post

Блогирање за бизнис – Е-книга

Се повеќе луѓе од светот на бизнисот сфаќаат дека доколку не се видливи во онлајн светот, воопшто нема да постојат за нивните потрошувачи. Веб сајт спакуван со маркетиншки јазик кој е нешто за малку повеќе од вашата брошура не е доволен. Се бара едукација, се бара информација, се бара препорака, едноставно се бара содржина која ќе се преплетува како „пајакова мрежа“ низ интернетот. (Повеќе детали за оваа пајакова мрежа можете да прочитате во Промени во маркетингот.)

Повеќепати на претприемач имавме содржина која се однесува на оваа маркетинг средство. Доколку сте пропуштиле можете да ги прочитате следниве наслови за блог како маркетинг средство:

Но, да се вратиме на целта на овој пост, а тоа е новата е-книга за блогирање на бизнис.

Е-книга – Блогирање за бизнис

По неколку месеци работа (добро, не постојано туку кога ќе успеев да украдам време) успеавме да ја завршиме првата верзија на оваа книга насловена како Блогирање за бизнис.

Велам првична верзија бидејќи истата ќе подлежи на промени не само поради тоа што се однесува на подрачје од бизнисот кое континуирано се менува туку и заради тоа што знам дека има простор за подобрување и секако има простор за уште наслови во самата книга. Затоа секоја добронамерна забелешка е добредојдена и слоборно можете да ни реплицирате со идеи или потреби кои ги имате во однос на блогирање за бизнис.

Како што знаете пред да ја довршиме книгата преку еден од билтените на претприемач побаравме одговор на еден прашалник за теми кои би сакале да се опфатат во книгата. Од одговорите најмногу се бараа темите за стратешко планирање, чек листа за успешен бизнис блог и 50 идеи за блог постови на кои и посветивме повеќе внимание.

Што е опфатено во блогирање за бизнис?

Овој материјал е структуриран преку следнава содржина:

  • Вовед
  • Што е тоа бизнис блог?
  • Зошто блогирање за бизнис?
  • Стратешко планирање за имплементација на блогирање за бизнис како дел од вашата маркетинг стратегија.
  • Креирање на содржина, видови на содржина, структура на содржина и оптимизација на содржина.
  • 50 идеи за блог постови
  • Технологија за бизнис блог
  • Чек листа која ќе ве води кон успешно блогирање за бизнис.

Најмногу внимание посветивме на сратешко планирање и креирање на содржина. Особено во делот за креирање на содржина можете да прочитате за видови на содржина која ќе се објавува на вашиот бизнис блог, структура на содржината (секој блог пост), процес на креирање на таа структура од идеја до вистински блог пост како и 50 идеи за блог постови за вашиот бизнис блог. Овие 50 идеи се дел од еден сервис во кој како тест период беа и сеуште се вклучени неколку бизниси кои секоја недела добиваат по 5 идеи. Тука од над 100-тината идеи ги ставивме 50-те за кои сметаме дека се едни од најважните.

Но, да не должиме многу. Можете да ја превземете оваа е-книга од 72 страни преку регистрација за неделни билтени. По регистрација веднаш ќе добиете email со линкови од оваа книга како и други бонус материјали како дел од овие билтени на претприемач.

post

22 Прашања за конкуренција

Конкуренција

Конкуренција

Сите сакаат да немаат конкуренција, но тоа е нереално и неостварливо. Барем за подолг временски период.

Конкуренција е неминовен фактор за секој бизнис без разлика на големината, индустријата, пазарот… Дури и да нема конкуренција, не значи дека нема да се појави. Не треба да се стравува од конкуренцијата доколку имплементирате одреден стратешки и систематски приод во нејзина анализа и имплементација на сознанијата во секојдневно функционирање на бизнисот заради останување на вистинската патека.

Доколку се избегнува конкуренција, ќе настапат вистински проблеми карактеризирани преку намалување на учеството на пазарот, намалување на продажбата, намалување на бројот на купувачи, проблеми со готовински тек и „недај боже“ смртност на бизнисот.

Затоа во одреден временски период (најдобро квартално – на 3 месеци) поставете си ги следниве прашања во врска со онкуренција и одговорете ги.

  1. Кои се најзначајните конкуренти кои имаат влијание врз нашиот бизнис?
  2. Каде се наоѓаат во конкурентската анализа тие во однос на вас?
  3. Кои се можните потенцијални конкуренти кои сеуште не се но, може да бидат?
  4. Кои се нивните производи и/или услуги?
  5. Каде се наоѓаат нивните производи и/или услуги во однос на вашите?
  6. Каква е вредноста која ја нудат?
  7. Имаат ли поголема или помала вредност која што ја нудат во однос на вашата?
  8. Што е она што кај нив е добро а го нема кај вашата вредност?
  9. Можеме ли да го имплементираме она што ни фали во вредноста а го има кај нив?
  10. Каква е нивнта севкупна понуда?
  11. Се разликува ли и во што се разликува доколку се разликува нивната севкупна понуда?
  12. Каде нивната понуда е подобра од вашата?
  13. Каде вашата понуда е подобра од нивната?
  14. Кои се корисности а кои се карактеристиките кои ги нудат со тие производи и/или услуги?
  15. Каде ги наоѓаат нивните потрошувачи?
  16. Кои се нивните најважни купувачи?
  17. Како вашите конкуренти ги поттикнуваат купувачите да купуваат?
  18. Колку наплаќаат за нивните производи и/или услуги?
  19. Каде ги рекламираат нивните производи и/или услуги?
  20. Како регрутираат свежи кадри за нивниот бизнис?
  21. Колку често ја анализираме конкуренцијата?
  22. Ги применуваме ли откритијата од анализата во работата?

 

post

Организирање како менаџерска функција

Организациска структура

Организирањето е менаџерска функција која ја уредува улогата на поединецот во организациска структура и обезбедува комплетен прилив на потребни средства, односно ресурси за создавање на комплетната функционална целина, која ќе овозможи правилно работење на сите сегменти во компанијата.

Тука подразбираме:

  • навремен прилив на финансиските средства,
  • навремено обезбедување на потребните машини и алати,
  • квалитетен избор на локација,
  • навремен дотур на суровини,
  • навремена испорака на готовите делови,
  • обезбедување на квалитетниот човечки потенцијал (менаџерски и неменаџерски),
  • обезбедување на работа за компанијата, односно се што е потребно за непречено функционирање на компанијата како една функционална целина.

Организирањето претставува фаза во менаџерското работење, потребна за создавање поволни услови за работење на успешни тимови.

Со формирање на организациската структура мора да се дефинираат задачите што треба да ги извршуваат вработените, според нивната способност и мотивираност. Потребно е организациските единици да се систематизираат и по можност да се даде опис на секое работно место, при што се создава управно раководна шема.

Организациската структура не служи само за определувањена позиции помеѓу луѓето опфатени со неа, таа многу повеќе ефекти има врз комуникацијата, функционирањето и ефективноста на различните бизнис функции во самиот бизнис.

При заедничкото дејствување, секој вработен во компанијата мора да си ја знае својата улога и таа улога исправно да ја извршува, онака како што е зацртана.

Обезбедувањето со кадар спаѓа во доменот на функција екипирање, но и во организирањето е опфатен дел од оваа проблематика, што претставува преклопување помеѓу организирање и екипирање. Заради тоа голем број на автори, функцијата организирање и екипирање ја набљудуваат како една активност. Без оглед што постојат некои заеднички елементи, ние сметаме дека сепак е добро да се изврши делење на овие функции, бидејќи во организирањето само делумно се обрнува внимание на кадрите, додека со функцијата екипирање се анализираат сите аспекти во работењето со кадрите (како до нив да се дојде, како да се обучат за правилно работење и како со нив да се управува, унапредува, отпушта).

post

Продажба – Учење од неуспех

Продажба

Продажба - но како?

Ученик без единица е исто како и војник без пушка!

Претприемач без загубена продажба е исто како и војник без пушка!

Точно така, не може да постои претприемач кој не ја загубил битката за победа во продажбата. Место за очајување не постои, животот продолжува понатаму, и бизнисот продолжува да опстојува понтаму. „нема шта би било кад би било“. Не биднало. Но, може да се извлече наравоучение, може да се извлече поука и може да се излезе како посилен за идните продажби бидејќи подобрувањето е последица на грешки.

Како да научиме од загубена продажба и што да правиме по една таква „катастрофа“?

Едноставно по една таква случка поставете и одговорете си ги следниве прашања:

  • Дали мојата понуда ги решава проблемите на тој потенцијален потрошувач?
  • Дали ја понудив вистинската вредност на тој потенцијален потрошувач?
  • Му ги објаснив ли целосно вредностите и корисностите кои би ги добил со нашиот бизнис?
  • Ги разбрал ли нашите вредности?
  • Зошто неговата одлука е да нема бизнис со мојот бизнис? Како можеме да го дознаеме тоа?
  • Кои техники се обидовме да ги примениме?
  • Зошто кај тој потенцијален купувач тие техники не дадоа резултати?
  • Од каде дојде тој потенцијален купувач до нашата продажна инка?
  • Дали погрешно е сватен од негова страна нашиот процес за генерирање на потенцијални купувачи?
  • Какви се демографските карактеристики на тој потенцијален купувач?
  • Сме имале ли слични промашувања со други потенцијални купувачи со слични демографски карактеристики?
  • Имаше ли нешто во текот на продажниот процес за што се согласуваше со нас, или нешто што можеби му оставило впечаток?
  • Можеме ли нешто да подобриме во продажниот процес, вредноста, потребите на тие сегменти?
  • Што ќе правиме понатаму со тој потенцијален потрошувач?
  • Можеме ли да направиме план со подобрен продажен процес да се обидеме да го разубедиме во сегашната одлука?
  • Колку време би требало да помине за да го повториме подобрениот процес?

Одговори ги прашањата и ќе започнат да струјат идеите низ твојот мозок. Секој одговор, секоја идеја и секоја постапка која ќе следува само ќе го подобри твојот бизнис.

 

post

Google ги отстрани домените на co.cc

Навистина се чини дека Google оваа година ја прави вистинската работа во однос на објавување на војна кон spam-ерите и подобрување на квалитетот на резултатите од пребарување. Ова безкомпромисна борба оди дури до таму што сите поддомени на доменот co.cc се банирани од страна на Google и во резултатите од пребарување нема да се појави ниеден сајт кој e на тој домен.

Доколку побарате ќе видите дека ниеден сајт не се појавува, што значи дека од индекот целосно се исфрлени.

 

Google и co.cc

Google и co.cc

Иако можеби намерта на обезбедувачите на тие бесплатни домени е нешто друго сепак очигледно е дека не се потрудиле да се борат против оние кои што сакаат да прават штета.

Затоа, доколку се работи за бизнис веб сајт не треба да се базирате на вакви решенија бидејќи едноставно за некои работи воопшто нема да имате контрола.

Од друга страна како што е можно дабидат банирани домени, Google може да банира и цел хостинг сервер доколку на тој сервер се наоѓа поголем процент на spam сајтови.

Еве и уште еден доказ кога побарав еден сајт кој објавил некој текст од претприемач (но културно со име на автор, сајт од кој е превземено и линк до оригиналниот текст), а има домен на co.cc и најверојатно бесплатен хостинг:

Busy Server

Busy Server

post

Конверзија на купувачи – Чек листа

Задачи пред започнување на бизнис

Чек листа

Чек листа или листа на проверка е нешто што обезбедува да не заборавиме нешто во определен процес во кој треба да изведеме повеќе активности. Кога се бара стандардизација на работниот процес секогаш се користи една ваква чек листа.

Кога ја оставата колата на сервис, механичарот врз основа на староста на возилото и поминатите километри зема соодветна чек листа врз основа на која го изведува процесот на проверки и изведување на соодветниот сервис на возилото.

За еден претприемач кој е вклучен во различни бизнис процеси вакви чек листи за процесите кои ќе ги изведува претставуваат одлична алатка. Затоа, целта на овој пост е да обезбеди идеи за користење на чек листа во процесот на конверзија на потенцијални купувачи во купувачи.

1. Продажен процес

Соодветен продажен процес е основ за успешна конверзија. Малите промени во самиот процес може да доведат до големи разлики во резултатите.

  • Дали имате соодветен продажен процес инсталирано во вашиот бизнис?
  • Кој е одговорен за анализа и набљудување на тој процес?
  • Кои се изворите на потенцијални купувачи?
  • Кој е одговорен за првиот контакт со тие потенцијални купувачи?
  • Што ќе биде опфатено во првиот а што во следните контакти доколку првиот е успешен за конверзија?
  • Што ќе биде опфатено во следните контакти по првиот доколку првиот е неуспешен во конверзија?
  • Постои ли систем за анализа на контактите и акциите превземени од продажниот тим и нивната успешност.

2. Соодветна сегментација

Сигурно имате маркетинг средства со кои привлекувате потенцијални купувачи да нвлезат во продажниот процес. Но, не се сите исти или еднакви по важност. За некои веднаш може да се знае дека нема да продолжат низ процесот. Некои ќе продолжат но, ќе се откажат на половина пат. А некои сигурно ќе го завршат процесот. За сите различни сегменти се потребни различни активности од ваша страна. Затоа мора уште во старт да имате процес за сегментација на потенцијалните купувачи.

  • Како ќе знаете дали потенцијалниот купувач може да се квалификува за упувач?
  • Како ќе знаете која е нивната вистинска потреба?
  • како ќе знаете од каде доаѓа (географски)?
  • Како е знаете која е нивната возраст?
  • Како ќе знаете каде работи и колкав приход има?
  • Дали ги имплементирате горните прашања за постојана сегментација?
  • Кој е одговорен за таквата сегментација?
  • Има ли систематизиран пристап во следење и анализа на сегментите?

3. Одржување на листата

Листата со потенцијални купувачи треба постојано да се одржува што значи, ажурира со нови и чистење на непотребни контакти како и преместување од еден сегмент во друг.

  • Можете ли да ги следите активностите на потенцијалните купувачи и да го мерите нивното ниво на интерес?
  • Кој е одговорен за измени во листата?
  • Кој е процесот за одржување на листата?
  • Можете ли и кој ќе ја примени RFM формулата.

4. Анализа на конверзија

Постојана анализа на конверзијата како и причините за случување или не случување се основа за наоѓање на можностите за подобрување кои треба да доведат секогаш да имате повеќе купувачи.

  • Колку време ќе се следат резултатите за соодветните активности? Ако нешто има потенцијал да даде резултати ќе се почувствуваат уште веднаш, додека она што веднаш нема да покаже резултат не треба да се смета дека ќе биде утре. Затоа добро размислете за времетраење на следење на нешто за да кажете дека е успешно или не.
  • Што значи добра, а што лоша конверзија?
  • Што треба да се менува, а што да остане, а што да се прилагоди?

5. Подобрување

И секако, како и секогаш процесот на подобрување кој е резултат на анализата на конверзија.

  • Кој е одговорен за предлози за подобрување?
  • Кој ќе ги врши измените?
  • Што треба да се менува?
  • Кога треба да се менува?
  • Колкаво треба да биде подобрувањето?
post

Идеи кои можете да искористите од Јуни 2011

Претприемач

Претприемач

Ќе го започнеме месецот Јули оваа година со идеи кои можат да се искористат од постовите кои беа објавени во минатиот месец на претприемач. Ова се постови кои ќе влезат во потесен избор за најдоброто за оваа година и најдобрите ќе станат дел од Започни тука – страната која на некој начин претставува збир на уптства и водичи за претприемачите.

Бизнис идеи

Бизнис идеи доаѓаат од секаде. Тие не се само идеи за започнувае на бизнис или пак идеи за раст и ширење на бизнисот. Бизнис идеи претставуваат и идеи за подобрување на бизнисот кои може да доаѓаат од горе према надолу и оддоле према нагоре по организациско-хиерархиската структура.

Работните места може (и во најголем број на случаи кога се традиционално поставени) да бидат препрека на креативноста која пак е основа за генерирање на бизнис идеи. Затоа и постот:

Бизнис план

Основа на бизнис планот е да има како стартна позиција добри цели околу кои се развива севкупниот план. Бизнис план е едноставно водилка за остварување на тие цели во периодот за кој се однесува. Од друга страна да се има бизнис план ќе се бараат повеќе работи соодветно да бидат интегрирани во него. Доколку сте во фаза на размислување заподобрување на вашиот процес на планирање може да ви помогнат следниве постови од минатиот месц:

Маркетинг

Кога станува збор за маркетинг функцијата во еден бизнис минатиот месец некако се случи повеќе да преовладува на претприемач. Па така, она што можете да го искористите е следново:

Менаџмент

Уште една категрија која на некој начин преовладуваше на сајтот е менаџмент:

Претприемач

Во категоријата претприемач се најде анализата на влијание на политиката врз претприемачот и бизнисите.

 

post

Дали Toyota ќе се врати од катастрофата?

Toyota

Toyota

Не дека возам еден од нивните брендови, ниту дека премногу емотивно сум врзан за брендот, туку едноставно во 1990-тите и почетокот на 2000-тите години премногу бев и уште сум восхитен од перфектноста на нивниот производствен систем и нормално успехот кој го остваруваа на патот кон број еден во светот.

Од друга страна духот на самата компанија е нешто што навистина сите ги остава без здив. Знаејќи дека Јапонија е земја со ограничени ресурси и повеќето компании од таа земја едноставно во многу мал дел се базираат на националните ресурси, Toyota сите овие години докажа и покажа дека може голем дел од сопствениот бизнис модел да го базира на матичната земја иако е распространета на сите континенти. Тој дух на „Јапонски начин на водење на бизнис“ е карактеристичен само за оваа компанија па затоа и се нарекува „Toyota Way“. Ова е најимпресивната бизнис филозофија на модерната ера. Комбинација на филозофиите како Kaizen (континуирано подобрување) и genchi genbutsu (увери се самиот) со вредностите и тимската работа креира моќна организациска култура.

Во 2002 години оваа компанија си постави цел за двојно зголемување на учеството на пазарот на глобалбо ниво до 2010 година, што би значело станување на глобален лидер во автомобилската индустрија.

Тој раст не помина без проблеми. Целите се остварија, но репутацијата како компанија која произведува квалитетни автомобили почна да опаѓа. Големиот притисок врз снабдувачите, да произведуваат повеќе неминовно доведе до намалување на квалитетот на испорачаните делови кои се вградуваа. Цената мораше некако да се плати и се случи првин 2009 година со отповикување на возилата заради определени грешки. Потоа кога се чинеше дека катастрофата помина се случи уште едно отповикување во 2010. Проблемите почнаа!

Непојмливо е за оваа компанија да зборува за превземени корективни акции на возилата, за реакција на проблемите, за решавање на појавените грешки. Зарем немаа одличен квалитет, постојано подобрување кое не значи реактивно подобрување, работа со нула грешки (Poka Yoke)… Како кога сите мислевме дека се безгрешни се појавија грешки?

Но, освен сопствените грешки во чекори за брзиот раст и развој на цена на квалитетот ниту природата не беше милосрдна кон оваа компанија. Се случи земјотрес и цунами при што едни од главните фабрики лоцирани токму во тие региони имаа огромно влијание врз работата на компанијата на глобално ниво. Освен овие природни ктастрофи се случи и истекување на радиоактивен материјал од нуклеарна централа и повтороно проблеми за компанијата.

Дали одлуките за тоа секаде каде што може производството да го базираат во матичната земја се причина за толкави последици од овие катастрофи? Имаат влијание, но сепак природните катастрофи може да се лучат секаде.

Но, јапонците користат еден симбол наречен jojo кој значи постепено, постојано, тивко и што побргу. Мислам дека токму тоа и го применува компанијата во моментов и затоа и верувам дека ќе излезат од оваа катастрофа или серии на катастрофи дури и посилна од она што биле.

Зошто сметам дека ова е реално? Би го сублимирал во три причини:

  • Првин менаџерскиот процес кој го имаат како и луѓето и организациската култура кои се основен столб на постојано подобрување во сите аспекти на организацијата ќе извлечат поука од грешките и на крајот ќе следува подобрување кое само ќе ги направи уште посилни.
  • Како што цените на нафта се се повисоки се чини дека Toyota со својот Prius, најиновативниот автомобил на деценијата е вистинско решение за заштеда на трошоците. Но, и различните регулативи кои најверојатно ќе следуваат за намалување на потрошувачката на нафта и загадување на воздухот од страна на западните земји ќе одат во корист на Toyota која сепак и покрај горенведените катастрофи е најспремната компанија во оваа подрачје.
  • Toyota е компанија која многу добро знае да ги искомбинира иновацијата и имитацијата на она што другите го прават и на таков начин да изнесе на пазарот автомобил кој е со „нормален“ квалитет со прифатлива цена, но не скапа цена.
post

Секогаш имајте SMART цели

Поставување на цели и нивно остварување е една од основните задачи на еден претприемач. Но, понекогаш грешките се правата токму во основата – поставување на цели. Често пати може да се постават цели кои:

  • тешко може да се следи нивната реализација и едноставно воопшто да не знаеме дали се остварени или не, или
  • кои се премногу општи, или
  • кои се неостварливи, или пак
  • кои не се знае за кој временски период се однесуваат.

За да не се прави една ваква грешка вообичаено се користи техниката SMART цели која означва дека истите се:

  • Специфични (Specific)
  • Мерливи (Measurable)
  • Остварливи (Achievable)
  • Реалистични (Realistic)
  • Временски ограничени (Time-Limited)

SMART цели

SMART цели

Specific – Специфични цели

Да земеме една цел која се однесува на зголемување на профит. И велиме нашата цел е да го зголемиме профитот. Што значи оваа цел за нас освен дека треба да го зголемиме профитот? Ништо друго. Целите на целта се да поттикнат акција за да истата биде остварена. Зошто ни се целите доколку не ги остваруваме?

Главното прашање тука кое треба да ја конкретизира целта е: За колку треба да го зголемиме профитот? Така целта може да биде: зголемување на профит за 10%.

Целите се специфични значи да содржат конкретни бројки како %, денари, број на луѓе… На ваков начин при подготовка на планот лесно можеме да дојдеме до она што треба да направиме за да ја оствариме целта која значи зголемување на профит за 10%.

Мерливи – Measurable

Од друга страна, целите треба да бидат нешто што може да се измери. На пример, многу е потешко да мериш цел како зајакнување на бренд отколку зголемување на број на потенцијални купувачи. Профитабилноста може да се мери. Приходот може да се мери. Раст на компанијата може да се мери. Може да се мери се она што се изразува во соодветна бројка која можеме да ја споредиме со целта.

Остварливи – Achievable

Не, треба да заборавите дека вие и вашиот бизнис треба да имате потенцијал за остварување на тие цели и секако да бидете реални во однос на нивно поставување.

Реалистични – Realistic

Лесно е да поставите цел за зголемување на број на потенцијални купувачи за 3000%  иако знаете дека тоа е неостварливо и нереално.

Временски ограничени – Time-Limited

Од друга страна целите мораат да имаат временска рамка за која се однесуваат. На пример, целта во вид на зголемување на стапка на конверзија за 20% кажува дека треба да се зголеми стапката на конверзија за 20% но, не кажува до кога тоа треба да се направи. Секогаш целите се поставуваат да важат за одреден временски период.

post

Маркетинг трикови за стартап бизниси

Имате бизнис идеја, сте преминале во следната фаза од животниот циклус – започнување и тука започнуваат вистинските проблеми. Немате доволно купувачи, а со тоа и приходите се слаби, а со тоа и финансиите за финансирање на бизнисот се на исклучително ниско ниво. Потребно е сите сили да ги насочите кон обезбедување на база на потенцијални потрошувачи кои ќе купат нешто колку што може побргу. Ова се постигнува со маркетингот. Секој бизнис се занимава со продажба, односно продава нешто за пари. Без разлика дали продавате производ или услуга на Вас во овој момент ви се потребни купувачи. Затоа една од основните цели е да навлечете колку што можете повеќе потенцијални потрошувачи во Вашата продажна инка.

Продажна инка

Продажна инка

Првата фаза од Вашата продажна инка за стартап бизнис е преку соодветна маркетинг кампања да пробудите свест за Вашиот бизнис кај колку што може повеќе луѓе. На сликата е прикажана продажната инка со фазите во неа.

 

Од друга страна во оваа фаза од животниот циклус финансиите не се на некое ниво со кое може да се вложат средства во маркетинг. И токму тука лежи најголемиот проблем во фазата на проблематичен период од животниот циклус на бизнисот. Затоа предлагаме некои од евтини стратегии за привлекување на потенцијални потрошувачи.

  1. Изработете интересно лого со името на Вашиот бизнис кое ќе пробуди интерес кај секој кој ќе го види. Логото нека бидне во боја и особено интересни бои кои привлекуваат внимание. Подобро е да платите за дизајнот на Вашето лого или пак да побарате на интернет веб апликации за изработка на лого кои може да бидат и платежни и бесплатни.
  2. Направете веб сајт со неколку содржини за Вашиот бизнис. Сајтот не мора да биде нешто професионално изработен бидејќи нема да имате многу посетители. Можете да направите сопствен блог во вид на веб сајт со редовно објавување на некои содржини од подрачјето на Вашиот бизнис. Ова можете да го направите без да вложите ниту денар.
  3. Поврзете се на социјалните мрежи како facebook, linkedin и twitter. Во почетните фази нема да имате многу луѓе, но направете профил, напишете нешто за Вашиот нов бизнис и што нудите, поставете линк до Вашиот блог или веб сајт. И започнете да барате пријатели, познаници и врзувајте се. Оваа стратегија во понатамошниот развој на Вашиот бизнис може да одигра голема улога. Отворете акаунт на StumbleUpon и започнете да барате сајтови од подрачје на Вашиот бизнис и поврзете се со луѓе од кои ќе ги пронајдете и кои се заинтересирани за истите подрачја.
  4. Изработете флаери и бизнис картички во боја со логото на Вашиот бизнис. Визит картички изработете и на клучните луѓе во Вашиот продажен тим. Можете да ги изработите самите со персонален компјутер и отпечатете ги на ласерски печатач или пак платете на некоја компанија која изведува графички услуги. Флаерите и бизнис картичките обавезно да ја содржат адресата на Вашиот веб сајт и по можност како луѓето да ве најдат на социјалните мрежи.
  5. Поделете ги флаерите на роднини и пријатели за да тие ги поделат на своите познаници и да кажат неколку збора за Вашиот нов бизнис. Но, немојте сите флаери да ги поделите кај роднините и пријателите бидејќи постои опасност тие да не се распространат понатаму туку да завршат како хартија за потпалување. Совет е да се поделат околу 30% од овие флаери на оваа група на луѓе. Така, доколку имате 500 флаери околу 150 можете да поделите на роднини и пријатели.
  6. Изберете 5 деца кои може да бидат од Вашиот комшилук или пак некои роднини и дајте им џепарец од неколку стотици денари за да застанат на посебни реони од градот и да ги делат флаерите на луѓето кои што поминуваат. Препорачуваме 50% од флаерите да ги поделите на Ваков начин.
  7. Останатите 20% имајте ги Вие и Вашите вработени за да ги делат онаму каде што се движите во кафетерии, ресторани, фризерници … Оставајте секаде по 10-тина флаери.
  8. Направете листа од 100 луѓе (пријатели, роднини, познаници, интересни групи кои ќе ги пронајдете во именикот) и јавете се по телефон. Разговарајте за она што го нудите и како можете да им помогнете. Но при разговорот немојте да бидете премногу упорни да продавате и здодевни. Бидете повеќе слушатели за да дознаете како Вашиот бизнис ќе може да им помогне на тие луѓе. Прашајте ги за нивните контакт детали доколку сакаат да им испратите нешто информативно за Вашиот бизнис. Ова правете го секој ден јавувајќи се на тројца дневно.
  9. Кај секој кој оставил контакт детали (свеста е веќе пробудена, потребно е да се пројави интерес) еднаш неделно или месечно испраќајте дел од Вашиот рекламен материјал. Ова комбинирајте го преку e-mail или пак директна пошта.
  10. Изведувајте ги овие чекори секој месец.