Образованието треба да претставува основната движечка сила на една земја.
Образованието не треба да се натпреварува со родителите на едно дете или да ги гледа како конрапартнер на кој ќе се префрла одговорноста. Тоа не е нешто што треба да не научи да ги искажеме напамет оние формули кои ги учевме, да знаеме да покажеме која земја каде е на географска мапа, да знаеме која година била која војна…
Образованието служи да не научи како да се снајдеме и да дојдеме до инфомацијата која ни е потребна тогаш кога навистина ќе ни биде потребна.
Но, се повеќе стравувам дека тоа не е така.
Дали треба да знаеме која година била некоја битка кога живееме во светот на Wikipedia и Google?
Дури и прашањето како да се дојде до информација денес не е важно. Се чини дека се раѓаме со тоа знаење.
Па тогаш што е она најважното за нашите деца?
Најважно што треба да се научи е што потоа откако ќе се дојде до таа инфомација.
Како да се искористи? Што да се направи? Како да се подобри?
Тоа се прашањата на кои еден модерен човек треба да даде одговор.
Доколку пред десет години мораше да се купуваат специјализирани книги, на пример технички механики за да се проучат основните Њутнови закони, денес лесно можат да се најдат и законите, и она што следува во науката и што се базира на нив. Но, сепак креативното е како да се искористат тие закони во нешто ново за да се креира подобар живот за сите нас.
Денес лесно можеме да најдеме информации за патенти, научно-технички достигнувања во определени области на науката или пак филозофии за подобрувања во повеќе индустриски процеси. Но, повторно прашањето е што ќе правиме со тие информации? Како да ги искористиме?
Доколку во минатото тоа не беше случај, денес е возможно. Едно просечно дете е опкружено со Google, Facebook, Twitter, YouTube, Wikipedia, игри од кои може и да се учи, блогови, информативни сајтови… Слушам дека денешните деца не сакале да учат, биле мрзеливи… А, зошто да не се запрашаме дали им е интересно тоа што го учат? Дали препознаваат нешто корисно во тоа или едноставно гледаат да им помине времето за да завршат со она што мора да го завршат.
Пред некој месец интервјуирав повеќе матуранти кои имаат предмет претприемништво. Ги прашав дали им е интересно тоа што го учат. Одговорот беше многу поразителен: многу здодевен предмет преку кој гледаат да “набубаат” напамет за да ја добијат посакуваната оценка.
Како може предмет кој се нарекува претприемништво да биде здодевен предмет кога би требало да биде нешто највозбудливото за младите луѓе?
Тој предмет треба да поттикне започнување на бизниси, нешто што не беше случај во минатото. Доколку веќе се постигна напредокот во однос на воведување на таков предмет, сега треба да се обидеме да го подобриме процесот, да ги постигнеме целите.
Потребни се огромни промени. Колку побргу започнеме толку побргу ќе изградиме подобра иднина за сите нас. Да започнеме со она што треба да учиме: што потоа?



