Бидете секогаш најиновативни! Алатки, екниги и видео презентации само за најхрабрите!

post

Идеи кои можете да ги искористите од Јули 2012

Повеќе од половина од оваа 2012 година е веќе зад нас. Длабоко сме навлезени во годишни одмори, опуштање, море, плажа… Но, и размислување за остатокот од годината и подобрување на резултатите на бизнисот во периодот кој ни останува.

Како и секој месец, овој пост е сублимирање од претходниот месец, или  серијал од месечни идеи кои можете да ги искористите од претходниот месец, во овој случај Јули 2012.

Овој пост претставува збир на најчитаните наслови кои како идеи можете да ги искористите за развој или подобрување на вашиот бизнис, но и на вас самите како еден претприемач.

Насловите од овој серијал, на крајот на годината по уште една анализа на популарноста ќе влезат на страната Започни тука.

Во јули 2012 на претприемач беа објавени 31 наслови во кои немаше одредена доминантна тема која би ја издвоиле. Како и да е, тука се презентирани 9 наслови од тие 31 кои се најчитаните и доколку сте ги пропуштиле можеби ќе ви се најдат во вашите напори за развој на бизнисот. Јули месец беше и месец на додавање уште една екнига на претприемач, а која се однесува на процес на изработка на маркетинг план. Очекуваме дека до крајот на месецот ќе биде завршена и втората екнига која е резултат на анкетата која ја направивме при што го определивме приоритетот на објавување.

Сега, да видиме што е она најактуелното што можеш да го искористиш за твојот бизнис од Јуни 2012 година.

1. Започнување на бизнис

2. Маркетинг

3. Менаџмент

4. Продуктивност

post

Да, подготвен сум за акција

Акција, акција и само акција.

Прва карактеристика, или прв фактор на претприемачката пирамида на успешноста.

Што значи акција за вас како еден претприемач?

Или можеби подобро што значи да ја имате таа особина да преземате акција како еден сегашен или иден претприемач?

Што мислите за следниве желби на еден претприемач?

  • Секојдневно да завршувам се што сум планирал на мојата “да направам” листа.
  • Да се фокусирам и брзо да го систематизирам мојот бизнис, така да секој знае што му е задачата, и на каков начин треба да ја заврши задачата без мое директно инволвирање.
  • Да ги решавам “во од” сите оние здодевни проблеми кои секојдневно го напаѓаат мојот бизнис и го прават неефикасен, неефективен, непродуктивен и секако нешто што не ми се допаѓа ниту мене ниту на моите купувачи.
  • Целосно искористување на потенцијалот, или бизнис потенцијалната енергија во мојот бизнис.
  • Да го скратам моето работно време на минимум како би можел да го правам она што сакам да го правам.
  • Секојдневно да го подобрувам мојот бизнис.

Преземање на акција не е само да се преземе акција. Треба и да се знае целта, односно причината за таа акција. Дали е тоа подобрување на бизнисот, дали е тоа инсталација во вас самите на систем за продуктивност или пак е било што друго, сепак сето тоа има одредена причина.

Доколку ја знаете причината за секоја акција полесно ќе ја дефинирате и саканата последица на секоја акција. Кога знаете каде сакате да стигнете, ќе знаете и како да стигнете таму. Или барем ќе се потрудите да ја најдете картата, превозното средство и времето потребно за тоа патување.

На пример, ако сакате секојдневно се да завршувате на вашата “да направам” листа и тоа во најкраток можен период ќе мора првин:

  • Да ги подготвите средствата кои ќе ви помогнат (системи, алатки за менаџирање на “да направам” листа, секојдневни навики кои треба да се променат…)
  • Да се обврзете за имплементација и користење на дефинираните средства.
  • Да следите како ќе се подобрува продуктивноста.
  • Да го подобрувате процесот се додека не стигнете до целта – се да завршувате на вашата “да направам” листа и тоа во најкраток можен период.

Акција е потребна, но не било каква акција, туку акција која ќе ве лансира кон успешноста.

post

10 Прашања пред одлука за купување

На крајот резултатот на секој бизнис се мери во реализирани продажби кои допринесуваат да се обезбеди приход, кој пак носи профит/загуба.

Не постои бизнис, ниту претприемач кој не сака повеќе купувачи да донесат позитивна одлука кога одлучуваат дали да го купат вашиот производ или услуга. Поголем процент на позитивни одговори, повеќе купувачи, поголем приход и нормално поголем профит.

Но, за да се успее потребно е знаење на повеќе од една научна дисциплина. Не е само економијата која вашето однесување го наведува на принципот на понуда и побарувачка. Не е само кибернетиката која ви обезбедува систематичен пристап. Не е само, психологијата која навлегува во мозокот на потенцијалниот купувач. Не е само претприемништвото кое ве учи за испорака на вредноста на купувачот. Не е само…

Но, сите заедно даваат една солидно исцртана патека, и тоа не било каква патека, туку патека која води кон тоа посакувано да.

Вашите купувачи се интелигентни, не смеете да го заборавите тоа и да ги потцените. Историјата ги научила да бидат претпазливи, да поставуваат прашања и бараат одговори дури и во секунди. Тие неколку секунди при поставување на тие прашања и одговорите ќе бидат клучни за одлуката.

Некои имаат потенцијал да одговорат на неколку десетици прашања, а некои на помалку. Прашањата може да бидат од едно до повеќе десетици, а можеби и стотици во зависност од пазарот и индустријата во која се наоѓа бизнисот. Но тука се само 10, можеби најважните и за кои би ребало да се обидете да обезбедите едноставно позитивно одговарање во фазата на продажба.

Еве ги тие прашања:

  1. Дали воопшто ми треба тоа?
  2. Дали тоа ќе ги задоволи моите потреби или реши моите проблеми?
  3. Го користел ли некој претходно тоа?
  4. Какво е искуството на тие кои го користеле?
  5. Дали би сакал да купам од тој бизнис?
  6. Дали би сакал да купам од тој продавач?
  7. Треба ли и зошто да му верувам на бизнисот?
  8. Дали вредноста ја оправдува цената која треба да ја платам?
  9. Можам ли да си го дозволам тоа?
  10. Што потоа откако ќе го купам?
post

Можеби најдобриот процес на започнување на бизнис е…

Кој е најдобриот начин за започнување на бизнис?

Постои ли такво нешто?

Постои ли прецизно дефиниран процес на започнување на бизнис?

Постојат еден куп на книги, блогови, алатки, совети…

Но, многу ретко можете да најдете прецизно дефиниран процес со одличен редослед на активности.

Од друга страна секој процес е различен како што и секоја идеја е различна, како и што секој претприемач е различен, како што и секој пазар и индустрија се различни…

Па, има ли процес?

Може да има, но не е сигурно дека е добар за вас. Затоа тука во следниве 7-точки ќе се обидам да го презентирам тој процес (кратко и јасно)

Ако сакаш да започнеш бизнис:

  1. Постојано набљудувајте специфична пазарна ниша и обидете се преку тоа набљудување да научите за потребите, проблемите како и вообичаените производи или алатки за решавање на тие проблеми или задоволување на тие потреби.
  2. Дојдете до иновативна бизнис идеја. Но, лесно е да се каже, сепак потешко е да се изведе. Зголемување на креативноста, дискусија, прашување на потенцијални купувачи, бреинстормирање, морфолошка матрица, вредносна анализа, пиење на пиво… Сето тоа се можни извори на бизнис идеи, што ќе користите зависи од вас.
  3. Идентификувајте ја вашата конкурентска предност во споредба со конкуренцијата. Google, социјални медиуми, статистика, весници, data mining, извештаи, списанија…
  4. Моделирајте го вашиот иден бизнис. Да, добро читате, сепак ќе ви треба бизнис модел преку кој ќе можете лесно да следите што понатаму ќе треба да направите…
  5. Тестирајте го бизнис моделот. Прашалници, анкети, состаноци, телефонско јавување, блог постови, MVP, обод за продажба… Не е важно што се ќе користите, важно е да добиете повратни информации директно од пазарот.
  6. Пивотирајте или имплементирајте го наученото од фидбекот од претходниот чекор во процесот. Промена на стратегија, мисија или визија, карактеристики и бенефити содржани во производот…
  7. Постојано набљудувајте ги, разговарајте со нив и слушајте ги вашите купувачи.
  8. Постојано повторувајте ги чекорите 6 и 7.
post

[Видео] Моќта на дремката во енергизирање на оргaнизмот

Напнатоста, стресот и заморот предизвикуваат намалување на нашата енергија, а со тоа и продуктивноста и квалитетот на завршена работа.

Но, понекогаш едноставно работата не ни дозволува да си дозволеми попладневна кратка дремка за да се реенергизираме.

Сигурно сте се почувствувале крајно заморено доколку се отспиете и станете по еден подолг период, а тоа станување ви е навистина тешко. Ништо не оди од рака извесен период.

Видеото подолу од ASAP Science објаснува како спиењето функционира преку три нивоа низ кои поминува:

  • Ниво 1: Кога се чувствувате релаксирано, но доколку се разбудите не ни забележувате дека сте заспале
  • Ниво 2: Кога мозокот целосно се исклучува од надворешноста
  • Ниво 3: Кога навлегуваме во длабок сон и потешко ни е да станеме. Кога навлезете во оваа фаза се чувствувате заморено и не сакате да станете.

Затоа попладневната дремка за вашето целосно ре-енергизирање е најдобро да биде до половина час, односно првите две фази.

Погледајте го видеото кое ни ја објаснува науката за дремката.

post

Истражување: 28% од работната недела на епошта

Досега знаев дека поминувам доста време во читање, праќање и средување на епоштата, но никогаш не сум размислувал колку тоа време влегува процентуално во севкупното работно време.

Проучувајќи голем број на системи за зголемување на продуктивноста во последниве неколку години, ми беше чудно што скоро сите тие системи го имаа инкорпорирано и процесот на читање и одговарање на епошта. Но, полека сфаќав дека и мене тие активности ми одземаат доста време, а според некои мои проценки продуктивното време од тоа време е некаде од 10-20%.

Едно истражување на McKinsey Global Institute објавено во Јули оваа година и насловено како “Социјална економија” вели дека вработените кои имаат одредена интерактивна работа (а дали денес постои неинтерактивна работа) 28% од нивната работна недела читаат и одговараат на епошта.

Ако имаме 40 часа работна недела, согласно овој процент излегува дека над 11 часа поминуваме пред нашата епошта. Можеби некој ќе каже нема шанса, но сигурно некој ќе каже и дека поминува уште повеќе време.

Истражувањето не е во однос на епошата, туку се однесува на користење на социјални технологии од страна на компании во однос на некои секојдневни активности, а посебно во делот на комуникациите, споделување на знаење и соработка низ самата организација како надополнување на вообичаените активности (поврзување со потенцијални купувачи, прибирање на информации за развој на нов производ, маркетинг и помош на купувачите).

Од друга страна, проценките на McKinsey Global Institute се дека со целосна имплементација на социјалните технологии ќе успеат да ја зголемат продуктивноста за 20-25%, додека во однос на читање и одговарање на епошта зголемувањето на продуктивноста би било од 25-30%.

За оваа цел ќе бидат потребни крупни промени во сегашните организации преку структурата, процесите, но и културата која сепак е нешто најтешко да се промени. Но, предизвикот е голем, особено поради фактот што социјалните технологии сеуште од поголем број на менаџери се разгледуваат како нешто што ја намалува, наместо да ја зголемува продуктивноста.

Сепак овие технологии само што започнаа да се појавуваат и ние само што започнуваме да навлегуваме во пронаоѓање на различни начини на нивно користење.

Во секој случај оваа анализа содржи доста корисни информации и насоки каде би можеле да се движиме во иднината барајќи соодветни подобрувања на сите организациски процеси.

post

Време е за одмор, но бизнисот продолжува

Се наоѓаме во еден период од годината кога полека се забавува, особено околу бизнисите. Тоа е време на одмори. Вработени, претприемачи и менаџери, сите имаат потреба од годишен одмор, од полнење на батерии и подготовка за следните подвизи.

Но, од еден претприемач зависат многу работи во бизнисот. Некои воопшто не можат да го остават бизнисот и да се опуштат барем десетина дена и да уживаат во одморот. Прашањето е како да се обезбедат услови за што поопуштена уживанција.

Еве некои можности кои можете да ги примените.

1. Колективен одмор

Многу успешни компании се базираат на принципот на колективен одмор, при што сите организациски членови во ист период се на одмор. Ова значи клуч на бизнисот во деновите кога сите ќе бидат на одмор.

Вообичаено во вакви услови уште пред започнување на одморот сите купувачи се исконтактирани, им е доставено онаа што ќе им биде потребно за периодот на одморот и така слободно можат сите да одат на заслужен годишен одмор.

2. Завршете ги работите и за периодот додека сте отсутни уште пред да тргнете.

Доколку пак природата на бизнисот е таква да не може да се организацира колективен одмор, тогаш во повеќето случаи претприемачот ќе мора да вложи повеќе напори да заврши одреден дел од работата пред да замине на домор. Тоа се вообичаено активности кои не можат да се завршат од страна на други.

Во еден таков случај ќе дојде до преклопување на тековни работни задачи со задачи кои во нормални услови би биле распоредени во периодот на одморот. Затоа ќе биде важно да бидете успешни во начинот на менаџирање и организирање на вашето време.

3. Користете технологија

Како уште една алтернатива која може да се користи доколку природата на бизнисот ви го дозволува тоа е да користите технологија и со помош на виртуелниот свет да го менаџирате вашиот бизнис од далечина.

Иако, оваа алтернатива не обезбедува соодветен одмор, сепак може да биде корисна за повеќето претприемачи кои би требало да одвојат по неколку часа дневно и додека се на одмор за да обезбедат соодветна функционалност на бизнисот и без нив.

4. Делегирајте

И секако, доколку сакате да уживате во целост, потребно е да имате соодветен систем на делегирање со што некој ќе може да ве замени и да ги завршува задачите наместо вас.

Сепак делегирање ќе бара вложување на напор многу повеќе отколку само во период на домор. Делегирањето треба да се потпре на стабилни бизнис системи, доколку сакате да ви помогне и да ве ослободи од некои обврски.

post

Оценка и контрола на меѓународна стратегија

Оценувањето и контролата на меѓународната стратегија се последни фази во процесот на реализирање на меѓународниот менаџмент.

Исто како кај домашните така и кај меѓународните компании, доколку контролата не е адекватна се јавуваат различни проблеми во работењето. Контролата во транснационална компанија зависи од добиените податоци и информации.

Проблемите поради растојанието, јазикот, неизедначениот кадровски потенцијал, како и постоењето на други проблеми, значително ги зголемуваат потешкотиите за обезбедување на точни информации. Начините за надминување на овие проблеми се преку поставување на исти стандарди во работењето за секоја филијала, без оглед на тоа во која земја се наоѓа.

Менаџерите можат да формираат стандарди за продажбата, за трошоците, за производството, за квалитетот, за профитабилноста и врз база на овие стандарди успешно да ја изведуваат контролната функција. Утврдените девијации кои произлегуваат од споредбата помеѓу остварените резултати и предвидените, треба да бидат испитувани и да бидат утврдени причините за таквите отстапувања.

Доколку девијациите се надвор од поставените граници треба да се преземе корективна акција. Оваа стратегија има и свои противници, бидејќи ваквиот начин на контрола ја намалува самостојноста во работењето и одлучување во филијалите, па постои опасност поради постоење на специфичностите на секој пазар, да се занемари некој потег, кој може да биде клучен за работењето на филијалата во таа земја.

Има компании кои се успешни во работењето со централистичкиот начин на работење, но има и компании што се успешни и со демократскиот начин на работење. Врз основа на овие заклучоци, сметаме дека успешноста на компаниите зависи од способноста на вработениот кадровски потенцијал, како и од тоа со што компанијата работи. Недозволено би било McDonalds да работи секаде различно, но има и компании на кои не им пречи различноста во работењето помеѓу различни филијали.

Поставувањето на камери, праќањето на контроли, споредувањето со резултатите кои ги постигнува конкуренцијата, барањето на детални извештаи и слично, овозможува остварување на зголемена контрола помеѓу планираното и оствареното, а со тоа и до постигнување на подобри деловни резултати.

post

10 едноставни чекори да станете попродуктивни уште денес

Mожемe да го имаме најдобриот софтвер за менаџирање со задачите и најдобрите системи за продуктивност, но повторно, нашите напори да бидеме попродуктивни нема да ги дадат резултатите што ги очекувавме.

Што е проблемот?

Од моето лично искуство, најголемиот предизвик да се биде попродуктивен е вежбање. Што значи вежбањето за вас? Мислам на тоа да земете еден систем кој ќе го приспособите за себе и да почнете со завршување на работите. Сепак, тоа не значи дека автоматски ќе станете попродуктивен, тоа значи дека го започнувате процесот на вашето лично подобрување.

Не можете да најдете нешто што ќе ги прави овие вежби и подобрувања наместо вас. Вие сте одговорни за зголемувањето на вашата сопствена продуктивност.

Еве 10 едноставни чекори кои можат да ви помогнат во вежбањето за да станете попродуктивни.

Продолжи…

post

Како да дознаете што е она што го правите погрешно?

Никој не може да каже дека е 100% без грешки. Претприемачите како и сите други живи организми нормално е и да грешат.

Но, она што е важно е да се биде свесен за грешката како би можела да се поправи и извлече одреден заклучок во форма на знаење.

Значи првиот чекор во зголемување на потенцијалната енергија на претприемачот и бизнисот воопшто претставува дознавање дека е направена грешка.

Како да дознаеме кога сме направиле грешка?

Понекогаш мислиме дека тоа е најисправното. Понекогаш не сме ни свесни дека грешиме. Понекогаш дури и свесно не сакаме да ги погазиме сопствените чекори кои се погрешни.

Подолу се некои можности кои може да ви помогнат за да дознаете што е она што го правите погрешно.

Продолжи…