post

Twitter – Маркетинг средство 79

Twitter - Маркетинг средство

Twitter - Маркетинг средство

Twitter е 79-тото маркетинг средство на претприемач од серијалот за 100 маркетинг средства. Во минатите две недели стана збор за Facebook, првиот пост за бесплатно користење и во вториот за користење на Facebook реклами. Twitter е помал во однос на Facebook, но сепак со константен раст поинаков стил на платформа за комуникација помеѓу лица (и правни и физички).

Можеби ќе се запршате како една алатка за блогирање која ограничува на 140 карактери може да биде корисна за еден бизнис? Да, Twitter е платформа за микроблобирање, што значи дека сте ограничени на само 140 карактери. Но, нели токму тоа е и целта во денешно време кога корисниците на интернетот немаат многу време за губење, да се испрати кратка и јасна порака која ќе може да биде прочитана и споделена.

Од друга страна, доколку сеуште го поставувате тоа прашање, Twitter не е само платформа за блогирање, туку и алатка за комуникација. Дали Вашиот бизнис има потреба од комуникација со:

  • тековните купувачи,
  • потенцијалните купувачи,
  • вработени,
  • снабдувачи?

Доколку одговорот е не, тогаш не размислувајте за користење на оваа платформа. Доколку одговорот е да, што сметам дека е точен за 100% од бизнисите, тогаш размислете за вклучување на истата во вашата севкупна маркетинг стратегија.

Twitter е повеќе од само алатка за маркетинг

Пред да преминеме да го разгледуваме Twitter како можно маркетинг средство би сакал да напоменам дека тој е многу повеќе од алатка за маркетинг. Twitter претставува навистина солидна бизнис алатка која може да ви помогне во многу аспекти на Вашиот бизнис. На пример, може да се користи како:

  • Алатка за објавување на содржина
  • Алатка за истражување
  • Алатка за социјализација
  • Алатка за работа
  • Алатка за маркетинг

Twitter како маркетинг средство

Значи маркетинг претставува само еден мал сегмент на користење на оваа платформ за микро блогирање од страна на бизнисите. Начинот на користење и слободата на креативност е огромна. Нема и неможе да постои темплејт кој ќе ве води во процесот на користење на Twitter како маркетинг средство.

Треба да напоменам дека секогаш имајте во предвид дек е повеќе од само маркетинг средство.

Во Twitter за бизнис – 27 ресурси ги опфатив ресурсите каде во целост можете да прочитате за различните начини и идеи за користење на оваа платформа за микроблогирање. Во еден од тие ресурси се наоѓа и постот на Chris Brogan, коавторот на книгата Агенти за доверба во кој изнесува 50 идеи за користење на Twitter за бизнис цели.

Но, тука би опфатил некои идеи како да го користите како маркетинг средство:

  • Вмрежување со потрошувачите и слушање на она што тие го кажуваат за Вас, Вашиот бизнис и Вашите производи и/или услуги.
  • Одговарање на прашања. Некој потенцијален или сегашен купувач ќе ви постави прашање кое Вие можете да го одговорите.
  • Добивање на фидбек преку поставување на прашања и анкети.
  • Подобрување на имиџот на бизнисот.
  • Истражување на пазарот. Не сте ни свесни колку информации може да се приберат за пазарот преку оваа платформа за микроблогирање.
  • 140-карактери реклами во вид на ограничени содржини, попусти, награди…
  • Споделување на корисни информации.
  • Не спамирај.
  • Користење како систем за поддршка.

Алатки кои може да ви помогнат

Постојат повеќе апликации за менаџирање на Вашите Twitter акаунти, но од повеќето кои сум ги пробал единствено HootSuite е една од најкомплетните. Иако пред некој ден бесплатната верзија (одличен freemium бизнис модел) е веќе ограничена на 5 социјални мрежи, 2 RSS фидови, статистика за 30 дена и подржана со реклами сепак претставува доволно за еден мал бизнис. Истата апликација ја има и за на Вашиот телефон.

Пред некоја недела ја зедов и ја пробав апликацијата Twittelator Pro која исто така ми остави соодветен впечаток и преку телефонот сега повеќе ја користам оваа апликација.

HootSuite & Twittelator Pro

HootSuite & Twittelator Pro

post

Facebook Реклами – Маркетинг средство 78

Facebook Реклами

Facebook Реклами

Продолжуваме со серијалот за маркетинг средства на претприемач. Во 77-мото маркетинг средство стана збор за Facebook бесплатно кое се однесуваше на градење на присутноста на бизнисот на оваа платформа, додека во оваа 78-то маркетинг средство исто така ќе стане збор за Facebook, но за користење на нивниот систем за реклами кој функционира на принципот плати по клик.

За целите на овој пост ќе искористам еден mindmap кој пред извесен период го креирав за мене лично при крирање на Facebook рекламни кампањи. А, во понатамошниот дел од овој пост ќе се обидам накратко да навлезам во сите елементи од тој mindmap.

Mindmap за Facebook реклама

Mindmap за Facebook реклама

1. Цели на една Facebook реклама

Пред да го преземете конкретниот чекор на поставување на реклама на Facebook првин поставете цели на таа кампања. Запрашајте се што сакате да постигнете. Што сакате да направи оној кој ќе кликне на рекламата? Каде ќе го одведе кликот? Што потоа? Целите може да бидат:

  • Зајакнување на вашиот бренд.
  • Зголемување на продажба.
  • Промоција на Facebook страната.
  • Зголемување на фанови.
  • Привлекување на внимание.
  • Поттикнување на интеракција.

Ова е само за пример како би изгледале целите за една ваква кампања. Ставам три точки бидејќи листата може да биде бесконечна. Но, вие размислете за неколку најважни цели за Вашиот бизнис. Мора да напоменам дека може да имате неколку цели, но и неколку различни реклами за секоја цел.

Уште во оваа фаза за секоја цел определете буџет за определен временски период за кој ќе оди рекламата. Она што сега ќе го направите не значи дека ќе остане исто во поглед на буџетот и временскиот период.

2. Експериментирај со повеќе реклами

За секоја цел подготви повеќе реклами. Не се ограничувај само на една. Целта е да видиш која ќе дава подобри резултати и кој тип на реклама (слика, текст-порака и целна страна) за соодветната цел е најприкладна. Во овој дел е важно да имате идеја за повеќе видови на реклами. Сеуште не ги поставувате бидејќи истите ќе треба да го поминат и филтерот на наредниот чекор.

3. Таргетирај релевантен пазар

Ова е можеби најважниот чекор во целиот процес. Овој чекор едноставно претставува дефинирање на Вашите потрошувачи. Можете да започнете од тековната ситуација со Вашиот бизнис. Дефинирајте го вашиот тековен купувач. На пример, за еден бизнис купувачи се:

  • 80% мажи и 20% жени (или пак обратно да не бидам сфатен погрешно – 80% жени и 20% мажи).
  • На менаџерски позиции со моќ за одлучување.
  • Живеат во поголемите градови во Македонија.
  • На возраст помеѓу 35 и 55 години.

Овој чекор е значаен и за подобро да се дизајнираат самите реклами. Затоа освен оние тековните би било добро да тргнете и со дефинирање на еден идеален ваш потрошувач. Па затоа освен демографските карактеристики размислете и за:

  • Нивните интереси, желби и цели.
  • Што е она што ги прави среќни?
  • Какви се нивните проблеми?
  • Што е она што во моментов го немаат?

Сето ова има за цел да ве воведе во процесот на соодветно таргетирање при дизајнирање на кампањата. Facebook ви дава можност да таргетирате по:

  • Земја
  • Возраст
  • Пол
  • Лајкови и интереси
  • Конекции на Facebook
  • Едукација
  • Компанија за која работи
  • Заинтересираност
  • Брачен статус…

Facebook Таргетирање

Facebook Таргетирање

Затоа сето она што е блиску до Вашиот идеален купувач треба да го трансформирате во опциите за таргетирање на рекламата. За секоја цел и за секоја таргет група ќе имате различни реклами.

4. Дизајнирај релевантни реклами

Сега е време она што досега го сработивте да го пресликате во една релевантна реклама. Релевантна Facebook реклама е реклама која е специјално дизајнирана за соодветна таргет група. Затоа дизајнирате за секоја таргет група по неколку реклами согласно поставените цели во кои ќе вклучите некој од следниве елементи:

  • Интерес на таргетираната група
  • Повик за акција
  • Специјална понуда
  • Прашање за будење на интерес….

5. Креативни освежувања

Рекламите треба да се освежуваат. Не е добро една иста реклама постојано да напаѓа. Како и се останато една реклама си има свој животен циклус, се раѓа, го постигнува максимумот, влегува во опаѓање и на крајот умира кога веќе нема да обезбедува доволно кликови. Затоа постојано размислувај како креативно да ги освежиш рекламите.

6. Оптимизирај ги целните страни

Една реклама на Facebook по клик може да води или до Facebook страна или до Вашиот веб сајт. Тоа значи дека целта на кампањата се остварува преку тие целни страни. Затоа оптимизирајте ги целните страни во однос на тоа што сакате еден потенцијален купувач да го направи.

На пример, доколку сакате повеќе фанови на Facebook страна целната страна ќе биде токму таа страна, но не мора ѕидот на таа страна која нема никаков повик кон акција туку едноставно направете персонализирана страна во која јасно ќе ги наведете бенефициите од станување на фанови.

7. Анализирај, мери, споредувај…

Претходните два чекори во голема мерка ќе зависат токму од овој чекор кој претставува континуитет во едни вакви кампањи. Анализирај ги различните кампањи, споредувај ги и донесувај заклучоци во однос на тоа зошто една е поуспешна во однос на другата. И така постојано ќе ги подобруваш истите.

Дизајн

И за крај само она што треба да се има во предвид при дизајнирање на кампањите е дека:

  • Насловот треба да биде до 25 карактери
  • Сликата тренба да биде 110х80px и
  • Текстот треба да биде до 135 карактери.
post

Facebook Бесплатно – Маркетинг средство 77

Facebook - Маркетинг средство Ќе продолжиме со серијалот за маркетинг средства на претприемач и за оваа недела како 77-мо маркетинг средство го избравме Facebook. Со оваа маркетинг средство започнуваме со последна група од онлајн маркетинг средства кои ќе се однесуваат на социјални медиуми.

Малку статистика

Популраноста на социјалните медиуми во светски рамки го достигнува својот врв. Кај нас исто така можеме да кажеме дека е на високо ниво, а тоа го засновувам особено токму на оваа маркетинг средство – Facebook кој во моментов кога го пишувам овој пост согласно Facebookers се наоѓа на 74 место во светот по број на корисници, со 729220 корисници. Тоа е навистина импресивна бројка.

Доколку погледаме во демографијата на корисниците од Македонија ќе видиме различна застапеност на лица со различна возраст. Сепак од 13 до 44 годишна возраст претставуваат 96% од македонските корисници на Facebook.

Корисници во Македонија - Возраст

На глобално ниво станува збор за над 550 милиони корисници на оваа платформа. Најмногу корисници има во Северна Америка, Европа и Азија кои опфаќаат скоро 85% од сите корисници на Facebook.

Кога станува збор за број на посетители се чини дека оваа година Facebook го надмина и Google. Согласно податоците на Compete во Септември 2010 година Facebook имал 3,416,501,818 посетители додека Google имал 3,027,990,471.

Сепак кога станува збор за уникатни посетители Google сеуште бега (но се чини не за долго).

Што претставува Facebook?

Facebook претставува платформа која има за цел да се поврзат брзо пријателите, роднините, соработниците, познаниците или пак непознаниците преку различни мрежи на групи достапни преку платформата или пак преку различните апликации кои може да се користат во платформата.

Целта е да се поттикне комуникација, да се разменат мислења, слики, видеа, настани…

Како да се користи во бизнис цели?

Да, Facebook од страна на маркетарите е препознаен како одлична можност за промоција на бизнисите. Голем број на корисници се повеќе го привлекува вниманието на бизнисите. Не знам, дали денес може да се замисли еден бизнис кој на некаков начин не е присутен на оваа платформа дали тоа ќе биде преку личниот профил на претприемачот, личните профили на вработените или пак специјализирана бизнис страна на Facebook.

Сепак кога станува збор за презентација на бизнисот не треба да се оди со креирање на личен профил со име на бизнисот и слика на бизнис лого. За бизнис презентација Facebook овозможува креирање на посебна страна која се разликува од личните профили.

Кај нас сеуште може да се забележат лични профили како бизниси, што претставува еден сосема погрешен пристап во користење на Facebook како едно маркетинг средство за бизнисите.

Освен страните како ефективно средство може да послужат и Facebook групите кои сепак не ја менуваат страната. Страната останува како едно централно место за презентација на оваа платформа, додека групите може да послужат како комуникација за каузи, мислења, дискусиони форуми…

Како да креирате страна?

Креирање на Facebook странаПрвин за да креирате Facebook страна ќе мора да имате личен профил, па доколку немате започнете го процесот на регистрација на личен профил. Додадете Ваша слика, работодавец (ваш бизнис) некои информации за Вас и побарајте пријатели со кои ќе се поврзете.

Откако ќе го креирате личниот профил можете да започнете со креација на страната едноставно преку менито од лева страна со кликнување на копчето за Огласи и страници, а потоа кликнете на копчето Страници. Потоа кликнете на Креирај страница.

Не би одел понатаму бидејќи самата платформа ќе ве води низ процесот на завршување на креирањето на страната многу едноставно.

Сепак пред да започнете ќе ви биде потребна слика за страната која може да биде:

  • Лого на Вашиот бизнис
  • Комбинација на лого со некои елементи на Вашиот бизнис.

Внесете соодветен опис на Вашиот бизниси или опис на она што ќе го опфаќа таа Ваша Facebook бизнис страна. Можете да додадете администратори кои дополнително со Вас ќе ја ажурираат и администрираат страната. Тоа може да биде и некој вработен во Вашиот бизнис.

Сепак пред да кликнете на копчето Publish. Осигурајте се дека сите слики, насловот, иницијалната содржина, линкови исето останато што планирате да го споделувате преку таа страна е спремно и Ready to Go.

Што понатаму?

Креирање на страната е наједноставен процес. Но сепак остануваат многу незавршени работи. Имање на бизнис страна на Facebook не значи дека сте завршиле голема работа во маркетингот. Тоа е само еден почеток. Потребно е:

  • Ажурирање,
  • Поттикнување на комуникација
  • Привлекување на фанови
  • Интеракција со фановите.

Затоа како еден поедноставен процес можете да го користите следниов:

  • Креирајте ја страната
  • Објавете неколку содржини (Но, внимавајте не претерувајте со промоција)
  • Поканете некои Ваши пријатели за кои ќе сметате дека ќе ги интересира Вашата страна.
  • Направете план за содржина на страната (Што ќе објавувате, кога ќе објавувате и како ќе објавувате?)
  • Поставете на Вашиот веб сајт линк или копче до Facebook страната.
  • На сите останати маркетинг средства каде има можност промовирајте ја и оваа страна.
  • Бидете конзистентни во ажурирање, не ја заборавајте страната.
  • Секогаш одговарајте на поставените прашања на страната.
  • Од 5 објави 4 нека бидат корисности, а една промоција на бизнисот.
post

Промени во Маркетинг

Само еден мал дел од веб присутноста на бизнисот

Само еден мал дел од веб присутноста на бизнисот

Секој претприемач (сопственик на мал бизнис) мора да знае и да биде свесен дека последниве 10-тина години донесоа огромни промени во индустријата која можеби со години па и децении функционираше на оној ист традиционален начин. Мора да ја прифатиме денешницата, но и да гледаме во утрешницата, а што поскоро да го заборавиме минатото и огромниот број на концепти неприменливи за денешниве услови на стопанисување.

Пред повеќе од 10-тина години се појави Google кој едноставно внесе еден сосема нов начин на дишење на луѓето кои се занимаваат со маркетингот (а секако тука се и претприемачите кои мора да се занимаваат со тој маркетинг). Тоа чудо едноставно го измени и пазарот и севкупната култура и однесување на луѓето. Јазикот на кој се изведуваше бизнисот пред појава на Google и сега е сосема различен.

Веќе скапите реклами не можат да го прекријат слабиот квалитет на производот или слабата услуга на компанијата. Барем мене ми стана во навика секогаш првин да се исконсултирам преку Google пред да донесам некоја одлука за купување.

Интернетот завзема се поголема улога во бизнис светот. Повеќето поголеми маркетинг агенции сметат дека за некоја година интернетот ќе стане доминантен маркетинг медиум на кој ќе се трошат најмногу пари од страна на бизнисите.

Во 2004 година се појавува Facebook кој има потенцијал набргу да биде поголем и од земјата со најголем број на жители на планетата земја – Кина. Во моментов кога го пишувам овој пост според Facebakers во Македонија има 717060 корисници на Facebook.

Денес луѓето едноставно бираат што ќе читаат, што ќе гледаат, дали ќе посветат внимание и колку ќе посветат внимание. Ако тргнам од себе, весник не сум купил веќе со години, вести веќе не гледам затоа што ми го креваат притисокот, реклами на ТВ не гледам туку едноставно го менувам каналот… Но, од друга страна користам интернет и таму сум присутен 80% од моето време. Можам да кликнам на некоја Adwords реклама иако се ретки за наши компании или пак можам да кликнам на реклама која ми го привлекува вниманието на Facebook.

Eдно мое лично искуство

Пред една година платив 7000 денари реклама во еден потрадиционален медиум. За да ја мерам ефикасноста и ефективноста на таа реклама поставив попустен купон кој важеше за цела година. Знаете ли колку купувачи го искористија купонот за 365 дена? Компир, крофна, нула… Единствено од таа реклама започнаа да ми се јавуваат компании (Cold Calling) за да ми продаваат нешто во моментот кога не бев заинтересиран за нивните производи и/или услуги. Па во некои случаи дури и да ме изнервираат и да создадат сосема негативен ефект кај мене.

Пред една недела пуштив за истата компанија пуштив Facebook реклама. За цела недела високотаргетирана група на потенцијални купувачи потрошив 10$. Во тој период продажбата се зголеми за 40%. 10 купувачи кажаа дека се потсетиле дека тоа и тоа им треба преку Facebook. 10-тина купувачи искористија промотивни акции кои беа најавени само на Facebook страната. И плус она што не може сеуште да се мери во парична мерна единица, зголемен број на фанови на таа страна за скоро 40%. Повеќе детали за овие тестирања и анализи кога ќе го обработиме Facebook како маркетинг средство.

Која е разликата? 7000 денари – 500 денари = 6500 денари. 6500 денари за разлика за кампања без резултати. Затоа и не го продoлжив договорот за реклама со тој медиум.

Офлајн бизниси на онлајн медиуми

Често во контакти со претприемачи на мали и средни бизниси слушам дека не може за офлајн бизнис да се користат онлајн маркетинг стратегии. Дали е тоа точно? Мојот пример од погоре е едно искуство токму на целосно офлајн базиран бизнис со една онлајн кампања.

Пред извесен период прашувам еден вработен во една компанија која меѓу првите воведе e-commerce решение за тоа какво е искуството. Одговорот беше дека веќе не го ажурираат, вработениот задолжен за тоа си отишол на друго место, слаб е интересот. Па добро, дали треба да се откажуваме кога едноставнио целиот свет имплементира такви решенија? Имаат инфраструктура, имаат решение, потребен им е администратор и секако поголема промоција и што може да загубат.

Пред извесен период на Open Forum прочитав за 5 трендови за малите бизниси во 2011 предвидени од страна на John Jantsch. Тие трендови се следниве:

  • Социјални медиуми ќе станат стандард во маркетинг стратегиите на малите бизниси.
  • Мобилен маркетинг ќе започне да се применува и од страна на малите бизниси.
  • О2О (Online 2 Offline) ќе стане стратегија, односно ќе се користи онлајн просторот за да се доведат купувачите во офлајн просторот.
  • Автоматизација на препораки
  • Апликации преку веб

Онлајн стратегија = Бизнис стратегија

Онлајн стратегија = Бизнис стратегија

Интересен е трендот за O2O. За овие прашања уште во Јуни оваа година пишував кога онлајн стратегијата ја поистоветував со севкупната бизнис стратегија на еден мал бизнис. Во тој пост дадов одговор на неколку прашања меѓу кои и тоа дали бизнисот треба да продава преку интернет за да има онлајн стратегија. Одговорот беше не.

Во никој случај продажбата не е и не треба да биде поврзана со присутноста на глобалната мрежа. За да бидете најдени едноставно треба да бидете присутен таму каде што некој бара нешто што вие можете да му го понудите. На кој начин ќе ве исконтактира, на кој начин ќе комуницирате и на кој начин ќе се договорите останува на Вас како еден претприемач, а можностите и слободата за креативноста се огромни.

Дали нешто сепак недостасува?

Дали можам да кажам дека е доволно мојот бизнис да биде присутен на Facebook за да успее со адекватна онлајн стратегија? Не би рекол така. Онлајн стратегија за присуство на еден бизнис на интернет е и треба да биде комплексен микс од различни медиуми и платформи кои го обезбедуваат тоа присуство. Не е доволен само веб сајтот. Не е доволен само блог. Не е доволен само Facebook. Не е доволен само…

Каде е клучната алка – содржина? Содржината е таа која ќе се испреплете како пајакова мрежа низ сите тие платформи и медиуми. Содржината е таа која ќе биде креирана или од Вашиот бизнис, или од Вашите купувачи, или од Вашите потенцијални купувачи или од Вашите конкуренти и противници. Секогаш ќе имате противници кои нема да ве сакаат од различни причини. Значи ќе постојат повеќе пајаци кои ќе плетат различни мрежи. Едниот пајак ќе сте вие, а останатите ќе бидат сите бизнис стејкхолдери. Секоја мрежа ќе има една или повеќе допирни точки со вашата основна мрежа. Колкава ќе биде успешноста и големината на тие мрежи сепак ќе зависи не само од онлјн фактори, туку и од офлајн фактори.

Токму тоа недостасува кај традиционалните маркетари. Потребно е да го намалиме нашето време кое го поминуваме пред Excel и сите тие накитени табели и графици и да започнеме да ја градиме таа содржина. Маркетингот започнува да се движи во еден сосема нов и поинаков правец.

post

Twitter за Бизнис – 27 Ресурси

Twitter за бизнис

Twitter за бизнис

Twitter едноставно претставува платформа за микроблогирање преку која се споделуваат микро постови до 140 карактери. Во поголемите и поразвиените земји е препознаена како значајна платформа за бизнисите. Кај нас иако сметам дека е во подем (не онаков каков што заслужува) сепак не се искористува вистинскиот потенцијал на истата (освен неколку поединечни бизниси).

Затоа во овој пост ќе се обидам да направам една листа на ресурси за користење на Twitter како една бизнис алатка.

1. Twitter 101 за бизниси

Официјален Twitter за бизниси

Официјален Twitter за бизниси

Ќе започнам со официјалната страна на Twitter за бизниси. Тука ќе успеете да најдете информации за тоа како да започнете, клучните термини кои се користат, најдобри практики, случаи и примери и дополнителни ресурси за користење на Twitter во бизнис цели. Одлично место за да започнете со проучување на Twitter.

2. 50 Идеи за користење на Twitter за бизнис

50 идеи за Twitter за бизнис од Chris Brogan

50 идеи за Twitter за бизнис од Chris Brogan

Еден од најдобрите постови за идеи за користење на Twitter за бизнис цели. Нешто што мора да се прочита и секако да се користи.

3. 62 начини за користење на Twitter за бизниси

62 начини за користење на Twitter за бизниси - Gigaom

62 начини за користење на Twitter за бизниси - Gigaom

Листа од интересни идеи и начини како да го користите Twitter за бизнис цели можете да прочитате тука и секако да примените во пракса се она што е прифатливо и применливо за Вашиот бизнис.

4. 40 корисни работи кои можете да ги споделите на Twitter освен блог постови

Social Media Today - 40 идеи за поселување

Social Media Today - 40 идеи за поселување

Многу користат автоматизирани ажурирања на статусот со блог постови кои ги објавуваат. Но, Twitter не е само за споделување на блог постови. Тука можете да прочитате за уште 40 идеи што да споделувате освен блог постови.

5. 50 моќни Twitter совети

50 совети за Twitter од Chris Brogan

50 совети за Twitter од Chris Brogan

Уште еден одличен пост на Chris Brogan во кој како надополнување на 50 50 идеи за користење на Twitter ќе прочитате корисни совети за користење на оваа платформа.

6. Најчесто поставувани прашања за Twitter за бизнис

Најчесто поставувани прашања - Gigaom

Најчесто поставувани прашања - Gigaom

Уште еден пост на Gigaom во однос на најчесто поставувани прашања за Twitter за бизнис од кој можат да се извлечат доста корисни совети и за Вашиот бизнис.

7. Како да го користите Twitter за Вашиот бизнис

Twitter за бизнис - Business Pundit

Twitter за бизнис - Business Pundit

Овој пост претставува едноставен How To пост кој можете да го следите при користење на Twitter за Вашиот бизнис.

8. Се што треба да знаете за да твитате на Twitter

Twitter за бизнис - The New York Times

Twitter за бизнис - The New York Times

Интересни совети и препораки за тоа што да користите, како да користите и кога да користите на оваа платформа.

9. Прирачник за почетници на Twitter

Прирачник за почетници - Diary of a Webgal

Прирачник за почетници - Diary of a Webgal

Ова е прирачник во 17 точки за тоа како да започнете со користење на Twitter.

10. 9 Twitter стратегии за бизнис

9 Twitter стратегии за бизнис - About

9 Twitter стратегии за бизнис - About

Во овој пост можете да прочитате за 9 стратегии за користење на Twitter во бизнис цели извлечени од најуспешните бизниси на оваа платформа.

11. Користење на Twitter за бизнис

Користење на Twitter за бизнис - Real Business

Користење на Twitter за бизнис - Real Business

Тука ќе прочитате за неколку стратегии и идеи како да го користите Twitter во бизнис цели.

12. Бизнис користење на Twitter

Бизнис користење на Twitter - Inc.

Бизнис користење на Twitter - Inc.

Можете да прочитате за основите како функционира Twitter, како и повеќе совети од експерти и што не треба да правите на оваа платформа.

13. 17 Начини на користење на Twitter: Водич за почетници, маркетари и бизнис сопственици

17 Начини на користење на Twitter - DoshDosh

17 Начини на користење на Twitter - DoshDosh

Комплетен водич и идеи за користење на оваа платформа во бизнис цели како за почетници, така и за сите кои се занимаваат со маркетинг и кои имаат бинис.

14. Twitter за бизнис – Маркетинг комплет

Маркетинг Комплет - Twitter за Бизнис - Hubspot

Маркетинг Комплет - Twitter за Бизнис - Hubspot

Twitter за бизнис маркетинг комплет на Hubspot претставува еден комплет за стекнување на знаење за имплементација на разни стратегии за користење на Twitter за бизнис цели. Содржи 2 часа видео материјал, електронска книга за користење на Twitter за бизнис и 15 артикли за користење на оваа платформа. (Потребна е регистрација).

15. Бизнис категорија на Twitip

Бизнис Категорија - Twitip

Бизнис Категорија - Twitip

Овој линк е бизнис категорија на специјализираниот блог за трикови и совети за користење на бизнис. Можете да најдете доста интересни постови кои ќе ја подобрат Вашата стратегија за користење на Twitter за бизнис.

16. 27 Twitter апликации кои твојот бизнис може да ги користи уште денес

27 Twitter Апликации - Small Business CEO

27 Twitter Апликации - Small Business CEO

Овој пост претставува листа на апликации кои ќе ја зголемат ефикасноста и ефективноста на присуството на Вашиот бизнис на Twitter. Пробувајте и искористете ги оние кои најмногу ви одговараат.

17. 15 Бизнис причини за користење на Twitter

15 Бизнис причини за користење на Twitter - Marketing Tech Blog

15 Бизнис причини за користење на Twitter - Marketing Tech Blog

Во постот ќе прочитате за 15 причини за користење на Twitter кои може да се искористат како идеи.

18. 17 Начини за користење на Twitter за бизнис

17 Начини за користење на Twitter за бизнис - Duct Tape Marketing

17 Начини за користење на Twitter за бизнис - Duct Tape Marketing

Интересни начини за доближување на вистинските Ваши бизнис потреби за користење на Twitter.

19. Како да го користите Twitter за раст на Вашиот бизнис

Како да го користите Twitter за раст на Вашиот бизнис - Copyblogger

Како да го користите Twitter за раст на Вашиот бизнис - Copyblogger

Од што е Twitter, преку објснување зошто некои големи личности го користат Twitter практични начини како Twitter може да му помогне на Вашиот бизнис можете да прочитате во овој пост.

20. Може ли Twitter да биде корисен за бизнисот?

Може ли Twitter да биде корисен за бизнисот - SEM

Може ли Twitter да биде корисен за бизнисот - SEM

Прикажани се 5 функции кои Twitter може да ги понуди за еден бизнис.

21. 5 Уникатни начини за користење на Twitter за бизнис

5 Уникатни начини за користење на Twitter за бизнис - Mashable

5 Уникатни начини за користење на Twitter за бизнис - Mashable

Во овој пост ќе прочитате за 5 уникатни начини како да го користите Twitter за бизнис цели.

22. 4 Начини на кои компаниите го користат Twitter за бизнис

4 Начини на кои компаниите го користат Twitter за бизнис

4 Начини на кои компаниите го користат Twitter за бизнис - RWW

Овој пост е базиран на истражување на Gartner во кое се потенцирани 4 начини на кои компаниите го користат Twitter за бизнис.

23. 16 примери на големи брендови за користење на Twitter за бизнис

16 Примери на големи брендови -SEJ

16 Примери на големи брендови -SEJ

Најдобро се учи од некој кој веќе користи нешто и особено кој постигнува резултати. Во овој пост има 16 примери за големи брендови и нивното практицирање на Twitter.

24. Ресурси за Twitter за раст на Вашиот мал бизнис

Ресурси за Twitter за бизнис

Ресурси за Twitter за бизнис

Интересен краток пост со линкови до различни ресурси кои ќе ви помогнат за ефективно и ефикасно користење на оваа платформа за микроблогирање.

25. 7 Начини за користење на Twitter за да ја шпиунирате Вашата конкуренција

Twitter Шпиунажа - Kissmetrics

Twitter Шпиунажа - Kissmetrics

Интересни идеи за деловно разузнавање за Вашиот бизнис со помош на Twitter.

26. Користење на Twitter Search за бизнис

Twitter Search од Chris Brogan

Twitter Search од Chris Brogan

Уште еден пост на Chris Brogan за користење на Twitter Search во бизнис цели.

27. 10 Начини за генерирање на бизнис лидови на Twitter

генерирање на потенцијални купувачи - Socia Times

Генерирање на потенцијални купувачи - Socia Times

Преку овој пост ќе дојдете до одговорот како до потенцијални купувачи за Вашиот бизнис преку Twitter.

Сметам дека се доста овие 27 ресурси за да ја почувствувате корисноста и потребата и Вашиот бизнис да биде присутен на Twitter. Направив обид да ги извлечам најдобрите и особено оние кои се концентрирани за бизниси.

Доколку имате извор кој навистина вреди да се спомене, а не е во горната листа слободно споделете го преку коментар.

post

CTR – Click Through Rate – Маркетинг средство 72

Ќе продолжиме со 72-рото маркетинг средство на претприемач – CTR – Click Through Rate (стапка на кликнувања). Оваа маркетинг средство претставува уште една мерка која е во рацете на претприемачите и преку која може да се мери успешноста на една кампања. За разлика од претходната мерка CPC која се однесуваше на трошоците оваа се однесува на успешноста на една интернет рекламна порака. Оваа маркетинг средство ќе го користите скоро ви исте интернет базирани рекламни кампањи бидејќи едноставно претставува првата мерка на еден вид на конверзија помеѓу вашите маркетинг напори и она што сакате да го постигнете.

Што претставува CTR?

Наједноставно кажано CTR претставува стапка на кликнувања која се користи како мерка за мерење на успешноста на една онлајн рекламна кампања. Бидејќи претставува стапка значи дека се добива со делење на број на кликнувања со некоја референтна мерка. Како референтна мерка најчесто се користи број на импресии (колку пати една реклама е прикажана).

На пример, доколку еден банер е прикажан 100 пати (100 посетители денес го погледнале сајтот на кој е поставен тој банер) и е кликнат 3 пати, тогаш:

CTR = 3/100 = 0,03

Значи CTR ќе биде:

CTR = број на кликнувања/број на импресии

Доколку сакаме да го изразиме како процент едноставно ќе го помножиме износот со 100, па така за примерот за тој банер ќе имаме 3% CTR, додека формулата за пресметка ќе биде:

CTR = (број на кликнувања/број на импресии) x 100

Каде се може да се користи?

Буквално со секое онлајн маркетинг средство може да се користи оваа мерка. Ќе се обидам да набројам неколку:

  • Банер,
  • PPC кампањи (CTR)
  • Блог постови со промотивни линкови
  • Facebook
  • Twitter
  • Сите социјални мрежи

Забележувате дека скоро и да не постои онлајн маркетинг средство во кое не може како мерка за мерење на успешност да се користи CTR. На пример во однос на сите претходно наведени:

  • Имам банер н некој веб сајт кој е кликнат 5 пати по 100 прикажувања. CTR = 5%.
  • Имам Google Adwords кампања која е прикажана 1250 пати и 50 пати е кликнато на неа. CTR = 4%.
  • Имам блог пост во кој промовирам линк до некој производ. Постот е прочитан 1500 пати притоа кликнато е 300 пати на линкот. CTR = 20%.
  • Имам Facebook рекламна кампања при што мојата реклама е прикажана 150000 пати и кликнато е на неа 250 пати. CTR = 0,167%.
  • Имам Twitter акаунт и пратив информација за мојот производ и/или услуга со линк до истиот. Имам 150 следачи а кликнале двајца. CTR = 1,33%.

Што всушност ни кажува CTR?

Па да кажавме дека ни ја кажува успешноста на една онлајн рекламна кампања. Но, всушност ни покажува како таа кампања привлекува еден клик. Дали составот на кампањата е ОК. Дали постои интерес за такво нешто.

Сега на интернетот може да се користат различни кампањи. Како еден процес и можности за една кампања покажав погоре. Но, во суштина секоја рекламна кампања претставува микс од:

  • Наслов
  • Порака
  • Линк
  • Слика може и не мора.

На пример, Facebook реклама содржи наслов, слика, порака и линк. Од друга страна Google Adwords реклама содржи наслов, порака и линк за текстуалните реклами.

Секоја различна комбинација од овие елементи ќе даде различен CTR. Дури и еден збор може да доведе до драстични промени во CTR. Затоа и треба да се следи и подобрува постојано.

Што понатаму?

Понатаму останува да видите дали е постигната целта. Ако целта ви е продажба колку од тие кои кликнале преку таа кампања купиле, а колку не. Ако целта ви е број на фанови на Facebook страна, колку станале фанови а колку не, бидејќи можеби кликнал ја видел страната но сепак не кликнал на like.

Сето ова се елементи кои треба да се следат и земат во предвид. Подетално ќе ја разработам Google Adwords кампањата во некое од наредните маркетинг средства.

post

Потреби на потрошувачи преку WeShop

Секој претприемач сонува полесно и поедноставно да ги знае потребите на неговите потрошувачи. Знаете дека доколку сте ги сегментирале потрошувачите согласно RFM формулата Вие ги анализирате врз основа на пари, време и нарачки. Некои ќе имаат само едно купување и ќе се изгубат. Некои ќе го повторат. Исто така особено е интересно да се има информации за потрошувачите кои согласно Портфолио приод за менаџирање на потрошувачи спаѓаат во квадрантот на потрошувачи со слаба сегашна и висока идна потенцијална вредност. Овие потрошувачи треба да ги задржиме, тие едноставно не тестираат на почетокот и одлучуваат дли ќе останат во бизнис со нас.

Затоа многу вредна информација за еден претприемач е да го знае искуството на тие потрошувачи со неговиот бизнис. Тешко е да се очекува дека некој ќе дојде и ќе Ви каже не ми се допаѓа тоа, тоа и тоа, промени го за да продолжиме бизнис. Поверојатно е незадоволниот да се сврти кон други можности (конкуренцијата).

WeShop Мрежа на потрошувачи

WeShop Мрежа на потрошувачи

Интересна мрежа на потрошувачи гради WeShop.

Што претставува WeShop?

Согласно нивната официјална страна овој сервис претставува:

Мрежа на потрошувачи. Потрошувачите ја користат WeShop платформата за да споделат информации за купување на бесплатна и анонимна основа, распространат потреби за продавачите, формираат мрежа базирана на различни интереси и да се приклучат на пазарот на еден на еден основа.

Едноставно кажано преку овој сервис ќе се обезбеди размена на информации помеѓу потрошувачи, но и достапност до квалитетни информации за бизнисите кои може да ги користат информациите за да не ги направат грешките на другите бизниси или пак доколку се најдат директно да го подобрат сопствениот бизнис.

Сервисот е сеуште во бета верзија.

Поволности за бизниси

Сервисот ги продава анонимните податоци купувачки навики на потрошувачите кои го користат сервисот на бизнисите што има потенцијал да претставува солиден извор на квалитетни информации. Овие информации се локализирани што значи дека еден бизнис ќе може да добие информации и на локално или регионално ниво, односно од онаму од каде што се неговите купувачи.

Од друга страна бизнисите може да им пристапат на потрошувачите кои се дел од WeShop сервисот со целосно персонализирани понуди согласно нивните потреби. Но, овој процес не значи дека бизнисите ќе ги добијат контакт информациите на потенцијалните купувачи, туку целиот процес едноставно се одвива преку оваа платформа.

Во секој случај интересна социјална мрежа, која има потенцијал да се рашири меѓу бизнисите и купувачите. А колку ќе успее зависи колку луѓето ќе ја прифатат (во моментов има над 15000 членови). Но, како идеја за она што бараат во светот е интересно.

post

Ажурирање на блог од секаде – BlogPress

По подолго време чекање успеав да стигнам до оваа интересна апликација за iPhone и едноставно овој пост претставува тестирање на истата. Имено од кога го купив телефонот се обидував да најдам попрофесионални апликации. Вчера конечно по неколку недели добив е-mal од support тимот на Apple дека го отстраниле проблемот зошто не можев да купувам од iTunes Store. Па веднаш си се почестив неколку апликации од кои едната е и ова BlogPress за iPhone.

Првата интересна карактеристика која ми се допадна е можноста за користење скоро преку сите платформи за блогирање. На сликата подолу се прикажани можностите:

Видови на платформи за блогирање

Како што можете да забележите од сликата можете да ја користите за блог кој е на Blogger, MSN Live Spaces, WordPress, Movable Type, TypePad, Live Journal, Drupal и многу популрната кај нас Joomla. Едноставно избирате платформа го подесувате корисничкото име и лозинката и веќе можете да започнете со мобилно блогирање. Треба да потенцирам дека нема ограничување колку блог профили ќе подесите во апликацијата.

Втората карактеристика е интеграција со YouTube, Twitter и Facebook. Ова значи дека едноставно секое видео на вашиот iPhone пред да се закачи на блог написот ќе се аплоадира на вашиот YouTube акаунт, во исто време може да биде ажуриран и Вашиот профил на Twitter и Facebook.

Лесно се пишува иако не е како на десктоп компјутерите. Колку помалку се комбинира текст со слика или видео подобро. Сепак ова апликацијата служи повеќе за објавување на слики и видео проследено со краток текст. На пример, снимите изјава на задоволен потрошувач едноставно веднаш можете да ја преточите во блог напис. Moжете да го снимите Вашиот производ во акција и веднаш да го претставите тоа на Вашиот блог.

iPhone BlogPress

Апликацијата е 2,99$ и за цената мислам дека е корисна за секој претприемач кој го користи блогот како маркетинг средство во комбинација со iPhone.

Недостаток е немање на можност за вметнување на  SEO елементите кои мора да се внесат дополнително преку WordPress платформата.

— Post From My iPhone

post

Агенти за Доверба – Преглед на Книга

people make trust
Image by Tojosan via Flickr

Агенти за Доверба (Trust Agents) претставува релативно нова книга од 2009 година напишана од страна на Chris Brogan & Julien Smith која се однесува на градење на доверба на веб или попрецизно користење на веб за да се изгради доверба која може да се искористи за бизнис цели. Мислам дека не треба да го потенцирам значењето на интернетот и присуството на истиот за денешните бизниси.

Авторите на почетокот во книгата даваат одговор на прашањето што претставува ова книга многу едноставно:

Одговор на прашањето „Што правам сега“.

Со ова ни кажуваат дека книгата е полна со стратегии, потребни акции, примери и анализи за она што го правиме во моментов на веб просторот.

На што се однесува книгата?

Зад оваа книга се луѓе кои успеале да изградат солидна доверба користејќи го интернетот и врз таа доверба да изградат успешни бизниси. Едноставно книгата отвора едни нови погледи за онлајн присуството на бизнисите и како тоа присуство бизнисите можат да го искористат за сопствениот бизнис.

За да ја постигнат оваа цел авторите книгата ја базираат на 6 карактеристики или специфични однесувања на агентите за доверба кои се обработени во посебни поглавја на книгата. Тие крактеристики се:

  1. Агентите за доверба прават своја сопствена игра. Игра во која тие царуваат.
  2. Тие се едни од нас. Не се ни над нас ни под нас туку едни од нас, односно нашата заедница.
  3. Архимедов ефект – Дајте ми потпора и ќе го помрднам светот.
  4. Тие се нулта агенти – централни фигури во заедницата во која ја направиле таа нивна сопствена игра.
  5. Тие сепак се луѓе кои ги разбираат другите, кои комуницираат со другите, кои ги поттикнуват другите, кои споделуват со другите…
  6. Тие градат армија. Знаат дека ништо не можат да остварат сами па затоа и соработуваат со заедницата.

Кои се придобивките од читањето на книгата?

Кога се прашувам дали можам една книга да ја издвојам и да кажам дека е подобра од друга многу тешко наоѓам одговор. Во последно време доста навлегов во оваа проблематика преку свои сопствени истражувања и експериментирања како и со посебни обуки и инвестиции во книги од оваа подрачје, но сепак слободно можам да кажам дека сите книги имаат свој сопствен карактер и свој сопствен придонес во мојот интелектуален развој. Но, за оваа книга би ги издвоил следниве предности:

  • Едноставна за читање.
  • Практична без замарање со теорија.
  • Искуствено прикажување.
  • Полна со вистинити примери и асоцијации.
  • Претставува еден водич за продлабочување и зацврстување на односите на вебот.

За кого е наменета ова книга?

Оваа книга првенствено е наменета за малите бизниси, за претприемачи, односно луѓе кои превземаат акција. Самите автори напоменуват дека оваа книга е корисна и за големите бизниси, но тие нема да ги преземат потребните чекори што заради бирократијата, што заради тоа што тие ќе започнат своја сопствена игра.

Освен за сопствениците на малите бизниси ова книга може да биде корисна за сите професионалци кои на некаков начин се занимаваат со бизнисите и секако за луѓето кои се занимаваат со маркетинг.

post

На Интернет Сите Сме Голи и Бизниси и Физички Лица

The Internet is not a newspaper
Сликата од mfophotos via Flickr

Досега повеќепати пишував само за позитивни придобивки на интернетот за бизнисите во вид на маркетинг средства. Но, во исто време треба да бидеме свесни дека интернетот не соблекува сите нас, како бизниси така и како физички лица. Од ова соблекување не се поштедени ниту гигантите во бизнис сферата.

Ова значи дека како што можеме да добиеме позитивен публицитет, многу е едноставно да добиеме и негативен публицитет заради некои лоши бизнис односи или пак постапки.

Бизнисите сметаат дека никој не им може ништо, но многу се лажат. Во историјата на интернетот постојат безброј примери на многу моќни компании на кои им е нарушен угледот и авторитетот со помош на еден напис на блог во кој издржано се критикува бизнисот или пак производите и/или услугите кои ги нуди тој бизнис. На еден таков начин бизнисот може да навлезе во една навистина пеколна ситуација.

Средствата за комуникација на обичниот граѓанин кои се достапни во моментов се навистина се помоќни и помоќни. Можеби во минатото не можеше секој од нас да стигне до медиум како радио или пак ТВ, но денес можеме самите да си напрвиме сопствено радио или ТВ преку интернет и сервисите како YouTube и BlogTalkRadio. А, од друга страна луѓето се почесто ја всисуваат токму оваа содржина.

Денес, на пример прочитав (всушност тоа и ми беше инспирација за овој напис) напис на Археоблог за тоа како една издавачка куќа се однесува непристојно. Што можам да извлечам од оваа информација. Едноставно да ја ставам оваа компанија во графата ризични во мојата база на податоци.

Затоа бизнисите мора да започнат да градат вистинско внимание поддржано со репутација и доверба. А за тоа треба да се смени и офлајн однесувањето, односно да се биде професионалец во вистинска смисла на зборот.

Така да интернетот дава неограничени можности, но треба да се управуваат тие можности во вистинската насока за да ги искористиме, а во исто време да бидеме свесни и за реалните закани и да го прилагодиме однесувањето онака како што треба.

Едноставно ова е зрело за да направите SWOT анализа.