post

Бизнис План – Производи и/или Услуги

Ќе продолжиме со туторијалот за изработка на бизнис план втора верзија на претприемач. Досега веќе ја имате изработено насловната страна, потоа го поставивте костурот во вид на резиме и содржина и го завршивте насловот општо за компанијата. Сега ќе треба да започнеме со процесот на планирање на суштината на секој бизнис, односно она што тој бизнис ќе го продава – производ и/или услуга.

Опис на производи и услуги во бизнис планот

Опис на производи и услуги во бизнис планот

Сметајте го овој дел како еден процес на планирање, а не само препишување на Вашите идеи од книгата со бизнис идеи. Целта на овој наслов е прецизно да се дефинираат карактеристиките на производот и/или услугата како и корисностите кои потрошувачите ќе ги добијат со користење на тие производи и/или услуги. Затоа искористете ја оваа подготовка на бизнис планот за доусовршување на Вашата бизнис идеја.

Секој бизнис продава нешто. За тоа нешто добива пари од кои еден дел повторно ги инвестира во функционирањето на бизнисот. Тоа е основниот циклус на секој бизнис. Тоа нешто може да биде производ или услуга или пак комбинација од двете. Во последните 10-тина години излегува и нов тип на производ кој не може физички да се опипа, но го добивате, а тоа е електронски производ, во вид на книга, софтвер, услуга итн. Досега ги разработувавме воведните елементи кои имаат за цел да создадат интерес на читателите на бизнис планот за понатамошно читање. Доколку во претходниот дел сте привлекле внимание на читателот (банка, финансиска институција или потенцијален инвеститор) следното што ќе сака да го прочита е описот на производот или услугата што ќе ги продава тој бизнис.

Содржина на насловот

Еве што треба да содржи овој наслов од бизнис планот:

  • Воведно резиме за производи и/или услуги.
  • Опис на производите и/или услугите.
  • Конкурентска споредба на производите и/или услугите.
  • Како ќе се добијат производите и/или услугите?
  • Технологија.
  • Планови за идни производи и/или услуги.

Воведно резиме

Воведното резиме треба да биде напишано веднаш под насловот. Пред да започнете со комплетирање на останатите поднаслови од овој наслов можете едноставно под цртички да наведете накратко за што ќе стане збор понатаму. Искористете го овој дел да ве води во понатамошниот тек на планирање кое ќе биде дел од овој наслов.  Откако ќе ги завршите останатите поднаслови, можете да се навратите и да го досредите и ова воведно резиме. Во секој дел од бизнис планот практикувајте да дадете  кратко резиме за она што ќе биде опфатено во насловот кој следува. На ваков начин ќе обезбедите полесно снаоѓање и на читателот и на Вас самите кога го спроведувате бизнис планот.

Опис на производите и/или услугите

Како посебен поднаслов ставете да биде опис на производ и/или услугата. Во овој дел со цртички излистајте ги сите производи и/или услуги што ги продавате или ќе ги продавате. Описот накратко ќе треба да ги содржи следниве елементи:

  • Што ќе претставува производот и/или услугата?
  • Кои корисности ќе ги добие еден потрошувач?
  • Кои се основните карактеристики на истите?
  • За кој тип на потрошувачи ќе се однесуваат?
  • Како ќе се продаваат?
  • Доколку се работи за услуга од кои подуслуги ќе биде составена самата услуга.

За секој производ и/или услуга одговорете на овие прашања и одговорите нека не бидат повеќе од 100 збора или 500 карактери. За поспецифичните производи и/или услуги ова правило не мора да важи.

Целта е преку овој поднаслов во бизнис планот како процес на планирање да размислите за потребите на потрошувачите и корисностите што тие би ги добиле со што ќе се овозможи потенцијално генерирање на нови идеи за потребите на потрошувачи. Сево оваа опфатете го во лесно разбирлив и читлив формат заради лесно снаоѓање на читателот. Немојте само да ги нафрлувате речениците. Тие треба да бидат разбирливи и да го кажуваат она што е важно за секој производ.

Конкурентска споредба

Досега во овој наслов бевме субјективни и нашиот поглед беше насочен само кон нашиот бизнис и потенцијалните потрошувачи. Сега е време Вашиот мозок во овој процес на планирање да го свртите кон Вашите конкуренти или потенцијалните конкуренти доколку сте стартап бизнис.

Иако во посебен дел за анализа на пазарот овој сегмент ќе го разработите подетално, пожелно е во овој дел да накратко да наведете за разликите кои вие ќе ги понудите во споредба со главните конкуренти на пазарот. Користете специфични зборови во поглед на квалитетот, цената, начинот на продажба, локацијата итн. Бидете кратки и концизни заради лесно разбирање. Самиот процес би се одвивал на следниот начин:

  • Дефинирање на главните конкурентски производи и/или услуги.
  • Дефинирање на карактеристиките на тие конкурентски производи и/или услуги.
  • Дефинирање на корисностите кои ги обезбедуваат конкурентските производи и/или услуги.
  • Споредба на тие карактеристики и корисности во однос на Вашите производи и/или услуги.
  • Вклучување на дополнителни конкретни идеи за зголемување на јазот во таа споредба во Ваша корист.
  • Наведување на тие разлики во овој поднаслов.

Начин на добивање

Овој поднаслов ќе треба да опфати опис на тоа како ќе се добијат производите и/или услугите кои ќе се понудат на пазарот. Доколку сте малопродажен бизнис тука ќе треба да опишете од каде ќе ги набавувате производите кои ќе ги продавате. Доколку пак сте услужен бизнис како услугата ќе биде произведена, на пример преку најмување на професионалци, преку користење на специфични алатки за производство на услугата… Доколку пак бизнисот е производствено претпријатие тука ќе треба да дадете опис на производствениот процес и потребните репроматеријали за производство.

Технологија

Во овој поднаслов ќе треба да размислите за тоа како технолошките промени (кои се постојани) ќе учествуваат во Вашиот бизнис. Секој производ па и услуга има свој животен век. Колкаво е времето за замена на производот. Какво влијание ќе има интернетот и компјутерите на Вашиот бизнис и производите што ги продавате. Технологијата може да влијае на сите аспекти на бизнисот и позитивно и негативно. На пример, на услужните бизниси појава на интернетот од корен ги измени услугите кои се нудат. Производствените бизниси мораат постојано да ги следат технолошките промени и да ги инкорпорираат во својот производствен процес. Доколку технологијата не е важна за вашиот бизнис (иако дене тоа е скоро невозможно) можете слободно да го игнорирате овој поднаслов.

Идни производи и/или услуги

Никогаш не треба да застанете на едно место. Бизнис животот претставува динамичен живот кој бара секогаш да се гледа еден чекор напред во иднината. Пожелно е во овој дел да се опфатат и производите и/или услугите кои нема веднаш да ги нудите но планирате во иднина. Во овој дел едноставно размислете и одговорете на следниве прашања:

  • Кои производи и/или услуги можеме да ги воведеме во иднина?
  • Кои ќе бидат предусловите за нивно воведување?
  • До кога би можеле да бидат воведени?

Овој дел се однесува на вашата долгорочна стратегија на производи и/или услуги. На пример, за еден бизнис кој работеше по мои совети се знае за наредните 3 години каков ќе биде интензитетот на ширење на асортиманот на производите. Ова е комбинација на финансиски можности и потребен асортиман. Наведете ги овие ваши идни планови и желби накратко во овој дел.

Неколку совети

Запомнете дека она што тука ќе го дефинирате ќе претставува сржта на Вашиот бизнис во иднина. Повторно ќе напоменам дека ова е процес на планирање и не значи дека немате право да се навратите со нови идеи откако ќе ги поминувате останатите наслови од бизнис планот. Но, кога ќе го усвоите промени веќе се забранети, потребно е да се насочите на обврзување за исполнување на планот.

Овој наслов во кој се опишуваат производите и/или услугите ќе ви помогне уште еднаш да ја разработите Вашата бизнис идеја, да ги разгледате сите можни аспекти и да размислите за главните конкуренти.

post

Бизнис План – Содржина и Резиме

Сега сме на вториот елемент од бизнис планот, односно вторите два елемента – резиме и содржина, откако завршивме со насловната страна на истиот. Откако ќе ја свртиме насловната страна, односно откако ќе го отвориме бизнис планот ќе дојдеме до содржината на истиот и до резимето на истиот. Карактеристично за овие два елемента е дека истите доаѓаат на почетните страници од бизнис планот, но се пишуваат или средуваат на крај кога сите останати елементи ќе бидат завршени.

Бизнис план - Резиме и содржина

Бизнис план - Резиме и содржина

Содржина на бизнис планот

Содржината му помага на читателот при читањето полесно да се снаоѓа во содржините на бизнис планот. Никој не сака, па и нема доволно време да почне да чита од почеток до крајот на планот.

Нема некоја филозофија во однос на изработка на содржината на бизнис планот. Едноставно, напишете го насловот содржина и оставете простор каде ќе се вметне истиот. Доколку работите со MS Word или пак Open Office сите наредни наслови и поднаслови направете ги со еден од стиловите во Styles кои се однесуваат на наслови (Headings).

Стил на наслови во MS Word

Алатки за стилови за форматирање на наслови и поднаслови

Алатки за инсертирање на содржина

Ова ќе ви помогне на крајот едноставно да ја инсертирате содржината онаква каква што е, па и доколку правите измени има опција ажурирање (Update) за да се ажурираат страните доколку постои некое поместување. Ова се изведува преку инсертирање (Insert) на табела со содржина (Table of Contents). И целата работа околу содржината ќе биде завршена. Запомнете дека ова ќе го изведете на крајот кога Вашиот бизнис план веќе ќе биде готов и сите наслови и поднаслови ќе бидат дефинирани како што објаснив погоре.

Резиме на бизнис план

Многу често читателите на бизнис планот, оние кои треба да обезбедат финансиски средства завршуваат со резимето на бизнис планот, односно не продолжуваат со понатамошно читање. Втора состојба е да се прочита резимето и да се сврти на страните кои се однесуваат на делот кој му оставил некој впечаток од резимето.

Резимето на бизнисот треба да бидете првиот наслов кој ќе биде опфатен во содржината, но се пишува последно, откако ќе се заврши со сите други теми кои се составен дел од планот. Но, на оваа прашање би можело да се размисли и од поинаков агол. Можеме да напишеме пробно резиме кое ќе ни биде водилка за натамошните елементи на планот и на крајот да се прилагоди кон завршените други елементи. Резимето треба да ги содржи главните елементи од сите други теми кои се составен дел од бизнис планот.

Започнете со кратка историја на Вашиот бизнис како одговор на прашањата:

  • Кога е формиран или кога ќе биде формиран?
  • Каде е лоциран или каде ќе биде лоциран?
  • Која е бизнис идејата?
  • Што ќе опслужува бизнис идејата или каков проблем на пазарот ќе решава?
  • Кои ќе бидат клучните потрошувачи?

Потоа напишете ги следните поднаслови во вид на 1.1, 1.2, 1.3, 1.4 и 1.5:

  1. Главни показатели
  2. Цели
  3. Мисија
  4. Визија
  5. Клуч за успех

Главни показатели

Главните показатели треба да дадат една слика за тоа како ќе изгледа бизнисот во однос на тие показатели во периодот за кој се однесува планот. Она што е најважно и што може да се смета како главни показатели се следниве:

  • Продажба
  • Бруто маржа
  • Нето добивка

Затоа доволно е само еден график во кој ќе бидат прикажани овие показатели како движења за годините за кои се однесува планот. Затоа овој поднаслов ќе треба да е подготви на крај кога ќе ги имаме сите предвидувања од кои зависат овие показатели. Едноставно со помош на MS Excel направете еден график како на сликата подолу.

Главни показатели во резиме на бизнис планот

Главни показатели во резимето на бизнис планот

Овој график едноставено треба да покаже дали бизнисот ќе има раст низ годините, дали ќе има добивка и колкава ќе биде таа добивка. Ова е суштинскиот график на целиот бизнис план и од него ќе зависат многу понатамошни одлуки на читателот на планот.

Цели

Целите треба да ги опфатат сите цели кои се дефинирани за да се остварат за период за кој се однесува бизнис планот. Наведете ги сите цели и по можност користете нумерички опис на истите (На пример, „Остварување на профит од 30% од остварена продажба“; „Зголемување на продажба за 10% од минатата година“ итн.). Пожелно е пред да се дефинираат целите да се напише и визијата за бизнисот, бидејќи самата визија ќе ги дефинира целите како средство за остварување на нашата визија. Визијата ќе претставува поглед во иднината, односно ќе треба да одговориме на прашањето како треба да изгледа нашиот бизнис во иднина.

Фокусирајте се на долгорочните цели како нешто што ќе треба да се оствари во идниот период. Кога ги воспоставувате целите, уште во оваа фаза обидете се да размислите за потенцијални пречки за остварување на истите онака како што го опишав во Цели за 2010 – Како да ги остварите?

Мисија

Мисијата треба да го дефинира она што бизнисот сака да го работи за најмалку четири категории:

  • Потрошувачите
  • Вработените
  • Сопствениците
  • Општеството

Кажано со едноставни зборови мисијата претставува причина за постоење на бизнисот.

Мисијата треба да даде одговор за вашиот бизнис за помалку од 30 секунди на следниве прашања:

  • Кој е Вашиот бизнис?
  • Што прави Вашиот бизнис?
  • Која е положбата на Вашиот бизнис?
  • Зошто го правите тоа што го правите?

На пример, „ХХХХХ компанија постои заради задоволување на потребите на потрошувачите на текстилни прозводи при што ќе обезбеди врвен квалитет на производите и начин на продажба кој ќе предизвикува чувство на задоволство“ за продавница за текстилни производи. Можете да го искористите следново за да ја направите Вашата мисија:

[Име на бизнисот] постои заради [проблем кој бизнис идејата го решава] за [целен пазар] при што ќе обезбеди [производи и/или услуги] со помош на [предност на вработени или на бизнисот во однос на конкуренцијата] за [поволност која ќе ја добие потрошувачот].

Ова е само еден темплејт кој може да ве води низ процесот но, слободно можете да го менувате редоследот и содржината на истиот.

Клучни елементи за успех

На крајот од оваа поглавје наведете ги клучните елементи за успех на вашиот бизнис кои ќе бидат во согласност со претходно дефинираните цели и мисија на бизнисот. Наведете ги сите можни елементи кои ќе придонесат за успех на бизнисот. Тука всушност треба да одговорите на прашањето што Вашиот бизнис ќе треба да направи за да ги исполни дефинираните цели на бизнисот.

Откако ќе го завршите бизнис планот внесете ги следниве елементи во резимето:

Ова ќе бидат доволно елементи кои ќе бидат опфатени во резимето и ќе предизвикаат интерес кај читателите за продолжување со разгледување на бизнис планот. Но внимавајте на потенцирањето. Фонтот за содржината нека ви биде 12 (или 11) додека за наслови врз основа на стилот кој ќе го изберете (На пример главен наслов со Heading 2, а поднаслови со Heading 3…). Користете зацрнување (Bold) за сето она што треба да се потенцира и треба да биде она што е пожелно да му го привлече вниманието на читателот.

И за на крај едно прашање кое постојано се поставува е колку долго треба да биде резимето? Одговорот е колку е пократко толку е подобро. Препорачливо е резимето да биде една страна до две, но не повеќе од две страни. Две страни се доволно за да се опфатат сите горенаведени елементи. И бидете прецизни и концизни во пишувањето.

post

10 Извори на финансии за започнување на бизнис

Финансиите се основа за добро функционирање на секој бизнис. Без финансии нема да може да функционира бизнисот, односно да обезбеди нормално работење и да планира раст. Добрите претприемачи по правило се полни со идеи и акции кои следуваат по тие идеи, но секогаш имаат недостаток на доволно финансии.

Извори на финансии за започнување на бизнис

Парите за еден претприемач секогаш се малку, а идеите премногу!

При започнување на бизнисот една од најважните работи во процесот на планирање на тој стартап е добро да се проектираат финансиските показатели како би се обезбедило опстојување во тешката стартап фаза на бизнисот.

Во моментов работам на изработка на еден бизнис план за сосема нов бизнис. Планот се однесува на наредните 3 години. Ги извршив сите анализи и ги проектирав предвидувањата за движење на продажба во следните три години. Но, она што сакам тука да го истакнам е дека проекциите се базираа на минимални инвестиции за започнување, односно минимален износ на пари потребни пред започнување на бизнисот. Така да со тие проекции готовинскиот тек одеше во негатива следните една и пол година. Што не смее да биде случај, затоа што нема да може да се финансира работењето на бизнисот. Имав неколку опции:

  • Да ги намалам фиксните трошоци (што постоеше можност затоа што користев повисоки трошоци)
  • Да ја зголемам продажбата (што сметав дека ќе биде нереално)
  • Да го зголемам износот на стартап финансии.

Со зголемување на стартап финансиите со уште 300.000,00 денари готовинскиот тек стана позитивен. Значи моја работа ќе биде да дојдам до уште 300.000,00 денари. Доколку не успеам да дојдам до тие пари ќе поминам и на намалување на трошоците како таа сума би била помала.

Е токму затоа е потребно пред започнување да се спроведе првин процесот на планирање што во коментрот на написот Бизнис модел наместо Бизнис план од страна на Гого Рафајловски.

Пред некое време прочитав една американска анализа за Македонија во која се вели дека финансирањето на новите бизниси во главно се изведува преку лично финансирање и кредити од банки, додека многу помалку со алтернативните долгорочни финансирања преку издавање на хартии од вредност и долгорочни обврзници.

Ќе се обидам тука да ги претставам најкористените извори за финансирање на малите бизниси.

  1. Лични финансии. Финансии кои ќе ги обезбеди самиот претприемач.
  2. Финансии како позајмици од семејството и пријателите. Ова е втора опција на бесплатни финансии, бесплтни бидејќи нема камата на тие позајмици.
  3. Владини организации за развој на малите бизниси. Ова се институции кои се формираат од страна на државата и кои имаат за цел да го поттикнат развојот на претприемништвото.
  4. Банкарски кредити. Ова се краткорочни кредити кои служат само за да го подобрат финансирањето на бизнисот. Стартап бизнисите многу потешко доаѓаат до овие средства како правни лица. Но, затоа претприемачот може да ја искористи можноста за добивање н средства како физичко лице.
  5. Кредитни картички на претприемачот и членовите на семејството. Ова претставува една поскапа алтернатива на кредитите, но сепак достапни се средства во износ на лимитот на картичките.
  6. Ризичен капитал (Venture Capital). Сметам дека овој начин на финансирање сеуште не е развиен кај нас. Повеќе детали можете да прочитате во написот за ризичен капитал.
  7. Здружување на средства со партнери. Доколку имате идеја која сметате дека може да биде успешен бизнис понудете ја заеднички да го започнете бизнисот со некој од Вашите роднини и пријатели. На таков начин ќе обезбедите средства за започнување на бизнисот.
  8. Бизнис ангели. И овој начин на започнување сеуште е далеку од она што треба да биде. Повеќе можете да прочитате во написот за бизнис ангели.
  9. Штедилници. Овој начин на финансирање доаѓа од штедилници и е сличен со банкарски кредит, можеби средствата се малку поскапи но подостапни во секој случај.
  10. Лизинг. Се попопуларен начин за финансирање на малите бизниси кај нас. Ова всушност претставува изнајмување на опрема за работа која на подолг рок се плаќа наемнина и одредена каматна стапка на компанијата која го нуди лизингот.
post

Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 4

Во овој 4-ти дел од серијалот за започнување и водење на бизнис за 30 дена ќе продолжам со останатите 10 дена. Претходно имавте можност да ги прочитате Дел 1, Дел 2 и Дел 3. Ќе продолжиме со 21-иот ден од овој процес.

Започнување на бизнис за 30 дена

Ден 21: Разговарајте со повеќе луѓе за Вашиот бизнис

Овој ден искористете го за иницијална промоција на Вашиот бизнис пред вистинското стартување. Одете кај роднини и пријатели и зборувајте за она што ќе го работите и какви корисности Вашите потрошувачи ќе ги имаат од Вашиот бизнис. Зборувај со секое лице кое го познаваш и кое ќе го сретнеш на некој начин. Целта овој ден е лично да го претставиш твојот иден нов бизнис на сите оние кои ги познаваш и кои може да бидат твои потенцијални купувачи.

За секој нов бизнис, нели е потребно да постои барем еден потрошувач уште пред започнување.

Ден 22: Отворете сметка во банка

Денес мора да одлучите во која банка ќе отворите сметка за Вашиот нов бизнис. Размислете за услугите што сакате да ги имате од Вашата банка и анализирајте ги нивните понуди преку информациите кои се достапни на нивните веб страни. Изберете ја најдобрата банка и отворете сметка.

Ден 23: Легализирајте го бизнисот

Сега е време Вашиот нов бизнис да го ставите во правниот поредок како легален бизнис. Проучете ја националната легислатива за индустријата во која ќе оперира бизнисот и секако постапката за регистрација во Централен Регистар. Или пак најмете стручно лице кое ќе ги заврши овие работи за Вас. Но, моја препорака е сепак да ја проучите легислативата бидејќи ќе ви треба.

Ден 24: Направи бизнис картички

Бизнис картичките претставуваат важно промотивно оружје за секој бизнис во стартап фаза. Вашата денешна задача е да ги направите бизнис картичките кои ќе го содржат логото на бизнисот, слоганот, контакт деталите, веб страната и Вашето име и презиме.

Ден 25: Подгответе промотивни материјали

Кога ќе завршите со бизнис картичките започнете со подготовка на иницијалниот промотивен материјал како брошури и летоци. Овој иницијален промотивен материјал мора да го воведе вашиот нов бизнис на пазарот или заедницата во која ќе функционира. Ќе мора да направите навистина импресивни брошури и летоци. Доколку не можете најмете професионалец кој ќе го изведе тоа место Вас.

Ден 26: Направи план за денот на отворање

За денес Вашата задача е да направите план за денот на отворање. Колку луѓе ќе поканите? Кого ќе поканите? Што се ќе биде дел од програмот за отворање? Одговорете на овие прашања и направете план со сите задачи кои ќе мора да бидат завршени и со рокот на нивно завршување.

Ден 27: Кревај врева за денот на отворање

Денес мора да започнете со кревање на врева за денот на отворање. Користете ги социјалните медиуми кои ги избравте во 17-тиот ден. Зборувајте со сите луѓе за тој голем ден. Доколку кренете квалитетна врева околу Вашиот бизнис ќе ја зголемите и бизнис потенцијалната енергија за иднината на бизнисот.

Ден 28: Направи покани за денот на отворање

Денешната задача е да направите импресивни покани за денот на отворање на бизнисот. Вчера, дигнавте одредена врева за започнувањето што доколку добро е изведено ќе доведе луѓето едноставно да гладуваат да го видат она што ги очекува.

Ден 29: Поканете колку што можете повеќе гости на отворањето

Имате план, имате покани и едноставно сега спроведете го сето она што е планирано за отворањето. Доколку имате повеќе луѓе поголема е и веројатноста дека ќе имате повеќе потрошувачи од тие гости.

Ден 30: Започнете со продажба

Сега кога се е завршено, Вашата основна задача ќе биде да продавате.

Тоа е тоа! Ова се 30 дена кои Ви се потребни за започнување на бизнис.

Забелешка: Некои денови можат да бидат завршени во еден ден, но некои не можат да се завршат. Ова зависи од видот на бизнисот. Како и да е, доколку некоја задача бара повеќе од еден ден, едноставно дајте си дополнителен ден.

post

Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 3

Продолжуваме со третиот дел од серијалот на постови за започнување на бизнис за 30 дена. Веќе имавте можност да прочитате за првите 15 дена во Дел 1 и Дел 2 од овој серијал. Во тие први 15 дена веќе имаме завршено голема работа за нашиот нов бизнис. Сега ќе продолжиме со спроведување на останатите активности поделени по денови.

Започнување на бизнис за 30 дена

Деновите поминуваат, а бизнисот напредува!

Ден 16: Размисли и одлучи за бизнис веб страна

Денес еден бизнис не може да се замисли без сопствен веб презентација преку сопствена веб страна. Во овој 16-ти ден вие како иден претприемач ќе мора да донесете неколку важни одлуки за Вашата веб страна. Дали сакате да имате статична веб страна или една динамична која ќе биде основа за генерирање на потенцијални потрошувачи преку веб или пак комбинација на двете? Дали самите ќе ја изработувате или ќе најмите техничко лице кое ќе го стори тоа за вас? Доколку се одлучите за аутсурсинг одлучете кој ќе го изведе тоа.

Овој ден треба да го завршите со еден дизајн на хартија на Вашата веб страна кој ќе содржи:

  • Основни страни од кои ќе биде составена,
  • Текст за секоја страна,
  • Потребна графика,
  • Теми за блог доколку се одлучите за динамична веб страна,
  • 10 први блог написи за блогот,
  • Повик за акција кој ќе се примени,
  • Графички дизајн на процесот на генерирање на потенцијални купувачи.

Ова ќе биде доволно за да може техничкото лице да ја подготви Вашата веб страна.

Ден 17: Социјални медиуми

Во овој 17-ти ден Вашата задача ќе биде да ги изберете највлијателните социјални медиуми преку кои ќе се вмрежувате со потенцијални купувачи, пријатели, познаници и едноставно ќе споделувате информации како за Вашиот бизнис така и за се она што ќе биде од интерес на Вашите „социјални пријатели“. Откако ќе одлучите кои да ги користите (моја препорака е да не се распространите со премногу па на крајот ништо да не постигнете) веднаш направете профил и започнете со поврзувањето.

Обидете се да поставите и различни прашања во врска со Вашата бизнис идеја, можеби ќе добиете квалитетни информации за тоа како да го прилагодите Вашиот нов бизнис.

Ден 18: Анализирајте и изберете ја локацијата на Вашиот бизнис

Денешната задача е да ја пронајдете идеалната локација за Вашиот бизнис. Пред да започнете со барање, првин опишете што за Вас претставува идеална бизнис локација и забележете ги сите критериуми кои една таква локација ќе треба да ги има. Постои разлика за добри локација за различни типови на бизниси. На пример, едно од прашањата кои влијаат на локацијата е дали купувачите сами доаѓаат во бизнисот или пак едноставно бизнисот ги дистрибуира производите?

Кога ќе бидеш на чисто со потребната локација почни со барање и избери ја најквалитетната. Избегнувај ги грешките од следниов вид:

  • Избор на локација бидејќи е блиску до Вашиот дом. Вашиот дом не е важен за локација на бизнисот. Поголема е важноста на потрошувачите и потребите на самиот бизнис.
  • Избор на локација заради ниска цена. Локацијата претставува важен елемент на бизнисот кој влијае на целокупната бизнис потенцијална енергија.
  • Избор на локација заради Вас самите. Без постигнување на основните критериуми кои ги напоменавме погоре бизнис локацијата нема да биде добра за бизнисот.

Ден 19: Направете договор за локацијата

Кога веќе ја избравте локацијата која ќе биде идеална за Вашиот бизнис, овој ден ќе имате задача да го контактирате сопственикот на локацијата и да направите правен договор за закуп. Доколку локацијата е навистина идеална за Вашиот бизнис обидете се да направите долгорочен договор за закуп.

Ден 20: Изгради тим

Кој ќе работи за Вашиот бизнис. Кој ќе се занимава со продажба, кој со административните задачи, а кој со финансии маркетинг? Размислете за идеален тим кој може да победува. Можете да ја имате најдобрата технологија, најдобрите производи или услуги, најдобрите маркетинг активности, но без човечки ресурси Вашиот бизнис ќе биде ништо.

Овој 20-ти ден Вашата задача е да направите листа со можни луѓе кои Вие би сакале да работат во Вашиот нов бизнис. Откако ќе ја имате листата контактирајте ги за да направите еден иницијален договор.

Започнување и водење на бизнис за 30 дена – Дел 4 Следува …

post

Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 2

Ќе продолжиме со вториот дел од серијалот на постови за започнување и водење на бизнис за 30 дена. Веќе имавте можност да прочитате за првите девет дена во насловот Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 1. Продолжуваме со десетиот ден од овој процес.

Започнување на бизнис за 30 дена

Календар за започнување на бизнис за 30 дена

Ден 10: Направете иницијално истражување на пазарот

Пред да го започнете бизнисот вие како иден претприемач ќе треба да разберете зошто луѓето купуваат одредени производи и услуги, а навистина може да постојат различни причини за тоа. Некои купувачи купуваат заради едни причини додека другите за други причини. Истражување на пазарот е значаен дел од секој бизнис кој сака да понуди производи или услуги на пазарот. Потрошете го 10-тиот ден за да направите одредено иницијално истражување на пазарот. Можете да ги користите упатствата за истражување на пазарот од следните постови:

Ден 11: Направете иницијално проценка на продажбата

Овој единаесети ден од започнување на бизнис за 30 дена потрошете го за да направите иницијална проценка или пак предвидување на продажбата која ќе се остварува во иднината. Ова не е едноставна задача, но ќе мора да ја завршите и имате цел еден ден. Повеќе детали за тоа како да го спроведете предвидувањето можете да прочитате во следниве постови:

Ден 12: Определете ги иницијалните трошоци

Во овој ден време е да го определите буџетот за трошоци кои ќе ги има вашиот нов бизнис за одреден период на време. Вклучете ги трошоците за наемнина, маркетинг, даноци и сите други трошоци кои ќе ги направите во периодот по започнување на бизнисот, а кои во вид на пари ќе треба да ги имате. Користете месечни проценки на трошоци.

Ден 13: Определете ги трошоците за започнување (стартап трошоци)

Откако веќе ги имате предвидено иницијалните трошоци можете да започнете со предвидувања и пресметки на стартап трошоците или трошоци за започнување на бизнисот. Користете ги сите трошоци кои ќе ги имате пред започнување на бизнисот како и потребната актива која ќе треба да ја имате по започнување на бизнисот.

Ден 14: Направете бизнис план

Бизнис планот е една од најопфатените материи на претприемач. Набргу ќе започнам со нов серијал за сите елементи, односно поднаслови на бизнис планот. Веќе досега ги имате направено различните делови од бизнис планот како проценка на продажба и трошоци. Дополнително ќе мора да вклучите и специфични активности кои ќе треба да ги спроведете во иднина, како и организациски дијаграм со различни позиции на различни луѓе во бизнисот. Вклучете и анализа на готовински тек во бизнис планот комбинирајќи ги податоците од проценката за продажба и трошоците.

Повеќе за бизнис планот можете да прочитате во БИЗНИС ПЛАН – СУБЛИМИРАЊЕ.

Ден 15: Направате маркетинг план

Добар маркетинг план ќе ви помогне да знаете кои чекори ќе треба да ги превземете за да привлечете доволен број на вистински потенцијални купувачи за Вашиот бизнис. Искористете го овој 15-ти ден за изработка на добар маркетинг план. Повеќе за маркетинг планот можете да прочитате во:

Започнување и Водење на Бизнис за 30 дена – Дел 3

post

Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 1

Периодот на започнување на секој бизнис може да претставува вистинска ноќна мора за еден претприемач. Постојат различни активности кои ќе треба да се завршат за да една идеја се трансформира во вистински бизнис.

Започнување на бизнис за 30 дена

Календар за започнување на бизнис за 30 дена

Во периодот на започнување едно прашање кое е актуелно е колку време му реба на еден претприемач да го започне својот бизнис. 30 дена за започнување е доволен период за сите важни задачи да бидат завршени, но ова не мора да значи дека е точно за сите видови на бизниси. Некои може да се започнат за помал временски период, други за подолг од овие 30 дена.

Во овој пост ќе презентирам започнувањето расчленето во период од 30 дена. За секој ден по една задача која ќе мора да се заврши или за некоја задача по неколку дена.

Ден 1: Прибирање на различни бизнис идеи

Секој бизнис започнува врз основа на идеја. Потрошете го првиот ден од вашиот претприемнички пат за да приберете различни идеи кои ќе можете да ги трансформирате во успешен бизнис. На овој ден ќе морате да бреинстормирате колку што можете повеќе идеи. На претприемач веќе има различни постови за развој на добра идеја:

Прочитајте ги овие написи од листата и користете ги за да дојдете до различни идеи кои потоа ќе ги забележите во книгата со бизнис идеи.

Ден 2 – 3: Анализа на бизнис идеите

Вториот и третиот ден потрошете ги на анализа на идеите кои ги собравте во првиот ден. Јас вообичаено сакам да користам една мерка која ќе ми ги даде најдобрите идеи, а тоа е бизнис потенцијалната енергија која е складирана во самите идеи.

Ден 4: Изберете ја најдобрата идеја

Во претходните три дена вие веќе собравте доволно идеи кои ги анализиравте. Сега е време да донесеме одлука која идеја ќе ја започнеме како бизнис. Подредете ги анализираните идеи од претходните два дена и изберете ја онаа која е на прво место.

на крајот на овој четврти ден ќе мора да бидете на чисто која идеја ќе ја започнете.

Ден 5: Сопствеништво

Овој ден ќе биде потребен доколку бизнисот ќе го започнете со некој партнер. И подобро е уште сега да го дефинирате сопствеништвото отколку подоцна кога бизнисот ќе започне да носи приходи и профит. Одговорете на следниве прашања:

  • Чија е идејата за да се започне овој бизнис?
  • Колку пари кој ќе инвестира?
  • Кој и што ќе работи?

Разговарајте со партнерите, евалуирајте и анализирајте. Целта е на крајот од овој ден да го имате процентуалното сопствеништво на секој од партнерите.

Ден 6: Направете иницијален договор за сопствеништво

Сега е време да се направи еден договор со партнерите за тоа кој колкаво учество ќе има во сопствеништвото. Овој договор ќе треба да ги содржи сите точки кои ги дефиниравте претходниот ден (инвестирани пари и време, работни активности и процентуално сопствеништво).

Ден 7: Brainstorm и Избор на најдобро име

Можеби ова звучи како премногу едноставна задача, но запомнете да обрнете поголемо внимание на името. Ова го знам од лично искуство од пред 6-7 месеци кога брзавме да започнеме, а сега се мислиме дали името е ОК за работата која ја изведуваме. Започнете со браинсторминг на повеќе имиња кои ќе го отсликуват Вашиот бизнис и личниот имиџ кој сакате да го изградите. Размислете за тоа како името ќе направи разлика и уникатност од остатаокот.

Ден 8: Направи добро лого

Логото е вториот идентификатор на Вашиот бизнис, односно сликовит приказ на името. Кога потрошувачите ќе размислуваат за Вашиот бизнис во главата ќе им се појави визуелната идентификација – Вашето лого.

Потрошете го 8-миот ден да дизајнирате добро лого или пак да најмите графички дизајнер за да ја заврши таа работа место вас.

Ден 9: Размисли и избери слоган

Слоганот е третиот идентификатор на бизнисот како надополнување на името и логото. Потрошете го овој ден за да дојдете до добар слоган. Добар слоган е оној слоган кој лесно може да се поврзе со Вашиот бизнис и кој лесно ќе се запамети од потрошувачите.

Доста е за овој прв дел, следуваат попрактични работи како истражување на пазарот, предвидувања, маркетинг план…

Започнување и Водење на Бизнис за 30 Дена – Дел 2

post

Бизнисот е Една Обична Игра

Честопати за започнување на бизнисот претставува пречка нашето основно мислење дека немаме доволно вроден талент за претприемач. Ова се случува и за се она друго што планираме да се занимаваме. Можеби оваа претставува и една од најголемите пречки или препреки за започнување на бизнис и секако остварување на лични или професионални цели. За влијанието на препреките како една причина за неуспех пишував и во Цели за 2010 – Како да ги остварите?.

Бизнис како игра

Бизнисот и талентот

Сметам дека талентот не може да се стави само во категорија на „вродени“ карактеристики на еден индивидуалец. Талентот може да има вродени карактеристики или одредени предиспозиции но во исто време талентот е нешто што постојано се гради преку учење, пробување, искуство… Така да не можеме да кажеме дека сите кои се талентирани се талентирани бидејќи се родени со тој талент. На пример, еден фудбалер може да има талент преку некои предиспозиции во вид на пасија за фудбалот. Но, за да го постигне она што го постигнува секој успешен фудбалер во текот на неговата кариера секојдневно тренира, има различни тренери (учители, консултанти…), колку повеќе натпревари игра се е подобар и подобар (искуство).

Стравот од немање на талент и едноставно талентот како една препрека за започнување на бизнис е присутен кај повеќето од нас. Како претприемачи од нас ќе се бара да започнеме и водиме бизнис, да го развиваме бизнисот, да осмислуваме и имплементираме стратегии, да планираме, да превземаме одлучни акции, да остваруваме добивка… Сето ова еден претприемач ќе треба да го работи и размислува секојдневно.

Затоа и многу добри бизнис идеи воопшто не станале бизниси едноставно поради страв од немање на талент за да се биде претприемач.

Игра и бизнис

Многу време помина откако не играм видео игри. Но, во минатото се сеќавам дека кога и да добијам некоја пара од дома трчев во т.н. „флиперници“ во кои купував жетони за да играм некоја видео игра. Како изгледаше еден таков процес:

  • Првин застанував до некој кој веќе игра и гледам што прави. На ваков начин ги учев правилата на игра.
  • Кога ќе дојдев на ред започнував со играта при тоа пробував да ги применам правилата кои ги учев. Почетокот беше проследен со многу грешки и секако губење на многу жетони уште на првото ниво.
  • Потоа повторно следеше гледање на поискусните во играње на играта и учење на дополнителни правила, финти, трикови и игри.
  • Па повторно играње и применување на тие нови правила, финти и трикови. Секако првото ниво е веќе минато го поминував.
  • Потоа следеше комбинација на следење на поискусните и секако разговори за обидите и постигнувањата на пријателите и познаниците со цел да се добијат повеќе информации за нови правила, трикови и финти во самат игра.
  • Повторување на сите тие учења, обиди и тестирања се додека не се стигнував до крајот на играта (превртување) кога и го губев интересот.

Еве како е со бизнисот:

  • Се следи пазарот и се учат правилата на игра на тој пазар. кои се главните играчи, што прават и како прават.
  • Се започнува бизнисот со примена на она што е научено за правилата на игра.
  • Се анализира состојбата со претходните бизнис активности се продолжува со учење на правилата при што наученото се имплементира.
  • Се учествува на семинари, се разговара со поискусни, се продолжува со понатамошно учење и применување на сето она до кое ќе дојдеме.

Значи бизнисот не е ништо повеќе од процесот на играње на една игра. Потребна е упорност, креативност и трпение.

post

Жени Претприемачи – Нека Ви е Честит Празникот

Овој напис го посветувам на сите претприемачи од понежниот пол како и на сите потенцијални жени претприемачи во Република Македонија. А, потенцијалот сметам дека навистина е огромен и треба да се искористи.

На претприемач предходно опфативме неколку наслови за жени претприемачи па сметам дека не е лошо да повторно ги разгледаме особено поради денешниот ден (8-ми Март):

Малку Статистика

Благодарение на податоците од Македонија во Бројки 2008 од Државен завод за статистика можеме да видиме дека не е голема разлика во бројот на населението во Република Македонија во однос на полот:

Да видиме каков е односот на активното машко и женско население во Република Македонија.

Од овие податоци забележуваме дека јазот помеѓу активното машко население и активното женско население во Република Македонија е многу поголем. Скоро 1/3 повеќе се активни мажите во однос на жените.

Овој податок ни кажува дека сеуште во Македонија жената се гледа како некој кој треба да биде дома да одгледува деца, да се грижи за куќата…

Да го споредиме вкупниот број на население по полот во однос на вработени од истиот извор на податоци како и горните статистики.

Ова е доста интересен податок. Во 1997 година јазот помеѓу вработени мажи и жени бил 144.508,00 повеќе вработени мажи додека во 2007 година тој јаз е намален и изнесува 127.436,00. Ова значи дека нешто се прави на оваа поле и резултатот таков каков што е. Но, сепак сеуште разликата е огрoмна доколку споредуваме со бројот на населението поделено помеѓу мажи и жени при што изнесува околу 50% (фифти-фифти).

Што понатаму!

Едноставно забележуваме дека улогата на жените во бизнисот станува се поизразена, но мораме да признаеме дека сеуште не е на она ниво на кое треба да биде. Треба да се продолжи со позасилено темпо за да се постигнат позначителни резултати како овој јаз наведен во претходниот наслов би се елиминирал или барем драстично намалил.

И за крај повторно:

Нека Ви е честит Денот на Жената – 8-ми Март и секако имајте голем успех во се што ќе се нафатите да работите!

post

Бизнис план натпревар преку NCDIEL

NCDIEL е Националниот центар за развој на иновациите и претприемничкото учење кој е формиран во Ноември 2009 година со финансиска подршка на Канцеларијата на Австриската развојна соработка и тесно соработува со Центарот за развој на нови бизниси при Универзитетот Св. Кирил и Методиј.

Бизнис план натпревар

На веб страната на NCDIEL е наведено следново:

NCDIEL е дизајниран како Центар отворен за иновативни, технолошки-базирани и профитно ориентирани идеи. Има систем на селекција кој започнува со on-line апликација на бизнис идеите, по што следи селекција на најдобрите 80 идеи, обука на кандидатите во 13 модули од областа на претприемаштво и менаџмент на малиот бизнис, натпревар за најдобар бизнис план кој завршува со формирање на најмалку 10 нови компании. Активностите на Центарот продолжуваат со обезбедување на почетен капитал за новоформираните фирми, советување и менторирање на фирмите во насока на зајакнување на капацитетите на новоформираните компании за да опстанат и се развиваат на пазарот.

Визијата на НЦРИПУ е преку развојот на иновациите и претприемачкото учење да се стимулира самовработувањето, формирањето на нови бизниси и да се создаде поконкурентна економија која ќе биде основа за формирање на иновативно општество базирано на знаење.

Како што можете да забележите се започнува со онлајн апликација со бизнис идеја, кои ќе бидат разгледани од комисија при што 80 најдобри бизнис идеи ќе бидат избрани за понатамошно посетување на обуки. Обуките ќе се спроведат во 4 групи и ќе има 13 модули за обука. По завршување на обуката сите кандидати ќе треба да изготват бизнис план при што по оценка на комисија 20 од тие бизнис планови ќе влезат во финалето каде истите ќе треба да бидат презентирани. Најмалку 10 компании ќе имаат можност да бидат формирани со помош на Центарот.

Бизнис идеите ќе можете да ги пријавите преку Бизнис Стартап Центарот.

Доколку имате бизнис идеја и ви е потребна помош за започнување на бизнисот ова е вистинскиот начин да Вашата бизнис идеја ја претворите во реалност (вистински бизнис) при што ќе бидете водени низ овој процес од експерти.