post

Лична продажба како метода и функција

Продажба Личната продажба подразбира остварување на директен контакт помеѓу продавачот и потенцијалниот купувач, со цел да се запознае купувачот со производот кој се нуди и да се оствари купување.

Личната продажба се темели врз база на усна презентација, а продавачот треба да е добро подготвен.

Продавачот треба исклучително добро да ги познава техничките карактеристики на производот, како и да биде добар оратор, да поседува способности за убедување на купувачите за да се оствари продажбата.

За да се реализира личната продажба, потребно е да се изврши добра подготовка која опфаќа:

  • дефинирање на потенцијалните купувачи,
  • планирање на нивното повикување,
  • организирање на продажната презентација,
  • размена на мислења со купувачите,
  • преговарање за продажбата и
  • финиширање на преговорите со продажба.

Големината и карактеристиките на одреден пазар, можат значително да помогнат при утврдувањето на начините за употреба на личната продажба, како елементи од промотивниот микс на компанијата. Кога бројот на купувачите е голем, а паричната вредност на купената стока е релативно мала, тогаш личната продажба не е пожелна.

Трошоците за организирање на личната продажба, може значително да ги надминат трошоците кои би биле потребни за рекламирање преку медиумите. Личната продажба се користи како главен инструмент на промотивниот микс тогаш кога ќе се процени дека потребите и желбите на купувачот можат најдобро да се задоволат на овој начин.

Се применува најчесто кај скапи производи, бидејќи висината на остварениот профит овозможува покривање на зголемените трошоци, кои реално се создаваат при овој начин на продажбата.

Продавачите кои вршат лична продажба мора да го подготват теренот за продажба.

Потребно е да се формира листа на потенцијални купувачи. Треба да се настојува од постојните купувачи да се дознае за заинтересирани нови купувачи, кои се во можност истите и да ги платат.

При правењето на списоците на потенцијалните купувачи, може да се користат информации добиени од различни извори, како што се: банки, други трговци, добавувачи, менаџери на други компании.

Потенцијалните купувачи кои не се во можност да платат, потребно е да се елиминираат од евиденцијата.

Преговарањето при продажбата, треба да се води со лица кои се за тоа овластени или со оние на кои производот им е потребен.

Преговарањето, како најделикатна фаза на личната продажба, се базира врз неколку техники на продажба.

Една од техниките е “јак притисок“, каде што се преувеличува вредноста на сопствениот производ, а интензивно се критикува производот на конкуренцијата. При тоа се нудат големи попусти и привилегии, кои имаат за цел да го стимулираат купувачот, за да се реализира купувањето.

Друга техника е “решавање на проблемите“ на купувачите, каде се инсистира на конкретната корист која потенцијалниот купувач може да ја има со купување на одредениот производ/услугата. При што, најчесто на лице место се презентираат можностите на производот, начинот на работа, одржувањето и слично. При тоа се потенцираат гарантните услови, можноста производот да се замени, а се инсистира и на прикажување на силните сервисни мрежи, односно се потенцираат сите позитивни можности, со цел да се задржи вниманието на купувачот, да се заинтересира за производот, за на крајот да се реализира продажбата.

Заклучувањето на договорот за продажба, претставува индикатор за успешноста на личната продажба и ги дели успешните продавачи од неуспешните.

Продавачот треба да почувствува одредени сигнали кои доаѓаат од купувачот (неговото однесување, изјави, забелешки, сугестии) и врз база на тоа да го утврди психолошкиот момент, кога да го заклучи договорот за продажба.

Голем број на однесувања и потребни карактеристики на продавачот можат да се научат, но секако дека тоа научено знаење, потврдено низ искуството и праксата, ќе создаде успешен продавач. Таквиот продавач, ќе биде во состојба да се снајде во различни ситуации, при контакт со различни купувачи, како и при продажбата на различни производи или услуги.

post

Рекламирање во меѓународни услови

Маркетинг Глобалното рекламирање и создавањето на глобални купувачи е многу значајно за успех на некој производ, а со тоа и на компанијата.

Целта на меѓународното рекламирање е со помош на средствата за масовна комуникација да се дојде до одредена целна група и да се проследат информациите за производот и за компанијата. Врз база на тие информации, купувачот го вреднува производот и компанијата и формира одреден став како за производот така и за компанијата и сопствениците на компанијата. За разлика од личната продажба, рекламирањето не подразбира директен контакт со купувачот, а за разлика од публицитетот, рекламата се плаќа. Доколку се определи за овој инструмент менаџерот мора да испланира рекламна кампања.

Врз база на спроведени истражувања, компанијата дефинира што да и се презентира на целната група, на потенцијалните купувачи. Менаџерот може да управува со кампањата преку:

  • Индентификација на целните аудиториуми
  • Дефинирање на јасните, реални и мерливи цели на рекламирањето
  • Избирање на пораката
  • Избирање на медиуми
  • Определување на буџетот кој треба да ги покрие трошоците за рекламирањето
  • Контрола и оценки за ефектите од рекламирањето

Кога менаџерите ќе ги определат целните аудиториуми, како и она што со својата реклама сакаат да им порачаат на купувачите, следниот чекор е утврдување на медиумската стратегија и тактика.

За таа цел треба да се знаат предностите и недостатоците на одделни медиуми. Најчесто еден медиум не е во состојба да покрие цел пазар. Поради тоа најдобро е да се направи медиумски микс, односно комбинација на различни медиуми (месечни, неделни, дневни и локални весници, тв, радио, директна пошта, патокази, надворешни знаци, жолт печат, туристички публикации и водичи, телефонски именици, транспорт, рекламни паноа, театарски програми, интернет) со чија помош пораката ќе се пренесе до целната група.

Терминирањето на рекламата (во текот на денот, во одреден час, во тек на викендот), како и траењето, мора да овозможи целната група во одредено време да је прими пораката.

Рекламирањето носи одредени трошоци, кои можат битно да влијаат врз изборот на соодветна рекламна стратегија.

Менаџерот треба да има алтернативна варијанта на медиум миксот, која ќе му овозможи повеќе можности за реализирање на поставените цели.

Оптимална варијанта за менаџерот е онаа со која тој, користејќи најмали финансиски средства, е во состојба да постигне најголеми резултати. Во тој контекст е и оценката, како и контролата на постигнатите резултати во рекламната кампања и тоа е финалниот чекор во процесот на нејзиното управување.

Доколку компанијата е задоволна од ефектите на рекламирањето, може да продолжи и понатаму со истото рекламирање, а доколку остварените резултати се незадоволителни, потребно е да се направи анализа дали е проблемот во лошо осмислената рекламна порака или е лошо одбран медиумот, како и можноста за лош тајминг за рекламирањето.

Кога ќе се утврди во што е проблемот, при работењето се постапува кон исправување на тие грешки. Одредени рекламни пораки во една земја можат да доживеат успех, а во друга не. Тоа може да се должи на различни културни вредности и потреби. За рекламирање на глобално ниво многу големо значење имаат: спортски настани, популарни интернет сајтови, популарни глумци, популарни пејачи… Се позначаен медиум за рекламирање претставува интернетот, бидејќи е нецензуриран (барем сеуште или пак помалку цензуриран) и не подлегнува на определени ограничувања.

post

Маркетинг план: Кои се очекуваните резултати од активностите?

Маркетинг план Полека, но сигурно стигнавме и до последното прашање на кое треба да даде одговор еден маркетинг план. Тоа прашање се однесува на резултатите. Прашање кое иако претставува тактичко прашање сепак има дел и од стратешкото во себе.

Оваа прашање има за цел да даде вовед во повторување на целиот процес. Оваа прашање има за цел да овозможи мерење на резултатите од процесот.

Ништо не е идеално. Се може да се подобри. Не смееш да се вљубиш во твојот план, не смееш да се вљубиш во актуелниот процес кој штотуку си го дизајнирал. Доколку те обземе љубовта, паѓаш. Губиш. Нема спас. Мора постојано да го подобруваш процесот. Мора постојано да мислиш на подобрување дури и да си најзадоволен со тековните резултати.

Ти си претприемач, и најзадоволен си не кога постигнуваш резултати, туку кога можеш да подобриш нешто. Кога сите гледаат успех, ти гледаш можност за поголем успех. Како и во се останато кога станува збор за бизнисот, истото се однесува и на маркетингот. Затоа овој твој план, всушност претставува план за континуирано подобрување. Затоа, ако добро си го разбрал серијалот, ова не е еден темплејт, не е Х чекори за успех или Х чекори за изработка на маркетинг план. Ова е еден процес за континуирано подобрување. Дали ќе го следиш, останува на тебе.

Веќе ги имаш дизајнирано тактиките, односно активностите кои треба да ги постигнеш, а следното е да знаеш како сека активност ќе даде доприност во исполнување на целите (првото прашање на кое одговори во овој маркетинг план).

Ако однапред не го знаеш посакуваниот резултат, нема да знаеш ниту како да го подобриш, ниту дали си постигнал успех, ниту кои се причините за успехот или неуспехот.

Едноставно, твојот маркетинг план со додавање на очекуваните резултати од секоја активност претставува основа за мерење на севкупниот процес. Сакаш 1000 нови лајкови на Facebook страна, си реализирал 900, дали тоа е успех или неуспех. Зошто е неуспех, ако е неуспех? Која е причината за тој неуспех? Зошто се случило такво нешто? Дали нешто е лошо испланирано? Може ли да се подобри во наредниот циклус?

Тоа се прашањата на кои ќе бараш одговор и чии одговори ќе ги имплементираш во следниот циклус на планирање.

Останатите постови од овој серијал за маркетинг план:

post

Фактори кои непосредно влијаат врз купувачите

Постојат различни фактори кои влијаат врз определбата на купувачите за тоа што ќе купуваат.

Купувачките навики во голема мерка се формираат под семејно влијание, под влиание на влијателните групи, како и од социјалната положба на која му припаѓа одредена личност.

#1 Влијание на влијателните групи

Купувачките навики често се под притисок на влијателните групи.

Припадноста кон одредени општествени групи, определува што поединецот ќе купува. Предводниците се следат во купувањето, од една страна за да се обезбеди одреден статус, а од друга страна за да се намали ризикот, бидејќи производот некој го користел и за него дава одредени препораки.

Влијателните групи обезбедуваат одреден стандард во изборот на гардеробата, цигарите, автомобилите, списанијата… Одредена индивидуа може да припаѓа или да не припаѓа во одредена влијателна група, но сепак да биде под влијание на нејзините обичаи и социјални вредности.

#2 Влијание на социјалниот слој

Купувачките навики се под влијание на социјалната класа на која и припаѓа потрошувачот.

Истражувањата на W.Lioyd и Pierre Martineau во Чикаго, покажале дека постојат шест социјални класи дадени во табелата. Класификацијата на социјалните класи може да биде многу важна при одбирањето на сегментот од пазарот. Ќе треба да се користат различни начини, односно медиуми за комуницирање со клиентите од различни социјални класи.

Во табелата е даден приказ на социјалните класи и нивното влијание врз купувањето на определени производи (Kuriloff A. H.; J.M.Hemphill,Jr; D.Cloud: Starting and Managing the Small Business; Third Edition; Mc Graw-Hill.N.Y.;1993, стр. 84-85).

Социјална класа КарактеристикиКупувачко однесување% на партиципација
Висока горнаСоцијално истакнати, со наследено богатство, членови на елитни клубови, децата посетуваат приватни училишта и врвни факултети, сигурна социјална позиција во општеството, поради сигурноста на социјалната позиција можат да скршнуваат од социјални норми повеќе од дргите класиГи трошат парите како да се неважни, но не расфрлувајќи се’, конзервативна гардероба, големи и раскошни куќи, послуга0,5
Ниска горнаЛуѓе кои ја заработиа својата социјална позиција; претседатели на корпорации, успешни претприемачи, бизнисмени; во потрага се по висока социјална оценка и угледУпотреба на забележителни производи кои симболизираат успех и благосостојба, базени, јахти, гардероба од познати имиња и слично2,5
Висока среднаЛуѓе со мотивација концентрирани на кариера, сопственици на компании со средна големина, луѓе со грациозен стил на животУпотреба на квалитетни производи, во тек се со модата, употребуваат забележителни производи поради квалитетот, а не за да се истакнат со нив12
Ниска среднаСоцијална класа која го почитува законот и вредно заработува. Најчести занимања се од типот на нераководни канцелариски занимања. Овие луѓе постојано се стремат доследно да ги завршат своите работни задачиОсновна опсесија им е домот. Купуваат стандардна домашна опрема и прехрамбени продукти. Читат списанија и ги користат информации од нив30
Висока долна"Работничка класа" со рутински начин на живеење. Инертни кон промени, слаби социјални контакти надвор од дома, одморите ги користат за посета на родниниЖивеат во одбивни делови на градот во мали куќи. Импулсивни купувачи на нови производи35

#3 Демографските фактори

Демографски фактори помагаат во одредување на карактеристиките на купувачите: старост, пол, етничка припадност, семејна состојба, социјален статус, приходи и слично.

Од овие информации може да се изгради опис на типичниот купувач кој треба да се привлече. Потоа, ќе треба да се открие колку од овие потенцијални купувачи живееат во областа која е дефинирана како можен сегмент од пазарот.

Семејството влијае на ставовите на децата во врска со купувањето на одредените производи. Но и децата влијаат на ставовите на возрасните, особено во тинејџерските години, кога промовираат користење на одредени технички апарати, како: мобилни телефони, компјутери, интернет.

Демографските фактори кои исклучително ги интересират маркетинг експертите се: бројот на луѓето, нивните миграции, половата и старосната структура, структурата на домаќинствата, националната, верската, расната припадност, бројот на жените, децата и возрасните, наталитетот, морталитетот, бројот на луѓето што живеат на село и во град, нивната миграција во насока од село кон град и слично. Овие фактори влијаат на побарувањето на одредените производи, односно претставуваат потенцијален пазар.

Поради експлозијата на бројот на населението, миграцијата е честа појава и мора да се анализира. Миграцијата може да биде во насока: село град, град-град, држава-држава. Но, може да биде и град-село, таа појава е сега кај нас присутна, бидејќи голем број луѓе се останати без вработување поради затварање на фабриките, како и поради проблемот да се обезбеди стамбен простор, бидејќи има семејства каде три генерации живеат во еден стан. Моментално во одредени села има големи необработени површини и напуштени куќи, па најчесто постарата генерација почнува да се враќа во селата, обновувајќи ги своите стари или купувајќи нови куќи и имоти.

Структурата на домаќинствата игра значајна улога во маркетингот.

Бидејќи различно купуват самци, различно брачни парови без деца, различно брачни парови со едно или повеќе деца, различно е кога тие уште живеат со баби и дедовци. Различни се и приходите кои ги остваруваат тие семејства, бидејќи можат да живеат од социјалната помош, може да работи еден или повеќе членови на семејството, а може и нивните приходи да бидат појачани со пензиите, што ги остваруваат постарите членови на семејството.

Половите се разликуваат во купувањето. Бидејќи се зголемува бројот на вработените жени, се зголемува и продажбата на производите и услугите кои тие ги користат.

Етничката, верската, расната припадност и односите помеѓу овие заедници, влијае дали одредениот производ ќе се троши од страна на другите припадници.

Различната старосна структура условува користење на различни производи. Редослед на користење на производите се: прво бебешка храна, потоа играчки, спортска опрема, понатаму школување и мода, техничката опрема, кола и куќа, туристички патувања, лекови и болници и старечки домови и на крајот погребни услуги.

post

Маркетинг план: Кој ќе биде одговорен за имплементација на активностите?

Менаџмент Да продолжиме со седмото, односно претпоследното прашање на кое еден маркетинг план треба да даде одговор кое исто така е од делот на тактички прашања кога станува збор за маркетингот.

Веќе знаеш што треба да постогнеш. Знаеш кого треба да привлечеш со твоите маркетинг активности. Ја имаш дизајнирано инката и она што ќе користиш во секоја фаза. Знаеш колку пари треба да потрошиш или пак можеш да потрошиш. Имаш и маркетинг план кој ти кажува до кога треба секоја тактика да се имплементира. Сега е време за одговорностите. Односно, кој ќе треба да биде вклучен во имплементацијата и кој ќе биде одговорен за секој дел од имплементацијата.

Одговорност е да се знае кој треба да направи нешто. Но, одговорност е да се знае и кои се последиците од правење на тоа нешто или не правење на тоа нешто. Одговорност е и да се знае што значи кога правилно се направилот тоа нешто, а што значи кога неправилно се направило тоа нешто. Одговорност е да се знаат и следните чекори доколку тоа нешто не е исправно направено.

Одговорноста има клучна улога во еден маркетинг план и неговата имплементација.

Одговорноста ја трансферира визијата на хартија (она што досега го имаш направено) во нешто опипливо и врзано за човек. Одговорноста го оживува еден маркетинг план. Таа се врзува за име и презиме. Таа претставува 50% гаранција дека она што се планира и ќе се реализира.

Но, кој ќе биде одговорен?

Прв си ти, претприемачот

Да, првата и најголемата одговорност е твојата. Тука нема бегање, нема оправдување, нема никакви изреки… Неуспехот на имплементацијата, е твој неуспех, неуспех на твојот бизнис.

Можеби ти си и единстевниот одговорен, доколку си мал бизнис, од еден човек. Но, и да имаш повеќе луѓе вработени, стратешката одговорност е кај тебе. Ти си претприемач, ти си тој кој треба да ја менаџира имплементацијата.

Доколку е потребна 100% одговорност за 100% имплементација на се онака како што е замислено, ти како еден претприемач имаш 70% одговорност.

Зошто 70%?

Затоа што визијата е твоја, погрешна визија било кој да је имплементира нема да може да даде резултати. Затоа што целните купувачи ти ги дефинираш, ти ја дизајнираш инката…

Затоа што без тебе имплементацијата е невозможна, дури и да ја споделиш одговорноста за имплементација. Мора да објасниш, да контролираш, да управуваш, да подобруваш…

Започни со дизајн на твоите одговорности.

Твоите соработници

Доколку не си сам во сево ова, одговорноста ќе биде и на твоите соработници, оние кои на некаков начин директно ќе се вклучат во процесот. Но, како што забележавме погоре, таа одговорност е само 30%.

Доколку и таа одговорност не ја распределиш на вистинскиот начин, повторно успехот на имплементацијата нема да биде ни блиску до твојот видик.

Сите се различни. Некој е подобар од другите во нешто, додека послаб во нешто друго. Ти како еден претприемач мора да знаеш кој за која задача е најдобар. Што е најоптимално?

Затоа, размисли два пати пред да донесеш одлука за тоа како да ги распределиш одговорностите.

Сега може да ги наредиш коцките онака како што треба да бидат наредени. Тоа значи дека нападот може да започне. Патот кон победата е трасиран и треба да се изоди.

Може да започнеш, иако останува уште едно прашање.

Останатите постови од овој серијал за маркетинг план:

post

Промоција во функција на меѓународниот маркетинг

 

Промотивните активности претставуваат еден од најсилните инструменти на маркетинг миксот, во чија основа се наоѓа комуникацијата со купувачите, односно промоцијата е начин на комуникација помеѓу компанијата и купувачите.

Целтa на промоцијата е подобро запознавање и информирање на потенцијалните купувачи за постоење на одреден производ, неговите квалитети, а индиректно и со самата компанија.

Компаниите сметаат дека купувачите нема да купуваат производи или да користат услуги кои им се помалку потребни, па задача на промоцијата е да го убеди купувачот да го купи производот или да ја користи услугата. Компанијата мора да води сметка за квалитетна промоција на своите производи/услуги, како и за промоција на самата компанија, нејзините технолошки и морални вредности.

Со промоцијата се информира, објаснува и се убедуваат купувачите да користат одреден производ или услуга. Се смета дека 80% луѓе купуваат или не купуваат одреден производ/услуга, како резултат на одредена препорака.

За таа цел компанијата ангажира истакнати поединци, спортисти, актери… кои даваат препораки или користат одредени производи.

За да се реализираат овие активности потребно е да се определат финансии, како и целите кои треба да се постигнат преку промоцијата и да се оформи буџет за реализирање на промоцијата. Овие инвестиции треба да се анализираат како по прашање на нивниот износ, рокот на враќање на средствата, очекуваните финансиски ефекти и потенцијалните ризици.

Одделни компании водат сметка и за интересите на купувачите и по купувањето, но има компании кои не се заинтересирани за интересите на купувачите по извршено купување, туку ги интересира само моменталното остварување на продажбата.

Таквото однесување може да зависи од политиката која се развива во една компанија, а зависи и од производот кој се купува.

На пример: Оние што продаваат скапи правосмукалки, чии цени изнесуваат неколку илјади евра, најчесто ги продаваат на средновечни луѓе. Многу тешко е веројатно во нашите услови да се продаде на истиот купувач два пати таков производ. Па продавачите се насочени на агресивен начин да извршат продажба, претерано нагласувајки ги одредените користи и карактеристики на производот. Доколку се создаде негативна слика за таа компанија, по определен период компанијата има можност да се пререгистрира и да промени име или може да преземе некоја слична трик акција и продажбата е повторно лесна. Ова се краткорочни, дури и криминални активности, но во пракса можат да се пронајдат. Оние што сакаат сериозно да работат недозволено е да не се интересираат за интересите на купувачите, бидејќи секоја измама ќе исплива на површина и не може долго да се крие. Секоја добра и квалитетна пропаганда може значително да ја зголеми продажбата, па секоја компанија врз база на своите искуства определува одреден % од приходот кој оди во реклами.

Менаџерите имаат можност да користат четири инструменти на промотивниот микс:

  • рекламирање, 
  • лична продажба, 
  • публицитет и 
  • промотивна продажба.

Менаџерот ги користи сите четири инструменти за остварување на промотивни цели, при тоа давајќи им различно значење на одделни инструменти.

Пример: Компанијата која се занимава со продажба на опрема, многу повеќе внимание посветува на личната продажба отколку на рекламирање или публицитет. Спротивно на тоа, произведувачите на потрошните добра поголемо внимание посветуваат на реклама и на промотивна продажба. Рекламата има поголем аудиториум, но личната продажба овозможува директна размена на мислења со купувачите (евентуални забелешки, прашања и сл.). Запознавањето на купувачите со техничките карактеристики на производот, како и начините на примена на одреден производ, многу поефикасно се врши со лична продажба отколку со реклама.

Постојат неколку стратегии за остварување на овие цели:

Стратегија: Промена на организацијата на продажбата.

  • Тактика: Зајакнување на организацијата на продажбата.
  • Тактика: Реорганизацијата на продажбата во одделни региони. 
  • Тактика: Вработување на дополнителен персонал во продажбата.
  • Тактика: Концентрирање на најпрофитабилните производи.

Стратегија: Промена на начинот на реклама и промоција.

  • Тактика: Засилување на рекламата за производот на одделни пазари.
  • Тактика: Креирање нови промотивни кампови.
  • Тактика: Промена на методите на промоција.
post

Бизнис план – Мерење на резултати

Бизнис план претставува жива материја. Тој не служи за да се каже дека имате бизнис план и кој ви стои во фиока или на полица и фаќа прашина. Бизнис планот не е непроменлив.

Запомнете светот на бизнисот е променлив свет, па така и вашиот бизнис е променлив, па затоа и вашиот бизнис план е променлив.

Претприемачите се луѓе кои се секогаш полни со идеи. Идеите се тие кои го водат бизнисот напред. Тие идеи можеби не сте ги имале кога сте го подготвувале бизнис планот. А, сите ваши анализи покажуваат дека имплементацијата на идеите ќе го зголеми вашиот успех. Затоа ќе мора да ги внесете во вашиот план, да извршите прилагодување на истиот.

Ниеден бизнис план не е 100% точен и вистинит бидејќи тој во голем дел се базира на историски податоци, анализи и проценки за иднината. Грешките се можни и оправдани.

Затоа мора да се споредуваат планираните и остварените бројки. Да се бара најголемата разлика. Да се бараат причините за таквата разлика кои би се имплементирале во следниот циклус на планирање. Само на ваков начин ќе се обезбеди континуирано подобрување не само на процесот на планирање во вашето претпријатие туку и на севкупните бизнис процеси.

Но што е тоа што треба да се споредува во бизнис планот? Еве некои споредбени точки на кои треба да обрнете внимание:

  • Дали минатата година ги исполнив целите кои си ги постави во бизнис планот? Дали тековната работа води кон исполнување на поставените цели? Ова е значајно бидејќи доколку целите не ги исполнувате ќе мора да менувате нешто во самиот процес на работата.
  • Дали имате воведено нови производи кои не се опфатени со Вашиот бизнис план? Дали споредбата на Вашите производи во однос на конкурентните е иста како во бизнис планот? Дали имате планови за идни производи кои не сте ги опфатиле со бизнис планот? Производите и/или услугите се тие кои ви носат финансии во вашиот бизнис. Нивното постојано следење е многу важно.
  • Дали пазарните движења се онака како што прикажува Вашата анализа на пазарот во бизнис планот? Движењата на пазарот се основа за многу одлуки во однос на Вашето работење. Мора да го следите пазарот доколку сакате да останете на него. Инаку, ќе ве отфрли.
  • Дали има крупни промени во индустријата кои не се предвидени во анализата на индустријата во Вашиот бизнис план? Секоја индустрија има посебни карактеристики и движења. На пример, за IT индустријата карактеристика се големи и брзи промени. За да се биде во тренд и во склад со пазарот мора да се следат движењата во индустријата во која се наоѓате.
  • Имате ли некои промени во Вашата маркетинг стратегија која е опишана во бизнис планот? Како се движат Вашите цени, промоцијата и дистрибуцијата? Вашиот маркетинг, цените, промотивниот материјал и начинот на дистрибуција се променлива категорија. И треба да бидат променливи. Но, какво влијание ќе имаат на продажба, на процесот на работењето, на менаџментот ќе влијае и на планирањето.
  • Дали продажбата се движи како во проекциите во планот? Ова е најважна контролна точка со бизнис планот. Од Вашата продажба ќе зависи и рентабилноста, и готовинскиот тек, и видот на маркетингот, вработување… Сето ова се важни елементи на кои се базира Вашиот бизнис план.
  • Има ли промени во однос на маркетинг планот?
  • Дали организациската структура е онаква како што е наведена во планот? Дали работите со истиот менаџерски тим како во планот? Променети ли се плановите за вработување на персонал?
  • Каква е вашата реална рентабилност во однос на планираната?
  • Дали вашата добивка или загуба е во согласност на планот? Продолжувате со ист начин на работа или не?
  • Дали готовинскиот тек се движи како што е опфатено во планот?
  • Дали вашите јаки и слаби страни, како и можности и закани се исти како во планот? Има ли промена во нивното влијание на вашето работење?

Ова се основните елементи кои во текот на годината треба:

  1. да се контролираат,
  2. да се споредуваат со планот,
  3. да се утврдат причините за таквата разлика
  4. да се решаваат сите проблеми преку отстранување на негативните разлики (несиполнувањата на планот)

На сликата подолу е даден дијаграм на текот на активностите при мерење на резултатите и споредбата на оствареното со планираното.

Бизнис план - дијаграм на мерење на резултати

post

Маркетинг план: До кога треба да се спроведат активностите?

Маркетинг календар Продолжуваме со шестото прашање на кое треба да даде одговор еден маркетинг план. Станува збор за рокови на завршување на планираните активности, односно тактики.

И ова е тактичко прашање или едноставно процедура која ќе служи за подобрување на севкупните напори кога станува збор за маркетингот.

Сега кога веќе знаеш што се треба да имплементираш, знаеш колку пари имаш на располагање и сето тоа е добро усогласено заради максимизирање на резултатите, ќе треба да направиш еден план за имплементација на тие активности или тактики.

За ваквите потреби се користи маркетинг календар.

Нема да навлегувам во детали за опишување на изработка на маркетинг календар бидејќи досега беше опфатен во повеќе наврати тука на претприемач, па затоа ќе ги наведам линковите на кои ќе можете да прочитате повеќе за тоа како да подготвите маркетинг календар:

Тука само ќе се обидеме да дефинираме еден процес или чекори за имплементација заради изработка на овој календар:

  • Извлечи ги сите активности за сите персони кои ги наведе на скиците на маркетинг инката
  • Пополни ги во табелата која ќе ти служи како маркетинг календар (или користи го темплејтот кој го обезбедивме)
  • Размисли за целиот процес на инката и времетраење на истото како и можните циклуси на тактиките кои ќе ги имплементираш
  • Определи време кога ќе почне и кога ќе заврши секоја тактика
  • Тактиките кои ќе бидат постојани ќе имаат ознака “континуирано”
  • Внеси го идеалниот купувач во втората колона
  • Внеси го буџетот кој ти стои на располагање во третата колона (претходното прашање)
  • Може да ја внесеш и фазата од инката за која се однесува (ова го нема во темплејтот, но може да биде од помош)
  • Внеси ги целите кои треба да ги постигнеш со секоја тактика
  • Подготви колона за резултати од имплементација

Забележувате дека еден ваков календар ќе има повеќе функции. Првата е да обезбеди имплементација на се што е испланирано. И втората е да обезбеди доволно информации заради мерење на резултатите и подобрувања на целиот процес во иднина.

Останатите постови од овој серијал за маркетинг план:

post

Маркетинг план: Буџет

Да продолжиме со петото прашање на кое ќе треба да даде одговор еден маркетинг план, за да се обезбеди перфекционизам во функционирањето на маркетинг процесите. Станува збор за буџетот или колку пари ќе имаме на располагање за трошење заради исполнување на целите, односно она што го одговоривме во првото прашање.

И оваа прашање како и претходното спаѓа во групата на тактички прашања. Стратешки прашања беа првите три, односно:

  • Што треба да постигнеме?
  • Кого треба да привлечеме?
  • Како да ја дизајнираме маркетинг инката?

Сите останати прашања спаѓаат во групата на тактички прашања кога станува збор за еден маркетинг процес во еден мал бизнис.

Пари, пари, пари… Секогаш се чини дека се најважни, најпотребни и најнедостапни. Но, тоа и предизвикува многу грешки за сопствениците на малите бизниси.

Освен грешката која ја напоменав во претходното прашање за активности или тактики кое се наметнува како прво, голем број на грешки се и започнување со прашањето за буџетот и потоа врз основа на тој одговор да се определат активностите и тактиките без претходно да се постават целите, дефинираат идеалните купувачи или дизајнира маркетинг инката.

Во таков случај резултатите се никакви или едноставно не се на онаа посакувано ниво за еден претприемач.

Она што е важно до сега е дека ти веќе имаш изградено модели, односно макети на твојот маркетинг процес со кои ќе можеш да си играш игра на стратегии. Во исто време, ќе можеш да го прилагодуваш буџетот и да го видиш неговото влијание врз резултатите.

Понекогаш буџетот може да одигра и ограничувачка улога, особено ако ние дозволиме тоа да се случи. А, дозволуваме ако започнеме со определување на буџетот како прво нешто во планирање на маркетинг процесите. На пример, 5% од приходот од минатата година. Ваквото определување на буџетот не ми се допаѓа бидејќи во целост се потпира на нешто поминато, а ние спремаме план за во иднина. Нема логика.

Проблемот е што влијанието на различни маркетинг агенции играат клучна улога во оформување на твојот буџет. Но, сите се различни и сите советуваат преку сопствено стојалиште на видеување каде доминира личниот интерес. Ако контактирате со видео продукциска куќа таа ќе има сопствено видување дека треба да имаш определен буџет за видео реклами. Ако разговарате со некоја радио станица ќе добиете сосема поразличен пристап. Интернет маркетинг агенција пак ќе ви даде едно сосема поинакво видување. Затоа и овој пристап не е прифатлив за еден мал бизнис.

Најдобро е да започнеш од она што досега го имаш подготвено во овој маркетинг план, односно поточно од идеалниот купувач. Твојот маркетинг план врз основа на еден систематски пристап веќе содржи:

  • што треба да се постигне, во форма на тоа колку купувачи треба да генерираме,
  • детален опис на идеалните купувачи и
  • развиена маркетинг инка.

Ајде да дефинираме еден процес кој би можел да го примениш.

#1 Вредноста на твојот идеален купувач

Наместо да користиш податоци од минатата година, започни со вреднување на твојот идеален купувач. Колку вреди еден твој идеален купувач кој ќе помине низ инката до крајот? Колку пари во иднина, не само за една година току во однос на целиот животен век ќе донесе тој еден идеален купувач во твојот бизнис?

Нема да навлегуваме сега во формули, бидејќи различен бизнис ќе има различна вредност на идеален купувач, но она на што треба да внимаваш е да дојдеш до некоја просечна сума на пари која твојот бизнис ќе ја заработи од тој еден идеален купувач. Забележете дека користам термин заработи, тоа е износот кој ќе претставува профит за твојот бизнис и од кој ќе можеш да користиш за генерирање на уште повеќе купувачи.

Ако има потреба, а ќе има, истото треба да го направиш за сите дефинирани персони на идеални купувачи.

#2 Определи ја вредноста за целиот процес на инката

Сега кога веќе знаеш колку твојот бизнис ќе заработи доколку тој купувач стигне до крајот на маркетинг инката, лесно ќе можеш да размислиш за делот кој сакаш да го издвоиш за генерирање на еден таков купувач. На пример, ако тој купувач доколку животен век на купување во твојот бизнис е 5 години ти заработи 100.000 денари веќе имаш слика за тоа колку сакаш да остане за твојот бизнис, а колку би можел да генерираш за привлекување и процес на влечење во маркетинг инката на нови идеални купувачи.

Може да одиш и во претпоставки дека во просек тоа се по 20.000 денари годишно, иако различен бизнис различно ќе го распределува тој износ по години на пример некои бизниси најмногу ќе генерираат во петата година а помалку во првата. Ова е резултат на самата маркетинг инка, бидејќи можеби кога повторно купува купува повеќе или пак кога е во фазата на препорачува купува во најголем износ поради фактот на високата доверба која ја има кон бизнисот.

Од друга страна, секоја фаза ќе бара различен износ на пари. Теоретски гледано, раните фази треба да искористат помал процент на парите додека понапредните фази повеќе. Оваа теорија се базира на фактот дека колку повеќе идеалниот купувач се движи надолу низ инката, тој е поблиску до одлука да купи. Инвестираните пари во подолните нивоа се со најмал ризик и со најголема веројатност за брз повраток на инвестиција.

Важен фактор кој ќе треба да го разгледаш е и времетраење на процесот на инката. Некоја ќе биде за неколку месеци, но некои бизниси ќе им требаат повеќе години за влечење на еден идеален купувач до крајот на инката. На пример, бизнис кој продава iPhone апликација ќе има инка која ќе трае неколку месеци, додека бизнис кој продава автомобил неколку години.

Сепак на крајот кога ќе одлучиш ќе имаш одредена сума на пари која треба да ја искористиш за привлекување на идеалниот купувач во инката и неговото влечење кон последната фаза во таа инка. На примерот од горе, најпросто кажано може да одлучиш дека 10.000 денари ќе користиш за генерирање и влечење на еден купувач. И доколку инката е проектирана така да процесот од влегување до последната фаза трае една година, ќе имаш на располагање 10.000 денари за генерирање на еден купувач.

Со еден ваков приод знаеш дека во првата година ќе потрошиш 10.000 денари, но тој во првата година ќе генерира 20.000 денари и за 5 години ќе донесе 100.000 денари, но и како препорачувач може да донесе уште идеални купувачи на почетокот на твојата инка.

#3 Распредели ја вредноста по фазите

Кога веќе знаеш колку пари имаш за генерирање на еден идеален купувач и неговото влечење низ целиот процес на инката, потребно е да го алоцираш тој износ по фазите.

Како едно правило веќе напоменавме повеќе пари за понапредни фази. Но, сепак тоа ќе зависи од твојот бизнис и индустријата во која се наоѓа. На пример тие 10.000 денари би можел да ги распределиш вака:

  • За дознавање и будење на свесност 500 денари
  • Кога е во фаза на анализирање и истражување 1000 денари
  • Кога одлучува и избира 1500 денари
  • Кога е во фаза на купување 2000 денари
  • Кога е во фаза на повторно купување 2500 денари
  • Кога е во фаза препорачува 2500 денари

#4 Сега колку пари треба да потрошиш за секоја фаза?

Сега кога веќе знаеш колку пари ти треба за секоја фаза и знаеш колкав е износот на идеалните купувачи кои треба да се движат низ секоја фаза, лесно ќе можеш да го определиш потребниот буџет за секоја фаза.

На пример, ако за фазата анализирање и истражување ти требаат 1000 денари за еден идеален купувач за да го пренесеш во фазата одлучува и избира, а за исполнување на целите во таа фаза ти требаат 200 идеални купувачи, тогаш буџетот за таа фаза ќе биде 200.000 денари.

#5 Колку пари треба да потрошиш за секоја тактика?

Сега имаш буџет по фази, имаш тактики или активности за секоја фаза од претходното прашање и ќе можеш да направиш уште едно распределување на тој буџет за таа фаза по тактика.

На пример, ако буџетот за целата фаза анализирање и истражување е 200.000 денари, а во претходното прашање како тактики си определил дека треба да користиш, блог постови, e-книга и каталози по пошта ќе можеш да го распределиш тој износ на ваков начин:

  • Блог 50.000 денари,
  • Е-книга 50.000 денари и
  • Каталози 100.000 денари.

Останатите постови од овој серијал:

post

Подобрување на продажна инка на физичка локација

Продажна локација Работното место е огледало на работникот и на претприемачот. Бидејќи ние го анализираме работење на претприемачи во малите и средни претпријатија (за сега однесувањето на претприемачите во големите компании или „интрапретприемачи” не е предмет на разгледување), а за нивното работење е карактеристично тоа што се сконцентрирани на намалување на трошкоците, па еден претприемач може да изведува цел спектар на работи (од поправки, продажба, маркетинг, сметководство, менаџмент па се до чистење), тие доколку имаат вработени исто тоа го очекуваат и од нив.

Затоа и продавачите често можат да продават, чистат, уредуваат, водат сметководствени книги, прават фактури, одат до банка за уплати (доколку не е воведен систем на електронско банкарство) и ред други работи. Па, пред претприемачот и пред неговитe вработени стојат голем број на обврски на кои треба да се одговори. Колку е тој одговор поуспешен толку ќе биде поголем и профитот.

Комплетниот изглед на локалот е многу значаен за да остави добар впечаток на купувачите, за да доаѓат да купуваат како и повторно да се враќаат да купуваат од истото место. Купувачите го разгледуваат локалот како место каде можат да ги задоволат своите потреби, но локалот претставува воедно и работно место како за претприемачот така и за неговите вработени.

Бидејки пропишаното работно време е 8 часа, што значи една третина од денот, а знаеме дека претприемачот мора да работи и подолго од тоа време (за успешно да ги заврши сите обврски), грубо земено претприемачот додека се здобие со право за пензија ќе проведе околу 15 години на одредено работно место. Така да изгледот на локацијата или на работното место влијае позитивно или негативно и на купувачите (или на корисниците на одредени услуги) и на претприемачот па и на неговите вработени. Очекувано е дека работни ефекти ќе бидат поголеми доколку се работи во попријатна атмосфера.

Како прво треба да се обрне внимание на локацијата на продавницата со рекламирање на пошироко ниво (ТВ, интернет, дневен печат, билборди…). Ова претставува насочување на корисниците на услугата кон продавницата на пошироко ниво. Но, потенцијални купувачи кога ќе дојдат во близина на локацијата со стрелки или со патокази треба јасно да бидат насочени кон точна локација, за да може едноставно да се пронајде, односно да не се случи потенцијалниот купувач да се откаже во последен момент бидејќи не може да ја пронајде продавницата.

Доколку локацијата е добра и лесно воочлива поставување на патокази е едноставно. Но, сведоци сме дека сите локации не се на доволно добра местоположба или до локацијата може да се дојде од повеќе насоки па е потребно на сите можни приоди да се постават патокази за да не губат купувачите ни време, а ни трпение. Патокази можат да бидат различни, од најчесто сретнувани механички лимени табли, светлечки патокази, или пак пишување на стрелки на ѕидови и столбови…

Кога купувачот ќе дојде на посакувана локација прво со што се сретнува е излогот. Често пати тој определува дали купувачот ќе влезе или не. Излогот претставува лице на продавницата. Значи тоа треба да биде убаво, уредно, чисто, евентуално со некои светлечки или други ефекти уредено се согласно можностите и согласно креативноста и умешноста на претприемачот или неговите вработени. Но, за средување на изгледот на излогот може да се ангажираат и надворешни соработници кои се за тоа специјализирани и имаат поголемо искуство. Поради заштита од кражби на голем број на локали има поставени метални решетки. Доколку има потреба за поставување на вакви заштити, тогаш треба да се настојува да метални ролетни бидат подвижни со механизми кои се едноставни и лесни за ракување, за да може решетките да се тргнат кога е потребно и излогот да добие целосен сјај.

Бидејки секоја продавница има различна стока така да не можеме да навлеземе во комплетно уредување на продавницата (без претходно да бидеме запознаени со комплетниот асортиман). Но, препорачливо е:

  1. се да биде чисто,
  2. уредно наредено,
  3. лесно достапно
  4. лесно уочливо и
  5. да предизвикува пројавување на желба.

Препорачливо е и место на секој производ да биде во компјутер означено, заради едноставно наоѓање на рафтовите и заради контрола на залихите.

Звучните ефекти оставаат добри впечатоци, па затоа се препорачува пуштање на тивка музика, дури може да се постави и одреден видео бим или ТВ па доколку има некој интересен настан купувачите да можат да го следат тоа случување, а може да се користи и за рекламирање на некои производи или услуги што се нудат. Тоа ќе остави поволен впечаток на купувачите и тие ќе посакат повторно да се навратат на таа локација.

Локацијата, изгледот, излогот и звукот во вашата продажна просторија претставуваат доста значајни елементи од вашата продажна инка. Од друга страна ова се елементите кои значително можат да ја зголемат бизнис потенцијалната енергија. Доколку овие елементи доведуваат до пројавување на желба за влегување или пак купување Вие сте завршиле голема работа. Некогаш и не мора да вложувате големи пари во дизајнирање на овие елементи, најважна е Вашата креативност и знаење на она што го сакаат Вашите потрошувачи.