post

Глобализација или нов светски поредок – Дел 3

Овој наслов е третиот дел од серијалот за глобализација или нов светски поредок. Првите два дела можете да ги прочитате:

Најголеми противници на глобализацијата во развиените земји се вработените, кои поради селење на производствените капацитети, во за нив поповолни локации, остануваат без работните места. Со тоа во развиените земји расте бројот на невработени луѓе. Високоплатените работни места се задржуваат, за што е потребно поседување на одредени специјализации, додека другите работни места се отстапуваат на луѓе од неразвиените земји.

Противниците на глобализацијата велат дека со глобализацијата се губат работните места, а приврзаниците на глобализацијата велат: да, но само во секторите каде не се исплатува производството. Во развиените земји тоа е текстилната индустрија. Со увозот на текстил, односно гардероба од Кина, на граѓаните ќе им останат повеќе средства кои ќе можат да ги искористат за подобрување на својот стандард. Од друга страна со продажбата на текстил, Кина ќе има средства да купува компјутери, авиони и други технички достигнувања од западот, со што уште повеќе ќе допринесе за развој на западните економии.

Во развиените држави, луѓето кои останале без работа, државата ги смирува со делење на силни социјални пакети, стимулирање на дополнително образование и обука, но сепак останува горчливиот вкус од несигурното работно место, а со тоа и иднина. Не можат сите вработени во западната економија да бидат “супермени” и постојано да се префрлаат од едно работно место на друго, при што мора да ги прошируваат и надоградуваат своите знања, за да можат да добијат соодветно вработување. Доколку би настојувале сето тоа да го остварат секако дека би го нарушиле својот приватен живот, а има и луѓе кои тоа не би можеле ни психофизички да го издржат.

Бидејќи на современите компании се повеќе им се потребни образувани луѓе, а поради релативна унификација на образование низ целиот свет, тие се принудени да увезуваат таков кадар. Тие луѓе веројатно ќе имаат подобра позиција и подобра плата од голем број на домицилни вработени, кои се со помали способности и образование. При тоа се создава незадоволство кај домашните вработени, затоа што поради процесот на глобализацијата и селењето на производствените капацитети, некој им ги зема работните места и добрите плати. Од овие причини, во западните земји доаѓа до насилни демонстации против процесот на глобализацијата. Точно е дека државата во развиените земји дели социјални пакети на вакви категории, но самиот факт дека некој ќе остане без вработување, создава едно големо незадоволство. Во неразвиените земји расте вработеноста, но профитите остануваат мали.

Противниците на глобализацијата во неразвиените држави протестираат против зголеменото загадување, против прекумерното исцрпување на природните богатства, како и против експлоатирање на евтината работна сила. Регистриран е голем број на угледни меѓународни компании, кои во неразвиените земји исплатуваат ниски дневници, вработуваат малолетна работна сила или имаат лоши работни услови. Без оглед на прокламираните позитивни ефекти во светската економија, процесот на глобализацијата создава поголем јаз помеѓу богатите и сиромашните земји. Пример: Доколку треба да се изврши операција во вредност од 200.000 долари, секако дека вработените со плата од 1,5 долари на ден или околу 50 долари месечно, никогаш не ќе можат да ги соберат тие средства за да си ја платат операцијата.

Поради несоодветната распределба на богаствата од една страна и прекумерната беда од друга страна, можно е да дојде до активирање на социјална бомба, што по мислење на Харвардскиот професор Самјуел Хантингтон, може да предизвика и “Судир на цивилизациите”. Но, други автори сметаат дека, непријателите секогаш се дома и дека попрво би дошло до меѓусебни судири во рамките на една држава (помеѓу богати и сиромашни, една политичка опција против друга и слично), отколку да дојде до пошироки судири.

Без оглед на голем број на противници на глобализацијата, кои се гласни како во развиените така и во неразвиените земји, процесот на глобализацијата незапирливо оди напред па компаниите и државите треба да и се прилагодат, за да се искористи дел од економскиот колач. Глобализацијата доведува до различни неправди, но сепак иднината и мирот на цивилизациите зависи од разбирањето и соработката меѓу политичките, духовните и интелектуалните водачи на важните светските цивилизации и корпорации.

Ова е светот во кој живееме, па луѓето и во развиените и во неразвиените земји треба да вршат притисок, процесот на глобализацијата да не биде до таа мерка ниту суров ниту експлоатирачки, туку да се потенцираат и развиваат, колку е тоа можно, добрите страни на глобализацијата.

И капитализмот беше премногу критикуван во својот почеток, но сега голем број на капиталистички земји станаа синоним за добар живот и напредок, како и пожелна дестинација за живот на голем број на луѓе низ целиот свет. Затоа се надеваме дека и глобализацијата ќе ја надмине сегашната груба фаза, а факторите кои одлучуват за процесот на глобализацијата во своето работење ќе ги инкорпорираат добрите придобивки од глобализацијата. Но, доколку се продолжи со праксата на некои врвни компании, да исплатуваат дневници и плати на граница на физичкиот максимум, при што не се обезбедуваат добри услови за работење: работниците работат без соодветни заштити од хемиски или други агенси и слично, не се дозволува боледување или други видови на одмор, веднаш се даваат откази, се работи 10 и повеќе часови дневно со користење на труд на малолетни лица и со слични свирепи методи во работење со зголемено загадување на водите, воздухот, почвата; тогаш противниците на глобализацијата и на позитивните ефекти од глобализацијата на светското ниво, можат да кажат “не благодарам”.

Во развиените земји се развива свест за проблемите кои ги имаат луѓето во неразвиените земји, па се солидаризираат со нивните проблеми. Пример: Кога излезе во јавноста информацијата за нехумано однесување на компанија “NIKE” кон вработените во Азија, каде се практикувало вработување на малолетни лица, работење во лоши услови, премали дневници и слично, тогаш голем број на универзитети во САД ги раскинаа спонзорските договори со оваа компанија и ја принудија да ги подобри условите за работење во тие земји. На сиромашните земји, многу им е подобро да се потпрат на сопствените капацитети, почитувајќи го правото и строго казнувајќи ги економските и политичките криминалци, кои ги уништуваат економските капацитети на земјата, бидејќи без економска слобода не постои ниту лична слобода.

Треба да се напомне дека со развојот на глобалниот пазар се јавува и глобализација на криминалот, што достигнува загрижувачки размери и против што треба да се борат сите земји.

post

Глобализација или нов светски поредок – Дел 2

Овој наслов е втор дел од серијалот за глобализација или нов светски поредок. Првиот дел можете да го прочитате во Глобализација или нов светски поредок – Дел 1.

Глобалните компании можат да настанат со развој и окрупнување на самата компанија, но и со фузија на две или повеќе домашни или меѓународни компании.

Најголем број од глобалните компании се акционерски друштва, бидејќи тоа е најдобар начин да се собере потребен износ на парични средства за меѓународно работење, но финансиите можат да се соберат и од други извори како што се: државите, банките, пензиските фондови…

Со глобализацијата, меѓународното производство се специјализира. Капиталот се вложува во земјите богати со суровини, каде што се организира производство, а во другите земји се извезуваат готови производи.

Профитот останува кај тие што вложуваат капитал, односно кај глобалните компании, па моќта што ја има државата е второстепена, во однос на моќта што ја има компанијата. Финансиската моќ на компаниите им овозможува голема моќ, како во своите земји така и во странство. Денес голем број на политички, економски или воени потези кои ги повлекуваат одредени држави, можат да се набљудуваат низ призмата на интересите на глобалните компании.

Информациите кои ги добиват компаниите се посложени и поразновидни. Најголемо значење за глобалните компании претставуваат нематријалните технологии, односно знаењето.

Тие се штитат со помош на лиценци или патенти, но тоа најчесто се случува на национално ниво, па глобалните компании се повеќе настојуваат лиценците и патентите подеднакво да се заштитуваат во целиот свет.

Компаниите кои сакаат конкурентно да работат на меѓународниот пазар (а без тоа не можат да опстанат), во денешно и во идно време, мораат стратешки да размислуваат и пронаоѓаат решенија за брзи глобални промени. Се почесто, компаниите треба да се однесуваат предаторски за да успеат во светски рамки. Глобалните компании можат преку супериорната технологија, големиот економски обем, користењето на евтини суровини и енергенси, најдобри луѓе и евтин транспорт, секаде во светот да понудат висококвалитетен, а релативно евтин производ. Глобализацијата на пазарот се јавува поради интензивниот развој на меѓународната трговија и соработка. На глобалниот пазар се пласираат производи, услуги, финансии, суровини и работна сила. Големата стандардизација и унификација на производите овозможува ширење на глобалното работење. Пример, производството на делови за авиони,  можно е да се одвива во различни држави поради стандардизацијата на производството. Помина времето кога производите се прилагодуваа на вкусот на потрошувачите во определени региони, сега постои тренд да се креира глобален вкус на купувачите и така настанува единствената глобална култура.

При отпочнување со глобалното работење мора да се води сметка за разни видови на ризици и тешкотии, согласно со комплицираните економски, политички и социокултурни сили. Глобалната конкуренција подразбира понуда на производи со висок квалитет и со прифатливи цени, како резултат на намалување на трошоците на производството. Конкуренцијата на глобално ниво е остра, но е ограничена најчесто помеѓу две или неколку компании. Пример: Boeing – Airbus, Caterpillar- Komatsu, Coca Cola-Pepsi.

Глобалните компании вршат деиндустријализација на богатите земји, префрлувајќи ја застарената или валкана индустија во неразвиените држави. Со вложување на капитал во помалку разиените земји, глобалните компании се повеќе создават јаз помеѓу богатите и сиромашните земји. Тие отвараат фабрики кај што има суровини, каде произведуваат определени производи или полупроизводи, кои понатаму ги продаваат на други пазари за големи профити. Профитите се остваруваат и доколку полупроизводите дополнително се обработат во трета земја, при што се добиваат готови производи, кои се повеќекратно поскапи.

Доколку неразвиената земја ја национализира таквата фабрика, таа по одреден период почнува да пропаѓа поради лошиот или коруптивен менаџмент, поради превработување, поради неискуство и доаѓа до технолошко заостанување па фабриката најчесто пропаѓа, а развиените земји создаваат технолошка зависност. Доколку е потребно, зависноста се постигнува и со финансирање на определени политички партии на изборите, па тие носат позитивни одлуки за компанијата.

Продолжува: Глобализација или нов светски поредок – Дел 3.

post

Глобализација или нов светски поредок – Дел 1

Голем број на автори во согласност со своите искуства, знаења или интереси промовираат став за или против глобализацијата. Ќе се обидеме да ги согледаме и позитивните но и негативните импликации, кои доаѓаат од процесот на глобализацијата.

Глобализацијата се базира на идејата за интеграција на светскиот глобален пазар. Глобализацијата подразбира интегрирање на пазарите, производството, финансиите, сметководството, осигурувањето, што значи глобализација на секоја пора од општеството.

Процесот на глобализација, придонесува за создавање нови начини на размислување и создавање на нови стратегии. Голем број на компании, глобално се шират за да профитираат, користејќи ги своите големи финансиски, технолошки, производни и управувачки капацитети. Глобалните компании, меѓународниот пазар го набљудуваат како да е домашен и единствен.

Денешниот процес на глобализација е најповолно тло за развој на транснационални компании. Глобализацијата ќе овозможи ефикасно работење на светското стопанство, а најголема корист ќе имаат транснационални компании, а со нив и најмоќните држави САД, ЕУ и Јапонија, бидејќи поседуваат најголема конкурентска предност и се центри на тие транснационални компании.

Има мислења дека процесот на глобализацијата го форсираат големите транснационални компании и најразвиените земји на светот. ММФ, Меѓународна банка за обнова и равој како и СТО, се посочени како главно оружје на транснационални компании за ширење на процесот на глобализацијата, при што тие го контролираат и го насочуваат глобалното движење (Дури во голем број на литератури може да се прочита за светските конспирации и заговори).

Главната функција на царината порано беше заштита на домашната индустрија. Со развојот на глобализацијата и нејзините пропратни механизми се намалуваат царините, што претставува заштита на странското, а не на домашното производство, под парола за еднакви пазарни услови во целиот свет, иако условите се далеку од рамноправни, а придобивките се различно распределени.

Одбивноста кон промените, односно кон глобализацијата се побргу исчезнува. Јазичните бариери се побргу исчезнуваат, поради зголеменото образование на луѓето и користење на англискиот јазик, како универзален светски јазик. Светскиот пазар е огромен и доколку компанијата на него има само еден процент пазарно учество, може да оствари огромен профит. Технолошкиот напредок, особено во информационата, комуникациската и транспортната индустрија, создаде состојба во која човештвото за прв пат може да го набљудува светот, како една стопанска целина. Доколку компанијата е глобална, тоа не подразбира дека таа работи апсолутно во сите држави на светот.

Во некои држави не може да се оствари посакуваниот профит, бидејќи земјата е сиромашна, во некои земји се одвиваат воени судири, па во ваквите услови компанијата не гледа интерес за работење. Некои држави можат да бидат затворени поради политички, верски, идеолошки или други причини, па компанијата нема пристап или стравува дека ќе биде национализиран нејзиниот имот и затоа не работи во тие земји. Но, во принцип нема голем број на такви земји и тие не влијаат значително на глобалното работење.

Со паѓање на Берлинскиот ѕид, односно со почетокот на дезинтеграцијата на земјите од источниот блок, падна и силна идеолошка пречка за развој на глобализацијата и за развој на транснационални компании, а меѓународните компании ги запоседнаа тие пазари и го пораснаа нивното значење во светски рамки.

Со паѓањето на идеолошкиот поттик за борба против колонијализмот, изразено особено во Африкинските земји богати со природни ресурси, но и поради други економски проблеми, се јави неоколонијализмот.  Доминантните земји од светот, поради претходно инсталираните финансиски, технолошки и политички системи, успеаја под своја закрила да вратат голем број од поранешните колонијални земји.

Глобализацијата доби полн замав, а со отварање на пазарите во Кина и Индија процесот на глобализација престана да има значаен опонент и се рашири на скоро целата земјина топка, со исклучок на неколку мали и маргинализирани држави.

Продолжува со:

post

Научен лакмус и препознавање на глобалните текови на пазарот на капиталот

Како една од првите повлијателни теории за меѓународното работење се јавува Меркантелизмот.

Меркантелизмот бил пропагиран во 16 и 17 век, но и денес може да се сретнат приврзаници на таканаречениот неомеркантелизам. Цел на оваа теорија е да се зголеми националното богаство и моќ. Богатство и моќ претставуваат златото и скапоценостите, па земјата мора повеќе да извезува, а помалку да увезува за да создаде повеќе богатство. Овие теоретичари биле против слободната трговија, бидејќи настојувале да го поттикнат извозот, а да го намалат увозот.

Adam Smith 1776 год. прв се спротиствави на овие ставови, изнесувајќи теорија за Апсолутна предност, каде објаснува зошто неограничената слободна трговија е корисна за една земја. Тој смета дека пазарот, а не владата, треба да определува што ќе се увезува а што ќе се извезува.

David Ricardo ја проширува оваа теорија, поставувајќи ја основата за неограничена слободна трговија. Со слободната трговија би се добила специјализација на земјите, за она што може најевтино да се произведе. Две држави можат да имаат компаративна предност за производство на два различни производи и да постигнат висока специјализираност во својот домен.

Пример: Првата држава совршено го произведува производ А, а помалку совршено производ Б. Другата држава совршено го произведува производ Б, а помалку совршено (со поголеми трошоци или со послаб квалитет) производ А. Доколку првата држава би се концентрирала само за производство на производот А, а втора само на производство на производите Б, тогаш и двете држави би постигнале максимум во производството и со размена би овозможиле создавање на подобра економска состојба во двете држави. Но, тука настануваат реални проблеми, бидејќи може да се јави завист дека, одреден производ е поскап и дека едната држава повеќе заработува, па да сака и другата држава да се вклучи во производство на сличен производ, за да не стане зависна или за да ги зголеми сопствените приходи. Доколку државата се концентрира на производство на само еден производ, тогаш се отваарат други проблеми, бидејќи станува ранлива и подложна на притисоци.

Теоријата на David Ricardo е подобрена во 20 век, со познатата H-O-S Heckscher – Ohlin – Samuelson теорема. Оваа теорема тврди дека, секоја земја ќе го извезува оној производ, во чие производство интензивно се користи оној производствен фактор, кој таа земја го има во поголема количина. Значи, до меѓународната специјализација и надворешно трговските текови, се доаѓа поради тоа што помеѓу поедини земји постојат разлики во снабденоста со факторите на производството како: суровини, технологија, луѓе.

Земјите кои имаат малку капитал, а голема работна сила (неразвиени земји), ќе се ориентираат на оние видови на производни активности, за кои е потребно релативно малку капитал, а доста работа (на пример конфекција). Ќе извезуваат такви работно интензивни производи, а ќе увезуваат капитално интензивни производи (компјутери, автомобили), за чие производство се специјализираат земјите со изобилство на капитал. Најдобра позиција на пазарот ќе има онаа држава, која ќе може да го произведе определениот производ под најповолни услови. Заради тоа голем број на земји настојуваат да се специјализират за определено производство, за кое сметаат дека поседуваат конкурентска предност.

Бидејќи земјата А призведува одредени производи, а земја Б произведува други производи, има мислење дека со размената или трговијата доаѓа до постигнување на општа благосостојба во светот. Наместо земјата да се оптоварува со развивање на широк спектар на стопански активности, подобро е тие напори да се концентрираат во секторот каде веќе постои предност. Кога во тој сектор ќе се достигне максимум, тогаш се препорачува да се оди на освојување на друг сектор. Секоја земја настојува да се специјализира за производство на производи, кои може подобро и поевтино да ги произведе, за да може тие производи да ги замени за производи од друга земја. Некои производи се увезуваат затоа што матичната земја не може да ги произведува или затоа што другата земја ги произведува многу поевтино. Пример: Јапонија увезува нафта, бидејќи нема нафтени извори, додека САД увезува текстил, бидејќи производство на текстилот е поевтино во другите држави, каде вработените работат за пониски дневници или работат во лоши работни услови. Значи, меѓународната трговија и дозволува на една земја да се специјализира за производство на одредени производи, а да увезува други производи, кои поуспешно може да ги произведе друга земја.

Во оптек се и мислењата кои тврдат дека се јавува голема нерамноправност и експлоатација на едни држави од страна на други држави.

Изложените теории не дадоа потполни објаснувања за состојбата која постои во светското стопанство. Пример: Зошто САД се специјализирани за производството на компјутери, софтвери, филмови? Зошто Германија производува софистицирана техника, хемиска индустрија, луксузни автомобили? Зошто Јапонија произведува автомобили или електроника? Зошто Швајцарија произведува чоколади, лекови и има силни банки? Зошто Холандија произведува цвеќе?

Поради тоа, Michael Porter разви теорија, која се нарекува Теорија на националната конкурентска предност. Покрај факторите на природната предност, Porter ја истакнува важноста на факторите кои придонесуваат за развој на националните дијаманти, односно високопродуктивни и профитабилни индустриски гранки. Тоа се:

  1. Факторите на природните предности.
  2. Условите на побарувачката.
  3. Сродните и помошни индустрии.
  4. Стратегијата на компаниите, нивната структура и конкуренција.

При проверка на Heckscher – Ohlin – Samuelson теорија се установи еден парадокс, таканаречениот парадокс на Wassily Leontief. Пример: САД е земја со релативно изобилство на капитал, па би требало да извезува капиталноинтензивна стока, а да увезува трудовоинтензивна стока. Но, тоа не е така. Едно од можните објаснувања е дека САД имаат посебна предност во производството на нови производи, создадени со нови иновативни технологии.

Од 1970 год. доаѓа до надоградба на теориите, па настануваат нови согледувања дека, специјализацијата на земјите за одредено производство не е главен фактор кој придонесува за развој на една земја, туку тоа е Економијата на обемот. Со зголемениот економски обем на производството, се зголемува продуктивноста (бидејќи се зголемува искуството и рутината во производство), се намалуваат трошоците, подобро се искористуваат човечките и материјалните потенцијали, а како резултат на тоа ќе се намалат цените на производите и на услугите. Овие согледувања, во голема мерка го трасираа патот за развој на глобализацијата.

post

Економско-финансиски габарит на земјата како мобилизирачки фактор

Постои многу мал број на големи држави, кои имаат развиено сопствени капацитети и поседуваат ресурси за самостоен живот, сите останати држави се упатени на меѓусебна соработка. Но, и државите кои можат самостојно да функционират, доколку би се обиделе да се самоизолираат, брзо би се соочиле со голем број на проблеми (одредени ресурси би им се намалиле, поради намалената конкуренција технолошки би почнале да заостануваат и слично), па и тие земји покажуваат интерес за развивање на меѓународната соработка и размена.

Големите земјени пространства се битни и заради можноста за производство на храна, сместување на луѓе (простор за живеење, рекреација), поседување на рудни и природни богаства, развиени сообраќајни врски и слично. Без оглед на големината, ниеден пазар не може успешно да се развива самостојно и изолирано. Развиените стопански структури со богати ресурси, овозможуваат создавање на голема сила и независност од меѓународната трговија, бидејќи можат да обезбедат поголем дел од своите потреби. Поради својата големина, но и поради поволната географска положба, одредени земји порано се вклучуваат во меѓународната размена, со што се стекнуваат со конкурентска предност.

Големината на земјата како и големината на општественото богатство, го определува значењето на државата во меѓународните рамки. Некогаш големината на земјата може да не се користи на правилен начин, па таа да биде сиромашна и слабо влијателна земја. Тогаш дури и мали и богати земји, како што е Швајцарија, можат да бидат повлијателни отколку големи, а сиромашни држави. Да се биде голем, а особено во индустријата, претставува најдобар начин да се влијае на цените и на трошоците, да се располага со капитал, да се има отворен пристап до пазарите и да се поседуваат и други елементи на моќта, што вкупно придонесува за создавање на голема пазарна моќ.

Постојат и историски фактори кои овозможуваат подобар развој на определени земји во однос на други. Земјите кои и порано претставувале воени сили, поради поседување на големи човечки потенцијали, добра геостратешка позиција, море или некој сличен фактор и понатаму поседуваат потенцијал за значаен економски развој.

До првата Светска војна, доминантна економска сила била Британија, која имала најголеми колонијални пространства. Придобивките што ги имала таа од колонијализмот се: користење на природните богаства, користење на евтина работна сила, обезбедување на пазари за извоз на стоки, услуги, капитал, прибирање на вонекономски капитал (даноци, такси, провизии) и слично.

Потоа, доминантно место во светската економија зазеде САД, а не смее да се занемари ни влијанието на другите големи држави, како што се: Русија, Кина, Индија, кои иако некогаш обременети со внатрешни проблеми, сепак се во состојба да бидат голем фактор во меѓународната економија.

Големите земји се побогати од малите во однос на одредени ресурси, како што се: луѓе, технологија, суровини, енергенси, па можат да вложат поголеми средства и да извршат поголем притисок за зголемување на извозот. Со големата маса на своите производи, големата земја може да влијае на светскиот пазар. За нив значаен е и развојот на вештините, кои прво се развиваат дома, а потоа се пренесуваат во светот. При големи економски обеми, заштедите се прават со специјализација, односно со учење. Со специјализацијата најдобро се искористуваат ресурсите, се зголемува продуктивноста, се намалуваат трошоците, доаѓа до големи откритија и иновации, како во производот така и во техниката и технологијата, што во крајна линија доведува до намалување на цената на производот, а од друга страна до зголемување на квалитетот и на употребната вредност на производот. На тој начин, компаниите ја користат економијата на обемот и развиваат конкурентска предност.

Големата земја, покажува поголема еластичност на увозот во однос на помалата земја, бидејќи е во состојба увозот да го покрие со извозот. Компаниите од големата земја се во состојба поголемиот број на производи да ги пласираат на својот пазар, со што ќе бидат помалку чувствителни кон светските трендови, а вишоците на производите може да ги пласираат и на светскиот пазар. Поради овие фактори, големата земја постигнува доминација во однос на помалите земји. Заради тоа, помалите земји мораат да воведуваат разни механизми за заштитата на нивното стопанство, но нивните механизми поради членство во СТО се значително ограничени, бидејќи се забранува поставување на ограничувањата во трговските односи меѓу државите потписнички.

Недостатокот на голем домашен пазар, малите земји можат да го надокнадат со влегување во интеграции со други држави. Големите земји ги следат сите потези на помалите држави и го користат секое нивно незнаење или грешки и на нив создаваат големи профити, искористувајќи ги нивните потенцијали. Големите земји можат да го ограничат извозот на капиталот и технологијата, па дури можат да предизвикаат и воени судири во земјата, која им ги загрозува интересите. Па, наместо да се развива, земјата би морала да се зафати со решавање на судирите, што значително би го отежнало производството и би и нанело штета на индустријата и на вкупна економија. Големите земји се во состојба, дури и директно воено да ги штитат своите економски интереси, пример подрачјата богати со: нафта, вода, енергенси… Бидејќи најсилните финансиски центри се наоѓаат во големите држави и тие се во можност да ги замрзнат истите, доколку е некоја помала земја политички непослушна или не ги следи интересите на големите земји.

Може да се заклучи дека големината на земјата има влијание врз големината на економската моќ на таа земја, а таа сила во крајна инстанца се рефлектира врз економските случувања во помали земји. За да се намали ова влијание земјите влегуваат во различни видови на поврзувања и сојузи. Во регионално поврзување влегуваат земјите кои сакаат да ја зголемат својата економска, политичка и воена сила. Во регионално поврзување влегуваат како мали, така и големи држави. Регионалното поврзување може да се оствари преку економски, царински, политички и воени унии. Регионално поврзување може да се оствари и преку организирање на културни и спортски манифестации. Регионална поврзаност се остварува и со цел да се одбегнат економски и политички притисоци однадвор, да се намали влијанието на другите сојузи, да се зголеми воениот потенцијал како и да се оствари противтежа на други унии, да се обезбеди динамичен регионален развој, да се обезбеди територија каде што може да се пласираат производите, да се користат суровините и енергенсите, да се намалат царините и слично.

Припадноста на одредени блокови или сојузи, може многу да влијае врз развојот на економската, политичката и воената положба на една земја. Овие сојузи се и воено солидарни против други земји или сојузи. Создавањето на унии или регионалното поврзување ги има следниве предности:

  1. Зголемување на апсорбциона моќ на пазарот.
  2. Растат приходите во рамките на интеграцијата.
  3. Подобро задоволување на животните потреби.
  4. Поголем интерес за неизвозни облици на соработка.
  5. Заострување и менување на карактерот на конкуренцијата.
  6. Менување на законодавството.

Неинтегрираните земји за овие сојузи имаат второстепен значај, а со тоа и помала можност за остварување на соработката. Со создавање и градење на регионални сојузи, може да се избегнат непријателски судири. Пример: обидот да се создаде регионална соработка на Западен Балкан, со цел да се намалат антагонизмите помеѓу државите кои припаѓат на овој регион. Со економскиот развој може да се избегнат и внатрешните судири.

Предностите на регионалното поврзување или создавањето на униите се:

  1. Намалување на потребните документи со што се штеди време и енергија.
  2. Поевтина дистрибуција.
  3. Поголеми извори за снабдување.
  4. Намалување на трошоците за истажување и развој.
  5. Намалување на администрацијата.
  6. Зголемување на пазарот.

Регионалните сојузи најчесто се формираат од земјите кои се во меѓусебно опкружување, но има и сојузи кои ги надминуваат регионалните рамки како што е NATO, Движењето на Неврзаните, Комонвелтот на чело со Велика Британија, поранешниот Варшавски сојуз и слично. Најзначајни регионални сојузи се оние сојузи кои ги предводат најмоќните држави.

Така на Северно Американскиот континент, каде што доминантна сила е САД, е создаден регионален сојуз наречен NAFTA (North American Free Trade Agreemeent), каде Мексико претставува за САД извор на евтина работна сила, додека Канада претставува квалитетен пазар за Американските производи.

Значаен регионален сојуз претставува EU, каде доминантна сила е Германија. Овој сојуз располага со респективен човечки, технолошки и економски потенцијал.

Како значаен регионален сојуз се јавува и APEC – Asia Pacific Еconomic Cooperation, кој го предводат Јапонија и Австралија.

По распадот на СССР се создаде Заедница на независните држави, а овој сојуз е исклучително важен, бидејќи е богат со просторни, рудни и нафтни богаства.

Постојат и други регионални сојузи како ASEAN (Association of Southeast Asian Nations), кој го сочинуваат земјите: Брунеи, Индонезија, Лаос, Малезија, Мјанмар, Филипини, Сингапур, Тајланд, Виетнам.

Државите Аргентина, Бразил, Парагвај, Уругвај, формираа регионален сојуз наречен MERCOSUR.

Боливија, Колумбија, Еквадор, Перу, влегуваат во регионален сојуз наречен Андски пакт.

Дури и земјите, кои имаат ист производствен програм, можат регионално да се здружат, заради заштита на своите интереси. Пример: земјите богати со нафта создадоа здружение OPEC, преку кое се договараат околу висината на производните квоти, а со тоа во голема мерка ја определуваат и цената на нафтата. Значењето на овие регионални сојузи е што тие ги окрупнуваат економските интересни зони и го трасираат патот кон побрз развој на светската глобализација.

post

Безготовинско плаќање како мобилизирачки сегмент за менаџирање на глобалните пазари

Купување на постоечки бизнис Извезената или увезената стока може да биде целосно платена, може да биде делумно платена – делумно компензирана за друга стока, а може и целосно да се компензира со контра испорака. Најголем број од испораките на производите или суровините во меѓународното работење, се одвива со плаќање. Но доколку компаниите или државите имаат баран производ, суровини или енергенси, а на нив им требаат други производи, но имаат проблем со платниот биланс, неконвертибилна валута, недостаток на финансиски средства или некој сличен проблем, во тој случај се оди на целосно компензирање на купената стока со контра испорака на друга стока. Во вакви случаи контраиспораката носи голема заработка и на двете земји и на двете компании кои соработуваат.

Клириншкиот начин на плаќање, подразбира размена на стока за стока. При што вредноста на стоката се врзува за одредена валута, а банките водат евиденција за клирнишките износи на побарувањата и инсистираат на обавезно затварање на побарувањата. Овој начин особено бил присутен во работењето на земјите од Источниот блок, но сеуште се користи и им овозможува на државите и на компаниите да дојдат до одредени стоки, за чие купување не можат да одвојат пари, односно во случај кога не се ликвидни.

Подиректно работење овозможуваат бартер аранжманите или трампа, со која се овозможува размена на стока без посредство на пари. Трампата се користи за работа меѓу партнерите кои немаат пари и не се кредитно способни. Тука постои опасност компанијата, за да ја пополни квотата, некогаш да земе стока која целосно не и одговара, но високото ниво на заработката овозможува и овие недостатоци да се надминат, бидејќи на другата страна најчесто се постигнуваат енормни заработки. Проблем е доколку стоките не се разменат истовремено, па излегува дека едната страна ја финансира другата за определен период, додека да се изедначат побарувањата, но со договори и овој проблем се надминува.

Противкупување е реципрочен договор за купување. Тој настанува кога компанијата се согласува да купи одредени количини на производи од земјата на која таа им продала производи. Пример доколку земјата А, купи производи од земја Б и ги плати, тогаш земјата Б се обврзува дека, за определен износ на добиените средства, ќе ги купи производите од земјата А.

Пребивањето е слично на размената со противкупување за сметка на извршената продажба, така што едната страна се соглесува да купи стоки и услуги со одреден процент од вкупната продажба. Разликата е во тоа што зделката може да се реализира со било која компанија од земјата во која е направен извозот.

Компензацијата може да се оствари и кога компанијата гради фабрики во земјата домаќин или обезбедува технологија, опрема или обука на кадри и се обврзува да превземе одреден дел од крајниот производ на фабриката, како надокнада за извршената работа. На компанијата од земјата домаќин, ова и одговара, бидејќи обезбедува сигурно пласирање на производите. Но и одговара и на компанијата која ги извезува услугите, бидејќи најчесто добива производи по поевтини цени, па заработува двосмерно, во еден правец извезувајќи ги своите услуги, а во друг правец увезувајќи евтин производ за своја употреба или за понатамошна продажба.

Свич трговијата се однесува на користење на специјализирана трета страна или трговска куќа, која се вклучува во договорот за размена, бидејќи има добро разгранети дистрибутивни мрежи и на тој начин го олеснува работењето на двете страни. Во овој случај заработката на двете компании се намалува, бидејќи се јавува посредник. Но, доколку компаниите не се сигурни дека ќе ја продадат понатаму превземена стока или доколку меѓусебно не се познаваат, сосема е прифатливо да се одстапи дел од заработката за сметка на сигурен пласман.

post

Капитал како мобилизирачки сегмент на менаџирање на глобални пазари

Компании во меѓународни услови Освен институциите кои имаат влијание на глобалните пазари тука е и капиталот.

На светскиот пазар не може лесно да се конкурира, бидејќи дејствуваат моќни компании и нивни подржувачки мрежи. Доколку компанијата сака да се развива и да го освојува пазарот, мора да има капитал.

Парите се многу посакуван производ, кој може да се пласира во било која држава или компанија. Главни изори на финансирањето се: банки, држави (владини агенции), приватни инвестициски групи, богати поединци, пензииски фондови, заеднички фондови, осигурителни компании.

Банките се големи фактори во светската индустрија. За да ги контролираат случувањата во индустријата, банкарите купуваат акции и влегуваат во управните одбори на индустриските капацитети. Но, бидејќи и индустријалците зависат од активностите на банките и тие купуваат акции од банките и влегуваат во управниот одбор на банките. Со овие активности се создава индустриско банкарска олигархија, која ги контролира економиите во голем број на држави.

Приватниот капитал, главно се движи воден од економскиот профит. Државата на тој капитал може да влијае и да го насочува преку одредени стимулации. Најголеми финансиски центри во светот се берзите во: Њујорк, Лондон, Токио, Франкфурт, Париз. За да може компанијата да котира на овие берзи, каде во оптек е најголемиот дел на светскиот капитал, односно за да може да се врши продавање или купување на акции и обврзници, компанијата мора да води сметководство, применувајќи ги светските стандарди.

Меѓународните сметководствени стандарди во голема мерка се слични со Американскиот сметководствен стандард. На ова инсистираат финансиерите, за да можат јасно да разберат какви деловни резултати постигнала компанијата. Ова претставува дополнителна обврска за компаниите кои се надвор од САД, но бидејќи на овие берзи котираат силни компании, вработувањето на сметководителите кои ќе го направат сметководство да биде стандардизирано не претставува претешка задача, бидејќи се смета на прилив на свеж капитал.

Со голема количина на капитал располагаат и ММФ, Меѓународна банка за обнова и развој, Лондонскиот и Парискиот клуб. За да се добијат пари од овие институции, потребно е да се исполнат нивните, некогаш и неповолни барања. Најважната светска валута е долар, неговото влијание се намалува но сепак е огромно. Тоа овозможува, Америка да добие многу големо значење во светската трговија, бидејќи штом има побарувања за одредена валута и надвор од матичната држава, тоа овозможува државата да печати поголеми количини на валута и на тој начин бескаматно да се финансира.

Развиените земји се најголеми извори на финансирање. Ширењето на капиталот може да се ограничува со забрана на неговото изнесување од матичната држава или со забрана на поседување на удели во одделни компании во странство, повеќе отколку што нивните закони тоа го дозволуваат (пример државата може да ја ограничи висината на странските вложувања да биде максимално 49 % од вредноста на компанијата). По Втората светска војна имаше недостиг на капитал во развиените земји и тие го ограничуваа износот на финансиски средства, што беше дозволен да се изнесе од државата. Со подобрување на економската состојба, развиените држави стекнуваат голема количина на финансиски средства и настојуваат тој вишок да го пласираат во други земји, каде би оствариле поголем профит.

Во поново време, со настанокот на светската економска криза, кога дојде до криза на банкарскиот сектор во Америка, а потоа се прошири и во останатиот свет, се намалија паричните средства, достапни за пласирање во помалку развиените земји. При што, голем број на земји ги почувствуваа негативните последици од оваа криза.

Кога компанијата вложува финансиски средства во својата странска филијала тоа претставува директно странско вложување и компанијата очекува за определен временски период да ги поврати своите вложени средства. Извозот на капитал зависи од состојбата во светските стопанства, а мотиви за извоз на капитал се:

  1. Остварување на поголем профит од вложениот капитал (камати, дивиденди).
  2. Зголемување на ефикасноста (специјализацијата).
  3. Искористување на поевтина работна сила.
  4. Пониска цена на суровини и енергенси.
  5. Комплетирање на производните капацитети.
  6. Отварање и проширување на нови пазари.
  7. Пласирање на капитални добра (машини, бродови).
  8. Избегнување на плаќање на царини.
  9. Обезбедување на политичко или воено влијание во определената држава, односно да се остварат стратешки интереси.

Извозот на капитал може да се стимулира и преку: намалување на данокот на доход за работа во странство, осигурување на пласманот од комерцијалните и политичките ризици, одобрување на кредити од државните фондови. Некои компании се двапати оданочени и во матичната земја и во земјата домаќин, па некогаш матичната држава е принудена да го намалува данокот за висина на средствата која компанијата ги има платено во земјата домаќин, за да им овозможи полесно работење во странство. Доколку една земја има квалификуван и способан кадар, таа ќе се определи за увоз на капитал во вид на финансиски кредити и лиценци. Доколку е сиромашна со финансиски, технички и организациски знаења, ќe се определи за заеднички вложувања со странските компании. Земјите увознички на капитал, со увоз на капитал стануваат посилни. Но, извозниците на капитал често ги насочуваат дадените финансиски средства за развој на индустрии, кои ќе бидат зависни од нивните компоненти. Некогаш и земјите увознички на капиталот нерационално го користат капиталот, со што само повеќе ја вовлекуваат неразвиената земја во проблеми.

Позитивни ефекти од увозот на капитал за земјата увозничка се:

  1. Увозот на капитал претставува увоз на дополнителни акумулации, па благодарејќи на нив доаѓа до поголеми стапки на стопанскиот раст.
  2. Зголемените инвестиции овозможуваат да се зголеми вработувањето. Се врши дополнителна обука и оспособување на кадар, кој стекнува додатни искуства и знаења.
  3. Поради развојот на домашното производство, може да дојде до супституција на увозот со домашните производи, а може да се смета и на евентуален извоз.
  4. Трансфер на технологии.
  5. Растат приходите во буџетот.
  6. Влијанието од позитивниот пример во работењето може да се одрази и врз други компании.

Негативни ефекти на увозот на капитал врз земјата увозничка се:

  1. Стопанството се развива спрема интересите на инвеститорите, па може да дојде до големи диспропорции во развојот на поедини гранки на стопанството.
  2. Странските инвеститори најчесто прекумерно ги исцрпуваат природните богаства.
  3. Профитот се одлева во странство.
  4. Доаѓа до зависност, бидејќи производството не може да се одвива без странски делови, со што се загрозува националниот суверенитет.

Девизниот пазар влијае врз заработката. На девизниот пазар се претвараат валути од една земја во валути во друга земја. Заработката може да се врши и со купување на одредена валута и нивна замена за друга. За да обезбедат сигурност на својот капитал, голем број од земјите извознички на капитал потпишуваат билатерални договори околу заштита на капиталот, со земјата увозничка на капиталот. Компанијата може да договори работа, но со промена на курсот на валутите тој бизнис може да се обезвредни или да стане премногу скап и другата страна да мора да го раскине договорот. Заради тоа, доколку владее валутна нестабилност, компаниите кои соработуваат обично го врзуваат договорот за вредноста на стабилна валута (најчесто долар или евро). Пловечките девизни курсеви ја прават економијата многу ранлива, бидејќи со менување на курсевите се нарушуваат условите од договорите.

Можно е земјата домаќин да ја девалвира или ревалвира своја валута. Инфлацијата може негативно да влијае врз постигнатите економски резултати на компанијата, преку обезвреднување на заработката.

Домашната валута може да биде преценета или подценета. Преценетоста на националната валута е состојба што се јавува кога внатрешната вредност (куповната сила) на валутата е помала од надворешната вредност (официјален валутен курс). Поради ова, цените и услугите за странските купувачи се високи, па затоа опаѓа нивната конкурентска способност, во однос на странските стоки и услуги. Потценетост на валутата е состојба кога внатрешната вредност (куповна сила) е поголема од надворешната (официјален валутен курс). Во овој случај цените на домашните стоки и услуги се атрактивни, односно конкурентни, во однос со странските стоки и услуги. Со тоа се создават услови за зголемување на извозот, а за намалување на увозот што на долг рок овозможува прилив на девизи.

Краткорочниот капитал, кој влегува во една земја и нема намера подолго да се задржи се нарекува шпекулативен капитал. Транснационалните компании мора да ја заштитат својата заработка, искажана во локалната валута. Затоа работењето со пари претставува голема обврска. Проблем претставува немањето на пари, но проблем претставува и вишокот на пари, односно треба да се сочува нивната ведност. Некои компании користат даночни засолништа како Бахамските острови, Бермудските острови, за да ја минимизират даночната обврска, а со тоа да остварат поголем профит.

Владата употребува монетарна, фискална и девизна политика за да влијае на економската состојба во државата. Монетарната политика дејствува преку промените на понудата на пари, фискалната политика дејствува преку промени во државната потошувачка или даноците, додека девизната политика претставува однос на државата кон девизните средства. Ако државата е голема и економски појака, промените во овие сфери влијаат на промените во светски рамки. Пример: хипотекарната криза во Америка цел свет го доведе до поголема или помала рецесија. Преголемиот дефицит, најчесто се јавува поради преголемите трошоците на владата или поради некои грешки во економското работење (пример инвестирање во погрешен сектор). Некогаш дефицитот може да биде корисен, доколку владата се задолжува во странство за да ги развива своите економски потенцијали, со што државата станува способна да ги врати средства и да заработи. Пример: повоениот развој на Германија и Јапонија.

Дефицитот може да се јави и кај преоптимистичкиот инвестиционен план, кој не дал очекувани резултати, а се потрошени рационално или нерационално големи финансиски средства. Заради овие грешки, кредиторите немаат желба да позајмат нови финансиски средства и државата влегува во криза. Прекумерниот суфицит исто предизвикува криза. Суфицит на тековна сметка значи дека земјата акумулира средстава во странство. Преголемиот суфицит предизвикува помалку инвестирање во матичната држава, а поголемо инвестирање во странство. Преголемото инвестирање во странство може да биде опасно за државата, доколку не биде во состојба да ги наплати побаруваните средства. Државата може потешко да влијае врз инвестициите пласирани во странство. Со зголемување на инвестирањето во странство се намалува домашното вработување, со што се намалува националниот доход и се нарушува социјалниот мир. Земјата со преголем суфицит, може да стане мета за напад од друга земја увозник на инвестиции, која може да воведе различни ограничувања, како што беше случај со Јапонија, кога создаде голем суфицит во трговијата со САД и со земјите на ЕУ.

post

Институции како мобилизирачки сегмент на менаџирање на глобалните пазари

Глобализација Во областа на светската економска соработка постојат три значајни меѓународни институции, Меѓународен Монетарен Фонд (ММФ) или IMF – International Monetary Fund, Меѓународна банка за обнова и развој или IBRD-International Bank for Reconstruction and Development, Светска Трговска Организација (СТО) или WTO – World Trade Organization.

ММФ била формирана со цел да се обезбеди соработка во областа на меѓународните плаќања и политиката на девизните курсеви и обезбедување на кредити за краткорочно урамнотежување на платниот биланс. Ние можеме да констатираме дека меѓународниот монетарен поредок е фундамент на светскиот економски поредок, нема економски поредок без монетарен поредок, но нема ни трговски поредок без монетарен поредок. Дури нема ни правен поредок, без монетарен поредок.

Сферата на финансиите, сферата на меѓународниот платен промет, сферата на доверителните односи во светот, сферата на меѓународните односи во многу случаи е еден од најважните правци и насоки со кои се определува физиономијата на целиот светски поредок. Во светот денеска функционира светски монетарен поредок. Светската Банката добила задача со долгорочни кредити да овозможи обнова и развој на стопанството на земјите членки. Додека задачата на СТО е да го контролира работењето во светската трговија. Сублимирано, цел на овие организации е да ги контролираат:

  1. Меѓународните парични текови.
  2. Меѓународните инвестиции.
  3. Меѓународната трговија.

Со овие три организации се постигнува контрола врз меѓународните бизнис текови и тие претставуваат лостови за развој на глобализацијата.

На конференцијата во Bretton-Woods 1944 година се формирани ММФ и Меѓународна банка за обнова и развој. ММФ се финансира преку уплата на квоти од страна на земјите членки. Висината на квотите се определува врз база на претходно направени анализи, како што се: големината на земјата, нејзините количини на злато, висината на БНД, големина на извозот и слично. Висината на квотите може да се корегира на секои 5 години, а доколку е потребно може корекција да се изврши и порано. 25 % од квотата треба да се плати во злато, а 75 % во национална валута.

Декларираните цели на ММФ се:

  1. Унапредување на меѓународната соработка врз основа на консултации и заедничко решавање на меѓународните проблеми.
  2. Проширување на меѓународната трговија, пораст на: вработеноста, приходите и производството.
  3. Стабилноста на девизните курсеви и спречување на конкурентската депресијација.
  4. Мултилатеризмот во меѓународните плаќања за тековните трансакции и отстранување на девизните ограничувања, кои го спречуваат растот на меѓународната трговија.
  5. Обезбедување на финансиски средства, за помош на земјите членки и урамнотежување на платниот биланс.
  6. Намалување на платнобилансната нерамнотежа.

ММФ инсистира на комбинација на цврсти макроекономски политики, вклучувајќи намалување на јавните расходи, повисоки каматни стапки и цврста монетарна политика. ММФ притиска и за дерегулација на одредени сектори (пример: цена на струја, нафта), кои порано беа штитени од домашната и странската конкуренција. Понатаму, се ангажира за приватизација на капиталот во сопственост на државата и подобро финансииско известување од страна на банкарскиот сектор. Со овие мерки се контролира инфлацијата и се намалуваат државните расходи и долгови. ММФ може да воведе дури и драконски мерки против определени држави, уништувајќи ги нивните економски потенцијали, заради што ММФ е често на мета на големи критики.

Со прифаќање на чланството во ММФ, државите ја намалуваат слободата во креирањето на монетарната политика, но поради можноста да обезбедат финансииски средства, во случај на потреба или криза прифаќаат одредени монетарни ограничувања. Основните обврски на земјите чланки се:

  1. Стабилност на цените.
  2. Обезбедување на економски услови и функционирање на монетарен систем кој не предизвикува нестабилност.
  3. Дозволено платнобилансно прилагодување
  4. Соодветна девизна политика.

При појава на дебаланс на платниот биланс, ММФ влегува со финансииска помош но наметнува и одредени услови на однесување. Особено се инсистира на намалување на јавната потрошувачка и на пазарно определување на цените, што директно влијае на падот на стандардот на населението, па во поголем број на држави се јавува негативно мислење за ММФ. ММФ дава позајмици со пониски камати, но голем број на други кредитори (пример Лондонски и Париски клуб) вршат притисок или уцена за доделување на кредити, за земјата што бара кредит претходно да постигне договор со ММФ, околу одредени економски параметри, што и дава дополнителна сила на ММФ.

ММФ определува и меѓусебни односи на валутите. Односот на валутите најчесто се врзува за вредноста на златото или за вредноста на доларот. Првобитно ерата на златниот стандард важела во периодот од 1870-1914 год. Висината на секоја валута била врзана за вредноста на златото.

Во периодот помеѓу две светски војни 1918-1939 год., поради економската криза наречена Голема Депресија, престанува да важи златниот стандард.

Во периодот по Втората светска војна од 1946-1973 год., повторно се воспоставува златниот стандард. Но, во 1973 год. САД го напушта златниот стандард и преку воведување на дополнителни царини изврши притисок на други моќни земји и тие да го напуштат златниот стандард и да ја врзат вредноста на својата валута за вредноста на доларот. Овој систем функционира и денеска. Поради недостиг на злато и недоверба во доларот се воведоа уште и Специјални права на влечење или Special Drawing Rights.

Врз база на висина на уплатените квоти во ММФ, секоја земја располага со одредена висина на Специјани права за влечење, кои можат во случај на финансиска криза да ги повлечат, за да се стабилизира кризата. Висината на една единица на оваа имагинарна валута е врзана за вредноста на златото или доларот и е подложна на корекција. Бидејќи ова е имагинарна валута, државата која ќе добие право да повлече определен износ, тој износ го конвертира (претвора) во пожелна светска валута и се исплатува во постоечката светска валута. Оваа опција не заживеа во голем обем во пракса, поради тоа што не се создаде доволна потреба од нејзината примена. Некои автори сметаат дека Специјалните права за влечење, претставуваат нова светска валута.  Сепак, допрва ќе се актуализира користењето на овие права.

Првична мисија на Меѓународна банка за обнова и развој, била да го обнови разурнатиот економски систем на Европските земји, настанати после Втората светска војна. Потоа банката се посветува на развојот на другите неразвиени држави. Финансирањето на Светската банка го вршат богати земји и врз база на висината на учество во финансирањето, добиваат право за одлучување за активностите на банката. Активностите на банката се фокусирани на земјите во развој, во области како човеков развој (образование, здравство), земјоделие и развој на рурални области, заштитата на животната средина, инфраструктура, владеење (антикорупција, развој на владините агенции), сообраќај, енергетика. Таа обезбедува кредити по повластени стапки, како и грантови за најсиромашните земји членки.

СТО е формиран 1995 год. во Женева, како продолжение на договорот ГАТТ постигнат 1947 год. ГАТТ претставува Генерален Договор за Царини и Трговија или General Agreement for Tariffs and Trade–GATT. Светската трговска организација влијае врз надворешната трговска политика на своите членки и врши унапредување на меѓународната трговија.

Основните функции на СТО се:

  1. Усогласување на националните надворешно трговски политики.
  2. Спроведување на спогодбите кои се постигнати во рамките на СТО.
  3. Надзор над водењето на националните надворешно трговски политики.
  4. Решавање на трговските спорови, настанати помеѓу земјите членки на СТО.

Основни принципи на СТО се:

  1. Недискриминација.
  2. Принцип на реципроцитет.
  3. Принцип на национален третман.
  4. Заштитата на домашното производство, согласно со одредбите на СТО.
  5. Намалување на царини.
  6. Елиминирање на нецарински бариери.
  7. Зголемување на транспарентноста на национално трговските политики.

Земјите во развој во голем број на случаи, се ослободени од принципот на реципроцитет. Земјите членки на СТО се обврзани да дадат статус на најповластена нација на сите земји членки на оваа организација, со што се одбегнува дискриминација на определени земји. Сите нецарински мерки на ограничување на увозот станаа недозволиви, а се настојува континуирано да се намалат царините, до нивно укинување. Тоа не им одговара на неразвиените земји, бидејќи не можат да ја заштитат својата индустрија. Доколку одредена земја ги прекрши овие договори, спрема нејзе се воведуваат санкции. Земјите членки на СТО мора да се придржуваат до пропишаните царини, со континуирано настојување тие да се елиминираат, па членките не се во можност сами да ја определуваат надворешната пазарна политика и губат суверенитет во таа област. Поради ова царините се помалку можат да се користат како инструмент за надворешната економска политика. Односно, се потешко е со подигање или спуштање на царината, да се овозможи остварување на позитивните ефекти врз економијата, но не може ни да се постигне послушност кај определени држави.

post

Царински и нецарински бариери во меѓународно работење

Гаранција и сервис Вчера напоменавме дека постојат разни бариери во меѓународното работење. Сега да видиме со какви се бариери може да се соочи една компанија.

Може да се каже дека постојат два вида на бариери: царински и нецарински бариери.

Секоја држава наплатува царини. Со воведување на царините, доаѓа до поскапување на крајната цена на производите, со што се намалува конкурентноста на тие производи. Од царината, државата добива пари во буџетот, домашните компании добиваат заштита од надворешната конкуренција, а купувачите губат бидејќи мораат да платат поскап, а некогаш и понеквалитетен производ. Царината, во принцип, ја зголемува неефикасноста на домашните компании, бидејќи тие добиваат монополски статус.

Зголемените царини или ограничувања, се воведуваат и доколку од одредена држава се пласираат производи, на кои тешко може домашната индустрија да им конкурира.

Одредени производи, поради евтините енергенси или поради евтината работна сила, можат да бидат евтини, што може од други држави да се протолкува како да се тоа дампинг цени. За таквите производи може да се воведат ограничувања во увозот или воведување на зголемени царини, како заштитни механизми против дампинг цените. Тоа најчесто се случува бидејќи меѓународните компании имаат супериорна технологија, користат евтини суровини, најдобри човечки потенцијали или се субвенционирани од моќни држави. Пример, субвенционирано производството на земјоделските производи кои доаѓат од ЕУ и САД. Во зоните каде што постои заеднички пазар, царинската унија или слободната царинска зона се дозволува слободна трговија и не постојат царини ниту квоти, кои одделни земји меѓусебно ги наметнуваат. Некои држави промовират царина како механизам за заштита на купувачите.

Пример: Забраната за користење на месо, третирано со хормонот за раст воведено од страна на ЕУ.

Постои и парцијална царинска унија, каде неколку земји воведуваат иста царина кон трети земји. Преференцијалните царини, се пониски царини кои ги предвидуваат или ги пропишуваат поедини регионални сојузи, едни на други и регулирани со договори за слободна трговија.

Царините се делат на: увозни, извозни и транзитни.

Извозните царини ретко се применуваат, а служат само за дестимулирање на извозот на одредени производи, за кои има побарување или се од стратешка важност за матичната држава.

Транзитните дозволи ретко се користат, бидејќи во 1921 год. е потпишан меѓународниот договор за нивно укинување. Значи, на сила се главно увозни царини. Државите можат меѓусебно договорно да ја намалат висината на царината, но доколку се во судир, можат царината и да ја зголемат.

Царината може да се предвиди, да биде до определен ниво со помал износ, а по определениот ниво да биде повисока. Висината на нивото на царината, се одредува преку две основи: првиот основ е вредноста на увезените производи, а другиот основ е количината на увезените производи.

Прелевманите или акцизите, имаат сличност со антидампинг царините и се воведуват најчесто на стратешките производи, за да се намалат влијанијата од субвенциите и премиите.

Интерес на најразвиените земји во светот е да не постојат царини или тие да бидат исклучително ниски, па царинските бариери се помалку претставуваат проблем при меѓународната соработка и трговија.

Во ЕУ и САД царините се во просек ниски и во зависност од секторот изнесуват околу 3-10 %, па царинските методи за заштита тешко се применуваат, така да овие држави доколку сакаат да се заштитат од конкуренцијата, воведуваат нецарински методи за заштита.

Развиените земји формално застапуваат ниски или никакви царини, а штом нивните интереси ќе се загрозат, тие веднаш реагираат со примена на нецарински бариери.

Пример е воведувањето на нецарински бариери, при решавање на спорот со Јапонскиот извоз на автомобили или Кинескиот извоз на текстил.

Развиените земји се најголеми корисници на нецарински бариери, бидејќи неразвиените земји немаат доволно сила, интерес или знаење да ги спроведуваат овие бариери. Развиените земји, најчесто ја штитат својата автомобилска индустрија, челична индустрија, текстилната индустрија, земјоделието.

Особено се даваат големи премии на земјоделските производи и во таа сфера најтешко оди либерализацијата, а настојуваат да воведат либерализација во други индустриски гранки, каде се исклучително јаки и конкуренцијата не им може ништо.

Пример, Европа применува високи царински стапка за месо и патики, а за суровини и енергенси, кои им се неопходни за интензивно производство царината изнесува 5 %.

Нецаринските бариери главно се делат на количински и вредносни. Кога постои голема побарувачка за меѓунардни производи, доколку се сака тоа да се спречи, најдобро е да се воведат контигенти и дозволи со што би се намалил увозот, а би се стимулирало домашното производство. Односно, државите одлучуваат да увезат производи до одредена парична или до одредена количинска мерка.

Квотите особено се применуваат во текстилната и земјоделската индустрија. Воведувањето на квоти или контигенти е ограничување на увоз на одредена количина или на одредена вредност на производот, за определен временски интервал. Прелевманите се користат особено во ЕУ. Тоа е одржување на цените, најчесто за земјоделските производи на повисоко ниво од светските цени. Доколку друга земја извезе земјоделски производи во ЕУ, тие воведуваат варијабилна царина, со што цените на увозните производи се изедначуваат со цените на домашните производи и конкурентноста на увезената стока се губи.

Со антидампинг мерките се штити пазарот од дампинг цените, каде производите на еден пазар можат да се продават под цената на чинење.

Пазарот може да се брани и со воведување на компензаторски мерки. Односно државата да добие компензации во случај определен производ да се продава, по за нив неповолни услови. Оваа мерка е слична со антидампинг мерките.

Понатаму, може да се наметнат административните бариери, при што споро се добиваат дозволи, па компанијата може да чека со денови иако производите чекаат на граница за да и се дозволи влез во државата. Одредена стока може дури и да се расипе, а во секој случај се зголемуваат транспортните трошоци, што би морало да се надомести со определување на повисоки цени на производите, што би било исто како директно да им се вовела голема царина.

Може да се воведат и голем број на дозволи и одобренија, што го прави влезот на тој пазар доста тежок.

Како уште една мерка на нецаринска бариера е барањето за локално учество, во смисол на основање на заедничка компанија, заедничко производство или слично. При што се наметнува барањето, во финалниот производ да се вгради одреден дел, кој е направен во земјата домаќин. Бидејќи царината за делови е помала отколку царината за готови производи, компанијата може да произведе голем број на делови во своите погони, надвор од матичната држава, а на домашната компанија може да и остави само да доработи или да произведе одреден дел, да го монтира и понатаму да го пласира. Ова е начин да се одбегне бариерата. Матичната држава е свесна за овој начин на работење, но бидејќи доаѓа до одредени вработувања, го толерира ваквото однесување.

Понатаму, постои техничка бариера, каде се бара производите да задоволат одредени високи-технолошки и еколошки прописи. Спогодба за “доброволно” ограничување на увозот се применува во секторот на автомобили, челик, текстил, каде развиените земји се чувствителни, особено при трговијата со Јапонија и Кина. Не се работи за доброволни средства, туку поради заканите, одредени држави мора да потпишуваат доброволни ограничувања на извозот. Заканите, доколку не се применуваат, доброволните ограничувања можат да бидат од различен вид, а во голема мерка би ја засегнале спротивната страна.

Културната бариера, е облик на бариера која спречува некој производ да се користи во одредена држава, поради различните културни особености.

Политичката бариера, е бариера со која определени производи не се користат поради судири, блокади, санкции или војна помеѓу определени држави.

Бариерата може да биде и корупција на царинските или други службеници.

post

Бариери во меѓународното работење

Оружје Државите настојуваат да постигнат целосна внатрешна рамнотежа со постигнување на целосна вработеност, со одржување на стабилни цени, но настојуваат да одржат надворешна рамнотежа и преку одбегнување на неизбалансираност во меѓународната трговија, односно во меѓународното побарување.

Со цел да се остварат овие определби, државите прибегнуваат кон примена на различни видови на бариери. Бариери во меѓународно работење и тргување се поставуваат заради заштита и чување на домашната индустрија (доколку има голема побарувачка за странскиот производ), остварување на буџетски приливи, остварување на доминација над другите држави и слично.

Државите можат да имаат либерален или протекцииски став кон бариерите во меѓународното работење и трговијата.

Протекционизмот најчесто се воведува со цел да се заштити младата или недоволно развиената индустриска гранка. Но, искуството покажува дека само со заштитните механизми, без спроведување на други активности, нема да може да се овозможи правилен развој на било која индустриска гранака и дека таа гранка долго време ќе покажува слабост во работењето. Во теориите се сретнуваат ставови дека слободната трговија носи општа светска благосостојба, но во пракса тоа не е така, бидејќи од слободната трговија немаат сите членки подеднаква корист. Се зависи од тоа дали се гледа од страна на развиените или неразвиените земји.

Некои на бариерите гледаат како на препреки за развој на слободната трговија, додека други во бариерите гледаат како на заштита на сопствените интереси, индустрии, граѓани…

Најголемите приврзаници за слободна трговија се всушност најразвиените земји на светот САД, ЕУ, Јапонија, бидејќи тие не се плашат од конкуренцијата, особено во високопрофитниот индустриски сектор, затоа што скоро и да нема кој да им конкурира на рамноправна основа.

САД од своето основање 1776 година, секогаш водела протекционизам за да ја заштити својата индустрија. Дури во почетокот на 20 век, кога достигнаа големо ниво на развојот, почнаа да пропагираат слободна трговија и меѓународна соработка. Слично се однесуваат и другите високоразвиени земји.

Факт е дека процесот на глобализација зема голем замав и дека се поголем е бројот на држави членки на Светската Трговска Организација, па се наметнуваат други односи кон бариерите и кон ограничувањата.

Порано државата можеше да даде статус на повластена нација на друга држава, да воведува големи царини и со тоа драстично да влијае на степенот на соработката. Со членство во СТО, државите се обврзани да применуваат ниски царини и сите држави потписнички да имаат меѓусебно признат статус на најповластена нација. СТО овозможува да се елиминираат бариерите во трговијата и соработката, а тоа важи за сите земји потписнички. Со тоа, теоретски е поставен услов за фер соработка. Доколку дојде до отстапување, СТО се вклучува во арбитража и решавање на споровите.

Бариерите во светот се намалуваат и поради големиот развој на телекомуникациите, интернетот, како и авионскиот и транспортниот сообраќај, што овозможува брза достапност на информации, луѓе и производи во сите краишта на светот. Сепак, иако се намалени бариери во работењето, тие остануваат и понатаму да постојат.