post

Промени во Маркетинг

Само еден мал дел од веб присутноста на бизнисот

Само еден мал дел од веб присутноста на бизнисот

Секој претприемач (сопственик на мал бизнис) мора да знае и да биде свесен дека последниве 10-тина години донесоа огромни промени во индустријата која можеби со години па и децении функционираше на оној ист традиционален начин. Мора да ја прифатиме денешницата, но и да гледаме во утрешницата, а што поскоро да го заборавиме минатото и огромниот број на концепти неприменливи за денешниве услови на стопанисување.

Пред повеќе од 10-тина години се појави Google кој едноставно внесе еден сосема нов начин на дишење на луѓето кои се занимаваат со маркетингот (а секако тука се и претприемачите кои мора да се занимаваат со тој маркетинг). Тоа чудо едноставно го измени и пазарот и севкупната култура и однесување на луѓето. Јазикот на кој се изведуваше бизнисот пред појава на Google и сега е сосема различен.

Веќе скапите реклами не можат да го прекријат слабиот квалитет на производот или слабата услуга на компанијата. Барем мене ми стана во навика секогаш првин да се исконсултирам преку Google пред да донесам некоја одлука за купување.

Интернетот завзема се поголема улога во бизнис светот. Повеќето поголеми маркетинг агенции сметат дека за некоја година интернетот ќе стане доминантен маркетинг медиум на кој ќе се трошат најмногу пари од страна на бизнисите.

Во 2004 година се појавува Facebook кој има потенцијал набргу да биде поголем и од земјата со најголем број на жители на планетата земја – Кина. Во моментов кога го пишувам овој пост според Facebakers во Македонија има 717060 корисници на Facebook.

Денес луѓето едноставно бираат што ќе читаат, што ќе гледаат, дали ќе посветат внимание и колку ќе посветат внимание. Ако тргнам од себе, весник не сум купил веќе со години, вести веќе не гледам затоа што ми го креваат притисокот, реклами на ТВ не гледам туку едноставно го менувам каналот… Но, од друга страна користам интернет и таму сум присутен 80% од моето време. Можам да кликнам на некоја Adwords реклама иако се ретки за наши компании или пак можам да кликнам на реклама која ми го привлекува вниманието на Facebook.

Eдно мое лично искуство

Пред една година платив 7000 денари реклама во еден потрадиционален медиум. За да ја мерам ефикасноста и ефективноста на таа реклама поставив попустен купон кој важеше за цела година. Знаете ли колку купувачи го искористија купонот за 365 дена? Компир, крофна, нула… Единствено од таа реклама започнаа да ми се јавуваат компании (Cold Calling) за да ми продаваат нешто во моментот кога не бев заинтересиран за нивните производи и/или услуги. Па во некои случаи дури и да ме изнервираат и да создадат сосема негативен ефект кај мене.

Пред една недела пуштив за истата компанија пуштив Facebook реклама. За цела недела високотаргетирана група на потенцијални купувачи потрошив 10$. Во тој период продажбата се зголеми за 40%. 10 купувачи кажаа дека се потсетиле дека тоа и тоа им треба преку Facebook. 10-тина купувачи искористија промотивни акции кои беа најавени само на Facebook страната. И плус она што не може сеуште да се мери во парична мерна единица, зголемен број на фанови на таа страна за скоро 40%. Повеќе детали за овие тестирања и анализи кога ќе го обработиме Facebook како маркетинг средство.

Која е разликата? 7000 денари – 500 денари = 6500 денари. 6500 денари за разлика за кампања без резултати. Затоа и не го продoлжив договорот за реклама со тој медиум.

Офлајн бизниси на онлајн медиуми

Често во контакти со претприемачи на мали и средни бизниси слушам дека не може за офлајн бизнис да се користат онлајн маркетинг стратегии. Дали е тоа точно? Мојот пример од погоре е едно искуство токму на целосно офлајн базиран бизнис со една онлајн кампања.

Пред извесен период прашувам еден вработен во една компанија која меѓу првите воведе e-commerce решение за тоа какво е искуството. Одговорот беше дека веќе не го ажурираат, вработениот задолжен за тоа си отишол на друго место, слаб е интересот. Па добро, дали треба да се откажуваме кога едноставнио целиот свет имплементира такви решенија? Имаат инфраструктура, имаат решение, потребен им е администратор и секако поголема промоција и што може да загубат.

Пред извесен период на Open Forum прочитав за 5 трендови за малите бизниси во 2011 предвидени од страна на John Jantsch. Тие трендови се следниве:

  • Социјални медиуми ќе станат стандард во маркетинг стратегиите на малите бизниси.
  • Мобилен маркетинг ќе започне да се применува и од страна на малите бизниси.
  • О2О (Online 2 Offline) ќе стане стратегија, односно ќе се користи онлајн просторот за да се доведат купувачите во офлајн просторот.
  • Автоматизација на препораки
  • Апликации преку веб

Онлајн стратегија = Бизнис стратегија

Онлајн стратегија = Бизнис стратегија

Интересен е трендот за O2O. За овие прашања уште во Јуни оваа година пишував кога онлајн стратегијата ја поистоветував со севкупната бизнис стратегија на еден мал бизнис. Во тој пост дадов одговор на неколку прашања меѓу кои и тоа дали бизнисот треба да продава преку интернет за да има онлајн стратегија. Одговорот беше не.

Во никој случај продажбата не е и не треба да биде поврзана со присутноста на глобалната мрежа. За да бидете најдени едноставно треба да бидете присутен таму каде што некој бара нешто што вие можете да му го понудите. На кој начин ќе ве исконтактира, на кој начин ќе комуницирате и на кој начин ќе се договорите останува на Вас како еден претприемач, а можностите и слободата за креативноста се огромни.

Дали нешто сепак недостасува?

Дали можам да кажам дека е доволно мојот бизнис да биде присутен на Facebook за да успее со адекватна онлајн стратегија? Не би рекол така. Онлајн стратегија за присуство на еден бизнис на интернет е и треба да биде комплексен микс од различни медиуми и платформи кои го обезбедуваат тоа присуство. Не е доволен само веб сајтот. Не е доволен само блог. Не е доволен само Facebook. Не е доволен само…

Каде е клучната алка – содржина? Содржината е таа која ќе се испреплете како пајакова мрежа низ сите тие платформи и медиуми. Содржината е таа која ќе биде креирана или од Вашиот бизнис, или од Вашите купувачи, или од Вашите потенцијални купувачи или од Вашите конкуренти и противници. Секогаш ќе имате противници кои нема да ве сакаат од различни причини. Значи ќе постојат повеќе пајаци кои ќе плетат различни мрежи. Едниот пајак ќе сте вие, а останатите ќе бидат сите бизнис стејкхолдери. Секоја мрежа ќе има една или повеќе допирни точки со вашата основна мрежа. Колкава ќе биде успешноста и големината на тие мрежи сепак ќе зависи не само од онлјн фактори, туку и од офлајн фактори.

Токму тоа недостасува кај традиционалните маркетари. Потребно е да го намалиме нашето време кое го поминуваме пред Excel и сите тие накитени табели и графици и да започнеме да ја градиме таа содржина. Маркетингот започнува да се движи во еден сосема нов и поинаков правец.

post

Организациски промени – Значајност и дефинирање

Организациски промени

Организациски промени

Секој ден е различен од претходниот. Секој бизнис ден е различен од претходниот. Ние не сме исти во однос на вчера. Машините, компјутерите и опремата се постари за еден ден во однос на вчера. Купувачите се постари за еден ден во однос на вчера. Купувачите се поумни за искуство од еден ден за разлика од вчера. Ова се надворешни и внатрешни промени кои бараат организациски промени во еден бизнис.

Значи промените се единствено нешто што е константно во бизнис светот, па затоа и значајноста на истите е огромна за секој претприемач или менаџер.

Во Wiktionary за промената се вели дека е:

збор што се користи за опишување на транзиција која што се појавува од исто до различно.

Значи промената го опишува процесот на транзиција од постоечка состојба до нова (посакувана) состојба. Тој процес на транзиција од постоечка до посакувана состојба претставува активност на станување различен или модификација на нешто. Оваа активност на станување на различен и модификација на нешто имаат одредена цел, а тоа е да се подобри тоа нешто. Дали некој би се менувал на полошо или дали би се менувал ако со тоа менување воопшто не се подобри. Во такви случаи промената е бесцелна.

Промената не е затоа што едноставно сакате да менувате нешто. Таа мора да има цел. На пример, одговор на конкуренција, одговор на променети очекувања на потрошувачите. Одговор на нови барања на потрошувачите. Влез на нов пазар. Набавка на нова опрема и технологија.

Заради својата околина и интерактивноста на организацијата со својата околина можеме да кажеме дека:

Организациските промени претставуваат активности на станување на различен или модификација на организацискиот систем со цел да се подобрат сите деловни процеси на организацијата и да се изврши прилагодување на истата со промените во нејзината околина.

Денес ниедно претпријатие (организација) или мал бизнис не може да успее без да се прилагодува на надворешните и внатрешните околности, а тоа прилагодување претставува промена. Слободно можеме да кажеме дека организаициските промени се единствено нешто што е постојано и во малите и во големите претпријатија. Или пак би требало да биде постојано. Оние кои не се менуваат или веќе ги нема на бизнис картата или набргу ќе ги снема.

Зошто организациските промени се значајни за претпријатијата?

Неколку од поважните причини се:

  • Промените се единствено константно нешто во претпријатијата.
  • За да се опстане мора да се менуваме и да излегуваме во пресрет на променливите барања на купувачите
  • Глобализација на пазарот и зголемување на конкуренција на истиот
  • Развој и примена на науката во работењето на претпријатијата доведува до потреба на примена на нови начини на работење.
  • Целосно променет и континуирано менување на начинот на комуникација.
  • Пазарот се побрзо бара нови производи со се пониска цена на чинење што пак бара големи промени во претпријатието.

Ова е само дел од значајноста на организациските промени за сите типови на претпријатија.

post

77 Подобрувања на бизнисот за 77 дена

77 Подобрувања за 77 дена

77 Подобрувања за 77 дена

Подобрување е основа за конкурентска предност. Најуспешните бизниси се бизниси кои денес не се исти како вчера, а утре воведуваат нешто ново со што денешницата претставува подобрена. Во овој пост на претприемач подготвив една листа од 77 елементи кои можете да ги подобрите за 77 дена. Секако листата не е конечна, можеме да одиме со уште многу елементи. Но, сепак ја ограничив на 77 најважни елементи.

Можете да ја искористите одеднаш, но моја препорака е да ја користите во циклуси. Започнете од првиот ден и по 77-иот ден повторно навратете се на првиот. Така ќе имате бизнис кој тешко ќе може некој да го копира. Па да започнеме со подобрувањето.

Бизнис идеја

Ден 1: Креативност

Прво место каде има секогаш простор за подобрување е да ја зголемите Вашата креативност.

Ден 2: Комуницирање на идејата

Вие не сте сам и идејата нема да биде само за вас доколку ја реализирате. Комуницирај ја идејата и извлечи подобрувања од таа комуникација.

Ден 3: Заедница

Бизнис идејата се комуницира со Вашата заедница во која Вие и Вашиот бизнис опстојувате или ќе опстојувате. Важен елемент од процесот на креирање и имплементација на бизнис идеи.

Ден 4: Приоритизација

Ќе имате многу идеи, многу проекти но приоритетот на истите не е ист. Можете да го подобрите процесот на приоритизација.

Ден 5: План на имплементација

Многу добри бизнис идеи не се трансформираат во успешни бизниси заради недостаток на едно нешто – имплементација.

Ден 6: Процес на имплементација

Бизнис идејата може да е одлична, но доколку не се имплементира на вистински начин целиот процес ќе биде залуден.

Ден 7: Лидерство

Кој е лидерот кој ќе го води целиот процес?

Ден 8: Капацитет на имплементација

Каков е и може ли да се зголеми капацитетот на имплементација на бизнис идеи?

Бизнис план

Ден 9: Претходно искуство

Провери го претходното искуство со бизнис планирање и пронајди ги најголемите промашувања.

Ден 10: Предвидување

Квалитетно предвидување е основа за добро бизнис планирање. Подобри го процесот на предвидување.

Ден 11: Знаење

Бизнис планирање бара знаење, пронајди извори на знаење со што ќе го подобриш истото.

Ден 12: Бизнис модел

Започни со дизајн на бизнис моделот, па потоа инкорпорирај го тој бизнис модел во еден квалитетен бизнис план.

Ден 13: Цели

Што сакате да остварите со бизнис планот? Целите се основа на секој процес на бизнис планирање и нешто што секогаш може да се подобри.

Ден 14: Графици

Бизнис планот претставува графичка презентација на бизнис бројките. Со еден поглед може да се видат потребните подобрувања.

Ден 15: Намената на бизнис планот

За кого е наменет бизнис планот? Не се обидувајте со еден бизнис план да ги задоволите сите страни.

Ден 16: Интересност

Дали бизнис планот е интересен или здодевен?

Ден 17: Реалистичност наместо оптимизтичност

Процес на планирање бара на сте реален, немојте премногу оптимистички да предвидувате или да поставувате цели.

Ден 18: Јас, јас и само јас синдром

Проверете каде го користите и избегнете го!

Ден 19: Поглед кон конкуренцијата

Секогаш можете да најдете можности за подобрување на Вашиот поглед кон конкурентите.

Ден 20: Перспективи

Изберете една перспектива преку која ќе биде насочен Вашиот поглед, подобрете ја и само напред!

Ден 21: План за имплементација на планираното

Имајте, подобрете го и применете го планот за имплементација на планираното.

Ден 22: Докази

Проверете дали сите бројки и факти се докажани и извлечени од доследни извори на информации, а не од обични претпоставки.

Финансии

Ден 23: Извор на финансии

Нешто што на секој бизнис му е потребно! Побарајте ги можните извори на финансии и подобрете ги!

Ден 24: Готовински тек

Погледни го графикот на анализа на готовински тек и забележи што може да се подобри.

Ден 25: Вештини за готовински тек

Подобри си ги вештините за готовинскиот тек преку избор на различни извори на знаења за проблематиката.

Ден 26: Трошоци

Верувале или не трошоците се нешто што секогаш може да се подобри (скратат).

Ден 27: Рентабилност

Направи анализа на рентабилноста и види што, каде и како да подобриш.

Ден 28: Проекции на профит/загуба

Погледни во проекции на добивка/загуба и разгледај ја можноста како да го подобрите профитот или пак доколку е загуба како да го направите профитабилен.

Ден 29: Коефициент на економичност

Каков е односот помеѓу вкупните приходи и вкупнит расходи и што треба да направите за да го зголемите тој однос?

Ден 30: Коефициент на повраток на инвестиција

Како се движи повратокот на инвестициите во бизнисот? Како може да се подобри?

Ден 31: Стапка на акумулативност

Каков е односот помеѓу нето приходот и вкупните инвестиции (вложувања) и што треба да направите за да го зголемите тој износ?

Продуктивност

Ден 32: Организација

Организирање претставува мајка на зголемена продуктивност. Подобрете ја организацијата и ќе ја подобрите и продуктивноста.

Ден 33: Планирање

Бизнис планот ја зголемува личната и бизнис продуктивност. Подобри го процесот на планирање за да ја подобриш личната и бизнис продуктивност.

Ден 34: Системи

Бизнис системите овозможуваат побрзо изведување на иста работа во ист временски период. Секогаш постои можност за подобрување.

Ден 35: Личен живот

Подобри го личниот живот и ќе ги видиш разликите во бизнисот.

Ден 36: To-Do Листи

To-Do Листи претставуваат корисни алатки во зголемување на продуктивноста.

Ден 37: Препреки

Секогаш постојат препреки како лични така и бизнис препреки. Пронајди ги и елиминирај ги ќе ја зголеми личната и бизнис продуктивност.

Ден 38: Аутсурсинг

Што може да биде изведено во вид на аутсурсинг како би се заголемила продуктивноста?

Ден 39: Вработени

Бизнис продуктивноста се базира на продуктивноста на вработените.

Ден 40: Менаџмент системи

Бизнис продуктивноста зависи од менаџерските системи кои се користат во бизнисот.

Ден 41: Информативни системи и софтвер алатки

Вистинска информација, во вистинско време, кај вистинската личност ќе помогне да се заврши повеќе работа.

Ден 42: Систем за учење

Знаењето стекнато преку добар систем за учење ќе ја зголеми бизнис продуктивноста.

Бизнис процеси

Ден 43: Организирај го неорганизираното

Секогаш постои нешто во бизнисот што не е организирано онака како што треба.

Ден 44: Систематизирај ги бизнис процесите

Систематизација на бизнис процесите претставува основа за идни подобрувања и одржување на конкурентска предност.

Ден 45: Технологија

Користи ја оптимално технологијата во бизнисот.

Ден 46: Влез/Излез

Секогаш може да се подобри трансформацијата на влезот во излезот.

Ден 47: Бизнис модел

Основата на на секој бизнис секогаш може да се подобри.

Маркетинг

Ден 48: Маркетинг план

Направи подобар маркетинг план. Прочитај повеќе во Маркетинг план во 7 реченици и Дополнувањаво однос на маркетинг планот.

Ден 49: 4P

Производ, промоција, дистрибуција и цената се елементи од маркетинг миксот кои можете да ги имате како предмет на подобрување.

Ден 50: Маркетинг средства

Секое маркетинг средство може секогаш да се подобри.

Ден 51: Маркетинг календар

Провери, спореди, анализирај и редизајнирај го маркетинг календарот.

Ден 52: Повик за акција

Повик за акција е еден од најважните елементи на секое маркетинг средство кој има огромно влијание на успешноста на одредена маркетинг кампања. Подобри го за да ја зголемиш ефикасноста и ефективноста на маркетинг напорите.

Ден 53: Сегментација

Искористете ги алатките како RFM формула и демографија наспроти активности на потрошувачите.

Ден 54: Листа на потрошувачи

Провери, спореди, анализирај и редизајнирај ја листата со потрошувачи.

Ден 55: Листа на потенцијални потрошувачи

Провери, спореди, анализирај и редизајнирај ја листата со потенцијални потрошувачи.

Ден 56: Блог дизајн

Што може да подобрите во дизајнот на блогот.

Ден 57: Дизајн на веб страна

Што може да подобрите во дизајнот на веб страната.

Ден 58: Маркетинг кампањи

Секогаш може и подобра кампања од претходната.

Ден 59: Онлајн стратегија

Онлајн стратегија станува една од најважните бизнис стратегии за еден бизнис. Секое подобрување претставува севкупно бизнис подобрување.

Ден 60: Внимание, репутација и доверба

Подобрете го привлекувањето на вниманието кон Вашиот бизнис како и репутацијата и довербата кон истиот.

Ден 61: Дополнителна услуга

Подобрете ги дополнителните услуги кои ги нудите на потрошувачите.

Ден 62: Запознај ги подобро потрошувачите

Потрошувачот претставува најважната личност во Вашиот бизнис свет. Подобро познавање на Вашите потрошувачи подобар бизнис ќе имате.

Ден 63: Ургентност

Подобри ги елементите кои предизвикуваат ургентност за купување.

Ден 64: Корисности

Подобри ги корисностите на Вашиот производ и/или услуга за потрошувачите.

Ден 65: Кредибилитет

Подобри го кредибилитетот на бизнисот.

Ден 66: Понуда

Подобрете ја Вашата понуда да биде од аспект на потрошувачи. Бизнис понудата мора да се базира на потрошувачите и пазарот, не на желбите на претприемачот.

Ден 67: Социјални медиуми

Подобрете го присуството на Вашиот бизнис на социјалните медиуми.

Ден 68: SEO

Подобрете ја оптимизацијата за пребарувачи на Вашата бизнис веб страна или блог.

Продажба

Ден 69: Продажна инка

Подобрете го подесувањето на продажната инка на Вашиот бизнис. Секогаш има простор за подобрување.

Ден 70: Влез во продажна инка

Подобрете го влезот во продажната инка. Зголемен влез претставува зголемена веројатност за поголема продажба.

Ден 71: Стапка на конверзија

Стапка на конверзија претставува стапка на трансформирани потенцијални купувачи кои влегле во продажната инка во купувачи. Оваа мерка се изразува како процент од вкупниот влез и секогаш може да се најде простор за подобрување.

Ден 72: Просечна продажба

Подобрете го износот на просечна продажба од еден купувач.

Ден 73: Времетраење на продажна инка

Намалете го времетраењето на продажната инка.

Ден 74: Продажен тим

Продажниот тим е оној кој ја завршува последната работа, нека биде поубедлив.

Ден 75: Знаење на продажниот тим

Подобри го знаењето на продажниот тим за твоите производи и/или услуги. Сепак тие се во директен контакт со потрошувачите.

Ден 76: Насмевка

Подобри ја насмевката на лицето на продажниот тим. Не држи луѓе кои не знаат да се смеат.

Ден 77: Објаснување

Секогаш може подобро да се објаснат на потрошувачот карактеристиките и корисностите на производот и/или услугата.

post

PEST – Политички, Економски, Социо-Културни и Технолошки Влијаниа

PEST или STEP окружување

PEST или STEP окружување

Еден бизнис и еден претприемач имаат постојани влијанија од надворешноста на бизнисот. Иако денес е тешко да се определат прецизно границите на еден бизнис сепак може да претпоставиме дека зад некои замислени граници постои окружување кое влијае на бизнисот.

Еден бизнис како организациски систем се наоѓа во постојана интеракција со сопственото окружување. Ова значи дека постојат фактори кои влијаат од надвор кон бизнисот и бизнисот со сопствените активности (акции) влијае на окружувањето со цел да остане во динамичка рамнотежа со истиот. Во повеќето научни трудови кои ги пишував оваа го претставував како Третиот Њутнов Закон: На секоја акција одговара еднаква реакција, со ист правец но со спротивна насока.

Ова значи дека бизнисот мора да одговори на влијанијата од надвор како и да очекува дека на секоја негова акција ќе постои соодветна реакција од околината.

Овие влијанија може да се анализираат од аспект на тоа како ја делиме околината на бизнисот. Најчесто во научната литература се користи PEST (Political, Economical, Socio-Cultural и Technological) класификација на окружувањето на еден бизнис. Оваа класификација уште може да се најде и како STEP (Socio-Cultural, Technological, Economical и Political).

Во овој пост ќе се обидам само накратко да навлезам во сите овие подрачја на околината кои влијаат врз бизнисот. А во некој од наредните ќе навлезам подетално во секое од подрачјата.

Политичко влијание врз бизнисот

Оваа подрачје се базира на законските и подзаконските акти донесени од страна на законодавните домови на една држава како и прописи од страна на владите. Политичкото подрачје може да се состои од законодавството, стабилност на владата, штрајкови, политички состојби во соседните земји, начин на оданочување итн. Законодавецот донесува закони кои што индивидуалците, групите и организациите мора да ги почитуваат, инаку ќе сносат одредени последици. Тие закони имаат различно влијание на бизнисот. Без разлика дали се добри или лоши тие мора да се почитуваат. Политичката состојба во некоја земја ќе има влијание на бизнисот доколку таа ги извезува своите производи во таа земја. Стабилност на влада во одредена земја влијае на бизнисот доколку тој бизнис има учество со своите производи во таа земја или пак доколку одлучи да инвестира во нов погон во истата земја. Начинот на оданочување е доста значаен фактор за еден бизнис кој што може да влијае во однос на нивото на инвестиции во една земја.

Економско подрачје

Во оваа подрачје спаѓаат конкуренти, добавувачи, каматни стапки, стапка на невработеност, приходи на населението, кредитна политика, бруто општествен производ, инфлација, степен на меѓународна размена и многу други фактори кои влијаат на бизнисот. Влијанието на конкурентите на работењето на еден бизнис е многу значајно. Воведување на нов производ од страна на конкуренцијата бара соодветно реагирање на од страна на бизнисот и претприемачот. Добавувачите исто како и конкурентите имаа големо влијание врз работењето на бизнисите преку можноста истите да ги исполнат барањата на бизнисот како и навремена и точна испорака на репроматеријалот потребен за производство. Кредитната политика и каматните стапки на банките имаат големо влијание врз бизнисот во однос на расположивоста на финансиски средства кој може да биде потребен за одредени инвестициони потфати. Стапката на невработеност ја дава структурата на распложливиот кадар кој би можел да се најде на пазарот на трудот. Доколку е мала стапката на невработеност бизнисот има помал избор во однос на обезбедување на квалитетно обучена работна сила и обратно при поголема стапка на невработеност поголема е можноста за избор и привлекување на работна сила за бизнисот. Приходи на населението се значаен фактор за секоја организација. Тие ја отсликуваат куповната моќ на населението од пазарот каде учествува еден бизнис. Бруто домашниот производ и инфлацијата влијае на способноста на бизнисот да ги обезбеди потребните ресурси. Степенот на меѓународна размена ја отсликува состојбата на една држава во која егзистира една организација во однос на тоа какви договори има таа држава со другите држави за безцарински увоз/извоз за репроматеријали и добиени готови производи.

Социо-културно подрачје

Ова подрачје е составено од вредности, навики/традиција, норми, ставови, и демографски карактеристики на луѓето. Секое општество има сопствени вредности и ставови кои може да се разликуваат врз основа на регионот, етничка основа, населението итн. Овие вредности и ставови можат различно да влијаат на работењето на бизнисот. На пример, ставовите на луѓето кон загадувањето ќе има влијание врз бизнисот во однос на тоа дали да инсталира системи за заштита на животната средина или не. Нормите претставуваат стандарди на однесување прифатени од општеството кои се разликуваат од едно до друго општество. Секое општество има одредени навики во однесувањето кои се резултат на историјата на одредено општество. Навиките на луѓето влијаат на работењето на организацијата со тоа што доколку се работи за потрошувачи тие навики може да влијаат на начинот на консумација на производот, навики да користат други производи (супститути) итн. Демографските фактори се составени од старосната структура на населението, полот, составот на работна сила, нивото на едукација, работни вештини на населението и други карактеристики на истите. Овие фактори влијаат на работењето на бизнисот со тоа што даваат прецизна слика на новите пазари или пак инвестирање во нови погони од страна на организацијата.

Технолошко подрачје

Технологијата претставува примена на знаење, методи, техники и средства со кои еден бизнис го трансформира влезот во излезот. Тука најважен фактор е иновацијата или развој на нови процеси, производи или услуги. Стапката на влијание на технологијата како екстерно опкружување врз бизнисот варира од индустрија до индустрија. На пример, влијанието на технологијата на информациската индустрија е многу поголемо во однос на влијанието на било која индустриска гранка.

Меѓународно подрачје

Земјата во која работи еден бизнис претставува потесна околина на бизнисот, но пошироката околина како меѓународно подрачје во последно време има се поголем замав во влијание врз бизнисите поради се поголема глобализација на пазарот. Како што кажав во литературата доста е застапено групирање на околината со акроним PEST и STEP кои сите во себе го содржат и меѓународното подрачје. Ова подрачје на опкружувањето е составено од меѓународна конкуренција, меѓународни пазари, ограничени домашни ресурси итн. На пример, ограничените домашни ресурси ќе влијаат на тоа дали бизнисот има потреба да ги набавува од странскиот пазар. Доколку бизнисот е извозно ориентиран секако дека влијанието на меѓународната конкуренција ќе биде големо. Пробивање на пазар на кој има учество бизнисот од страна на меѓународна конкуренција или пак воведување на нов производ на меѓународниот пазар од страна на конкуренцијата ќе бара соодветен одговор од тој бизнис.

post

Се зависи од тоа како ги гледаме работите околу нас!

Можеме да смениме како ги гледаме работите

Можеме да го видиме успехот доколку нашиот мозок го ставиме состојба на креативност. Пред некоја недела во сабота беше навистина врнежливо, и иако беше сабота за која сите очекуваме да биде добро времето особено во овој период од годината сепак беше врнежливо. Но, не мора да биде толку црно прикажан еден таков ден. Ние можеме и сме способни да додадеме боја во нашиот живот во еден таков ден.

Тој ден бев во продавницата на мојата сопруга и гледавме преку прозорецот во улицата низ која имаше река и луѓе кои се обидуваа да се задскријат од дождот. Во исто време, мојата сопруга рече ужасен ден, а јас романтичен ден. Тоа е ист ден, гледан од иста или слична позиција и презентиран од две различни лица на два различни начини.

Огромна е разликата во значењето на двата описа – ужасно и романтично. Во тој ден јас видов романтика за двајца кои се сакаат, додека мојата сопруга гледаше низ бизнис перспектива бидејќи потенцијалните потрошувачи се затвораат дома и нема да влезат во продавницата.

Ова е поради фактот што нашиот мозок создава одредени слики за се она што се наоѓа околу нас. Тие слики се единствено наши уникатни слики. Ние навистина гледаме исти работи, но сликите во нашите мозоци се различни.

Кога и ја објаснив мојата слика на мојата сопруга тоа веднаш креираше насмевка на нејзиното лице. Понекогаш се стремиме да ги гледаме работите само од една перспектива и поради тоа и страдаме. Но, доколку имаме позитивни луѓе околу нас, ќе можеме да ја смениме нашата интерна слика и да го тргнеме изразот на страдање од нашето лице.

Пред да тргнам со оние неколку работи кои ми паднаа на ум за оваа проблематика би сакал да се навратам на еден напис од пред повеќе од една година на претприемач: Избегнување на негативците каде го образложував овој проблем од поинаква перспектива. За овој напис ме потсети еден претприемач пред некој месец дека му се допаднал и дека навистина се чувствува дека живее во една таква средина.

Но да продолжам со она што е заедничко за оваа тема:

1. Постои тенденција да ги гледаме работите во негатива.

Како претприемач вие веројатно ќе менаџирате повеќе или помалку вработени. Кај нив ќе постои негирање и негативност за одредени предлози. Вашата работа ќе биде да им објасните и да овозможите таа иста работа да биде гледана исто од сите.

2. Различни луѓе креираат различна слика за иста работа.

Мора да знаете дека различни вработени истата работа ќе ја гледаат различно. Тука не станува збор за негативноста, туку за диференцијација во идеите кои може да бидат корисни. Како што зборував за различни слики во нашите мозоци, постојат различни идеи во секоја од тие слики. Затоа би било корисно претприемачот да погледне во секоја од тие брилијантни идеи и да ги инкорпорира во предметот за кој што станува збор.

3. Мора да бидеме попозитивни.

Доколку сме попозитивни, ќе се чувствуваме многу подобро, а тоа ќе не енергизира за да извршуваме повеќе и повеќе работа. Но, не станува збор само за нас, нашата позитивна енергија и позитивното размислување ќе ги енергизира и луѓето околу нас и целата наша работна и неработна околина. Во едно такво место слободно можеме да очекуваме поголема продуктивност, поголема соработка и поголем квалитет на завршената работа.

4. Треба да ги споделуваме нашите позитивни слики со луѓето околу нас.

Доколку имате поубава слика во вашиот мозок, подобро е да ја споделите таа слика со оние околу вас. Каква би била користа на Вашата позитивност, доколку не ја споделите и ја подобрите Вашата работна околина? Како што јас успеав да извлечам насмевка на лицето на мојата сопруга во околина која и не изгледаше баш перфектно, зошто да не се обидеме да им помогнеме на нашите пријатели, колеги, вработени да се чувствуваат многу подобро во ситуација во која се чувствуваат ужасно.

Се е околу тоа како ги гледаме работите околу нас. Понекогаш ќе гледаме убави слики, а понекогаш нашата околина ќе гледа поубави слики од нас. Како и да е, доколку тие подобри слики ги споделуваме меѓусебно, ќе успееме да гледаме еден прекрасен свет околу нас, свет кој ние го креиравме.

post

Промената не е опционална!

Пред малку прочитав твит на @LeadToday во кој се вели дека:

Промената не е опционална и секогаш кога ќе се обидеме да ја победиме ќе изгубиме. Не се борете против промените, контролирајте ги, дозволете да се случат.

Досега почесто се занимавав со она како да се спроведе промената во еден бизнис или пак организациски систем. Но, успешна имплементација на организациски промени зависи од три елементи:

  • Навремено откривање на потреба од промени
  • Одлука за имплементирање на промената и
  • Имплементација на промената.

Неколку елементи од овој цитат ми привлекоа внимание:

  • Промената не е опционална. Ние не сме во состојба да бираме која промена ќе се случи а која нема да се случи. Ова особено се однесува за надворешните извори на промени. Внатрешните на некој начин и можеме да кажеме дека ги контролираме иако не со 100% сигурност. На пример, за промени во технологија не можеме да бираме. Или ќе ја прифатиме и ќе ја користиме таа нова технологија или ќе оставиме конкуренцијата да ја искористи.
  • Доколку не ја прифаќаме секогаш ќе изгубиме. Во војна со промената ние секогаш ќе бидеме губитниците. Бидејќи таа едноставно се случува, се наоѓаме во ситуација каде важи правилото земи или остави. Доколку се одлучиме на остави некој друг ќе земе, а ние ќе бидеме губитниците.
  • Промената треба да се контролира. Лесно е да се каже, но тешко е да се спроведе. Како да контролираме нешто на што немаме влијание? Едноставно, одговорот е во следење на изворите на промените кои едноставно ќе ни дадат идеја и ќе не подготват за она што следува.
  • Треба да дозволиме промената едноставно да се случи. Не смееме да ја одбиваме промената која се случува околу нас, мораме да дозволиме истата таа да влезе и во нашиот бизнис.

Значи:

  • Промената ќе се случи сакале ние или не.
  • Промената ќе ја прифатиме кога тогаш, но колку порано толку подобро.
  • И секако промената не е невозможна.
post

Имплементација наспроти донесување на одлука

Овој краток напис е инспирација од еден цитат на Guy Kawasaki кој Dharmesh Shah еден од авторите на една од најпродаваните книги за маркетинг на Amazon (Inbound Marketing) го твитна денес.

Овој цитат вели:

Тежок дел е имплементацијата на одлуката, а не донесувањето.

Доколку по фази го разгледуваме донесувањето на одлуки, односно доколку тргнеме од самиот проблем кој претставува основа на потреба од некоја одлука овој цитат ќе изгледа нелогичен.

Зошто е тоа така?

Еве го процесот на донесување на одлуки низ фази во вид на пред донесување на одлука и по донесување на одлука:

  1. Откривање на постоење на проблем.
  2. Анализа на проблемот.
  3. Дефинирање на можни решенија на проблемот.
  4. Анализа и оценка на можните решенија.
  5. Избор на најдобро решение (одлука).
  6. Примена на решението.
  7. Контрола на имплементација на решението.

Од овие 7 фази првите 5 се однесуваат на процесот на донесување на одлука додека последните две (6 и 7) на имплементација на веќе донесената одлука. Па, како тогаш согласно цитатот имплементацијата (има 2 фази) е потешка од самото донесување на одлука (има 5 фази)?

Првите 5 фази зависат од нас самите. Го откриваме проблемот, го анализираме, предлагаме решенија и го избираме најдоброто решение. Но, имплементацијата не зависи од самите нас. На пример, менаџерите или пак претприемачите донесуваат одлуки но истите се имплементираат од страна на други луѓе – вработени. Доколку тие не го имплементираат Вашето решение онака како што Вие сте го замислиле целиот процес на донесување на одлука е залуден.

Секаде каде што имплементацијата е во рацете на оние кои не одлучуваат за тоа решение ќе биде потешка.

Од друга страна имплементацијата е веќе практична работа или превземање на вистинска акција која е и прва претприемничка особина. Лесно е нешто да се испланира на хартија, но тешко е да се спроведе во пракса. Многу добри одлуки кои остануваат на хартија едноставно се никакви или некорисни одлуки. Затоа, колку и да е тешка имплементацијата доколку сте донеле одлука имплементирајте ја.

Значи вака гледано имплементацијата е составена од 2 фази, но во составот на тие фази има повеќе подфази, на пример:

  1. План на имплементација
  2. Конкретни активности на имплементација
  3. Одговорности
  4. Мерни индикатори
  5. Спроведување на активности
  6. Следење на спроведените активности
  7. Споредба на реалноста со мерните индикатори.
post

Како да ги промените работите кога промената е невозможна?

Промената е срцето на секој успешен бизнис. Колку побргу претприемачот свати дека промената е секојдневие на неговиот бизнис толку подобро за бизнисот воопшто.

Промена - Основа на бизнис живот

Се се менува околу нас. Со секој нов ден ние сме се поразлични и поразлични. Јас често пати ја користам промената за да анализирам што како влијае на одредени мои и бизнис перформанси. Како се однесува околината кога сум неактивен, а како кога сум активен?

Но понекогаш доаѓаме во состојба кога знаеме дека е потребно нешто да менуваме, но ни се чини дека една таква промена е невозможна. Едно нешто сум сигурен од моето лично искуство и мојата работна околина во последниве 14 години. Тоа е дека ништо не е невозможно. На пример, додека бев на факултет еден од моите колеги немаше верба во себе дека ќе може да заврши (а да бидам искрен и не се гледаше некој голем потенцијал особено заради математиката), но заедно успеавме да ги пребродиме сите кризи и сега тој мој пријател е машински инженер. На работа во царина имав неколку ситуации кога странците ми велеа тоа е невозможно да се направи, а по некој ден кога ќе го направам нивното воодушевување беше со зборовите Good Job My Friend.

Упорноста и желбата за да се најде решение на проблемот се основни за претворање на невозможното во возможно и очигледно.

Во овој напис сакам да дадам еден посистематски приод кога станува збор за бизниси кои не се поединци туку организациски системи и промените.

1. Визија

Пред да сакаме нешто да промениме мора да знаеме што сакаме да постигнеме. Ако сме сигурни какви сакаме да изгледаме во иднината, односно каков сакаме да биде нашиот бизнис во иднината веќе ќе го знаеме и половина пат до таа наша цел. Повеќе за визија и визионери пишував во Претприемач визионер наспроти опортунист. Одговорете на следниве прашања за да ја дефинирате Вашата визија:

  • Каде сакам да биде мојот бизнис во иднина? Јасно дефинирана позиција на Вашиот бизнис во иднина.
  • Што ќе треба да превземам за да стигнам таму? Активности кои ќе бидат потребни за да го постигнете одговорот од првотопрашање.
  • Што ќе претставува дестинацијата? Всушност со оваа прашање ќе треба да ги дефинирате мерните индикатори кои ќе ви кажат дека сте стигнале до местото кое што го дефиниравте со одговор на првото прашање.

2. Мотивација

Вашиот бизнис е составен од индивидуалци кои со нивните активности го прават Вашиот бизнис жив. Многу е неверојатно дека можете да бидете само Вие тој кој претставува биолошки систем во бизнисот. Затоа промената доколку не се спроведува од страна на вработените не претставува промена. Одговорете на следниве прашања:

  • Какви се моменталните чувства на сите членови на бизнисот?
  • Што ќе предизвика чувство на ургентност?
  • Какви ќе бидат наградите за стигнување на дестинацијата?

3. Акција

Планирање без акција претставува непотребно планирање. Потребно е сето она што го испланиравте во визија и мотивација да го примените во конкретни активности во бизнисот. Затоа го предлагам следново.

  • Систематизирај. Зголемете ја ефикасноста и ефективноста преку имплементирање на систематски приод во спроведување на активностите за промени во Вашиот бизнис.
  • Имплементирај. Имплементирај го системот за да можеш да ги спроведеш сите испланирани активности, но и за да можеш да имаш полесен пат при имплементација на следни слични промени во бизнисот.
  • Мери. Мери ги постигнувањата од имплементацијата и секако подобрувај го се она што не дава резултати.
post

5 Бизнис Елементи Кои еден Претприемач може да ги Подобри Уште Денес

Претприемач, претприемаништво, бизнис, мал бизнис… Сето тоа се поими кои се длабоко поврзани со продобрувањето. Основна задача на секој претприемач или пак менаџер е да го подобрува бизнисот. Простор за подобрување во секој бизнис постои. Но, кои се оние клучни елементи кои може и треба да се започне со подобрување уште денес?

Пред да започнам со поставување на клучните елементи сакам да повторам дека процесот на подобрување може да се однесува на сите аспекти на бизнисиот и нема ограничен простор. Секое подобрување ќе може да доведе до ефект на пеперутка во севкупниот бизнис.

Следниве елементи можете да започнете уште денес да ги подобрувате:

Претприемач

Претприемач е централна фигура во секој бизнис. Уште денес можете да започнете да се подобрувате. Знам дека доколку го читате оваа Вие сте тип на претприемач кој секојдневно се подобрува проширувајќи го сопственото знаење.

Ние како претприемачи со секој нов изминат ден стекнуваме ново искуство, ново знаење, нови вештини и нови навики кои доведуваат до наше подобро однесување во утрешниот ден. Потребно е само навистина добро да ги апсорбираме овие елементи и нормално да ги применуваме. Доколку не го примениме нашето ново, искуство, ново знаење, нова вештина и нова навика во утрешниот ден воопшто не сме се подобриле.

Маркетинг

Маркетинг е една од најважните карики во секој бизнис. Можеби не сте ни свесни колку може да се подобрат Вашите маркетинг активности со само едноставно следење на резултатите од секоја активност. Со промена во маркетингот ќе направите промена и во резултатите на бизнисот. Доколку секоја маркетинг активност ја подобрите за само малку за огромен процент ќе се подобрат бизнис резултатите. Еве некои совети:

  • Направете истражување на пазар.
  • Започнете со градење или подобрување на Вашиот кредибилитет.
  • Исфрлете ги сите маркетинг активности кои даваат слаби резултати.
  • Користете го 80/20 правилото.
  • Пробувајте различни медиуми.
  • Префрлете огромен дел од маркетинг активностите на интернетот.
  • Мерете ги резултатите и менувајте.
  • Проверувајте различни текстови и продолжувајте со оние кои даваат најголема конверзација..

Доколку само овие работи ги разгледате уште денес и започнете да ги применувате од утре подобрените бизнис резултати се загарантирани.

Стратегија

Како трет елемент ја избрав стратегијата бидејќи е најлесно да се промени и подобри. Менување на стратегијата е најбрз, најлесен и најмоќен начин да ги промените бизнис резултатите. Стратегијата наједноставно кажано е нешто што го покажува патоказот за движењето на бизнисот во иднина. Во Wikipedia за стратегија се вели:

Стратегија е план на акции кои се дизајнирани за исполнување на одредени цели. Таа се насочува на КАКО наместо на ШТО.

Еве некои совети за да започнете со подобрување уште денес:

  • Разгледајте ги поставените цели.
  • Дали стратегијата која ја применувате води кон исполнување на поставените цели.
  • Пробајте да пронајдете и други патишта кои водат кон истите или пак кон поголеми цели.
  • Менувајте одлучно се за што сметате дека е исправно. Па, и да погрешите ќе го подобрите првиот елемент – претприемачот.

Бизнис Модел

Простор за подобрување на бизнис моделот на еден бизнис е неограничен. Прво доста е едноставно, целосно е под контрола на претприемачот и подобрувањето може да даде одлични бизнис резултати. Бизнис модел наједноставно претставува начин на изведување на бизнисот. Во Бизнис модел нешто што ќе ви помогне за бизнис модел напишав:

Секој бизнис има свој сопствен модел. Бизнис модел претставува начин на изведување на бизнис активности. На пример за малопродажба, бизнис модел може да биде набавка, изложување, маркетинг, продажба и повторно истото. Но, помеѓу овие процеси во моделот може да има повеќе различни подпроцеси. И токму во тоа е разликата помеѓу различните бизнисите. И токму во тие подпроцеси еден бизнис може да биде успешен, а друг ист таков неуспешен.

Еве неколку практични совети:

  • Претставете го графички бизнис моделот на Вашиот бизнис (можете да ја искористите алатката Gliffy)
  • Погледајте го и забележете ги идеите за подобрување.
  • Одморете малку – занимавајте се со нешто друго и повторно прегледајте го графикот на бизнис моделот.
  • Забележете ги сите подобрување и направете нов бизнис модел со вклучени подобрувања.
  • Од утре нека биде официјален новиот бизнис модел.

Капитал

Кога станува збор за капитал не мислам само на финансискиот, туку и на човечкиот и интелектуалниот капитал на еден бизнис. Мислам дека финансискиот капитал е јасен и сите го разбираме бидејќи се однесува на тоа колку пари и колкава финансиска моќ како бизнис имаме. Но, финансискиот капитал не значи и по автоматизам успех на бизнисот без следните два – човечкиот и интелектуалниот капитал. Една од поголемите грешки е кога се фокусираме на подобрување само на финансискиот капитал без останатите. Можеби затоа што најлесно е да се анализира бидејќи имаме готови алатки како анализа на готовински тек, анализа на добивка и загуба, финансиски извештаи итн.

Човечкиот капитал се луѓето кои работат во самиот бизнис и акумулираното знаење и вештини за исполнување на задачите во тие луѓе.

Интелектуалниот капитал претставува интелектуалната сопственост на бизнисот како што се правила, процедури, однесувања, организациска култура… Овој капитал се однесува на прашањата како го искористуваме човечкиот и финансискиот капитал, односно како го искористуваме знаењето, искуството и вештините на луѓето и парите за развој на нашиот бизнис.

Неколку совети за подобрувања во ова подрачје:

  • Размислете за тековната состојба на финансискиот, човечкиот и интелектуалниот капитал.
  • Забележете ги сите силни и слаби страни на истите.
  • Направете стратегија за да ги надминете слабите страни и да гиподобрите силните страни.
  • Започнете со подобрувањето од утре.

Ова се само 5 елементи кои можете навистина уште денес да ги подобрите, доволно е да оделите само 5 часа од Вашето време за да од утре имате бизнис кој навистина во голем дел ќе биде подобрен и ќе овозможува остварување на поголеми резултати.

post

Ограничувачки Верувања – Опасност за Претприемачите

Од пред некое време започнав да го следам блогот на Steve Pavlina’s Personal Development Blog и налетав на еден напис за ограничувачки верувања (Limiting Belief). Во многу ситуации од личен живот па така и во бизнисот овие ограничувачки верувања можат да не спречат да ги донесеме вистинските одлуки.

Што се тоа Ограничувачки Верувања?

  • Јас не можам …
  • Јас не знам…
  • Тешко ми е да го изведам…
  • Треба многу да учам…
  • Верувам дека ова е неисправно…
  • Грешките и неуспесите се нешто лошо.

Сигурно ви се познати овие почетни реченици бидејќи сигурно некогаш сме се нашле во состојба да си изговориме во себеси. И веднаш по изговарање, нормлно тие преовладуваат во нашиот мозок и се откажуваме од нешто што треба да го направиме иако можеби тоа нешто доколку се помачиме и го направиме ќе ни донесе огромен успех и нормално задоволство.

Според Wikipedia верување е:

…психолошка состојба во која одреден индивидуалец има претпоставки за кои мисли дека се точни.

Но, постои разлика помеѓу верување и точност. Првин имаме две состојби:

  • Нашето верување е точно.
  • Нашето верување е неточно.

Па со едноставна теорија на веројатност ќе видиме дека веројатноста дека нашето верување е точно е 0,5 но и веројатноста дека нашето верување е неточно е исто така 0,5. Што значи дека сме во позиција на фифти-фифти.

Од друга страна зборот ограничувачко означува некоја граница на нашите верувања или нешто што не ограничува во однос на поинакви верувања. Значи нашите ограничувачки верувања не ограничуваат да размислуваме пошироко од вообичаеното и не спречуваат од преземање на некои клучни акции.

Од Каде Доаѓаат овие Ограничувачки Верувања?

Постојат многу места, настани и периоди во животот кои ги градат овие ограничувачки верувања. Во овој дел би набројал само некои, што значи дека од индивидуа до индивидуа зависи на бројот и коренот на одредени ограничувачки верувања.

  • Нашето детство.
  • Воспитување од родители. Не дека воспитувањето било лошо, но некои времиња се менуваат и некои вродени верувања од воспитување од нашите родители се веќе сменети.
  • Општествен систем во државата во која живееме.
  • Едукациски системи (училишта, универзитети, курсеви…)
  • Нашето друштво (пријатели, колеги, соработници, роднини…)
  • Некои специфични случки во нашиот живот.
  • Незнаење.

Некои Примери на Ограничувачки Верувања за Претприемачите

  • Јас не можам да започнам бизнис.
  • За овој бизнис не сум кадар.
  • Не можам и незнам да менаџирам.
  • Не сакам да вработувам бидејќи никој не може да ја заврши работата подобро од мене.
  • Не знам да планирам.
  • Не сакам да планирам.
  • Не можам да го контролирам растот на бизнисот.
  • Мојата бизнис идеја не е најдобра.
  • Страв ми е дека ќе изгубам.
  • Грешките што можам да ги направам се кобни.
  • Бизнисот без мене неможе да опстане.

Забележувате многу опасности од спречување на започнување на бизнисот до спречување на развојот и растот на бизнисот. Иако за повеќето од овие ограничувачки вредности знаеме дека се неточни сепак доколку тие се длабоко вкоренети во нашиот мозок ќе ги применуваме. Тие едноставно имаат најголема предност во нашиот мозок и како што наведов едноставно светнуваат во секој момент кога сакаат да не спречат во нешто.

Како да се Избегнат Ограничувачки Верувања

Не сум сигурен за некој прецизен модел, но јас го користам овој кој ми помага од ситуација до ситуација. Во секој случај многу е тешко да се бориш со некое верување длабоко всадено во мозокот. Секоја индивидуа е различна и не може да има еден модел за секој.

  • Се обидувам да ги спознавам и знам сопствените ограничувачки верувања.
  • Проучувам за секое ограничувачко верување како би го проширил сопственото знаење и би го сменил верувањето.
  • Избегнувам зборови во стилот не сакам, не можам, не знам…
  • Се обидувам да ги пробијам бариерите на пошироко размислување.
  • Се обидувам никогаш да не мислам како други.
  • Се обидувам да гледам поинаку во однос на спротивните одлуки и акции.
  • Секоја грешка ми е школо за друг пат.
Сликата од Noël Zia Lee