post

План за промоција

Бизнис план грешки

Промотивен план

Пред неколку денови добивме прашање преку системот за често поставувани прашања на претприемач насловено како: Како треба да изгледа и што конкретно би искористил за промотивен план? (Поточно за приватен универзитет). Преку овој пост би сакал малку подетално да навлезам во процесот на креирање на промотивен план.

Претприемачите ја користат промоцијата за да привлечат потенцијални купувачи и да ја зголемат продажбата.

Промоција едноставно претставува еден вид на комуникација со целните потрошувачи при што бизнисот се обидува да влијае на нив за да купат производ и/или услуга кои што тој бизнис ги нуди на пазарот.

Планот за промоција мора да содржи одговори за два елементи:

  • Публицитет кој е бесплатен. Доколку локален весник весник напише прилог, а телевизијата објави прилог за вашиот бизнис, тоа е публицитет.
  • Рекламирање со користење на маркетинг средства. Доколку вие купите простор за рекламирање во тој весник, вие сте имате реклама со цел да го промовирате вашиот бизнис.

Еден промотивен план ќе треба да даде одговори за тоа преку кои алатки и тактики планирате да имплементирате зголемување на публицитетот и рекламирање на вашиот бизнис. Ќе се обидам накратко да навлезам во основните чекори кои треба да ги превземете за креирање на еден промотивен план.

Пред да започнам со чекорите морам да наведам дека овие чекори се однесуваат за промотивен план кој не е дел од севкупен маркетинг план каде би требало да му е местото. Затоа ќе бидат вметнати и одредени чекори кои се дел од маркеинг планот.

Чекор 1: Дефинирање на целите

Секој промотивен план мора да започне со воспоставување на цели кои ќе треба да се остварат преку реализација на тој план. Затоа и се започнува од основите – воспоставените бизнис цели. Што треба бизнисот да постигне во периодот за кој се однесува овој план? Ова е клучното прашање кое треба да се одговори во овој чекор.

Чекор 2: Визуелизација на идеалниот потрошувач

Вториот чекор се однесува на визуелизација на потрошувачот од целниот пазар. Ова е еден од клучните чекори во која ќе мора да дојдете до една јасна слика за оние врз кои сакате да влијаете со вашите промотивни активности и врз кој ќе се базираат сите останати чекори. Одговорете минимум на следниве прашања:

  • Колкава е старосната граница на твоите идеални купувачи?
  • Колкав е приходот кој тие го имаат?
  • Кои се нивните најголеми проблеми со кои се соочуваат?
  • Што е она што може да им го привлече вниманието?
  • Кои се корисностите кои твојот производ и/или услуга ќе им ги обезбеди?
  • Каде најчесто го поминуваат денот?
  • Какво им е нивото на едукација?
  • Дали тие самите носат одлука за купување? (Ова прашање го ставив во случај со универзитетот бидејќи понекогаш родителите се тие кои ќе ја донесат конечната одлука и мора да бидат дел од оваа анализа. Во 2009-та година спроведовме една општа анализа на пазарот во Република Македонија во кој го анализиравме и влијанието на трети лица во донесување на одлука за купување. Скоро 50% не купуваат сами и над 70% почитуваат туѓо мислење кога донесуваат одлука за купување. Повеќе за овој дел од истражувањето можете да прочитате во Општа анализа на пазарот – влијание на трети лица.)

Морам да напоменам дека одговорите не треба да бидат поединечни. Може да случи еден одговор да содржи неколку различни потенцијални потрошувачи. На пример, некои имаат приход од 100.000 денари месечно, додека другите кои исто така сакате да ги опфатите се до 50.000 денари. Затоа одговорете слободно во однос на визуелизација на овие потрошувачи.

Чекор 3: Сегментација – групирање на идеалните потрошувачи

Не можете да очекувате дека сите ќе бидат исти и на сите треба да се тргне со исти промотивни алатки и тактики за да ги остварите поставените цели. Затоа во овој чекор треба да ги изберете основните карактеристики врз основа на кои ќе треба да ја извршите сегментацијата и да ја извршите самата сегментација. На пример, можете да изберете групи на овие потенцијални потрошувачи врз основа на приходи, нивното движење, старост… Ова се информации од претходниот чекор.

Чекор 4: Избор на промотивни алатки и тактики за секој сегмент

Откако ги имате сегментите и секако карактеристиките на секој сегмент лесно ќе можете да видите што може да функционира во влијанието, а што не за секој од сегментите. Најдобро е за секој сегмент на еден лист хартија во една колона да ги поставите карактеристиките на сегментот и во друга колона да ги наброите можните промотивни алатки и тактики. Внимавајте дека постојат две групи на тактики: тактики за публицитет и тактики за рекламирање.

Не копирајте од еден сегмент во друг. Затоа и го направивте сегментирањето за да ви овозможи соодветен избор на различни тактики кои ќе дадат резултати за определениот сегмент.

На пример во случајот за универзитетот би можело да се користи:

Еден начин е печатење на летоци и распространување во тие средни училишта и кафулиња. Друг начин е преку социјални медиуми каде голем број на млади средношколци се наоѓаат. Третиот начин е доставување на тие летоци до работните места на родителите секаде каде што родителите имаат влијание. Постои можност за користење на e-mail маркетинг кој ќе обезбеди бесплатен курс за полагање на приемен испит. Можностите се неограничени, но овој промотивен план треба да ги одговори сите тие пршања.

Чекор 5: Промотивен календар

До овој чекор веќе имате одговорено на прашањата кој и како. Сега треба да одговорите на прашањето кога. Направете еден промотивен календар за периодот за кој се однесува планот кој го подготвувате.

Чекор 6: Одговорности

Ги знаете идеалните потрошувачи на кои сакате да влијаете, знаете за кој сегмент со која тактика ќе настапите. Знаете и кога ќе ги имплементирате тактиките. Сега треба да определите кој ќе биде одговорен за спроведување на тие тактики. Со распределување на одговорноста, целта е да го поттикнете обврзувањето кон остварување на сето она што е испланирано со овој план. Без да се знае кој е одговорен за што овој промотивен план ќе остане само како план на хартија.

Чекор 7: Мерење и прилагодување

Седмиот чекор е чекор кој обезбедува една повратна врска заради имплементација на континуирано подобрување во овој процес. Затоа, пожелно е вашиот план да содржи и дел кој ќе се однесува на мерливи индикатори кои треба да обезбедат брзо мерење на сето она што е испланирано и имплементирано и во исто време да ви каже дали е ОК или не е ОК. Сето она што не е ОК мора да биде предмет на прилагодување.

 

post

Претприемач во транснационалните компании

Претприемач во транснационални компании

Претприемач во транснационални компании

Претприемништвото како докажан менаџмент метод, во последниве децении влијае на дополнително забрзување на развојот на транснационални компании (ТНК), а со тоа и на развиените земји. Економска криза која настана во земјите од поранешниот социјалистички блок, на западните економии првично им донесе позитивни ефекти во економијата. Поради економската криза, образовани, но и други работоспособни луѓе од овие земји, масовно почнаа да емигрираат во западните земји, што даде дополнителен импулс во нивните економии. Но набргу почнаа и проблеми. Паралелно со оваа структура, најчесто поради сиромаштијата почнаа да се шират и криминални структури, како што е проституцијата, трговија со дрога, кражби и други облици на криминалот.

За да ги намалат овие негативности владите на западни земји заклучија дека со претприемништвото ќе овозможат овие појави да се ублажат и тргнаа во голема промоција на претприемништвото. Тие извршија голем притисок врз властите во земјите во транзиција за да се овозможи дејствување на претприемачите, бидејќи приватните активности во тие земји беа дури и законски забранувани. Притоа донираа определени финансиски средства создадоа институции кои имаа за цел да го следат развојот на претприемачите и преку финансиска подршка, но и преку обука во инкубатор центри да создадат поволно претприемничко опкружување. Во зависност од интересите на западните влади, но и од спремноста на локалните влади се создадоа некаде поголеми некаде помали ефекти, но во секој случај претприемништво си фати длабоки корени.

Стопанство во земјите во транзиција беше во хаос и без контрола па почнаа да дејствуваат четири вида на претприемачи:

  1. Првиот вид беа промотери кои чувствувајќи поволна прилика се збогатија со еден удар. Но бидејќи тие луѓе најчесто не поседуваа визија и доволни менаџерски знаења по некое време сопствените фирми ги згаснаа или се сведоа на маргинални нивоа.
  2. Втор тип беа таканаречени „претприемачи од мака“, кои најчесто со мали финансиски средства отворија пиљари, бакалници, работилници… Но, и нивното влијание е воглавно маргинализирано со отварање на големи трговски центри како Веро, Тинекс…
  3. Трети претприемачи беа луѓе кои имаа претходно знаење, искуство и способност, искористија поволни законски можности покренувајќи ги сопствените бизниси, иако и од овие претприемачи има голем број што не успеаа сепак има и голем број на компании кои успешно работат и претставуваат едни најздравите стопански субјекти.
  4. Четврти претприемачи беа поранешни директори на успешни компании, кои преку своите бајпас фирми регистрирани на име на своите блиски успеаа да создадат успешни семејни компании. Но, и нивното значење се маргинализира бидејки тоа воглавно беа луѓе во години, растени под еден друг систем и други работни навики и по успешно стартување на тие компании настана проблем со промена на генерациите па така голем број од овие компании згаснаа со работењето.

Во земјите во транзиција претприемништвото почна да се третира и во научен смисол, при што се промовираа голем број на книги кои промовираа менаџерски знаења и методи, најчесто пренесени од западната литература. Акцент се става на креативната деструкција, барањето на пазарни можности, користење на идеи, брза реакција, отварање на мали и средни компании за што се потребни помалку вложени парични средства.

На ваков начин претприемништвото влезе на голема врата во земјите во транзиција, а како главната придобивка на претприемништвото се смета зголемено вработување, што беше и цел на промотерите на претприемништвото.

Најчесто поставувано прашање е каков треба да биде претприемач, дали тој треба да започне сосема нов или може да превземе нечиј веќе разработен бизнис, дали претприемачот треба да биде работохоличар или мислител кој не работи многу. За да се објаснат одредени дилеми кои постојат прво би сакале да ја потенцираме потребата претприемништвото да се набљудува пошироко, не од една национална гледна точка, туку да се набљудува од една глобална перспектива, за да се согледат поелоквентни примери и можности. Во помалите земји пред претприемачите стојат ограничувања како: финансиски, просторни, образовни, подршка од државите не е секаде иста…

Како прво би сакал да потенцирам дека има голем број на различни видови на претприемачи. Претприемач може да биде и оној што отворил пиљара и стоматолошка ординација и механичарска работилница и оној што откупил па продолжил со работа во бурекџилница и Бил Гејтс кој формирал нова гигантска компанија, и Ворен Бафет кој купил веќе постоечка компанија, а потоа создал ТНК, и Крок кој од браќата Мекдоналдс одкупил патент и создал светски бренд. Мора да нагласиме дека во оваа друштво непречено влегуваат и жени претприемачи кои рамноправно дејствуваат со машките во голем број на сектори.

Поради оваа шареноликост која постои кај претприемачите, потребно е да определиме одредени карактеристики. Заклучуваме дека претприемачите се разликуваат по своите умствени капацитети, нивоа на образование, големината на вложените финансиски средства, како и во кое општество се оперира. Поради оваа разноликост одредени претприемачи можат да бидат мислители и креатори на нови идеи и нови индустрии, а другите да бидат работно многу поактивни односно да ги наречеме „воркохолици“, за да го одржат и сочуват своето „бебе“. Препорака е секој од овие претприемачи без оглед на својата претприемничка активност повеќе акцент стави кон интелектуалниот развој односно кон намалување на физичка а зголемување на ментална активност, бидејки само така ефектите во работењето драстично се зголемуваат.

Претприемачките активности најчесто се очекуваат во почетната фаза на создавање на компанијата. При отпочнување со бизнис активностите, претприемачот има можност да отпочне со работење во сосема нов бизнис или може да откупи веќе постоечки бизнис и да го доведе на посакувано ниво, но може да откупи и франшиза. Поимите претприемништво и претприемачи, обично се врзуваат за работењето во малиот бизнис, а поради брзото реагирање на профитна можност, малите компании имаат свои предности. Но, и гигантски компании поради своите големи капацитети можат да бидат значајни претприемачи. Поради своите капацитети, но и поради низа поволни околности голем број на претприемачи создадоа големи транснационални компании, како Ањели, Форд, Бил Гејтс до најновите оснивачи на Google и Facebook. Но како компанијата се развива и добива гигантскi пропорциi, претприемачот мора да стане менаџер или да ангажира другите менаџери да ја водат компанија. Ангажирање на други менаџери најчесто се спроведува ако претприемачот преку ноќ создаде голема компанија како што е случај со интернет компании, па најчесто не поседува доволно знаења и вештини и ангажира други прекалени менаџери се додека самите не се оспособат за тие функции (добар пример е Google).

Место на овие претприемачи односно иноватори (бидејќи идеи и иновации се најсилно оружје со кое располага еден претприемач) може да се согледа доколку се набљудува животниот циклус на бизнисот.

Иноватор, претприемач, менаџер, администратор

Иноватор, претприемач, менаџер, администратор

Со развојот и растот, компанијата мора да се трансформира од претприемничка во менаџерска а во некоја понатамошна фаза и административна (или бирократска). Тогаш е можно да се јават проблеми со раководење на компанија. Одлуките тешко се носат, бавна е нивната имплементација, се јавуваат грла во работењето и други проблеми, во врска со работење на компанијата, па од тука и потребата компанијата пак да стане претприемничка, односно се јавува потреба од интрапретприемачи. Поимот интрапретприемништво или внатрешно претприемништво е воведен 1985 година oд страна на Gifford Pinchot III. Интрапретприемништвото се врзува за подобрување на работењето во големите компании, а може да се користи и пошироко, секаде каде што постои голема бирократизираност. Такви институции можат да бидат: државната администрација, училиштата, болниците, спортските организации, односно секаде каде има отежнато работење.

Проблеми постојат во секоја компанија, некаде поголеми некаде помали, но влијанието на интрапретприемачи во нивното намалување е пожелно и затоа сите успешни големи компании го негуваат овој стил на работење.

post

6 совети за заштеда на бизнис пари

Заштеда на бизнис пари е една од позначајните активности на секој претприемач. Понекогаш навистина непотребно се трошат парите на бизнисот без да се креира вистинската вредност во очите на потрошувачот.

На претприемач имавме пишувано за 45 совети за заштеда на бизнис пари кои се поделени во два постови Дел1 и Дел 2. Во голем дел тие совети сеуште се актуелни и можете да ги искористите. Во овој пост би додал уште совети преку кои можете да заштедите бизнис пари.

1. Вработувај млади сеуште неискусни луѓе.

Интересна стратегија за заштеда на пари е да најмувате млади вработени кои имаат висок потенцијал, но заради недостаток на претходно искуство ќе ги плаќате помалку отколку доколку би вработиле некој со поголемо искуство. Подобро е одредена сума од разликата да ја вложите во обука на тие неискусни вработени и по некое време и тие ќе стекнат искуство.

2. Одржување

Одржување на тековна опрема може да биде висок тршок за секој бизнис. Но, постојат многу методи и техники кои се занимаваат со превентивно одржување и одржување ориентирано кон надежност кои можат да заштедат огромни суми на пари за секој бизнис. Кога станува збор за одржување, застојот во производството или работата претставува еден дополнителен трошок. Секогаш тука постојат можности за подобрување кои ќе доведат до кратење на севкупните трошоци.

3. Преговарање со снабдувачи

Добар резултат од преговарање со вашите снабдувачи може да обезбеди големи заштеди и зголемување на профитабилноста на бизнисот. Зошто да не прашате? Ништо нема да изгубите, само би останала ситуацијата на исто ниво. Но, доколку успеете во преговорите, заштедите се тука.

4. Користете Open-Source софтвери

Знам дека многумина нема да се сложат со една ваква идеја, особено компаниите кои се занимаваат со продажба на софтвер. Направив грешка пред едно 4 години кога една ваква опција не ја ставив во стратешкиот развој на компанијата. Затоа сега морав да платам висока сума за лиценцирање на софтверите кои ги користам, иако доколку од почеток целиот развој го базирава на отворени (слободни) софтвери ќе имав заштедено од 700 до 1000 евра. Ова е голем износ за еден мал бизнис.

5. Испорака и дистрибуција

Одреден износ на трошоците ќе може да се заштеди со соодветен избор на дистрибуциски канали и секако начинот и видот на испораката. Операциски истражувања како наука можат во голем дел да ви помогнат во избор на вистинскиот дистрибуциски канал со најоптимални трошоци.

6. Маркетинг

Кај голем број на бизниси една од најголемите трошочни ставки може да претставува маркетингот. Со соодветна анализа на сите маркетинг средства и кратење на трошоците на традиционалните реклами кои согласно анализата не даваат резултати ќе се отвори една огромна можност да инвестирате во нетрадиционалните медиуми кои во голем дел ќе помогнат за привлекување на дополнителни купувачи за вашиот бизнис. Направете анализа, ништо нема да изгубите.

post

Франшиза како опција за започнување на бизнис

Овој пост кој е подолг и е напишан од страна на Илија Чубровиќ и претставува реобјавување на старите постови од артиклите на претприемач кои ќе бидат набргу избришани.

Франшиза - една успешна приказна е McDonalds

Франшиза - една успешна приказна е McDonalds

Франшиза значи привилегија, право, лиценца. Зборот потекнува од францускиот јазик и означува ослободување од товар (обврска, данок), осигурување против штети што можат да настанат за време на поморскиот транспорт.

Во The New Oxford Dictionary франшизата се дефинира како авторизација доделена од страна на влада или компанија на индивидуалец или група која им дава право до изведуваат специфични комерцијални активности.

Продавачот на франшиза се нарекува франшизер (franchisor), а купувачот на франшиза се нарекува франшизант (franchisee).

Singer во 1863 година, Coca Cola во 1882 година, General Motors во 1896 година први почнале со работење по пат на франшиза.

Кај нас има малку купени франшизи како што се Coca Cola, Pepsi Cola, McDonald’s, Holiday Inn, некои производители на цигари, козметички салони, школи за изучување на англиски јазик и сл.

Поволни продавачи на франшиза се: Mc Donald’s, Service-Master, Coca Cola, Pepsi Cola, Holiday Inn, Pizza Hut, Avis, Burger King…

Во огласите што се објавуваат во Wall Street Journal, The New York Times и USA Today можаат да се најдаат различни франшизинг можности.

Формирана е и Меѓународна франшизинг организација (IFA), а постои и Европска франшизинг федерација.

Меѓународната асоцијација ја дефинира франшиза како: континуирано сродство помеѓу продавачот на франшизата и купувачот на франшизата, во коешто целокупно знаење, имиџ, успех, производствени и пазарни техники на продавачот на франшизата се доставени до купувачот на франшизата за разгледување.

Постојат неколку видови на франшизата:

  • Франшизите на производот. Карактеристика на оваа работење е тоа што купувачите на франшизата имаат право да дистрибуираат стока, а за тоа плаќат надомест.
  • Производствената франшиза има широка употреба во индустријата. Франшизант има ексклузивно право да произведува и дистрибуира производ во одредена област.
  • Бизнис франшизата е најпопуларна форма на франшиза (75 % од сите франшизи во САД). Понудувачот на франшизи нуди широк спектар услуги, а за тоа прима одреден надомест.

Франшизата е продавање на know-how, кој се пренесува преку прирачник (Operating Manual) и е деловна тајна. Знаењето може да се пренесува и усно, преку обука и со консултанции. Со франшизата се врши трансфер на технологија на работење. За да успее франшизата потребно е континуиран однос помеѓу продавачот и купувачот на франшизата. Односот продавач и купувач на франшиза е однос на симбиоза. Едниот му дава на другиот нешто што не би го имал кога би бил сам. Од оваа врска и двајцата добиваат и тие се меѓусебно зависни. Давателот на франшиза обично нуди и други видови услуга на почеток на работата.

Што добива продавачот на франшизата?

Стекнување и одржување на капитал, воспоставување на ефективна дистрибуцијска мрежа, намалување на пазарните трошоци, намалува трошоци, не ги поседува продавниците, нема свои вработени па не им обезбедува плата, осигурување администрација, обука на вработените. Продавачот на франшизата обично ќе побара почетна членарина, поради компензација на трошоците за избор на локацијата, извршениот тренинг и други услуги неопходни за успешен старт.

Ова е популарен начин да се отпочне бизнис, бидејќи нуди поголема сигурност во работењето. Кога ќе се купи франшиза, се станува дел од голема организација со сите предности што одат со тоа. Рекламирањето на поширок регион со реклами подготвени од централа е само дел од предностите.

Купувачот на франшизата се согласува да одржи одредени стандарди на операции специфицирани од продавачот. Тој плаќа одредена сума, а за возврат добива право да: Продава извесен производ или услуга, користи некое заштитено име, користи заштитни знаци, техника на операција или технолошки процес којшто го поседува на франшизата.

Предности на франшизинг системот

Франшиза претставува практицирање и користење на бизнис процеси на некој друг. Давателот на франшизата (франшизер) му дава права на купувачот на франшизата да ги дистрибуира производите на франшизерот, да ги користи техниките на продажба и трговската марка за одреден процент од продажбата на тој производ или услугата или за фиксна годишна цена. На тој начин претпримачот, купувач на франшизата добива готови производи и или услуги, добива разработени теники на продажба, адвертајзинг и трговска марка која веќе е позната на пазарот.

Постојат предностите во работењето со франшизите, бидејки по правило се работи за веќе проверени фирми кои нудат франшизи. Тоа не значи дека и новиот франшизер ќе биде достоен наследник на успешните франшизи, меѓутоа пред потпишувањето на договорот продавачите на франшизи ги проверуваат способностите на купувачот на франшизата као и пазарниот потенцијал и локацијата каде ќе функционира франшизата и доколку тие показатели се добри постојаат малку причини кои можаат да доведат до неуспехот на франшизата.

Предностите кои се добиват со франшизинг начин на работењето се:

  • Со користење на франшизинг системот се намалува ризикот од евентуален неуспех на новите претпријатиа, бидејќи веќе развиените и стабилни претпријатија им продаваат франшиза на други, новоотворени претпријатија. Практиката во САД укажува дека во првите пет години од работата пропаѓат 80 % од новоотпочнатите бизниси, а со франшизинг системот на работење дури 97 % од започнатите бизниси успеваат да опстанат (овој процент варира во зависноста од годината кога е правено истражувањето, но предноста на франшизата останува).
  • Сите клучни операции во процесот на производството и продажбата (дизајнот и стандардизираноста на производите и нивниот квалитет, заштитниот знак, рекламата итн.) претставуваат разработен систем на работа. Ова влева надеж за успешноста на работењето на новото претпријатие во франшизинг системот. Тука е и предноста во давањето на know-how во работата, вклучувајќи и финансиски средства.
  • Претприемачот има пристап до сите техники, па не му треба големо искуство во работењето, односно тој може веднаш да отпочне со работа.
  • Шпекулациите и манипулациите во работењето се минимални, бидејќи постои систем на финансиска и сметководствена контрола од страна на продавачите на франшизата, така што купувачот на франшизата е сигурен во исправноста на своето работење.
  • Предноста на франшизинг системот се состои и во можноста да се привлечат поголем број потрошувачи отколку што тоа би можел самиот претприемач како и да се борат во конкуренцијата со останатите големи претпријатија.
  • Продавачите на франшиза овозможуваат добивање различни консултантски услуги, реклама, обука на менаџери, маркетинг итн., што е многу корисно за самостојните претприемачи, особено на почеток на нивната работа. Тука се вклучени и процесите на развој и истражувачката работа, односно активностите кои самите претприемачи не би можеле да ги извршуваат поради низа лимитирачки фактори.
  • Голема предност за купувачот на франшиза е можноста за добивање финансиска помош, преку финансирање на почетните активности во работењето, при купување на опрема и сл. Тука е и помошта во продажбата, маркетингот, во планирањето и во предвидувањето на продажбата.
  • Продавачот на франшиза обично помага при изборот на адекватни локации, со што се зголемува можноста за поголем успех, што индивидуалните претприемачи честопати не можат да го обезбедат.

Кај нас овој начин на започнување на бизнис сеуште не се користи доволно од страна на претприемачите. Ова е особено заради тоа што како бизнис практика сеуште не е воспоставена и заради поголемиот почетен трошок на стартот. Но, би било пожелно да се разгледаат како опција како за започнување на бизнисот така и за развојот и растсот на веќе постоечкиот бизнис. На интернетот можете да најдете различни понудувачи на франшиза, Ваше е да ги изанализирате за нашите пазарни услови и да го остварите првиот контакт. Можеби франшизата ќе биде вистинскиот бизнис за Вас.

Недостатоци на франшизинг системот

Видовме дека постојат предности од работење во франшизинг системот. Но, како и секое друго работење и франшизи носат одредени негативности. Ни во овој начин на работење не е се идеално. Проблеми постојат, но доколку постои заеднички интерес тие проблеми лесно можат да се надминат, уште пред да се потпишат договорите. Кога ќе се потпишат договорите потешко се менуваат условите и се исправаат негативностите, но и тогаш сите опции се отворени и секој разумен продавач на франшизата нема да има никаков комплекс да промени или да ги подобри одредените неправилност на кои им укажуваат еден или повеќе купувачина франшизата. Така пред да се одлучите да започнете бизнис од тип на франшиза разгледајте ги некои од следниве недостатоци на системот.

Како поизразени недостатоци на франшизата како бизнис се:

  • Продавачот на франшизата го диктира темпото и поставува правила на однесување, кои мораат строго да се почитуваат. Претприемачите стануваат зависни. Тие се повеќе менаџери отколку претприемачи, односно го губат својот индентитет, бидејки со долгогодишни договори цврсто се врзани во системот. Тезата дека идентитетот на претприемачите се губи со франшизинг системот некои автори ја отфрлаат со образложение дека независноста на претприемачот не може да биде апсолутна и дека честопати во практика е многу тешко да се процени независноста. Секое мало претпријатие, независно од неговата форма, е дел од широката мрежа на економска поврзаност и од некого зависи. Но сепак, како независнотс во поглед на идеи и реализација на тие идеи претприемачот губи. Доколку сте претприемч кој не сака зависности и правила на игри, тогаш франшизата не е вистинскиот избор на бизнис за вас.
  • Бидејќи условите за работење ги поставува продавачот на франшизата се јавува нерамноправност при донесувањето одлуки.
  • Договорот честопати го ограничува трансферот на сопственоста, што значи дека корисникот на франшизата не може секому да ја пренесе својата сопственост над одредена франшиза.
  • Купувачот на франшизата може да биде оштетен бидејќи согласно договорот опремата и суровините мора да ги купува само од фирми одобрени од давателот на франшизата, иако на пазарот можеби има поевтина цена. Ова колку е недостаток може и да има предност. Токму затоа производите и услугите од типот на франшизите се со препознатлив квалитет. Не се овозможува на локален претприемач да ги менува глобалните својства и квалитетот на производот.
  • Проблемите во франшизинг системот се заемни и за купувачот и за продавачот, бидејќи се поврзани во еден единствен систем на работа и дејствување. Тоа значи дека со лошото работење на купувачот на франшизата ќе му се наштети на угледот на продавачот на франшизата и обратно. Па затоа и продавачите на франшизата не се лесни при продажба и склопување на договор со купувачот.
  • Се смета дека со франшизинг системот се зголемуваат трошоците на работата за 2-6 % па останува фактот дека почетните инвестиции во овој систем се помали, но дека на подолг рок постојните трошоци се поголеми отколку кога претприемачите би работеле сами.
  • Корисникот на франшизата му плаќа одреден процент на продавачот од годишниот профит, со што го намалува сопствениот профит.
  • Најновите истражувања ја побиваат тезата дека франшизите се сигурни, а неависните бизниси се несигурни од аспект на долготрајност.

Франшиза – изјава за откривање

Изјавата за откривање треба да биде темелна за да ги опфати сите прашањата кои се или кои ќе станат релевантни во понатамошен тек на работењето. Купувачот на Франшиза добива директни информации кои го засегаат и врз основа на понудените информации одлучува дали ќе отпочне бизнис врска со продавачот на Франшизата или ќе побара некоја друга опција за работење. Изјава за откривање треба да содржи следниве информации:

  1. Мора да се најде името на продавачот на франшизата под кое тој го води бизнисот, пазарниот знак и името и одредбата на основачот на компанијата.
  2. Директорите и шефовите за маркетинг, операции и обуката треба да бидат индентификувани по име и презиме, а треба да биде наведено и нивното работно искуство во претходните вработувања во текот на последните 5 години.
  3. Операторите треба да го прикажуваат временскиот период за кој тие ја продаваат франшизата. Ако основачот на компанијата продавал други франшизи, треба да бидат прикажани и имињата на тие франшизи и временскиот период кога тие се продавале.
  4. Продавачите на франшиза мора да покажат историјат за осудување, проневера, притвори, доколку ги имало.
  5. Објавената изјава мора да содржи банкротство на сите директори на франшизата, доколко ги имало.
  6. Франшизинг бизнисот, линијата на производство и можниот пазар мора да бидат потполно опишани.
  7. Мора да има листа со која се предвидува почетно плаќање кое треба да го направи купувачот на франшиза како: кирии, трошоци за инвестирање и други наплати.
  8. Треба да се достави до купувачот на франшизата листа на периодичните плаќања.
  9. Купувачот на франшиза мора да биде снабден со листа од личности со кои ќе биде потребно да соработува во текот на работењето.
  10. Изјавата мора да дава основа за пресметување какви приходи продавачот на франшизата има со луѓе кои треба да соработуваат со купувачот на франшизата.
  11. Продавачот на франшизата мора да даде листа на материјали што треба да ги изнајми или купи, како и имиња на личностите од кои ќе ги купи.
  12. Франшизинг договорите мора да бидат објавувани, вклучувајќи ги имињата на давателите на заемот, процентот на наплата, како и провизии.
  13. Продавачот на франшизата мора да го наведе секое ограничување. На пример, какви производи можат да бидат продавани, колку тие можат да бидат продадени, каде и на која продажна територија?
  14. Доколку сака друг инвеститор да се вклучи во работењето, тогаш мора да биде обезбеден опис на должностите кои се очекува тој да ги изврши. Ова укажува дека “тивките инвеститори” се непожелни.
  15. Објавената изјава мора да ги содржи термините во кои може да се откаже или обнови договорот за купување на франшизата.
  16. Објавената изјава мора да вклучи статистика за бројот на операции на франшизингот. Бројот на сите обнови кои се одбиени и бројот на откажани купувачи на франшизата мора да обезбеди список на имиња на 10 франшизинг локации најблиску до онаа која е предмет на продажбата.
  17. Мора да биде наведен датум помеѓу потпишувањето на спогодбата за купување на франшизата и датумот за отворање на таа локација.
  18. Мора да биде назначен видот и трошокот за обуката понудена од продавачот на франшизата.
  19. Ако некоја личност е вмешана во промоцијата на франшизата, изјавата мора да ја покажува неговата лична инвестиција во франшизата, како и неговите исплати и обврски.
  20. Продавачот на франшизата мора да му обезбеди на купувачот на франшизата контакт со другите купувачи на франшизата од кои може да се информира за следниве прашања: Што велат сегашните франшизери за организацијата? Од листата на франшизери во Вашата област уредете интервјуа со тие луѓе и откријте како тие ја водат компанијата. Можат ли тие да добијат совет кога им е потребно? Дали се тие претешки супервизори? Имаат ли тие некакви финансиски проблеми? Дали имаат забелешки за договорот? Дали рекламните аранжмани се задоволувачки? Каков е бизнисот? Дали профитот е во согласност со очекувањата? Дали франшизерот сосема разумно ги претстави големините на трошоците од воведувањето на операциите, на актуелните операциски трошоци и на профитот? Да се биде набљудувач додека се добие дозвола за франшизата. Ако е можно, да се помине ден на франшизата. Кога е можно, исто така, да се видат франшизери чии имиња не беа застапувани од компанијата. Вие сакате да бидете сигурни дека зборувате слободно со непристрасни луѓе. Дали сте принудени да потпишете договор? Лош знак е претеран притисок од страна на продавачот на франшизата. Продавачот на франшизата кој избегнува испитувања, треба да се отпише.

Листа за проценка на квалитетот на франшизата

Пред да се одлучи дали ќе се купи франшизата и дали да се отпочне со таков начин на работењето треба да се изврши детална проценка на квалитетот на понудената франшиза. Бидејки не се сите франшизи исти, има добри франшизи и помалку добри, па може да се каже и лоши франшизи. Дел од проценката треба да ја изврши самиот купувач на франшизата бидејки и тој поседува одредени сознанија за бизнис со кој сака да се занимава, додека останатата проценка најдобро е да ја направи адвокат кој има искуство во слични договори. Бидејки продавачите на франшизата се искусни имаат потпишано повеќе договори и често пати со „ситни букви“ ставаат одредени членови кои во понатамошен тек на работењето добиваат големо значење и може да претставува голема обврска за купувачот на франшизата. А може и финансиска штета да биде нанесена со невнимателно потпишување на вешто составени договори. Затоа е најдобро да се напише листа за проверка и да се проверува секоја реченица и секоја можна ситуација за да се обезбеди сигурност во понатамошниот тек на работењето. Една листа на проценките може да изгледа и вака:

  1. Дали Вашиот адвокат го одобри договорот за франшиза кој Вие го разгледавте откако тој го прочита став по став?
  2. Дали од Вас се бара да направите нешто што според Вашиот адвокат не е мудро или не е легално?
  3. Дали Ви се дава ексклузивно право на територијата или продавачот на франшизата може да продаде втора или трета франшиза на Вашата територија?
  4. Дали продавачот на франшизата е поврзан на некој начин со друга компанија која нуди слична стока или услуги?
  5. Ако одговорот на претходното прашање е “да“, која е заштитата од другата компанија?
  6. Под кои околности Вие можете да го раскинете договорот и колку ќе Ве чини ако решите од некоја причина да престанете со работата?
  7. Ако ја продадете франшизата, дали ќе Ви се компензира за Вашата добра волја или пак со продажбата ќе имате загуба?
  8. Колку години оваа фирма (продавачот) нуди франшизи?
  9. Дали има репутација на чесно работење меѓу локалните фирми кои имаат нивна франшиза?
  10. Дали продавачот на франшизата Ви покажал сигурни бројки кои покажуваат точен профит на една или повеќе фирми кои Вие самите сте ги провериле?
  11. Дали фирмата ќе Ви помогне со:
    • програма за обука на менаџерите?
    • програма за обука на персоналот?
    • програми за односи со јавноста?
    • капитал?
    • кредит?
    • идеи за производи?
  12. Дали фирмата ќе Ви помогне да најдете добра локација за новиот бизнис?
  13. Дали продавачот на франшизата има доволно финансии да го спроведе својот план за финансиска помош и растеж?
  14. Дали продавачот на франшизата е компанија самец или е корпорација со искусен менаџмент кој е добро истрениран (секогаш да има искусна личност на чело)?
  15. Што точно можат да направат тие за Вас, а Вие сами не можете?
  16. Дали продавачот на франшизата доволно добро Ве испраша за да може да се осигура дека Вие можете успешно да водите една од неговите франшизи со профит?
  17. Дали Вашата држава има закон за продажба на франшизи и дали овој договор е усогласен со тој закон?
  18. Колку капитал ќе мора да имате за да купите франшиза и да можете да работите додека приходот не Ви се изедначи со расходот и почнете да остварувате позитива? Од каде ќе го најдете?
  19. Дали сте подготвени да се откажете од дел од независноста при дејствување во замена за предностите кои Ви ги нуди продавачот на франшизата?
  20. Дали навистина верувате дека имате почетна способност обука и искуство за да работите лесно и профитабилно со продавачот на франшизата, со Вашите вработени и со Вашите муштерии?
  21. Дали сте подготвени да го потрошите големиот дел и целиот Ваш деловен живот со овој продавач на франшиза, нудејќи го неговиот производ или услуги на потрошувачите?
  22. Дали сте направиле некакво истражување за да одредите дали производот или услугата која мислите да ја продавате како франшиза има пазар на Вашата територија со цени кои Вие мислите да ги барате?
  23. Дали населението на територијата која Ви е дадена ќе се зголеми, ќе остане исто или ќе се намали во наредните 5 години?
  24. Дали производот или услугата која ја предвидувате ќе има поголема побарувачка, иста или помала во наредните 5 години?
  25. Каква е конкуренцијата на Вашата територија?
    • Фирми кои не се франшизери?
    • Фирми кои се франшизери?

 

post

Продажба – како до загарантиран успех?

Продажба

Продажба

Продажбата и продажната функција во еден бизнис претставува основа за нормално и успешно функционирање на бизнисот. Секој бизнис мора да продава без разлика дали е тоа производ и/или услуга.

Без продажба, нема приход, нема ни пари за финансирање на бизнисот. Тоа е основата на функционирањето на секој бизнис.

Со овој пост сакам да започнам еден серијал на постови кои ќе се однесуваат на продажба, особено поради фактот што разгледувајќи ја научната литература достапна во Македонија забележав дека токму овој сегмент е најнезастапениот. Од друга страна важноста на истиот е огромна за да се изостави.

Минатата година купив голем број на книги од универзитетски професори кои на научен начин тестираат разни психолошки ефекти кога станува збор за продажбата. Тука пред се го ставам професорот Robert Cialdini кој има спроведено огромен број на истражувања и ги има документирано резутатите од истите во неговите книги. Последната книга на Guy Kawasaki која ја читам во моментов Enchantment во голем дел се базира на работата на професор Cialdini и неговите откритија. Тука морам да го споменам и Stephen M.R Covey кој направи одлична книга која се занимава со градење на доверба и користење на сите тие елементи во секојдневно функционирање на еден организациски систем во кој се наоѓа и посебна многу важна функција – продажбата.

Во секој случај започнавме минатата недела со преговарање како и 10 совети за бизнис преговарање. Денеска би сакал да опфатам нешто за начини на изведување на продажбата и креирање на одлична продажна презентација.

Начини на продажба

Продажбата се одвива преку одреден вид на контакт помеѓу бизнисот (најчесто продажно лице) и купувачот. Но, развојот на технологијата и интернетот во голем дел доведоа до промени во можностите во начинот на изведување на продажбата. Сега не мора да постои директно продажно лице за да се изведе самата продажба, но сепак во голем дел принципите остануваат исти. Психологијата на човекот иако малку е изменета сепак размислувањето и клучниот елемент на донесување на одлука останува приближно ист. Наместо човек, во позадина е машина која е програмирана на некој начин да се однесува како човек.

Во најголем број на случаи за различни видови на бизниси продажбата може да се изведе на следниве начини:

  • Состанок. Состанок лице во лице помеѓу продавачот и купувачот. На еден ваков состанок се презентира производот и/или услуга предмет на продажба и се преминува во фаза на преговарање и договарење до конечна одлука – спроведување на продажба или откажување на истата.
  • Продажба на саеми. Ова е вообичаена продажба каде преку директна презентација на производот и/или услуга на настани како самеи се сретнуваат продавачот и потенцијалниот купувач.
  • Продажба од врата до врата. Во овој случај продавачот оди од врата до врата презентира и очекува да обезбеди продажба.
  • Телефонска продажба. Овој начин на продажба претставува избирање на група на телефонски броеви на кои во одреден период продавачот ќе се јави, ќе изведе презентација преку која очекува да се спроведе процесот на продажба.
  • Каталошка продажба. Овој вид на продажба се изведува кога бизнисот ги листа производите и/или услугите во негов или нечиј туѓ специјализиран каталог кој се распределува до потенцијалните купувачи и се очекува тие да нарачаат производ и/или услуга.
  • Поштенска продажба. Продажбата може да се изведува и преку пошта при што купувачот нарачува производи кои му се доставуваат преку пошта.
  • Продавница. Еден од најзастапените начини на продажба е продажба преку продавница каде потенцијалните купувачи влегуваат, гледаат, избираат, пробуваат и купуваат. Освен преку сопствени продавници бизнисите може да продаваат и преку други продавници (продавници на други бизниси).
  • Продажба на процент.Многу бизниси ја базираат нивната продажба преку луѓе кои воопшто не се вработени кај нив (ги намалуваат фиксните трошоци) туку добиваат процент од спроведена продажба.
  • Интернет продажба. Овој начин на продажба е кога имате веб продавница преку која купувачот бира производ и/или услуга, плаќа со помош на кредитна картичка и производот му се доставива преку пошта за физички производи или директно електронски за електронски производ.
  • Affiliate продажба. Претставува посебен вид на продажба која се користи на интернет преку која еден бизнис станува affiliate (член на affiliate програмот) на вистинскиот продавач (производителот) и тој добива награда од продавачот за секој пратен посетител на сајтот кој извршил купување. Овој процес стана бум во последните години и како интернет продажба се користи од сите светски познати интернет бизниси.

Можете да забележите дека ова е само еден дел од можностите за изведување на продажба. За еден бизнис најдобро е да комбинира повеќе начини кои ќе ги тестира и анализира како би дошол до оние кои се најприфатливи за индустријата во која што се наоѓа тој бизнис.

Неколку совети за продажна презентација

Во овој дел сакам да потенцирам неколку совети кога станува збор за продажна презентација и вашиот продажен тим.

  1. Познавање на производот и/или услугата кои се презентираат. Секој продавач мора да има одлично познавање за производот и/или услуга кои ги презентира за целите на продажниот процес. Приказната е тоа што најдобро продава. Дали повеќе ќе верувате доколку продавачот ви каже го имам тоа и тоа и добивам тоа и тоа наместо тоа и тоа прави тоа и тоа?
  2. Продажниот тим првин мора да верува во производот и/или услугата кои ги презентира за цели на продажба. Како може да очекувате дека некој добро ќе го заврши процесот на продажба доколку самиот тој кој го презентира тој производ без разлика дали е тоа лице во лице, по телефон или преку онлајн видео не верува во производот и/или услугата кои ги продава.
  3. Продавачот при презентација мора и да слуша. Можеби планот е да се спроведе презентацијата и да се повлечете. Но, честопти во текот на самата презентација ќе има разни прашања и мислења. Затоа продажниот презентер мора да слуша и врз база на ислушаното да ја прилагоди сопствената презентација.
  4. Подготовка. Секоја продажна презентација мора да биде последица на одлична подготовка на презентерот. различен потенцијален купувач ќе бара и различна подготовка и различен вид на презентација. Проучете го добро потенцијалниот купувач пред кој ќе се изведе презентацијата и анализирајте ги сите можни текови на разговорот и презентацијата.
  5. Поставете продажни цели за секој член од продажен тим. Продажните цели се нешто што ќе ви овозможат едноставено следење на ефикасноста и ефективноста на секој продажен презентер. Вие како претприемач сте должни да ги поставите тие продажни цели. Многу е поедноставно кога ќе се тргне во поход за кој има цел, отколку безцелно започнување на битката.
  6. Првичната импресија многу значи. Она што како прво ќе биде забележано од потенцијалниот купувач ќе има големо влијание на натамошниот процес на продажбата. Првата реченица, гардеробата, визуелен поглед со очите, движењето на рацете… Сето тоа влијае на натамошниот тек на продажбата. Затоа бидете внимателни.
  7. Продажната презентација не е продажба туку еден вид на настава. Презентацијата мора да биде еден вид на настава во која потенцијалниот купувач би научил нешто за тоа како може да си ги реши своите проблеми со помош на производот и/или услугата кои се предмет на продажбата.
  8. Презентацијата треба да ги содржи корисностите наместо карактеристиките. Една од грешките што еден продавач ги прави е прикажување само на карактеристики на неговиот производ или услуга или пак на неговиот бизнис. Како и да е потенцијалните потрошувачи не сакаат да знаат за карактеристиките, тие сакаат да знаат за корисностите што ќе ги добијат од твојот бизнис.
  9. Позитивно размислување. Секој член на продажниот тим треба да тргне со едно позитивно размислување во однос на остварување на продажбата. Позитивното размислување лесно се префрла и на потенцијалниот купувач заради донесување на вистинската и посакуваната одлука.
  10. Продажната презентација бара вистински фокус од страна на презентерот. Нефокусирана презентација доведува до збунетост од страна на потенцијалниот купувач. Затоа секоја презентација треба да е фокусирана кон вистинската цел. Не треба да се презентираат стотици производи, најдобро е таа да содржи од 1 до 3 производи кои се најверојатни решенија на проблеми на потенцијалниот купувач.
post

Дијаграм на тек за SWOT анализа

SWOT анализата е алатка за планирање и особено за стратешко планирање. Се користи за оценување на силините (Strenghts) и слабостите (Weaknesses) како внатрешни елементи на бизнисот и можностите (Opportunities) и заканите (Threats) како надворешни елементи на бизнисот. SWOT анализата има широк спектар на полезности од користење, особено информациите кои се добиваат после една таква анализа. Но често пати SWOT анализата започнува и завршува со матрицата SWOT.

SWOT Матрица претставува квадрант во кој во секое поле се наведени елементите на SWOT – силни и слаби страни како и можности и закани. На ваков начин, целосните придобивки од оваа анлиза се испуштаат. На сликате е претставен целокупниот дијаграм на текот на SWOT анализата кој започнува со скенирање на внатрешната и надворешната околина на бизнисот.

SWOT дијаграм на тек

SWOT дијаграм на тек

SWOT анализата започнува со евалуација на тековната состојба во поглед на внатрешноста на бизнисот и надворешноста на бизнисот. Оваа евалуација на тековна состојба ќе доведе до идентификација на внатрешни и надворешни фактори кои влијаат на бизнисот. Внатрешните фактори можат да бидат силни страни, но можат да бидат и слабости за бизнисот, додека надворешните фактори може да бидат можности или пак закани за бизнисот. Во овој дел е потребно да се идентификуваат сите фактори и да се подредат по значајноста за бизнисот за кој се изведува анализата.

Откако се идентификувани клучните надворешни и внатрешни фактори може да се премине на определување на тоа кои од внатрешните фактори претставуваат силна страна, а кои слаба страна. Додека за надворешните фактори определуваме како можности или закани. Дури сега може да се изведе SWOT матрицата. SWOT матрицата претставува одлична графичка претстава на тоа што е добро, а што не чини во бизнисот како и она што не очекува како можност или закана.

Но што понатаму? Дали оваа е доволно за завршување на анализата? Секоја анализа мора да даде идни насоки за постапување. Ако запреме тука не можеме да кажеме дека сме направиле успешна анализа. Затоа за секоја комбинација од квадрантите од матрицата се определуваат стратегии. Од SWOT матрицата можеме да извлечеме 4 стратегии:

  • S-O стратегии (Силини-Можности стратегии). Овие стратегии треба да ги искористат можностите кои се вклопуваат во силните страни на бизнисот.
  • W-O стратегии (Слабости-Можности стратегии). Овие стратегии треба да овозможат да се надминат слабостите на бизнисот додека се сикористуваат можностите.
  • S-T стратегии (Силини-Закани стратегии). Овие стратегии треба да овозможат искористување на слните страни, додека се елиминираат или намалуваат заканите од околината.
  • W-T стратегии (Слабости-Закани стратегии). Овие стратегии треба да овозможат елиминирање на слабостите и оневозможување на надворешните закани да ги допрат токму тие слабости на бизнисот.

Ваква една анализа со резултат од подготвени стратегии за справување со тековната состојба и подготовка за иднината и која ги опфаќа и внатрешните и надворешните фактори претставува добар одбранбен механизам за секој бизнис.

 

post

Facebook и се е можно! Сепак реалноста е поинаква!

Facebook Маркетинг Средство

Facebook Маркетинг Средство

Facebook и се е можно, но сепак не е семоќно. Реалноста е сосема поинаква.

Овој пост се гради веќе неколку недели и едноставно претставува следење на едно практично движење на нов бизнис и градење на присуство на Facebook.

Сите сме свесни за моќта која Facebook ја нуди во поглед на маркетингот. Ова е особено поради фактот што согласно SocialBakers во моментов кога го пишувам овој пост на Facebook има вкупно 831760 корисници од Македонија што претставува над 40% од популацијата.

Кога ја гледаме оваа бројка можеби ќе кажеме дека е лесно да стекнеме 50000 фанови (лајка) за бизнис страната на Facebook кога тоа е само 6% од вкупните корисници во нашата земја.

Зошто ја зедов бројката од 50000? Затоа што тоа ми го кажа еден претприемач кој овие денови направи страна за неговиот бизнис и очекува над 50000 фанови.

Бројката иако е само 6% не може лесно да се оствари особено поради следниве факти:

  • Можеме да имаме голем број на пријатели на личен профил, но сепак само мал процент од истите ќе станат фанови на страната бидејќи тие се пријатели со нас, и не се поврзуваат заради нашиот бизнис (тоа е реалност).
  • Страната секогаш е нова и празна во раните фази на нејзиното формирање и сеуште не може да се види каква вредност истата ќе понуди на потенцијалниот фан. Затоа е најдобро да се започне со креирање на стратегија за градење на настап на Facebook, доколку сеуште не е направено такво нешто. Стратегијата прилагодена на бизнис моделот и севкупните бизнис цели ќе ги даде вистинските насоки за вистинската содржина која ќе се објавува на страната.
  • Иако популацијата е голема, таа неможе да се земе во предвид како бројка за да кажеме дека ќе успееме во нешто. Ако бизнисот опслужува потрошувачи мажи, популацијата која можеби ќе биде заинтересирана за вашиот бизнис ќе биде 50% помала, па така да и бројката која ќе сакате да ја постигнете ќе биде веќе 12%. Ако земете во предвид и локација, старост или било што друго по што е сегментиран вашиот пазар можеби да стигнете до целта дека сакате 50% од потенцијалните потрошувачи за краток период да станат фанови. Што сепак не е невозможно, но временскиот период за остварување ќе биде подолг!
  • Кога бизнисот е сеуште нов и сеуште не се започнати останатите маркетинг активности преку останати маркетинг средства не може да се стигне до оптимална комбинација на различните маркетинг средства со новата страна на популрната социјална мрежа.
  • На крајот на краиштата целта не е да стекнете голема група на фанови за страната, целта е да стекнете повеќе таргетирани фанови за таа страна. Понекогаш 200 можат да бидат многу повредни од илјадници нетаргетирани фанови.

Првиот ден од пратени над 300 покани страната имаше 9 фанови, но сепак како поминуваше време така и растеше бројот на фанови, но сепак таргетот од 50.000 е преголем. Сепак очекувам многу поголема раздвиженост во периодот кој следува за што се надевам ќе имаме ажурирање и тука.

post

iPad и неколку корисни апликации за блогирање

Апликации за блогирање за iPad

Апликации за блогирање за iPad

Да продолжиме со серијалот на постови за iPad и корисни апликации за еден претприемач. Во изминатите две недели опфативме апликации за продуктивност и канцелариски (office) апликации. Со овој пост ќе продолжиме уште со неколку корисни апликации кои се поврзани со блогирање. Повеќепати на претприемач ја истакнуваме корисноста од блогирање како еден дел од ваша маркетинг стратегија, па затоа и оваа група на апликации е издвоена во посебен пост.

  • WordPress е првата апликација со која ќе го започнам оваа кратка листа. Ова е официјалната WordPress апликација преку која можете да го ажурирате блогот и да администрирате коментари. Оваа апликација иако е солидна и се гледа дека развивачите вложуват напори да ја направат колку што може подобра, сепак сеуште е далеку во целост да ја замени функционаноста на WordPress преку веб. Понекогаш може да направи таква збрка во однос на форматирањето што сепак ќе бара да си го отворите компјутерот и да ги направите исправките. Во секој случај за кратки постови без преголеми потреби за форматирање или едноставно за пост-слика или пак пост-видео е одлична. Апликацијата е бесплатна.

WordPress за iPad

WordPress за iPad

  • BlogPress е втората апликација која понекогаш ја користам. Првично ја купив за iPhone (чини 2,99$), но истата верзија е компатибилна без дополнителна инвестиција и за iPad. Една од главните карактеристики на оваа апликација е што ги поддржува скоро сите сервиси за блогирање како WordPress, Blogger, Movable Type, LiveJournal, Drupal, Joomla, Tumblr, SquareSpace… Друга корисна карактеристика е што има можност за лесна интеграција со популарните социјални медиуми како Facebook, Twitter, YouTube, Flickr и Picasa. Често пати може да се сретне како апликација за видео блогирање особено поради фактот што оваа апликација има интегрирано можност за аплоад на видео на YouTube, потребно е само подесување на акаунтот и апликацијата самата ќе го аплоадира видеото и ќе го постави во вашиот пост. Во секој случај оваа апликација вреди за вложените пари.

BlogPress за iPad

BlogPress за iPad

  • Essаy е уште една апликација која ја ставив во оваа група и не е нешто што служи за објавување на платформи за блогирање, туку претставува апликација за пишување на постови кои подоцна ќе ги објавите на блогот. Оваа апликација претставува rich text editor која ги содржи само најпотребните функционалности како оној кој ја користи ќе се фокусирана најважната работа – креирање на содржина. Во секој случај корисна апликација преку која можете да креирате секојдневна содржина за вашиот блог. Сепак, уникатната и квалитетната содржина е основа на оваа долгорочна стратегија. Цената на апликацијата е 3,99$.

Essay за iPad

Essay за iPad

  • Split Pea е последната апликација која ќе ја споменам во оваа група на апликации за блогирање. И оваа апликација се однесува на креирање на содржина за вашиот блог. Она што е добро и за што ја користам е кога истражувам бидејќи апликацијата го дели екрнот на два дела: еден за пишување и вториот за отворање на разни веб сајтови преку кои ја истражувате и проучувате темата за која пишувате. Понекогаш од старите постови правите нови при што оваа апликација може да ја зголеми вашата продуктивност. Цената на апликацијата е 3,99$.

SplitPea за iPad

SplitPea за iPad

Продолжува со:

  • апликации за социјални медиуми,
  • апликации за книги,
  • апликации за манипулација со податоци и
  • апликации за читање.

 

post

10 совети за преговарање

Преговарање во бизнис

Преговарање во бизнис

Вчера навлеговме во една тема која досега не беше опфатена на претприемач, а тоа е преговарање кое е неизбежен дел од секој бизнис. Денес ќе продолжиме со истата тема и ќе опфтиме неколку совети кои ќе ви помогнат за поефикасно спроведување н процесот на преговарање.

Па, да започнеме!

Првин треба да започнете со подготовка за преговарање пред да започне процесот на преговарање. Колку подобро сте подготвени, толку шансите за успех од преговорите ќе бидат поголеми.

1. Постави јасни цели на преговарање.

Што сакате да постигнете со преговарањето? Дали е тоа поголема цена? Дали е тоа поголема количинска продажба? Дали е тоа пониска цена од добавувачот? Напишете ги сите цели кои треба да се постигнат во процесот на преговарање. Целите ќе ви помогнат за определување на сите понатамошни елементи од процесот.

2. Определи ги границите до кои можеш да одиш во попуштање.

Мора да постојат граници до каде можете да одите, а повеќе од тоа не можете да прифатите. Добро е уште во фаза на подготовки да бидете сигурни за тие граници како целиот процес не би се одвивал во погрешна насока.

3. Добро проучи ја страната со која ќе преговараш

Обиди се да дојдеш до олку што можеш информации за другата страна. Дознај ги неговите силни и слаби страни. Подготви се со соодветен одговор за силните страни и обиди се да поентираш на слабите страни. Посебно внимание посветете на тоа дали страната со која ќе преговрате има овластување да донесе одлука. Доколку нема обидете се да не влегувате во процесот се додека од другата страна не седне некој со овластувања.

4. Стави се во положбата на другата страна.

Што другата страна очекува од преговорите? Какви се нивните граници? Доколку на еден ваков начин влезете во мозокот на другата страна едноставно ќе можете да ги погледнете работите од поинаков агол. Во една таква ситуација обидете се да пронајдете некои елементи кои можеби се премногу важни за таа страна, а за вас да не претставуваат некој голем проблем и на таков начин во самиот процес да се откажете од истите и би го превзеле првиот чекор за постигнување на компромис.

5. Осигурајте се дека во првата верзија на понуда е опфатено се што сакате.

Подгответе ја првата верзија на понуда која ќе биде предмет на преговарање. Таа е основа околу која ќе се поставуваат различни прашања, ќе се даваат различни одговори и ќе се прилагодуваат различни делови. Доколку нешто не побарате сигурно е дека нема да го добиете. Затоа бидете сигурни дека се што сакате е ставено во првата верзија на понуда, а потоа ќе преговарате, „пеглате“ и договарате.

6. Осигурајте се дека првичната верзија на понудата не е премногу радикална.

Иако претходниот совет е да опфтите се што сакате, сепак внимавајте да не претерате бидејќи претерувањето може да доведе до откажување на преговорите.

Сега сте подготвени да влезете во процесот на преговарање.

7. Покажете волја за преговарање.

Безусловно доставување на понуда за прифаќање не претставува преговарање. Иако, вашата цел е да се прифатипрвичната верзија на понуда сепак во многу ситуации тоа е невозможно. Затоа покажете и на другата страна дека сте спремни за преговарање и наоѓање на омпромис како би нашле заеднички прифатливо решение.

8. Слушајте внимателно.

Знам дека имате премногу за кажување. Но, и другата страна сигурно има за што да зборува. Додека зборува другата страна внимателно следете ја, не чекајте само една пауза за вие да започнете со зборување. Запишувајте се што е важно од зборувањето на другата страна. На ваков начин уште повеќе ќе го зголемите сопственото знаење за  другта страна. Најдобрите преговарачи се и најдобри слушатели.

9. Побарјте мислење за клучните елементи на понудата.

Секогаш инсистирајте другата страна уште на почетокот да даде мислење за клучните елементи на понудата. На ваков начин ќе дојдете до посакувани информации за можните елементи околу кои ќе се одвива преговарањето. Ова може да ја поттикне другата страна да каже нешто што можете да го искористите во ваша полза.

10. Следете и проценувајте.

Внимателно следете го однесувањето на другата страна кога вие зборувате. Ова може да се однесува на движење на телото, реакции, поглед… Ова се непроценливи информации кои можт да ви помогнат во вистинската проценка на спротивната страна.

post

Преговарање во бизнисот

Преговарање во бизнис

Преговарање во бизнис

Преговарање е составен дел од секој бизнис и не може да се избегне без разлика за каков вид на бизнис станува збор. Ова значи дека секогаш имате можност да преговарате за остварување на продажба по подобри услови или пак остварување на купување на репроматеријал по подобри услови. Забележувате дека и во двата случаи го споменувам зборот подобри услови.

За да може да се преговара мора да се исполнат следниве услови:

  • Да има минимум две страни учесници во преговарање
  • Да има предмет за преговарање помеѓу двете страни и
  • Да постојат различни цели помеѓу двете страни.

Со кого преговараат претприемачите?

Претприемачите мора (или може) да преговараат со добавувачите, со потенцијалните купувачи и со вработените. Велам мора или може бидејќи не секогаш претприемачите се базираат на тоа дека мора да преговараат. Ова значи дека во повеќе ситуации истите не ја користат моќта на преговарање за да обезбедат подобри услови за сопствениот бизнис. На пример, не се искористува можноста да се преговара со добавувачи за обезбедување на пониски цени, за обезбедување на поголем рок на плаќање, за обезбедување на подобри деловни односи…

Врз база на тоа какви ќе бидат во преговорите, во голем дел ќе зависи и успешноста на бизнисот.

Како последен услов за да може да се преговара го наведов да постојат различни цели помеѓу двете страни. На пример, ќе ги разгледаме 3-те највообичаени страни со кои преговара еден претприемач ќе имаме:

  • Добавувачи. Претприемачот има цел да постигне пониска набавна цена, додека добавувачот да постигне повисока цена.
  • Купувачи. Претприемачот има за цел да постигне повисока цена, додека купувачот да постигне пониска цена.
  • Вработени. Претприемачот има за цел да плаќа по учинокот, додека вработените имат цел да добијат повисока плата.

Ова се наједноставни примери на различни цели. Сепак во реалностаовие цели се многу покомплексни и на истите влијаат многу повеќе фактори во зависност од условите и видовите на преговори кои се изведуваат.

Кој е победникот?

Она што честопати погрешно се сфаќа во преговарање е дека треба да има победник и губитник. Забележавте дека како услов за постоење на преговарање не ставив дека едната страна треба да победи, а втората да загуби. Преговарање има за цел да ги задоволи сите страни учеснички во преговарање, а тоа значи обезбедување на компромис.

Наједноставно кажано компромис претставува попуштање во однос на нешто што едната страна го бара, со што конечниот договор кој би се постигнал би бил прифатлив и за двете страни.

Процесот на преговрање не претставува битка помеѓу две страни во кои едната секогаш е непријател на другата. Дали во преговарање вашиот потенцијален купувач го гледате како непријател? Сигурно дека одговорот е не. Многу попозитивен приод е кога страните меѓусебно се гледаат како идни пртнери со што ќе се осигура поголема веројатнос за постигнување на конечен договор.

Можни резултати на процесот на преговарање

Би сакал за крај од овој прв дел од постот за преговарање (следуваат совети за преговарање) малку да навлеземе и во можните резултати од процесот. Процесот на преговори може да доведе до следниве резултати:

  • Постигнување на договор помеѓу страните
  • Непостигнување на договор помеѓу страните и
  • Одложување на преговарањето и постигнување на договор.

Првиот резултат е оној посакуваниот. Вториот иако не е посакуван сепак е возможен и подобар бидејќи некогаш страните учеснички не можат да си ги преминат поставените граници за да се обезбеди општо прифатлив договор за двете страни.

Третиот резултат е најнепосакуваниот. Тоа е резултат кој може да има кобни последици и исцрпување на премногу енергија. Одложувањето може да биде на:

  • Определено време на што треба да се инсистира.
  • Неопределено време кое треба да се избегне.

Секогаш гледајте да постигнете одговор дури и негативен но во еден побрз временски период како на пример една недела. Најголем причинител на неопределено одложување на преговарање и постигнување на договор е еден можен одговор на друга страна во вид на МОЖЕБИ. Овој одговор звучи охрабрувачки и ви дава надеж дека преговорите не се неуспешни и дек во некоја иднина ќе се продолжи и на крајот ќе се постигне договор, но понекогаш и честопати можеби значи културно одбивање. На ваков начин ви влегувате во еден циклус на безполено трошење н време и енергија за некој кој не е способен и нема волја за постигнување на договор.

Затоа секогаш барајте одговор, дури и да резултатот е не.

Продолжува: 10 совети за преговарање