post

Интрапретприемачко работење

Отпорот и претприемачот Секако дека интрапретприемачко работење има свои карактеристики. Големите деловни системи не иницираат иновации, вели едно мислење. Секако дека тоа е мислење за големи системи кои работат со проблеми.

Во практиката е утврдено дека големите системи кои правилно работат, имаат можности поради големите и силни тимови, како и поради големите лабаратории, да бидаат големи иноватори.

По прашањето на иновациите и малите претпријатија имаат големи можности за иновација, поради нивната флексибилност и брзо реагирање на профитните шанси. Средните претпријатија по ова прашање се во најнеповолна состојба.

Поради поуспешно имплементирање на интрапретприемаштвото, потребно е одговорноста да се лоцира што пониско во хиерархиската структура, како и да се направат поголем број мали и функционални единици.

Интрапретприемачите главно добро заработуваат, како плод на својата голема работа и трудот кој го вложуваат, но тие најчесто се осамени и размислуваат како новодојденци.

Во голем дел се осврнуваме на тоа како интрапретприемачите се желни да постигнат нешто, а за тоа имаат пречки во самата организација. Тоа најчесто се случува и е едно од поглавните обележја на работата на интрапретприемачите.

Меѓутоа постојат и големи компании кои успешно ги користат услугите на интрапретприемачите и не им поставуваат непотребни бариери, па таквите компании се успешни и не се предмет на оваа опсервација, туку кај таквите претпријатија може да се опсервираат други аспекти од работењето. Пример за тоа се големите компании, кои се покажале како добри иноватори. Тука можеме да ги спомнеме: “Johnson & Johnson” , “3M” , “Citibank”, “Intuit” и други.

За успешно развивање на интрапретприемачкиот дух, потребно е да им се оддаде признание на луѓето кои успеале нешто да направат.  Одредени компании, кои низ овој серијал се наведени како успешни примери, во некој миг можат да се најдат во криза, па дури и да банкротираат поради различни причини.

Да се направи атмосфера никој да не се чувствува загрозено, да се даде слобода во работењето, како и да се поддржат, изнајдат средства и да се обезбедат дозволи се основите за поттикнување.

За постигнати резултати и подобрено работење на организацијата, многу интрапретприемачи повеќе посакуваат признанија, отколку парични награди. Но, пожелно е од страна на врвното раководство, да се користат и двата начина за стимулирање на интрапретприемачи кои успешно реализирале деловен потфат, како и за тешкотиите низ кои поминале за да дојдат до реализацијата.

При реализирање на било каква замисла, потребно е да постои тимска работа. Тимската работа не може да се оформи да функционира преку ноќ, туку е потребно на долг период да се негува и форсира во големите организации, како производни, така и непроизводни. Секако, самата големина не е пречка за претприемаштвото и иновацијата, туку тоа е начин на оперативно водење и функционирање на претпријатието, а посебно постојниот начин на тоа раководење.

Потребни фактори за успех на интрапретприемачки потфати се:

  • потфати со цел висока профитабилност и поголемо пазарно учество;
  • силна подршка од топ менаџментот;
  • пазарна структура.

Подетално разгледано, менаџментот во претпријатието бара усвојување и спроведување на одредени политики во четири главни области:

  • Прво: Компанијата мора да биде претприемлива за иновации и спремна да забележи промени како можност, а не како опасност и закана. Таа мора да биде организирана да ја извршува тешката работа на претприемачот. За да се создаде клима за претприемаштво во организацијата, неопходно е постоење и спроведување на одредени политики.
  • Второ: Треба да се спроведе систематско мерење или барем оценување на остварените перформанси на компанијата како претприемач и иноватор, како и вградено учење за начините за подобрување на тие перформанси.
  • Трето: Менаџментот во компанијата бара постоење и примена на одредени практики на организациската структура, политика на создавање раководен кадар и управување со претпријатието, како и политика на наградување.
  • Четврто: Менаџментот на компанијата не треба да ги обесхрабрува настојувањата на поединци да реализираат одредени бизнис идеи. Нормално, доколку тие идеи се “издржани”. Не треба да ги казнува “реалните” неуспеси, но не смее да се дозволи секој да работи како што сака, бидејќи тогаш големите загуби од промашените проекти би ги “изеле” заработките на успешните проекти.

Останатите постови од овој серијал се:

post

Интрапретприемачка култура

Интрапретприемач Заради развој на соодветни интрапретприемачки практики во еден организациски систем потребно е да постои и соодветна интрапретприемачка култура во тие компании.

Интрапретприемничка култура се постигнува со тоа што:

  • Сите вработени во компанијата ќе размислуваат како претприемачи. Замислете една компанија во која сите се претприемачи. Сите имаат идеи за подобрување, за нови производи, за нови насоки на движење на компанијата… Тоа е демократија, кога сите може да придонесат за развојот на компанијата.
  • Деловните иницијативи не треба да се врзуваат само за еден човек, претприемачот, што ја формирал фирмата или мала група околу него. Ниту претприемачот, ниту врвниот менаџмент нема “монопол”, а ниту потенцијал за целосна одговорност за иновации и промени. Динамичната околина во која функционира бизнисот бара и постојани промени во компанијата, а тие може и треба да доаѓаат од сите работни места.
  • Иновативноста значи безрезервна поддршка на процесите, за генерирање нови идеи. Секоја идеја е добредојдена. Дури и “најлудата” идеја утре може да биде извор на вреден проект на една компанија.
  • Респектирање на вработените и нивните потенцијали. Секој има потенцијал да се подобри себеси и својата непосредна околина. Интрапретприемачка култура мора да ја содржи оваа претпоставка во себе.
  • Респектирање на различните мислења. Различни мислења се добредојдени за се и сешто во една компанија. Доколку нема различни мислења, значи дека нема ни демократија во бизнисот, а со тоа се гуши и иновативноста.
  • Ако се направи грешка, да не се казнуваат строго творците на неуспешните решенија, бидејќи може да се постигне сопирање на изнесување на нови идеи. Грешките може да бидат голем капитал за една компанија, нормално доколку научи од нив.
  • Перманентно усовршување. Усовршувањето е одлична основа за поттикнување на иновативноста. Развојот на науката и технологијата не дозволува запирање со усовршувањето, тоа мора да биде константно поттикнувано од страна на менаџментот.
  • Неформалност (рамноправен третман без оглед на позицијата во фирмата, вработените да бидат партнери, а не подредени). Неформалните идеи, разговори, дружби и предлози може да бидат одличен извор на енергизирање на една компанија. Мора да се дозволи и искористи.
  • Акциска ориентираност. Без акција, нема иновација. Без иновација, нема развој на една компанија.

Останатите постови од серијалот се:

post

Повторно откривање на претприемачки дух

Интрапретприемач Основната потреба во развојот на еден бизнис кога станува бирократизиран е појава на интрапретприемачи. Во една таква фаза некако бизнисот станува тром, едноставно не може да одговори на оние “вистинските” потреби на пазарот, за што во минатото го бивало. Затоа и секој менаџер сака и се обидува да го врати бизнисот во таа “топ” форма.

Поради враќањето во топ форма треба уште еднаш да се “открие”, односно фирмата да стане повторно “млада”, па се поставува прашањето како тоа да се направи?

Ние препорачуваме тоа да се направи со:

  • редефинирање на пазарот;
  • редефинирање на производот (услугата);
  • редефинирање на ресурсите;
  • ревитализација на оперативниот (производствениот) систем;
  • ревитализација на менаџментот;
  • ревитализацијата на организациската култура.

Потребно е фирмата пак да стане иновативна, креативна, адаптибилна, односно каква што била кога се формирала. Компанијата може да стане претприемачка со:

  • елиминација на неефикасната бирократија и бирократското однесување;
  • оформување на претприемачки деловни единици, кои самостојно и автономно ќе функционираат;
  • оформување на “фирми во фирми” според принципот “секој проект нова фирма”.

Менаџерот треба успешно да ја “игра” и лидерска улога, како што успешно ја “игра” улогата на претприемачот.

Карактеристики, знаења и способности кои овозможуваат интрапретприемачко однесување се:

  • способност за воочување на деловни шанси;
  • преземање ризик;
  • способност за управување со стресни и ризични ситуации;
  • лидерство;
  • натпреварувачки дух, перманентно повторување и докажување на пазарот;
  • адаптибилност, флексибилност, истрајност, упорност и посветеност на работата;
  • подготвеност за перманентно учење и акциска ориентираност.

Корпорациски потфати според Mac Millan and George се:

  • нови подобрувања на тековните производи и услуги;
  • новите производи и услуги да се продават на постојните пазари во тек на една до две години;
  • постојните производи и услуги да се продаваат на нови пазари;
  • новите производи или услуги да се продаваат на новите пазари.

Останатите постови од овој серијал се:

post

Карактеристики на интрапретприемачи

Интрапретприемач Во текот на расправите во врска со интрапретприемачите, често може да се слушне зборот бирократијата во големите организации или нивниот конзерватизам. Секоја корпорација во себе има вградено “Имунолошки систем” против дејствување на интрапретприемачи и тоа треба да се совлада, за да може да се реализира било кој од проектите.

Најчесто интрапретприемачите со своите активности, ги остваруваат своите соништа за докажување во работењето. Работењето во специфични услови, бара од интрапретприемачот да поседува одредени карактеристики, за да биде во состојба да ги реализира своите замисли.

Некои психолошки истражувања, укажуваат дека интрапретприемачите најчесто имаат проблеми во односот со татковците, односно имаат проблеми со непочитување на авторитетите. Тоа им овозможува полесно да ги кршат правилата, што другите вработени потешко би се осмелиле да го направат.

При работењето во големите компании е препорачливо вработените да не ги следат само готовите упаства, туку и да размислуваат со својата глава и континуирано да го подобруваат процесот на работењето.

Интрапретприемачите треба да преземаат улога на херои и да имаат визија за нешто што уште не се случило, а пожелно е да се случи поради интересите на организацијата. Тие мораат да ја предвидуваат и да ја гледаат иднината многу подобро од другите вработени, а како и сите херои не треба веднаш да очекуваат награда и признанија.

Во прво време при реализирање на некој проект, кој го започнал интрапретприемачот, најчесто се јавува незадоволство, па и бојкот и опструкција од страна на другите вработени, кои можат да завидуваат или да се плашат за опстојување на своите позиции.

Секој интрапретприемач мора да поседува одреден талент, преку кој добива одредена визија, која понатаму ја развива и разработува. Тие треба да ги кршат определените правила на организацијата и поради тоа некогаш можат да бидат и казнувани. За да може плановите полесно да ги реализираат, потребно е да имаат покровител, кој ќе им овозможи полесно “пливање” низ правилата на организацијата. Покровителот треба да биде итар и да има визии, а доколку треба да го заштити интрапретприемачот и неговото работење од неоснованите напади, да биде склон и кон криење на вистината.

Интрапретприемачите треба да бидат деловни и жилаво да се борат за остварување на своите идеи, без оглед на сите можни пречки во реализирање на проектите.

Поради оневозможеното остварување на замислата, често се случува интрапретприемачите да поднесат оставка и да формираат своја фирма или да преминат во нова фирма, каде би им се овозможила непречена реализација на потфатите. Најчестите изјави од нивна страна биле дека тие се обидувале, ама биле спречени и дека повеќе немаат намера да бараат многубројни дозволи.

При реализирање на потфатите интрапретприемачот не смее да внимава само на профитот, туку и на луѓето со кои соработува, а со кои треба и во иднина да соработува. Не смее да се има нехуман однос кон луѓето, бидејќи тој нехуман однос може во одреден момент да се сврти против оние кои го спроведуваат.

Поради ова, при релизирањето на овие проекти, потребно е постоење на избалансиран став кон сите прашања. Од една страна да се заштитат луѓето, а од друга страна да се оствари профит. Ова се потенцира бидејќи ИП дејствува таму каде што другите затајуваат. Со тоа се избегнува да се запостави успехот и развојот на организацијата и се избегнува користењето на нехумани методи во работењето, без оглед што некогаш е подобро да се “отсече прст, отколку да се загуби рака”. Ова е посебно присутно кога мора да се изврши отпуштање на одреден број вработени, за да се спаси целината на компанијата.

Hisrich [Stokes D.: Small Business Management. An Active-Learning Approach] бележи седум водечки карактеристики на внатрешниот претприемач:

  • разбирање на средината;
  • визионерство и флексибилност;
  • креирање на менаџмент опции;
  • поттикнување на тимска работа;
  • поттикнување на отворени дискусии;
  • градење на коалиција на приврзаниците;
  • упорност.

Ќе ги анализираме некои од карактеристики на интрапретприемачот.

  • Флексибилноста е потребна компонента во работењето на интрапретприемачот, благодарејќи на неа тие можат полесно да “пливаат” меѓу различните интереси во компанијата. На тој начин полесно ќе ги елиминираат пречките, кои се поставуваат од страна на луѓето, кои се противат на промените во работењето.
  • Ризик постои во секој сегмент од работењето и живеењето. Вработените може да не се принудени да преземаат ризик, бидејќи тие може да се длабоко “вкопани” во бирократска структура, па доколку и не превземат ништо, тоа нема да биде санкционирано. Дури, во многу случаи тоа би претставувало и пожелен модел на однесување. Меѓутоа, интрапретприемачите не се согласуваат со “пријатна работа”, туку преземаат ризик за да реализираат одреден проект, со што ќе придонесат за поуспешно работење на компанијата. Во големите компании не се гледа со преголема симпатија кон луѓето кои внесуваат нешто ново. За одредена замисла секогаш постои можност таа да не се реализира од различни причини. Доколку не се реализира замислата, интрапретприемачот се соочува со можни реперкусии. Доколку не постои разбирање од страна на врвното раководство за новите проекти, тоа е можност тие да не успеат. Ако строго се реагира на секое промашување, а не се прифати мислењето дека кој работи, тој и греши, тогаш и другите интрапретприемачи ќе се обесхрабрат да преземаат каков било потфат.
  • Креативност мора да се поседува за да можат да се осмислат проектите кои ќе го подобрат работењето на компаниите. Доколку ИП не поседува креативност, тој не ќе може и покрај желбата нешто да направи, тоа да го реализира, бидејќи нема да знае како да го оствари тоа.
  • Енергијата е потребна за да се реализира саканиот проект. Потребно е да се поминат поголем број нивоа на одлучување, за да се добие дозвола за реализирање на проектот.

Останатите постови од серијалот се:

post

Интрапретприемачи: Фактори кои доведуваат до нивна појава

Интрапретприемач Работењето на претприемачите се карактеризира со тоа што тие оформиле одреден бизнис и ги надминале сите тешкотии кои го следат тој процес. Тие креирале нешто од ништо. Го подобриле светот околу нив. Донеле иновација или решение за проблем кој постоел или пак за кој воопшто не постоела свесност дека постои.

Во понатамошната фаза, доколку се запазени сите критериуми (и доколку претприемачот сам не го ограничува растот на фирмата), неминовен е раст на тој бизнис. 

Со растот, претпријатието се трансформира од претприемачко во менаџерско.

Со понатамошен раст, менаџерската фирма може да стане административна (или бирократска).

Кога фирмата ќе стане менаџерска или административна, тогаш се јавуваат проблеми со:

  • раководење на фирмата,
  • бројот на вработените е зголемен,
  • а зголемен е и обемот на работењето. 

Паралелно се зголемува и бирократија (администрацијата) и се влегува во фаза на заситување и тромост. Одлуките тешко се носат, бавна е нивната имплементација, се јавуваат “тесни” грла во работењето и други придружни проблеми, во врска со отежнатото работење на компанијата. 

Со оглед на овие факти, потребно е фирмата да изврши преобразба и од менаџерска или административна да стане повторно претприемачка, како што била во почеток. 

Доколку компанијата сака да остане конкурентна на пазарот, луѓето кои ја водат (менаџерите) треба да се менуваат и да ги надоградуваат своите знаења. 

Кога се јавува проблем во работењето, доаѓа до ерозија на лидерските и претприемачките способности.

Поради сите наведени факти, се чувствува потреба повторно да сe врати претприемачкиот дух во работењето на фирмата, односно се јавува потреба од интрапретприемачи. Главните чекори кои треба да се преземат за да се постигне подобрување се:

  • зголемување на продуктивноста во работењето,
  • зголемување на квалитетот на производот,
  • намалување на трошоците,
  • намалување на времето потребно да се превземат акциите и сл.

Односно менаџерите повторно да станат претприемачи!

Ова е доста тешко спроведлива замисла, бидејќи основачот  на фирмата, кој имал голем претприемачки дух, обично веќе не работи таму. Тој се пензионирал или фирмата е предадена во рацете на други луѓе (наследници или некој кој ја откупил фирмата).

Најчесто основачот пропуштил да ги обучи и насочи луѓето за развивање на претприемачкиот дух, а можно е поради неговото отсуство, претприемачкиот дух едноставно да замрел, гушејќи се во голема администрација, па компанијата полека запаѓа во тешкотии при работењето.

Затоа сега е потребно да се оформи нов претприемачки тим или да се активираат интрапретприемачи, кои би почнале да дејствуваат во правец на ревитализација на компанијата. Најзгодно е да се основаат мали единици, во кои ќе биде лесна имплементацијата на претприемачките замисли. За да се спроведат овие промени, потребно е да се оформи претприемачка култура, претприемачко однесување, односно фирмата повторно (како што било на почетокот) да стане претприемачка.

Останатите постови од овој серијал:

post

Интрапретприемачи – Основи

Интрапретприемач Поимите претприемаштво и претприемачи, обично се врзуваат за работењето во малиот бизнис. Тоа се должи на фактот дека претприемачите најчесто се газди и основачи на малите бизниси. Доколку не се, тогаш најчесто имаат големи овластувања од страна на газдите, па се во состојба без многу дискусии (како што е најчесто случај во големи компании) да преземаат одредени активности.

Поради брзото реагирање на профитна шанса, претприемаштвото стана еден широко пропагиран и посакуван метод во работењето во целиот свет.

Иако во последно време се почесто во светските литератури и теории се зборва за користење на истиот термин – претприемач како во големите корпорации така и за започнување на бизнис. Основната претпоставка на која се базираат овие тврдења е дека стартап не е само започнување на сосема нов бизнис, туку дека стартап може и треба да постои во постоечки бизниси и големи корпорации кои на таков начин ја одржуваат инвентивноста на високо ниво креирајќи сосема нови производи и/или услуги на пазарот.

Интрапретприемаштво се врзува за работењето во големите компании, а може да се користи и пошироко, секаде каде што постои голема бирократизираност. Такви институции можат да бидат: државната администрација, училиштата, болниците, спортските организации, односно секаде каде има отежнато работење особено поради бирократската структура.

Поимот интрапретприемаштво или внатрешно претприемаштво е воведен 1985 година oд страна на Gifford Pinchot III. Тој утврдил дека со воведување на интрапретприемаштво се подобрува работењето во големи системи, како производни, така и непроизводни (Извадок од снимка од предавањата на Gifford Pinchot III).

Светот се наоѓа во непрекината динамика, а бројот на новите научни сознанија секојдневно се зголемува. Поради овој факт, мора да се препознаат секојдневни иницијативи и дејствувања на сите фронтови, за да се следат светски економски постигнувања и компанијата да опстојува на пазарот.

Големите компании морат постојано да се реорганизираат во своето работење, за да не се доведат во состојба на бирократизирање и со тоа успехот во работењето да се загрози. Потребата од постоење на интрапретприемачи во големите компании, се констатира кога се утврдуваат проблемите во нивното работење. Установена е голема инертност во донесувањето и спроведувањето на одлуките, поради големата бирократизираност, а со тоа се зголемува неефикасноста во работењето.

Ова не е случај со секоја голема компанија, бидејќи има и големи компании кои се карактеризираат со голема флексибилност во работењето и кои се исклучително конкурентни во светски рамки. Интраприемачите во корпорациите можат да ги комбинираат предностите на малите претприемачки фирми, со предностите на работењето на големи корпорации.

Интрапретприемачи воведуваат нови производи, нови постапки, нови услуги и придонесуваат компанијата да се развива и да профитира. Со желба проблемите во работењето да се надминаат, се бара местото и улогата на внатрешното претприемаштво или интрапретприемаштво.

Затоа во овој серијал ќе ги опфатиме следните наслови:

post

Иновативни можности – уште неколку

SEO елементи Ова е последниот пост од серијалот за иновативните можности и нивни извори. Во првиот пост зборувавме за иновативни можности каде што прикажавме одредени извори на иновативни можности. Потоа продолживме за видови на иновативни можности согласно Peter Drucker кои се однесуваат на неочекувани случувања и несовпаѓања, за да во претходниот опфатиме некои ограничувања и предупредувања во однос на иновативните можности.

Да одиме со уште уновативни можности.

#1 Промена на структурата во стопанството и пазарот

Сето тоа што досега го истакнавме, односно дали несовпаѓањата на економската реалност ќе се конфронтираат со нашето очекување или ќе индуцираат процеси на неочекувани и неповолни резултати, ќе зависи, во секој случај, од состојбите и тенденциите на стопанската и пазарна структура!

Стопанска и пазарна структура понекогаш останува непроменета со години и изгледа потполно стабилна. Така во светската алуминиумска индустрија, по цело столетие, лидер е сеуште иста компанија – Алуминиумска компанија America од Pitsburg.

Во стварноста стопанската и пазарната структура е крта. Една мала гребаница е доволна, брзо да дојде до нивно дезинтегрирање. Кога тоа навистина ќе се случи, секој припадник на таа индустрија мора да дејствува.

Продолжување на работите,  како ништо да не се случило, значи гарантирано пропаѓање. Во најмала рака, компанијата ќе ја загуби својата водечка позиција во соодветна гранка. Кога таа позиција ќе се загуби, речиси никогаш повторно не се стекнува.

Меѓутоа промената во структурата на стопанството или пазарот исто така претставува важна можност за иновација. Таа бара секој одново да се запраша: Што е нашата работа?

Промените во структурата на стопанството, посебно во индустријата, нудат извонредни можности видливи за надворешниот свет. Луѓето внатре гледаат главно опасност за себе. Од таа причина аутсајдерите кои праваат иновација можат да одиграат значителна улога.

Најсигурен и најлесно видлив индикатор каде што се гледа менување на стопанска структура е брз пораст на одредена гранка на стопанството. Доколку некоја стопанска гранка расте значително побргу од стопанството, во целина може да се предвиди дека нејзината структура драстично ќе се менува. Во времето кога една гранка ќе го удвои обемот на своето работење, станува несоодветен начинот на кој таа го забележува и го служи пазарот.

Еден друг развој кој предвидливо ќе доведе до ненадејни промени во стопанската структура е конвергенцијата на технологиите, кои се до тогаш биле сметани како потполно одвоени. Една стопанска дејност е зрела за битни структурни промени, доколку бргу се менува начинот на кој работи.

Иновациите кои ги користат промените во стопанската структура, посебно се ефикасни доколку со таа дејност и со пазарот доминира еден голем произведувач. Дури и кога нема прав монопол, тие големи произведувачи и снабдувачи покажуваат тенденција да бидат узурпатори, затоа што со години биле успешни и незагрозени. Тие, прво го третираат новодојдениот како неважен партнер и како аматер во работата. Кога новодојдениот презема се поголем дел од работа, тие тешко се мобилизираат за противудар. Кога се менува структурата на пазарот или стопанството, често се случува произведувачите и снабдувачите, кои се моментални лидери, да го занемарат најпрогресивниот сегмент од пазарот. Битно е иновацијата во таа област да биде едноставна. Компликуваните иновации не можат да остварат успех.

#2 Демографски движења

Демографските движења, како промени во населението, неговиот обем, старосната структура, составот, вработеноста, образовниот статус и приходи, нудат големи можности за промени. Секој менаџер треба да ги набљудува демографските промени и да им се прилагодува, бидејќи секоја импровизација и нереално согледување, скапо ќе ја чини компанијата. Тие се познати фактори и секогаш одат пред времето и имаат големо влијание на тоа што ќе биде купувано во иднина, од кога и во колкави количини.

Американските тинајџери, во однос на постарите американци, купуваат ефтини обувки. Тие купуват поради мода, а не поради трајност. Но нивните средства се ограничени. Истите тие луѓе, десет години подоцна, ќе купуваат само неколку пара чевли годишно, приближно шест пати помалку отколку кога имале 17 години. Но, тогаш ќе купуваат прво поради удобност и трајност, а дури потоа поради мода.

Луѓето во првите пензиски години го чинат главно пазарот за патување и одмор. Десет години подоцна, тие исти луѓе ќе бидат клиенти на старечки домови и медицинска нега.

Луѓето кои во помлади години се стекнале со широко образование, по 10-20 год. ќе станат кандидати за разни специјализации и стручни усовршување. Тие луѓе се заинтересирани за вработување како работници со знаење.

Дури и без конкуренцијата од земјите со ниски надници и големиот пораст на бројот на млади луѓе, неквалификувани или полуквалификувани, индустриските развиени земји од Запад и Јапонија, би морале да пристапат кон автоматизација на производството, бидејќи имат високо школуван кадар.

Демографските промени покажуваат дека комбинираните ефекти на наглиот пад на наталитетот и експанзија на образованието (во западните земји), создава скоро сигурна состојба во која традиционалното вработување на рачни производни работници, околу 2010 год. би можело да биде на максимално ниво од 1/3 во однос на 1970 год.

Демографските промени се покажале брзи, сложени, дури брутални и многу влијателни. Статичните популации кои долго време остануваат на едно место, се повеќе исклучок отколку правило.

Непромислено би било да се занемарат демографските промени и во дваесет и првиот век. Основна претпоставка и за денешното време е дека населението во светот е нестабилно и подложно на промени. Еден од поголемите проблеми во светот во овој век ќе биде, од една страна стареењето на населението во развиениот свет, а од друга страна зголемувањето на бројот на населението во неразвиените земји.

За оние кои сакат “да излезат на терен за да гледаат и да слушаат”, промената на демографската структура е високопродуктивна иновативна можност.

#2 Промени во забележувањето

Во математиката нема разлика помеѓу чашата е до “половина полна” и чашата е до “половина празна”. Меѓутоа, ако ставот дека нешто е до пола полно се смени со ставот дека тоа е сега до половина празно, тогаш тука се јавува иновативна можност.

Фирмата Небесен зачин од Колорадо почнала една промотивна програма под име “децата на цвеќето” така што во 1960 год. почнала со собирање на планински треви и билки, како и нивно пакување и изнесување на улица заради продажба. Петнаесет години подоцна, истата фирма забележала годишен промет од повеќе стотини милиони долари и била продадена на голема компанија за преработка на храна, за повеќе од 20 милиони долари. Денес постојат повеќе високопрофитабилни компании за продажба на здрава храна. Тука се работи за визионерски способности на Peter Drucker, кој долги години нанапред ги согледува состојбите што ќе се случат, бидејќи и сами сме свесни за се понагласената борба за здравје, преку користење на билни препарати, како и профитите кои се создават од таа работа.

#3 Нови знаења

Иновацијата, заснована на нови знаења, е суперѕвезда на претприемништво. Таа носи пари и тоа е она на што луѓето обично мислат кога зборуваат за иновација.

Знаењето не е задолжително техничко и/или технолошко. Социјалните иновации засновани на знаење имаат еднакво или дури поголемо влијание.

Иновациите кои се засновани на знаење, имаат најдолго време за реализација во однос на другите иновации. Постои долг временски период помеѓу појавата на ново знаење и почетокот на неговата примена во технологијата. Потоа следува уште еден долг период, пред таа технологија да се искористи во производство. Долгото време за реализација на иновациите кои се засновани на знаење не е ограничено само на науката или технологијата. Ова важи и за иновации кои се засновани и на нетехнолошки знаења.

Rudolf Dizel во 1897 год. проектирал мотор кој го носи неговото име. Сите разбрале дека се работи за голема иновација. Меѓутоа со години овој мотор намал некоја позначителна примена. Дури во 1935 год. Американецот Charles Ketering, одново го проектирал Дизеловиот мотор, со што го оспособил за употреба.

Друга карактеристика на иновациите кои се засновани на знаење е тоа што тие речиси никогаш не се засноваат на еден фактор, туку на повеќе разни знаења, меѓу кои има и такви кои не се научни или технолошки. Додека не се спојат сите потребни знаења, не може да отпочне реализацијата на иновацијата која е заснована на знаење.

Иновацијата која е заснована на знаење бара внимателна анализа на сите фактори, било да е тоа знаење, било да се социјални, економски или перцептивни фактори. Анализата мора да утврди кои фактори уште недостасуваат. Претприемачот може да одлучи дали тие фактори кои недостасуваат, можат да се произведат или треба да се одложи иновацијата, доколку се уште е неизводлива.

Понатаму треба да се бара јасна концентрација на стратешката позиција. Таа може да се воведе како пробен обид. Тоа што се воведува иновација привлекува многу луѓе, па иноваторот мора да биде во право веќе од почеток, зашто втора шанса тешко дека ќе добие.

Иноваторот траба да учи и да го применува претприемничкиот менаџмент. Претприемничкиот менаџмент е поважен за иновацијата, која е заснована на знаење од која било друга иновација. Нејзините ризици се големи, поради што се добива и многу поголема заработувачка. Иновациите кои се засновани на знаење, а посебно оние во секторот на висока технологија, се стремат да имаат помалку претприемнички менаџмент. Од тие причини се јавува висока стапка на неуспехот. Иноваторите се вљубеници во сопствената технологија, па веруваат дека квалитетот значи она што е технички совршено, а не она што претставува вредност за купувачот.

Успешните претприемачи се по правило конзервативни. Тие не се концентрирани на ризик, туку на можност.

Останатите постови од серијалот за иновативни можности можете да ги прочитате:

post

Иновативни можности – Ограничувања и предупредувања

Вредност Да продолжиме со серијалот за иновативните можности и нивни извори. Во првиот пост зборувавме за иновативни можности каде што прикажавме одредени извори на иновативни можности. Потоа во следните два поста зборувавме за видови на иновативни можности согласно Peter Drucker кои се однесуваат на неочекувани случувања и несовпаѓања.

Во овој пост од серијалов ќе зборуваме малку за некои некои ограничувања и предупредувања.

#1 Потребата мора да се разбере

Да, потребата мора да се разбере. Не е доволно таа да се почувствува. Во спротивно, не можат да се дефинираат спецификациите на бараното решение.

На пример, се знае дека математиката е проблематична за учење. Само мал дел од учениците намаат проблеми со нејзиното учење. Но, сепак можно е поголем број ученици да се оспособат за полагање испит. Јапонците тоа го прават со голема концентрација при изучување на предметот. Меѓутоа, по десетина години и тие покажуваат исти слабости во знаењето на математиката како и нивните западни колеги. Во секоја генерација постои некој генијален учител по математика, кој може да ги научи математика дури и помалку талентираните ученици. Но, ретко се случува друг да може тоа да го повтори. Значи, потребата на процесот е воочена, но уште не може да се разбере во што е проблемот и како да се реши.

#2 Мора да постојат потребни знаења

Понекогаш може дури и да се сфати процесот, односно неговата потреба, па сепак да се немаат потребните знаења за извршување на задачата.

Во производство на хартија постои потреба да се пронајде поекономичен начин. Многу луѓе работеле на тој проблем. Точно се знае што е потребно: неопходно е да се изврши полимеризација на целулозниот молекул. Тоа би требало да биде лесно, бидејќи тоа веќе е направено со слични молекули. Меѓутоа, уште нема доволно знаење за реализација на овој проект.

#3 Усогласеноста на решението со луѓето кои ќе го користат

Решението мора да одговара на начинот на кој луѓето ја работат и сакаат да ја работат својата работа. Доколку решението за задоволување на потребата во целост ги менува досегашните начини на работа, истото ќе биде тешко прифатливо.

На пример, доколку измислите некој специјален и сосема иновативен компјутер, кој ќе користи тастатура која не е QWERTY тастатура на која корисниците се навикнале и знаат да работат без да гледаат во неа. Целото решение ќе биде тешко прифатливо бидејќи ќе бара сосема ново искуство и нов начин на користење за кое ќе треба време за да се усвои. Во таков случај корисниците ќе одат по линија на помал отпор, користење на она што веќе го имаат, знаат и имаат искуство да го користат.

Така се ризикува едно иновативно решение да не биде прифатено.

Останатите постови од серијалот за иновативни можности можете да ги прочитате:

post

Извори на иновативни можности – Несовпаѓања

Кратенки во бизнис Ќе продолжиме со иновативните можности и нивни извори. Во претходниот пост зборувавме за видови на иновативни можности согласно Peter Drucker кои се однесуваат на неочекувани случувања.

Тука ќе продолжиме со други видови на иновативни можности согласно Peter Drucker, но за несовпаѓањата.

Несовпаѓањето е несогласување помеѓу она што е и она што би требало да биде. Несовпаѓањето е симптом на можност за иновација. Тоа навестува постоење на некоја грешка, а таква грешка е повик за иновација. Тоа предизвикува нестабилност, во која и мали напори можат да предизвикат големи промени и да донесат преструктуирање на економската и социјалната структура.

Несовпаѓањето обично не се манифестира во облик на извештаи или податоци на кои раководителите на компаниите ќе обрнат внимание. Тие се повеќе од квалитативен отколку од квантитативен карактер.

Како и неочекуваното случување, без разлика дали се работи за успех или промашување, несовпаѓањето се исто така симптом на промени кои веќе се случиле или на оние кои ќе направат нешто да се случи.

Како и промените на кои укажуваат неочекуваните случувања, така и промените на кои укажува несовпаѓањето, по правило се промени во рамките на самата индустрија, пазарите, производниот процес. На тој начин несовпаѓањето е јасно видливо за луѓето близу одредена гранка на индустрија, пазари или процеси. Тоа се наоѓа пред нивните очи. Сепак, тоа често се губи од вид кај оние “внатре”, бидејќи се тие оптеретени со секојдневието и од “дрвјата едноставно не ја гледаат шумата”.

#1 Несовпаѓање на економската реалност

Доколку побарувачката за некој производ или услуга брзо расте, тогаш би требало да се подобрат и нивните економски перформанси. Полесно е да се биде профитабилен во стопанска гранка која бележи голем пораст на побарувачка. Меѓутоа, изоставувањето на профитабилност и резултати во таква стопанска гранка, укажува на постоење на несовпаѓање помеѓу економските реалности. Тие несовпаѓања се макрофеномени кои се случуваат во рамките на една цела индустриска гранка или во целиот сектор на услуги.

Тука обично постојат големи можности за иновации, пред се за мали и нови претпријатија, за еден претприемач. Иноваторот, кој го искористува тоа несовпаѓање, може да смета на тоа дека подолго време ќе биде “оставен на мир”, пред постојните снабдувачи и другите фирми да се “разбудат”, до таа мерка што ќе станат нови и опасни конкуренти. Ова е од причина што тие, толку долго се окупирани од настојувањето да го надминат јазот помеѓу растечката побарувачка и изоставувањето на резултати, што едвај и забележуваат дека некој друг работи нешто друго и различно, нешто што носи резултати, што ја користи растечката побарувачка.

Претприемачот не треба да се труди да разбере зошто работитете се случуваат, туку наместо тоа треба да си ги постави прашањата:

  • Како може тоа несовпаѓање да се искористи?
  • Како би можело да се претвори тоа во можност и што може тука да се направи?

Несовпаѓањето помеѓу економската реалност претставува повик за акција за претприемачите. Понекогаш акцијата која треба да се преземе е сосема јасна, иако проблемот сам по себе останува и понатаму нејасен. Понекогаш проблемот се разбира сосема добро, но уште не може да се замисли што треба да се направи. Случајот со мини челичарниците (од претходниот пост – неочекуваност), е добар пример за иновација која успешно го искористила несовпаѓањето. Повеќе од 50 год. големите челичарници работеле профитабилно само во воени услови. Доколку сака да работи исплатливо, челичарницата мора да работи со полн капацитет, а тоа се случува само во воени услови. Мини челичарниците можат да обезбедат економичност во работењето и во други услови. Владата, синдикатите и големите челичарници од самиот почеток биле против малите челичарници, но без оглед на тоа тие подоцна биле прифатени бидејќи биле успешни.

#2 Несовпаѓање помеѓу реалноста и претпоставките за неа

Секогаш кога луѓето од една производна или услужна дејност погрешно ќе ја забележат реалноста и ќе направат погрешни претпоставки за неа, нивните напори ќе бидат насочени во погрешна насока. Тие ќе се концентрираат во област каде резултатите не можат да постојат. Тогаш постои несовпаѓање помеѓу реалноста и однесувањето, кое одново дава можност за успешна иновација, на секој што ќе го забележи и искористи.

Во педесеттите години на минатиот век се сметало дека прекуокеанскиот транспорт нема повеќе да биде ефикасен. Сите информации укажувале дека ќе биде заменет со воздушен транспорт. Трошоците на ваков превоз растеле, кражбата на стоката била голема, било потребно долго време за товарење, па бродовите долго чекале на ред за товарање. Главната причина била таа што бродарството погрешно ги насочувало своите напори, во правец на непостоечки резултати. Тие се обиделе да постигнат успех со брзи бродови, како и со бродовите кои користат помалку гориво и имаат помал екипаж, односно се концентрирале на економичниост на бродовите додека тие пловеле по море. Меѓутоа, бродот како капитално добро прави најголеми трошоци кога не е во активна употреба.

Решението било едноставно! Товарањето треба да се изврши на копно, каде има доволен простор и каде што тоа може да се изврши пред да дојде бродот во пристаништето, при што единствено останува да се подготви товарот кој ќе биде натоварен на бродот, за бродот веднаш да исплови. Резултатите од тие прости иновации биле големи. Товарниот поморски сообраќај, во период од 30 години, бил зголемен за пет пати. Трошоците се во просек намалени за 60 %. Времето на задржување на бродовите во пристаништата е намалено за 3/4, а задушувањето на пристаништето, како и штетите од кражбата се намалени.

Несовпаѓањето помеѓу забележаната и вистинската реалност многу ретко бара  “херојски” иновации.

#3 Несовпаѓање помеѓу забележаните и вистинските вредности и очекувањата на купувачите

Една од најекспанзивните американски финансиски установи, во осумдесеттите години на минатиот век, била фирмата за трговија со хартии од вредност, лоцирана не во Њујорк, туку во предградие на Средниот Запад.

Својот пораст и успех му го должи на искористувањето на едно несовпаѓање. Големите финансиски институции преtпоставуваат дека нивните клиенти имаат исти мерила како и тие. За нив е очигледно дека луѓето треба да вложуваат за да се збогатат. Меѓутоа, таа констатација важи само за дел од тие инвеститори, а не за сите. Тие знаат дека доколку некој сака да се збогати по пат на инвестиции, мора да работи полно работно време на работи за управување со пари и при тоа да е многу финансиски образован. Локалните занаетчии, малите бизнисмени, фармерите… немаат толку време, ни знаење. Тие се зафатени со заработка на пари и немаат време да управуваат со нив. Тое е всушност несовпаѓањето кое го искористила фирмата за трговија со хартии од вредност.

Надворешно набљудувано, таа изгледа исто како и секоја друга фирма за трговија со хартии од вредност. Таа е членка на Њујоршката берза. Меѓутоа на берзанските работи отпаѓа 1/8 од нејзините вкупни работи. Таа останува подалеку од работите со кои најмногу се занимаваат големите трговски куќи на Wall street: со опции, со стоковни термински трансакции. Наместо тоа, ја привлекуваат работи кои таа ги нарекува интелегентен инвеститор. Таа не ветува дека нејзините клиенти ќе станат богати. Тие сакаат клиенти кои заработуваат повеќе пари отколку што трошат, што е типично за успешните приватни професии. Тогаш оваа фирма одговара на нивната психичка потреба да ги заштитат своите пари. Она што таа фирма го продава е можноста, заштедените пари да ја задржат својата вредност. Производот кој фирмата го “испорачува” е душевниот мир за своите клиенти. Помеѓу несовпаѓањето на вистинската и забележаната реалност секогаш се наоѓа елемент на интелектуална ароганција, ригидност и догматизам.

#4 Несовпаѓање во рамките на ритамот и логиката на процесот

За да се оствари иновацијата, најчесто недостасува некој кој ќе слуша и кој би бил подготвен сериозно да го разгледа проблемот што секој го истакнува. Целта на постоење на некој производ или услуга е да ги задоволи купувачите. Доколку тоа се прифати и по него се постапи, користењето на несовпаѓањето како можност за иновација станува лесно и ефикасно. Но, постои и едно ограничување. Несовпаѓањето,  обично е “на располагање” на луѓето кои се наоѓаат во рамките на дадениот сектор на производство или услуга. Некој однадвор, тешко би можел да го забележи и да го разбере и поради тоа да биде во состојба да го искористи.

Во педесетите години на минатиот век, еден продавач во фармацевската компанија одлучил да отпочне самостојно да работи. Затоа побарал несовпаѓање во рамките на процесите во медицинската практика. Едно нешто пронашол веднаш. Една од највообичаените хируршки операции е операцијата на катаракт на око. Во текот на годините, практиката и постапката на операцијата биле усовршени, па таа се одвивала под целосна контрола.

Меѓутоа постоел еден момент во таа операција кој бил надвор од тој ритам. Во таа фаза на операција, очниот хирург морал да го исече лигаментот, да ги поврзе крвните садови, а со тоа создавал ризик од крварење, кое тогаш го загрозува и самото око.

Таа постапка била успешна во повеќе од 99 % од операциите; всушност, таа и не била многу тешка, но сепак им пречела на хирурзите. Тоа ги терало да го променат ритамот на процесот на работа и кај нив предизвикувало вознемиреност. Без оглед колку често ја правеле операцијата, очните хирурзи се плашеле од таа една кратка и брза фаза во целиот процес. Wiliam Conor заклучил дека во текот на 1890 год. бил изолиран еден ензим кој скоро моментално го раствора лигаментот. Единствено што тогаш никој, ни со помош на ладење, не можел да го сочува тој ензим подолго од неколку часа. Conor во текот на неколку месеци, вршејки експерименти, успеал да го сочува ензимот. Во рок од неколку години, сите очни хирурзи го користеле оваа патентирано соединение. Дваесет години подоцна, тој ја продал својата компанија на “Alkon Laboratory” за голема сума пари.

#5 Потребата на процесот

Потребата на процесот за разлика од останатите извори на иновација, не почнува во околината, било интерна или екстерна. Таа почнува со работата која треба да се направи и повеќе е насочена кон работната задача, отколку кон ситуацијата. Таа го усовршува процесот кој веќе постои, ја заменува врската која е слаба, одново го проектира стариот процес врз основа на нови сознанија. Понекогаш дури овозможува одвивање на самиот процес, со тоа што му ја испорачува алката која недостасува. Во иновациите засновани на потребите на процесите, секој во организацијата знае дека таа потреба постои. Сепак за неа никој не знае. Меѓутоа, иновацијата ќе се појави, таа веднаш ќе биде прифатена како очигледна и забрзано станува стандард.

Во 1909 год. еден статистичар, вработен во телефонскиот систем Бел (Bell Telephone System) определил две криви за демографски статистики за наредните 15 години: крива на пораст на американско население и крива на бројот на луѓето, потребни да работат како оператори на телефонски централи. Тие проекции покажале дека секоја американска жена, во старосна граница помеѓу седумнаесет и шеесет год., треба да биде вработена како оператор на телефонска централа, некаде околу 1925 или 1930 год., доколку биде задржан во употреба дотогашниот систем на вклучување на врската. Две години подоцна Беловите инженери проектирале и ја пуштиле во погон првата автоматска централа.

Сите овие примери покажуваат дека успешните иновации, засновани на потребите на процесот бараат задоволување на следниве критериуми: тоа да биде самодоволен процес, да постои една слаба или недостасувачка врска, да постои јасно дефинирана цел, да постои јасно утврдена можност и спецификација на бараното решение, да постои раширено и општо прифатено разбирање, да може да постои подобар начин, односно висок степен на заинтересираност за барање на задоволително решение.

Останатите постови од серијалот за иновативни можности можете да ги прочитате:

post

Иновативни можности на еден претприемач

Kaizen подобрување, мало но големо Иновација и иновативност е нешто што е блиску поврзано со секој претприемач. Не зборуваме секогаш за високотехнолошки иновации кога зборуваме за иновативноста на претприемачот, но секој претприемач на ваков или онаков начин е поврзан со некаква иновација или препознаена иновативна можност, што всушност е и основата на неговиот бизнис.

Иновативноста претставува една организирана, систематска и рационална активност. Една од главните црти кои се провлекуваат во работење на претприемачите се иновации. Бидејќи претприемачите најчесто се со ограничени ресурси (финансиски, технолошки) тие мора да покажат големо ниво на итрост и со помош на иновациите да постигнуваат зголемени резултати во работењето.

Иновациите претставуваат специфично оружје на претприемачите, со чија помош ја користат промената како можност за извршување на разни производни и/или услужни активности. Претприемачите по правило носат некој вид иновации. Иновацијата претставува активност која ги дарува ресурсите со нови капацитети за создавање.

Иновациите можат да се толкуваат во смисла на промени на употребните вредности на ресурсот, за задоволување на некоја потреба на потрошувачот.

Успешните претприемачи не бараат по секоја цена големи инвестиции кои ќе развијат револуционерна индустрија, туку се задоволуваат и со помали иновации.

Огромен број успешни иновации користат промени. Иновативноста може да се претстави како научна дисциплина, подобна да биде научена и да биде практикувана. Претприемачите треба да истражуваат за можни извори на иновации, промени и нивните симптоми кои означуваат можност за остварување на успешни иновации. Тие треба да знаат и да го применуваат принципот на успешни иновации.

Разликуваме неколку видови иновации:

#1 Продорни иновации

Продорни иновации ги има најмалку, меѓутоа кога ќе дојде до правилно реализирање на овој тип на иновации, добиените резултати се најголеми. Овие иновации се случуват поретко и до нив се доаѓа потешко. Но, кога ќе се реализираат, може да настане и цела нова индустриска гранка, една цела нова потреба на пазарот за која ни самиот пазар не е свесен дека постои или ја има.

#2 Технолошки иновации

При секојдневна работа, како и со специјални истражувања, се доаѓа до овие иновации. Револуционерните технолошки иновации се поретки и секогаш бурно се проследени од јавноста. Секојдневните технолошки иновации всушност, претставуваат подобрување во процесот и се значајни за глобалните подобрувања на севкупниот процес.

#3 Обични иновации

Обичните иновации се најзастапени и се најмногу користени во практиката. Од нив не се очекува некоја спектакуларна добивка, меѓутоа тие се многу значајни за секој процес и носат големи подобрувања. ”Со ситни удари се постигнуваат значителни резултати”.

#4 Системските иновации

Систематските иновации се состојат од организирано барање на промени. Тоа се планирани промени во определени временски интервали кои едноставно на еден систематски начин овозможуваат еден организациски систем да провери дали се е онака како што треба и што би требало да се промени.

Во наредниот период ќе се занимаваме малку со иновативни можности, така да ќе опфатиме: