post

Која е твојата мисија?

Мисија Се чини толку едноставно, но толку многу работи зависат од една обична реченица која се нарекува мисија.

Не верувам дека постои компанија која нема мисија. Барем поголемиот дел од компании имаат посебна веб страна на нивниот сајт во кој ја наведуваат мисијата.

Не е проблем што ја имаат мисијата на веб сајтот, проблемот е суштински:

  • мисијата не ја отсликува реалноста на бизнисот и
  • значењето на мисијата е потценето.

Тогаш, зошто ни е мисијата.

Во бизнис план – содржина и резиме пред неколку години пишував за мисија како дел од бизнис планот. Но, изгледа требаше да обрнам особено внимание како посебни наслови.

Мисијата треба да го дефинира она што бизнисот сака да го работи за најмалку четири категории:

  • Потрошувачите
  • Вработените
  • Сопствениците
  • Општеството

Кажано со едноставни зборови мисијата претставува причина за постоење на бизнисот.

И сега го гледаме следново:

Мисија на XYZ  е да ги обезбеди најдобрите, најквалитетнтите, најсовршените производи и услуги од ABC индустрија за нашите купувачи.

Ова е една кратка верзија. Мисијата може да биде составена и од повеќе реченици, но повеќето се бла, бла, бла…

Често пати им го поставувам прашањето на претприемачите за кого? За купувачи велат. За кои купувачи? За наши купувачи велат. А, кои се ваши купувачи? И тогаш настапува вистински проблем. Било кој велат.

Тука не одам во останатите 3 категории, доволна е првата – купувачи.

Кои се твоите купувачи?

Дали доволно добро ги знаеш?

Се чини дека клучните прашања немаат одговор.

Пред извесен период дојдов до една структура на CRM база на податоци во која видов дури и смешни работи. таму имаше полиња кои се занимаваа со тоа дали има домашно милениче? Дали е тоа куче или маче? А бизнисот немаше врска со домашни миленичиња. Но, бизнисот сака да знае колку што може повеќе за своите купувачи.

Сакаш да излезеш во пресрет на нивните потреби? Мора да ги знаеш многу подобро. Кога ги знаеш подобро, специфицирај точно во твојата мисија за кого станува збор. Мисијата не е само за табе. Таа е и за сите останати во твојот бизнис, но и за сите од надворешноста на твојот бизнис.

Како дел од теорија на бизнис ќе одиме посебно во развој на купувачи и ќе видите зошто тоа е суштината на еден бизнис.

post

Како да го имплементираш твојот маркетинг план за 2012?

Маркетинг план Веројатно веќе имаш маркетинг план за оваа година и веројатно веќе започна со неговата имплементација.

Facebook реклами, бизнис картички, летоци, радио, Google Adwords, блогирање за бизнис, социјални медиуми…. Уф, уф, уф… И уште стотици, ако не илјадници можности за испраќање на твојата порака.

Маркетинг план претставува блупринт за комуникација на пораките за твоите производи и услуги со купувачите,  односно детален патоказ кој ги опфаќа твоите маркетинг стратегии, тактики, активности, трошоци и проектирани резултати во однос на временскиот период за кој се однесуваат сите твои маркетинг активности.

Доколку не читате од поодамна можеби веќе имате маркетинг план согласно 5 прашања и една табела:

  • Кој е целниот пазар?
  • Кои цели треба да ги исполни маркетингот воопшто?
  • Какви се маркетинг стратегии?
  • Кои маркетинг тактики ќе користиме?
  • Што треба да преземеме за да се исполнат целите?

И секако ја имате убаво дизајнираната табела како следнава:

Маркетинг план - табела

Сето тоа на хартија е одлично, но треба да се имплементира и крајот на годината, доколку планот се однесува за оваа 2012 година ќе каже што сме постигнале или не. Од друга страна оваа табела е премногу едноставна и фокусот и е да се имплементира се што е планирано без да навлегува во ефикасноста и ефективноста на самата имплементација и резултатите. Иако табелава е добиена преку основните – целниот пазар и целите на маркетингот кои се вклопуваат во бизнис целите, сепак еден поглед не покажува која е целта и особено што треба да се постигне со имплементација на соодветна тактика или активност. Затоа и би требало да се дополни со:

  • Треба да се оствари…
  • Се остварило…

Ова значи дека ако тактиката е зголемување на оналјн присутноста на бизнисот треба да се изберат и мерни индикатори кои ќе овозможат да знаеме како одиме со постигнувањата од имплементацијата. Не е се во имплементација. Имплементација без реализација на поставените цели не е добра имплементација, тоа е губење на време.

Што ти како еден претприемач треба да направиш за да го имплементираш твојот маркетинг план во 2012, но со резултати?

#1 Дефинирај ги остварувањата во бројки

Секоја цел преточи ја во бројки. Од таквата цел за секоја тактика дефинирај остварувања во бројки. На пример, целта е зголемување на онлајн присутноста на бизнисот за 30% од претходната година. Имаме повеќе тактики, но за примерот ќе ја земеме блогирање за бизнис при што би изгледало нешто вака:

  • Подобрување на квалитет и квантитет на содржината на бизнис блогот за 30%.

Активностите ќе бидат:

  • Имплементација на календар за содржина (издавачки календар),
  • Неделно наместо 3 по 4 наслови ќе бидат објавувани,
  • Секој квартал по една e-книга,
  • Секој месец по едно видео за користење на нашите производи,
  • …

Сега бидејќи тактиката ние таква која има и квантитет и квалитет потребно е да дадеме и квантитаивни и квалитативни мерки. Квантитаивни е лесно бидејќи едноставно, ако минатата година на пример сме имале 100 наслови, оваа година ќе имаме 130 во планот. Можеби проблемот е квалитет и дефинирање на бројките бидејќи не сме ние тие кои одлучуваме. Но, едно е јасно. Не постои нешто што не може да се измери. Така да можеме да ги дефинираме индикаторите кои едноставно ќе ни дадат слика за квалитетот на нашите маркетинг активности. (Подетално ќе одиме во мерење и методологии и техники за мерење во наредните постови оваа година како дел од теорија на бизнис идеја). На пример, квалитетот ќе биде презентиран како функција од некој од следниве индикатори (сепак за вас ќе зависат од продажната инка и системот за генерирање на потенцијални купувачи):

  • X посети во 2012
  • Y коментари во 2012
  • Z регистрации
  • W нарачки
  • A реализирани продажби

#2 Знаеш што треба да се оствари и знаеш каде си?

Бидејќи знаеш што треба да се оствари и знаеш каде си со реализацијата во моментов може едноставно да провериш дали бројките кои се реализираат ветуваат реализација на поставените цели.

Едноставни математички операции ќе ти кажат каде имплементацијата е ОК, а каде не е добра и бара интервенција за да се подобри. Ова второто може да бара и промена на планот. Но, ништо страшно, планот не е статички елемент кој не се менува.

#3 Не заборавај да мериш?

Знам дека понекогаш е тешко да се мери, но бидејќи твојот план содржи бројки, а резултатите од досегашните постигнувања повторно се во истите бројки едноставно е да мериш и да споредуваш. Но, целта на ова мерење и споредување е да ги пополниш дупките кои секогаш ќе постојат.

post

Не прави ги овие 6 работи кога планираш промени во твојот бизнис

промени Еден од најважни и без завршување или стопирање процеси во секој организациски систем како и бизнисот се организациски промени.

Како еден претприемач, твојата задача е да решаваш проблеми, како внатрешни така и надворешни. Внатрешни проблеми кои се поврзани со твојот бизнис и се она што е во внатрешноста на компанијата, и надворешни проблеми поврзани со целниот пазар, потрошувачите и се она што е надвор од твојата компанија.

Да, ти си решавач на проблеми. Секој проблем бара решение.

Од друга страна, имплементацијата на решение претставува процес на промени кој го подобрува твојот бизнис.

Но, статистички многу процеси на промени пропаѓаат заради различни причини. Тука, би сакал да предложам 6 работи кои би требало да ги избегнеш доколку сакаш да ја зголемиш веројатноста на успех на процесот на проемни.

#1 Не започнувај без јасна визија за иднината

Секој процес на промени започнува со план. Кога го планираш следниот процес на промени, треба да погледнеш во иднината. Доколку не ја знаеш иднината, нема да можеше квалитетно да ги испланираш промените.

Без јасна визија за иднината, нема да го знаеш патот кој треба да го поминеш во текот на проесот на промени.

Мора да ги одговориш следниве прашања:

  • Што ќе се случува во иднината?
  • Како ќе изгледа иднината и какво ќе биде нејзиното влијание врз мојата компанија?
  • Можеме ли да ја креираме, подобруваме, игнорираме или прифаќаме таа иднина? Што тоа би значело за нас?
  • Каква ќе биде улогата на мојот бизнис во иднина?

Кога одговараш на овие прашања, тогаш може да продолжиш со процесот на планирање.

#2 Не започнувај без јасна формулација на проблемот или вистинскиот извор на промени

Секоја промена е последица на некоја причина наречена како извор или сила на промена. Доколку сакаш да успееш со процесот на промени, мора да имаш јасна формулација на вистинскиот проблем или вистинскиот извор на промени.

Доколку ги знаеш изворите на промените, ќе знаеш и што треба да направиш.

#3 Не ја потценувај моќта на отпорот кон промени

Секој процес на промени ќе биде соочен со отпор кон тие промени. Мора да го знаеш тоа и да се подготвиш за работа на справување со тој отпор уште пред започнување со имплементација. Некои од организациските членови ќе ги прифатат промените. Некои ќе ги иницираат, но некои ќе ги игнорираат или едноставно ќе им се противат.

Процесот на промени ќе биде под закана на лицата кои ги игнорираат или се противат на предложените промени. Мора да ги знаеш тие лица. Некои од причините на отпорот може да биде прво подобрување на процесот кој треба да се имплементира, но со некои ќе треба да се справиш пред самиот процес доколку сакаш процесот да успее.

#4 Не ги отфрлај изворите на организациските промени од било каде

Извори на организациски промени може да бидат било каде внатре или надвор од организацијата. Ќе мора да ги отвориш очите, да го подобриш слушањето и да следиш се што се случува околу тебе. Се може да биде трансформирано во корисни сигнали кои ќе ти кажат што треба да се промени во твојот бизнис доколку сакаш да останеш на вистинскиот пат.

#5 Не заборавај дека твојот бизнис има моќна околина

Една од темелните основи е претпоставката дека секој бизнис функционира во многу моќна надворешна околина. Таа околина влијае на секој аспект на твојот бизнис. Таа околина не ти дава можност да останеш тивок, туку постојано ти врши притисок да промениш нешто доколку сакаш да останеш во динамична рамнотежа со неа.

Мора да ги следиш промените во околината, и веднаш да се прилагодиш согласно тие промени. Тие промени ќе станат реалност, без разлика дали ти сакаш или не.

#6 Не избегнувај да го прославиш успехот со твојот тим

Успехот на процесот на промени не зависи само од тебе како еден претприемач или менаџер. Целиот тим кој работи за тебе е одговорен за успехот. Понекогаш процесот може да биде доста болен за твојот тим. Веројатно тие повеќепати се нашле себеси во позиција да одлучуваат дали да продолжат или да запрат. Но, доколку процесот успее, тоа значи дека секој го дал максимумот за тој успех.

Од друга страна знаеш дека завршување на еден процес на промени не значи и запирање со промени воопшто. Постојат и други процеси кои ќе треба да се имплементираат. Доколку сакаш да продолжиш со успехот базиран на поддршката од вработените, ќе треба секој успех да го прославиш со нив.

post

[Видео] Промени, иновација и претприемачот

Иако видеото е наменето за САД сепак има идеи кои мотивираат, поттикнуваат и може да креираат промени и иновации. Токму она што ни недостасува. Сепак, од нас зависи.

Вреди да се потрошат две минути за да се погледа.

post

Како да го намалиш времето кое не додава вредност во 5 минути

Намалување на активности кои не додаваат вредност - Продуктивност Колку време дневно трошиш на активности кои додаваат вредност на твојот бизнис?

Или пак можеби подобро е прашањето да гласи: Колку време трошиш на активности кои не додаваат  вредност?

Како еден претприемач, мора да бидеш попродуктивен. Мора да го подобруваш бизнисот во сите можни аспекти кои ќе ти дадат најдобри резултати, или најдобар повраток на инвестиција во форма на пари, енергија или време.

Доколку се фокусираш во креирање на поголема вредност, ќе бидеш и подобар претприемач.

Да разгледаме еден процес кој ќе ти овозможи да го намалиш времето кое не додава вредност во 5 минути.

Минута #1: Направи листа на сите активности во еден просечен бизнис ден

Направи една листа која ќе ги содржи сите твои задачи во еден просечен бизнис ден кои треба да ги завршиш или едноставно вообичаено ги завршуваш.

Може да внесеш се како што е состанок со вработени, проверка на е-пошта, одговор на телефон, склопување договори…

Стави колку што можеш задачи на листата, оние кои ги навистина ги работиш, не размислувај за било што друго, едноставно напиши ги.

Минута #2: На секоја активност додади знак кој ќе означува додава вредност или не додава вредност

Сега, кога имаш листа, и веќе знаеш како го трошиш времето, едноставно може да ги поминеш повторно сите активности во втората минута и да ги означиш оние кои додаваат вредност различно од оние кои не додаваат вредност.

Минута #3: Разгледај ги сите активности кои не додаваат вредност и избриши ги оние кои не се потребни

Во третата минута, ќе треба да ги провериш сите активности кои не додаваат вредност а останаат по првото бришење. Секогаш ќе најдеш некои активности кои не се важни или едноставно немаат некое значење за твојот бизнис.

Доколку немаат значајност за твојот бизнис, едноставно избриши ги и нив.

Минута #4: Разгледај ги сите останати активности кои не додаваат вредност, а за кои сметаш дека мора да се изведат и делегирај ги

Сега, твојата листа е составена со важни активности кои додаваат вредност и активности без многу големо значење во додавање на вредност, но мора да се спроведат заради нормално функционирање на бизнисот.

Едноставно, твојата четврта минута од процесов ќе биде да се “отарасиш” од сите преостанати активности кои не додаваат вредност преку делегирање на некој од твојот тим. Ти си претприемач, и твојата задача е да се фокусираш на активности кои додаваат вредност во твојот бизнис.

Минута #5: Уште еднаш провери што останало и финализирај ја листата

Твојата листа сега содржи само активности кои додаваат вредност. Иако е така, сепак нема да изгубиш ништо доколку и последната минута ја потрошиш за уште една проверка на листата. Можеби ќе најдеш дека нешто е заборавено и треба да се додаде на листата. Може да забележиш и дека некои од активностите кои додаваат вредност не се толку важни и може да се делегираат.

Целта на последната минута е уште едно конечно прочистување на листата, бидејќи доколку е предолга нема да гарантира успех, бидејќи едноставно нема да можеш да постигнеш се.

post

[Вежба] Планирање, детализирање, фокусирање

Вежба на еден претприемач Кога размислував за вежбата за оваа недела на претприемач имав други идеи, но вчерашниот пост насловен како претприемач во крајно обоениот свет ме натера да го одложам распоредот за спремните и да одиме оваа недела со вежба за она што барем како вовед го дадов во тој пост.

Зошто?

Затоа што планирање, детализирање и фокусирање претставуваат доста важни секојдневни активности на еден претприемач. Можеби затоа што токму сега е време да се преиспитате себеси за она како се однесувате доколку веќе имате бизнис или пак доколку сеуште сте во фаза на започнување да размислите кога, што и како треба да правите.

Вежбата за оваа недела ќе биде составена од прашања на кои едноставно треба да размислите и да се обидете да дадете одговор. Одговорите ќе ви ги дадат и насоките како да постапувате или што треба да промените за во иднина.

Па, еве ги прашањата:

  • Во која фаза од животниот циклус се наоѓа мојот бизнис?
  • Во која индустрија се наоѓа мојот бизнис?
  • Какви се промените во индустријата и колкав притисок истата врши врз мојот бизнис?
  • Дали треба да бидам доста прилагодлив бидејќи околината на бизнисот го бара тоа?
  • Какво е моето искуство кога станува збор за планирање?
  • Требали и што треба да променам во начинот на кој се изведува планирање во мојот бизнис?
  • Дали детализирам и што е она што го детализирам?
  • Дали сето она каде детализирам треба да биде во толкави детали?
  • Треба ли нешто да променам во однос на детализирање, да детализирам повеќе во нешто што досега не сум детализирал или да не губам време со детализирање за нешто што премногу го детализирам?
  • Каде е мојот фокус насочен како еден претприемач?
  • Дали онаму каде што најмногу се фокусирам треба навистина да се фокусирам?
  • Може ли некој да ме замени некаде каде премногу се фокусирам?
  • Има ли мојот бизнис капацитет за да ја спроведе таа замена?
  • Треба ли нешто да променам во однос на мојот фокус како еден претприемач кога станува збор за мојот бизнис?
post

Monte Carlo симулација за анализа на ризик

Во повеќе наслови и особено во еден од последните кој е дел од теорија на бизнис идеи и насловен како барај знаци наместо одговори го потенциравме значењето на знаците бидејќи само тие постојат околу нас. Многу одлуки треба да ги базираме на истите.

Кога станува збор за бизнисите без разлика дали станува збор за стартап или веќе постоечки бизнис една од најважните задачи на претприемачот е да го пресмета ризикот. Сетете се и на факоти кои еден претприемач го прават успешен претприемач каде еден од тие фактори беше дека презема вкалкулиран ризик.

Во претприемаштвото ова е неминовно поради фактот дека бизнисот функционира во една крајно неизвесна околина.

Кога ги анализираме знаците често пати ќе добиеме податоци во кои не сме сигурни 100%. Тие ќе бидат презентирани во опсег кој може да биде од X до Y, на пример. Ова веќе е многу поточно кога сме знаеме дека бизнисот функционира во неизвесност и при една ваква презентација на добиените информации ја вклучуваме и таа незивесност, отколку да бараме и да кажеме дека сме нашле нереален прецизен податок дека нешто ќе биде токму такво.

Бидејќи оваа година на претприемач работиме на развој на теорија на бизнис идеи каде ги поврзуваме и двете контрадикторни теми како што се моделирање на бизнис и бизнис план ние ќе се соочуваме со анализа на различни податоци. Па затоа и како дел од оваа теорија ќе одиме и со презентирање на различни алатки кои можат да бидат користени од претприемачите. Започнуваме со Monte Carlo симулација.

Што претставува Monte Carlo симулација?

Monte Carlo симулација како што и ни кажува самото име претставува алатка за симулација која со помош на компјутер ќе генерира повеќе сценарија базирани на веројатностите на инпутите.

Поедноставно кажано, имаме една ситуација каде сакаме да знаеме дали нашата одлука ќе биде исправна или погрешна. Исправноста/погрешноста на одлуката ќе зависи од повеќе фактори кои ги имаме добиено и за кои не сме сигурни и затоа се движат во опсег на две бројки. На пример, заштеда ќе се движи од 1.000.000 до 1.500.000 денари. Повеќето вакви фактори кои влијаат на резултатот од нашата одлука може да генерираат различни сценарија. На пример, ако вториот фактор се трошоци кои може да бидат од 50.000 до 80.000 денари, може да имаме сценарио со заштеда 1.000.000 денари и трошоци од 50.000 денари и сценарио со заштеда од 1.500.000 денари и трошоци од 80.000 денари. Но, помеѓу овие сценарија имаме и уште еден куп други можни сценарија кои може да даваат различни податоци за резултатот и она што го добиваме кога станува збор за бизнисот.

Токму, тоа и го прави Monte Carlo симулација, генерира повеќе сценарија базирани на варојатност на појавување на инпутите и врз база на нивна анализа презентира колкав е ризикот дека ќе погрешиме.

Што ти треба за Monte Carlo симулација?

Monte Carlo симулација може да се изведе со специјализирани алатки, но и со помош на широко користениот MS Excel. Јас ја изведувам со помош на Numbers од  Apple-овиот  iWorks. Но, освен она за што досега споменавме ќе ни требаат дополнителни информации за секои променливи. Еве што се ни треба:

  • Опсег на вредности на променливи, што и го имаме.
  • Интервал на доверба (confidence interval). Колку си сигурен за секоја променлива дека ќе биде токму во тој интервал. Доколку велиш дека 90% си сигурен дека токму во тој интервал ќе биде променливата (на пример, 90% трошоците ќе бидат помеѓу 50.000 и 80.000, тогаш интервал на доверба е 90%). Ова е уште еден начин на калкулирање и додавање на неизвесноста која нормално дека постои.
  • Облик на кривата на дистрибуција. Некои криви ќе бидат посоодветни за определени вредности, но сепак најчесто користена крива со 90% интервал на доверба е добро познатата нормална дистрибуција, односно распределба.
  • Стандардна девијација која што се добива врз основа на интервалот на доверба.

Со овие елементи веќе ќе можете да ја спроведете Monte Carlo симулацијата. Потребно е за секоја променлива во MS Excel да направите наслов на променливата и во првиот ред на податоци да ја вметнете следнава формула:

=norminv(rand(), средна вредност, (максимална вредност на променлива – минимална вредност на променлива)/стандардна девијација)

Доколку од првиот ред повлечете до 1000-тиот ред (ако сакате симулација на 1000 настани) ќе се ископира формулата која ќе даде случајни вредности за променливата. Истото го повтарате со останатите променливи. Табелата ќе изгледа вака:

Табела Monte Carlo симулација

Врз основа на овие бројки за сите променливи ќе можете да пресметате она од што зависи ризикот. На пример, добивка/загуба. На таков начин веќе ќе можете да исконструирате дијаграм како на сликата подолу.

monte-carlo

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Што ни кажува дијаграмов? Веднаш можеме да забележиме дека поголемиот број од настани ќе генерира профит, поточно околу 85% од настани генерираат профит, а само 15% се ризични, бидејќи нема да генерираме профит. Но, она што е уште поважно забележуваме дека загуба ќе имаме само во 6-7% од настани. Значи дека е поголема веројатноста со ваква една одлука да добиеме отколку да изгубиме, па и да изгубиме поголем број на случаи вели дека ќе изгубиме само 100.000 денари.

Се надевам дека барем малку успеав да ја разјаснам методологијата која може доста да ви помогне. Сепак ова е пост и не можам да одам во целост во детали.

 

post

Претприемач во крајно обоениот свет…

Претприемач во еден обоен свет Денешните бизниси работат, функционираат, опстојуваат и преживуваат во XXI век.

Тоа е факт.

Денешните стартапи започнуваат бизнис во XXI век.

И тоа е факт.

XXI век е многу поразличен од XX век.

И тоа е факт.

Дури и последнава помината 2011 година е поразлична од 2010 година.

И тоа е факт.

Но, она што го забележувам е збунетост од страна на претприемачите во однос на нивното сопствено однесување. Кога и како треба да постапат.

Интересно е што се може да се класифицира на некаков начин. Најчесто кога истражуваме или анализираме преку прашалници и ги поставуваме тие прашања како:

  • Многу мало,
  • Мало,
  • Умерено,
  • Големо и
  • Многу големо.

Проблемот е што ништо не е црно или бело. Не е дури ни сиво. Има премногу нијанси помеѓу црната и белата боја. Но, постојат и други бои. А во комбинаториките помеѓу нив можеме да дојдеме до безброј нијанси и други бои. Тоа е и претприемаштвото, во таков свет опстојува еден претприемач. Тоа е еден доста збунувачки свет. Се бара одлука. Брза одлука.

Од друга страна, како човечки суштества, и нормално нашиот живот не едуцирал да бараме модели на однесување кои ќе ги запомниме и ќе туркаме понатаму. Тогаш работиме по автоматизам. Стануваме програмирани роботи. А не сме роботи. Но, немаме излез системот не програмирал. Се е лесно, за се знаеме како треба и кога треба. Но, околината и реалноста не го бара тоа од нас. Дури и не прифаќа веќе такви модели и обрасци на однесување. Дури и да не ги бара или пак да не и е гајле за прифаќање, едноставно ќе ги игнорира. А, како претприемачи не сакаме да бидеме игнорирани.

Па, затоа и секогаш се наоѓаме во недоумица на пример за следниве прашања:

  • Многу мало, мало, умерено, големо или многу големо планирање? Различни фази од животен циклус ќе бараат различни видови на планирање. Нема и нема ни да постои еден општо прифатлив модел за длабочината во процесот на планирање. Секогаш ќе има повеќе фактори кои ќе влијаат на оваа одлука. Па, понекогаш планирањето може да биде и комбинација помеѓу умерено и големо, или многу мало и мало. Нема црно или бело, ниту сиво, туку безброј бои комбинирани една со друга. Само ти во твојот бизнис ќе знаеш која боја ти е потребна.
  • Многу мало, мало, умерено, големо или многу големо детализирање? Секогаш оди во детали, не оставај на случајноста, подобро детализирај отколку било што друго… Ова е начинот на кој сме научени. Но, не секогаш во реалноста е потребно детализирање. Некогаш е потребно и тогаш ќе детализираме, но понекогаш кога не треба ќе “забошотуваме”. Во теорија на бизнис идеи – барај знаци наместо одговори е опишан еден пример. ќе детализираме се додека не ги најдеме одговорите кои никогаш нема да бидат во форма која ја сакаме и така ќе ги игнорираме знаците кои можеби сами по себе не ни кажуваат ништо, но групирани повеќе знаци, анализирани на соодветен начин ќе ни дадат заклучоци кои може да претставуваат одговори на она што го бараме. Ти ќе знаеш кога треба да одиш во најситни детали, а кога не треба да одиш во најситни детали.
  • Многу мало, мало, умерено, големо или многу големо фокусирање? Секогаш биди фокусиран. На што? На се! Потрошувачи, производство, трошоци, маркетинг, продажба… Па можеш ли? Не е важно, претприемач си? А, дали тоа значи претприемач? Не е важно, важно е дека имам бизнис? А дали имање на бизнис значи дека си претприемач? Ако еден претприемач се фокусира на се и сешто во еден бизнис, како ќе може да се занимава со претприемаштвото – идеи, раст, развој… Фокусот на се и сешто во еден бизнис го прави еден претприемач да не е веќе претприемач, туку едноставно техничар без кој бизнисот не може. Затоа и некаде фокусот ќе биде голем, а некаде мал или пак умерен.

Ова се само три подрачја кои ги опфатив со овој пост, а сепак постојат многу вакви прашања кои ве мачат. Важно е да знаеш дека ти живееш во еден крајно обоен свет.

post

[Видео] Успешен претприемач – фактори

Што е она што го карактеризира еден успешен претприемач? Кои фактори се важни за да еден претприемач биде успешен претприемач?

Во 2009 година направивме едно истражување во кое ги анализиравме тие фактори при што дијдовме до 15 фактори кои имаат влијание еден претприемач да биде успешен претприемач. Тоа истражување резултираше во следниве наслови каде ги објаснивме тие фактори:

Тие фактори се презентирани и во следново видео:

post

Како да го подобриш процесот за да бидеш ислушан од страна на купувачите?

Подобрување на процес на зборување со купувачи Во еден од претходните постови пишувавме како да дојдеш до повеќе купувачи преку 6 работи кои тие сакаат да ги слушнат од тебе.

Ти си претприемач. Подобрувањето ти е во крвта. Затоа и постојано работиш на подобрување на твоите бизнис процеси. А, овој процес е еден од поважните процеси во твојот бизнис кој има потенцијал да обезбеди долгорочна благосостојба како за тебе така и за бизнисот воопшто.

За да влезеш во еден процес на континуирано подобрување на твоето зборување со купувачите, погледни во твоето однесување кога зборуваш со купувачите и размисли за следниве прашања:

  • Како ти им приоѓаш на купувачите?
  • Како се претставуваш себеси како еден претприемач и твојот бизнис?
  • Која е првата реченица која им ја кажуваш по првото претставување?
  • Која е втората реченица која им ја кажуваш?
  • Каков е нивниот одговор на твоето претставување?
  • Како тие реагираат на твоите следни реченици?
  • Ги слушаш ли, или едноставно додека тие зборуваат само размислуваш да дојдеш до збор и да го кажеш она што си го намислил да го кажеш?
  • Дали тие ти поставуваат прашања и кои се тие прашања?
  • Може ли од повеќето разговори да најдеш некоја врска помеѓу поставените прашања заради подобра сегментација на твоите купувачи?
  • Што ти им одговараш на нивните прашања?
  • Како можеш да го подобриш приодот кога зборуваш со нив?

Мора да го подобруваш твоето однесување во стилот подобрувај како што искусуваш доколку сакаш повеќе купувачи и повеќе продажба. Нема ништо подобро отколку подобрување базирано на твоето сопствено искуство.

Ти си претприемач, лице кое треба да следи различни однесувања и различни одговори од различни потенцијални купувачи.

Овој пост претставува само како идеи кои можеш да ги користиш за да го подобриш твоето искуство со купувачите. Користи го за да дојдеш до колку што можеш повеќе идеи за различни приоди со кои можеш да им пристапиш на потенцијалните купувачи. Фидбекот од твоето сопствено искуство ќе ти каже што треба да промениш за да го подобриш целокупниот процес.