post

Најсилни претприемнички оружја

Денес, се чини дека секој има некои тајни оружја за сопствениот успех. Претприемачите исто така имаат сопствени тајни оружја кои ќе им помогнат на патот кон успешноста.

И мојот син има тајни оружја, но во форма на играчки кои понекогаш ги наоѓам и во кревет додека спие (слика).

Оружје

Имаш ли ти како еден претприемач твои тајни оружја за твојот успех?

Што мислиш за тоа, кои се најважните претприемнички оружја?

Само како идеја ќе се обидам да бртеинстормирам некои тука кои секако не се конечни и не се единствени.

  • Креативност. Ти како еден претприемач секогаш ќе имаш потреба од креативност во твојот бизнис доколку сакаш да бидеш најдобриот на пазарот. Ти требаат креативни идеи заради подобрување, нови пазари, раст на бизнисот…
  • Нешто што ќе ја победи неизвесноста. Можно ли е да се победи неизвесноста во еден претприемнички живот? Најверојатно не, но може да користиш различни оружја за да пробаш да ја контролираш таа неизвесност колку што можеш повеќе. Ти требаат податоци кои треба да бидат анализирани и кои ќе ти покажат некои трендови и идни можности. Твоите аналитички вештини се едни од најсилните претприемнички орудија за тебе.
  • Силна заедница. Ти си добро вооружен претприемач доколку имаш силна заедница околу тебе која го поддржува твојот бизнис, твоите идеи, твоите планови…
  • Посветеност. Едно од посилните оружја за тебе акко еден претприемач е ѕвојата посветеност на бизнисот кој го имаш. Доколку имаш пасија, ќе имаш и посветеност која ќе те води кон успехот.
  • Силен бизнис тим. Не можеш да успееш сам. Генерал без силна армија не е успешен генерал. Истото е и со претприемачот. Претприемач без силен тим не може да биде успешен претприемач.
  • Влијание. Мора да бидеш влијателна личност. Сакаш да ги продаваш твоите идеи, твојата пасија, твоето знаење… Доколку сакаш да бидеш следен и доверлива личност како еден претприемач твојот став и твојот дух мора да бидат влијателни во очите на други луѓе.
  • Акција. Спремноста да преземеш акција кон успехот е едно од најголемите оружја во твоите раце. Доколку не си преземач на акции, ти си сонувач. Но, сонувачи не се претприемачи. Претприемачи се личности кои го конвертираат сонот во реалноста.

Ова е само дел од севкупниот арсенал на оружја на еден претприемач. Но, сметам дека овие се најважните кои ќе ти помогнат да ја добиеш битката и битките кои што следуваат за да на крајот ја добиеш и војната.

Кои се твоите најсилни претприемнички оружја?

post

Анализа на бизнис идеи

Потребно е секоја бизнис идеја да се анализира од аспект на тоа какви деловни (финансиски) резултати ветува. На почеток во игра се наоѓат повеќе идеи. Затоа е потребно да се работи на намалување на листата на идеи кои треба да се разгледуваат една по една и да се отфрли најлошата, која не задоволува одредени критериуми.

#1 Временски аспект

Секоја идеја треба да се анализира од временски аспект.

Прашањата кои треба да се постават се:

  • Колку време треба да се одвои за бизнисот?
  • Колку време треба да помине, па бизнисот да почне да дава резултати?
  • Дали ќе се работи само во слободно време?

Може да се случи почетните планови да се засновуваат на претпоставката дека со бизнисот претприемачот ќе се занимава само во слободно време, a потоа и 24 часа може да се малку. Доколку сака да го задржи постојното работно место, а попладне да ја остварува замислата за бизнис, тогаш ќе се јави преоптоварување и заситување. Идиличната семејна атмосфера, со многу слободно време посветено на жената и децата, е неспојиво со претприемништвото. Има случаи кога претприемачите се одлучуваат, поради преоптовареноста, никогаш да не стапат во брак или се одложува раѓањето на деца, додека претпријатието не стекне посигурна работа. Тешко е да се усогласат интересите на семејството и на бизнисот. Има многу растурени бракови, бидејќи бизнисот бара целосна посветеност, а категорија работно време не постои.

#2 Потребни финансии

Финансиите се најлимитирачкиот фактор. Во секоја бизнис идеја мора да постои преглед за потребните финансиски средства. Потребно е да се види со колку средства располага претприемачот, како и да се испитат сите можности за земање кредити. Уште нешто што мора да го имате во предвид: Секогаш планираните потребни финансии ќе бидат помали од вистински потребните.

#3 Располагање со стручност и деловно искуство

Стручноста и деловното искуство се пожелни во работењето, но може и да го нема, а претпријатието сепак да работи успешно. Доколку претприемачот самиот не е оспособен, мора да обезбеди луѓе кои поседуваат знаења.

#4 Ниво на ризикот

Ризикот се смета како прифатлива категорија и како нешто што постојано ќе го следи бизнисот во иднина. Прво, ти ги инвестираш твоите сопствени пари кои ги поседуваш во моментов во нешто за што со 100% сигурност не знаеш дали ќе донесе пари во иднина. Ова е првиот иницијален ризик кој го превземаш на себе па дури и натвоето потесно семејство (мораш да им ги скратиш нивните потреби во замена за финансирање на бизнис потфатите) како еден претприемач.

Како потребни чекори за реализирање на идејата може да бидат:

  • евидентирање на пазарни потреби и индентификација на соодветни деловни можности;
  • утврдување на потребните ресурси за реализација на одредена деловна идеја;
  • проектирање на финансиска димензија;
  • рангирање на одделни деловни идеи врз основа на личнo преферирање, финансиска исплатливост и ниво на ризик;
  • изборот на бизнис идејата, која ќе биде операционализирана во бизнис план.

Постојат многу луѓе со добра идеја, но бројот на луѓето кои се способни, прибирајќи ги потребните ресурси тие идеи да ги реализират, е помал. Всушност тоа е, и треба да е, главната карактеристика на претприемачите – реализирање на зацртаните идеи.

Доколку се согледа некоја можност за бизнис, мора да се брза со реализацијата, бидејќи, ако конкуренцијата утврди дека идејата е добра, може да дојде до преземање на таа идеја од страна на поагресивни и побогати претприемачи. Можно е и повеќе претприемачи да започнат со ист бизнис, со што ќе се зголеми конкуренцијата, па можноста за успех се намалува.

Со навлегување на повеќе претприемачи во ист бизнис, прозорецот на можности се стеснува и се помалку претприемачи можат да влезат во тој бизнис.

При реализирање на идејата потребно е да се помине влезната бариера (влезниот праг), меѓутоа и излезната бариера е значајна при разгледувањето на идејата за отпочнување и релизирање на идејата.

Ако влезните и излезните бариери се големи, претприемачите потешко ќе се одлучат за отпочнување и реализирање на бизнис идејата.

Влезна бариера може да биде:

  • голема потреба од финансиски средства;
  • незнање, како и немање содветна технологија;
  • непознавање на пазарот;
  • законски пречки.

Излезна бариера може да биде:

  • проблем да се повратат вложените средства од купената технологија, бидејќи новите купувачи немат средства или сакаат да ја откупат опремата по поевтина цена;
  • законодавецот, за да оневозможи отпуштање на вработени, поставува законски пречки, за да се оневозможи излегување од започнатиот бизнис.
post

[Видео] Инспиративно за да се постигне нешто повеќе

Одлично видео, инспиративно, поучно… Сите поседуваме моќ и способности да бидеме одлични. Можеби не во се, но во нешто сигурно да. Секогаш можеме нешто повеќе, секогаш можеме нешто подобро, секогаш можеме да бидеме одлични.

Вреди да се погледа, барем за инспиративни цели.

post

Развој на идеи за започнување на бизнис

Бизнис идеи Секој бизнис почнува од идеја. Методите кои тука ќе ги опфатиме главно се настанати за потребите на воениот сектор, а потоа се пренесени и во цивилниот сектор и се општо познати и прифатени.

Идеите се ресурс со кои претприемачите би требало да се најбогати. Идејата сама по себе не претставува решение на сите проблеми, но претставува голем потикнувачки фактор за започнување на бизнис активност.

Претприемачот кој сака да отпочне со работење, треба да има контакти со голем број на луѓе и добро да слуша туѓи идеи. Најчесто луѓето со добри идеи не се и добри реализатори или им недостасува некоја од компонентите: искуство, знаење или финансии; поради што не можат да ја реализираат идејата.

Со слушање на изнесени идеи, решителен и дисциплиниран човек може за себе да обезбеди добар бизнис.

За жал оној што имал добра идеја, а немал одлучност да ја реализира идејата, останува само нем набљудувач на туѓ успех. Секоја иновација треба да се заштити во заводот за патенти, за да не се злоупотреби од страна на другите претприемачи.

Идеите не треба да се чекаат да дојдат сами од себе, туку проблематиката треба систематски да се следи и истражува. Ние ќе ги анализираме начините и методите за добивање на идеи и нивното користење. При тоа, потребно е да се истакне дека претприемачите не треба да претеруваат со голем број на идеи, кои сакаат да ги реализираат, туку да пронајдат која од идеите е најдобра и таа да ја реализираат. Бидејќи, доколку сакаат да реализираат повеќе идеи, може да се доведат во состојбата да не можат да реализираат ниту една.

Изворот на идеи за новиот производ треба да се бара во маркетингот, во истражувањето на пазарот, конкуренцијата, потрошувачите, дистрибутерите, продавачите, и во сопственото истражување. Треба да се користат сите можни извори на идеи за нови производи-услуги. Освен споменатите можности треба да се додадат и снабдувачите, списанијата, сервисите, поплаките на корисниците на производот и сл.

Карактеристика на работењето на големите компании е што кај нив идеите доаѓат од нивните лаборатории, или истражувачки центри. Во развиените земји, до идеи за нови производи/услуги, може да се дојде и преку вселенски и воени истражувања. Групирање на идеите може да се изврши и преку одредени научни методи. Во светот постојат неколку широко применети методи, кои поттикнуваат интуитивно размислување. Тука се опишани методи за добивање на идеи за големи корпорации, меѓутоа со одредена апроксимација, може да послужи и како начин за добивање идеи и во малите претпријатија.

#1 Brainstorming (мозочна бура)

Оваа техника се состои во организирање креативен состанок на одредени стручни лица, чиј број најчесто се движи помеѓу 5 и 15, кои  вршат собирање на мислења, ставови, како и идеи за конктретно прашање. Се бара целосно слободно изјаснување. Критиката е исклучена.

Не смее да се слушнaт коментари: тоа е глупаво, тоа е неможно и слично, со цел да се соберат што повеќе идеи без оглед на нивното значење и можно влијание на решавањето на конкретниот проблем.

Потоа следува оценување на значењето на секоја идеја и нејзино рангирање. По рангирањето, идеите влегуваат во понатамошен третман и високо рангираните идеи одат на понатамошно реализирање.

Оваа може да се примени и во малото стопанство, на тој начин што претприемачот би собрал луѓе (сега има се поголем број на високообразовани претприемачи, кои исто така имаат високообразовани пријатели, кои можат конструктивно да учествуваат во добивање на идеи, притоа секој човек може да даде конструктивно решение) кои слободно и спонтано би изнеле идеи, а понатаму високорангираните идеи претприемачот би ги реализирал. Овие методи главно се настанати за воени потреби, но постепено се преместени и во цивилен сектор, општепознати се и при нивното спроведување може да се дозволи флексибилност, односно прилагодување кон условите кои владеат на теренот, односно во компанијата, а добиени резултати сепак да бидат високо вреднувани.

#2 Delphi

Delphi методот го добил името по Грчкиот град каде во старите времиња се пророкувало. Методот се состои од одделни испитувања, најчесто преку прашалници, се повикуваат експерти (носители на клучни работни задачи) на повеќекратен разговор, поради утврдување на нивниот став, идеја или предлог.

Тие даваат одговори, наведуваат факти и предлози. Во вториот круг од разговорите, учесниците се известуваат за дотогашните вкупни резултати, па од нив се бара да ги бранат своите ставови. Постапката по потреба се повторува. За тоа време доаѓа до расчистување на проблемот, до кристализација на конечните ставови, идеи и предлози. Доколку не се постигне резултат испитувањето се прекинува, а може да продолжи со другите учесници.

Истото оваа може да го примени претприемачот за своите потреби во поедноставена форма, составувајќи прашалник и собирајќи одредена група на пријатели или познаници (сепак не треба да се заборави дека лице во лице интервјуата со потенцијални купувачи кои не ги познаваш даваат најдобри резултати), од кои би се обидел да собере одреден број на корисни идеи.

#3 Синектички метод

Синектички метод е специфичен облик на дискусиски метод за пронаоѓање идеи, решавање на одредени проблеми и др.

Дискусискиот тим се состои од 5 до 7 лица со различна стручност и образование, лица кои се специјално одбрани за таа пригода.

Проблемот, целта и планот се разложуваат толку долго, се додека сите членови на дискусиискиот тим не ја сфатат нивната суштина, значењето и она што се сака да се постигне со работата на тимот.

Потоа проблемот се отуѓува, се наоѓа сличност во природата (се зема облик на животни: риби, жаби, желки… и други како идејни облици за одредените производи) и слично. Со помош на таквото апстрактно скршнување од почетниот проблем, се бара и се наоѓа неговото решение.

Решението може да претставува идеја која се граничи со фантазија, што на организаторот на дискусијата му остава задача подоцна со обработката на резултатите, да извлече корисни и потребни сознанија и заклучоци.

#4 Морфолошки метод

Морфолошкиот метод е соодветен за идеите за високата технологија. Тој обезбедува, да се избегнат битните грешки во пристапите од кои се тргнува во предвидувањето и овозможува примена на принципот на повеќе димензионална класификација, која се сведува на расчленување на одредена целина на составните делови.

Се формира матрица во која во првата колона се основните обележја, а во другите колони се варијации на основните обележја.

При примената на морфолошкиот метод во прв ред е потребно да се утврдат сите постојни обележја (се анализираат сите можни варијанти без оглед колку се чудни или тешко остварливи) и се внесуват во матрицата. На тој начин, овој метод може да помогне да се изврши коректна класификација на новите технолошки решенија. Покрај тоа, се отвара можност за комбинирање на елементите во нов пристап, независно од тоа во која мерка таквите решенија се моментално можни, изводливи и ефикасни. На Сликата 6. е даден приказ на морфолошка матрица.

Морфолошка матрица

Морфолошка матрица

#5 Креативен удар

Терминот креативен удар прв го употребил Tom Peters, со цел да го опише процесот на агресивно откривање на знаењата и интересите на конкурентите. Тој предлага сите вработени да се преобразат  во т. н. Vacuum cleaners (правосмукалка) за да побараат и да го разберат најдоброто што го нудат другите.

Токму тоа го правел Marriott при дизајнирање на својата мрежа хотели. Цели тимови од вработени во маркетингот, финансиите, човековите ресурси и оперативата биле испратени на близу 400 конкурентски хотели за да ги испитаат нивните карактеристики (креветите, големината на собите, дебелината на sидовите, придружните ресторани итн.), нивните услуги (резервации, внимание на персоналот и др.) и нивниот менаџмент (работење, морал). Резултат на тоа била добро дизајнирана мрежа хотели со пристапни цени, наменети за бизнисмени кои често патуваат.

Истото ова мора секој претприемач да го применува сé додека работи, бидејќи вниманието кое се обрнува на конкурентите, мора да биде големо за да се знае однесувањето на секој конкурент (цени, односот кон клиенти, начин на плаќање…).

Секаде во светот е голема чест да се има вработување, а не е ни лесно ни едноставно да се бара ново вработување, поаѓајки од тоа, секој вработен треба без никакво посебно насочување да го прати пазарот и конкурентите и за тоа да го известува претприемачот, кој соодветно би реагирал на секој предизвик.

#6 Уметноста и занаетот

Уметноста и занаетот може да биде добар пат за развој на сопствен бизнис. Луѓето кои се образовани или имаат некој посебен талент или занает, нормално е при започнувањето на бизнис да поаѓаат од знаењата кои ги имаат. На тој начин, тие се во можност да го спојат бизнисот и задоволството. Каков било напор околу реализацијата на некоја бизнис идеја нема да претставува голема препрека. Освен заработувачката, можно е да се постигне и големо уметничко ниво (сликарство, изработка на скулптури). Со тоа се остварува и соодветен морален надомест.

#7 Лично искуство

Личното искуство стекнато во одредена работа, секако дека ќе се примени за одредени иновации кои се од интерес на претприемачот.

Ако некој во соседството има проблеми со компјутерската обработка, познавањето на англискиот јазик, тоа може да се искористи и да се промовира давање на такви услуги.

Некои луѓе се трудат своето хоби или спортскиот интерес, развиен во слободното време, да го имплементираат во работењето.

Тука претприемачот се чувствува сигурен, а освен тоа гледа и можност да заработи и да оствари свое задоволство.

Љубителите на животни сакаат да отвараат продавници за своите миленици. Љубителите на лов и риболов, како специјалисти за сите проблеми кои можат да настанат при овие активности, можат да дадат информации и да обезбедат потребен прибор за непречено и комплетно извршување на овој спорт. Љубителите на автомобили ќе отворат сервис или продавница за автоделови. Собирачите на ретки автомобили, марки, стар мебел… логично е тоа знање да им го наплатат на заинтересираните купувачи.

Постојат и други начини за добивање на нов производ/услуга како што се: препознавање на потребата; подобрување на постојните производи/услуги; комбинирање на различни “индустрии”; забележување на трендови; обрнување внимание на се; поставување на прашањата; прво именување, па потоа развивање и други.

post

Бизнис Херој – Ќе се зголеми ли херојството во претприемништво?

Бизнис херој Во среда на 14.12.2011 бев на презентација на првиот бизнис софтвер во Македонија целосно базиран на cloud технологија наречен како Бизнис Херој.

Како што беше напоменато и прикажано на презентацијата од страна на г. Ванчо Орданоски, еден од основачите на Инфопроект – компанија која што стои зад оваа решение, Бизнис Херој претставува еден сеопфатен софтверски систем наменет за микро, мали и средни претпријатија. Бизнисите може да го користат за евидентирање на продажба, прием на стоки, менаџирање со залихи, сметководство, производство, менаџирање на човечки ресурси…

Она што според мене претставува еден голем чекор напред е работа на cloud технологија бидејќи на таков начин се овозможува лесен пристап од било која локација директно до податоците на бизнисот. И не само пристап туку и работење со податоците, така да можете да продавате, испраќате фактури, видите кој платил а кој сеуште не платил и уште многу други елементи значајни за бизнисот од ресторан, кафетерија, или било кое друго место. Едноставно сите податоци од бизнисот се наоѓаат со вас доколку имате интернет конекција. Од друга страна не бара посебни компјутери (сервери) каде ќе се чуваат податоците за кои е потребно посебно одржување, доволен е обичен компјутер на кој има интернет конекција и интернет прелистувач (наведен е Firefox, наскоро ќе биде овозможено користење и од нјабрзорастечкиот интернет прелистувач Google Chrome).

На ваков начин се намалуваат трошоците и нормално времето за донесување на квалитетни одлуки кое денес е можеби и едно од најважните фактори за успешен бизнис.

Во наредните денови ќе се поиграм со Бизнис Херој и подетално ќе напишам за можностите кои ги нуди пакетот. Тука би сакал само да прикажам неколку слики од она што е наречено Бизнис Херој.

Бизнис херој 01

 

Бизнис Херој 02

Бизнис Херој 03   Бизнис Херој 04

post

Како да комплетираш се на твојата To-Do листа?

To-Do листа

To-Do листа

Како еден претприемач сигурно имаш многу работи како задачи поврзани со твојот бизнис, а кои треба да ги завршиш. Еден од подобрите начини да останеш организиран со што и попродуктивен е да одржуваш една to-do листа.

Користиш ли to-do листи за менаџирање на твоите дневни активности?

Еден од најголемите проблеми кои ги забележав со ваквите листи е веројатноста претприемачите да станат забележувачи наместо преземачи на акција. Како човечки суштества имаме тенденција да ставаме се и сешто како нешто што треба да го направиме, без да го земеме во предвид нашиот природен капацитет за завршување на работите.

Но, што е со квалитетот на нашата работа?

Да кажеме дека можеме да ставиме 20 задачи во листата. Во нормални услови (што не се многу чести за еден претприемач), за еден работен ден можеме да завршиме 10 од нив. Но, доколку се обврземе за завршување на сите (се запнеме) ќе можеме да ги завршиме сите.

Што значи ова?

Како прв чекор е да се обидеме да ги зголемиме работните часови. Но, како што стануваме позаморени, квалитетот на резултатите од нашата работа ќе биде многу понизок.

Следната можност е да ја зголемиме брзината на завршување на работите. Но, како што знаеме, пократко време за работите кои бараат навистина подолго време ќе го намали квалитетот на нашето извршување.

Тогаш, како да завршиш се што стои на твојата to-do листа?

Не сакаш да го зголемиш работното време, и не сакаш да ја зголемиш брзината на завршување на работите жртвувајќи го квалитетот на резултатите. Едноставно ти треба еден систематски приод доколку сакаш да бидеш поорганизиран и завршиш се она што го планираш да биде завршено секој ден.

Да позборуваме за некои идеи зад еден поголем систематски приод.

#1 Одржувај ја листата помала

Ти иако си претприемач сепак си човечко суштетсво со лимитирани работни часови за секој ден. Не можеш секогаш да завршиш се што сакаш да завршиш.

Пред неколку години, направив голема грешка со мојата to-do листа бидејќи се обидував да ставам колку што може повеќе задачи кои што ќе ми се појават во мозокот. Но, кога не успеам да завршам се за денес од она што е предвидено, за утре имам уште поголема листа. И по неколку денови веќе имам листа која едноставно не сакам ни да ја погледнам. Поголемиот дел од задачите едноставно станаа заборавени и незавршени.

Сега, користам мала листа со 5-8 задачи на неа. Тоа е мојот капацитет, кој нормално ми овозможува да завршам се што имам предвидено.

#2 Одржувај ја листа ачиста и концизна

Понекогаш сакаме да ја користиме to-do листата како алатка за се и сешто. Како и да е, таа не е алатка за се. таа едноставно е алатка која ќе ти помогне да бидеш поорганизиран во твојот работен ден. Ти треба to-do  листа за да бидеш сигурен дека се она што е важно ќе биде завршено.

Доколку сакаш твојата листа да биде чиста и концизна, ќе ти треба само името на задачата, времето кога треба да биде завршена и нормално приоритетот на задачата за да знаеш што е со највисок приоритет за твојот бизнис.

#3 Не користи автоматизација

Знам дека автоматизацијата се препорачува секаде каде што може да се примени, но во овој случај она што може да се автоматизира и не е нешто многу од помош.

Постојат многу алатки за менаџирање на to-do листи кои имаат можности за одредена автоматизација. Но, моето лично искуство со автоматизација не е многу добро во овој случај. Зошто? Затоа што открив дека сум личност која не води грижа за автоматизирани задачи.

Како и секогаш, ќе имаш различни задачи кои ќе се повторуваат секојдневно, неделно, месечно… Логичниот чекор за тебе би бил да го автоматизираш ставањето на тие задачи во листата, што значи дека тие автоматски во предвиденото време ќе бидат додадени во листата.

Но, ти си претприемач. Доколку тие задачи се нешто толку очигледно, или толку очекувано, зошто мора да работиш на нив. Размисли за нивното можно делегирање. Доколку можеш да предвидиш кога може да работиш на нив, и работата е едноставно повторување како и во претходниот циклус, може и да ги делегираш на некој од членовите на твојот тим.

#4 Мора да ја приоритизираш листата

Секоја задача не може да биде со иста тежина како и другите задачи од листата. Некои од нив се поважни од другите. Некои од нив ќе додадат повеќе вредност во твојот бизнис од другите.

Твојата задача како еден претприемач е да го фокусираш твоето внимание на најваните задачи за твојот бизнис.

Доколку користиш приоритизација, и на листата ги ставиш задачите со највисок приоритет а ги делегираш останатите, ќе имаш многу помала, почиста и поконцизна листа која секогаш ќе можеш да ја завршиш.

#5 Користи технологија за следење на прогресот

Денес ние сме поврзани со различни видови на технологија која едноставно ни помага да бидеме попдродуктивни во еден наш просечен работен ден.

Може да користш различни апликации за менаџирање на твојата to-do листа која ќе ти го поедностави процесот на додавање на задачи, поставување на приоритети, следење на промени, постигнувања…

Ова е нешто што може да ти помогне. На пример, јас го користам Things на iPad, a во одреден дел користам Evernote на мојот десктоп.

#6 Отстрани ги сите можни одвлекувачи на внимание

Кога твојата листа ќе биде мала, чиста и концизна со задачи од висок приоритет, ќе треба да го фокусираш твоето внимание на завршување на задачите. Запомни, сега имаш само задачи со висок приоритет. Твојот бизнис ќе се потпира на нивното завршување.

Но, од друга страна примаш премногу email-ови, различни аларми на твојот PC од различни социјални медиуми. Добиваш различни телефонски повици. Сетоа ова има потенцијал да те одвлече од успешното завршување на твоите задачи од висок приоритет.

Затоа реорганизирај ја твојата работна околина за да ги отстраниш сите можни одвлекувачи на внимание тогаш кога работиш на задачите од твојата листа. Има време и за се останато.

post

[Видео] Постојано надградување и подобрување на производот

Еден од најголемите проблеми за стартап компании е исфрлање на пазарот на производ кој ќе биде достоен согласно претприемачот.

Понекогаш се случува она најнесаканото, а тоа е постојано подобрување на производот преку додавање на карактеристики за кои сеуште не се знае дали навистина се потребни пред да се лансира самиот производ и бизнисот започне да генерира и потрошувачи и приходи.

Погледајте го оваа видео:

Не размислувајте за алгоритмот или оптимизација за пребарувачи. Гледајте го како еден производ на Google.

Доколку навлезете малку во историјата на компанијата ќе видите дека кога производот бил лансиран тие воопшто немале ни стратегија за комерцијализација, односно како ќе прават пари. Но, постојано подобрување на производот и се поголем број на корисници на истиот неминовно доведува и до комерцијализација.

Интересен е процесот на подобрување на производот, континуирани мали подобрувања кои на долги стази носат голем успех.

Размислете само која е разликата од стартување на производот и сега? Па, дури од септември до сега забележувам промени во резултати.

Што би се случило доколку Google или неговите претприемачи чекале да го направат алгоритмот перфектен уште во старт? Не би постел Google.

Тоа е основата на MVP (Minimum Viable Product), кој со итеративни подобрувања, но не подобрувања кои ти сметаш дека се важни, туку подобрувања кои ги сака пазарот се добива квалитетен производ. Доколку се чека, првин производ, потоа потршувачи се гради нешто за кое не се знае дали ќе биде прифатено од страна на пазарот. Зошто, кога нема потреба?

post

Што ти треба за да преживее твојот бизнис?

Бизнис 101: Планирање Денешното време во кое оперира еден мал бизнис не е некое време кое ќе обезбеди мирна иднина каде растот на бизнисот ќе биде гарантиран.

Потрошувачите имаат можности да бираат повеќе од било кога досега. Промените на пазарот се се почести што не можат да се следат со голо око. Се околу твојата компанија врши притисок врз тебе за брзи промени доколку сакаш компанијата да преживее.

Мора да го слушаш пазарот, заедницата, потенцијалните потрошувачи и потрошувачи. Мора да го прилагодиш твојот бизнис во согласност со нивните потреби, желби и вистински проблеми за кои сакаат уникатно решение. Мора да го оптимизираш за да излезеш во пресрет на се повеќе различни потреби на потрошувачите.

Ти си “босот”. Ти си претприемач. Одговорноста е твоја.

#1 Елиминирај го зборот “Не” од твојот речник

Во денешниот свет на бизнисите, не постојат изговори за “не”. Доколку пазарот сака нешто, мора да го испорачаш тоа што го сака. Доколку потрошувачите имаат нови потреби, мора да излезеш во пресрет на нивните нови потреби.

Не смееш да кажеш не, одговорот е секогаш да за се околу тебе и твојот бизнис.

#2 Ти треба флексибилен тим

Ти треба многу флексибилен тим кој ќе сака да ја направи разликата во твојот бизнис. Не ти требаат стотици прашања како зошто нешто треба да биде преземено.

Премногу прашања значат преголема нефлексибилност. Тие мора да комуницираат со тековните и потенцијалните потрошувачи. Мора да користат нова технологија. Мора да бидат флексибилни. Одговорноста е сечија.

#3 Промените се дел од секојдневниот живот во твојот бизнис

 

Имаш ли еден, само еден ден без промени во твојата компанија? Доколку одговориш со да, тогаш си во голема неволја.

Секое утро кога ќе дојдеш во твојата канцеларија запрашај се со следниве прашања:

  • Што можам да подобрам денес?
  • Што мора да променам денес?
  • Како ќе променам нешто денес?

#4 Имплементирај и користи сугестивни програми

Можните подобрувања се најдобри кога доаѓаат од секого во твојот бизнис. Ти не си најумниот во твојата компанија, иако си претприемач.

Најдобриот начин да го искористиш потенцијалот на сите твои вработени за да сугерираат можности за подобрувања е да имплементираш сугестивни системи.

#5 Решавај ги проблемите без одложување

Не добиваш ништо доколку одложуваш со решавање на проблемите во твојата компанија. Добиваш само одложено проблеми. Тие се тука, во твојот бизнис и мора да преземеш акција за да ги решиш.

Денешната работна околина не може да чека на твоите одложувања. Тоа се твои проблеми, не проблеми на твоите потрошувачи или конкуренти. Се мора да се заврши вчера, не утре, дури не и денес.

#6 Отстранувај ги причините за проблемите перманентно

Може да го решиш проблемот, но твојот процес на решавање на проблеми не завршува се додека не ги отстраниш сите причини за определен проблем.

Доколку не ги откриеш вистинските причини и да ги отстраниш од идно повторно појавување, ти не си го решил определениот проблем. Проблемот ќе се појави повторно во иднина.

#7 Подобри ги вештините на твоите вработени

Ти и твојот бизнис сакате вешти вработени, бидејќи твоите потрошувачи бараат производи и услуги базирани на вештини на твојата компанија.

Не заборавај да ги подобруваш вештините на твоите вработени доколку сакаш да преживееш.

post

Како да напишеш бизнис план?

Бизнис план

Бизнис план

Како да напишеш бизнис план? Каков наслов? Може ли да одолам на еден ваков наслов кога популарноста е огрооомна на бизнис плановите. Ти бараат институциите, ти бараат на натпревари, излегуваат по весници, еден куп реклами… Па, ајде и ние тука малку да се позанимаваме на оваа подрачје, иако сакам да напоменам да не се изненадите кога во идните постови ќе ја докажувам обратната хипотеза – не ти треба бизнис план.

Некаде сум прочитал, но можеби во некои постари или списанија или книги каде што се вели дека бизнис планот не гарантира успех. Тоа е сосема точно. Ништо не гарантира успех. Нели, кажавме во насловот што е карактеристично за еден мал бизнис и еден претприемач дека тоа е неизвесноста. А, тоа значи нема гаранции, најмалку пак гаранции за успех.

Од друга страна пак доколку немаш бизнис план или пак нешто што се нарекува некаков документ во кој на било каков начин ќе го исцрта барем приближно твојот претприемнички пат ќе гарантира неуспех. И тоа може да биде точно, но сепак се коси со неизвесноста и дека не постои гаранција за успех, но математички гледано и за неуспех.

Кога работиш на твојот бизнис план, пред да одам со супер кратко и лесно упатство во 30 чекори за пишување (човече, велам пишување на бизнис план, а досега користев термин процес на бизнис планирање, но, што е тука е, сакам и јас да бидам модерен и во тренд), сакам да напоменам едно нешто. Оде.. ги сите оние за кои го пишуваш бизнис планот. Заборави ги, не постојат. Постои само една фигура за тебе, а тоа е потрошувачот. Твојот бизнис не е за оној кој ќе го чита и од чие да или не зависи некоја “сиќа” која ќе ја добиеш. Твојот бизнис ќе треба да постои за твоите потрошувачи, ако ги има, нормално.

Па, да не должам, одиме со супер, хипер, топ, нај, кратко и лесно упатство во 30 чекори за пишување на бизнис план (ако звучев неозбилен во овој вовед, сега ќе бидам крајно озбилен):

  1. Први, пред било што друго, започни да размислуваш на се околку твојот сегашен или иден бизнис.
  2. Напиши ги твоите цели на хартија. Не мисли на лични и бизнис, пиши што се сакаш да оствариш, нека ти олесни на душичката.
  3. Размисли повторно, но сега со фокус на целите кои ги напиша во претходниот чекор.
  4. Оддели ги личните од бизнис цели.
  5. Размисли повторно и за личните и за бизнис цели.
  6. Опиши го твојот бизнис во една едноставна реченица. Што, кого, како, каде и дали.
  7. Опиши ја вредноста на твојата бизнис понуда или понуда која ќе се понуди во иднина. И не мисли за оној што ќе го чита планот (дури и тоа да си ти), описот базирај го од перспектива на еден твој потрошувач (сегашен или иден, како сакаш).
  8. Опиши го твојот целен пазар.
  9. Опиши го твојот идеален купувач.
  10. Размисли повторно. Сега размислувај за предвидувањата за иднина.
  11. Напиши ги предвидувањата на хартија.
  12. Е сега малку треба да се помачиш. Излези надвор и истражувај.
  13. Провери ги откритијата од истражувањето со предвидувањата.
  14. Прилагоди ги прилагодувањата доколку сметаш дека не се совпаѓаат со резултати од истражувањето од точка 12.
  15. Одговори на прашањето: Дали предвидувањата се нешто што ја отсликува реалноста, или пак ја отсликуваат колку што може подобро реалноста во иднина, или пак тие едноставно се само твои желби? Доколку се нешто што ја отсликуваат реалноста може да продолжиш со следните чекори, доколку не, врати се на точка 10.
  16. Сега може повторно да ги напишеш предвидувањата на лист хартија или на што сакаш.
  17. Предвидувањата за продажба постави ги во една табела, но на месечно ниво. Може да направиш графичка презентација на табелата доколку сакаш да го подобриш фокусот на твоите предупредувања.
  18. Размисли повторно. Сега дали продажните бројки од предвидување се нешто што овозможуваат остварување на целите од точка 5.
  19. Доколку одговорот е да, може да продолжиш. Доколку одговорот е не, тогаш врати се на точката 10 за предвидувања, а може и на точката 5 кај што се целите.
  20. Размисли повторно, сега за тоа пто ќе треба да направиш за целите да се остварат.
  21. Напиши на лист хартија се она што ќе треба да го направиш.
  22. Размисли повторно, сега за тоа кој ќе треба што да прави.
  23. Во близина на секоја задача, напиши ги имињата на одговорните за нивно спроведување.
  24. размисли повторно, но сега за пари, за буџетот.
  25. Во близина на секоај задача, напиши колку пари ќе треба за секоја од задачите.
  26. Сега пресметај ги трошоците.
  27. Провери дали вкупните трошоци се покриваат со проекциите на продажба.
  28. Доколку приходот од продажба е поголем од трошоците, пресметај ги даноците. Доколку не се, врати се на точката 10.
  29. Провери колку пари ќе ти останат.
  30. Доколку не ти се доволни, врати се на точката 1.

Како што гледаш ова е процес. И теоретски гледано, со неизвесност и бла, бла сепак е процес кој не запира, не е пишување и документирање. Тоа е за административците, а претприемачите се далеку од административци.

post

Како да ги зголемиш цените без да ги изгубиш потрошувачите?

Грешки при определување на цени Минатата недела зборувавме за 4 начини за зголемување на цените. Во тој пост опишавме 4 различни техники за зголемување на цените кои се базираат на различни ситуации како причина за тој чекор.

Но, вистинскиот проблем кога станува збор за зголемување на цените претставува перцепција на потрошувачите. Не постои претприемач кој не се прашал себеси следново прашање: Каква ќе биде реакција на купувачите кога ќе ги зголемам цените?

Дали потрошувачите ќе продолжат да купуваат во иста количина како и пред зголемувањето на цените?

Да разгледаме некои можности кои ти како еден претприемач можеш да ги користиш за да го амортизираш влијанието на зголемувањето на цените врз тековните купувачи.

#1 Може да додадеш дополнителна вредност во понудата

Една од првите рабори кои можеш да ги направиш е да додадеш вредност на самата понуда. Може да додадеш дополнителни карактеристики, нови корисности, дополнителни сервисни елементи, бонуси, гаранција, испорака…

Логиката зад ова е доколку додадеш дополнителна вредност на твојата основна понуда за која сакаш да ја зголемиш цената, може да се види како фер компензација за повисоката цена која ќе ја побараш за твоите производи или услуги. На таков начин, потрошувачите ќе го ценат тоа, бидејќи ќе добијат поголема вредност која на друг начин ќе им заштеди.

Кога и да помислиш за зголемување на цената обиди се да најдеш дополнителни елементи кои како вредност ќе ги закачиш на понудата.

#2 Подобри ја понудата

Втората работа која може да ја направиш во намалување на влијанието на зголемувањето на цената врз твоите купувачи е да ја подобриш понудата за која ќе бараш дополнителен износ на пари.

Еден дел е подобрување на содржината на понудата, твоите производи или услуги и се она што е изградено околу твоите производи или услуги. Ова е нешто што го правиш при додавање на дополнителна вредност во твојата понуда.

Втората работа е да ја подобриш понудата за да ја направиш навистина неодолива за твоите купувачи. Неодолива понуда не поставува прашања за цена од перспектива на еден потрошувач. Таа едноставно е неодолива. Може да прочиташ повеќе во 26 начини до неодолива понуда.

Кога размислуваш за подобрување на твојата понуда размислувај за подобрување на корисностите. Размислувај за подобрување на проблемите кои твојот бизнис ги решава и начинот на кој ги презентираш тие решенија и ги комуницираш со нив. Размислувај за вистинските желби на твоите потрошувачи. Размисли за тоа како да ги активираш емоционалните поттикнувачи во твојата понуда. Размислувај за подобрувања на твојот повик за акција и социјалниот доказ како дел од твојата севкупна понуда.

Тоа се елементи кои имаат голем потенцијал за амортизација на влијанието на зголемувањето на цените во очите на потрошувачите.

#3 Биди искрен

Последната работа е да бидеш искрен со потрошувачите. Ова значи искрено објаснување за тоа зошто си принуден на зголемување на цените.

Запомни дека искреноста е важен елемент кој доведува до зголемување на кредибилитетот, репутацијата и довербата (за што како посебни чекори во таа насока изработивме упатство како дел од првиот вебинар на премиум претприемач). Ова претставува голем дел од твојата бизнис потенцијална енергија.

Доколку потрошувачите можат да ги разберат твоите намери, ќе разберат и зошто мора да ги зголемиш и цените, и доколку тие се задоволни со твојот бизнис досега, ќе продолжат и да купуваат од тебе и понатаму.