post

Реинженеринг на деловниот процес како филозофија за подобрување

KAIZEN потекнува од Јапонија, додека реинженерингот како менаџмент филозофија за организациски промени потекнува од САД.

Оваа филозофија изворно се нарекува Business Proces Reingeneering – BPR што значи реинженеринг на деловниот процес. Тешко е да се бараат творците на оваа филозофија бидејќи уште пред да го добие името (реинженеринг) се користела од некои компании. Но, доколку е потребно да се издвојат поставувачите на темелите, кои што за првпат ја именувале и образложиле оваа филозофија би ги издвоиле Michael Hammer и James Champy кои во почетокот на 90-тите години на минатиот век го разработиле концептот и ја развиле методологијата на примена на оваа филозофија во нивното капитално дело Reengineering the Corporation – A Manifesto for Business Revolution (Реинженеринг на корпорацијата – манифест за бизнис револуција).

Основниот концепт за оваа филозофија кај овие автори се родил во почетокот на 80-тите години од минатиот век кога забележале како неколку компании драматично ги подобриле своите перформанси во повеќе подрачја на нивниот бизнис преку радикални промени на работните процеси кои што ги изведувале.

Работните процеси се основа за секој успех на било каква компанија. Тие постојат и кај микро, и кај мали, и кај средно но и кај големи претприејатија. Искуствено имам работено на повеќе вакви проекти, подобрувањата може да бидат и до неколку стотици проценти од состојбата пред подобрување.

Во текот на десетгодишно проучување на овие радикални промени кои даваат драматични резултати, Champy и Hammer развиле одредени процедури за изведување на тие промени на кои што им дале име, business reengineering. Подоцна оваа филозофија стана хит на 90-тите години од минатиот век, така што се проучуваше на сите универзитети како во САД така и во целиот свет. Скоро секоја книга од менаџментот опфаќаше, па и уште опфаќа тема од реинженерингот како филозофија, алатка или пак процес за успешни, крупни организациски промени.

Но, мора да забележиме дека кај нас не и се даде некое големо значење, освен преку неколку универзитети и факултети. Се чини дека едноставно ја скокнавме токму тогаш кога ни требаше во 1990-тите години.

Но, доста за историја.

Што е тоа реинженеринг?

Пред да ја презентираме дефиницијата за реинженерингот да појасниме што претставува самиот збор реинженеринг.

Да тргнеме од инженеринг или инженерство.

Инженерингот или инженерството претставуваат примена на науката во дизајнирање, градење и користење на техничките системи.

Тогаш инженерингот на деловниот процес се однесува на организциски системи. Бидејќи ре- претставува латински предмет кој во сложенки означува назад, повторно, пак, уште еднаш, реинженерингот ќе значи повторно дизајнирање, градење и користење на организациските системи.

Може да забележиме дека реинженерингот се однесува на градење на нови темели на бизнисот.

Но, дали на некоја постоечка куќа можеме да почнеме да градиме нови темели?

Секако дека одоговорот ќе биде дека куќата ќе треба прво да се сруши и да се изгради нова на нови посилни темели. Можеби звучи чудно тоа да целиот бизнис кој веќе е изграден се руши и повторно да се гради од почеток. Состојбата во повеќето бизниси, а особено кај нас бара токму таков процес, што е резултат на влошените состојби во истите, односно појава на губење на пазари, неможност за освојување на нови пазари, лоши финансиски резултати итн.

Како формална дефиниција на реинженерингот ќе ја искористиме дефиницијата на Michael Hammer и James Champy од нивното претходно спомнато дело. Тие даваат една кратка и една посложена дефиниција.

Кратката дефиниција што ја даваат овие автори вели дека:

Реинженерингот претставува повторно започнување.

За оваа дефиниција велат дека е добра зо првично разбирање на поимот, но од друга страна не е доволна за луѓето кои сакаат да спроведат такво нешто во сопствените бизниси. Затоа како формална дефиниција за реинженерингот ја даваат следнава:

„Реинженеринг“ претставува фундаментална разработка и радикален редизајн на деловниот процес за да се постигнат драматични подобрувања во критичните показатели на перформансите, како што се трошоците, квалитетот, услугата и брзината.

Разработка на елементите од оваа дефиниција ги дава основните карактеристики на реинженерингот.

Основни карактеристики на реинженерингот

Да ги разгледаме основните карактеристики на оваа филозофија. Забележете дека користам поим филозофија, истото се однесува и за KAIZEN и за останатите кои ќе ги реобјавиме на претприемач. Ова не се алатки, не е дијаграм на рибина коска или статистичка методологија која ќе ја земеме и едноставно искористиме. Оваа е филозофија бидејќи треба длабоко да биде вкоренета во с’ржта на бизнисот.

Основните карактеристики на реинженерингот ќе ги извлечеме од презентираната дефиниција, така ќе ги разгледаме клучните зборови при дефинирање на реинженерингот.

Реинженеринг - карактеристики

 

Да го разгледаме значењето на секоја од овие карактеристики:

  1. Фундаментално. Овој термин во дефиницијата за реинженерингот се однесува на темелите на бизнисот, односно на прашањата за ефективноста и ефикасноста. Во однос на ефективноста прашањето се однесува на тоа кои работи ги работи организацијата и дали се вистински тие работи кои што ги работи, а за ефикасноста ќе треба да се запрашаме дали работите ги изведуваме на вистинскиот начин.
  2. Радикален редизајн. Ова се однесува на радикалните промени во работите и начинот на кој тие се изведуваат со цел да се зголеми ефективноста и ефикасноста на организацијата. Од тука може да се заклучи дека радикален редизајн значи отфрлување на сите постоечки структури и процедури и пронаоѓање на целосно нови начини на изведување на работата кои што ќе бидат во согласност со новите потреби на организацијата.
  3. Деловен процес. Оваа карактеристика на реинженерингот ни кажува дека тој е ориентиран кон деловните процеси во организацијата. Деловниот процес во една организација ги претставува сите активности кои се изведуваат за да влезовите во системот се трансформираат во излез кој ќе има некоја вредност за купувачите. Реинженерингот се фокусира кон скратување на времетраењето на деловниот процес, односно да се скратат активностите кои се составен дел на истиот и да се елиминираат сите грешки кои што може да се појават во текот на тие активности.
  4. Драматични подобрувања. Оваа карактеристика се однесува на подобрување, односно реинженерингот не се фокусира на инкрементални промени за да се добијат мали подобрувања во кратки временски периоди. Тој бара крупни организациски промени со цел да се постигнат драматични подобрувања во однос на перформансите на организацијата.

За разлика од KAIZEN каде што идеите за подобрување доаѓаат од сите хиерархиски нивоа, при реинженерингот тоа е задача на тимот кој е одговорен за планирање и спроведување на истиот. Членовите на овој тим треба да имаат различни вештини и способности за секој понатамошен чекор во реинженерингот. Овој тим има за задача да:

  • Изврши анализа за потребите од реинженерингот
  • Ги дизајнира промените кои треба да се спроведат
  • Планира имплементација на тие промени
  • Следи и евалуира процесот на имплементацијата.

Може да забележиме дека постои целосна спротивставеност на KAIZEN и реинженеринг. Но, сепак најдобро решение е комбинација на двата начина во секој бизнис со што би се постигнале големи подобрувања во однос на перформнсите на бизнисот како во краток така и во подолг временски период.

Методи и техники користени при реинженеринг

Статистички гледано не се сите реинженеринг проекти успешни. Може слободно да се каже дека и поголем дел завршуваат со катастрофални последици.

Постојат одредени методи и техники кои се користат од страна на реинженеринг проектите и кои можат да помогнат во вистинско согледување на состојбите и донесување на клучни одлуки.

Тука ќе разгледаме некои методи и техники кои ги користи реинженерингот во функција на подобрувањето на работењето на бизнисот како систем.

Дијаграм на тек Дијаграм на текот – Flow Chart. Оваа техника претставува системски приод за дефинирање на сите активности кои се потребни за изведување на процесот и со чија помош се елиминираат сите активности кои не додаваат вредност во севкупниот бизнис процес, а од друга страна се имплементираат новите подобрени активности. Овој дијаграм ни дава слика за тоа како различните фактори и чекори се поврзани во еден цел процес. Најчесто користени дијаграми се одгоре надоле дијаграм на текот, детализиран дијаграм на тек и дијаграм на текот на работата. Првиот тип дава едноставна слика на процесот и ги претставува само главните чекори во процесот. Детализираниот дијаграм ги претставува сите информации за процесот до најситниот детал на истиот, додека третиот тип претставува слика на физичкиот простор и движењето на работата низ него. На сликата е даден пример на дијаграм на тек од горе надолу извлечен.

Анализа на работниот тек. И оваа техника има за цел да го подобри работниот процес преку елиминирање на непотребни активности и поедноставување на работниот тек. Се конструира матрица на анализа на работен тек во која процесот е поделен на чекори, се оценуваат перформансите на секој чекор, и притоа се откриваат причините на разлики во посакувани и актуелни перформанси. Елиминирањето на непотребните активности се изведува преку анализа од страна на кросфункционален тим на функциите, активностите и задачите преку кој се откриваат постоечките проблеми во изведување на процесот. На крајот се имплементира акциониот план за подобрувањето.

Вредносна анализа. Оваа методологија претставува систематски приод за истражување на функционалниот дизајн на производот со чија помош се развива поефикасна алтернатива за развивање на истиот. Таа опфаќа анлиза на производи, услуги, производствените процеси, организациски и менаџмент процеси како и информациите и информативните системи. Штета што кај нас воопшто не се актуелизира на ниво на кое треба, можеби сегашноста ќе беше сосема поинаква. Но, ветувам дека ќе ја актуелизираме тука на претприемач.

Техника на номинална група. Оваа техника претставува партиципативен приод во идентификување на проблемите и предлагање на решенија на истите. Целта е да се генерираат идеи за подобрување. Накратко, оваа техника се содржи од:

  • генерирање на идеите за подобрување,
  • нивна анализа и рангирање по приоритет и
  • имплементација на идејата.

Особено се користи за решавање на комплексни проблеми кога треба да се избегнат одредени конфликти помеѓу организациските членови.

Дијаграм на рибна коска или дијаграм на причини и ефекти. Оваа техника служи за поврзување на елемнтите на процесот и поврзување на можните причини на одредени ефекти. Со помош на оваа техника ќе можат да се идентификуваат причините за одредени проблеми и да се развијат соодветни решенија кои ќе се имплементираат за да се реши проблемот кој е откриен.  На сликата е прикажан овој тип на дијаграм.

Рибина коска

 

Pareto анализа. Оваа анализа се изведува преку конструирање на Pareto дијаграм кој претставува графичка презентација на последици на одредени проблеми, проекти, активности или се она што го набљудуваме во бизнис системот. Овие последици во дијаграмот се покажуваат во опаѓачки распоред спрема големината на фреквенцијата (од последица со најголема фреквенција или јачина како прва до последица со најмала како последна). Овој дијаграм овозможува да се идентификуваат клучните проблеми во процесот на кои треба да се концентрираме. Всушност дијаграмот има за цел да ни го покаже 80/20 правило во пракса, кое ни вели дека 20% од проблемите предизвикуваат 80% од катастрофалните последици на тие проблеми.

Анализа на полето на силата. Ова техника е развиена од страна на психологот Kurt Lewin за надминување на отпорот кон промените. Таа може да се користи како графичко прикажување на позитивни и негативни аспекти на се она што не спроведува да ги постигнеме посакуваните цели. Може да постојат два начина на елиминирање на овие негативни сили. Првиот начин е со зголемување на позитивните сили да се потиснат негативните. Овој начин Lewin го нарекува како ефект на потисната пружина, односно по потиснувањето на негативните сили и доколку малку ослабат позитивните ќе дојде до отскокнувањњ ена негативните сили, односно ќе се ослободи енергијата која ја имаат во себе добиено поради потиснувањето (исто како и кај потиснување кај пружина). Вториот начин кој е подобар е да се намалат колку што може повеќе негативните сили, а во исто време да се зајакнат колку што може повеќе позитивните сили, и на тој начин да се обезбеди постигнување на посакуваните цели.

post

Конзистентност, тоа го бара купувачот

Конзистентност Дали ти се случило да влезеш во некој бизнис без разлика дали е продавница, бакалница, бутик, фризер или било што друго да бидеш презадоволен од начинот на кој те третираат како купувач?

Сигурно имаш такво искуство.

Но, дали ти се случило кога по вторпат отидеш во истиот бизнис полн со очекувања дека ќе го имаш истиот третман како и првиот пат, но третманот е сосема различен? Не е важно дали е тоа поради некоја друга смена, различно расположение на претприемачот или едноставен пропуст или грешка во бизнисот. Третманот не е онаков како што си очекувал.

Можеби ќе се вратиш и третпат, но ќе забележиш сосема поинаков третман и во однос на првиот и во однос на вториот пат.

Сигурно си почувствувал една ваква состојба во некој бизнис. А можеби и во повеќето мали бизниси.

Зошто е тоа така?

Прво и основно е што бизнисот не е дизајниран како што треба! Тој е започнат на случајност од страна на претприемачот и едноставно продолжува да функционира на таа случајност,

Малите бизниси немаат ниту пак градат системи на кои ќе се поткрепи бизнисот. Ќе кажете дека нема потреба, системите ќе ја зголемат бирократијата, а со тоа ќе ја намалат креативноста. Но, тоа е сосема погрешно мислење. Системите се потребни за да го поддржат бизнисот и истовремено да ја поттикнат креативноста онаму каде што е најпотребна. Од друга страна еден воспоставен систем не значи дека е неменлив. Се може да се менува, да се подобрува.

Си видел ли мал бизнис со воспоставени формални стандарди за функционирање? Без разлика дали е тоа стандард за однесување на продажниот тим во бутик или стандардни оперативни процедури во еден сервис за мобилни телефони. Сигурно не, бидејќи тоа е практиката кај малите бизниси и тоа не само кај нас туку и во светски рамки.

Уникатната вредност, препознатливост, суштинските компетенции и суштинската конкурентска предност мора да бидат стандардизирани и поткрепени со цврсто изградени системи. Тоа е реалноста која како еден претприемач мора да ја прифатиш доколку сакаш да успееш. Како може да очекуваш купувачот да те препознае како уникатен доколку не го покажеш тоа и повториш со секој следен контакт со тој купувач.

Да ги оставиме настрана приказните за тоа како да направиш добра презентација или добра реклама или веб сајт или блог… Тебе ти треба нешто во што ќе се докажеш дека си најдобар, поразличен од останатите, подобар… Зборуваме за с’ржта на еден бизнис бидејќи се останато ќе се базира на тоа.

post

Меѓународен маркетинг во секторот на услуги

Маркетинг Во развиените земји, 2/3 од националниот приход оди на услугите, а со тоа расте и бројот на луѓе кои работат во тој сектор. Развојот на услугите овозможува да се подобрат перформансите во работењето и во другите сектори. Па одредени услуги интензивно се развиваат во склад со потребите на пазарот. Пример: Со подобрување на транспортните услуги во една држава, доаѓа до зголемување на профитите и на другите компании кои таму работат, бидејќи им се намалуваат транспортните трошоци.

Постојат повеќе причини за поголемо растење на услужниот сектор, а ние ќе анализираме само неколку од нив.

Поради големата индустријализација е дојдено до промена на стилот на живеење на луѓето скоро во секоја држава, а со тоа се менува и слободното време со кое поединецот располага. Причина за растење на услужните дејности е релативно добрата економскa состојба во одредени земји. Се поголем број луѓе сакаат да се забавуваат, уживаат, патуваат, школуваат, а со тоа се зголемува и бројот на потребните услугите.

Доаѓа до драстично зголемување на градовите, што предизвикува потреба за опслужување на голем број на население, што подразбира обезбедување на храна, вода, транспорт, училишта, болници, чистење на улици. Населението старее, па се јавува потреба за домашни посети, медицински неги, лекови, чистење по домовите, отварање на домови за стари лица…

Се е поголем бројот на самци, а се зголемува и бројот на разводи, па во голем број на случаи еден родител чува деца, па секогаш има потреба околу исхраната, чувањето на деца и слично. Се поголем е бројот на технолошки нови производи, мобилни, компјутери, интернет, за чие користење и одржување е потребно да постојат сервисни услуги.

Понатаму, постои потреба за банкарските услуги (трансфер на пари помеѓу одделни држави и слично), сметководство… и фактички постојат уште безброј други услуги.

Секојдневно се воведуваат нови услуги. За одредени услуги потребно е да постои висока школска спрема. Пример: Лекарски услуги, банкарски услуги, софтверски услуги… За некои услуги тоа не е неопходно. Пример: Одржување на хигиена, перење коли…

Висината на школската спрема не е врзана со висината на остварените приходи. Подеднакво можат да заработуваат лекари, адвокати или механичари. Со вршење на одредени услуги вработениот може да се обогати, додека со одредени услуги само се преживува. Што поголем број на очи и уши следат одредена услуга, тогаш заработката е поголема.

Прочуени пеачи, глумци, лекари, адвокати, златари, сликари, секако дека натпросечно заработуваат во секоја држава. Некаде вршењето на услугата е поврзано со поседување на одреден апарат или алат, а некаде не е. Поголема е заработка доколку се користат специјализирани машини и алати.

Најголем проблем за луѓето кои пружаат услуги, е тоа што таа услуга мораат сами да ја сработат. Еден забар не може лесно да ги префрли своите клиенти на својот помошник, еден фризер лесно не препушта клиенти, бидејќи може да ги загуби. Одредени корисници на услугите се екстра задоволни од извршената услуга, па не сакаат таа услуга да им ја врши некој друг.

Луѓето кои пружаат услуги, реално се плашат дека нивните вработени, кога ќе го изучат занаетот, ќе им ги превземат корисниците на одредените услуги. Поради овие причини, како и поради желбата повеќе да се заработи, се повеќе сервисните услуги од поединечно работење, преминуваат во компанииско работење. Па компаниите организираат: обезбедување банкарски услуги, обезбедување имоти и лица, одржување хигиена, сервисни услуги, раководење со школи, универзитети, болници.

Производните компании се почесто ги користат услугите на овие специјализирани услужни компании, бидејќи не мораат самостојно да организираат работење, да водат сметка за вработените и нивни потреби. Пример: Акција на Усје, е насочена кон отпуштање на вработени од доменот на услугите како: обезбедување, сервис и одржување на хигиена, а за тие потреби се ангажират надворешни услужни компании. Со овие активности компанијата штеди значителни финансиски средства, а од друга страна се концентрираат на реализирање на своето примарно производство, односно производство на цемент. Но, остануваат негативните чувства врзани за судбината на голем број на отпуштени работници.

Во домашни услови услужниот сектор е главно мал и разновиден за да може да се унифицира одредено однесување. Одредени луѓе сметаат дека маркетингот им е непотребен, други намаат доволно пари да платат за маркетинг истражувања или за маркетинг совети, а одредени луѓе немаат доволно знаење за маркетинг активностите. Не може да се очекува од еден механичар или лекар да ги познаваат сите алатки од маркетингот. Секако дека тие имаат одредени знаења, но тие знаења најчесто не се доволни. Бидејќи и тука конкуренцијата е јака, потребата за маркетинг активностите е неспорна.

Пример: Додека траеше експанзијата на купување и преуредување на куќи во приморските краишта (авторот го има почувствувано ова), имаше големо побарување за работници и тие вложуваа мал напор во маркетинг активностите, евентуално фалење од “човек на човек”. Но, бидејќи светската економска криза ги намали инвестиционите фондови, голем број на мајстори се најдоа во “чудо”, а останаа да работат само оние мајстори кои дел од своите активности ги насочија кон маретингот.

За да не се дојде во слична позиција, ние препорачуваме во слободното време да се посетуват одредени курсеви со кои би се надополниле знаењата од областа на маркетингот, менаџментот, финансиите, сметководството… што би го подобрило работењето на луѓето кои се занимават со услужните дејности, подобро и полесно да се справуваат со работните обврски. Големиот број на маркетинг принципи можат да се прилагодат за потребата на услужниот сектор, па можат успешно да се применуваат. Согледувајќи ги овие потреби, се почесто се формираат компании специјализирани за давање маркетинг услуги на поединци и компании кои се бават со услуги, во соогласност со нивните потреби, како и можностите за плаќање за да го подобрат давањето на услуги, односно работењето во своите домени и да остварат профит. Секако дека секторот на услугите во меѓународни рамки е голем, па во самите услужни компании се вработуваат специјалисти, кои овозможуваат правилно работење на компаниите што нудат услуги во светските рамки.

post

Маркетинг план: Што треба да постигнеме?

Маркетинг план Минатата недела најавив еден серијал за маркетинг план. Всушност, тоа се прашањата на кои еден маркетинг план треба да даде одговор.

Првото прашање се однесува на тоа што треба да постигнеме со маркетингот.

Ако знаеш што сакаш да постигнеш тоа ќе значи и половина од постигнувањето, бидејќи ќе знаеш и како да го постигнеш тоа што сакаш да го постигнеш.

#1 Започни со целите на бизнисот

Она што сакаме да го постигнеме со маркетингот во нашиот бизнис ќе зависи од она што сакаме бизнисот да постигне.

Интересно е што тука се доаѓа до еден проблем, бидејќи постои голема веројатност да не се усогласат бизнис целите и целите на претприемачот. Каде во оваа спрега се наоѓаат маркетинг целите?

  • Претприемачот има свои цели, сака одреден животен стил, сака реализација на сопствени желби…
  • Бизнисот има свои цели преку реализација на продажба, остварување на профитабилност, раст и развој…
  • Купувачите имаат свои цели кои се базираат на задоволување на одредени потреби, решавање на проблеми…
  • Маркетингот има за цел да ги реализира бизнис целите преку задоволување на целите на купувачите со што ќе се реализираат целите на претприемачот.

Кога се јавува проблем? Тогаш кога бизнисот не е дизајниран во согласност за реализација на целите на претприемачот преку задоволување на целите на купувачот. Во таква ситуација и маркетинг целите ќе бидат поставени на погрешни основи. Иако ова е една сосема друга тема, добро е да подразмислиш секогаш кога ги чепкаш целите.

Она што треба да го направиш е на еден лист хартија да ги напишеш твоите бизнис цели. Така ќе имаш нешто како:

  • Зголемување на пофит за 10% и
  • Проширување на бизнисот во Источна Македонија со две продавници.

#2 Трансфер на бизнис цели во маркетинг цели

Клучното прашање во овој чекор е како маркетингот да учествува во реализација на поставените бизнис цели.

За целта зголемување на профитот може да се примени следниов процес:

  • Определување на износот за кој треба да се зголеми приходот за да се оствари зголемување на профит од 10%.
  • Определување на бројот на купувачи кој е потребен за зголемување на приходот потребно за зголемување на профитот од 10%.
  • Определување на можните влијателни фактори за износот на просечна продажба, трошоците или било што друго што на некаков начин би влијаело да не се реализира тој износ на продажба за добивање на 10% поголем профит.
  • Определување на процентуално зголемување на број на купувачи за реализација на тој износ на профит.

Во овој случај тоа би можело да биде зголемување на број на купувачи за 30% од претходната година како цел на маркетинг активности.

Сличен пристап може да се користи и во однос на втората бизнис цел, со тоа што процесот би бил поразличен бидејќи ќе има анализи на регионот преку градови, потенцијални купувачи и потенцијал на градовите и било што што треба да каже каде треба да се насочи ширењето на бизнисот.

#3 Целите нека бидат SMART цели

Кога веќе ќе ги имаш целите поставени пред маркетингот би можел да преминеш на нивно прилагодување заради подобрување на ефикасноста при идните активности.

На пример, ти ќе ги имаш поставено следниве цели:

  • зголемување на број на купувачи за 30% од претходната година,
  • отворање на една продавница во Куманово и
  • отворање на една продавница во Штип.

SMART цели значи дека тие се:

  • Специфични (Specific)
  • Мерливи (Measurable)
  • Остварливи (Achievable)
  • Реалистични (Realistic)
  • Временски ограничени (Time-Limited)

Првата цел е специфична има бројка преку која може да се мери остварувањето, па затоа и е мерлива. Дали е остварлива? Мора да одговориш на оваа прашање уште сега. Размисли дали можеш со збогатување на маркетинг активности да зголемиш и број на купувачи за 30%. Можеби ќе бидат 20% нешто остварливо и реалистично, а тоа ќе значи и зголемување на просечна продажба на тековните купувачи и на тие нови за да се реализира профит на бизнисот поголем за 10%.  Каде е временското ограничување? Иако можеби е логично сепак не е лошо да се додаде во следните 12 месеци за да се знае периодот за кој се однесува остварувањето на целта.

Во една ваква ситуација ќе имаш уште една цел во примерот горе (не користам никаква математика во примеров едноставно нафрлувам бројки, вие ќе треба со помош на математика да дојдете до конкретни бројки):

  • Зголемување на бројот на купувачи за 20% во однос на претходната година во следните 12 месеци и
  • Зголемување на просечна продажба од еден купувач на годишно ниво за 10% во однос на претходната година.

Ова се веќе SMART цели. Но, што е со останатите две? Отворање на продавница во Куманово е специфична цел, но нема експлицитно наведено бројка за да биде мерлива. Од друга страна отворање на една продавница во Куманово веќе може да биде и специфична и мерлива. Доколку е поставена како бизнис цел веројатно значи и дека е остварлива и реалистична, но не е временски ограничена. Подобро е да имаме цел отворање на една продавница во Куманово до крајот на јуни 2012.

Кога ќе го поминете овој чекор ќе имате 4 цели од примерот:

  • Зголемување на бројот на купувачи за 20% во однос на претходната година во следните 12 месеци,
  • Зголемување на просечна продажба од еден купувач на годишно ниво за 10% во однос на претходната година,
  • Отворање на една продавница во Куманово до крајот на јуни 2012 и
  • Отворање на една продавница во Штип до крајот на август 2012.

Ова веќе има некакво значење во однос на маркетингот. Се знае што треба да се постигне и е јасно наведено во маркетинг планот.

Останатите наслови од серијалот за маркетинг план:

post

Гаранција и сервисот како предуслов за зголемена побарувачка на производите

Гаранција и сервис Со гаранцијата компанијата се обврзува дека ќе ги почитува декларираните карактеристики на производите. Компанијата се обврзува дека ќе го замени производот, отстрани недостатокот или парично ќе го обештети купувачот, доколку има одстапување од декларираните големини.

Гаранцијата за компанијата претставува трошок, но сепак компанијата издава гаранција. Некогаш на тоа е законски обврзана, а некогаш компанијата доброволно ја прифаќа гаранцијата како еден важен маркетиншки дел, со цел да ја зголеми продажбата.

Со гаранцијата се заштитува и охрабрува купувачот, а компанијата обезбедува дополнителен респект кај купувачите во меѓународни рамки. Законот ги обврзува компаниите за трајни потрошувачки добра да обезбедат гарантен лист, техничко упаство и овластен сервис. Во гаранцијата се набројуваат одредени ограничувања, за компанијата да се заштити од нереалните побарувања на одредени купувачи и да се одбегнат можните судски завршници. Со гаранцијата кај купувачот се намалува ризикот и несигурноста, дали одбрал вистински производ од вистинската компанија.

Производите се враќаат главно поради одреден недостаток, како и поради заблудата која ја има купувачот, но постојат обиди и за нереално враќање на производи.

Интересот на компанијата е да има што помалку рекламации, бидејќи во спротивно се шири негативен публицитет. По поднесувањето на рекламацииското барање, компанијата мора итно да реагира и да излезе во пресрет на купувачите, решавајќи го проблемот. Кај купувачот не смее да се создаде нервоза, за да не се шири негативен публицитет. Потоа треба да се најдат причините за појава на приговорите и истите веднаш да се отстранат.

Позитивното решавање на рекламациите или приговорите може да стане позитивна реклама за компанијата, па купувачот може да ја пренесе следнава порака: “Ми се случи недостаток на производот, но тие веднаш го отстранија и немав никакви проблеми. Така да и понатаму ќе го купувам тој производ, бидејќи таа компанија не дозволува да постои никаков проблем”.

Сервисот во гарантниот рок е најчесто бесплатен, освен што се плаќа потрошен материјал.

Пример: Кај автомобилот тоа е масло за мотор, масло за менувач, свеќици и слично. Сервисот надвор од гарантниот рок се наплаќа. Сепак купувачите се задоволни, бидејќи им се вградуваат оригинални делови, а мајсторите кои работат во сервисот се високо стручно обучени, со што се одбегнува било каква импровизација како и можност некој да се учи и да прави експеримент на туѓ производ.

Сервисот некогаш го вршат директно представниците на компанијата, но некогаш поради големата одалеченост или поради релативно малиот број на купувачи во одредени земји, на компанијата не и се исплаќа самостојно да отвара и организира сервис. Затоа врши овластување на други сервисери, кои покрај своите обврски се обврзуват да вршат сервис во името на компанијата. Нормално е дека за тоа се платени, но доколку е потребно претходно се обучуваат за да можат да одговорат на работните барања, а им се обезбедуваат и резервни делови и алати.

Пример: Компанијата која произведува скапи автомобили, може да се обврзе дека во случај на дефект, во кој било дел од светот, ќе прати екипа во рок од 12 часа да го отстрани дефектот. Доколку е потребно, транспортот на луѓето и опремата може да се изврши со авион или хиликоптер или можат да се испратат специјални возила за да го отстранат дефектот. За активирање на оваа опција би се плаќале дополнителни премии. Со оваа активност компанијата ја покажува своја моќ, бидејќи ваквиот сервис е скап и купувачот е уверен дека компанијата нема без потреба да се изложува на трошоци. Со тоа се потврдува мислењето дека производот е тешко расиплив, доколку се врши редовен сервис и правилна експлоатација. Доколку некогаш и би се случила потребата за таква интервенција, трошоците за извршениот сервис лесно би се надоместиле благодрејќи на високата цена на производот, како и од платените премии за вакви услуги.

post

Најди излез од црно белиот свет

Повеќе купувачи Еден голем проблем со кој се соочуваат претприемачите и кај самите нив и кај сопствените вработени е едноставно копирање на се околу нив.

Нема иновација, нема инвентивност…

Креативност можеби постои, но кретивноста без иновација не вреди.

Едноставно еден ист црно-бел свет.

Не ми верувате! Тогаш проверете ме преку следниве активности:

  • Влези во еден бутик прв на кој ќе налеташ. Првите зборови кои ќе ги чуеш од продавачот ќе бидат: Добар ден, како можам да ви помогнам. Варијациите не се важни бидејќи може да биде дали може да ви помогнам, може ли да ви помогнам…
  • Земете неколку весници и погледајте ги страните од огласниците. Споредете и ќе видите дека во суштината не се многу разликуваат.
  • Иако само мал број на мали бизниси имаат ТВ реклами, погледнете ги ќе забележите недостаток на инвентивност и секако ист стил, слична порака и лесно препознатлива намера.

Кога зборуваме за иновација не значи дека таа мора да биде нешто големо, огромно или пак неостварливо. Зборуваме за иновација која едноставно ќе го отсликува твојот бизнис.

Најдобар, уникатен, екстра, одличен… Но, што? Доколку се примени соодветен дизајн на бизнисот уште пред официјално отворање на вратите истиот треба да ја има инкорпорирано конкурентската предност во него. Па зошто да гледаш во маркетинг материјали на конкуренција и да ги направиш слични? Зошто да има исто однесување на вработените во твојот бизнис со оние кај конкуренцијата? Заради производот? Грешка!

Купувачот нема ни да стигне до производот доколку твојот продажен тим не успее да ги натера да го погледаат производот или понудата. Колку пати кога го слушнете прашањето добар ден како можам да ви помогнам сте кажале ништо едноставно да погледам? Таков еден одговор ги врзува и рацете и нозете и на најдобриот продавач. Крај, the end! Само случајност или божја волја може да доведе до враќање на потенцијалниот купувач на вистинскиот пат.

Но, доколку имаш соодветно дизајниран процес на приод на секаков потенцијален купувач не со прашање за помош која ја нудиш туку со понуда за да купи нешто, и не било каква понуда туку неодолива понуда, продажбата сигурно ќе биде поголема! Ќе прашаш за колку? Дали е важно! И да биде една од 10 обиди сепак е подобро од нула од десет обиди.

post

Дизајн и пакување на производот

Дизајн и пакување на производот Со зголемување на понудата на производите на меѓународниот пазар, на купувачите им се овозможува голем избор, па во борба за освојување на меѓународните купувачи, компаниите влегуваат и со соодветно дизајнирање и пакувања на производите.

Застарувањето на производот често се должи на застарување на дизајнот.

Со добриот дизајн, производот добива повеќе на атрактивност отколку на квалитет. Со квалитетно дизајнирање може да се подобри естетската вредност на производот. Може да се олесни и поевтини производство. Да се олесни пакувањето, транспортот и чувањето во магацините и во продажните објекти. За потребите на дизајнирањето често се ангажираат дизајнерски куќи, но и уметници кои можат да работат самостојно. Најчесто во рамки на компанија се организира работење на дизајнерите, за да може компанијата да има комплетен увид и контрола во дизајнерската работа, како и да спречи одлив на информации.

Пакувањето мора да задоволи повеќе цели. Треба да се користи за привлекување на внимание на купувачите со својот изглед или атрактивност. Преку соодветно пакување треба лесно да може да се дознае за внатрешната содржина, да може лесно да се отвара и затвара. Да биде со соодветна големина за да може непречено да се смести на продажните пунктови. На пакувањето треба лесно да се читаат натписите и упаствата.

Ознаките на производот мора да содржат:

  • Име на производот
  • Име на призведувачот или дистрибутерот
  • Опис на составот и начин на користење и рокот на траење на производот
  • Тежина во бруто или нето износ
  • Земја на потекло

Потребно е да се води сметка и за обележување на мерните единици. Иако постои меѓународен систем на мерни единици сепак функционираат и други мерни единици. Особено во англиската доминантна зона паралелно функционираат други мерни единици (Пример: литар-галон и слично), па доколку се процени дека тоа е неопходно на пакувањето може да се истакнат и двете мерни единици.

Пакувањето треба физички да го заштитува производот од механички оштетувања и растурање при далечни и тешки транспорти, што е честа појава во меѓународното работење бидејќи транспортните патишта во различни земји се со различни нивоа на квалитет.

Пакувањето треба да го чува производот од расипување при долг престој на производот во магацините или во продажните објекти. Одредени пакувања имаат за цел да го заштитат производот од неповолни климатски услови, како од високи така и од ниски температури, влага, песок и слично. При тоа треба да се води сметка, пакувањето да биде економично, односно да не биде скапо, а со развојот на еколошката свест пакувањето не смее да ја загрозува животната и работната околина, а треба да постои можност по употребата пакувањето да може да се рециклира.

Пакувањата од страна на купувачите подоцна можат да добијат и други употребни вредности. Пример: во пакувањата од сокови може подоцна да се чуваат млеко, алкохол и слично. Во кутии и гајби може да се чува и транспортира и друга стока, што претставува дополнителна корист за купувачите.

post

Уште една цел – 1000 наслов на претприемач веќе е објавен

1000-тиот пост на претприемач веќе е објавен

1000-тиот пост на претприемач веќе е објавен

На 30.09.2010 година прославивме мал јубилеј од 500 постови на претприемач. Денес, по една година и три месеци од тој јубилеј можеме да се пофалиме дека ја поминавме границата од 1000 наслови.

Денешниот наслов Глобални маркетинг цели – пазар во однос на производот напишан од страна на Илија Чубровиќ ја имаше таа чест да биде јубилејниот илјадитиот пост на претприемач.

Имајќи во предвид дека 99% од содржината е сопствена креација на авторите и истовремено креаторите (двајца) на претприемач, сепак претставува еден солиден напредок за оваа кратко време од три години колку што и постои овој сајт. Знаењето кое е опфатено тука би можел да го претставам како:

  • Над илјада книги од оваа проблематика прочитани од страна на авторите во последните 15 години.
  • Искуство собрано од работа службено и неслужбено со стотици компании како клиенти, како пријатели, како поддржувачи…
  • Десетици научно-истражувачки проекти од проблематиката на претприемаштво.
  • Континуирано следење на развојот на науката кога станува збор за претприемаштво и менаџмент во последните 15 години од страна на авторите.
  • Континуирана желба за обезбедување на издржани и докажани алатки и техники за претприемачите во Македонија од страна на авторите.
  • Континуирана желба на авторите Македонија да ја видат во едно поубаво светло како општество кое креира, развива и го менува животот не само на жителите на оваа земја туку и на целиот свет.
  • Реализација на мисијата поставена уште во 2009 година да креираме знаење лесно достапно за претприемачите.

Тоа е она што секој може да го препознае во 1000-те наслови на претприемач. Со сопствени средства, со скромни буџети, без никаква поддршка го постигнавме она што денес претставува овој сајт. Кога почнавме Илија ми кажа дека набргу ќе нема за што да пишуваме, дека ова се исцрпни теми. Но, праксата покажа дека темата која ја обработуваме претставува една научна тема, која постојано треба да се истражува и проучува. Постојано се доаѓа до нови сознанија, дури и со некои од почетните текстови и самите ние нема да се сложиме во целост. Но, тоа е основата, тоа е процесот, тоа е знаењето… Секогаш има нешто подобро. А, тоа значи дека и во овој сајт постојат уште премногу места за подобрување за што ќе се насочиме во периодот кој следува.

Благодарност до сите читатели на претприемач.

Благодарност до сите меилови за поддршка, бидејќи тоа е основниот двигател кој не тераше и не тера да продолжиме со работа на оваа содржина.

Благодарност до сите оние кои пратија свој текст за да се објави и се вклучија во придонесот за развојот на претприемаштвото во Република Македонија.

Благодарност до сите оние кои преку свој коментар ја дополнија содржината и се вклучија во придонесот за развојот на претприемаштвото во Република Македонија.

Благодарност и до сите оние кои преземаа и реобјавија наслови од овој сајт, онака како што треба “машки” со сите нишани на фер плеј.

Благодарност и до оние на кои не им се допаднавме, кои не опсипаа со “пцовки”, иако се помалку од 0,1%, сепак ги почитуваме и цениме.

И секако ќе го искористам ова за едно известување. Артиклите на претприемач од сабота веќе не постојат, ги избришав и доколку се обидете да пристапите на http://www.pretpriemac.com/articles ќе ве пренасочи на почетната страна. Таму се наоѓаа над 150 наслови, од кои еден дел се префрлени и преобработени тука, а одреден дел не се. Оние кои не се префрлени тука во следниве неколку денови ќе бидат преработени и реобјавени, додека некои едноставно се уништени. Но, забележав дека еден дел од уништените се по грешка (на пример не можам да го најдам текстот за BCG матрица) која ќе се обидеме да ја исправиме со наоѓање на тие текстови во нашата лична архива или едноставно повторно составување и објавување.

Затоа во следниот период има едно 10-тина наслови кои ќе бидат доста долги бидејќи претставуваат групирани и преработени серијали токму од тој избришан дел. На пример, серијалот за реинженеринг кој имаше три наслови сега ќе биде преработен објавен во еден, бидејќи сметаме дека ќе биде од корист некому. Истото е и со TQM, Lean менаџмент и фрактална филозофија.

 

post

Глобални маркетинг цели – Пазар во однос на производот

Секоја компанија настојува да ги задоволи побарувањата на одредениот пазар, а како следен чекор настојува да изврши експанзија на нов пазар. Тоа може да го направи со нов или со стар производ, а пласманот може да се одвива на нов или на стар пазар. Тоа е прикажано на сликата. Пласирањето на производите на нови пазари, овозможува остварување на глобални маркетинг цели.

Глобални маркетинг цели во однос на производ и пазар

Овие активности можат да се поделат во четири групи:

  • Продажба на стар производ на стар пазар. Ова е состојба на почеток на работење на компанијата. Компанијата нема доволно средства ниту искуства, па настојува да се одржи на стариот пазар, најчесто тоа за компанија претставува домашниот пазар. Овој начин на работење треба да се менува и да се воведуваат новини, во смисол на освојување на нови производи и нови пазари.
  • Продажба на нови производи на стар пазар. Со понатамошно зајакнување, компанијата воведува нови технологии како и нови производи, но сеуште работи на стариот пазар. Некогаш доколку се работи за Европски или некој друг силен пазар, тоа е одлична позиција. Но, во природата на секој човек е да сака да оди напред, па сите овие чекори одат во прилог на зајакнување на компанијата и нејзина подготвеност во следните чекори да излезе на новите пазари.
  • Продажба на стар производ на нов пазар. Кога компанијата ќе ги задоволи потребите на домашниот пазар, а доколку истражувањата покажат дека има побарувања за нејзиниот производ на нов пазар, тогаш компанијата настојува да изврши експанзија на тој пазар. Некогаш структурата на производот овозможува да се настапува и на стариот и на новиот пазар со ист производ, а некогаш тоа се должи на немање на средства, знаења или искуства.
  • Продажба на нови производи на нов пазар. Кога компанијата ќе постигне целосна силина, ќе биде во состојба да пласира нови производи на новите пазари, бидејќи има направено маркетинг истражување, со кое е согледано побарување за одредениот производ на нов пазар. Со овие активности компанијата ќе освојува нови пазари и ќе ги зголемува своите профити.
post

Како да имплементираш организациски промени во твојот бизнис?

Инкрементални промени Како може да имплементираш организациски промени во твојата компанија?

Знаеш, промените се секојдневни доколку сакаш да изградиш успешен бизнис или да се одржиш да бидеш еден чекор пред конкуренцијата.

Знаеш и дека твоите купувачи вршат притисок на твојот бизнис да бидеш подобар денес отколку вчера и подобар утре отколку денес.

Најдобриот начин твојот бизнис да биде подобар бизнис е да имплементираш систематски процес во планирање и имплементирање на промени.

Ќе се обидам да помогнам во градење на систем за промени во твојот мал бизнис.

#1 Зошто треба да се менуваш

Знаеш ли зошто треба да промениш нешто во твојот бизнис?

Доколку не знаеш зошто треба да се менуваш, веројатно нема ни да смениш нешто во твојот бизнис.

Секоја организациска промена има сопствени причини, наречани како сили на промени. Како и да е, најважно е дека треба да изградиш систем кој ќе ти каже дека треба да преземеш нешто во твојот бизнис.

Како што зборувавме во 11 предупредувачки знаци дека мора да преземеш нешто, секој претприемач треба да има знаци кои ќе се следат и согласно нив ќе се направи нешто во самиот бизнис. Тоа нешто се промените.

Првата работа која треба да ја направиш е да ги најдеш сите можни сили на промени со потенцијал да влијаат на твојата компанија.

Повеќе: Извори на организациски промени

#2 Приоритизација на силите на промени

Сега, кога ги занеш силите на промени, треба да започнеш да размислуваш за тоа која силе е поважна и која е нејзината зачестеност.

Значи, треба да избереш кои видови на сили на промени ќе ги следиш на секојдневно ниво, кои на неделно, месечно, квартално или годишно ниво. Оваа класификација ќе зависи од индустријата или пазарот во кој оперира бизнисот.

На пример, високо технолошките индустрии, треба да следиш повеќе фактори почесто отколку во индустрии кои не се толку под влијание на промените.

#3 Планирај го процесот на промени за најприоритетните сили на промени

Значи, знаеш што да следиш, и знаеш што е најприоритетно за твојата компанија.

Сега треба да го подготвиш твојот бизнис за имплементација на еден процес на организациски промени.

#4 Најди ги можните извори на отпор кон промени и обиди се да ги елиминираш

Едно нешто што претставува константа во процесот на организациски промени е отпорот.

Факт е дека ќе има луѓе кои ќе се противат на промените. Но, факт е дека тоа е многу опасно за процесот на имплементација на промените и бизнисот воопшто.

Мора да ги знаеш изворите на организациски промени и да предвидиш кој ќе се противи, а кој ќе ги поддржи промените. Кога ќе дојдеш до потенцијален отпор и го дефинираш лицето кое најверојатно ќе се противи на промените мора да се обидеш да ја елиминираш отпорноста уште пред да започнеш со процесот.

Повеќе: Отпор кон организациски промени – 28 фактори

#5 Дефинирај ги чекорите за имплементација

Имаш план. Веќе ги имаш елиминирано можните противења и сега треба да ги дефинираш конкретните чекори кои мора да ги преземеш во процесот на имплементација.

#6 Делегирај задачи и одговорности

Не можеш се сам да имплементираш. Затоа ќе треба да ги делегираш задачите од претходниот чекор заедно со одговорностите за конкретни луѓе.

Ти си претприемач, решавач на проблеми, сонувач. Ти требаат луѓе кои ќе го имплементираат она што ти си го замислил. Сепак, ќе треба исто така да им помогнеш за подобро разбирање зошто промените треба да се имплементираат и што ќе добијат тие со таа имплементација.

#7 Проверувај го процесот на имплементација

Започнување со процесот на имплементација не значи и автоматски успех на процесот. Сеуште ќе треба да ги проверуваш клучните мерки на перформасите за да се осигураш дека се се одвива како што е испланирано, или дека процесот оди во посакуваната насока.

#8 Подобрувај го процесот на имплементација

Секогаш ќе постои нешто што може да го подобри процесот на имплементација. Доколку откриеш дека нешто не е онака како што е планирано или посакувано, ќе треба да направиш прилагодувања во процесот за да обезбедиш дека се е ОК.

#9 Прослави го успехот

Секој успешно завршен проект треба да се прослави со сите членови на бизнисот. Да биде твојот бизнис поразличен и подобар не е мала работа. Од друга страна, ова не значи и крај на промени во бизнисот. Ќе мора да продолжиш уште од утре со нов процес на промени и затоа ти треба тим полн со енергија.

#10 Продолжи со истиот процес за следните највлијателни сили на промени

Време е да се започне повторно со следниот најважен причинител на промени и потребните промени за твојот бизнис.