post

Бизнис план – План за социјални медиуми

Бизнис план

Бизнис план

Социјални медиуми во повеќе наврати беа предмет на обработка на овој сајт. Но, иако беше допрено до нив со верзијата на процес на бизнис планирање од 2010 година преку онлајн стратегија сепак истата не резултираше со конкретен план кој би гарантирал спроведување на стратегијата (во делот на социјални медиуми) во пракса.

Користење на она што досега е направено

Кога станува збор за овој план како дел од севкупниот бизнис план вие како еден претприемач веќе имате изработено соодветна онлајн стратегија која на некој начин ќе ги отслика потребите на градење на присутност на вашиот бизнис на интернет.

На пример, со претходниот (ажуриран дел за 2011) пост кој се однесува на дефинирање и редефинирање на бизнис моделот имате дефинирано:

  • Кого опслужува вашиот бизнис?
  • Каква вредност испорачува вашиот бизнис?
  • Како и преку што ќе ја испорачува таа вредност?
  • Каква и преку кои средства ќе се одвива комуникацијата со потроувачите?

Токму овие прашања во комбинација со инлајн стратегијата подготвена во претходниот наслов која навлезе во конкуренцијата, пазарот и целите на онлајн присутноста ќе бидат основа на изработка на план за социјални медиуми.

Изработка на план за социјални медиуми

Во овој дел би ги сублимирале основните чекори кои ќе треба да ги спроведете за изработка на еден ваков план. Првин би тргнал со одговор на шрашањето за тоа што значи добар план за социјални медиуми. Добар план за социјални медиуму претставува:

  • едноставен
  • концизен
  • воден од целите и
  • применлив во пракса.

За да ја исполните целта, да имате добар план за социјални медиуми следете ги следниве чекори:

  • Чекор 1: Дефинирајте ги сите цели на бизнисот кои на било каков начин може да имаат врска со присутноста на вашиот бизнис на социјални медиуми. Ова веќе ви е обработено при дефинирање на онлајн стратегија, па така за целите на овој наслов на бизнис плано можете да ги искористите.
  • Чекор 2: На скицата на бизнис моделот наведете ги сите места каде социјалните медиуми може да имаат одредена улога во спроведување на ефикасни и ефективни активности за комуникација и дистрибуцијата на вредноста што вашиот бизнис ја нуди.
  • Чекор 3: Спроведете SWOT анализа за социјални медиуми. Во овој дел ќе треба да одговорите на 40 прашања (од внатрешноста и надворешноста на бизнисо) по што лесно ќе можете да ја конструирате SWOT матрицата.
  • Чекор 4: Направете еден Scorecard за социјални медиуми преку кој ќе ги анализирате различните социјални медиуми кои согласно бизнис моделот, онлајн стратегијата и спроведената SWOT анализа од претходниот чекор најмногу одговараат за вашиот бизнис.
  • Чекор 5: Изберете ги социјалните медиуми кои ќе имаат најмногу поени согласно претходниот чекор и кои вие и вашиот бизнис ќе ги користите за периодот за кој се однесува планот.
  • Чекор 6: Направете една листа на активности која ќе треба да ја спроведете за градење на соодветен настап на избраните социјални медиуми согласно претходниот чекор.
  • Чекор 7: Определете точен датум на реализација на секоја активност која ја дефиниравте во листата од претходниот чекор.
  • Чекор 8: Определете одговорни лица за спроведување на секоја од тие активности.
  • Чекор 9: Определете мерни индикатори за секоја активност како би можело да се спроведе соодветно мерење на резултатите од истите.
  • Чекор 10: Имплементација, мерење и подобрување

 

post

Бизнис план – Дефинирање и редефинирање на бизнис моделот

Бизнис модел и онлајн стратегија

Бизнис модел во процес на бизнис планирање

Веќе подолго време анализирајќи го процесот на бизнис планирање барам врски помеѓу бизнис планот како производ од тој процес и бизнис моделот (моделирање) како појдовна точка на секој процес на планирање. Во процесот на бизнис планирање имаме дадено 12 елементи на еден бизнис план како документ кои се опфаќаат низ тој процес.

Оваа година (2011) тој процес и тие елементи кои ги дефиниравме минатата година ќе ги надополниме со неколку нови елементи. Ова е поради фактот што новото време во кое секојдневно навлегуваме бара нови наслови и надополнувања во самиот процес.

Започнуваме со насловот дефинирање и редефинирање на бизнис моделот.

Дали и зошто бизнис модел наслов во еден бизнис план?

Едно од најпоставувните прашања кога станува збор за бизнис планот е дали треба да се оди со формализација на истиот во еден документ наречен како „бизнис план“ или да се оди со поедноставен бизнис модел во кој ќе се скицираат сите неопходни елементи на еден бизнис. Затоа се одлучив на комбинација бизнис план со бизнис модел поднаслов во истиот. Еве на што ја базирам одлуката:

  • Бизнис модел е основа на бизнис планот, нешто што во целост ќе го поедностави процесот на планирање бидејќи главните црти на бизнисот со основните пресметки барем на трошоци, приходи и профитабилност може да се видат преку еден бизнис модел.
  • Бизнис моделот се насочува на 4 главни елементи на еден бизнис: потрошувачи, понуда, инфраструктура и финансиска одржливост на истиот. Овие елементи детално се обработуваат во процесот на бизнис планирање.
  • Многу е полесно да се започне со планирање доколку имаме појдовна основа за тоа кого сакаме да задоволиме, со што ќе ги задоволиме, како ќе ги задоволиме и што ќе добиеме за возврат. Со помош на бизнис моделот нашиот фокус во процесот на планирање ќе биде во вистинската насока.
  • Дури и за оние кои го разгледуваат бизнис планот и одлучуваат дали да ви доделат финансиски средства или не полесно е преку една страна да видат дали тој бизнис со таков бизнис модел е нешто што ќе биде профитабилно.

Но, да започнеме.

Што е бизнис модел?

Во повеќе наслови на претприемач имаме пишувано за бизнис модел и што е тоа бизнис модел. Би ги споменал следниве:

Како формална дефиниција за биснис модел ќе ја искористам дефиницијата од книгата Business Model Generation – Alexander Osterwalder & Yves Pigneur во која се вели:

Бизнис модел опишува како еден бизнис креира, испорачува и стекнува вредност.

На што треба да се одговори во овој поднаслов?

Заради полесно комплетирање на овој дел од севкупниот процес на бизнис планирање ќе се обидеме да ги класифицираме главните прашања на кои што вие како претприемач ќе треба да одговорите.

  • На кои сегменти на пазарот ќе се насочи бизнисот, односно кого ќе опслужува? Како помош за одговор на оваа прашање може да ви помогне RFM формула идемографија во однос на активности.
  • Каква вредност ќе понуди бизнисот? Повеќе можете да прочитате во испорака на вредност и градење на супериорна вредност.
  • Како и со што ќе ја испорачува таа вредност бизнисот? Ова е едноставно одговор на прашањето како производот и/или услугата ќе стигнува до секој сегмент кој го дефиниравте погоре. Мора да внимавате дека различни сегменти може да преферираат различни канали на испорака.
  • Какви ќе бидат односите со потрошувчите? И пред и по завршување на продажбата бизнисот мора да остане во одредени релации со потрошувачите. Ова мора да го одговорите тука.
  • Колкави ќе бидат приходите? Приходите се резултат на испорачаната вредност на потрошувачите и примени пари за таа вредност. Едноставно проектирајте ја големината на секој сегмент, учеството на пазарот и она што ќе го наплаќате за да дојдете до првичниот износ на приходот. Напомена: тука само користите претпоставки и претходни знаења бидејќи целосната анализа на пазарот ќе ја спроведете подоцна.
  • Што се ќе ви биде потребно за реализација на вредноста? Ова се ресурсите кои вашиот бизнис ќе треба да ги има за да успешно ја произведе и дистрибуира вредноста до потрошувачите. Дали се тоа луѓе, опрема, знаење, технологија или било што друго мора да го опфатите во овој дел.
  • Што се ќе треба да превземете за успешна реализација на вредноста? Вие и вашиот бизнис ќе мора да спроведете различни активности за производство и испорака на вредноста. На пример, производство, маркетинг, продажба…
  • Кои се клучните партнери во вашиот бизнис процес? Вие не сте сами во овој процес. Процесот може да започнува и пред вашиот бизнис и да завршува после вашите потрошувачи. Ќе имате снабдувачи, инвеститори, партнери…
  • Каква е трошочната структура на бизнисот? Сите елементи опфатени и дефинирани во бизнис моделот создаваат некаков вид на трошоци. Најдобро е уште во овој дел да ја дефинирате можната трошочна структура која секако во оној финансиски дел од бизнис планот ќе ја разработите подетално.

Редефинирање на бизнис моделот

Едно нешто што мора да го знаете е дека бизнис моделот исто како и бизнис планот подлежи на измени. Сигурно уште кога ќе завршите со процесот на планирање ќе треба да измените нешто во овој поднаслов. Но, ова е еден циклус кој обезбедува постојано подобрување на вашиот бизнис.

post

10 Совети за да бидеш успешен претприемач

Претприемач во транснационални компании

10 Совети за претприемачи

Да се биде претприемач не е лесно. Многу предизвици, многу различни патишта, многу различни можности, многу закани, многу проблеми… Тоа се секојдневни предизвици на еден претприемач со кои се соочува.

Во овој пост ќе се обидеме да ги систематизираме најважните совети кои треба да бидат следени од еден претприемач.

1. Желба и фокус

Кога постои страствена желба да се постигне нешто, поголема е веројатноста дека ќе се постигне. Но, од друга страна таа желба доведува до висок степен на фокусираност на претприемачот за реализација и претворање на желбата во реалност. Сонот станува реалност.

2. Работи го она што го сакаш и знаеш најдобро, а за се останато најмувај

Никој не е специјалист за се и сешто. Секој човек има нешто во што е подобар од другите. Затоа не може да се очекува ниту од претприемачот дека ќе има капацитет и ќе може сите претприемнички активности да бидат спроведени од него.

Успешните претприемачи го работат она што го знаат најдобро, а за се останато најмуваат соработници.

3. Не се обидувај да ги задоволиш сите

Не го знам клучот за успехот, но клуч за неуспех е да се обидете да ги задоволите сите. ~ Bill Cosby

Цитатот сосема доволно кажува дека клуч за неуспех е обидување да се задоволат сите. Сите немаат потреба од ваш производ или услуга. Можеби немате капацитет да задоволите премногу потрошувачи. Сите потрошувачи немаат капацитет ниту потреба за вашите производи или услуги. Понекогаш можеби е подобро да имате еден ама вреден наместо 1000 кои не додаваат вредност на бизнисот.

Искористете го првиот совет да бидете фокусирани, и тоа фокусирани кон оние најважните потрошувачи.

4. Имај план или To-Do листа за определен период

Кога постои план вашиот фокус е на многу поголемо ниво. Со план имате скицирано патека која води кон успехот – реализација на вашата желба.

5. Обврзувај се да ги завршуваш работите

Можете да го имате најдобриот план за реализација на вашите желби. Можете целосно да бидете фокусирани он таа реализација. Но, доколку не се обврзете да ги завршувате работите испланирани за дневните активности Вашиот бизнис ќе страда.

6. Секој ден обиди се барем малку да го подобриш твојот бизнис

Подобрувањето е основа на секој успешен бизнис. Не постои нешто што не може да се подобри. Луѓето, процесите, структурата, технологијата, производите и/или услугите… Тоа се елементи кои секогаш можат да бидат подобрени.

Обидете се секој ден да барате и да најдете барем нешто со што тие елементи би се подобриле со што ќе обезбедите поголема конкурентска предност.

7. Биди лидер кој ќе биде следен од вработените

Вие и вашиот бизнис не сте сами. Тука се и вработените на кои им е потребно силно водство за да одржат висок морал и императив за завршување на работите онака како што се замислени и предвидени од ваша страна.

8. Никогаш не заборавај на готовинскиот тек

Готовинскиот тек е основниот крвоток на секој бизнис. Без готовина нема да може да се финансира тековното работење на бизнисот ниту пак идниот развој и раст на истиот.

Обиди се секојдневно да го следиш готовинскиот тек и навреме елиминирај ги сите можни застои и пречки кои се јавуваат кај него.

9. Не се плаши од технологијата

Страв од технологија може да биде голема пречка за раст и развој на еден бизнис. Од друга страна таа технологија е нешто што постојани се менува.

Користи ја технологијата, не бегај од можностите што ги нуди.

10. Обидувај се и учи од грешките

Секоја грешка е претходница на можно подобрување.

Секое големо подобрување се појавува по повторување на грешка. Буквално ништо не се изведува правилно од прв пат. Грешки, повторени грешки, се помагала на патот кон остварувањата. ~ Charles Franklin Kettering

post

Книга: Enchantment од Guy Kawasaki

Enchantment

Enchantment

Минатата недела завршив со читање на книгата насловена како Enchantment од Guy Kawasaki. Од самото започнување со создавање на една поширока заедница за креирање на книгата преку дизајн на корицата за која се крена голем прав, истата привлече големо внимание низ целиот свет. Внимание привлече и одлуката на авторот да не користи веб сајт за нејзина промоција туку едноставно Facebook страна.

Затоа и јас бев еден од оние на кои процесот на enchantment на авторот влијаеше и меѓу првите ја нарачав истата.

Што значи enchantment?

Не сум сигурен дали постои некој вид на официјален превод за овој збор па затоа кога започнав со читање на книгата побарав низ неколку речници и лексикони за да пронајдам можен превод или дефиниција. Така да она што го разгледував беше:

New Oxford Dictionary за enchant вели дека значи:

Да опсипеш некого со големо задоволство; Да шармираш.

Истата дефиниција ја најдов и во онаа хардкопи издание на Oxford Advanced Learner’s Dictionary. Исто или слично може да се најде и во Wikipedia каде се додава и активност да фрлиш магија на некого.

Во книгата и Guy Kawasaki дава дефиниција за Enchantment каде што вели:

Јас го дефинирам Enchantment како процес на задоволување (усреќување) на луѓето со некој производ, услуга, организација или идеја.

Очигледно е дека е поврзано со задоволување, задоволство, усреќување, влијание врз луѓето, привлекување… Се она што на еден бизнис денес му е повеќе од потребно.

Но, да навлеземе малку во книгата.

Што е опфатено во книгата?

Она што особено ми се допадна е што авторот се обидува книгата да биде еден план, една водилка низ процесот на привлекување, шармирање, задоволување (enchantment) на потенцијални потрошувачи, колеги, соработници, шефови… Кога ќе ја погледнете содржината истата отсликува еден готов план кој е спремен за имплементација во бизнисот и животот на еден претприемач. На, мапата подолу е прикажана основната содржина на истата од која може да се забележи дека книгата е ориентирана кон превземање на акција, а не теоретски излагања кои не помагаат за излез од status quo ситуација.

Содржина на Еnchantment

Содржина на Еnchantment

Од мапата на сликата забележувате дека тоа се теми кои се постојано актуелни за еден бизнис и еден претприемач во денешните времиња.

Но секоја од овие теми се расчленети дури и до најситен детал со конкретни совети, препораки и иксуства кои ги презентира авторот.

Книга Еnchantment

Книга Еnchantment

За кого е оваа книга?

Првин намената на книгта не е само за претприемачи, туку и за сите оние кои сакаат да станат покорисни во сопствената заедница или во сопственото општество. Оваа книга не е класична книга за користење на социјални медиуми иако во одреден дел ги обработува и социјалните медиуми. Оваа книга дава некои основи за тоа како да се однесувате и во оној вистинскиот живот не поврзан со виртуелниот свет.

Затоа оваа книга може да се користи од страна на претприемачите како сегашни така и идни кои се подготвени да учествуваат во креирање на вредноста во заедницата во која живеат или работат.

Може да се користи и од страна на оние кои на било каков начин се занимаваат со маркетингот и сакаат производот или идејата полесно да ја распространат до оние до кои треба да пристигнат.

Во секој случај корисна книга од која може да се извлече големо знаење.

Инфографик за Enchantment

И за крај инфографик за Enchantment превземен од сајтот на Guy Kawasaki:

Enchantment Infographic

post

Развој на менаџментот низ историјата и денес – Дел 5

Развој на менаџментот

Развој на менаџментот

Ова ќе биде последниот пост кој ќе содржи историја од насловот на овој серијал. Од наредните постови како дел од овој серијал ќе се насочима на она што е денес актуелно. Ќе продолжиме со четвртото продолжение од серијалот за развој на менаџментот низ историјата и денес. Во претходните три дела (дел 1, дел 2, дел 3, дел 4) ги поминавме принципите на научен менаџмент на   Frederick Taylor и експериментите на   Hawthorne, индустриска психологија, социотехнички системи, организациски развој, KAIZEN, TQM, менаџерска решетка и Lean менаџмент. Во овој четврт дел ќе продолжиме со:

  • BPR – реинженеринг на деловен процес и
  • Фрактална филозофија

BPR – реинженеринг на деловен процес

Оваа филозофија изворно се нарекува Business Process Reengineering – BPR (реинженеринг на деловниот процес) но во нашето понатамошно излагање поради пократко пишување ќе пишуваме само реинженеринг.

Не може да се бараат  творците на оваа филозофија затоа што уште пред да го добие ова име, таа се користела од некои компании. Но, доколку е потребно да се издвојат творците, кои што за првпат ја именувале и образложиле оваа филозофија би ги издвоиле Michael Hammer и James Champy кои во почетокот на 90-тите години од минатиот век го разработиле концептот и ја развиле методологијата на примена на оваа  филозофија во нивното дело Reengineering the Corporation – A Manifesto for Business Revolution (Реинженеринг на корпорацијата – манифест за бизнис револуција).

Основниот концепт за оваа филозофија кај овие автори се родил во почетокот на 80-тите години од минатиот век кога забележале како неколку компании драматично ги подобриле своите перформанси во повеќе подрачја на нивниот бизнис преку радикални промени на работните процеси кои ги изведувале. Во текот на десетгодишно проучување на овие радикални промени кои даваат драматични резултати Champy и Hammer развиле одредени процедури за изведување на тие промени на кои што им дале име, односно business reengineering. Подоцна оваа филозофија стана хит на 90-тите години од минатиот век.

Ако инженерингот или инженерството претставува примена на науката во дизајнирање, градење и користење на техничките системи, тогаш инженерингот на деловниот процес се однесува на организациските системи. Бидејќи ре– претставува латински предмет кој во сложенки означува назад, повторно, пак, уште еднаш, реинженерингот ќе значи повторно дизајнирање, градење и користење на организациските системи. Ова значи дека реинженерингот се однесува на градење на нови темели на бизнисот. Но, дали на некоја постоечка куќа можеме да почнеме да градиме нови темели? Секако дека одговорот ќе биде дека куќата треба прво да се сруши и да се изгради нова на нови посилни темели. Можеби звучи чудно тоа да целиот бизнис кој веќе е изграден да се сруши и повторно да се гради од почеток. Состојбата во повеќето организации, а особено кај нас бара токму таков процес, што е резултат на влошените состојби во истите, односно појава на губење на пазари, неможност за освојување на нови пазари, лоши финансиски резултати итн.

Сега ќе претставиме една формална дефиниција која е презентирана од страна на Michael Hammer и James Champy. Тие даваат една кратка и една посложена дефиниција. Кратката дефиниција што ја даваат овие автори вели дека:

реинженерингот претставува повторно започнување.

За оваа дефиниција велат дека е добра за првично разбирање на поимот, но од друга страна не е доволна за луѓето кои сакаат да спроведат такво нешто во сопствените организации. Затоа како формална дефиниција за реинженерингот ја даваат следнава:

Реинженеринг претставува фундаментална разработка и радикален редизајн на деловниот процес за да се постигнат драматични подобрувања во критичните показатели на перформансите, како што се трошоците, квалитетот, услугата и брзината.

За разлика од KAIZEN каде што идеите за подобрување доаѓаат од сите хиерархиски нивоа, при реинженерингот тоа е задача на тимот кој е одговорен за планирање и спроведување на истиот. Членовите на овој тим треба да имаат различни вештини и способности за секој понатамошен чекор во реинженерингот. Овој тим има за задача да изврши анализа за потребата од реинженеринг, потоа ги дизајнира промените кои треба да се спроведат и го планира имплементирањето на истите за да на крајот го следи и евалуира процесот на имплементацијата.

Фрактална филозофија

Фракталната филозофија, фрактална фабрика или компанија како што може да се сретне во литературата како појава своите зачетоци ги има во Теоријата на фрактална геометрија откриена од математичарот Benoit Mandelbrot во 1975 година. Оваа теорија го решава проблемот на анализирање и опишување на геометриски тела во повеќедимензионален простор. Зборот фрактал доаѓа од латинскиот збор fractus кој значи скршено, фрагментирано. Објектите кои што ги опишува и анализира оваа теорија се наречени фрактали, односно неправилни површини кои што се наоѓаат во природата насекаде околу нас. Со помош на Питагоровата теорема можно е да се опише правоаголен триаголник, но објектите кои се наоѓаат во природата тешко дека сите имаат форма на правоаголен триаголник. Пример на една ваква неправилна површина може да биде скршен камен кој што има доста комплексна површина. Тука се поставува прашањето каква геометриска формула треба да постои за да се опише оваа површина. Овој камен пак може да личи на една минијатурна планина од која што и е изваден тој камен. Значи фракталите се самослични, што претставува и една од карактеристиките на оваа теорија.

Може да се постави прашањето каква примена би имала оваа теорија во организациските системи кои како што знаеме се вештачки системи составени од технички и природни системи, како и комплексни системи. Тие имаат своја структура, која што колку е покомплексен организацискиот систем толку и структурата е покомплексна, односно обликот и формата на организациската структура станува покомплексна. Динамичното окружување на денешните корпорации при сé поголема глобализација на пазарот не дозволуваат компаниите да се потпрат на едноставни структури кои се бавни при промените, туку бара такви структури кои ќе бидат спремни да одговорат на сите предизвици кои доаѓаат од променливата околина на компанијата. Токму поради оваа комплексност на организациските системи оваа теорија на фрактална геометрија откриена од Mandelbrot може да најде широка примена во организацискиот живот.

Во 1992, Професор Warnecke, претседател на Fraunhofer-Institute for Manufacturing Engineering and Automation vo Stuttgart го развил концептот за “Фрактална фабрика”. Овој концепт всушност претставува соодветен одговор на јапонските и американските менаџмент филозофии, но прилагоден согласно окружувањето на организациите кои што се во Европа. Целта на овој концепт е да се развие такво претпријатие кое ќе се прилагоди на сите промени кои дооаѓаат од околината со претпоставка дека компаниите се живи организми со огромен потенцијал на вработените кој треба на вистински начин да биде искористен. Овој концепт на “Фрактална фабрика” подоцна наоѓа примена и во неиндустриските подрачја.

Фракталната филозофија како што ни кажува и самиот збор ја разгледува организацијата како состав на повеќе елементи кои се наречени фрактали. Целта на едно вакво разгледување е да може во секој момент преку фракталот да се огледа целата структура. Секој од овие фрактали се организациски ентитети кои работат независно едни од други но имаат голема сличност едни со други, бидејќи секој на секого врши одредена услуга. Оттука и доаѓа карактеристиката на самосличност која ја користи оваа филозофија. Помеѓу фракталите и во самите фрактали се воспоставува една таква врска во која што сите добри идеи може да се имплементираат без разлика од кај доаѓаат, што доведува до процес на континуирано подобрување на работењето и во самите фрактали и на целиот организациски систем. Ова е поради карактеристиките на самоорганизирање и самооптимизирање. Целите на фракталите се интегрираат во целите на целиот организациски систем, односно целите на фракталите служат како начин на исполнување на целите на компанијата. Ова е четвртата карактеристика на фракталите – ориентација кон целите. Значи целите на фракталот се подцели на целите на целата компанија, со што се избегнува спротивставеност на целите помеѓу самите единици и со целите на компанијата.

Поради тоа што фракталите се помали независни ентитети во состав на компанијата, тие многу лесно се приспособуваат кон промените во окружувањето, што е резултат на динамичната карактеристика на фракталот. Кога структурата во самиот фрактал нема да одговара на новите барања и услови таа се менува, а со тоа се јавува потреба од промени во сите фрактали во една корпорација, што пак доведува до промени на целата структура на организацискиот систем. Ова претставува една од најважните карактеристики на фракталите, бидејќи овозможува брзи иновациии во рамките на самите фрактали, а со тоа и иновации во целата корпорација.

Фракталната филозофија е еден интегриран приод кој ја дели организацијата на посебни ентитети кои работат независни едни од други (можат дури и целосно да се одвојат од неа), а чии цели и перформанси можат прецизно да бидат опишани врз база на наведените основни карактеристики на тие фрактали.

Сетовите на Mandelbrot прикажуваат самосличност не заради тоа што даваат подетална слика на поситните нивоа туку поради тоа што даваат детали со одредена константна симетричност иако тие сетови не се идентични. Во математиката еден објект се вели дека е самосличен доколку тој има “груба” сличност во однос на било која карактеристика. Објектите не треба да имаат точно иста структура на сите скали, но ист тип на структури мора да се појавува на сите скали.

Оваа карактеристика на самосличност во организациските системи не се однесува само на структурата на фракталите, туку се однесува на сличноста на целите помеѓу фракталите. Како во фракталната геометрија одредена фигура има карактеристика на самосличност доколку може да се подели на помали и помали делови кои личат на целината но имаат различна големина така и во концептот на Фрактална фабрика секој фрактал мора самиот да биде во одреден степен посебна фрактална фабрика.

Самосличност на фрактали

Самосличност на фрактали

Ова значи дека можат да постојат само слични но никогаш идентични структури на различни фрактали како на примерот од сликата подолу.

Слични но не исти

Слични но не исти

Треба да напоменеме дека не мора да значи дека фракталот ќе остане како дел од фабриката, туку може да стане целосно независен, така што ќе се формира мрежа од компании кои се поврзани меѓу себе и кои ќе се разгледуваат како фрактали. Со вака поставените работи ќе се дојде до децентрализација во фабриката и нема да постои монопол врз одредени ресурси на еден фрактал во однос на друг.

Карактеристиката која им допушта на фракталите да имаат слобода во организирање и изведување на задачите се нарекува самоорганизирање. Фракталите поседуваат одреден степен на слобода во дејствување и во процесот на донесување на одлуки така што се поттикнуваат самите да го изберат начинот на кој што ќе манипулираат со ресурсите на таков начин што ќе произведуваат производи и услуги во насока на исполнување на поставените цели.

Поради тоа што денес компаниите работат во таква средина која што влијае на безброј начини на нејзиното работење, а тоа влијание може да има огромни последици, тие треба да се прилагодуваат кон тоа влијание. Времето за кое компанијата ќе го стори тоа е многу важно за продолжување на успешното работење. Затоа концептот на Фракталната фабрика им дава карактеристика на самооптимизација на фракталите. Со оваа карактеристика на фракталите се добива континуитет во оптимално работење на целата компанија поради фактот што секој фрактал без разлика од кое ниво на сегментирање на компанијата се наоѓа врши соодветна оптимизација на работењето согласно своите потреби не заборавајќи ги притоа целите кои треба да се исполнат на глобално ниво.

Можеме да заклучиме дека фракталите самите се организираат и оптимизираат, што претпоставува дека овие активности се одвиваат од долу према нагоре. Овие карактеристики доведуваат до континуирано подобрување и тоа во вистински моменти поради тоа што секој фрактал тргнувајќи од најситниот па сî до целата фрактална фабрика дава одреден придонес за начинот на организирање и оптимизирање на работењето.

Целите на фракталите претставуваат главен фактор кој управува со нив. Затоа сите фрактали ја имаат карактеристиката на ориентација кон целите, односно ориентација кон исполнување на целите кои се поставени пред самиот фрактал, а со тоа и исполнување на целите на целиот организациски систем. Но тука главното прашање кое се поставува е како да се определат целите, дали тие едноставно можат да им се наметнат на фракталите. Вистинскиот начин за поставување на целите е преку координација на фракталите. Секој фрактал има индивидуален и погорен систем на цели. Системот на целите на фракталот се изведува преку координација со фракталот од прво погорно ниво. Ова може да се објасни на следниов начин: целта на системот човек-машина (фрактал) е намалување на времето на производство на едно парче, оваа цел е изведена во координација со целта на погорен фрактал (намалување на време на производство на производот) која пак е изведена во координација со целта на наредниот погорен фрактал (намалување на време на доставување на производот до купувачите).

Фракталната фабрика својот успех го темели на својата динамичност. Тука доаѓа до израз терминот виталност на фракталот. Терминот виталност е изведен од латинскиот збор виталис кој се користи во биологијата и значи способност за живот, животна сила или животна енергија. Освен на живите организми овој термин може да се искористи и во опишување на карактеристиките на организациските системи кои реагираат и се адаптираат спрема влијанието на нивната околина. Виталноста претставува термин за мерење на способноста и ефикасноста на фракталот. Таа зависи од внатрешни (кадри, менаџмент, финансии, локација итн.) и надворешни фактори (конкуренција, пазари, законодавство итн.). Од ова може да се заклучи дека за еден фрактал да биде витален влијаат силините или слабостите на самиот фрактал како внатрешни елементи и можностите и заканите односно надворешните барања кои треба да се исполнат од тој фрактал.

Колку е поголема виталноста на фракталот толку е поголема способноста на фракталот да преживее во неговото динамично окружување. Затоа фракталите имаат карактеристика на динамичност, односно брзо менување на нивната структура за да одговорат на променетите барања од околината. Согласно системската теорија фракталите треба да се формираат на таков начин да релациите (тек на материјали, кадри и информации) внатре во фракталот бидат посилни од оние релации со надворешни фрактали. Доколку ова правило не се исполнува препорачливо е да се менуваат структурите.

Од досега изложеното можеме да заклучиме дека фракталниот концепт како еден интегриран приод ја нагласува улогата на околината како и улогата на човечкиот фактор во развивање на флексибилни производствени системи и организациски системи кои ќе бидат способни да одговорат на утрешните предизвици.

Продолжува: Развој на менаџментот низ историјата и денес – Дел 6

post

Развој на менаџментот низ историјата и денес – Дел 4

10 Карактеристики на отворени системи

Развој на менаџментот

Ќе продолжиме со четвртото продолжение од серијалот за развој на менаџментот низ историјата и денес. Во претходните три дела (дел 1, дел 2, дел 3) ги поминавме принципите на научен менаџмент на  Frederick Taylor и експериментите на  Hawthorne, индустриска психологија, социотехнички системи, организациски развој, KAIZEN и TQM. Во овој четврт дел ќе продолжиме со:

  • менаџерска решетка и
  • Lean менаџмент

Менаџерска решетка

Менаерска решетка претставува пристап за индивидуални и организациски промени  кој што претставува посебен случај на организациски развој. Развиен е од страна на R. Blake и J. Mounton во 1964 година и е прикажан во нивното дело The Managerial Grid: The Key to Leadership Excellence. Тие примениле решеткаст модел за менаџментот. Решетката е составена од две оски:

  1. На Y-оската (вертикална) е прикажана грижата за луѓето и
  2. На X-оската (хоризонтална) е прикажана грижата за задачите.

И двете оски имаат ранг од 0 до 9 и со помош на овие две димензии се опишува стилот на менаџментот врз основа на тоа кој ранг постои и на двете скали . Токму оваа карактеристика на утврдување на стилот на менаџментот со помош на две димензии му дава предност на овој модел поради едноставност.

Менаџерска решетка

Менаџерска решетка

Петте карактеристични стилови од овој модел се:

  1. Сиромашен стил (1, 1). Овој стил на менаџментот најмалку води грижа за луѓето и за задачите. На ваков начин тие ги избегнуваат неволјите со тоа што делегираат и исчезнуваат и не се грижат за начинот на изведување на задачите, ниту пак на резултатот од задачите, ниту пак за луѓето кои ќе ги изведуваат задачите.
  2. Кантри клуб стил (1, 9). Менаџерот кој поседува кантри клуб стил многу се грижи за луѓето но воопшто не се насочува кон задачите (производство). На ваков начин не се обезбедува продуктивност, но се обезбедува работна средина која е доста поволна за сите вработени.
  3. Производствен или авторитарен стил (9, 1). Овој стил има висока загриженост за задачите додека воопшто не се грижи за луѓето и односите меѓу луѓето. Менаџерите со овој стил преку правила и процедури ги притискаат вработените да ги изршуваат работните задачи онака како што се испланирани.
  4. Стил на менаџер на половина пат (5, 5). Овој стил на менаџери делумно се насочува и на луѓето и на работните задачи. На ваков начин тие се надеваат дека ќе постигнат оптимални перформанси.
  5. Тимски стил (9, 9). Овој стил поседува голема насоченост и кон луѓето и кон работните задачи. На ваков начин се практикува тимска работа за постигнување на поставените цели. Ова е менаџер со најдобар стил на менаџментот (идеален менаџер).

Моделот на R. Blake и J. Mounton се базира на надминување на две најголеми бариери за организациска ефективност:

  1. комуникациски проблеми и
  2. недостаток на планирање

За надминување на овие бариери тие развиле приод во 6 фази преку препознавање на стилот на менаџментот од решетката (W. Warner Burke: Organization Change: Theory and practice, Sage Publications Ltd, California, 2002, страна 37):

  • Фаза 1: обука на менаџерите како да станат менаџери со стил 9, 9
  • Фаза 2: развивање на тимска работа
  • Фаза 3: меѓугрупен развој
  • Фаза 4: развивање на идеален стратешки корпорациски модел
  • Фаза 5: имплементација на фаза 4
  • Фаза 6: систематска критика на претходните 5 фази.

Од тука може да се забележи дека првите три фази се однесуваат на надминување на бариерите во однос на комуникациски проблеми додека останатите фази за надминување на недостаток на планирање. Следејќи го овој приод ќе се дојде до развој на успешни менаџери.

Lean менаџмент

Lean менаџментот своите историски корени ги влече од Јапонија, поточно во Toyota Motor Corp. Lean management уште е познат и како Toyota Production System. Повеќето автори сметаат дека оваа филозофија се јавува  помеѓу 60-тите и 70-тите години на минатиот век кога почнале да се забележуваат успесите на Toyota. Но, сепак сметам дека темелите на оваа филозофија се некаде во 1937 година на минатиот век од човекот кој е основач на Toyota, Kiichiro Toyoda.

Toyota во самиот почеток на свое функционирање имала конкуренти како што се Ford и GM. Kiichiro Toyoda си поставил за цел да понуди автомобил за иста или пониска цена од конкурентите, односно тргнувал од тоа колку е спремен потрошувачот да плати и спрема тоа вршел пресметки за развојните и производствените процеси. Уште тогаш поради тоа што Toyota немала доволно ресурси кои би можела да ги вложува во поголем обем на производството, Kiichiro Toyoda барал да се штедат ресурсите и во нивниот производствен систем да се произведуваат само толку автомобили колку што можат да се продадат. Тој често го користел поимот just-in-time (точно на време).

По Втората светска војна новиот претседател на Toyota, Eiji Toyoda му дал задача на Taiichi Ohno кој бил шеф на одделението за машинска обработка, повторно да ги разработи принципите на Kiichiro Toyoda. Во период од петнаесет години Ohno, со помош од производствено-техничкиот консултант Shigeo Shingo воведува програма за рационализација на производството кој производствениот систем на Toyota го направил да биде еден од најефикасните системи во светот. Често пати оваа филозофија се нарекува и “ohnoizam” или “toyodizam” поради двајцата најзаслужни за нејзино развивање и примена.

Најпрвин оваа филозофија се користела само во производството, додека подоцна нашла примена и во менаџментот и целото работење на организацијата. И оваа филозофија може да се стави во групата на филозофии за континуирано подобрување, бидејќи како што ќе видиме подоцна со нејзина помош се подобруваат сите аспекти на една производствена организација.

Како што веќе кажавме за разлика од конкурентите како Ford и GM, Toyota не поседувала доволно ресурси кои ќе ги вложува во технолошки инвестиции и производство во големи серии туку морала да се прилагоди на таков начин што ќе ги произведува производите со пониска цена, подобар квалитет и побрза испорака од своите конкуренти. Оваа своја цел Toyota ја исполнила со производство на само онолку автомобили колку што можеле да продадат и со елиминирање на сите расфрлања во производствените текови, со што го намалиле времето од нарачка до испорака на готовиот производ така да ги добивале побрзо парите од купувачите пред да мораат да им платат на снабдувачите за суровината и полуфабрикатите. На ваков начин успеале да стекнат повеќе капитал за нови инвестиции. Од оваа практика на Toyota може да се види целта на Lean management, односно поврзување на производственото ниво со вистинските барања на потрошувачите и притоа да се овозможи континуирано подобрување на сите процеси во организацијата со што ќе се елиминираат сите расфрлања (или времето кое не додава вредност на готовиот производ).

Со помош на ова кратко објаснување би можеле да кажеме дека Lean management претставува коктел на концепти, техники, алатки и идеи кои содржат континуирано подобрување на сите процеси во организацијата со цел да се намали времето од нарачката на купувачите до испорака на готовите производи преку елиминирање на сите расфрлања кои не додаваат вредност во производствените процеси и произведување на онолку колку што може да се продаде со цена која купувачите се спремни да ја платат.

Lean менаџментот доведува до подобрување на сите аспекти во организацијата, а не само во производството. Ќе се обидеме накратко да ги објасниме и опишеме следниве карактеристики на Lean management:

  1. намалување на времето од нарачката до испорака на готовите производи;
  2. безскладишно работење;
  3. целен трошок;
  4. сплосната организациска структура и
  5. принципи на lean размислување

Од погоре издвоените поважни карактеристики на оваа филозофија може да се забележи дека првите три карактеристики ја отсликуваат погоре претставената дефиниција, додека четвртата претставува последица од оваа филозофија, а последната се однесува на принципите на кои се темели lean management-от.

Како што кажавме погоре она што е карактеристично за оваа филозофија е да се намали времето од нарачката до испорака на готовите производи. Ова време може да се претстави како на сликата подолу:

Време од нарачка до испорака

Време од нарачка до испорака

Како што може да се види од сликата времето од нарачката до испораката е составено од 4 елементи:

  • време во кое се додава вредност,
  • време на промена на серијата,
  • време на чекање и
  • време на транспорт.

Последните три времиња се времиња во кои не се додава вредност. Оваа филозофија се фокусира на трите времиња кои не додаваат вредност, со цел да ги елиминираат сите расфрлања кои се јавуваат во процесите со што ќе се подобрат тие процеси кои учествуваат во креирање на тие времиња за да се обезбеди нивно намалување, а со тоа и намалување на вкупното време од нарачката до испораката. Од сликата може да се забележи дека над 90% од вкупното време од нарачка до испорака го сочинуваат трите времиња кои не додаваат вредност.

Втората значајна карактеристика е произведување на точно онолку парчиња колку што можат да се продадат, односно онолку колку што се барани од потрошувачите. Оваа карактеристика доведува до безскладишно работење. Предуслов за ваквото работење при оваа филозофија е да постои реална проценка на побарувачката. Освен финансиските ефекти што ќе се стекнат со ваквото безскладишно работење постои една уште позначајна придобивка, а тоа овозможување на откривање на сите проблеми кои што постојат во производството а со тоа и нивно решавање со што ќе се изврши промена со која доаѓа до подобрување на севкупното работење на организацијата. Ова може да се претстави како намалување на нивото на водата во езеро (складиштето) при што ќе можат да се видат гребените (проблемите) кои се криеле под нивото на водата, односно складираните производи.

Залихи - откривање на проблеми

Залихи - откривање на проблеми

Како трета карактеристика што ја издвојуваме за оваа филозофија е целниот трошок. Ова претставува одредување на цената која што е спремен да ја плати купувачот и потоа врз база на тој податок се прилагодува дизајнот, инженерството, набавката и производството на тој производ. Во овој случај најважно е да се изврши реална проценка за тоа колку купувачите се спремни да платат за тој производ. Со пресметаната целна цена (target price) се определува со колкави средства купувачот влегува во развојот, производството и дистрибуцијата на производот. Со вакво размислување оваа филозофија врши промена на основната економска формула од:

Трошоци + Добивка = Цена на производот во

Добивка = Цена на производот – Трошоци

Математички гледано ова се исти формули, но во суштината на работењето на организациите даваат сосема различни ефекти. Втората формула вели дека ништо не треба да се развива или произведува доколку купувачот не сака да го плати  тоа. Карактеристично за оваа филозофија е тоа што цената на производот ја определува корисникот на тој производ.

Како една поважна карактеристика на Lean management-от претставува и тоа што оваа филозофија доведува до сплосната организациска структура. Ова е поради фактот што ваквите организациски структури го забрзуваат процесот на донесување на одлуките, а со тоа и побрзо решавање на проблемите што пак доведува до побрзо подобрување на организациските процеси. Со ваквата структура ќе се овозможи организацијата да ги искористи предностите на новите можности, да изведе побрз развој на нови производи и побрзо да одговори на сите желби кои што доаѓаат од потрошувачите. Во овој случај ќе постојат само тимови и лидери и се ќе се разгледува како проекти кои ќе бидат изведувани од тие тимови.

Се смета дека Lean размислување претставува филозофија, додека Lean management претставува алатка за развивање и распространување на оваа филозофија. Lean размислувањето е составено од пет принципи, врз база на кои се темели Lean management-от. Овие пет принципи се разработени од James P. Womack i Daniel T. Jones во нивното дело Lean Thinking. Во ова дело Womack и неговите колеги ги воспоставиле принципите на Lean Management и на Lean организација. Петте принципи на Lean размислување според Womack се:

  • вредност
  • движење на вредноста
  • тек
  • влечење
  • совршенство.

Во наредниот дел накратко ќе го опишеме значењето на овие пет принципи на Lean размислувањето.

Вредноста како принцип на Lean размислување се однесува на вредноста што ја даваме на купувачите со нашите производи. Оваа вредност претставува сé она што го нудиме на купувачите без разлика дали сакаме да го задржиме учеството на пазарот или да го зголемиме, но од гледната точка на потрошувачите. Принципот вредност на Lean размислување се претвора во целната цена, односно цената која купувачот е спремен да ја плати за таа вредност. Lean management-от има за цел да ја постигне таа цена со што ќе се задоволат потрошувачите и стејкхолдерите.

Движењето на вредноста како принцип на Lean размислување претставува процеси низ кои сé поминува вредноста сé додека не стигне до купувачите. Lean management-от има за цел да ги управува овие процеси во функција на зголемување на вредноста. Во производствените организации според Womack постојат три нивоа на движење на вредноста:

  • движење на вредноста низ производството на производите
  • движење на вредноста низ дизајнот и решавање на проблеми и
  • движење на вредноста низ компаниското работење и управување.

Овие движења на вредности треба да се прошират и со снабдувачите. Односно да се опфати целиот синџир на набавка.

Тек како принцип на Lean размислувањето се однесува на расфрлањето: сé она што го попречува текот на процесите во однос на  движењето на вредноста се нарекува расфрлање. Lean management-от има за цел да обезбеди непрекинат тек на процесите во движење на вредност кон купувачите со елиминирање на сите расфрлања од преземање на суровината до испорака на готовиот производ.

Се што е непотребно не смее да се пушти во процесот на производството, односно да се произведува онолку колку што е потребно. Со помош на Lean management сé се влече во процесот врз база на барањата на купувачите. Ова се обезбедува со помош на Kanban. Применувајќи го овој принцип на Lean management-от се овозможува безскладишно работење (работење без залихи).

Совршенство како принцип упатува на тоа дека оваа филозофија со помош на континуирани подобрувања во мали чекори и радикални подобрувања во поголеми временски периоди на деловните процеси, при што ќе се елиминираат сите расфрлања во тие процеси, ќе се достигне такво совршенство кое тешко ќе може да се копира од конкуренцијата. Совршенството се однесува како на краткорочни така и на долгорочни подобрувања и резултати од тие подобрувања.

Продолжува: Развој на менаџментот низ историјата, а каде сме денес – Дел 5

post

5 TED презентации кои ќе ви го зголемат знаењето

TED

TED

Во овој пост би сакале да предложиме неколку видео презентации од TED (Technology, Entertainment, Design) од кои навистина може да се извлечат корисни елементи за зголемување на знаењето на претприемачите.

1. Simon Sinek: Како големите лидери инспирираат акција

Во оваа презентација Simon Sinek зборува за тоа како големите лидери без разлика од која компанија доаѓаат или пак со што се занимаваат имаат заеднички особини – сите рзмислуваат, дејствуваат и комуницираат на ист начин.

2. Malcolm Gladwell за сос за шпагети

Во оваа презентација преку случај на сос за шпагети Malcol Gladwell (автор на бестселерот The Tipping Point) дава неколку аргументи за природата на изборот и среќата.

3. Seth Godin за племињата кои ги водиме

Во оваа презентација (алку постара од 2009-та година) Seth Godin авторот на повеќе книги бестселери од кои последната е Poke The Box зборува за влијанието на интернетот на традиционалниот маркетинг.

4. Dan Cobley: Што физиката ме научи за маркетингот

Dan Cobley, маркетинг директор во Google претставува врска помеѓу физиката за да ги објасни основните теории на брендирање.

5. Stanley McChrystal: Слушај, учи … потоа води

Неговото повеќе децениско искуство во армијата го преточува во одлични лекции за лидерство.

post

Развој на менаџментот низ историјата и денес – Дел 3

Развој на менаџментот - Квалитет

Развој на менаџментот - Квалитет

Ќе продолжиме со историскиот развој на менаџментот. Во претходните два поста (првиот дел и вториот дел од овој серијал) ги поминавме принципите на научен менаџмент на Frederick Taylor и експериментите на Hawthorne, индустриска психологија, социотехнички системи и организациски развој. Денес ќе продолжиме со:

  • KAIZEN (1950-ти година)
  • TQM (Total Quality Management) (1950-ти и 1960-ти години)

KAIZEN

Во овој пост нема д навлегувам детално во оваа менаџерска филозофија бидејќи целосно e обработена во KAIZEN – Менаџерска филозофија за подобрување. Она што е значајно дека во развојот на менаџментот оваа филозофија се насочува на подобрување и тоа континуирано подобрување кое не е големо и се изведува во кратки временски интервали, односно постојано.

TQM (Total Quality Management)

Уште во времето на старогрчките филозофи како што се Сократ, Платон и Аристотел се водела дискусија за квалитет и совршенство. Но, се чини дека во текот на втората половина од минатиот век квалитетот станува жешка тема во повеќето часописи, книги, научни конференции итн. Од тој период па сé до денес повеќе научници и експерти пишуваат за квалитет и TQM. Имињата кои што први го воведуваат овој концепт за квалитет се Edward Deming, Joseph Juran и Philip Crosby. Интересно е тоа што овие поставувачи на темелите на TQM доаѓаат од Западните земји, а примената на нивните идеи за првпат била во Јапонија по Втората Светска војна. Во 50-тите години од минатиот век Јапонците побарале од Edward Deming, статистичар и менаџмент теоретичар од САД да помогне во возобновување на нивната економија која била разрушена по завршувањето на војната. Со имплементирање на овие идеи на Deming, Јапонија доживува невиден успех на полето на конкурентноста со компании од западните земји. Во 60-тите години Јапонците воведуваат кружоци на квалитет (quality circles), со кои успеале да ја поттикнат иновацијата од страна на работниците, со помош на генерирање на идеи за подобрување на производите, услугите и процесите. Кружоците на квалитет немале успех во западните земји поради немање на поддршка од менаџментот. Имено, работниците секогаш кога ќе имаат некоја идеја морале прво да добијат одобрение од менаџерот при што повеќето идеи биле одбивани, така да тие за во иднина не биле мотивирани да генерираат идеи за подобрување. Во 80-тите години на минатиот век САД го увиделе намалувањето на учеството на пазарот во однос на компаниите од Јапонија и станале свесни дека мора да преземат итни чекори, со што пак се вратиле на идеите на Deming кои пред многу години ги отфрлиле.

Експертите од областа на менаџмент на квалитетот како Joseph Juran и Philip Crosby исто така даваат голем придонес за усовршување и развој на TQM филозофијата.

TQM е акроним составен од:

Т – Total. Квалитетот е обврска на сите без разлика на кое организациско ниво се наоѓаат и ги содржи сите активности во компанијата, односно за добивање на висококвалитетни производи се одговорни сите организациски членови и сите активности кои што се изведуваат во организацијата. Кога се зборува за активности не се мисли само на производствените процеси за добивање на готови производи туку и сите други активности како што се истражување и развој, маркетинг, финансии итн., кои што индиректно учествуваат во добивањето на производот или услугата.

Q – Quality. Deming смета дека квалитет на било кој производ или услуга може да биде дефиниран само од потрошувачот и дека проблемот во дефинирање на квалитетот е пренесување на идните потреби на потрошувачите во мерливи карактеристики за да може производот или услугата да бидат дизајнирани, произведени и испорачани со цена со која потрошувачот е задоволен.

Crosby спротивно на Deming смета дека квалитетот е последица на потреби, а тие потреби треба да бидат искажани во мерливи единици.

Juran пак, го дефинира квалитетот како способност за користење на производот поставувајќи рамнотежа помеѓу карактеристиките на производот и потрошувачката на тие производи.

Иако различно го дефинираат поимот квалитет сепак суштински не се разликуваат, односно сите тргнуваат од потрошувачот, бидејќи тој има потреба од одреден производ и тој влијае со тоа на неговата потрошувачка. Оттука квалитетот значи исполнување на барањата на потрошувачите, како на интерни така и на екстерни потрошувачи. Тој не треба да биде онаков како што самата организација смета дека треба да биде квалитетот, туку тој треба да биде онаков каков што потрошувачите го бараат и го очекуваат од компанијата.

M – Managemnent. Бидејќи квалитетот е обврска на сите тој може и мора да биде управуван. Управувањето се однесува на сите луѓе и процеси кои учествуваат во исполнувањето на барањата на потрошувачите (обезбедување на квалитет).

Значи TQM филозофијата е еден вид менаџмент филозофија која е насочена кон подобрување на квалитетот на производите и/или услугите што ги нуди организацијата, како и на луѓето и процесите кои учествуваат во добивањето на квалитетот со што се зголемува конкурентноста на организацијата.

Повеќе автори наведуваат три главни принципи на кои се базира TQM филозофијата:

  1. фокусирање кон потрошувачите,
  2. континуирано подобрување и
  3. тимска работа.

Три столба на TQM

Три столба на TQM

Првиот принцип на TQM е фокусирање кон потрошувачите, односно фокусирање кон нивно задоволување. Овој принцип се базира на верување дека ако потрошувачот не се задоволи најверојатно тој ќе стане потрошувач на некоја друга компанија. Потрошувачот е онаа личност која плаќа за производот и секогаш треба да добива приоритет иако крајниот корисник на производот или услугата и потрошувачот (оној кој плаќа) не мора да се исти. Но, со давање на приоритет на оној кој плаќа не треба да се заборави на крајниот корисник, односно треба да се задоволат и двата субјекта со нешто поназначен приоритет на купувачот.

TQM филозофијата потрошувачите ги дели на внатрешни и надворешни потрошувачи. Освен внатрешни и надворешни потрошувачи, TQM препознава и надворешни и внатрешни снабдувачи. Внатрешните потрошувачи и снабдувачи претставуваат синџир на потрошувачи и снабдувачи во компанијата кој ги поврзува надворешните снабдувачи со надворешните потрошувачи (види слика подолу). Доколку една алка од овој синџир се скине (не функционира како што треба) целиот процес ќе пропадне што секако ќе доведе до незадоволство на надворешниот потрошувач.

TQM - синџир на потрошувачи и снабдувачи

TQM - синџир на потрошувачи и снабдувачи

Од сликата може да се види дека секоја индивидуа, процес или активност во една компанија претставуваат и потрошувач и снабдувач. Секој работник не само што треба да го задоволи внатрешниот потрошувач, туку треба да размислува и како со неговото влијание врз процесот да го задоволи крајниот (надворешен) потрошувач. Значи секој внатрешен снабдувач мора да ги исполни или надмине очекувањата на внатрешните, а во исто време и на надворешните потрошувачи. Според ова најважен критичен елемент на ефективен TQM програм е системот за откривање на очекувањата на потрошувачите (внатрешни и надворешни) за производот или услугата.

Вториот принцип на TQM филозофијата е континуирано подобрување. Подобрувањето се однесува на производи, услуги и процеси со кои се добиваат тие производи и услуги како и луѓето кои учествуваат во тие процеси. Овој принцип бара од сите луѓе никогаш да не бидат задоволни со постоечкиот производ, услуга или процес туку секогаш да се бараат начини за нивно подобрување. Најважен елемент е да се открие изворот на вистинскиот проблем – извор на промена), потоа да се тргне кон барање на решенија за тој проблем (организациска промена) со што ќе се подобри се што има можност да се подобри (а, има ли нешто што не може да се подобри?). Со ваков принцип на размислување организацијата може да продолжи да ги исполнува па дури и надминува очекувањата на потрошувачите.

Третиот принцип е тимската работа. TQM филозофијата бара тимска работа помеѓу сите кои директно или индиректно се вклучени во деловниот процес. Тимската работа мора да постои помеѓу менаџерскиот и неменаџерскиот кадар, помеѓу потрошувачите и снабдувачите како и помеѓу различните функции на организацијата. Како што кажавме претходно, за квалитет се одговорни сите вработени (и менаџерите и неменаџерите) па затоа мора да работат во тимови и да дадат значаен допринос во решавање на проблемите.

Тимско работење помеѓу потрошувачи и снабдувачи треба да се разгледува како еден поширок систем во кој се наоѓа и самата компанија. Ова може да придонесе да се дознае кои се потребите и очекувањата на субјектите во тој систем и заеднички да се решаваат проблемите со донесување на вистински одлуки со кои ќе бидат задоволени сите субјекти од тој систем. Тимската работа помеѓу функциите е значајна бидејќи организацијата не може да функционира како ефективен и ефикасен систем без соодветна поврзаност помеѓу организациските единици. Значи помеѓу функциите не смее да има добива-губи (win-loose) стратегија со која една организациска функција ќе победи со тоа што другата ќе загуби. Стратегијата која во однос на ова треба да се применува е добива-добива (win-win) стратегијата, односно меѓуфункционалните проблеми да се решаваат со решение кое ќе предизвика двострано задоволство (добивка за организацискиот систем како целина).

Продолжува: Развој на менаџментот низ историјата, а каде сме денес – Дел 4

post

Книга: Со содржина до потрошувачи

Книга: Со содржина до потрошувачи

Книга: Со содржина до потрошувачи

Само што завршив со читање на книгата Со содржина до потрошувачи (Get Content Get Customers) од Joe Pulizzi & Newt Barrett и би сакал да дадам краток преглед на истата.

Јасно е дека маркетингот и начинот на конекција на компаниите со потенцијалните потрошувачи и трансформација на истите во купувачи е променет суштински од самите корени. Дури и големите компании како Nike, Procter & Gamble, Johnson & Johnson, General Motors и многу други ги оставаат зад себе традиционалните закони на маркетингот (оние со чија помош ги изградија сопствените брендови) и се свртуват на една сосема друга страна.

Станува јасно дека содржината како маркетинг средство (без разлика дали станува збор за онлајн или офлајн содржина) започнува да игра се поголема улога во развојот на компаниите.  Нудење и притискање на потенцијалните потрошувачи да купат се смени во едукација и комуникација и следење на идната рекција. Токму и затоа ја гледам содржината на оваа книга како вредна, бидејќи едноставно аргументирано и преку примери ги докажува овие промени.

Што е опфатено во книгата?

Книгата е структурирана во 4 делови и 25 поглавја:

  • Дел 1: Справување со револуцијата на содржината како маркетинг. Во овој дел авторите ги објаснуваат основите зошто традиционалниот маркетинг ја губи вредноста на која што се базираше повеќе децении како и причините зошто се повеќе бизниси се свртуваат кон содржината како едно од најглавните маркетинг средства.
  • Дел 2: Како содржината да работи за вашиот бизнис. Едно од клучните поглавја во книгата се во овој дел бидејќи се објаснуваат елементите како креирање на mindset и процес во самиот бизнис за користење на содржина како маркетинг средство и избор на содржина која ќе биде во согласност со севкупната бизнис стратегија.
  • Дел 3: Учење од најдобрите – успешни приказни. Третиот дел е интересен бидејќи во него низ 16 поглавја се дадени 16 примери на реални компании кои во пракса го имплементирале оваа маркетинг средство како и резултатите од нивното вложување. Изненадувачки е што некои од компаниите дури се наѓаат во индустрија како црна металургија за кои постои мислење дека немаат многу што да користат како содржина.
  • Дел 4: Сублимирање на лекциите од 16-те компании. Ова е последен дел каде во книгата се сублимирни лекциите од примерите во претходните поглавја во една форм подготвена за примена од страна на бизнисите.

Интересна е формулата BEST која авторите ја опфаќаат и која е основа за имплементација на содржина како маркетинг средство.

  • Behavioral. Се што се комуницира со потрошувачите има одредена цел. Што сакате тие да направат?
  • Essential. Испорака на информација која навистина му е потребна на потенцијалниот купувач за да успее во работата или воопшто во животот.
  • Strategic. Сите напори за содржина мора да бидат интегрирани во севкупната бизнис стратегија.
  • Targeted. Содржината мора да биде таргетирана за да биде релевантна за потенцијалните купувачи.

За кого е оваа книга?

Како и секогш при вакви прегледи на книги сакам посебен дел да посветам за тоа за кого е нменета оваа книга. Првин, најкорисна ќе биде за сите претприемачи кои планираат да ја користат содржината како маркетинг средство.

Менаџерите на поголемите компании исто така ќе имаат корист бидејќи ќе можат да видат како практично да спроведат имплементација на процес на креирање на содржина наменета за потенцијалните и тековните купувачи.

Не може да се изостават и маркетинг агенциите кои веќе треба да креираат нов вид на услуги кои ќе се концентрираат на имплементација на содржина како маркетинг средство.

post

Отпорот и претприемачот

Отпорот и претприемачот

Отпорот и претприемачот

Претприемач е личност која на многу начини се среќава со некаков вид на отпор. Тој отпор во ниеден случај не може да се каже дека може да биде позитивен за бизнисот, но сепак од друга страна внесува една динамичност во животот на претприемачот и во животниот циклус на бизнисот. Таа динамичност се однесува на контра акции или активности кои треба да бидат превземени од страна на претприемачот.

Каков се отпор може да се појави?

Отпорот како еден неминовен елемент во секој бизнис може да ги има следниве облици:

  • Отпор во самиот бизнис од страна на членовите на бизнисот кој се однесува на противење кон промените или противење кон нешто ново.
  • Отпор од надворешноста на бизнисот преку неприфаќање на производот и/или услугата на бизнисот.

За отпорот кон промени веќе низ повеќе постови на претприемач дискутиравме (како за она што влијае на појава на отпорот, така и за можни методи и техники за елиминација на истиот). Повеќе можете да прочитате во:

Отпор кон бизнисот од надворешноста

Да дискутираме малку за оној отпор кој доаѓа од надворешноста и кој по природа доведува претприемачот потешко да влијае во намалување или елиминирање на истиот.

Да ги разгледаме некои од причините и нчините за справување со отпорот кон вашите производи и/или услуги.

1. Луѓето се колебливи

Прво што треба да се знае е дека луѓето по природа се колебливи со што се доближуваат до нивото на појава на отпор. Врз основа на тоа зошто се колебаат ќе зависи и нивото на отпорот кој ќе го покажат. Кога станува збор за колебливоста мора да напоменеме дека денес живееме во време кога имаме многу опции за донесување н одлука и особено на одлука за купување на нешто. Само денес 3 пати се колебав дали да купам еден сервис кој е на попуст или не. Во главата се вртат прашања како што се:

  • Дали ми треба?
  • Што ќе добијам?
  • Дали ќе ми помогне?
  • Како ќе ми помогне?
  • Кога ќе ми помогне?
  • Вреди ли за таа сума на пари?
  • Го користи ли некој друг?
  • Какво е неговото искуство?
  • …

Затоа како еден претприемач секогаш мора да тргнете со разбирање на тоа зошто вашите потенцијални купувачи да бидат колебливи.

2. Некои извори на отпорот

Да разгледаме некои можни и најчести извори на отпор кон вашите производи и/или услуги:

  • Премногу опции. Секогаш кога имате премногу опции за избор потешко е да се донесе одлук за тој избор, а полесно е да се оди понатаму со изговор не ми треба. Обидете се да го намалите можниот избор на оптимално ниво за вашиот бизнис, пазар или пак индустрија.
  • Страв. Како и кај организациски промени и тука постои стрв, но страв да не се направи грешка со донесената одлука. Ваша задача како претприемач е преку маркетинг и продажна функција секогаш настојувате да го намалите тој страв.
  • Инерција. Закон на физиката за инерција кој вели дека секое тело мирува се додек на него не влијае некоја сила или друго тело во движење за да го стави и тоа тело во движење важи и тука. Многу е полесно да бидеме инертни и сме инертни се додека не видиме дека некој друг го користи и фали вашиот производ и/или услуга.
  • Недостаток на модели на однесување. Овој извор е особено истакнат кога се однесува на нов производ и/или услуга кои допрва треба да се докажуваат во корисноста.
  • Производот и/или услугата не се она што треб да бидат. И секако доколку производот и/или услугата не се она што треба да бидат ќе постои отпор кон истите.

3. Начини на надминување на отпорот

Што на еден претприемач му стои на располагање за надминување на отпор кој постои кон негов производ и/или услуга?

Првин сакам да напоменам дека нема и нема ни да постои волшебна формула која веднаш ќе влијае на намалување или елиминирање на отпорот. Намалување или елиминирање на отпорот е процес, а не поединечна акција. Да видиме некои од можности кои еден модерен претприемач би ги користел во еден ваков процес:

  • Обезбедување на социјелен доказ. Вашиот производ е вреден и решил и решава проблеми на повеќе луѓе.
  • Обезбеди примери. Примери во вид на ислустрација преку слика или видео или пак приказна се покажуваат како најуспешни во надминување на тој отпор.
  • Перцепција на недостаток. Оваа техника е нешто што отсекогаш се користело. Недостаток докажува дека нешто вреди и постои интерес и креира чувство на ургентност.
  • Пронаоѓање на предмет на интерес помеѓу двете страни. Вие како бизнис и вашите потенцијални купувачи мора да имате барем еден заеднички интерес кој не мора да е дел од бизнисот. Кога ќе го најдете се останато е полесно.
  • Пронаоѓање на влијателни ентитети (influencers). Како што напоменавме погоре за инерцијата да се надмине мора да постои друго тело или некаква сила која инертното тело ќе го стави во движење. Одличен начин e да ги пронајдете највлијателните ентитети и да ги вклучите во машинеријата за вашиот бизнис.
  • Реципроцитет. Оваа техника е првиот од 6-те принципи на влијание според Д-р Cialdini. Едноставно оваа техника значи да дадеш нешто за да земеш во иднина.
  • …

Трите точки значат дека листата може да продолжи во недоглед бидејќи постојат многу начини кои можете да ги искористите за оваа цел – надминување на отпор кон вашиот производ и/или услуга. Обидете се со овие бидејќи се највлијателни и најкорисни, а се што е плус само може да додаде вредност.