкиот дух претставува една движечка сила и секогаш треба да се негува.

Доколку се работи за поголема компанија, тогаш и претставниците на власта покажуваат зголемен интерес за контактирање со менаџерите од компанијата, при што најчесто од компанијата се бара да даде совет за создавање подобри односи помеѓу владата и компанијата. Тоа може да биде можност, менаџерот да создаде поволни можности за матичната компанија, да добие одредени бенефиции или информации од владата.

Во поново време се очекува од секоја компанија и од менаџерите активно да комуницираат со пошироката јавност.

Да ги објаснат своите цели, технологии со кои располагат (доколку постои сомнеж по прашање на загадување на околината или се јави сомнеж врзан за квалитетот на производите или услугите), да објаснат кои придобивки ќе ги има нивната непосредна и пошироката околина од производите и услугите што ги застапува компанијата. Доколку постојат, потребно е да се објаснат и други придобивки кои компанијата ги направила за околината (правење на патишта, садење на зеленило, вработување на локални жители, давање на донации, стипендии, кредити, придонес кон екологија), бидејќи некогаш компанијата може да се соочи со проблеми во работењето, па подршката од јавноста може да биде клуч за успех на компанијата. Социјалните медиуми денес само го олеснуваат овој процес.

За да може да се справи со толкав спектар на обврски, менаџерот треба брзо да чита и да ги анализира податоците и врз база на тоа да донесува заклучоци и да превзема акции.

Поради големите обврски менаџерите често се наоѓат во стресна состојба па можат да бидат „тешки“ како за себе така и за своите вработени и партнери. Еден човек сам не би можел сите овие обврски да ги исполни, без оглед на неговите способности, бидејќи не може физички да се постигне. Единствено кај специјални типови на менаџери, а тоа се претприемачите, постои обид во почетната фаза на работењето да се реализира големиот дел од наведените обврски, но како доаѓа до развој на компанијата, претприемачот мора постепено да воведува во работа менаџери, кои ќе покријат одреден сегмент на работење. Со воведување на поголем број на менаџери, полека ќе се формира менаџерска пирамида, која ќе го превземе работењето со компанијата. Заради тоа во стартот се формира менаџерски тим, кој ги дисперзира сите овие работни задачи на разни нивоа на менаџментот. Единствено така е можно да се реализираат сите овие работни задачи.

Овој наслов го напишавме мошне внимателно за да успееме да ги елаборираме сите менаџерски обврски. Доколку сметате дека нешто испуштивме во оваа трилогија слободно оставете коментар.

 

post

Email маркетинг – Пример зошто професионален сервис

Email маркетинг како едно маркетинг средство е моќно за малите бизнис особено поради тоа што претставува доста ефикасно и ефективно, а од друга страна и доста ефтино, па дури за некои и бесплатно.

Кога веќе го споменав зборот бесплатно, треба да напоменам дека иако не сум некој кој препорачува ваков пристап (поради фактот што поминав низ сите тие фази од бесплатен сервис до професионален сервис), сепак може да се користи од страна на бизнисите доколку станува збор за помала меилинг листа и со користење на бесплатни сервиси кои постојат до одреден број на email адреси кои ги содржи листата.

Целта на овој краток пост е да покажам еден пример зошто сервисите кои професионално ги нудат овие услуги се наплаќаат. Сакам да напоменм дека иако повеќе од една година го користам Aweber како сервис сепак сеуште ги учам можностите и опциите кои ми стојат на располагање, па така не ја исклучувм можноста да споделувам дополнителни елементи кои ги учам низ целокупниот процес.

Првин би започнал со едно потсетување на два термини од подрачје на email маркетингот кои ги опишавме во Ажурирање на бизнис поимник за email маркетинг:

  1. Bounce Rate – Претставува стапка на вратени email-ови до испраќачот кои се карактеризираат со порака од mail системот дека е вратена заради причини како што се непостоечко домен име, преполни инбокс на примателот, непостоечка еmail адреса.
  2. BlackList – Овој збор означува листа која содржи група на IP адреси, кои се осомничени за испраќање на несакани email пораки (спам). Доколку IP адресата од која ги испраќате вашите email пораки како дел од една email маркетинг кампања имаат висока стапка на жалби до интернет сервис провајдери, висока bounce стапка, или голем број на испраќања на стари и непостоечки адреси ќе постои поголема шанса да влезе во оваа несакана листа.

Ова значи дека доколку постојано испраќате email на адреси кои се веќе непостоечки, или не се отвораат поголем временски период па затоа сандачето е преполно или пак испраќате на адреса со непостоечки домен вашата адреса од која испраќате ќе влезе во таа црна листа.

Во Aweber ова е решено така што доколку неколку пати се врати пораката во вид на Bounce автоматски системот го брише тој email од листата.

Во примеров подолу забележувате дека двe email адреси се категоризирани како bounce и тоа два пати по ред за две последователни пораки.

Aweber Bounce

Aweber Bounce

Затоа системот автоматски ги брише со што се запира понатамошното праќање на тие email адреси.

Aweber - Неможност да се испрати

Aweber - Неможност да се испрати