post

Ако постои проблем не значи дека решението мора да се има

Голем проблем, голема потреба од решение Само кратко во однос на теоријата на бизнис идеи за некои прашања за размислување.

Првин, дали значи дека ако постои проблем ќе мора да постои и потреба од решение?

Логиката вели да, бидејќи секој проблем е врзан со определена потреба од решение. Но, сепак размислете колку проблеми имате, а за кои воопшто не барате решение. Можеби, вашиот одговор е не сега, не е моментот, прескапо е за овој момент, ајде утре…

Затоа и не можеме во целост да се ослониме на тоа да доколку постои проблем ќе постои и барање за решение. Мора да разграничиме нешто тука.

Првин, барање на решение е едно, додека потреба од решение е друго.

Кога имаш потреба од решение, не значи и дека веднаш го бараш решението. Од друга страна потреба од решение сепак претставува еден сигнал дека може да постои и барање на решение. Да се потсетиме, ти си тој кој имаш решение кое сакаш да го продаваш на пазарот на кој ќе се насочи твојот иден бизнис.

Некој ќе го одложи решението на тој проблем, некој ќе се обиде самиот да си го реши преку некаква импровизација, а некој ќе си се помири со судбината да живее со тој проблем. Зошто? Затоа што во овој случај доаѓа до прашањето за силината на проблемот. Колку проблемот е поголем, толку повеќе ќе се бара и решението за него. Колку проблемот е поголем, толку ќе биде и поитно да се дојде до негово решавање.

Но, што е всушност проблем, кој толку многу го зборуваме? Еве некои можни дефиниции:

  • Препрека на остварување на целта;
  • Непосакувана состојба;
  • Разлика помеѓу посакувана состојба и сегашна состојба;

Сега да ги промениме овие искази за тоа што претставува проблем во нешто што нам ни е потребно за да бидеме сигурни дека ќе постои и барање за решение:

  • Поголема препрека на остварување на целта, поголем проблем, поголема потреба од решение и поголемо барање на решение.
  • Поголема непосакувана состојба, поголем проблем, поголема потреба од решение и поголемо барање на решение.
  • Поголема разлика помеѓу посакувана состојба и сегашна состојба, поголем проблем, поголема потреба од решение и поголемо барање на решение.

Ова е основата при дизајнирање на бизнис идејата и на која треба да го насочиш твоето истражување заради докажување на хипотезите за бизнис идејата.

Целта е да го разбереш нивото на болка на потенцијалниот купувач, но и постоечките алтернативи за кои зборувавме во Теорија на бизнис идеи – хипотеза 1 – постои проблем.

И само уште нешто за крај да не се претвори во подолг пост. Вообичаено резултатите може да бидат следниве:

  • Решението мора да се има,
  • Решението е добро да се има и
  • Решението не мора да се има.

Бизнис идејата ќе го помине тестот доколку повеќето сигнали велат дека првите два резултати преовладуваат, со тоа што ќепреовладува и првиот резултат (мора да се има) во однос на вториот (добро е да се има)

post

Теорија на бизнис идеи: Барај знаци наместо одговори

Досега во развојот на теоријата дојдовме до еден основен бизнис модел преку одговор на неколку прашања:

  • Кој има таков проблем?
  • Кој би можел да има таков проблем?
  • Какви решенија постојат во моментов на пазарот?

Развој на бизнис модел - Прва драфт верзија

Сеуште сме пред хартија или пред компјутер каде го дизајнираме моделот преку докажување на основните хипотези.

При одговор на тие прашања може да дојдеш до голем број на информации. Едно нешто е важно да го знаеш, секоја информација дури и да сметаш дека не е важна во моментов забележи ја во некоја интерна база на податоци.

Зошто?

Затоа што никогаш нема да можеш да дојдеш до сигурен одговор за тоа дека постои проблем на пазарот. Истото се однесува и за останатите хипотези. Ти бараш знаци, а не одговори кои никогаш нема да ги најдеш.

Ајде низ некој пример да го разјасниме ова со знаците и одговорите. Ќе го користам истите прашања.

#1 Кој има таков проблем?

  • Знак 1: Ти си имал таков проблем и затоа си дошол до таа бизнис идеја. Да, најчесто бизнисите се раѓаат преку сопствениот проблем на претприемачот. И тоа е еден знак. Иако велиме дека не е многу силен се додека не потврдиме дека освен тебе и некој друг има таков проблем, сепак постои веројатност дека ти не си ниту првиот ниту последниот кој го почувствувал тој проблем.
  • Знак 2: Некој од твоите блиски имал таков проблем. И ова е случај на знак, кој не дава одговор и доказ дека постои проблем на пазарот, но сепак е еден знак кој ни кажува дека и кај некој друг постои таков проблем.
  • Знак 3: Постои конкуренција која нуди решенија за слични или исти проблеми. Можеби и најдобар пример е овој пример, бидејќи самото постоење на конкуренција не ни кажува директно дека постои проблем, но индиректно кажува дека за таквите слични проблеми веќе некој се бори на пазарот, што значи дека веројатно поминал низ она низ што ти сега поминуваш.
  • Знак 4: На интернет се бара решение. Анализа на преку пребарувачите исто така дава знаци дека постои проблем, но доколку се бара решението.
  • Знак 5: На социјални медиуми се поставува прашањето. И ова е добар знак кој ни кажува дека постои таков проблем.
  • Знак 5: Си избрал неколку луѓе за кои сметаш дека имаат таков проблем и си ги интервјуирал. Овој знак е доста валиден, бидејќи директно преку интервју ќе докажеш дека постои проблем и ќе дознаеш нешто повеќе за тој проблем.
  • Знак 6: …

#2 Кој би можел да има таков проблем?

  • Знак 1: Трендовите на пазарот покажуваат дека во иднина повеќе луѓе ќе го имаат тој проблем. Добар знак, но не и целосен одговор, сепак трендовите се претпоставки.
  • Знак 2: При интервјуирање на потенцијални купувачи тие ти кажале дека и други може да го имаат тој проблем кога… Исто така знак кој ќе каже и дека постои проблем и дека ќе го имаат и другите.
  • Знак 3: …

#3 Какви решенија постојат во моментов на пазарот?

  • Знак 1: Постојат решенија, постои и проблем.
  • Знак 2: Некои карактеристики од тековни решенија се однесуваат на проблемот кој го анализираме. Доколку се утврди специјално дизајнирана карактеристика на некој производ која е насочена на решавање на проблемот кој го анализираме, тоа претставува знак дека постои проблем на пазарот.
  • Знак 3: Конкуренцијата е силна, значи дека постои проблем и пазарот е доволно голем (хипотеза 3). И ова е добар знак.
  • Знак 4: …

Ова е само како пример, во пракса ќе се добијат и анализираат повеќе знаци, тоа ќе го развиваме во нареден период. Она што е важно, а треба да го знаеш е дека не треба да бараш одговори, бидејќи нема да ги најдеш. Твојата задача како еден “ќе бидам” претприемач е да дојдеш до повеќе знаци, колку што може побрзо заради првичното докажување на хипотезите при развој на твојата бизнис идеја.

post

Шокантни вистини за твоите купувачи

Вистини за купувачи Ти си претприемач, кој прави нешто од ништо. Но, закого ти правиш нешто од ништо? Зошто правиш нешто од ништо? Сакаш да бидеш сам свој газда? Но, грешиш. Како еден претприемач ќе имаш многу повеќе шефови кои ќе ја диктираат како твојата така и на бизнисот работата.

Секој бизнис има купувачи, или најмалку би требало да има купувачи. Доколку бизнисот нема купувачи, не постои ниту бизнисот.

Живееме во светот каде со секој поминат ден, моќта на купувачот да влијае на твојот бизнис е поголема денес отколку вчера. Твоите купувачи имаат свои сопствени потреби, кои ти треба да ги знаеш за да излезеш во пресрет на нив. Тие имаат свои сопствени проблеми за кои бараат решение, а твојот бизнис може да им го обезбеди. Како што гледаш тие се најголемиот потенцијал на твојот бизнис. Повеќе купувачи, повеќе продажба, а повеќе продажба значи и профитабилност за твојот бизнис.

Да разгледаме некои шокантни вистини за твоите купувачи, кои ти како еден претприемач треба да ги знаеш доколку сакаш да преживееш.

#1 Тие секогаш се во право

Навистина. Твоите купувачи секогаш се во право, дури и кога мислиш дека не се. Нормално е тие да го променат сопственото однесување. Може да ги променат нивните потреби. Може да имаат поразлични проблеми денес отколку вчера. Сето тоа ќе ги прави постојано да бараат нешто повеќе, нешто подобро, нешто специјално…

Можеби ќе сметаш дека тие барања се “луди”, неиздржани, невозможни… Но, сепак тие имаат право да бараат, а ти доколку излезеш во пресрет на тие нивни нови барања, секогаш ќе бидеш прв на пазарот.

#2 Тие сакаат совршенство

Да, тие сакаат совршенство. Кој несака? Ти не сакаш ли? Дали ти сакаш нешто лошо или просечно? Веројатно не сакаш ни лошо, ниту просечно, ниту подпросечно.

Затоа и твојата работа како еден претприемач е постојано да обезбедуваш совршенство за твоите купувачи.

#3 Тие ги знаат сопствените проблеми подобро од тебе

Еден од најголемите проблеми на претприемачите и нивните бизниси е мислење дека тие се секогаш подобри експерти за проблемите на нивните купувачи. Мора да разбереш едно нешто, иако твојот бизнис обезбедува решение за проблеми на купувачите, сепак тие се оние кои подобро разбираат што всушност е нивниот проблем.

Мора да слушаш, пред да предложиш решение за тие проблеми.

#4 Тие знаат дека ти не си сам и едноставно може да те сменат

Сопствениците на малите бизниси немаат монопол на пазарот или во индустријата. Доколку си претприемач, ти си сопственик на мал бизнис и знаеш дека не си сам на пазарот. Секогаш ќе постои конкуранција, а тоа ги прави твоите купувачи да бидат многу помоќни од било кога досега.

Секогаш имај го ова во предвид, бидејќи секогаш постои некој кој чека на твоите грешки за да заработи нов купувач.

#5 Тие сакаат партнери и пријатели, не продавачи

Времето кога постоеја две лица, еден продавач а друг купувач веќе не постои. Денес, продажниот процес или продажниот циклус е многу поразличен. Не може да најдеш ниту користиш обрасци за да дефинираш едноставна рутина како да комуницираш, како да се поврзуваш или нудиш на твоите купувачи.

Денес, треба да изградиш партнерство со твоите купувачи. Мора да бидеш нивен пријател кој ќе им помогне во однос на различните аспекти во нивните животи доколку сакаш да ти веруваат.

Доколку ја заработиш довербата, продажбата ќе биде многу полесна.

#6 Тие сакаат да зборуваат за се, не само за твоите производи и услуги

Да, знам дека ти си претприемач кој го претставува сопствениот бизнис, и дека треба да промовираш и зборуваш за твоите производи и услуги секаде каде што се наоѓаш. Но, како прво ти си човечко суштество, исто што и твојот купувач. Зошто првин не бидеш човек, потоа претприемач и промотер на твојот бизнис.

Зборувај за се, за секојдневен живот, за секојдневно искуство… Доколку можат да научат нешто од тебе неповрзано со твојот бизнис, тие ќе ти веруваат.

#7 Тие се твои шефови

Знам дека си започнал бизнис и станал претприемач бидејќи си сакал да бидеш сво сопствен шеф. Но, ова не е возможно. Како претприемач имаш многу повеќе шефови. Имаш купувачи кои диктираат како твојот бизнис ќе функционира. Имаш снабдувачи кои исто така диктираат различни аспекти на твоите бизнис одлуки. Имаш и партнери кои исто така имаат нивни сопствени потреби од твојот бизнис.

Но, еден од најважни и највлијателни шефови во твојот бизнис се твоите купувачи. Без нив, немаш бизнис, нити си претприемач.

Секогаш, кога планираш средба со потенцијални купувачи или тековни купувачи, мора да ги знаеш овие вистини, односно да ги имаш во предвид истите.

post

[Вежба] Која е целта на постоење на твојот бизнис?

Цел на постоење на бизнисот Да, дали знаеш точно која е целта на постоење на твојот бизнис?

Размисли малку, а целта на вежбата од оваа недела е следнава:

  • Доколку знаеш точно која е целта на постоење на твојот бизнис да размислиш и провериш дали таквата цел дава резултати дали е во согласност со времето во кое опстојува твојот бизнис.
  • Доколку пак не знаеш, едноставно да напишеш една реченица која ја определува целта на постоење на твојот бизнис.

Минатата недела напишав за причини заради кои се случува пад во растот. Најголемата причина е тоа што бизнисот не е дизајниран како што треба уште во раните фази на постоење, како би успеал лесно да се трансформира во време кога ќе се појават првите знаци на растот и така да го поддржи растот.

Можеби се прашуваш што има врска дизајн со вежбата за оваа недела. Но, дизајнот на твојот бизнис се и треба да се базира токму на целите на постоење на твојот бизнис.

Затоа, зошто постои твојот бизнис?

Пред да почнеш да размислуваш за оваа прашање сакам да наведам неколку препораки кои треба да ги користиш:

  • Прво, целта на постоење на твојот бизнис не е исто со целите на бизнисот. Целите на бизнисот се дел од стратешкиот менаџмент кои имаат за цел да дефинираат што треба да се постигне во наредниот период. Целите на постоење на бизнисот се основите на кои се потпира бизнисот и врз кои ќе се опредлуваат целите како дел од стратешкиот менаџмент.
  • Второ, целите на постоење на бизнисот може да бидат исти со години и треба да бидат исти. Успешни бизниси се базираат на цели за постоење кои се исти и по 100 години од постоење на бизнисот. Целите на бизнисот пак може да се менуваат годишно, месечно, па и неделно, дури и дневно. Затоа во оваа вежба размисли да поставиш цели кои ќе бидат валидни и по повеќе години, без разлика на технолошките или било кои други промени кои може да следуваат.
  • Трето, што е последна препорака, но и најважна е да започнеш од поглед на еден купувач. Бизнисот го дизајнираш така да биде една спрега меѓу твои лични цели и целите на твоите купувачи. Мора да започнеш од него.

Запомни дека она што ќе го напишеш треба да биде инспиративно, акционо ориентирано, движека сила за тебе и твојот бизнис, а од друга страна да биде трајно, односно вечно.

И секако, ако сакаш помош при оваа вежба напиши во коментарот до што си дошол и ќе добиеш одговор со препораки и совети од наша страна.

post

Сакаш повеќе купувачи? 6 работи кои твоите купувачи сакаат да ги слушат од тебе

Што е она што купувачите сакаат да го слушнат од еден претприемач за да обезбеди поголема продажба за бизнисот?

Дали ти како еден претприемач сакаш повеќе продажба? Има ли некој кој не сака повеќе продажба? Повеќе продажба значи поголем приход, но и поголема профитабилност за твојот бизнис.

Ти имаш нешто да кажеш и го користиш тоа за да привлечеш купувачи кон твојот бизнис. Но, дали е тоа исто што и тие сакаат да го слушнат од тебе? Кога зборуваш со нив, им помагаш ли? Дали тие се задоволни со севкупните односи со тебе и твојата компанија?

Доколку сакаш повеќе купувачи, но не било какви купувачи, туку задоволни купувачи, мора да го прилагодиш твоето кажување со она што тие сакаат да го слушнат од тебе, но исто така и да го испорачаш она што си го кажал или ветил.

Ајде да бреинсторимираме некои идеи за тоа што твоите купувачи сакаат да го слушнат од тебе. Откако ќе ги прочитате речениците подолу мора да ги провериш со твојот бизнис и да ги направиш вистинити уште пред да започнеш со зборувањето.

  1. Купувачите сакаат да слушаат за решенија за нивните проблеми, а не за карактеристики на твоите производи или услуги. Иако твоите производи и услуги имаат карактеристики кои ги решаваат проблемите на купувачите, твоите купувачи не сакаат да размислуваат и да ги трансформираат карактеристиките во можни решенија за нивните проблеми. Некогаш, но и почесто имаш само неколку секунди за објаснување на твојата понуда. Зошто би им кажувал тешко разбирливи карактеристики кога едноставно можеш да им помогнеш за подобро да ја разберат твојата понуда?
  2. Купувачите саката да слушаат за нивни потреби и нормално за начините како да ги задоволат тие потреби. Секој од твоите купувачи има свои сопствени потреби кои се разликуваат од потребите на другите. Тие сакаат да чујат од тебе како може да ги задоволат нивните персонализирани потреби.
  3. Купувачите сакаат да слушнат за помошта која ти и твојот бизнис можете да им ја пружите. Како можеш да им помогнеш? Постои ли нешто друго без некоја поврзаност со твојот бизнис, а ти можеш да им помогнеш? Може ли да им дадеш квалитетни совети за подобрување на нивниот живот? Една работа е помошта со твоите производи и услуги, но друга работа е помош на лична основа неповрзана со никаква купопродажба. Доколку можеш да помогнеш, кажи дека можеш да помогнеш и помогни. На таков начин ќе ја подобриш сопствената и на севкупниот бизнис репутација и кредибилитет.
  4. Купувачите сакаат да те слушат тебе како човечко суштество, а не како бизнис или автоматизирана машина. Да, ти и твоите купувачи сте човечки суштества како прво. Мора да разговараш со нив на истиот начин како што разговараш со секого во твојот приватен живот. Ти како еден претприемач исто така си човечко суштество со свои сопствени проблеми, потреби, знаење, искуство… Сподели ги со твоите купувачи, и тие ќе ги споделат нивните со тебе. Знаењето кое ќе го стекнеш ќе биде вредно за тебе и затвојот бизнис.
  5. Купувачите сакаат да слушнат за повраток на инвестиција кога ги купуваат твоите производи или услуги. Секој кој инвестира некаков вид на ресурси како пари, време, или напор ќе сака да знае што добива за повраток. Како нивните животи ќе бидат подобри? Колку време ќе треба за да го добијат она што го сакаат од твоите производи или услуги? Колку време ќе им треба за да ја вратат инвестицијата во твоите производи или услуги? Тоа се прашањата кои ти ќе треба да ги одговориш за нив.
  6. Купувачите сакаат да слушнат и за други луѓе на кои ти или твојот бизнис им имате помогнато во минатотот. Повеќе луѓе на кои ти или твојот бизнис им имате помогнато во минатото ќе донесат повеќе купувачи за твојот бизнис. Мора да зборуваш за проблемите на другите луѓе и за решенијата кои твојот бизнис им ги понудил за да ги решат тие проблеми. Мора да зборуваш и да го покажеш искуството на другите луѓе со твојот бизнис, нивното задоволство и нивното мислење за тебе. Најмоќните приказни кои ќе ја зголемат твојата репутација и кредибилитет се приказни на другите луѓе, не твои приказни.
post

Организациски промени и некои факти

Инкрементални промени Организациски промени се предмет на мое проучување во последните 10 години. И самата теорија на организациски промени е променлива категорија. Оваа тема е една од најактуелните теми кога станува збор за организациските науки.

Ова ќе биде еден краток пост за неколку факти кои мора да се имаат во предвид кога станува збор за организациски промени и секако примена на истите од страна на менаџментот на компаниите. Камо среќа да имаше поголем развој на науката во оваа поле и секако да беше прифатена од страна на менаџерите во големите компании, сега немаше да бидеме тука каде што сме.

Факт #1: Промените не се линеарни

Една голема грешка од страна на менаџерите е што ги гледаат или се обидуваат да ги гледаат или пак едноставно ги прикажуваат промените како линеарна категорија. Тие воопшто не се линеарни и не може да бидат презентирани со права линија ниту пак да се даде линеарна равенка која ќе ги претстави тие промени.

Ваков поглед може да доведе до многу несакани последици, до многу пропуштени идеи за промени, до многу погрешно разберени резултати од имплементацијата на промени.

Факт #2: Една промена предизвикува серија на други промени

Не постои една и единствена уникатна промена. Ова значи дека нема и не може да се спроведе промена во технологија без притоа да се имплементираат промени во структурата и луѓето. Истото се случува и обратно.

Една мала промена како промена на софтверот кој се користи во секојдневна работа ќе предизвика промени во самата структура, промени во обука на користење на луѓето, промени во секојдневна работа…

Факт #3: Инволвирање на повеќе луѓе во процесот ќе доведе до поголема успешност

Промените не се “монопол” во однос на иницирање, предлагање и планирање само на менаџментот. Тие треба и да се имплементираат, а тогаш менаџментот едноставно се губи, затоа што лесно е да се префрли одговорноста за неуспех на вработените кои треба да ги имплементираат, наместо да биде одговорноста во оние кои лошо ги иницирале или испланирале.

Мора да бидат вклучени повеќе луѓе, повеќе погледи, повеќе размислувања, повеќе идеи, повеќе глави… Инаку, нема да се искористи потенцијалот на промените.

Факт #4: Отпорот кон промените е неминовен

Секогаш, ама баш секогаш ќе има луѓе кои ќе ги иницираат, прифатат и имплементираат промените, но и луѓе кои едноставно ќе ги игнориртаат или избегнуваат промените. Отпорот е константа која ги следи промените и мора да се знае од страна на менаџментот заради соодветно справување со истиот.

Факт #5 Правилно менаџирање со отпорот ќе го подобри процесот

Точно. Иако претставува нешто лошо кога станува збор за промените, вистинското менаџирање со отпорот ќе обезбеди подобрувања на самиот процес на промени. Некој отпор ќе биде предизвикан заради недостаток на процесот. Не смее да се продолжи без да се разгледаат причините и оправданоста на тој недостаток. А, тоа е подобрување на самиот процес.

post

[Видео] Обратен редослед за промени

Не можев да одолеам на споделување на ова авидео тука. Едноставно видео, кое поттикнува различно размислување. Кое не дозволува помирување со статус кво ситуација и кое мотивира да преземеме чекори да го промениме светот.

Како еден обратен редослед може да го промени изгледот на светот во кој живееме, да не промени нас и да не поттикне да се промениме себеси и нашата потесна околина која со тие промени ќе ја промени и пошироката околина и ќе обезбеди поквалитетно, подобро и помирно место за живеење како за нас така и за идните поколенија.

Има многу работи кои се важни во животот, но некои се поважни од другите. Можеби не ги забележуваме. Можеби ни се чинат како неважни. Но, едно нешто е јасно, нашата енергија ја црпиме од различни извори. Некои се видливи некои невидливи. Некои се опипливи, а некои душевни. Тоа сме ние. Луѓе. Полни со потенцијал да го промениме светот. Само доколку научиме да гледаме поинаку од мнозинството. А, и тоа мнозинство ќе има корист од секој кој гледа поинаку и дејствува поинаку.

post

Некои причини за пад во растот

Добро е кога се започнува, можеби ризично, но претприемачот е тој кој носи одлуки, презема акции, избира насоки, се прилагодува…

Тоа е претприемачот. Од него зависи се, и пропаѓање и успех, и раст и пад… Но, проблемите не се решени. Првиот знак на раст, но и првите успеси и првите поголеми договори ќе бараат нови сили, нови вработени, нови процеси, нови правила на игра…

Во претприемачки успех може да доведе до претприемачка ноќна мора опишавме една ваква ситуација:

Кога компанијата расте, атмосферата се менува, се внесуваат менаџерски нивоа, почнува да се оформува пирамидално-хиерархиска структура, на што еден претприемач некогаш гледа со незадоволство.

Кога бизнисот расте, се менуваат вештините кои му се потребни на претприемачот.

Во првите години главно се потребни технички вештини, но и познавањето на финансиите. Кога фирмата расте, потребни се следните знаења: менаџерски, мотивирачки, (рако)водни.

Кога фирмата ќе порасне, претприемачот “ја губи подлогата под нозете” и чувствува дека бизнисот веќе не зависи од него и само од него, како и дека бизнисот го водат менаџерите.

Ова се вистински проблеми. Но, и чќести промени во секојдневието.

Зошто е тоа така?

Тука ќе се обидам да ги нафрлам само две причини зошто се појавува таков проблем.

  • Салб дизајн на бизнисот. Секој бизнис се дизајнира. Инженерите дизајнираат производи кои ќе го сменат светот. Претприемачот дизајнира бизнис кој ќе го смени светот. Кој претприемач има изработено дизајн на сопствен бизнис кој го започнал? Не верувам дека постојат многу. Тој дизајн мора да биде прилагоден на два вида на цели: на претприемачот и на купувачите. Оваа недела ќе биде објавен вебинарот за дизајнирање на бизнис на премиум претприемач..
  • Недостаток на системи. Дизајнот претставува проблем самиот по себе. Но, дизајн кој не предвидел дека ќе бидат потребни системи и не вклучил раст и развој врз основа на системите во бизнисот ќе предизвика голем проблем при првите знаци на раст. Бизнисот мора да се базира на системи, не на претприемачот, барем доколку сакаме да изградиме силен бизнис. Но, доколку градиме занимација за преживување, не ни требаат системи.

Затоа и изготвивме еден чекор по чекор систем кој едноставно може да се следи за избор на најважните системи кои ти требаат, но и за тоа како да се подготват, документираат и имплементираат во бизнисот.

post

[Вежба] Дефинирање на хипотези и прва драфт верзија на бизнис модел

Ќе продолжиме со праксата секоја недела да предлагаме по една вежба за претприемачите.

Минатата недела вежбата се однесуваше на твоите пораки и можните склопувања на вистински зборови. Сепак ова е нешто што континуирано ќе се очекува од твојот бизнис, постојано тестирање и постојан избор на вистинскиот склоп од зборови. Оваа вежба е за сите претприемачи кои веќе имаат бизнис и за “потенцијални” претприемачи кои се во фаза на активирање на нивниот стартап.

Од друга страна, минатата недела беше и вовед во една теорија која ја нарековме теорија на бизнис идеи. Како референтни точки за вежбата за оваа недела ќе ги дадеме линковите до насловите кои ќе треба да ги прочитате:

Оваа недела обиди се да ја дефинираш твојата бизнис идеја и да започнеш со дизајн на драфт верзијата на твојот бизнис модел:

  • Опиши ја бизнис идејата преку проблем кој го решава.
  • Дефинирај ги сегментите на пазарот.
  • Опиши ги сегментите преку демографија, психографија и социографија.
  • Дефинирај ги потенцијалните сегменти на пазарот.
  • Дефинирај ги сегашните решенија на таков или слични проблеми на пазарот.
  • Дефинирај ги односите со купувачи и каналите кои се користат од сегашните решенија на пазарот.
  • Дизајнирај ја драфт верзијата на твојот бизнис модел.
  • Размисли уште еднаш за самото решение кое го предлагаш, за она што во моментов се нуди и за сегментите и нивните потреби.
  • Прилагоди го предложеното решение доколку сметаш дека треба да се прилагоди.
  • Внимавај особено на предностите и недостатоците на актуелните решенија кои се нудат на пазарот. Сите нивни предности нека бидат вклучени во твоето решение, додека сите нивни недостатоци избегни ги.
  • Прилагодувај доколку треба и неколку пати.

На крајот од неделата ќе треба да имаш една драфт верзија за бизнис модел како што е  прикажана на сликата подолу.

Развој на бизнис модел - Прва драфт верзија

Сподели го твоето искуство со нас, можеби ќе обезбедиме заеднички добри насоки за идниот развој.

post

Теорија на бизнис идеи: Хипотеза 1 – Постои проблем

Да продолжиме со развојот на теорија за бизнис идеи. Во претходниот пост насловен како бизнис модел во стартап фаза покажавме дека бизнис моделот е подобар избор во однос на бизнис планот за да започнеме со тестирање на хипотезите поставени пред бизнис идеите. Избравме и специфичен начин односно модел на дизајнирање на таков бизнис модел, а тоа е претставената методологија во Business Model Generation од Alexander Osterwalder и Yves Pigneur.

Сега треба да започнеме со првата хипотеза, односно работиме на докажување дека постои проблем кој нашата бизнис идеја може да го реши.

Значи, нашиот дијаграм е во следнава фаза и ние се наоѓаме во процесот на тестирање на поставените хипотези.

Теорија на бизнис идеи - Валидација на хипотези 1

Сепак се одлучивме да го избереме бизнис моделот како алатка која ќе ја користиме во процесот на тестирање на хипотезите. Затоа и ќе работиме на активностите кои треба да ги спроведеме заради дизајнирање на бизнис моделот и секако тестирање на хипотезите.

Теорија на бизнис идеи - Валидација на хипотези

Кога станува збор за првата хипотеза, односно постоење на проблем на пазарот следниот дијаграм ги опфаќа главните прашања преку кои треба да се размислува поставувањето на хипотезите. Мора да се започне со дизајнирање на одреден логичен редослед, а потоа истиот да се префрли во самиот дизајн на бизнис моделот.

Хипотеза 1

#1 Кој има таков проблем?

Првото прашање на кое треба да одговорите е кој се би можело да има таков проблем. Иако една бизнис идеја е резултат од препознавање на проблем од страна на претприемачот, кој всушност и лично го почувствувал проблемот, сепак не можеме да се базираме на лични искуства и на една таква претпоставка, бидејќи не е доволно да ни докаже дека проблемот освен кај претприемачот ќе постои и кај други луѓе на пазарот.

Затоа, добар пристап е да започнеме со бреинстормирање на сегментите на пазарот кај што мислиме дека ќе постои таков проблем.

При самото дефинирање на сегментите добро е да ги дефинираме и демографските, психографските и социографските карактеристики на секој од сегментите. Затоа мора да ги имаме на хартија описите на сегментите со нивните специфични карактеристики. Се што ќе направиме тука повеќе, ќе ни се најде во наредните фази.

#2 Кој би можел да има таков проблем?

Кога веќе размислуваме за сегментите кои го имаат тој проблем, не е лошо да размислиме и за потенцијалните сегменти, односно потенцијални купувачи кои во моментов немаат таков проблем, а би можело, односно имаат потенцијал да го имаат во иднина.

Целта на еден ваков пристап е да успееме да изградиме бизнис модел, кој како што ќе видите подолу во овој пост ќе служи како модел за сегашноста и иднината на нашиот бизнис. Од него ќе произлезат многу активности кои ќе треба да ги направиме, и колку поинформативна биде таа една страна толку подобро ќе можеме да се организираме самите нас, како и нашите ресурси кога ќе го развиваме нашиот бизнис.

#3 Решенија кои постојат во моментов?

Ние сме во фаза на проверка на хипотези, но и во фаза на дизајнирање на бизнис модел кој ќе биде предмет на тестирање. При самото дефинирање на сегментите преку првото прашање, веќе доаѓаме до некои докази дека постои проблем на пазарот. Бидејќи без да кажеме дека постои проблем не можеме ни да ги дефинираме сегментите. Значи веќе сме биле поттикнати да размислуваме во насока на докажување на првата хипотеза. Сепак тоа не е доволно, за да ја прифатиме хипотезата како доказ. Може да постои голем субјективизам во овој приод и фаза во која се наоѓаме.

Затоа треба да преминеме и кон една анализа на решенијата кои во моментов постојат на пазарот. Мора да се одговорат следниве прашања:

  • Какви решенија постојат?
  • Кој ги нуди?
  • Има ли интерес за тие решенија?
  • Кои се предности и слабости на тие решенија?
  • Какви се односите со купувачите?
  • Кои канали се користат од страна на тие решенија?

Најверојатно како еден претприемач веќе ги знаеш одговорите на овие прашање и доволно е само да ги наведеш одговорите. Но, она што е многу важно при одговарање на овие прашања е дека ќе добиеме уште една потврда дека постои проблем. Зошто? Затоа што доколку веќе се нудат слични решенија и има забележителен интерес за тие решенија претставува доказ дека постои таков проблем на пазарот.

Значи, со овој пристап веќе ја зголемуваме веројатноста дека постои таков проблем на пазарот, иако сеуште немаме цврст доказ за хипотезата. Сепак, во овој процес ќе продолжиме понатаму со докажување (во некој од наредните постови), но мора да напоменеме дека веќе сме блиску до самата потврда.

Сега, кога веќе ги имаме одговорите на овие прашања можеме да ги сместиме во дизајнот на нашиот бизнис модел како на сликата подолу.

Развој на бизнис модел - Прва драфт верзија

Значи, го имаме нашето предлог решение, кое е во фаза на развој и сеуште непотврдено, ги имаме сегментите како и потенцијалните сегменти кои се основа за идниот развој на бизнисот и имаме потврдени решенија кои постојат во моментов на пазарот како и односи со купувачи и каналите на дистрибуција на сегашните решенија. Забележувате дека она што го наведов претходно со користење на различни бои добиваме една квалитетна визуелизација за бизнисот кој го дизајнираме.

Веќе имаме доволно информации поставено во бизнис моделот преку кои ќе можеме да ги извршиме и првите прилагодувања на нашата бизнис идеја. Така да, решенијата кои во моментов се нудат како и односите и каналите на сегашните решенија може да ни дадат доста информации за сегментите на пазарот како за нивно прилагодување, така и за нивното дообјаснување или дозапознавање.

Бизнис модел - Развоја на драфт верзија

Од друга страна решенијата кои се нудат на пазарот како и нивните предности и недостатоци може да ни дадат идеи за дополнителен развој на нашето решение. На пример, да ги содржи сите предности како и досегашните решенија, додека да ги елиминираме сите недостатоци од досегашните решенија.

Бизнис модел - Развој на драфт верзија

Забележувате дека еден ваков пристап е доста едноставен и овозможува брзо визуелно поставување на хипотезата 1 и секако можните правци за целосно докажување на истата. Ќе продолжиме понатаму со уште некои активности кои ќе треба да ги спроведеме заради целосно докажување дека постои проблем на пазарот.