post

11 Совети за да се биде креативен на работа

Креативност на работа

Креативност на работа

Креативноста е еден значаен елемент во секоја работа. Колку е поголема креативноста, толку повеќе решенија за проблеми и толку подобри одлуки и севкупни перформанси на севкупниот систем.

Дали сте претприемач или менаџер, или пак само вработен во некој организациски систем креативноста ќе ви биде повеќе од потребна. Дури и на најнекреативните работни места оние административни со строго дефинирани правила и процедури е потребна креативност при работа. Таа креативност ќе овозможи побрзо решавање на проблемите и самоорганизација не секој вработен која доведува до поголема ефикасност, ефективност и продуктивност на системот (организационата единица, канцеларија, работно место…)

Во продолжение на постот се дадени некои совети кои успеав некако да ги сублимирам од моето 10 годишно искуство во однос на креативноста.

1. Пред одење на работа прочитај нешто инспиративно

Не постои некое средство кое може повеќе да ја зголеми креативноста одколку читање на нешто што мотивира, инспирира и ја полни душата. Дури и во чекорите за поголема профитабилност на Brian Tracyпрвиот чекор е да читате секое утро. Дали е тоа весник, веб сајт, блог пост, книга или било што друго, ја крева потенцијалнта енергија за креативноста за тој ден.

2. Секогаш обидувај се да направиш нешто од ништо

Многу е тешко да се направи нешто од ништо, но сепак самиот обид за еден таков успех и она што би следувало по еден таков успех е доволно да ја зголеми креативноста.

3. Визуелизирај секогаш кога е можно

Секогаш кога проблемот ќе се постави во еден сликовит и визуелизиран начин поедноставно е да се види целината на проблемот со што ќе се зголеми креативноста при решавање на истиот.

Што е поедноставно да прочитате 10 страници текст со објаснувања или една слика или график на една страница кој го објаснува текстот од 10 страници?

4. Отворено разговарај со колеги и соработници

Разговор со колеги, соработници или вработени поттикнува креативно размислување. Дури и да не е поврзано со тековната работа едноставно мозокот барем за малку се насочува кон други можности и активности со што се зголемува креативноста. Но, секогаш во такви разговори преовладува синергетски ефект каде 1 + 1 > 2.

5. Раздели за да владееш со проектите

Овој совет не се однесува на разделување на меѓучовечки односи туку на разделување на проектите на подпроекти со што поедноставно ќе се пристапи во нивно навремено завршување. Со еден ваков приод се зголемува креативноста при совладување на различните фази од проектот.

6. Избегнувај замки од пренатрупаност со соодветна приоритизација

Најголем уништувач на кретивноста е кога сте пренатрупани со работа. Во една таква ситуација, притисокот расте, мислите се насочени кон одговарање на прашањето ќе се стигне ли наместо кон барање на решенија за проблемите. Затоа користи To-Do листи со приоритизација на задачи и активности за секој ден.

Најприоритетните заврши ги први.

7. Комбинирај различни задачи

Овој совет кај некого успева додека кај некого нема да даде резултати. Пристапот е да работите на по една задача кратко време и да се префрлите на наредната иако не е завршена целосно првата, па подоцна повторно да се навратите на првата.

Јас на пример таков приод користам со читање на книги. Секогаш читам по 3-5 книги одеднаш затоа што бргу по 100-тина страни од една книга се заситувам и ми станува здодевна темата. Затоа со правење на пауза со таа книга и започнување на друга се селам на друга тема која повторно може да ме засити и тоа е моментот на навраќање на првата или пак започнување на некоја друга. На ваков начин успевам да ја одржувам концентрацијата на темата на високо ниво за време на читање.

8. Направи пауза секогаш кога ќе навлезеш во креативна блокада

Креативна блокада се јавува кога едноставно креативноста ви паѓа на најниско можно ниво и се што започнете едноставно не можете да го завршите. Во една таква ситуација најдобро е да направите пауза, земете здив, опуштете се и наполнете ги батериите. Потоа кога ќе се почувствувате ОК навратете се на решавање на проблемот.

9. Барај помош секогаш кога мислиш дека не можеш сам

Најлошо е да мислиме дека се можеме сами. Не правите зло доколку кажете дека нешто не знаете или пак не можете или пак ви е потребна помош. Многу поголемо зло е доколку „фурате“ сами мислејќи дека се знаете и можете и направите катастрофални грешки.

10. После работа не мисли за работа доколку сакаш да преживееш

Зголемување на креативноста зависи и од тоа дали имате доволно време да го опуштите вашиот мозок и да размислувате за нешто друго освен работата. Да излезете и да прошетате со семејството и пријателите, да се опуштите во музика, да се опуштите на излет… Сето тоа ви дава енергија која поттикнува зголемување на вашата креативност.

11. Избегнувај негативни карактери кои само убиваат во поим

И секако како 11-ти совет го издвоив избегнување на негативни карактери кои едноставно може да ве „убијат во поим“. Некој кој постојано се жали дека има многу работа не може да постигне, под притисок е и слично може да има негативно влијание врз вашата креативност отколку некој кој ќе ви се пофалил како од ништо направил нешто.

post

Синергија и анергија во бизнисот

Синергија и анергија во бизнисот

Синергија и анергија во бизнисот

Многупати сме слушнале дека со здружени сили се постигнув повеќе отколку поединечно. Тимската работа се пропагира затоа што дава поголеми резултати од индивидуалната. Да зборуваме малку во овој пост за синергија и анергија како можни појави во бизнисот

Зборот синергија потекнува од грчкиот збор “synergos”, што значи “заедничко дејствување, работење” или на англиски се користи термин “working together”, a може да се дефинира и како ефективно заедничко работење.

Најчесто при отпочнување на бизнис активности се отпочнува со еден продажен, производствен или услужен објект, кој понатаму се развива и се оспособува да работи профитабилно. Меѓутоа ова и не мора секогаш да биде правило, бидејки има и претприемачи кои имаат претходно акумулирано големо искуство и финансиски средства па кога ќе отпочне со бизнис активностите тој е во состојбата истовремено отпочне со работење на повеќе локации. Без оглед дали се работи за почетно отварање на повеќе локации или поради успешното работење или потребите на пазарот наметнуваат отварање на нови локации, поседување на две или повеќе локации за работење создаваат одредени синергетски ефекти каде што важи формулата 1+1=3. Што значи дека претприемачот со ист напор постигнува поголеми ефекти. Синергија не е лесно да се постигне. Потребно е претходно да се дефинираат целите и корисностите од активностите кои се насочени кон постигнување на синергија. Врз база на дефинирани цели се пристапува на индентификување на етапни цели и поединечни програми, со обезбедување на неопходни ресурси за нивно остварување.

Ефекти на синергија во бизнисот

Ефекти на синергија се постигнува на следниве начини:

  • Ширења на know-how. Се работи за ширење на знаење, практично запознавање со деловен процес, функциите, географски подрачја. Ова се реализира преку формална и неформална комуникација, а најдобар метод е кога се спојуват оние кои имаат знање со оние на кои им е потребно ова знаење. Ова значи дека вработените на нова локација добиваат квалитетна обука и потребни знаења па е потребно многу помалку време со целиот капацитет да се вклучат во работењето на бизнисот.
  • Заедничко користење на материјална актива. Се работи за заедничко користење на производни погони, лаборатории, машини, алати и друго од страна на две или повеќе деловни единици.
  • Координирана стратегија за работење на повеќе деловни единици.
  • Заштеди околу трошоците за залихи, забрзано развивање на производот или услугата, зголемено користење на капацитетите (просторни, машински…), а се подобрува и пристапот на пазарот.
  • Не мора секогаш само стара деловна единица да дели совети и препораки, за одредено време и вработените во новата деловна единица сигурно ќе предложат одредени иновации во работењето па ќе дојде до заедничко зголемено дејствување.
  • Се зголемува преговарачката сила на претприемачот наспроти добавувачи поради зголемената набавка, како и наспроти купувачите, владата и други стејкхолдери.
  • Финансиска синергија се остварува врз база на пониски трошоци. Ова доведува до создавање на пониска цена на капиталот, а пониска цена на капиталот до поголема додадена вредност. Финансиските ресурси можат да бидат ангажирани согласно критериумот на максималниот принос без оглед на гранката во која се работи. Рентабилноста на претприатието најчесто има стабилен тренд поради неутрализирањето на влијание на цикличноста на деловни приходи што важи за различни гранки.
  • Користење на заеднички бренд и слично како и експлоатација на заедничките промотивни напори…
  • Намалување на трошоците како последица на заедничко користење на резултатите на истражувања и развој.
  • Ефикасно користење на сопствена продажна оператива.
  • Зголемени приходи од продажба како последица на брзо лансирање на нови производи на пазарот.
  • Намалено ниво на ризик поради ширење на дејноста на подрачја со различна технологија, создавање на силна конкурентска сила, создавање на препознатливи пазарни карактеристики, како и зголемување на базата на потрошувачите.

Појава на анергија

Доколку синергија не постигне успех, тогаш се јавува анергија. Анергија би значела неефективно заедничко дејствување или штетно заедничко дејствување.

  1. Анергија се јавува доколку претприемачот инсистира на меѓусебно дејствување на деловни единици дури и таму каде што нема доволно елементи за да се спроведе интерактивноста.
  2. Доколку постои отпор за меѓусебна соработка на менаџерите на оделни деловни единици поради лично нетрпение, различни интереси, недоволна информираност тогаш тие ќе изнаоѓаат начини за саботирање на синергијата и за создавање на анергија.
  3. Понекогаш не постои квалитетна стратегија, знаење, вештина, координација за постигнување на синергијата.
  4. Доколку не се мерат или се занемаруваат штетните ефекти при обидот да се постигне синергија, може да се изгуби компас, а со тоа само да се зголемува анергија.

Потребно е претприемачот директно да се вклучи во мотивирање на своите деловни единици за постигнување на деловна синергија. Немотивирани менаџери на деловни единици можат да ја саботират соработка со другите деловни единици поради стравот да не ги загрозат личните позиции и награди. Немотивираност за интерактивност може да произлезе и од лична нетрпеливост помеѓу менаџерите. Претприемачот во вакви случаи мора дополнително да се ангажира и да го употреби својот авторитет за да ја зголеми мотивацијата за меѓусебна соработка на двете или повеќе деловни единици.

Претприемачот мора да води сметка за да не се намали мотивацијата и креативност во оделни деловни единици. Заради тоа, механизмот за истраживање на синергија треба да вклучи доколку постои можност:

  • тестирање на пилот проекти,
  • оформување на извршни тимови,
  • форуми за ширење на идеи и слично.

Доколку ризикот за појава на анергија голем треба во истиот момент да се прекине со планираните акции, и да се размислува во насока на остварување на нови акции кои ќе овозможат добивање на синергетски ефекат во работењето.

post

Однесување на менаџерите кон вработените

Преговарање во бизнис

Преговарање во бизнис

Начинот на однесување на менаџерите кон вработените има големо влијание во севкупното работење на организацискиот систем. Некои градат поблизок однос со цел да поттикнат поголема доверба еден кон друг, другите таа доверба се обидуваат да ја постигнат преку власта и моќта која ја имаат на позицијата на која се наоѓаат.

Во пракса се воочени неколку типови на однесување на менаџерите кон вработенитe.

1. Братски однос

Со овој термин се опишува ситуацијата при која менаџерот е многу зависен од вештината на вработените. Вработените се релативно независни, бидејќи нивната стручност е барана и од страна на други компании. Менаџерите и вработените работат заедно, а одлуките се донесуваат од позиција на взаемен респект.

2. Татковски однос

Овој однос се јавува кога можностите за вработување се ограничени. Постои јасна разграниченост помеѓу менаџерите и вработените, менаџерот е доволно свесен за значењето на работна сила, па затоа развива заеднички врски и лични односи.

3. Добротворна автократност

Тоа е најчест случај во малите компании. Менаџерот е помалку зависен од вработените и може да управува со нив од позиција на моќ. Вработените не се премногу економски зависни од компанијата, за тие да бидат целосно подредени. Меѓу нив постојат блиски врски и пријателски односи, но истите многу ретко се одржуваат надвор од работното место. Иако менаџерот може да вработува и отпушта кога сака, тој сепак настојува да ги задржи постојните луѓе, бидејќи селекцијата и тренингот на нови луѓе чини многу пари и време.

4. Експлоатација

Постојат одредени услови кои му даваат на менаџерот целосна моќ, а на вработените речиси никаква. Тоа се лошите економски прилики. Типичен пример е текстилната индустрија, во која поради притисок на големата конкуренција и на моќни купувачи, компанијата ја експлоатира својата работна сила, со цел да обезбеди флексибилна и евтина услуга и производ.

Некои работници се особено ранливи, со оглед на фактот дека им недостига вештина и знаење. Тие немаат алтернативи, па прифаќаат ниска плата и лоши работни услови. Нивните компании работат во висококонкурентни услови, а опстануваат користејќи слабо опремени објекти, слабо платени работници, при што вработуваат и отпуштат работници при првиот показател на раст или пад на бизнис активностите.

post

Ефект на пеперутка (Butterfly Effect)

Ефект на пеперутка

Ефект на пеперутка

Денес сме подобри од вчера барем за искуството од еден ден. Истото е и за утре кога ќе бидеме подобри од денес. Бизнисот е побогат утре барем за одлуките што сме ги превзеле денес.

Сите тие мали ситни нешта имаат потенцијал да ја променат историјата. Што би се случило доколку нешто не би се случило. Малите, ситни нешта ја креираат иднината. За секоја наша постапка денес има последици утре. Последиците може да бидат големи или мали, добри или лоши. Кој знае? И додека го читате овој текст ќе стекнете некое знаење што можеби ќе ја направи Вашата иднина поинаква во однос на случајот кога не би го прочитале овој текст. Значи една мала промена кај Вас (стекнување на ново минимално знаење) може да доведе до големи промени во Вашиот живот.

Но, што е тоа ефект на пеперутка? Ќе тргнеме со дефиниција на терминот која се користи во теорија на хаосот.

Ефектот на пеперутка е фраза која се користи во теоријата на хаосот за да го опише чувтсвителното влијание на иницијалните услови на нешто, односно мали промени на иницијални услови (тековна состојба) на динамичките системи може да доведе до големи промени (варијации) во долгорочното однесување на системот.

Овој термин за првпат бил искористен од Edward Lorenz кој вршел симулации за предвидување на времето и кој внел скратен број во децимали при што добил сосема различни предвидувања. Таа разлика во децимали ја нарекол ефект на пеперутка со цел да опише дека доколку пеперутка мрда со крилцата на едно место ќе влијае на временските прилики на друго место. Неговите резултати тој ги објавил во 1963 година.

Во суштина овој ефект вели дека мали промени во тековната состојба може да предизвика крупни промени со текот на времето.

Но, ефектот на пеперутка може да се разгледува на два начина за бизнисите:

  • добивање на позитивни ефекти од малите промени
  • добивање на негативни ефекти од малите промени

Негативните ефекти е потребно да се избегнуваат бидејќи промените кои ќе се постигнат водат кон пропаѓање на бизнисите.

Постојат многу претприемачи кои станале хипер успешни заради некои мали промени во нивниот животен стил, но тие промени влијаеле на нивниот бизнис на патот кон успехот.

Но како да се постигне ефектот на пеперутка во бизнисите. Овој ефект е директно поврзан со подобрување и тоа постојано подобрување на бизнисот. Претприемачите треба да си поставуваат прашања и да бараат одговор на истите постојано за да постигнат позитивен ефект на пеперутка. Еве некои од можните прашања:

  • Како да го зголемам приходот за 5%?
  • Како да го зголемам профитот за 10%?
  • Што ќе се случи доколку работам 1 час повеќе или пак 1 час помалку?
  • Како да го подобрам готовинскиот тек на мојот бизнис?
  • Како да привлечам повеќе потрошувачи за мојот бизнис?
  • Како да ја зголемам продуктивноста за 1%?
  • Како да ја зголемам ефикасноста и ефективноста за 2%?
  • …

Како надополнување за ефектот на пеперутка можете да го погледнете и видеото за бизнис ефект на пеперутка.

post

4 Нотеси кои секој претприемач мора да ги има кај себе

„Нотеси“ за претприемачи

„Нотеси“ за претприемачи

Иако насловот на овој пост е „нотеси“, не мора да значи дека мора да бидат хартиени нотеси бидејќи едноставно може да се користи мобилен телефон, iPad, или лаптоп. Важно е да се има кај себе структуриран преглед на идеи за 4 основни претприемнички активности.

Постојат периоди во годината кога не се остваруваат резултати, но не значи дека бизнисот не функционира и не го троши тоа време за нови потенцијални потрошувачи, размислување за развој, нови идеи…

Сигурно сте се нашле во ситуација во која чувствувате дека едноставно вашиот мозок ќе експлодира од нови идеи. Некои можеби во моментов сосема безвредни, но со одреден потенцијал кој ветува за иднина.

Можеби сте сретнале некого, но во тој момент не сте го гледале како потенцијален потрошувач бидејќи во тој момент немал проблем кој можете да му го решите или пак не сте нуделе решение за неговиот проблем. Но, тоа не значи дека во иднина нема да понудите некое решение за негов проблем или пак тој нема да има потреба за вашето решение.

Сигурно сте се нашле во ситуација на саем каде поминувате повеќе десетици штандови на компании кои во тој момент не претставуваат ваши потенцијални купувачи, но сепак не значи дека не постои можност за било каква двострана соработка помеѓу вас.

Затоа, како еден претприемач кој мисли за иднината на сопствениот бизнис секогаш мора да имате при рака минимум 4 различни „нотеси“:

1. Книга со бизнис идеи

Идејата за книга со бизнис идеи е промовирана повеќепати на претприемач. Дури и како еден од темплејтите кои ги добивте (барем оние кои се регистрирани за добивање на билтени на претприемач) еден од тие е книга со бизнис идеи. Во премум претприемач тој темплејт е малку поопширен со дополнителни елементи заради подобрување на процесот на генерирање на бизнис идеи.

Во секој случај доколку сакате да не го изгубите потенцијалот и моќта на вашата креативност во однос на бизнис идеи мора да користите еден таков вид на книга.

2. Книга со потенцијални потрошувачи

Кога и да налеташ на некој потенцијален потрошувач, или пак сретнеш некого кој има проблем кој твојата идна бизнис идеја или пак иден производ ќе може да го реши искористи ја оваа книга за да имаш спремна листа на идни бизнис можности.

3. Саемска книга

Без разлика дали сте изложувач или само посетител многу идеи и контакти може да се стекнат на саемите. Секогаш кога ќе сретнете некого кој сакате во иднина да го контактирате воведете ја неговата бизнис картичка или контакт детали во таа книга со забелешка зошто е важно лицето. На ваков начин сите ваши, контакти и идеи од саемот ќе бидат на едно место и спремни да се искористат за идните бизнис можности.

4. Книга за фидбек од потрошувачи

Многу идеи за развој на нови производи, за развој на нови бизнис потфати, за подобрување на производите и/или услугите доаѓаат од потрошувачите и нивниот фидбек. Многу од нив можеби ќе ги сретнете надвор од канцеларија или официјален состанок доколку сте претприемач кој гради блиски долгорочни односи со своите потрошувачи. Затоа и ќе ви биде потребна една ваква книга со што кога ќе дојдете во процесот на развој или подобрување едноставно ќе ги имате на едно место сите тие забелешки и идеи од фидбек на потрошувачите.

post

Истражување: Главни извори на промени во компании

Согласно едно истражување спроведено од EIU (Economist Intelligence Unit) спонзорирано од Celerant Consulting спроведено во ноември 2010 година преку анкетирање на 288 менаџери од Северна Америка, Западна Европа и Латинска Америка, фокусот на менаџментот на промените се менува.

Иако компаниите и натаму како и секогаш остануваат свесни за трошоците, се поголемо внимание посветуваат на зголемување на учеството на пазарот и подготовка за иднината.

Ова значи дека ако досега најголемото внимание било на кратење на трошоците, сега промените во голем дел се насочени и на функциите продажба и маркетинг кои овозможуваат зголемување на учеството на пазарот.

Извори на промени

post

6 стилови на менаџмент кои треба да ги знаете

Од стилови на менаџмент кои се користат во еден организациски систем зависат многу работи во еден бизнис. Да разгледаме 6 различни стилови на менаџмент кои може да постојат во една компанија.

стилови на менаџмент

Во зависност од конкретната деловна состојба, фазата на развојот на бизнисот или условите кои владеат во опкружувањето, менаџерот треба да го дефинира најефикасниот стил кој е прифатлив за вработените и кој добро функционира во дадената ситуација. Не постои менаџерски стил кој е универзално прифатлив и применлив во сите ситуации.

Продолжи…

post

Знаења и вештини распределени низ менџерски нивоа

Знаење и вештини во менаџерска хиерархија
Знаење и вештини во менаџерска хиерархија

Менаџерите се поделени на три нивоа: врвно, средно и прво ниво на менаџери (Наизглед научната поделба на менаџерите на врвно, средно и прво ниво делува грубо, но во праксата тоа е дадено во еден поеластичен поглед, бидејќи секој менаџер внимава и треба да внимава на репутацијата и чувствата на другите менаџери, бидејќи оној што е горе може да падне долу, а оној што е подолу може да се искачи горе во менаџерската хиерархија).  Во секое ниво може да има неколку поднивоа, во зависност од големината на компанијата и нејзината структурна поставеност, како и дејноста со која се занимава. Секое ниво на менаџментот треба да поседува одредени способности, знаења и вештини.

Во големите компании, неколку нивоа на менаџери може да бидат распределени во едно ниво. Пример, генералниот менаџер, зависно од структурната поставеност, обемот на производството, како и меѓудржавната дисперзираност, има под себе менаџери што се задолжени за финансии, производство, маркетинг, менаџмент или некој друг сектор. Ова второ подниво на менаџери, има во земјава или во странство поставено свои заменици, кои претставуваат веќе трето подниво. Сите заедно го сочинуваат врвниот менаџмент на компанијата. Овие поднивоа се формираат со цел да се постигне поголема функционалност на компанијата, поедноставно управување, полесно определување и извршување на работните задачи. На сличен начин се вметнуваат поднивоа, доколку е тоа потребно и кај средно и прво ниво на менаџерите. Во зависност од тоа колку поднивоа има менаџерска пирамида, се јавуваат големи и остри или мали а тапи менаџерски пирамиди. Секогаш се настојува менаџерската пирамида да има помалку поднивоа. Сепак сето ова зависи од соодветниот опфат на менаџментот применет во дизајнирањето на менаџерската структура.

Колку во една компанија ќе има менаџерски поднивоа, зависи од големината на компанијата но и од работата со која се занимава. Секое ново менаџерско подниво за компанијата претставува дополнителен трошок, може да претставува и пречка во комуникацијата но доколку постои потреба за нивно постоење тие се формираат.

Компанијата подобро функционира со ниска пирамидална структура, помали се финаниските трошоци, подобри се комуникацииските канали, па компанијата станува пооперативна.

Менаџерите дополнително можат да се поделат на функционални и проектни менаџери доколку се применува матричната структура. Функционалниот менаџер го контролира извршувањето на целокупната работа, додека проектниот менаџер е задолжен за реализација на одреден проект. Тие ги насочуваат своите капацитети само за реализирање на конкретни проектни задачи. Проектниот менаџер е во надлежност на функционалниот менаџер, но со одредени лични слободи во одлучување за прашања значајни за реализирање на проектна задача. Проектна задача може да биде: изградба на објекти, инсталирање на производствени линии, лансирање нови или модифицирани производи или услуги и сл. По завршување на проектната задача, проектниот менаџер се прераспоредува на друга работна задача.

Доколку реализирањето на работната задача биде на очекуваното ниво менаџерот се наградува, а доколку не покажал задоволителни резултати, тогаш се праќа на дополнителна обука, се прераспоредува на пониско работно место или добива отказно решение. Ова се шпекулации во доменот на можни решенија, што во пракса ретко се случува. Реализацијата на проектната задача бара ангажирање на голем финансииски и човечки потенцијал, па се определуваат искусни и проверени луѓе, за кои се претпоставува дека се способни да ги реализираат зададените задачи. Доколку не успеат, во зависност од причините (дали е за тоа крив менаџерот или некои други фактори на кој тој не можел да влијае) најчесто од срамот и притисокот што го чувствува, менаџерот го напушта работно место.

Концепциски вештини

За да ги остварат овие задачи менаџерите мора да поседуваат одредени знаења и вештини. Сите нивоа на менаџментот мора да поседуваат концепциска вештина. Концепциска вештина е способност на менаџерот да ја гледа компанијата како една функционална целина и да определува идни цели и задачи. Концепциската вештина може да се набљудува и како способност на менаџерот за формирање визија и создавање предуслови за работењето во сегашноста и во иднина. Компанијата е комплексна целина, како по прашање на поставување на цели, така и исполнување на различни услови кои мора да бидат испочитувани, но и различни ограничувања кои се поставени внатре во компанијата или се наметнати од страна на владата, конкуренцијата и слично.

Она што е во интерес на целината не мора да биде во интерес на некоја парцијална функција. Заради тоа се јавува потреба за усогласување на интересите, со што се постигнува компактност и функционална оперативност. Сите нивоа на менаџментот мора да поседуваат концепциска вештина, но се очекува кај врвниот менаџмент дозата на концепциска вештина да биде најголема, бидејќи тие треба да ја водат деловната политика на компанијата. Во самиот процес на селекција и развој на менаџери, оној што поседува изразени концепциски вештини побргу напредува низ хиерархиските нивоа, за еден ден да биде на врв и со собраното знаење и искуство да ја раководи компанијата.

Човечки вештини

Менаџерите треба да имаат развиени и човечки вештини, односно да имаат квалитетен однос со сите соработници, како во компанијата така и пошироко. Менаџерот треба да работи како член на групата, односно тимот, да биде сакан и почитуван, да поседува авторитет за да може да ги води луѓето кон остварување на целите. Тој треба и пошироко да соработува со луѓето, па добрите меѓучовечки односи придонесуваат кон создавање на добра слика за целата компанија. Сите нивоа на менаџери работат со и преку луѓе, добрата социјализација и добрите меѓучовечки односи, придонесуваат за добро функционирање на целата компанија. Овие способности мора да ги поседуваат приближно подеднакво сите нивоа на менаџери, за да можат правилно да ги мотивираат и насочуваат луѓето за извршување на зацртаните планови.

Технички вештини

Кога зборуваме за технички вештини, тогаш не се мисли само на инженерската техника, туку на сите знаења потребни за функционирање на компанија. Техничките знаења опфаќаат: технички и технолошки знаења, познавање на право, финансии, маркетинг, сметководство, кадровско, односи со купувачи. Потребно е да се поседува знаење за методите, техниките и опремата коишто се неопходни за извршување на работните задачи.

Доколку компанијата има диверсификувана дејност т.е. има производство и услуга, тогаш врвниот менаџмент не може да ги поседува сите технички знаења, туку за тоа се задолжени менаџерите од прво ниво. Исклучок претставуваат специјален тип на менаџери, тоа се претприемачи, кои се обидуваат на почетокот од работењето сами да применат голем број од наведените технички знаења, но кога компанијата ќе порасне и тие се принудени да побараат помош од одредени специјалисти. Овие знаења се добиваат со искуство или со образование и потребно е непрекинато да се усовршуват и прошируваат, бидејќи општото ниво на знаење секојдневно расте. Сите нивоа на менаџери треба да имаат технички знаења, но најголемото ниво на технички знаења е потребно кај првото ниво на менаџерите. Врвните менаџери треба да бидат информирани и запознаени со сите процеси, но нивното внимание треба да биде насочено кон луѓето и кон создавање на визија за сегашното и идно работење, додека реализацијата на техничките барања треба да се насочи кон техничките служби, кои се специјализирани за примена на технички знаења.

 

post

Развој на менаџментот низ историјата и денес – Дел 5

Развој на менаџментот

Развој на менаџментот

Ова ќе биде последниот пост кој ќе содржи историја од насловот на овој серијал. Од наредните постови како дел од овој серијал ќе се насочима на она што е денес актуелно. Ќе продолжиме со четвртото продолжение од серијалот за развој на менаџментот низ историјата и денес. Во претходните три дела (дел 1, дел 2, дел 3, дел 4) ги поминавме принципите на научен менаџмент на   Frederick Taylor и експериментите на   Hawthorne, индустриска психологија, социотехнички системи, организациски развој, KAIZEN, TQM, менаџерска решетка и Lean менаџмент. Во овој четврт дел ќе продолжиме со:

  • BPR – реинженеринг на деловен процес и
  • Фрактална филозофија

BPR – реинженеринг на деловен процес

Оваа филозофија изворно се нарекува Business Process Reengineering – BPR (реинженеринг на деловниот процес) но во нашето понатамошно излагање поради пократко пишување ќе пишуваме само реинженеринг.

Не може да се бараат  творците на оваа филозофија затоа што уште пред да го добие ова име, таа се користела од некои компании. Но, доколку е потребно да се издвојат творците, кои што за првпат ја именувале и образложиле оваа филозофија би ги издвоиле Michael Hammer и James Champy кои во почетокот на 90-тите години од минатиот век го разработиле концептот и ја развиле методологијата на примена на оваа  филозофија во нивното дело Reengineering the Corporation – A Manifesto for Business Revolution (Реинженеринг на корпорацијата – манифест за бизнис револуција).

Основниот концепт за оваа филозофија кај овие автори се родил во почетокот на 80-тите години од минатиот век кога забележале како неколку компании драматично ги подобриле своите перформанси во повеќе подрачја на нивниот бизнис преку радикални промени на работните процеси кои ги изведувале. Во текот на десетгодишно проучување на овие радикални промени кои даваат драматични резултати Champy и Hammer развиле одредени процедури за изведување на тие промени на кои што им дале име, односно business reengineering. Подоцна оваа филозофија стана хит на 90-тите години од минатиот век.

Ако инженерингот или инженерството претставува примена на науката во дизајнирање, градење и користење на техничките системи, тогаш инженерингот на деловниот процес се однесува на организациските системи. Бидејќи ре– претставува латински предмет кој во сложенки означува назад, повторно, пак, уште еднаш, реинженерингот ќе значи повторно дизајнирање, градење и користење на организациските системи. Ова значи дека реинженерингот се однесува на градење на нови темели на бизнисот. Но, дали на некоја постоечка куќа можеме да почнеме да градиме нови темели? Секако дека одговорот ќе биде дека куќата треба прво да се сруши и да се изгради нова на нови посилни темели. Можеби звучи чудно тоа да целиот бизнис кој веќе е изграден да се сруши и повторно да се гради од почеток. Состојбата во повеќето организации, а особено кај нас бара токму таков процес, што е резултат на влошените состојби во истите, односно појава на губење на пазари, неможност за освојување на нови пазари, лоши финансиски резултати итн.

Сега ќе претставиме една формална дефиниција која е презентирана од страна на Michael Hammer и James Champy. Тие даваат една кратка и една посложена дефиниција. Кратката дефиниција што ја даваат овие автори вели дека:

реинженерингот претставува повторно започнување.

За оваа дефиниција велат дека е добра за првично разбирање на поимот, но од друга страна не е доволна за луѓето кои сакаат да спроведат такво нешто во сопствените организации. Затоа како формална дефиниција за реинженерингот ја даваат следнава:

Реинженеринг претставува фундаментална разработка и радикален редизајн на деловниот процес за да се постигнат драматични подобрувања во критичните показатели на перформансите, како што се трошоците, квалитетот, услугата и брзината.

За разлика од KAIZEN каде што идеите за подобрување доаѓаат од сите хиерархиски нивоа, при реинженерингот тоа е задача на тимот кој е одговорен за планирање и спроведување на истиот. Членовите на овој тим треба да имаат различни вештини и способности за секој понатамошен чекор во реинженерингот. Овој тим има за задача да изврши анализа за потребата од реинженеринг, потоа ги дизајнира промените кои треба да се спроведат и го планира имплементирањето на истите за да на крајот го следи и евалуира процесот на имплементацијата.

Фрактална филозофија

Фракталната филозофија, фрактална фабрика или компанија како што може да се сретне во литературата како појава своите зачетоци ги има во Теоријата на фрактална геометрија откриена од математичарот Benoit Mandelbrot во 1975 година. Оваа теорија го решава проблемот на анализирање и опишување на геометриски тела во повеќедимензионален простор. Зборот фрактал доаѓа од латинскиот збор fractus кој значи скршено, фрагментирано. Објектите кои што ги опишува и анализира оваа теорија се наречени фрактали, односно неправилни површини кои што се наоѓаат во природата насекаде околу нас. Со помош на Питагоровата теорема можно е да се опише правоаголен триаголник, но објектите кои се наоѓаат во природата тешко дека сите имаат форма на правоаголен триаголник. Пример на една ваква неправилна површина може да биде скршен камен кој што има доста комплексна површина. Тука се поставува прашањето каква геометриска формула треба да постои за да се опише оваа површина. Овој камен пак може да личи на една минијатурна планина од која што и е изваден тој камен. Значи фракталите се самослични, што претставува и една од карактеристиките на оваа теорија.

Може да се постави прашањето каква примена би имала оваа теорија во организациските системи кои како што знаеме се вештачки системи составени од технички и природни системи, како и комплексни системи. Тие имаат своја структура, која што колку е покомплексен организацискиот систем толку и структурата е покомплексна, односно обликот и формата на организациската структура станува покомплексна. Динамичното окружување на денешните корпорации при сé поголема глобализација на пазарот не дозволуваат компаниите да се потпрат на едноставни структури кои се бавни при промените, туку бара такви структури кои ќе бидат спремни да одговорат на сите предизвици кои доаѓаат од променливата околина на компанијата. Токму поради оваа комплексност на организациските системи оваа теорија на фрактална геометрија откриена од Mandelbrot може да најде широка примена во организацискиот живот.

Во 1992, Професор Warnecke, претседател на Fraunhofer-Institute for Manufacturing Engineering and Automation vo Stuttgart го развил концептот за “Фрактална фабрика”. Овој концепт всушност претставува соодветен одговор на јапонските и американските менаџмент филозофии, но прилагоден согласно окружувањето на организациите кои што се во Европа. Целта на овој концепт е да се развие такво претпријатие кое ќе се прилагоди на сите промени кои дооаѓаат од околината со претпоставка дека компаниите се живи организми со огромен потенцијал на вработените кој треба на вистински начин да биде искористен. Овој концепт на “Фрактална фабрика” подоцна наоѓа примена и во неиндустриските подрачја.

Фракталната филозофија како што ни кажува и самиот збор ја разгледува организацијата како состав на повеќе елементи кои се наречени фрактали. Целта на едно вакво разгледување е да може во секој момент преку фракталот да се огледа целата структура. Секој од овие фрактали се организациски ентитети кои работат независно едни од други но имаат голема сличност едни со други, бидејќи секој на секого врши одредена услуга. Оттука и доаѓа карактеристиката на самосличност која ја користи оваа филозофија. Помеѓу фракталите и во самите фрактали се воспоставува една таква врска во која што сите добри идеи може да се имплементираат без разлика од кај доаѓаат, што доведува до процес на континуирано подобрување на работењето и во самите фрактали и на целиот организациски систем. Ова е поради карактеристиките на самоорганизирање и самооптимизирање. Целите на фракталите се интегрираат во целите на целиот организациски систем, односно целите на фракталите служат како начин на исполнување на целите на компанијата. Ова е четвртата карактеристика на фракталите – ориентација кон целите. Значи целите на фракталот се подцели на целите на целата компанија, со што се избегнува спротивставеност на целите помеѓу самите единици и со целите на компанијата.

Поради тоа што фракталите се помали независни ентитети во состав на компанијата, тие многу лесно се приспособуваат кон промените во окружувањето, што е резултат на динамичната карактеристика на фракталот. Кога структурата во самиот фрактал нема да одговара на новите барања и услови таа се менува, а со тоа се јавува потреба од промени во сите фрактали во една корпорација, што пак доведува до промени на целата структура на организацискиот систем. Ова претставува една од најважните карактеристики на фракталите, бидејќи овозможува брзи иновациии во рамките на самите фрактали, а со тоа и иновации во целата корпорација.

Фракталната филозофија е еден интегриран приод кој ја дели организацијата на посебни ентитети кои работат независни едни од други (можат дури и целосно да се одвојат од неа), а чии цели и перформанси можат прецизно да бидат опишани врз база на наведените основни карактеристики на тие фрактали.

Сетовите на Mandelbrot прикажуваат самосличност не заради тоа што даваат подетална слика на поситните нивоа туку поради тоа што даваат детали со одредена константна симетричност иако тие сетови не се идентични. Во математиката еден објект се вели дека е самосличен доколку тој има “груба” сличност во однос на било која карактеристика. Објектите не треба да имаат точно иста структура на сите скали, но ист тип на структури мора да се појавува на сите скали.

Оваа карактеристика на самосличност во организациските системи не се однесува само на структурата на фракталите, туку се однесува на сличноста на целите помеѓу фракталите. Како во фракталната геометрија одредена фигура има карактеристика на самосличност доколку може да се подели на помали и помали делови кои личат на целината но имаат различна големина така и во концептот на Фрактална фабрика секој фрактал мора самиот да биде во одреден степен посебна фрактална фабрика.

Самосличност на фрактали

Самосличност на фрактали

Ова значи дека можат да постојат само слични но никогаш идентични структури на различни фрактали како на примерот од сликата подолу.

Слични но не исти

Слични но не исти

Треба да напоменеме дека не мора да значи дека фракталот ќе остане како дел од фабриката, туку може да стане целосно независен, така што ќе се формира мрежа од компании кои се поврзани меѓу себе и кои ќе се разгледуваат како фрактали. Со вака поставените работи ќе се дојде до децентрализација во фабриката и нема да постои монопол врз одредени ресурси на еден фрактал во однос на друг.

Карактеристиката која им допушта на фракталите да имаат слобода во организирање и изведување на задачите се нарекува самоорганизирање. Фракталите поседуваат одреден степен на слобода во дејствување и во процесот на донесување на одлуки така што се поттикнуваат самите да го изберат начинот на кој што ќе манипулираат со ресурсите на таков начин што ќе произведуваат производи и услуги во насока на исполнување на поставените цели.

Поради тоа што денес компаниите работат во таква средина која што влијае на безброј начини на нејзиното работење, а тоа влијание може да има огромни последици, тие треба да се прилагодуваат кон тоа влијание. Времето за кое компанијата ќе го стори тоа е многу важно за продолжување на успешното работење. Затоа концептот на Фракталната фабрика им дава карактеристика на самооптимизација на фракталите. Со оваа карактеристика на фракталите се добива континуитет во оптимално работење на целата компанија поради фактот што секој фрактал без разлика од кое ниво на сегментирање на компанијата се наоѓа врши соодветна оптимизација на работењето согласно своите потреби не заборавајќи ги притоа целите кои треба да се исполнат на глобално ниво.

Можеме да заклучиме дека фракталите самите се организираат и оптимизираат, што претпоставува дека овие активности се одвиваат од долу према нагоре. Овие карактеристики доведуваат до континуирано подобрување и тоа во вистински моменти поради тоа што секој фрактал тргнувајќи од најситниот па сî до целата фрактална фабрика дава одреден придонес за начинот на организирање и оптимизирање на работењето.

Целите на фракталите претставуваат главен фактор кој управува со нив. Затоа сите фрактали ја имаат карактеристиката на ориентација кон целите, односно ориентација кон исполнување на целите кои се поставени пред самиот фрактал, а со тоа и исполнување на целите на целиот организациски систем. Но тука главното прашање кое се поставува е како да се определат целите, дали тие едноставно можат да им се наметнат на фракталите. Вистинскиот начин за поставување на целите е преку координација на фракталите. Секој фрактал има индивидуален и погорен систем на цели. Системот на целите на фракталот се изведува преку координација со фракталот од прво погорно ниво. Ова може да се објасни на следниов начин: целта на системот човек-машина (фрактал) е намалување на времето на производство на едно парче, оваа цел е изведена во координација со целта на погорен фрактал (намалување на време на производство на производот) која пак е изведена во координација со целта на наредниот погорен фрактал (намалување на време на доставување на производот до купувачите).

Фракталната фабрика својот успех го темели на својата динамичност. Тука доаѓа до израз терминот виталност на фракталот. Терминот виталност е изведен од латинскиот збор виталис кој се користи во биологијата и значи способност за живот, животна сила или животна енергија. Освен на живите организми овој термин може да се искористи и во опишување на карактеристиките на организациските системи кои реагираат и се адаптираат спрема влијанието на нивната околина. Виталноста претставува термин за мерење на способноста и ефикасноста на фракталот. Таа зависи од внатрешни (кадри, менаџмент, финансии, локација итн.) и надворешни фактори (конкуренција, пазари, законодавство итн.). Од ова може да се заклучи дека за еден фрактал да биде витален влијаат силините или слабостите на самиот фрактал како внатрешни елементи и можностите и заканите односно надворешните барања кои треба да се исполнат од тој фрактал.

Колку е поголема виталноста на фракталот толку е поголема способноста на фракталот да преживее во неговото динамично окружување. Затоа фракталите имаат карактеристика на динамичност, односно брзо менување на нивната структура за да одговорат на променетите барања од околината. Согласно системската теорија фракталите треба да се формираат на таков начин да релациите (тек на материјали, кадри и информации) внатре во фракталот бидат посилни од оние релации со надворешни фрактали. Доколку ова правило не се исполнува препорачливо е да се менуваат структурите.

Од досега изложеното можеме да заклучиме дека фракталниот концепт како еден интегриран приод ја нагласува улогата на околината како и улогата на човечкиот фактор во развивање на флексибилни производствени системи и организациски системи кои ќе бидат способни да одговорат на утрешните предизвици.

Продолжува: Развој на менаџментот низ историјата и денес – Дел 6

post

Развој на менаџментот низ историјата и денес – Дел 4

10 Карактеристики на отворени системи

Развој на менаџментот

Ќе продолжиме со четвртото продолжение од серијалот за развој на менаџментот низ историјата и денес. Во претходните три дела (дел 1, дел 2, дел 3) ги поминавме принципите на научен менаџмент на  Frederick Taylor и експериментите на  Hawthorne, индустриска психологија, социотехнички системи, организациски развој, KAIZEN и TQM. Во овој четврт дел ќе продолжиме со:

  • менаџерска решетка и
  • Lean менаџмент

Менаџерска решетка

Менаерска решетка претставува пристап за индивидуални и организациски промени  кој што претставува посебен случај на организациски развој. Развиен е од страна на R. Blake и J. Mounton во 1964 година и е прикажан во нивното дело The Managerial Grid: The Key to Leadership Excellence. Тие примениле решеткаст модел за менаџментот. Решетката е составена од две оски:

  1. На Y-оската (вертикална) е прикажана грижата за луѓето и
  2. На X-оската (хоризонтална) е прикажана грижата за задачите.

И двете оски имаат ранг од 0 до 9 и со помош на овие две димензии се опишува стилот на менаџментот врз основа на тоа кој ранг постои и на двете скали . Токму оваа карактеристика на утврдување на стилот на менаџментот со помош на две димензии му дава предност на овој модел поради едноставност.

Менаџерска решетка

Менаџерска решетка

Петте карактеристични стилови од овој модел се:

  1. Сиромашен стил (1, 1). Овој стил на менаџментот најмалку води грижа за луѓето и за задачите. На ваков начин тие ги избегнуваат неволјите со тоа што делегираат и исчезнуваат и не се грижат за начинот на изведување на задачите, ниту пак на резултатот од задачите, ниту пак за луѓето кои ќе ги изведуваат задачите.
  2. Кантри клуб стил (1, 9). Менаџерот кој поседува кантри клуб стил многу се грижи за луѓето но воопшто не се насочува кон задачите (производство). На ваков начин не се обезбедува продуктивност, но се обезбедува работна средина која е доста поволна за сите вработени.
  3. Производствен или авторитарен стил (9, 1). Овој стил има висока загриженост за задачите додека воопшто не се грижи за луѓето и односите меѓу луѓето. Менаџерите со овој стил преку правила и процедури ги притискаат вработените да ги изршуваат работните задачи онака како што се испланирани.
  4. Стил на менаџер на половина пат (5, 5). Овој стил на менаџери делумно се насочува и на луѓето и на работните задачи. На ваков начин тие се надеваат дека ќе постигнат оптимални перформанси.
  5. Тимски стил (9, 9). Овој стил поседува голема насоченост и кон луѓето и кон работните задачи. На ваков начин се практикува тимска работа за постигнување на поставените цели. Ова е менаџер со најдобар стил на менаџментот (идеален менаџер).

Моделот на R. Blake и J. Mounton се базира на надминување на две најголеми бариери за организациска ефективност:

  1. комуникациски проблеми и
  2. недостаток на планирање

За надминување на овие бариери тие развиле приод во 6 фази преку препознавање на стилот на менаџментот од решетката (W. Warner Burke: Organization Change: Theory and practice, Sage Publications Ltd, California, 2002, страна 37):

  • Фаза 1: обука на менаџерите како да станат менаџери со стил 9, 9
  • Фаза 2: развивање на тимска работа
  • Фаза 3: меѓугрупен развој
  • Фаза 4: развивање на идеален стратешки корпорациски модел
  • Фаза 5: имплементација на фаза 4
  • Фаза 6: систематска критика на претходните 5 фази.

Од тука може да се забележи дека првите три фази се однесуваат на надминување на бариерите во однос на комуникациски проблеми додека останатите фази за надминување на недостаток на планирање. Следејќи го овој приод ќе се дојде до развој на успешни менаџери.

Lean менаџмент

Lean менаџментот своите историски корени ги влече од Јапонија, поточно во Toyota Motor Corp. Lean management уште е познат и како Toyota Production System. Повеќето автори сметаат дека оваа филозофија се јавува  помеѓу 60-тите и 70-тите години на минатиот век кога почнале да се забележуваат успесите на Toyota. Но, сепак сметам дека темелите на оваа филозофија се некаде во 1937 година на минатиот век од човекот кој е основач на Toyota, Kiichiro Toyoda.

Toyota во самиот почеток на свое функционирање имала конкуренти како што се Ford и GM. Kiichiro Toyoda си поставил за цел да понуди автомобил за иста или пониска цена од конкурентите, односно тргнувал од тоа колку е спремен потрошувачот да плати и спрема тоа вршел пресметки за развојните и производствените процеси. Уште тогаш поради тоа што Toyota немала доволно ресурси кои би можела да ги вложува во поголем обем на производството, Kiichiro Toyoda барал да се штедат ресурсите и во нивниот производствен систем да се произведуваат само толку автомобили колку што можат да се продадат. Тој често го користел поимот just-in-time (точно на време).

По Втората светска војна новиот претседател на Toyota, Eiji Toyoda му дал задача на Taiichi Ohno кој бил шеф на одделението за машинска обработка, повторно да ги разработи принципите на Kiichiro Toyoda. Во период од петнаесет години Ohno, со помош од производствено-техничкиот консултант Shigeo Shingo воведува програма за рационализација на производството кој производствениот систем на Toyota го направил да биде еден од најефикасните системи во светот. Често пати оваа филозофија се нарекува и “ohnoizam” или “toyodizam” поради двајцата најзаслужни за нејзино развивање и примена.

Најпрвин оваа филозофија се користела само во производството, додека подоцна нашла примена и во менаџментот и целото работење на организацијата. И оваа филозофија може да се стави во групата на филозофии за континуирано подобрување, бидејќи како што ќе видиме подоцна со нејзина помош се подобруваат сите аспекти на една производствена организација.

Како што веќе кажавме за разлика од конкурентите како Ford и GM, Toyota не поседувала доволно ресурси кои ќе ги вложува во технолошки инвестиции и производство во големи серии туку морала да се прилагоди на таков начин што ќе ги произведува производите со пониска цена, подобар квалитет и побрза испорака од своите конкуренти. Оваа своја цел Toyota ја исполнила со производство на само онолку автомобили колку што можеле да продадат и со елиминирање на сите расфрлања во производствените текови, со што го намалиле времето од нарачка до испорака на готовиот производ така да ги добивале побрзо парите од купувачите пред да мораат да им платат на снабдувачите за суровината и полуфабрикатите. На ваков начин успеале да стекнат повеќе капитал за нови инвестиции. Од оваа практика на Toyota може да се види целта на Lean management, односно поврзување на производственото ниво со вистинските барања на потрошувачите и притоа да се овозможи континуирано подобрување на сите процеси во организацијата со што ќе се елиминираат сите расфрлања (или времето кое не додава вредност на готовиот производ).

Со помош на ова кратко објаснување би можеле да кажеме дека Lean management претставува коктел на концепти, техники, алатки и идеи кои содржат континуирано подобрување на сите процеси во организацијата со цел да се намали времето од нарачката на купувачите до испорака на готовите производи преку елиминирање на сите расфрлања кои не додаваат вредност во производствените процеси и произведување на онолку колку што може да се продаде со цена која купувачите се спремни да ја платат.

Lean менаџментот доведува до подобрување на сите аспекти во организацијата, а не само во производството. Ќе се обидеме накратко да ги објасниме и опишеме следниве карактеристики на Lean management:

  1. намалување на времето од нарачката до испорака на готовите производи;
  2. безскладишно работење;
  3. целен трошок;
  4. сплосната организациска структура и
  5. принципи на lean размислување

Од погоре издвоените поважни карактеристики на оваа филозофија може да се забележи дека првите три карактеристики ја отсликуваат погоре претставената дефиниција, додека четвртата претставува последица од оваа филозофија, а последната се однесува на принципите на кои се темели lean management-от.

Како што кажавме погоре она што е карактеристично за оваа филозофија е да се намали времето од нарачката до испорака на готовите производи. Ова време може да се претстави како на сликата подолу:

Време од нарачка до испорака

Време од нарачка до испорака

Како што може да се види од сликата времето од нарачката до испораката е составено од 4 елементи:

  • време во кое се додава вредност,
  • време на промена на серијата,
  • време на чекање и
  • време на транспорт.

Последните три времиња се времиња во кои не се додава вредност. Оваа филозофија се фокусира на трите времиња кои не додаваат вредност, со цел да ги елиминираат сите расфрлања кои се јавуваат во процесите со што ќе се подобрат тие процеси кои учествуваат во креирање на тие времиња за да се обезбеди нивно намалување, а со тоа и намалување на вкупното време од нарачката до испораката. Од сликата може да се забележи дека над 90% од вкупното време од нарачка до испорака го сочинуваат трите времиња кои не додаваат вредност.

Втората значајна карактеристика е произведување на точно онолку парчиња колку што можат да се продадат, односно онолку колку што се барани од потрошувачите. Оваа карактеристика доведува до безскладишно работење. Предуслов за ваквото работење при оваа филозофија е да постои реална проценка на побарувачката. Освен финансиските ефекти што ќе се стекнат со ваквото безскладишно работење постои една уште позначајна придобивка, а тоа овозможување на откривање на сите проблеми кои што постојат во производството а со тоа и нивно решавање со што ќе се изврши промена со која доаѓа до подобрување на севкупното работење на организацијата. Ова може да се претстави како намалување на нивото на водата во езеро (складиштето) при што ќе можат да се видат гребените (проблемите) кои се криеле под нивото на водата, односно складираните производи.

Залихи - откривање на проблеми

Залихи - откривање на проблеми

Како трета карактеристика што ја издвојуваме за оваа филозофија е целниот трошок. Ова претставува одредување на цената која што е спремен да ја плати купувачот и потоа врз база на тој податок се прилагодува дизајнот, инженерството, набавката и производството на тој производ. Во овој случај најважно е да се изврши реална проценка за тоа колку купувачите се спремни да платат за тој производ. Со пресметаната целна цена (target price) се определува со колкави средства купувачот влегува во развојот, производството и дистрибуцијата на производот. Со вакво размислување оваа филозофија врши промена на основната економска формула од:

Трошоци + Добивка = Цена на производот во

Добивка = Цена на производот – Трошоци

Математички гледано ова се исти формули, но во суштината на работењето на организациите даваат сосема различни ефекти. Втората формула вели дека ништо не треба да се развива или произведува доколку купувачот не сака да го плати  тоа. Карактеристично за оваа филозофија е тоа што цената на производот ја определува корисникот на тој производ.

Како една поважна карактеристика на Lean management-от претставува и тоа што оваа филозофија доведува до сплосната организациска структура. Ова е поради фактот што ваквите организациски структури го забрзуваат процесот на донесување на одлуките, а со тоа и побрзо решавање на проблемите што пак доведува до побрзо подобрување на организациските процеси. Со ваквата структура ќе се овозможи организацијата да ги искористи предностите на новите можности, да изведе побрз развој на нови производи и побрзо да одговори на сите желби кои што доаѓаат од потрошувачите. Во овој случај ќе постојат само тимови и лидери и се ќе се разгледува како проекти кои ќе бидат изведувани од тие тимови.

Се смета дека Lean размислување претставува филозофија, додека Lean management претставува алатка за развивање и распространување на оваа филозофија. Lean размислувањето е составено од пет принципи, врз база на кои се темели Lean management-от. Овие пет принципи се разработени од James P. Womack i Daniel T. Jones во нивното дело Lean Thinking. Во ова дело Womack и неговите колеги ги воспоставиле принципите на Lean Management и на Lean организација. Петте принципи на Lean размислување според Womack се:

  • вредност
  • движење на вредноста
  • тек
  • влечење
  • совршенство.

Во наредниот дел накратко ќе го опишеме значењето на овие пет принципи на Lean размислувањето.

Вредноста како принцип на Lean размислување се однесува на вредноста што ја даваме на купувачите со нашите производи. Оваа вредност претставува сé она што го нудиме на купувачите без разлика дали сакаме да го задржиме учеството на пазарот или да го зголемиме, но од гледната точка на потрошувачите. Принципот вредност на Lean размислување се претвора во целната цена, односно цената која купувачот е спремен да ја плати за таа вредност. Lean management-от има за цел да ја постигне таа цена со што ќе се задоволат потрошувачите и стејкхолдерите.

Движењето на вредноста како принцип на Lean размислување претставува процеси низ кои сé поминува вредноста сé додека не стигне до купувачите. Lean management-от има за цел да ги управува овие процеси во функција на зголемување на вредноста. Во производствените организации според Womack постојат три нивоа на движење на вредноста:

  • движење на вредноста низ производството на производите
  • движење на вредноста низ дизајнот и решавање на проблеми и
  • движење на вредноста низ компаниското работење и управување.

Овие движења на вредности треба да се прошират и со снабдувачите. Односно да се опфати целиот синџир на набавка.

Тек како принцип на Lean размислувањето се однесува на расфрлањето: сé она што го попречува текот на процесите во однос на  движењето на вредноста се нарекува расфрлање. Lean management-от има за цел да обезбеди непрекинат тек на процесите во движење на вредност кон купувачите со елиминирање на сите расфрлања од преземање на суровината до испорака на готовиот производ.

Се што е непотребно не смее да се пушти во процесот на производството, односно да се произведува онолку колку што е потребно. Со помош на Lean management сé се влече во процесот врз база на барањата на купувачите. Ова се обезбедува со помош на Kanban. Применувајќи го овој принцип на Lean management-от се овозможува безскладишно работење (работење без залихи).

Совршенство како принцип упатува на тоа дека оваа филозофија со помош на континуирани подобрувања во мали чекори и радикални подобрувања во поголеми временски периоди на деловните процеси, при што ќе се елиминираат сите расфрлања во тие процеси, ќе се достигне такво совршенство кое тешко ќе може да се копира од конкуренцијата. Совршенството се однесува како на краткорочни така и на долгорочни подобрувања и резултати од тие подобрувања.

Продолжува: Развој на менаџментот низ историјата, а каде сме денес – Дел 5