post

Извори на иновативни можности – Несовпаѓања

Кратенки во бизнис Ќе продолжиме со иновативните можности и нивни извори. Во претходниот пост зборувавме за видови на иновативни можности согласно Peter Drucker кои се однесуваат на неочекувани случувања.

Тука ќе продолжиме со други видови на иновативни можности согласно Peter Drucker, но за несовпаѓањата.

Несовпаѓањето е несогласување помеѓу она што е и она што би требало да биде. Несовпаѓањето е симптом на можност за иновација. Тоа навестува постоење на некоја грешка, а таква грешка е повик за иновација. Тоа предизвикува нестабилност, во која и мали напори можат да предизвикат големи промени и да донесат преструктуирање на економската и социјалната структура.

Несовпаѓањето обично не се манифестира во облик на извештаи или податоци на кои раководителите на компаниите ќе обрнат внимание. Тие се повеќе од квалитативен отколку од квантитативен карактер.

Како и неочекуваното случување, без разлика дали се работи за успех или промашување, несовпаѓањето се исто така симптом на промени кои веќе се случиле или на оние кои ќе направат нешто да се случи.

Како и промените на кои укажуваат неочекуваните случувања, така и промените на кои укажува несовпаѓањето, по правило се промени во рамките на самата индустрија, пазарите, производниот процес. На тој начин несовпаѓањето е јасно видливо за луѓето близу одредена гранка на индустрија, пазари или процеси. Тоа се наоѓа пред нивните очи. Сепак, тоа често се губи од вид кај оние “внатре”, бидејќи се тие оптеретени со секојдневието и од “дрвјата едноставно не ја гледаат шумата”.

#1 Несовпаѓање на економската реалност

Доколку побарувачката за некој производ или услуга брзо расте, тогаш би требало да се подобрат и нивните економски перформанси. Полесно е да се биде профитабилен во стопанска гранка која бележи голем пораст на побарувачка. Меѓутоа, изоставувањето на профитабилност и резултати во таква стопанска гранка, укажува на постоење на несовпаѓање помеѓу економските реалности. Тие несовпаѓања се макрофеномени кои се случуваат во рамките на една цела индустриска гранка или во целиот сектор на услуги.

Тука обично постојат големи можности за иновации, пред се за мали и нови претпријатија, за еден претприемач. Иноваторот, кој го искористува тоа несовпаѓање, може да смета на тоа дека подолго време ќе биде “оставен на мир”, пред постојните снабдувачи и другите фирми да се “разбудат”, до таа мерка што ќе станат нови и опасни конкуренти. Ова е од причина што тие, толку долго се окупирани од настојувањето да го надминат јазот помеѓу растечката побарувачка и изоставувањето на резултати, што едвај и забележуваат дека некој друг работи нешто друго и различно, нешто што носи резултати, што ја користи растечката побарувачка.

Претприемачот не треба да се труди да разбере зошто работитете се случуваат, туку наместо тоа треба да си ги постави прашањата:

  • Како може тоа несовпаѓање да се искористи?
  • Како би можело да се претвори тоа во можност и што може тука да се направи?

Несовпаѓањето помеѓу економската реалност претставува повик за акција за претприемачите. Понекогаш акцијата која треба да се преземе е сосема јасна, иако проблемот сам по себе останува и понатаму нејасен. Понекогаш проблемот се разбира сосема добро, но уште не може да се замисли што треба да се направи. Случајот со мини челичарниците (од претходниот пост – неочекуваност), е добар пример за иновација која успешно го искористила несовпаѓањето. Повеќе од 50 год. големите челичарници работеле профитабилно само во воени услови. Доколку сака да работи исплатливо, челичарницата мора да работи со полн капацитет, а тоа се случува само во воени услови. Мини челичарниците можат да обезбедат економичност во работењето и во други услови. Владата, синдикатите и големите челичарници од самиот почеток биле против малите челичарници, но без оглед на тоа тие подоцна биле прифатени бидејќи биле успешни.

#2 Несовпаѓање помеѓу реалноста и претпоставките за неа

Секогаш кога луѓето од една производна или услужна дејност погрешно ќе ја забележат реалноста и ќе направат погрешни претпоставки за неа, нивните напори ќе бидат насочени во погрешна насока. Тие ќе се концентрираат во област каде резултатите не можат да постојат. Тогаш постои несовпаѓање помеѓу реалноста и однесувањето, кое одново дава можност за успешна иновација, на секој што ќе го забележи и искористи.

Во педесеттите години на минатиот век се сметало дека прекуокеанскиот транспорт нема повеќе да биде ефикасен. Сите информации укажувале дека ќе биде заменет со воздушен транспорт. Трошоците на ваков превоз растеле, кражбата на стоката била голема, било потребно долго време за товарење, па бродовите долго чекале на ред за товарање. Главната причина била таа што бродарството погрешно ги насочувало своите напори, во правец на непостоечки резултати. Тие се обиделе да постигнат успех со брзи бродови, како и со бродовите кои користат помалку гориво и имаат помал екипаж, односно се концентрирале на економичниост на бродовите додека тие пловеле по море. Меѓутоа, бродот како капитално добро прави најголеми трошоци кога не е во активна употреба.

Решението било едноставно! Товарањето треба да се изврши на копно, каде има доволен простор и каде што тоа може да се изврши пред да дојде бродот во пристаништето, при што единствено останува да се подготви товарот кој ќе биде натоварен на бродот, за бродот веднаш да исплови. Резултатите од тие прости иновации биле големи. Товарниот поморски сообраќај, во период од 30 години, бил зголемен за пет пати. Трошоците се во просек намалени за 60 %. Времето на задржување на бродовите во пристаништата е намалено за 3/4, а задушувањето на пристаништето, како и штетите од кражбата се намалени.

Несовпаѓањето помеѓу забележаната и вистинската реалност многу ретко бара  “херојски” иновации.

#3 Несовпаѓање помеѓу забележаните и вистинските вредности и очекувањата на купувачите

Една од најекспанзивните американски финансиски установи, во осумдесеттите години на минатиот век, била фирмата за трговија со хартии од вредност, лоцирана не во Њујорк, туку во предградие на Средниот Запад.

Својот пораст и успех му го должи на искористувањето на едно несовпаѓање. Големите финансиски институции преtпоставуваат дека нивните клиенти имаат исти мерила како и тие. За нив е очигледно дека луѓето треба да вложуваат за да се збогатат. Меѓутоа, таа констатација важи само за дел од тие инвеститори, а не за сите. Тие знаат дека доколку некој сака да се збогати по пат на инвестиции, мора да работи полно работно време на работи за управување со пари и при тоа да е многу финансиски образован. Локалните занаетчии, малите бизнисмени, фармерите… немаат толку време, ни знаење. Тие се зафатени со заработка на пари и немаат време да управуваат со нив. Тое е всушност несовпаѓањето кое го искористила фирмата за трговија со хартии од вредност.

Надворешно набљудувано, таа изгледа исто како и секоја друга фирма за трговија со хартии од вредност. Таа е членка на Њујоршката берза. Меѓутоа на берзанските работи отпаѓа 1/8 од нејзините вкупни работи. Таа останува подалеку од работите со кои најмногу се занимаваат големите трговски куќи на Wall street: со опции, со стоковни термински трансакции. Наместо тоа, ја привлекуваат работи кои таа ги нарекува интелегентен инвеститор. Таа не ветува дека нејзините клиенти ќе станат богати. Тие сакаат клиенти кои заработуваат повеќе пари отколку што трошат, што е типично за успешните приватни професии. Тогаш оваа фирма одговара на нивната психичка потреба да ги заштитат своите пари. Она што таа фирма го продава е можноста, заштедените пари да ја задржат својата вредност. Производот кој фирмата го “испорачува” е душевниот мир за своите клиенти. Помеѓу несовпаѓањето на вистинската и забележаната реалност секогаш се наоѓа елемент на интелектуална ароганција, ригидност и догматизам.

#4 Несовпаѓање во рамките на ритамот и логиката на процесот

За да се оствари иновацијата, најчесто недостасува некој кој ќе слуша и кој би бил подготвен сериозно да го разгледа проблемот што секој го истакнува. Целта на постоење на некој производ или услуга е да ги задоволи купувачите. Доколку тоа се прифати и по него се постапи, користењето на несовпаѓањето како можност за иновација станува лесно и ефикасно. Но, постои и едно ограничување. Несовпаѓањето,  обично е “на располагање” на луѓето кои се наоѓаат во рамките на дадениот сектор на производство или услуга. Некој однадвор, тешко би можел да го забележи и да го разбере и поради тоа да биде во состојба да го искористи.

Во педесетите години на минатиот век, еден продавач во фармацевската компанија одлучил да отпочне самостојно да работи. Затоа побарал несовпаѓање во рамките на процесите во медицинската практика. Едно нешто пронашол веднаш. Една од највообичаените хируршки операции е операцијата на катаракт на око. Во текот на годините, практиката и постапката на операцијата биле усовршени, па таа се одвивала под целосна контрола.

Меѓутоа постоел еден момент во таа операција кој бил надвор од тој ритам. Во таа фаза на операција, очниот хирург морал да го исече лигаментот, да ги поврзе крвните садови, а со тоа создавал ризик од крварење, кое тогаш го загрозува и самото око.

Таа постапка била успешна во повеќе од 99 % од операциите; всушност, таа и не била многу тешка, но сепак им пречела на хирурзите. Тоа ги терало да го променат ритамот на процесот на работа и кај нив предизвикувало вознемиреност. Без оглед колку често ја правеле операцијата, очните хирурзи се плашеле од таа една кратка и брза фаза во целиот процес. Wiliam Conor заклучил дека во текот на 1890 год. бил изолиран еден ензим кој скоро моментално го раствора лигаментот. Единствено што тогаш никој, ни со помош на ладење, не можел да го сочува тој ензим подолго од неколку часа. Conor во текот на неколку месеци, вршејки експерименти, успеал да го сочува ензимот. Во рок од неколку години, сите очни хирурзи го користеле оваа патентирано соединение. Дваесет години подоцна, тој ја продал својата компанија на “Alkon Laboratory” за голема сума пари.

#5 Потребата на процесот

Потребата на процесот за разлика од останатите извори на иновација, не почнува во околината, било интерна или екстерна. Таа почнува со работата која треба да се направи и повеќе е насочена кон работната задача, отколку кон ситуацијата. Таа го усовршува процесот кој веќе постои, ја заменува врската која е слаба, одново го проектира стариот процес врз основа на нови сознанија. Понекогаш дури овозможува одвивање на самиот процес, со тоа што му ја испорачува алката која недостасува. Во иновациите засновани на потребите на процесите, секој во организацијата знае дека таа потреба постои. Сепак за неа никој не знае. Меѓутоа, иновацијата ќе се појави, таа веднаш ќе биде прифатена како очигледна и забрзано станува стандард.

Во 1909 год. еден статистичар, вработен во телефонскиот систем Бел (Bell Telephone System) определил две криви за демографски статистики за наредните 15 години: крива на пораст на американско население и крива на бројот на луѓето, потребни да работат како оператори на телефонски централи. Тие проекции покажале дека секоја американска жена, во старосна граница помеѓу седумнаесет и шеесет год., треба да биде вработена како оператор на телефонска централа, некаде околу 1925 или 1930 год., доколку биде задржан во употреба дотогашниот систем на вклучување на врската. Две години подоцна Беловите инженери проектирале и ја пуштиле во погон првата автоматска централа.

Сите овие примери покажуваат дека успешните иновации, засновани на потребите на процесот бараат задоволување на следниве критериуми: тоа да биде самодоволен процес, да постои една слаба или недостасувачка врска, да постои јасно дефинирана цел, да постои јасно утврдена можност и спецификација на бараното решение, да постои раширено и општо прифатено разбирање, да може да постои подобар начин, односно висок степен на заинтересираност за барање на задоволително решение.

Останатите постови од серијалот за иновативни можности можете да ги прочитате:

post

Извори на иновативни можности – Неочекувани случувања

Маркетинг пред започнување

Маркетинг пред започнување

Во претходниот пост зборувавме воопшто за иновативни можности кога станува збор за еден претприемач.

Тука би продолжил со уште една презентација на видови на иновативни можности која доаѓа од страна на Peter Drucker, таткото на модерниот менаџмент.

Peter Drucker ги разликува следниве извори на иновативни можности кога станува збор за неочекуваност:

#1 Неочекуван успех

Неочекуваниот успех нуди најголеми можности за реализирање на успешни иновации. Иновативните можности се најмалку ризични и нивното остварување е најлесно.

Неочекуваниот успех е честопати занемарен, а менаџерите покажуваат тенденција за негово негирање. 

Во 70-тите години од минатиот век големите челичарници не ја прифатиле идејата за мини челичарница. Опремата им била застарена, а за модернизација им биле потребни милијарди долари, но тие немале толку пари. Решението се гледало во отворање на мини челичарници. Во тоа време мини челичарниците доживеале голем успех.

Врвното раководство на една голема челичарница ја отфрлило идејата за мини челичарница, а луѓето што биле за оваа идеја биле отпуштени од работа. Успехот на мини челичарниците не бил прифатен. Врвното раководство било сентиментално врзано со“големиот челик”, а се друго за нив било мода. Тие не сакале да го видат овој неочекуван успех. 

Неочекуваниот успех може да иритира. Компанијата многу тешко се определува за каква било промена. Промените ги спроведува доколку е изложена на притисок од големите купувачи или од некоја влијателна личност. Меѓутоа, ретко кој очекува од таа постапка да дојде до подобрување на продажбата.

Кога “кучето” почнува да трча и почнува да ги загрозува “ѕвездите” доаѓа до изненадување, а со тоа и до несоодветно третирање на тој производ на пазарот.

Неочекуваниот успех најчесто не може да се види и никој на него не обрнува внимание. Поради тоа, никој и не ја користи можноста за негова понатамошна експлоатација, со неизбежен резултат конкурентите тоа да го воочат и од тоа да извлечат корист за себе. 

Можноста за искористување на иновацијата, која се појавува со неочекуваниот успех, бара посебна анализа. Неочекуваниот успех не е само една можност за иновација, тој бара иновација. Треба да се постават следниве прашања:

  • Кои основни промени сега се соодветни за таа организација?
  • Промена во нејзината технологија?
  • Нови пазари?

Кога ќе се соочат со тие прашања, тогаш неочекуваниот успех отвора најветувачки и најмалку ризични можности. 

За секој успех мора да се организира соодветно истражување. Првата работа која треба да се направи е да се обезбедат услови со кои неочекуваниот успех треба да се забележи. Раководството на компанијата мора да внимава на секој неочекуван успех, така што себеси ќе си ги поставува прашањата од типот: 

  • Што би значел успехот за нас доколку го искористиме?
  • Каде би можел да не однесе?
  • Што би требало да направиме за да го претвориме во можност?
  • Како ќе постапиме во врска со тоа? 

Раководството треба да одвои посебно време да расправа за секој неочекуван успех. Неочекуваниот успех бара да биде одржуван со помош на најспособни расположливи луѓе, а никако со било кои луѓе. Тој бара сериозност и поддршка од страна на раководството, сразмерно на можноста која се јавила.

#2 Неочекуваното промашување

Неочекувано промашување исто така е голем носител на иновативни можности.

За разлика од успехот, промашувањето не може да помине незабележано, но и тоа често не се гледа како симптом на можност.

Големиот број промашувања се резултат на алчност, глупост, на непромислено подржување на мнозинството или неспособност за проектирање или извршување на проекти.

Доколку нешто не се оствари, иако внимателно е планирано, таквото промашување често навестува промена.

Претпоставките на кои се засноваат производите или услугите, нивното проектирање или маркетиншка стратегија, можеби не одговара на реалноста.

Купувачите ја промениле својата вредност и забележување: иако се уште ја купуваат истата стока, тие сега всушност купуваат различна вредност.

Подеднакво се битни и неочекуваниот успех и неочекуваното промашување на директните конкуренти. Во двата случаја треба сериозно да се земе таквото случување како можен симптом за иновативни можности. Често се заклучува што се случува, не водејќи многу сметка зошто тоа се случува.

Фордов модел “Edsel” од 1957 год. бил детално планиран и стручно маркентишки воден. Ford бил на водечка позиција во три од четири пазарни класи (висока, средно-ниска и ниска). Останала само средно-високата класа и “Edsel” бил наменет за неа. Овој производ доживеал неуспех на пазарот и Ford почнал да истражува зошто овој модел не успеал. Заклучиле дека поделбата на класите од дваесетите години веќе не важи и дека настанале големи промени. Се појавила поделба на пазарот според стилот на живеење. Ова неочекувано промашување резултирало со нов модел (Thunderbird) и е постигнат најголем успех, по моделот “T” од 1908 год. Не било познато што ја предизвикало промената.

Неочекуваното промашување е преобразено во можност за остварување на ефикасна иновација. Тоа покажува дека и неочекуван успех и неочекуван неуспех, може да се претвори во можност за остварување на ефикасни и корисни иновации.

Пример кој покажува типични неочекувани надворешни случувања и нивно користење како главни можности за успешни иновации се однесува на IBM и персоналните компјутери.

Колку и да се разликувале мислењата на раководителите и инженерите во IBM, постоело единствено мислење дека иднината им припаѓа на централизираните системи на компјутери со големи можности, со најголема меморија и капацитет. IBM ги концентрирал напорите и ресурсите на одржување на лидерството на пазарот на големи централизирани компјутери. 

Во 1975 год., на општо изненадување, десетгодишните деца почнале да играт компјутерски игри, а нивните татковци посакале да имаат личен компјутер. Посебните машини чинат многу повеќе од еден терминал, а истовремено имаат далеку помал капацитет. Без оглед на таквите прогнози, дошло до ширење на компјутерите како и на нивните програми, а целата област на компјутерите станала хаотична, посебно во секторот на сервисирање и поправки. Меѓутоа, сето тоа ни најмалку не им пречело на купувачите.

Спротивно на очекувањата, американскиот пазар на персонални компјутери, во периодот 1979-1984 год. достигнал годишен обем на продажба од околу 15 милијарди долари. За таков “скок” на “големите” компјутери им требале 30 години. Во 1977 год. годишната продажба на персоналните компјутери била помала од 200 милиони долари (додека продажбата на “големите” била 7 милијарди долари) и IBM формирал свои тимови на стручни лица со задача да развијат нов модел на персонален компјутер.

IBM во 1980 година произвел сопствен персонален компјутер во моментот кога пазарот едноставно “експлодирал”.

Постов е дел од серијалот за иновативни можности. Можете да ги прочитате останатите:

 

post

Иновативни можности на еден претприемач

Kaizen подобрување, мало но големо Иновација и иновативност е нешто што е блиску поврзано со секој претприемач. Не зборуваме секогаш за високотехнолошки иновации кога зборуваме за иновативноста на претприемачот, но секој претприемач на ваков или онаков начин е поврзан со некаква иновација или препознаена иновативна можност, што всушност е и основата на неговиот бизнис.

Иновативноста претставува една организирана, систематска и рационална активност. Една од главните црти кои се провлекуваат во работење на претприемачите се иновации. Бидејќи претприемачите најчесто се со ограничени ресурси (финансиски, технолошки) тие мора да покажат големо ниво на итрост и со помош на иновациите да постигнуваат зголемени резултати во работењето.

Иновациите претставуваат специфично оружје на претприемачите, со чија помош ја користат промената како можност за извршување на разни производни и/или услужни активности. Претприемачите по правило носат некој вид иновации. Иновацијата претставува активност која ги дарува ресурсите со нови капацитети за создавање.

Иновациите можат да се толкуваат во смисла на промени на употребните вредности на ресурсот, за задоволување на некоја потреба на потрошувачот.

Успешните претприемачи не бараат по секоја цена големи инвестиции кои ќе развијат револуционерна индустрија, туку се задоволуваат и со помали иновации.

Огромен број успешни иновации користат промени. Иновативноста може да се претстави како научна дисциплина, подобна да биде научена и да биде практикувана. Претприемачите треба да истражуваат за можни извори на иновации, промени и нивните симптоми кои означуваат можност за остварување на успешни иновации. Тие треба да знаат и да го применуваат принципот на успешни иновации.

Разликуваме неколку видови иновации:

#1 Продорни иновации

Продорни иновации ги има најмалку, меѓутоа кога ќе дојде до правилно реализирање на овој тип на иновации, добиените резултати се најголеми. Овие иновации се случуват поретко и до нив се доаѓа потешко. Но, кога ќе се реализираат, може да настане и цела нова индустриска гранка, една цела нова потреба на пазарот за која ни самиот пазар не е свесен дека постои или ја има.

#2 Технолошки иновации

При секојдневна работа, како и со специјални истражувања, се доаѓа до овие иновации. Револуционерните технолошки иновации се поретки и секогаш бурно се проследени од јавноста. Секојдневните технолошки иновации всушност, претставуваат подобрување во процесот и се значајни за глобалните подобрувања на севкупниот процес.

#3 Обични иновации

Обичните иновации се најзастапени и се најмногу користени во практиката. Од нив не се очекува некоја спектакуларна добивка, меѓутоа тие се многу значајни за секој процес и носат големи подобрувања. ”Со ситни удари се постигнуваат значителни резултати”.

#4 Системските иновации

Систематските иновации се состојат од организирано барање на промени. Тоа се планирани промени во определени временски интервали кои едноставно на еден систематски начин овозможуваат еден организациски систем да провери дали се е онака како што треба и што би требало да се промени.

Во наредниот период ќе се занимаваме малку со иновативни можности, така да ќе опфатиме:

post

Претприемништво – предности и недостатоци

Вистини и невистини за претприемачи Секоја работа си има свои убави, но и помалку убави страни, односно носи одредени привилегии и предности, како што има и свои мани и недостатоци.

Исто така и претприемништвото ги носи во себе овие карактеристики.

Предности на претприемништво како професија

Како предност треба да се истакне тоа што претприемачите поседуваат одредена автономија-независност и слобода во одлучувањето по голем број на прашања (сам свој газда), но не и на сите, бидејќи постојат одредени фактори кои не можат тукутака да се игнорираат (влада, добавувачи, купувачи, сите имаат своја тежина, па во голем број случаи претприемачот мора свесно да ја ограничи својата автономија).

Предност да се започне сопствен бизнис е и чувство на достигнување и контрола на финансиите. Не е секогаш во прашање само зголемување на богатството. Голем број на претприемачи не бараат исклучиво само богатство, туку тоа што го имаат да можат да го контролираат.

Недостатоци на претприемништво како професија

Како негативност се јавува личното жртвување. Претприемачот има многу работа, особено во првите години. Нема време за семеен живот, рекреација, одмор. Постои голема напнатост и високо ниво на стрес. Претприемачот треба да си го постави прашањето за тоа, колку е самиот способен да се жртвува за бизнисот да биде успешен. Се јавува љубомора кај пријателите.

Товарот на одговорност е голем. Претприемачот често нема соработка со луѓе од ист ранг, па не постои колегијалност, поделба на информации. Поради тоа и одговорноста е значително поголема. Претприемачот е сам на врвот, нема со кого да ги размени мислите. Тој ставил се под хипотека кога зел кредит. При тоа се јавува чувство на осаменост. Додека бизнисот не порасне, тој мора да има познавање на голем број на области (маркетингот, финансиите, производство).

Постои исклучително мала толеранција за грешки. Големите компании можат да погрешат и да воведат производ кој не оди, но тоа нема да ги уништи, бидејќи имаат дополнителни приходи од други бизнис активности, додека кај малите бизниси една погрешна одлука може да го закопа бизнисот.

post

Награди и казни за еден претприемач

Како да станеш претприемач Досега имавме искажано повеќе ставови (на пример, во предности и недостатоци на претприемништвото) имаат повеќе основа во академското набљудување на претприемачите и на претприемништво. Но, и анкетираните дваесетина успешни претприемачи и нивната дискусија како дел од нашето пошироко научно-истражувачко подрачје покажала дека сите тие се сложуваат во врска со наградите и казните.

Наградата ја гледат во следниве работи:

  • сатисфакција да се биде сам свој газда; 
  • да се обезбеди иднина;
  • бизнисот може да се продаде кога е најпрофитабилен;
  • се создава работа за други луѓе и им се помага да се развијат;
  • се добива дивиденда;
  • да се дели профитот со партнерот; 
  • почитуван граѓанин; 
  • чувството на успех.

Казните ги гледат во следниве работи:

  • претприемачот не е целосно сам свој газда (клиентите, инвеститорите и владините организации се “газди“, мора да се задоволат клиентите, да се платат даноците на државата, да се одговори на различните барања);
  • поседување на ограничените ресурси;
  • откажување од сонот за преземање големи и важни проекти (бидејќи нема пари или други ресурси);
  • претприемачот работи многу напорно (бизнисот исцрпува, нема слободно време, има многу растурени бракови);
  • доживување на неуспехот во работењето е голема казна (бидејќи постои веројатност да се случи успех но, и неуспех, неуспехот може да се прифати, меѓутоа треба да се преболи и преброди и од него да се извлече поука, за да не се погреши вторпат при иста работа).

Негативни карактеристики на претприемачите

Покрај сите наведени, претежно во суперлативи искажани карактеристики на претприемачите, во практика многу тешко може да се сретнат сите тие карактеристики кај еден претприемач. Сите тие искажани карактеристики се повеќе проекција на потребите, кои треба да ги задоволат претприемачите и се доближуваат до совршенство. Но, совршенството сепак е научна фантастика, тоа е повеќе “несовршено совршенство“. Во реалноста претприемачите може да имаат и негативни карактеристики:

  • вообразеност,
  • дрскост,
  • манипулативност,
  • агресивност,
  • склоност кон шпекулации,
  • некомуникативност,
  • а знаат да бидат непријатни  како за колегите, така и за семејството.
post

Претприемничко однесување

Вредност Во текот на работењето, претприемачите мора да обрнат внимание на своето однесување за да остварат поголема ефикасност и ефективност. Одредени психолошки карактеристики претприемачите ги поседуваат од порано, но некои можат да се научат и развијат во текот на работењето. Ние ги потенцираме претприемнички однесувања презентирани подолу, како карактеристични и пожелни во работењето на секој претприемач.

#1 Способност да се забележи шанса и подготвеност перманентно да се бараат нови шанси

Шансата треба да се гледа во секој проблем. На пазарот има неограничен број шанси. Тие треба да се препознаат и да се операционализираат. Треба да се задоволат потребите кои не се задоволени или кои не се соодветно задоволени. Треба да се креира некоја потреба и да се забележи шансата која  останатите не можат да ја видат.

#2 Доверба во идејата и во сопствените квалитети

Претприемачот размислува слободно и самостојно, при што идеите на почеток претставуваат претприемачки сон. Тој мора да верува дека неговата идеја има пазарна оправданост. Пазарните потреби треба да се проценат реално, а тој треба да биде исполнет со самодоверба.

#3 Ориентираност кон иднината

Претприемачите живеат во сегашноста, но со мислите се во иднината. Претприемачите треба да размислуваат барем неколку години нанапред.

#4 Креативноста

Креативноста треба да е присутна во сите фази, а не само во почетната фаза. Треба да се размислува на неконвенционален и нетрадиционален начин. Треба да се има аверзија кон “status quo”. Образовниот систем ја задушува креативноста, бидејќи настојува да задржи униформно однесување за одредени ситуации, во кои може и покреативно да се реагира.

#5 Пазарна активност и желба за натпреварување

Успехот зависи од способноста да се задржат постојните и да се стекнат нови купувачи. При тоа треба да се поседува натпреварувачки дух и перманентно да се докажува и потврдува на пазарот. Постојано треба да се поставува прашањето: Што можам да направам за купувачите? бидејќи од купувачите зависи се.

Конкуренцијата претставува битен ориентир, кој му покажува на претприемачот каде тој во моментот се наоѓа на пазарот, кои се неговите предности и недостатоци.

#6 Флексибилност и адаптибилност

Мора да постои бизнис план, при што постојано се врши корекција. Треба да се биде флексибилен и да се располага со резервни деловни стратегии.

#7 Реален оптимизам

Оптимизмот е реален поглед на светот, животот и бизнисот и овозможува да се прескокнат пречките во животот и во работењето. При тоа во секоја пригода се гледа шанса. Претприемачот оптимист не гледа многу лошо на пропаѓањето на некој бизнис (макар што тоа не е пријатна случка), бидејќи тоа може да биде едно искуство, врз основа на кое понатаму би се отпочнало и развивало некое поуспешно претприемничко остварување.

Постојат два вида оптимизам:

  • реален оптимизам, кој промовира успех и
  • слеп оптимизам, кој води кон неуспех.

Успехот не значи само 100 % остварување на целите. Треба да се оперира со реални претпоставки и перспективи, при што целите и роковите се поставуваат реално.

#8 Способност за комуницирање

Претприемачите треба да бидат добро социјализирани и комуникативни во сите фази од работата. Тие треба квалитетно да комуницираат со финансиерите, потенцијалните купувачи, потенцијалните партнери, снабдувачите, вработените, треба да се научат да ги презентираат своите идеи, за да го задржат вниманието на слушателите, за да можат да ја постигнат својата цел.

#9 Подготвеност за големи откажувања и целосна посветеност на работата

Претприемништвото подразбира многу тешка работа. Треба и со телото и со духот да се биде посветен на работата. Да се заборави категоријата работно врeме, кое изнесува многу повеќе од 8 часа дневно. Има малку успеси преку ноќ, а семејството и пријателите се во втор план, како и забавата, разонодата, рекреацијата и сл.

#10 Прифаќање на ризик

Ризикот постои во секое одлучување и треба адекватно да биде управуван. Секој има толерантно ниво на ризик, за тоа што се губи во одредена ситуација. Дури и најуспешните претприемачи имале сериозни промашувања и при тоа се учеле на грешките.

#11 Истрајност и упорност

Истрајноста и упорноста се бара во сите фази. Во концепциската фаза – за да не се отфрли добра идеја. Во реализацијата – за да се задржи континуитетот, да се решаваат бројните проблеми и предизвици. Ако е во прашање тврдоглавоста и удирањето со глава во зид, тогаш истрајноста и упорноста немаат смисла.

#12 Акциска ориентираност

Клучен момент претставува реализирањето на идејата во практика. Многу луѓе имаат идеи, но нема многу луѓе кои тие идеи можат да ги реализираат. Бизнисот станува стварност кога претприемачот почнува со акција. Деловните одлуки понекогаш треба да се донесуваат веднаш, за да не се случи некој друг да ја “зграби” идејата за замислениот бизнис.

post

Невистини и вистини за претприемачи и претприемништво

Вистини и невистини за претприемачи Успешните претприемачи побудуваат голем интерес кај целото општество, претставуваат синоним за успех, поседуваат бизнис (што значи во состојба се некого да вработат), поседуваат пари, поседуваат коли и други вредни работи што претставува предмет на желбата на голем број луѓе. Бидејќи често се мета на позитивни а и негативни коментари, за претприемачите може да се слушат голем број на вистини но, секако и невистини

J.A.Timmons ги сублимирал и прецизно ги дефинирал невистините и вистините за претприемништвото и за претприемачите:

Невистина: Претприемачот се раѓа.

Вистина: Успешните претприемачи се оформуваат како резултат на адекватна комбинација од предодреденост, работно искуство, знаење, соодветни претприемнички способности, соодветни претприемнички однесувања и сл.

Невистина: Секој може да започне бизнис. Треба само среќа и одлучност.

Вистина: Ако сакате да започнете бизнис, треба да имате воочена шанса, дефинирана идеја и практична реализација. Треба да се размислува како иноватор, менаџер, администратор.

Невистина: Претприемачите се коцкари.

Вистина: Успешните претприемачи се многу внимателни и знаат да го управуваат ризикот.

Невистина: Подобро е да се биде сам во бизнисот.

Вистина: Тешко е да се работи сам. Посебно е тешко кога бизнисот ќе порасне и кога е невозможно “да се држат сите конци”. Треба да се побара партнер.

Невистина: Претприемачот е свој газда.

Вистина: Претприемачот е далеку од тоа да биде целосно независен. Тука се: инвеститорите (банките), купувачите, снабдувачите, државата, работниците, семејството и сл.

Невистина: Претприемачите се соочени со големи стресни ситуации и затоа плаќаат поголема цена за својот успех од другите.

Вистина: Претприемачот треба да биде подготвен да ја амортизира стресната ситуација. Дискутабилна е тезата дека претприемништвото е постресна професија од другите (политичари, артисти, офицери, пилоти и др.).

Невистина: Ако имаш пари имаш се.

Вистина: Парите не се фактор за успех на некој бизнис. Ако другите фактори се присутни, парите сигурно ќе се појават.

Невистина: Започнување на бизнис е за млади, енергични и темперементни луѓе.

Вистина: Староста не е бариера за отпочнување бизнис. Понекогаш староста може да биде и предност, бидејќи се располага со искуство, деловни пријатели и контакти. Едно истражување покажало дека 20 % од претприемачите се постари од 40 години, 55 % се во триесеттите години, 25 % се помлади од 30 години.

Невистина: Претприемачот е мотивиран исклучиво од финансиските резултати.

Вистина: Долгорочна визија за изградба на стабилна фирма. Реализација на долгорочно дефинирани цели. Инстант богатење не е пожелно.

post

Претприемачи и претприемништво – некои размислувања

Врз основа на детално проучување на голем број на литературни извори, издвоивме наши размислувања за претприемачите и претприемништвото, превземени од различни автори, со кои во голема мерка се осветлува оваа проблематика, а можат да претставуваат и мотивирачки фактор на претприемачите за нивните идни цели, акции и однесување.

Всушност, овие констатации се собрани од голем број на автори за потребата на изработка на трудот: Чубровиќ Илија: Анализа на Јачините и Слабостите, Шансите и Заканите (SWOT-анализа) на претприемничкиот менаџмент во малите производствени организации, магистерски труд.

  • Претприемачите создаваат нешто ново и нешто различно. Тие менуваат или претвораат едни вредности во други.
  • Претприемачот секогаш е во потрага по промени, одговара на нив и ги користи како можности.
  • Претприемачот ги префрлува ресурсите од сектор со ниска продуктивност и доход, во сектор со висока продуктивност и доход.
  • Претприемачите се луѓе кои ги препознаваат можностите на пазарот и ги насочуваат своите сили кон искористување на тие можности, поради лична корист.
  • Претприемачот може да се дефинира како лице кое ги препознава можностите на пазарот и има желба да ги подготви ресурсите неопходни за искористување на тие можности, поради долготрајна лична добивка.
  • Претприемачите се трагачи по можности, а не преземачи на ризици.
  • Претприемачите знаат кога да застанат, исто како што знаат кога да започнаат некоја работа.
  • Претприемачот работите ги испревртува и ги дезорганизира.
  • Претприемачот секогаш бара промени, одговара на нив и ги користи како можности.
  • Претприемачите бараат шанса, а ако шансите ги нема, тогаш тие ги создаваат.
  • Претприемачите се оптимисти. За нив чашата не е никогаш половина празна, туку е половина полна.
  • Ако му се даде можност да избира помеѓу извршувањето и размислувањето, претприемачот скоро секогаш ќе го избере извршувањето.
  • Секоја практика се засновува на теорија. Претприемништвото се базира на теоријата на стопанството и општеството.
  • Претприемништвото се дефинира како процес на идентификација на можностите на пазарот, наоѓање на ресурси кои ќе овозможат експлоатирање на тие можности и неопходно активирање поради искористување на можностите, со цел да се постигне долгорочна лична добивка.
  • Претприемништво е трансформирање на визиите во планови и на плановите во реалност.
  • Претприемништвото не е ниту наука, ниту уметност. Тоа е, првенствено практика.
  • Претприемништвото е храброст помножена со здрав разум, со цел да се разнишаат навиките.
post

Етика, морал и одговорност при создавање на профит

Етика, морал и одговорност при создавање на профит. Постои ли нешто такво? Често пати во трка по профитот можеме да заборавиме кои сме, што сме, што сакаме, што не сакаме…

Можеме да заборавиме на основните вредности на кои сме започнале да го градиме бизнисот, тоа се основните столбови преку кои сме почнале да градиме и сме дошле во позиција да имаме хиерархија, структура, менаџмент, системи…

Дали сакаш да ти прават тебе нешто што не ти е пријатно?

Размисли малку, доколку си во една менаџерска позиција за еден просечен работен ден во твојата организациона единица за она што го правиш на твоите вработени. Излистај ги сите тие активности и за секоја од нив одговори на прашањето: Доколку јас сум во позиција на тој мој вработен, дали би сакал такво однесување?

Многу едноставно, веќе ќе имаш идеја барем во еден мал сегмент за твојот менаџерски стил кој го употребуваш.

Истото е и со колегите, партнерите и потрошувачите.

Како и во приватниот живот, така и во работењето неопходно е да се има одговорност, како кон себе, така и кон околината.

Постои потреба за запазување на етичкото однесување, односно, да не им го правиме на другите, она што не сакаме да ни го прават нам, т.е. да постои фер плеј во работењето.

Потребно е да се има одговорност, како кон вработените така и кон партнерите, дури и кон конкуренцијата, секаде треба да постои чесен однос.

Внимателно треба да се зборува, а изречениот збор треба да се почитува и исполнува.

На тој начин се стекнува доверба кај вработените, а менаџерот стекнува имиџ на човек кој го држи дадениот збор и на кого може да се потпреме во секоја ситуација.

Треба да се работи во интерес на компанијата, а не поради своите интереси да се доведе во прашање опстанокот на компанијата.

Од страна на вработените, потребно е да се зголеми одговорноста, моралот и лојалноста кон компанијата и кон поставените цели.

post

Оценка за работата и наградување

Плати за вработени Секоја работа има своја тежина и треба соодветно да се оцени, за правилно да се награди вработениот.

Oна што се наградува тоа и се повторува. Доколку се наградува работењето, секој вработен ќе очекува да биде награден за постигнатите резултати. Најпосакувани награди се паричните.

Најчесто мерило за определување на висината на платата, е споредбата со платите во другите компании и установи. Ниеден менаџер, нема да им исплати многу помала плата на вработените, во однос на другите компании, бидејќи ќе им се случи одлив на вработените. Менаџерите нема да ја зголемат платата над просекот (освен можеби на клучните вработени, за да не прејдат кај конкуренцијата или на членови на семејството), бидејќи тогаш заработката на компанијата ќе биде помала.

Доколку се работи за производствен работник, тогаш нормирањето може да претставува мерило за исплата на платата. Плаќањето по парче, доколку работата може да се нормира, е добра основа за наградување.

Постојат индивидуални и групни норми, кои треба да се остварат за да се заработи платата. Меѓутоа работникот, бркајќи ја нормата, може да го напушти квалитетот на производот, да го зголеми шкартот, а поради брзање може да дојде и до оштетување на алатот и машините. Сите овие компоненти мора да се земат во предвид при плаќањето врз база на норма, односно нормата треба да биде реално поставена.

Постојат и други начини на награда како:

  • плаќање врз база на остварениот профит;
  • плаќање врз база на субјективниот осет на менаџерот, за придонесот на поединецот во остварувањето на целите на компанијата;
  • плаќање врз база на роднински врски, односно емотивно значење;
  • плаќање според accord односно договор;
  • плаќање врз база на поминато време на работа;
  • плаќање врз база на компарација, доколку не можат да се измерат работните ефекти.  Тогаш се споредува со платите на другите вработени, во рамките на една компанија или пошироко (платите на сите факултетски вработени да бидат на исто или слично ниво, платите на тие со средно училиште да бидат на слично ниво).

Доколку се работи за работник кој работи на контрола на квалитетот на производите, тогаш висината на наградување може да претставува број на евидентирани рекламации.

Вработениот кој работи во продажба, може да биде награден врз база на нивото на реализираната продажба, па соодветно на тоа да се определи процент за исплата, што дополнително ќе го мотивира вработениот за зголемување на продажбата. Тоа би го натерало активно да ја следи состојбата и да ги сигнализира сите состојби, кои можаат да бидат клучни за зголемување на продажбата.

За работникот кој е во администрација, потешко е да се изнајде мерило со кое ќе се измери нивото на неговата работа и соодветно на тоа да се плати. За таквите вработени најчесто се анализираат платите во други компании, па врз  основа на тоа се формира платата за таков вработен.

Клучниот вработен, секогаш треба да биде и најдобро платен. На таков вработен може да му се дадат и одредени акции од компанијата, со што би се постигнало негово зголемено ангажирање, а со негово зголемено ангажирање и компанијата ќе ги зголемува профитите.

Етика, морал и одговорност при создавање на профит

Како и во приватниот живот, така и во работењето неопходно е да се има одговорност, како кон себе, така и кон околината. Постои потреба за запазување на етичкото однесување, односно, да не им го правиме на другите, она што не сакаме да ни го прават нам, т.е. да постои фер плеј во работењето. Потребно е да се има одговорност, како кон вработените така и кон партнерите, дури и кон конкуренцијата, секаде треба да постои чесен однос.

Внимателно треба да се зборува, а изречениот збор треба да се почитува и исполнува. На тој начин се стекнува доверба кај вработените, а менаџерот стекнува имиџ на човек кој го држи дадениот збор и на кого може да се потпреме во секоја ситуација. Треба да се работи во интерес на компанијата, а не поради своите интереси да се доведе во прашање опстанокот на компанијата. Од страна на вработените, потребно е да се зголеми одговорноста, моралот и лојалноста кон компанијата и кон поставените цели.