Бидете секогаш најиновативни! Алатки, екниги и видео презентации само за најхрабрите!

post

Започнување на бизнис: Предности и недостатоци

Претприемач новогодишно 2012

Претприемач новогодишно 2012

Започнување на бизнис носи одредени предности, но има и свои недостатоци.

Треба точно да се определи што во дадениот момент претставува предност, а што недостаток, за да можат предностите да се искористат, а влијанието на недостатоците да се амортизира и неутрализира.

За оваа цел најмногу се користи SWOT-анализата, со чија помош се определуваат јаките и слабите страни кои настануваат во самото претпријатие, како и шансите и заканите кои се јавуваат како надворешни чинители.

Ајде да разгледаме некои предности и некои недостатоци во однос на започнување на бизнис.

Предности на започнување на бизнис

Предностите на започнување на бизнисот од нула се:

  • Можност да се позиционира бизнисот на посакувана локација. Самиот си анализира, избира и одлучува за локацијата претприемачот. Кога станува збор за купување на постоечки бизнис, ова не е можност, или пак бара вложување на многу повеќе финансиски средства.
  • Физичките капацитети се инсталираат според однапред дефинирани цели, предвидени со бизнис план.
  • Можностите за иновацијата се поголеми доколку се отпочне нов бизнис, при што сите фази во проектирањето се запазени.
  • Со отпочнувањето на нов бизнис, претприемачот креира сопствен имиџ, што не е случај при купување на веќе постоечка фирма.
  • Со купување на одредена фирма се купува и нејзината профитабилност, а со новата фирма може до ист или поголем профит да се стигне со помалку пари.

Недостатоци на започнувањењ на бизнис

Недостатоци на започнување на бизнисот од нула се:

  • Многу поголем ризик во однос на купување на веќе постоечки бизнис;
  • Потреба од време за да се стекне довербата на потрошувачите;
  • При започнувањето секогаш, ама баш секогаш ќе постои проблемот околу обезбедување финансиски средства;
  • Процесот на воведување во работата бара големо време за воспоставување на канали за набавка, продажба, кредитни аранжмани;
  • Неискуството со работата може да биде причина за неуспех;
  • Започнување со бизнис често пати носи и неискуство на претприемачот во однос на менаџментот;
  • Започнување со бизнис е напорна работа, да не се лажеме дека е лесно.
post

Бизнис план и што на еден претприемач му треба

Претприемач новогодишно 2012

Претприемач новогодишно 2012

Не, не значи дека не треба да имаш бизнис план. Сега, ќе звучам многу збунувачки, но сепак ова е почеток и доколку сте со нас и наредната година, полека ќе ги разјаснуваме работите за новите потреби за еден бизнис и претприемач. Можеби нема да се вика бизнис план, туку “мој процес”. Можеби ќе се вика “мој пат” или пак “како да ги исполнам моите цели”.

Името не е важно, не е важна формата, не е важен документот важно е што ќе направиш со него.

Ајде уште еднаш да го погледнеме видеото од бизнис план – нови погледи.

Не гледам ништо страшно, во поглед на некои крупни промени околу потребата или корисноста. Но, гледам крупни промени во однос на практицирање на процесот на бизнис планирање и секако обликот.

Прашањето е што му треба на еден претприемач?

  • Динамичното време во кое опстојува еден бизнис се повеќе врши притисок врз долгите активности, долгите размислувања, долгите акции… Потребна е брза реакција, откако нешто брзо ќе се направи, понуди, испорача… Потребен е еден поглед и воочување на погрешните чекори, погрешните претпоставки, погрешните хипотези, погрешните предвидувања… А ќе ги има, не дека ќе ги нема. Значи првата потреба е лесно воочување на она што било испланирано или предвидено со онаа што претставува реалност.
  • Потребно е нешто што ќе овозможи соодветно тестирање на почетните хипотези и воглавно погрешните претпоставки. На пример, планираме одлична 2012 година, раст на производство, бруто домашен производ… Се базираме на претпоставките и базирањата кои ги има Владата при подготовка на буџетот. Но, едно нешто треба да ни биде јасно, Владите манипулираат со бројките, а ти како претприемач немаш можност за манипулација, ти мора цврсто да газиш. Грешките Владите си ги исправаат без нив директно да ги боли, но тебе таквите грешки и цврсто држење до бројките за индустријата, за растот, за БДП и така натаму може да ти бидат катастрофални. Претпоставките базирани на таквите бројки мора да се проверат колку што може побрзо и доколку се открие нешто да се преземат соодветни мерки или промена на претпоставките.
  • Ни требаат податоци од денес, но и за утре. Најчесто хипотезите ги базираме на податоци од претходни години и статистички анализи на минатото. Не дека тие не се корисни, но корисни се само заради првично поставување на хипотезите, а не за понатамошно туркање и базирање на нашиот бизнис на нив. Нас ни требаат податоци од денес за денес, а ако може да добиеме и за утре податоци за да ги користиме денес ќе биде уште подобро.
  • Ни требаат сосема нови мерки или мерни индикатори. Финансиските показатели и натаму остануваат во игра, но тие премногу се базирани на внатрешноста на бизнисот. Денес еден бизнис функционира во многу пошироки граници во однос на минатото. Чекори со километри далеку од бизнисот, може утре или за месец дена да имаат огромно влијание врз самиот бизнис. Затоа е потребно целосно ревидирање на мерните индикатори и показатели кои ќе бидат содржани во еден бизнис план.
  • Ни требаат алатки за повеќестрано разгледување на анализите на податоците. Исти податоци презентирани на различен начин даваат различни заклучоци, кои понекогаш може да бидат дијаметрално спротивставени. Во еден начин на презентација на податоците (график) може твојот бизнис да биде супер, но во друг вид на график да забележиш дека нешто не “штима” со твојот бизнис. Затоа треба комплетно да го редизајнираме сегашниот модел на подготовка на еден бизнис план во нешто многу подинамично и нешто што реално можеме да го контролираме. Нас ни е важно да донесеме правилни заклучоци и да ги базираме нашите постапки на тие заклучоци.

Заради овие потреби и уште повеќе други кои ќе ги образложиме во наредната година започнав со дизајнирање на еден сеопфатен процес за градење на стартап. За да биде завршен овој процес користам и ќе користам илјадници книги, интервјурам и ќе интервјуирам повеќе претприемачи, ќе спроведам повеќе анкети од кои дел ќе бидат спроведени и тука на претприемач и ќе го склопам во еден едноставен процес кој ќе ги обезбеди најпотребните факти и податоци на кои ќе ги градиме нашите хипотези и секако одлуки.

Во секој случај, кога станува збор за бизнис план на претприемач, ова е само почеток за она што ќе не очекува следната година.

post

Започнување на нов бизнис

Претприемач новогодишно 2012

Претприемач новогодишно 2012

Започнувањето на бизнис во денешно време не претставува преголема тешкотија. Фирмите лесно се регистрираат, барем во тој дел се направија огромни подобрувања. Ниту пак се потребни големи средства. За почетна набавка на стока може да биде доволно и 5.000 евра, а тој износ може понатаму по потреба да се зголемува. При регистрацијата, најдобро е да се ангажира адвокат кој ќе се погрижи да се запазат сите правни аспекти, како при регистрацијата така и во иднина, бидејќи секогаш при склучување на договорите мора да се води сметка за можните правни реперкусии.

Започнувањето нов бизнис претставува и највозбудливиот дел од работењето, проткаено со голем број нови непознати случувања. Проблем претставува опстанокот на претпријатието на пазарот, како и неговиот раст.

Препорака до претприемачите во почетокот на работењето е да избегнуваат преголеми “консултации” во врска со отпочнатиот проект, бидејќи многу “совети” можат да го парализираат и откажат од зацртаната идеја. Многу совети можат да дадат луѓе кои недоволно знаат или не можат да ја сфатат бизнис идејата, потоа има злонамерни луѓе кои намерно даваат погрешни совети. Ова не значи дека никогаш не треба да се примаат совети. Тоа исто така е погрешно. Одмерено слушање на совети и целосно размислување со своја глава (со континирано учење на области во кои претприемачот чувствува недоволни знаења), претставува клуч за успешно работење.

Отпочнување нов бизнис кој подоцна не би успеал може да стане “ноќна мора”, бидејќи може да се изгубат големи средства, а можно е и потсмевање на околината, па претприемачот многу потешко ќе се одлучи да реализира некој нов проект. Не се смета за нешто страшно доколку некој бизнис и не успее, бидејќи има многу примери на успешни претприемачи кои не успеале во првиот обид, а можеби и во неколку обиди. Дури и во одредени случаи тие неуспеси претствуваат основа за иден успех како што опфативме во брзо пропаѓање на бизнисот. Можноста бизнисот од првиот пат да не успее е поизвесна отколку да успее. Важно е ова да се сфати кај нас, бидејќи во нашите отежнати услови на работење, можноста за неуспех е значително зголемена. Многу полесно е претпримништвото да се негува во развиените економии, каде постојат многу подобри услови за работење, како и поголем број можности за реализирање на бизнисот.

Фактори за реализирање на бизнисот

За реализирање на бизнисот најзначајни се три фактори:

  • Идеи. Претприемачот мора да има идеи и да се концентрира на нивното остварување. За да може една идеја да се реализира и од неа да стане добар бизнис, потребно е претприемачот да поседува знаење и искуство. Преголем број на идеи може да внесат конфузија и да го одвлечат вниманието од најдобрата. Доколку постои добра идеја, сите останати пречки се полесно надминливи, а реализацијата на бизнисот е пореална.
  • Финансии. Сето тоа не може да се реализира без финансии. Финансиите мора да се обезбедат во доволен обем, за бизнисот да може да почне да функционира и понатаму да се развива.
  • Сигурност во работењето, треба да обезбеди државата со своите механизми. Претприемачот мора да биде сигурен дека некој надворешен фактор нема целиот бизнис-потфат да му го уништи (ненадејни законски регулативи, нелојална конкуренција, црниот пазар, турбуленцијата на финансискиот пазар). Тука дадовме преглед на условите кои треба да важат кај нас во Р. Македонија. Додека овие услови во други држави би биле поинакви, во зависност од тоа на кој степен на развој се наоѓа државата. Во некои држави каде постои голема сигурност во работењето на компаниите, би било дури и смешно кога би се барало гарантирање на нивната сигурност (од ненадејните потези на владата, нелојалната конкуренција, корумпираност на инспекторите и слични аномалии).

Секако дека и другите елементи се значајни, меѓутоа како најзначајни ги потенцираме овие три.

Прашања кои мора да се одговорат

При започнување на бизнисот потребно е да се одговори на следниве прашања:

  • Кои се можните начини на започнување на нов бизнис?
  • Кои се причините за започнување на нов бизнис?
  • Кои се општите предности и слабости при започнувањето на нов бизнис?
  • Дали се поседува доволен капацитет за реализирање на бизнис?

Најчеста причина за отпочнување со бизнис е:

  • Поради самовработување и независност.
  • Да се заработат пари.
  • Да се вработи семејство.
  • Искористување на постојните можности на пазарот.
  • Предизвик.
post

Прирачник за бизнис планирање, темплејт и алатки за бизнис план

Бизнис план е една доста популарна тема за која имаме доста пишувано, но и ќе пишуваме особено во 2012 година кога ќе опфатиме теми за едно сосема поинакво размислување во однос на еден бизнис план или подобро кажано процес на бизнис планирање.

бизнис план

Овој пост сакам да го искористам како информација за она што е додадено при регистрација за бесплатните билтени на претприемач. Имено, пред извесен период сите регистрирани за билтените добија пристап до:

  • Прирачник за процес на бизнис планирање
  • Бизнис план темплејт во MS Word
  • Алатки за процес на планирање и изработка на бизнис план во MS Excel кои служат за пополнување на темплејтот.

Овие алатки беа превенствено креирани минатата година за премиум членови на претприемач.

Така да сега како благодарност од наша страна за регистрација на билтените на претприемач ќе добиете:

  • Се за бизнис план (што напоменавме погоре)
  • Е-книга за блогирање за бизнис
  • 10 Бизнис темплејти
  • Калкулатор за готовински тек во MS Excel и
  • 10 Видео материјали за веб презентација на твојот бизнис.

Но, со ова ја завршуваме оваа година, а за следната уште многу материјали. Тука ќе ја најавм само е-книгата блогирање за бизнис за 30 дена која ќе биде полна со информации и совети (Се надевам дека ќе биде во јанураи). Истата планираме да биде споделена во две верзии како pdf книга, но и како epub и kindle книга, така да можете да си ги читате и преку омилениот ридер на вашиот мобилен или таблет. Ќе има и нова верзија на е-книгата за блогирање за бизнис надополнета со уште совети. И секако, останатите ќе останат изненадување, а ќе има многу.

post

Последна работна недела за оваа година

Претприемач новогодишно 2012

Претприемач новогодишно 2012

Денеска започнува последната работна недела од оваа 2011 година, која доследно ќе си ја испратиме. За некого успешна, за некого просечна, а за некого можеби и катастрофална година.

Во последниов месец слушаме различни претпоставки за тоа каква ќе биде 2012 година. Ќе биде ли подобра од претходната? Секоја година исто. Не би сакал да навлегувам во разни шпекулации или претпоставки и предвидувања кои ги правевме кога започнавме со овој сајт, затоа што дел од нив сеуште држат вода, со таа разлика што тогаш зборувавме за една светска криза а сега влегуваме во друга што секако влијанието нема да не помине и нас.

Во секој случај не може а да не забележиме дека некои работи се придвижија доста нанапред кога станува збор за претприемништвото. Ако споредам во однос на крајот на 2008-та година кога и започнавме со претприемач, кога се беше тихо и немо на оваа тема, кога не можеше да се најде материјал на македонски јазик, кога немаше некои предизвици и поттикнувања на претприемништвото сепак може да се каже дека е постигнат огромен напредок. Се надеваме дека и 2012 ќе продолжи со такво темпо.

Но, да не должиме многу бидејќи и така оваа недела ќе биде новогодишна недела и кај нас при што како и секоја година традиционално ќе ги објавиме најдобри, односно најзначајните или најчитаните наслови на претприемач кои едноставно ќе го надополнат страната насловена како Започни тука и ќе опфатиме некои идеи за она што планираме да го правиме во 2012 година.

Последна недела од една година. Недела кога започнува опуштањето. Недела кога живата музика по рестораните и кафаните е од утро до утро. Но, и недела која можеби претставува клучна за еден претприемач. Кај сме, што сме, како сме, како понатаму… Сето тоа се прашања кои сепак крајот на оваа недела ќе ни ги даде.

Не дека во текот на годината не се споредувале мерките, исполнувањето на целите или реализација на планираното. Туку сепак за некого во петок, а за некого во сабота ќе се затворат бројките за оваа година.

#1 Цели

Сигурно досега си размислувал за целите, но сепак не е лошо оваа недела уште еднаш да ги поминеш. Сепак од идната недела ќе започнеш со работа на нивна реализација. Ајде, да дадеме уште некои совети за крајот на оваа година во поглед на целите:

  • Доколку имаш повеќе цели провери ги и приоритизирај. Обиди се и да ги групираш во една главна или поприоритетна цел, така да дојдеш до 3 главни цели. Запомни, не повеќе туку 3 главни цели. Премногу цели те дефокусираат и постои опасност од слабо остварување на истите.
  • Провери ги уште еднаш во однос на објективноста. Дали твоите цели се нешто што може да стане реалност? Понекогаш е подобро да поставиш ниски, но остварливи наместо превисоки неостварливи цели.
  • Не заборавај да бидат SMART цели.

#2 Анализа на досегашните резултати

Овогодишните резултати се добра појдовна основа за самоподобрување на еден бизнис. Не е лошо да споредиш во една табела се она што е реализирано, а што не е реализирано. Зошто не е реализирано? Како да се подобриш да може реализацијата да биде на повисоко ниво.

#3 Подобрување

Ова е последното нешто што би опфатиле за оваа недела, сепак треба да се слави и да се остават некои работи за во јануари. Но, сакам да напоменам дека не само подобрување на твојот бизнис или самиот себеси. Цела година се насочуваме на тие прашања. Како да ја подобриш сопствената околина? Како можеш да го подобриш животот на другите околу тебе?

Секој барем мал придонес да даде во подобрување на животите на луѓето околу нас, ние ќе бидеме една од најцврстите и најсилните нации.

Па, толку за овој пост…

post

[Цитат] Немање на цели

Цитати кои вреди да се потенцираат

Цитати кои вреди да се потенцираат

Проблемот со немање на цел е дека може да ти помине животот во трчкање нагоре-надолу низ теренот, но секогаш остануваш без погодок.

~ Bill Copeland

Како помош во поставување на цели:

post

Претприемнички стратегии – Променети вредности и карактеристики

Претприемнички стратегии - вредности Ова е четвртиот и последниот пост од серијалот за претприемнички стратегии. Досега беа опфатени следниве:

Во овој пост ќе стане збор за стратегијата променета вредност и карактеристики.

Во досега опишаните претприемнички стратегии главната цел е воведување иновации. Претприемничката стратегија, која овде се разгледува, самата претставува иновација.

Производот или услугата, кои стратегијата со себе ги носи, можат да бидат присутни во околината долго време, а стратегијата го претвора тој стар производ или услуга во нешто ново. Таа ја менува нејзината употребна вредност, нејзините економски карактеристики: додека физички тука нема никаква промена, економски гледано се појавува нешто различно и ново. Сите претприемнички стратегии, кои тука се анализираат, имаат заедничко обележје што тие создаваат, креираат купувачи, а тоа е во крајна линија и вистинската цел на секоја работна активност, пред се економска активност.

#1 Создавање корист за купувачот

Создавањето корист за купувачот овозможило луѓето да ги задоволат желбите и потребите на сопствен начин. Доколку претприемачот не е спремен до крајност да ги задоволи овие барања, секогаш ќе се најде друг претприемач кој тие барања ќе ги задоволи и кој за тоа ќе извлече економска корист.

Англиските ученици учат дека Rowlend Hill ја пронашол поштенската служба 1863 год. што е делумно точно. Уште во времето на Римското Царство, за време на Цезар, имало извонредни служби со брзи курири кои ја носеле поштата на редовна линија, до најдалечните делови на империјата. Илјадници години подоцна, во 1521 год., германскиот цар Carlo V се вратил на таквото работење и им дал монопол за извршување на поштанската служба на царските имоти, на две кнежевски семејства. Во седумнаесетиот век сите европски замји имале организирана служба по Германскиот модел, а истото го примениле и Американците стотина години подоцна.

Сепак Hill го создал она што денес се вика пошта. Неговиот придонес не бил во новата технологија. Поштенските услуги отсекогаш ги плаќале примателите, а висината на надоместот зависела од оддалеченоста и тежината на пратката. Тоа ја правело поштенската услуга скапа и бавна. Hill предложил поштарината да биде единствена во рамките на Велика Британија, без оглед на одалеченоста. Исто така, предложил секоја поштарина однапред да се плати, со лепење на соодветни марки. Набргу поштата станала соодветна за работењето, а станала и евтина.

#2 Утврдување на цената

За секој производ или услуга, потребно е да се определи вистинска цена која потенцијалниот купувач е спремен да ја плати.

Доколку цената е превисока, купувачите нема да го купуваат тој производ или нема да ја користат соодветната услуга и тој производ или услуга можат да бидат супституирани од некој сличен производ или услуга.

Доколку е цената прениска, тоа исто така може да фрли сенка на производот или услугата, односно кај купувачот да се создаде слика дека производот е евтин оти не е квалитетен.

Заради тоа утврдувањето на оптимална цена носи голем успех во работењето.

Патентите за копир машини завршиле во малата компанија, тогаш позната како Holaid, зашто никој од големите компании не бил заинтересиран за нив. Нивните сметки покажале дека таква машина би чинела најмалку 4.000 $. Никој не би платил толкава цена кога индиго хартија била скоро бесплатна. Компанијата Holaid, денешен Xerox, направила голем технички напор за да ја проектира крајната верзија на машината. Меѓутоа, нејзиниот главен придонес бил во одредување на цените. Таа не  продавала машини, продавала она што таа машина го произведувала, копии. При цена од 5 или 10 центи, немало потреба за барање оправдување на вложениот капитал. Тоа е ситница која може да си ја дозволи секретарката, за да ја олесни работата. Утврдувањето на цените на копијата од 5 центи кај Xerox-машините било права иновација.

#3 Потрошувачката реалност

Не постои ирационален купувач, купувачот мора да биде рационален.

Неговата реалност често е потполно различна во однос на реалноста на произведувачот. Се што потрошувачот купува, мора да одговара на неговата реалност, потреба или тоа што го купува за него да има некаква корисна вредност. 

Потрошувачката реалност во 1840 год. довела до можност за купување на кредит. ”Syrus Mc Cormick” почнал со производство на жетварски машини, но заклучил дека не може да го продаде својот производ, бидејќи тогашниот просечен фармер немал купувачка сила. Сите знаеле дека инвестираниот капитал би се вратил за некоја сезона, но немало банкар кој би ги кредитирал. Тогаш тој понудил купување на рати, а цената би била платена од заштедата, која жетварот би ја остварил од неколку жетви. Фармерот сега можел да купи машина.

#4 Испорачување на вредност за купувачот

Последната од овие иновативни стратегии, поаѓа од тоа дека се испорачува она што претставува вредност за купувачот, а не она што претприемачот мисли дека е вредност.

Тоа се наоѓа еден чекор пред стратегијата на прифаќање на купувачката реалност, како дел од производот и дел од она што купувачот го купува.

Една компанија од САД испорачува повеќе од половина специјални масла за подмачкување, потребни за огромни градежни машини за правење патиштата, булдожери и големи копачи на земја, тешки камиони итн. Таа компанија е во директна конкуренција со една од најголемите петролејски компании, која може да мобилизира голем број на специјалисти за масла, но таа во борбата не конкурирала со тоа што ќе продава подмачкувачки масла, туку  продавала сигурност дека машините правилно ќе работат.

Тоа што претставувало вредност за изведувачите на градежните работи не е подмачкувањето. Тоа е она што обезбедува опремата правилно да функционира. Секој час работење кој изведувачот го изгубил, чини многу повеќе од она што го потрошил за масло во текот на една година. Она што произведувачот на мазиво го прави е да им понуди на изведувачите на градежни работи анализа, неопходна за одржување на нивната опрема. Потоа тој им нуди програма за одржување на база на годишни претплатни цени и им гарантира дека нивната опрема нема да биде надвор од употреба, повеќе од одредениот број на часови годишно, поради подмачкување. Програмата препорачува употреба на мазиво од тој произведувач. Меѓутоа, тоа не е она што изведувачот го купува. Тој всушност купува добро функционирање и добро работење на неговата опрема, што за него има големо значење.

Останатите постови од овој серијал:

  1. Претприемнички стратегии – Да се биде прв, истовремено и најдобар
  2. Претприемнички стратегии – Да се погоди онаму каде што не очекуваат
  3. Претприемнички стратегии – Еколошка ниша
post

Брзо пропаѓање во бизнисот

Пропаѓање како можност Доколку пред една деценија и повеќе некој ни кажеше дека пропаѓањето можеме да го гледаме како нешто важно и нешто што ја зголемува бизнис потенцијалната енергија на еден претприемач, ќе ја класифициравме личноста како “комплетна будала”.

Но, денес се е променето. Денес е полесно да се започне бизнис од било кога досега. Денес, потребите на пазарот се менуваат со брзина каква што не е забележана досега. Денес градење на бизнис е полесно од било кога.

Најголемиот проблем е да се лансира вистинскиот производ на вистински пазар. Тоа значи нешто што пазарот би сакал да купи, нешто што решава вистински проблем кој постои на пазарот.

Поради тоа, ни требаат различни алатки, доколку сакаме да изградиме нешто големо. Од друга страна, иднината не е нешто што лесно може да се предвиди. Особено денес, кога промената е секојдневна и работа на секој од нас.

Доколку не можеме да ја предвидиме иднината, секогаш ќе постои неизвесност за новите бизнис идеи, и новите започнувања на бизниси (стартапи). Неизвесноста исто така значи и можност за пропаѓање колку што значи и можност за успех доколку ја користиме теоријата на веројатноста.

Но, не е се црно или бело. Зборуваме за еден претприемнички пат кој секогаш бил и ќе биде поврзан со неизвесност, ризици, проблеми… Разликата е единствено во интензитетот и силината на таа неизвесност, ризиците и проблемите.

Од друга страна, знаеме дека подобрувањата се последица на грешки. И можеме да ја видиме позитивната страна на грешките и пропаѓањата од тие грешки.

Кои може да бидат позитивности на пропаѓања? Сепак не се сите пропаѓања добри, но брзите пропаѓања може да имаат позитивна страна.

#1 Пропадни брзо за да научиш повеќе

Твојот бизнис како и сите бизниси на пазарот функционира во една доста неизвесна околина, Како еден претприемач, никогаш не си 100% сигурен за нешто поврзано со твојот бизнис.

Твојата задача е да се обидуваш, експериментираш, анализираш, тестираш… Но, резултатите никогаш нема да се знаат пред да се обидеш, експериментираш, тестираш и анализираш.

Доколку пропаднеш во овој стадиум на твојот бизнис, ќе научиш нешто за резултатите на твојата работа што ќе можеш да го имплементираш во иднина со други проекти.

#2 Пропадни брзо и пронајди можни подобрувања

Еден од најголемите извори на подобрување претставува пропаѓањето кое едноставно го зголемува твоето знаење преку учење и обезбедува подобрувања бидејќи нема да ги повторите истите акции кои довеле до тоа пропаѓање во иднина.

#3 Пропадни брзо и стани попродуктивен

Доколку нешто е погрешно, и предвреме осудено на пропаст подобро е колку што може побрзо да се совестиш дека правиш грешка. Но, доколку имаш лажна надеж, твоите напори ќе бидат во нешто што нема да ти ги даде посакуваните резултати.

Доколку сватиш побрзо, и побрзо ќе можеш да ги пренасочиш твоите и на твојот бизнис ресурси на други проекти кои се вредни за инвестирање на време, пари и напори. Ќе бидеш многу попродуктивен.

post

Претприемнички стратегии – Еколошка ниша

Претприемнички стратегии Ќе продолжиме со третиот пост од овој серијал за претприемнички стратегии. Досега во првиот дел од претприемнички стратегии стана збор за стратегијата да се биде прв, но истовремено и најдобар, додека во вториот пост за стратегијата да се погоди онаму каде што не очекуваат. Во овој дел ќе продолжиме со стратегијата еколошка ниша.

Сите наведени стратегии имаат за цел да ја освојат водечката положба на пазарот. Стратегијата на освојување на еколошките ниши, има за цел освојување на монопол во потесна област на пазарот или производство. Оваа стратегија, има за цел да ги направи своите успешни практичари имуни на конкуренцијата. Успешните реализатори на претходните стратегии, главно стануваат големите компании кои се лесно видливи на пазарот. Компаниите со оваа стратегија живеат во анонимност, без оглед што поседуваат производ битен за одреден процес, така што никој не се обидува да им конкурира.

Во рамките на оваа стратегија постојат подстратегии:

#1 Стратегијата на “наплатната рампа”

Ова е во голема мерка привилегирана положба, бидејќи претприемачите искористуваат одредена позиција или знаење за сопственото профитирање, при што другите кои се заинтересирани за услугите што ги нудаат овие претпријатија мораат да пројдат низ “наплатната рампа”, што на претпријатието му овозможува, без голем стрес и напор, да ги пласира своите производи или услуги. 

Стратегијата на “наплатната рампа” има и ограничувања. Тоа е статичката позиција. Кога еднаш ќе се освои, таа не дава многу шанса за пораст. Не постои ништо што компанијата, која освоила една еколошка ниша, би можела да стори за да го зголеми обемот на своите работи или да ги контролира тие работи, без оглед колку е нејзиниот производ добар или евтин.

Барањето зависи од потребата на процесот или производот чиј составен дел е тој. Оваа стратегија не смее да ја користи својата монополска положба за експлоатација, изнудување или малтретирање на купувачите. Доколку се јави такво однесување, купувачите ќе знаат да го казнаат тоа.

Положбата на “наплатна рампа”, во текот на многу години ја држела една компанија од САД, која уште пред 60 год. развила модел на заштитник против експлозија во нафтени дупки. Трошоците за правење на нафтената дупка може да изнесуваат повеќе милиони долари. Меѓутоа, една експлозија може да го уништи целиот труд. Затоа заштитникот од експлозијата за време на работа е поевтино осигурување, без оглед на неговата цена. Се повторува состојбата во која поради вкупниот ограничен пазар, ниеден потенцијален конкурент нема интерес да тргне во производство на некој алтернативен производ. Симнувањето на цената на заштитникот од експлозија на дупките, кое чини околу 1% од вкупната цена на една дупка, никого не го стимулира да ископува повеќе дупки. Конкуренцијата можела само да ја смали цената без некој ефект.

#2 Стратегијата на специјализирани вештини и знаења

За да се освои ниша на специјалности, тоа секогаш бара нешто ново, нешто што претставува вистинска иновација.

Првата работа е во раната фаза на една нова индустрија или пазар, да се истражи можноста за специјализација. Претпријатијата кои ќе се утврдат во нишата на база на специјалности, не можат да бидат загрозени ниту од своите купувачи, ниту од своите снабдувачи. Никој од нив не е спремен да влезе во нешто туѓо, како во поглед на знаење, така и во поглед на стручност.

Претпријатијата кои се утврдиле во нишата на специјалностите, мораат постојано да работат на усовршувањето и подобрувањето на својата стручност. Тие мораат секогаш да водат во својот сектор. Ограничувањето на оваа стратегија е што има мал видокруг во однос на пазарот.

Второ ограничување е што сопственикот на оваа специјалност зависи од некој друг, кој неговиот производ или услуга го продава. Тој на овој начин станува компонента, составен дел на синџирот на производството и прометот. Доколку биде загрозена главната индустрија и нејзините придружни делови ќе бидат загрозени. Најголемата опасност за произведувачите кои поседуваат ниша на специјалности е ако специјалноста престане да биде тоа и стане општо знаење. Нишата на специјалностите, како и сите еколошки ниши, по својата природа е ограничена, како по обем, така и временски.

Сите ги знаат имињата на важните автомобили, а малку луѓе ги знаат имињата на компаниите кои ги испорачуваат електричните и светлосните системи за тие автомобили. Скоро никој, освен автомобилската индустрија, не знае дека фирмата “A. O. Smith” од Милвоки во САД веќе со децении произведува шасии за американски патнички автомобили, ниту дека фирмата “Bendiks” ја прави секоја одделна сопирачка која е вградена во производството на сите американски автомобили. Тоа се стари и добро утврдени компании.

#3 Специјализиран пазар

Главната разлика помеѓу нишата на специјалности и нишата на специјален пазар е во тоа што првата настанала и се развивала околу еден производ или една услуга, а втората околу специјализирано знаење и познавање на пазарот.

Специјализираниот пазар се наоѓа со набљудување и анализирање на појавата и развојот на новите производи и услужни активности. При тоа се поставува прашањето: Каква шанса би дала можноста за поседување единствена ниша? Што треба да се направи за таа ниша да се пополни пред другите. Нишата на специјализираниот пазар има барање како и нишата на специјализирани знаења, но таа има и исти ограничувања. Најголема закана постои кога специјалниот пазар ќе стане масовен пазар, односно кога ќе ја загуби својата ексклузивност.

Две компании, едната во северна Англија, а втора во Данска, испорачувале поголем дел на автоматизирани пекарски печки за колачи и тенок двопек. Пред триесетина години тие биле единствени производители на овие печки. Не постои ништо што би било технички комплицирано кај пекарските печки. Постојат многу компании кои би можеле да прават печки за колачи и двопек, исто така успешно и добро, како што тоа го правеле двете компании. Меѓутоа, тие две фирми го познавале пазарот, ја знаеле секоја пекарница, а и секој пекар ги знаел нив. Пазарот не е ниту голем, ниту доволно атрактивен за некој трет да им конкурира, се додека ги задоволуваат потребите на купувачите.

Останатите постови од овој серијал:

  1. Претприемнички стратегии – Да се биде прв, истовремено и најдобар
  2. Претприемнички стратегии – Да се погоди онаму каде што не очекуваат
  3. Претприемнички стратегии – Променети вредности и карактеристики
post

Систематизација на твојот бизнис

Кога зборувам за систематизација не мислам на подготовка на “систематизација” како организациска структура и документ кој ги опишува работните места и работните задачи на твојот бизнис иако и ова е дел од процесот како што ќе видите низ вебинарот. Во овој вебинар станува збор за систематизација како еден процес на градење на системи во твојот бизнис, на кои се останато ќе се потпира.

Ти си претприемач и веднаш по завршување на стартап фазата доаѓаш во позиција во која системите ќе ти бидат попотребни од било кога досега.

Постојат многу практики кои покажуваат дека и тој мал број кога ќе ја преживее стартап фазата и кога започнува одреден видлив раст на бизнисот да се случи да пропаднат. Зошто?

Затоа што во следните фази бизнисот не може да се потпира само на тебе, претприемачот или пак на истите принципи на кои го обезбедил успехот во стартап фазата.

Потребни се сосема нови принципи. Она што функционирало во стартап фазата, нема и не може да функционира во следните фази.

Во третиот вебинар на премиум претприемач стана збор за темата од теорија на системи и практична креација и користење на системите во твојот бизнис. Многу е важно твојот бизнис да се потпира на квалитетно изградени системи, отколку само на тебе – претприемачот.

Тука одговараме на следниве прашања:

  • Што се тоа системи и каква врска имаат со твојот бизнис?
  • Какво е влијанието на системите врз твојот бизнис?
  • Од каде да почнеш си креирање на системи за твојот бизнис?
  • Чекор по чекор систем за креирање на системи во твојот бизнис.
  • Акции кои треба да ги преземете.

Овој вебинар во времетраење од 55 минути е само вовед во она што следува во делот на вебинари, бидејќи уште оваа недела го подготвуваме вебинарот за градење на твојот бизнис блупринт, за во почетокот на новата 2012 година да преминеме со моделирање на твојот бизнис. Во еден таков случај ке имате применето еден системски пристап на градење на бизнисот, со што ќе можеме да одиме со примена на една теорија насловена како теорија на ограничувањата која ќе помогне едноставно да се надминат сите пречки во однос на напредување на бизнисот.

Првите 10 минути од овој вебинар можете да ги погледате во видеото подолу.