post

Парите не се единствена мотивација! Кога?

Една од задачите на менаџерите, па и на претприемачите бидејќи долго време ќе ја имаат таа улога е да мотивираат. Постојат повеќе теории за мотивација и една од најцитираните теории е Масловата теорија која можеби за првпат воведува мотивациски потреби кои немаат врска со пари.

Идејата за мотивација во организациските системи на научна основа е стара уште од времето на почетоците на Тејлоровиот научен менаџмент и неговите истражувања во кои се обидува да ги зголеми перформансите.

Но, во овој пост сакам да препорачам едно интересно видео во вид на анимација во кое се објаснети некоирезултати од спроведени истражувања за тоа кога парите се главен фактор кој влијае на перформансите (учинокот) во работата, а кога тие не влијаат, па дури и предизвикуваат да дојде до намалување на перформансите. Заклучокот е дека:

  • За едноставни, механички и целосно испланирани работни задачи каде не е потребно умствено размислување парите играат голема улога во учинокот на тие луѓе. Ова значи дека за овие задачи, повеќе пари, односно поголема парична награда, поголем и учинокот.
  • За сложени задачи за кои се потребни умствени напори, креативност и инвентивност парите не играат никаква улога дури може и да наштетат во учинокот на луѓето кои работат на таквите работни задачи. Ова значи дека тие луѓе бараат нешто друго, и за нив не поминува IF THEN (ако го направиш тоа ќе добиеш толку) принципот.

Во секој случај во видеото име многу корисни информации. Вреди да се потрошат 10-тина минути на него.

post

Добар менаџер – видео

Денеска објавивме пост во кој пишувавме за некои особини на еден “добар” менаџер. Истите тие се визуелизирани преку оваа видео.

post

Добар менаџер – Постои ли такво нешто?

После подолго време и јас да се вклучам во менаџмент категорија на претприемач. Инаку, вообичаено оставам со оваа тема повеќе да се занимава Илија Чубровиќ.

Често пати од менаџерите, барем кај нас и според мое искуство се смета дека се добри ако знаат да наредуваат добро. Но, што е тоа наредба?

Добро, во армиите постојат наредби и служат заради дисциплинираност на војската. Но, во бизнис светот, во компаниите, каде се бара и креативност освен продуктивност и ефикасност, каде се бара и интелигенција освен едноставно спроведување, наредбите не можат да ја играат улогата која што ја играат во армиите.

Да започнам со една листа за тоа што се смета за добар менаџер.

  1. Добар менаџер пред се обучува, а не само наредува.
  2. Добар менаџер насочува, а не наредува.
  3. Добар менаџер делегира, а не наредува.
  4. Добар менаџер е со својот тим кој го менаџира, а не надвор со другите менаџери од неговото хиерархиско ниво.
  5. Добар менаџер безсрамно ги засукува ракавите и покажува, а не само наредува.
  6. Добар менаџер наградува, а не само наредува.
  7. Добар менаџер пофалува, а не само наредува.
  8. Добар менаџер слуша, а не само наредува.
  9. Добар менаџер ислушува, а не само наредува.
  10. Добар менаџер комуницира, а не само наредува.
  11. Добар менаџер гради пријателски односи со својот тим.
  12. Добар менаџер јаде со својот тим.
  13. Добар менаџер разменува искуство со својот тим.
  14. Добар менаџер влетува во огин за својот тим, а не се крие во позадина.
  15. Добар менаџер ја превзема одговорноста за резултатите на својот тим, а не остава тимот да биде единствениот одговорен.
  16. Добар менаџер има визија за промени, но промените ги започнува од себеси, а потоа кај тимот кој го менаџира.
  17. Добар менаџер знае што прави самиот тој, но знае и што неговиот тим прави за организацијата.
  18. Добар менаџер иако по функција треба и да контролира, но секогаш тоа му е последната работа.
  19. Добар менаџер гради тим, а не поединци.
  20. Добар менаџер е добар, само затоа што неговиот тим е добар.

Мислам дека се доста иако листата може да оди до бесконечност. Но, за да еден менаџер биде добар менаџер не зависи и од самиот тој менаџер. Само ќе наведам некои фактори кои влијаат на тоа за тој да биде добар менаџер а кои не се директно зависни од него:

  • Хиерархиското ниво на кое се наоѓа
  • Менаџерот над него
  • Самата организација
  • Опкружувањето
  • Индустријата

На пример, погоре се вели дека добар менаџер гради тим, а не поединци. Но, како еден менаџер ќе може да изгради свој тим за кој ќе смета дека ќе биде најдобар за најдобро функционирање на организациската единица со која раководи, доколку менаџерот над него е оној кој носи одлука за тоа.

Интересно е на пример со оние одделенија кои претставуваат таканаречени “казнени експедиции”. А, секаде постојат, да не се лажеме. Како еден менаџер таму да биде добар менаџер?

Што ако некој од вработените му е “наметнат” и намерно го бојкотира менаџерот? А, да бидеме реални кај нас се поверојатни таквите ситуации, па и лично сум имал такво искуство. Доколку се отворат книгите за менаџментот, за такво нешто не станува збор никаде. Дали ќе се пожалиш на првиот надреден? Дали ќе го казниш, иако знаеш дека казната ќе ти биде одбиена? Дали ќе седнеш и самиот ќе ја сработиш работата за да биде се цакум пакум како што треба?

Не е се идеално, како што се мисли. И, многу е ретко да може еден менаџер да ги инкорпорира сите оние погоре наведени карактеристики на добар менаџер, затоа што не зависи само од него.

Но, потребно е да се започне со нешто. Понекогаш е доволно и со само неколку карактеристики да се дојде до целта.

post

Твоите бизнис вредности ќе ти кажат што треба да правиш

Кратенки во бизнис Многу е добро и секако поедноставно кога имаме вредности кои не водат низ животниот пат. Знаеме дека го сакаме тоа и тоа и не дозволуваме нешто да не помести.

И бизнисот бара вредности кои едноставно ќе послужат како еден знак (светлост на крај на тунелот) кои ќе му го покажува патот и ќе го насочува претприемачот да вози со полна брзина.

Дали имаш формални или неформални вредности за твојата компанија кои ги следиш и врз кои ги базираш твоите бизнис одлуки?

Дали имаш нешто што те води секојпа кога треба да донесеш одлука?

Дали имаш нешто што ти служи како референтна точка на твојот пат кон успешноста?

Доколку твојот одговор на овие прашања е ДА, тогаш ти веќе имаш воспоставено бизнис вредности.

Бизнис вредност е нешто што ќе го направи твојот претприемнички живот многу поедноставен. Тие го дефинираат онаа што треба да го направиш и она што треба да го избегнеш. Тие го дефинираат она што е прифатливо и она што не е прифатливо за твојата компанија. Тие дефинираат кога треба да запреш, а кога треба да забрзаш.

Бизнис вредностите се потребни. Тие ќе ти помогнат да ја менаџираш твојата компанија додека го патува патот кон успехот, кој пак не е прав пат.

Твоите бизнис вредности треба да одговорат на едно едноставно, но сепак важно прашање: Што е она нешто што твојата компанија го вреднува најмногу?

Размисли за овие прашања за да ги дефинираш твоите бизнис вредности:

  • Што е она нешто што твојата компанија најмногу го сака од секој вработен?
  • Кои навики твојот бизнис ги вреднува најмногу?
  • Кои односи твојата компанија ги вреднува најмногу?
  • Која е заедницата која твојот бизнис ја вреднува најмногу?
  • Кои проекти твојата компанија ги вреднува најмногу?
  • Кои компетенции и се потребни на твојата компанија најмногу?
  • Кои одговорности се најважни за твојот бизнис?
  • Копи одлуки се најважни за твојата компанија?
  • Што претставува успех за тебе како еден претприемач?
  • Што мислиш за респектот кон индивидуалците како еден претприемач?
  • Толерираш ли грешки? Ги прифаќаш ли и зошто ги прифаќаш ако ги прифаќаш?
  • Каква е твојата толеранција кон ризикот?
  • Дали ти како еден претприемач и твојата компанија сте отворени за идеи од надворешноста?

Ова не е конечна листа на прашања, но доволна за да те насочи да како еден претприемач започнеш да размислуваш за она што најмногу го вреднуваш ти и твојот бизнис. Можеш да додадеш дополнителни вредности колку што треба кои те отсликуваат тебе и твојот бизнисм како и твојата индустрија и пазарот.

Се надевам дека како еден претприемач на крајот од вежбата презентирана во овој пост ќе ги имаш дефинирано вредностите кои ќе започнеш да ги користиш како еден патоказ за тебе и за твојот бизнис.

Слободно сподели некои од нив преку коментар на постов.

post

Оценка за работата и наградување

Плати за вработени Секоја работа има своја тежина и треба соодветно да се оцени, за правилно да се награди вработениот.

Oна што се наградува тоа и се повторува. Доколку се наградува работењето, секој вработен ќе очекува да биде награден за постигнатите резултати. Најпосакувани награди се паричните.

Најчесто мерило за определување на висината на платата, е споредбата со платите во другите компании и установи. Ниеден менаџер, нема да им исплати многу помала плата на вработените, во однос на другите компании, бидејќи ќе им се случи одлив на вработените. Менаџерите нема да ја зголемат платата над просекот (освен можеби на клучните вработени, за да не прејдат кај конкуренцијата или на членови на семејството), бидејќи тогаш заработката на компанијата ќе биде помала.

Доколку се работи за производствен работник, тогаш нормирањето може да претставува мерило за исплата на платата. Плаќањето по парче, доколку работата може да се нормира, е добра основа за наградување.

Постојат индивидуални и групни норми, кои треба да се остварат за да се заработи платата. Меѓутоа работникот, бркајќи ја нормата, може да го напушти квалитетот на производот, да го зголеми шкартот, а поради брзање може да дојде и до оштетување на алатот и машините. Сите овие компоненти мора да се земат во предвид при плаќањето врз база на норма, односно нормата треба да биде реално поставена.

Постојат и други начини на награда како:

  • плаќање врз база на остварениот профит;
  • плаќање врз база на субјективниот осет на менаџерот, за придонесот на поединецот во остварувањето на целите на компанијата;
  • плаќање врз база на роднински врски, односно емотивно значење;
  • плаќање според accord односно договор;
  • плаќање врз база на поминато време на работа;
  • плаќање врз база на компарација, доколку не можат да се измерат работните ефекти.  Тогаш се споредува со платите на другите вработени, во рамките на една компанија или пошироко (платите на сите факултетски вработени да бидат на исто или слично ниво, платите на тие со средно училиште да бидат на слично ниво).

Доколку се работи за работник кој работи на контрола на квалитетот на производите, тогаш висината на наградување може да претставува број на евидентирани рекламации.

Вработениот кој работи во продажба, може да биде награден врз база на нивото на реализираната продажба, па соодветно на тоа да се определи процент за исплата, што дополнително ќе го мотивира вработениот за зголемување на продажбата. Тоа би го натерало активно да ја следи состојбата и да ги сигнализира сите состојби, кои можаат да бидат клучни за зголемување на продажбата.

За работникот кој е во администрација, потешко е да се изнајде мерило со кое ќе се измери нивото на неговата работа и соодветно на тоа да се плати. За таквите вработени најчесто се анализираат платите во други компании, па врз  основа на тоа се формира платата за таков вработен.

Клучниот вработен, секогаш треба да биде и најдобро платен. На таков вработен може да му се дадат и одредени акции од компанијата, со што би се постигнало негово зголемено ангажирање, а со негово зголемено ангажирање и компанијата ќе ги зголемува профитите.

Етика, морал и одговорност при создавање на профит

Како и во приватниот живот, така и во работењето неопходно е да се има одговорност, како кон себе, така и кон околината. Постои потреба за запазување на етичкото однесување, односно, да не им го правиме на другите, она што не сакаме да ни го прават нам, т.е. да постои фер плеј во работењето. Потребно е да се има одговорност, како кон вработените така и кон партнерите, дури и кон конкуренцијата, секаде треба да постои чесен однос.

Внимателно треба да се зборува, а изречениот збор треба да се почитува и исполнува. На тој начин се стекнува доверба кај вработените, а менаџерот стекнува имиџ на човек кој го држи дадениот збор и на кого може да се потпреме во секоја ситуација. Треба да се работи во интерес на компанијата, а не поради своите интереси да се доведе во прашање опстанокот на компанијата. Од страна на вработените, потребно е да се зголеми одговорноста, моралот и лојалноста кон компанијата и кон поставените цели.

post

6 Видови на моќ кои може да ги поседуваат лидерите

Лидерот со своите: способности, углед, авторитет, популарност, може многу да постигне кај вработените, но мора во одредени случаи да поседува и користи моќ, за да биде во состојба да ги реализира задачите.

моќ и  вработени

Моќ се дефинира и како засилено влијание врз вработените. Да се има моќ, значи да се биде во можност да се смени односот и ставот на другите индивидуи. Постојат неколку извори на моќ,  кои лидерот или менаџерот може да ги користи.

Продолжи…

post

Улога на лидер во една компанија

Менаџмент Секој менаџер е лидер на одредена група луѓе.

Улогата на еден лидер го обврзува менаџерот да ги мотивира, обучува и охрабрува соработниците, а има за цел да влијае врз придонесот на луѓето во компанијата.

Доколку менаџерот поседува или ги развил лидерските вештини за управување со луѓе, неговата работа ќе биде полесна, а постигнатите резултати ќе бидат поголеми. Лидерот треба да биде пример и предводник на една компанија. Тој мора да поседува авторитет, да се држи до морални и етички принципи, да поседува доза на праведност и искреност како спрема вработените така и спрема сите партнери со кои соработува. Лидерот може да послужи како пример, кој ќе влијае врз другите да ја зголемат продуктивноста.

На пример, лидерот може да го употреби своето влијание за да го подобри моралот. Големината на еден лидер може да се согледа и во неговата способност да делегира овластувања. Тоа не е ни малку пријатна задача, бидејќи голем број на менаџери се чувствуваат како некој да им ја зема нивната работа. Но, обврските на менаџерот се големи, тој треба да прифати директна одговорност за она што самиот го извршил со полн капацитет. Сето останато, што не бара негово директно ангажирање, треба да го делегира на подредените.

За да биде делегирањето успешно, претходно треба да се создадат способни и обучени заменици, кои ќе бидат способни тие задолженија квалитетно да ги реализираат. Довербата треба континуирано да се гради и проверува, а делегирањето да се врши од помали кон поголеми овластувања при што, паралелно би се создавале услови за тимска работа на група менаџери, под раководство на лидерот.

Доколку лидерот охрабрува и потикнува подредени менаџери, тие мошне бргу ќе се оспособат за извршување на комплексни функции кои бараат теоретско и практично знаење, но бараат и искуство и храброст за да се превземе нешто (или да се елиминира стравот дека ќе се згреши, доколку нешто се превземе). Тоа е и една од главните задачи на лидерот, да влева храброст и доверба.

Бидејќи знаењето и искуството се стекнуваат бргу, но стравот да не се погреши – парализира голем број на менаџери, па доколку менаџерот како лидер успее и тоа да го вгради кај своите подредени, тогаш може да се смета за успешен лидер.

Најголемите проблеми потекнуваат од луѓето, нивните желби, барања, однесувања и амбиции како индивидуални, така и групни. Раководењето претставува ефективно средство за мотивација на подредените, избирање на ефективен канал за комуникација и решавање на различни проблеми и конфликти. Ова не е едноставно и доколку би било едноставно не би постоеле неуспешни менаџери. Со оглед на својот карактер, знаењето, како и состојбата во компанијата и во општеството, менаџерите применуваат разни начини на раководење кои се повеќе или помалку успешни.

post

Мотивираност на вработените

Како да станеш претприемач Една од главните лидерски задачи е мотивирање на вработените.

Најдобар начин да се натера некој да го работи она што менаџерот го сака е доколку се натера и тој да ја засака таа работа.

Мотивираните луѓе можат да постигнат надпросечни резултати.

Процесот на мотивирање полесно е да се согледа доколку се познава теоријата за мотивација од Abraham Maslow, бидејки факторот кој мотивира одредена група работници, врз некоја друга група може воопшто да нема влијание.

Теоријата објаснува зошто луѓето имаат одредена потреба. Мотивирањето се постигнува со хиерархииско задоволување на потребите и тоа од оние најпотребните, па кога ќе се задоволат тие потреби се преоѓа на потребите од повисоко ниво. Потребите се подредени по следниов ред:

  1. Психо-физиолошки потреби – јадење, спиење, пиење, секс.
  2. Сигурносни потреби – економска сигурност, заштита од опасност.
  3. Општествени потреби – контакти, припадност, пријателство, комуникација.
  4. Потреба за почитување – признание, напредување, углед, компетентност, статус, престиж, титула, самопочит.
  5. Потреба за самодокажување – сопствено креативно обликување, постигнување успеси, решавање задачи, делегирање, понатамошно образование, интереси, користење на влијанието, тимска работа, соодлучување, предлози за подобрување.

Со задоволување на првото ниво на потреби, престанува да важи мотивот за нивно задоволување, а доаѓаат во преден план мотивирачките фактори со кои се исполнуваат повисоките нивоа на потреби. Пример, доколку се мотивираат вработените исклучиво со покачување на платата, тогаш мотивирањето се постигнува за одреден период.

После некој период, тој мотивирачки ефект ќе заслабне и вработениот пак ќе сака да му се покачи платата, па ова може да се случува во недоглед. Поради тоа, се препорачува согледување на целата скала на мотивирачките фактори, со чија комбинација би се постигнале најдобрите мотивирачки резултати.

Во праксата доста често се користи мотивацијата базирана врз стравот. Менаџерот има можност да казни некого, да му намали плата, бенефиција, да му даде отказ, па тоа врз вработениот дејствува како мотивација да работи подобро. Но, бидејќи вработениот работи континуирано под стресна ситуација, тој не само што нема да има доволно желба и воља за работа, туку, доколку му се понуди некое друго работно место, тој веднаш ќе го напушти претходното работно место.

Наспроти ова, постои мотивацијата базирана на задоволство. Тоа е најсилен облик на мотивацијата. Тука парите се во втор план, а посветеноста на работата во преден, бидејќи вработениот од таа работа го црпи своето задоволство и својата среќа.

Како стимулативни средства за зголемување на мотивација најчесто се користат: пари, признанија, одмор, доделување на дел од акциите, сакана работа, напредување, слобода, личен развој, забава, подароци и слично. Понатаму, постојат различни варијации како: плаќање на стипендии за дошколување, со што вработениот би стекнал поголемо знаење, поголема плата и подобро работно место. Воведување на флексибилно работно време, би било добро за млади работници како и за млади родители. Па, доколку би доцнеле на работа, поради свои причини, тоа би го надокнадиле со подолго останување после работно време. Можност да се работи и во недела, така што ќе се добие поголем број на слободни денови. Доделување награда на заслужен работник. Може да се прогласи работник на годината, а како награда може да се испрати на бесплатен одмор или да му се додели некоја друга бенефиција.

За помали награди можат да се сметаат: плаќање вечера во ресторан, со можност да присуствува и некој од врвното раководство; да се обезбедат бесплатни карти за спортски натпревар, театар, опера, циркус, посета на базен. За децата на вработените може да се доделат стипендии. Гаранција за доживотно работење, доколку за тоа постои услов.

Што е тоа што вработените најмногу ги мотивира, треба да се дознае од дирекната комуникација со вработените.

Кога се работи за големи компании, тогаш менаџерите од пониско ниво треба да предлагат работници кои заслужуваат награди, како и методи со кои ќе се стимулира работењето на останатите вработени. Притоа мора да се води сметка да се наградуваат вистински луѓе, односно луѓе кои го заслужуваат тоа.

Секоја награда, доколку е јавна, треба да биде образложена. Сите вработени, треба да знаат зошто наградата е доделена и какво е тоа однесување, кое и понатаму ќе доведе до добивање на награди и признанија. На овој начин, ќе се стимулира позитивното однесување на вработените, а од друга страна ќе се избегне љубомората и озборувањето кај другите вработени.

Можни се одредени грешки при наградувањето, меѓутоа доколку ги има, тие треба јавно да се признаат, со што би се ставило на знаење дека, секое правилно однесување нема да остане ненаградено и незабележено од страна на врвниот менаџмент. Секоја работа има свои специфични барања, кои континирано се менуваат во поголем или помал обем.

Мотивирањето, наградувањето, казнувањето го прават своето, но сепак врвниот менаџер треба почесто да слегува во различни сектори (производство, маркетинг, продажбата), за да утврди што се случува на теренот. Можно е се да се испланира до детал, да се вложат и средства и време и труд за да се оствари зацртаното, а нељубезноста на вработениот се да уништи. Заради тоа, успешните менаџери практикуваат да поминат одредено време во производството или продажбата.

На тој начин, тие не само што се запознаваат со проблемите кои се јавуваат, туку создаваат близок однос со вработените, а воедно стануваат пример за вработените. Доколку менаџерот може во секој момент да ја утврди одговорноста на секој од вработените, за извршување на работните задачи, тогаш можностите за грешките се намалуваат. Меѓутоа, тоа е многу мачен процес, кој тешко може да се реализира докрај, бидејќи е многу тешко да се утврди кој направил грешка и затоа е препорачливо работниците да се мотивираат правилно да ја вршат работата, а не да се оди на казнување доколку дојде до неисполнување на обврските.

post

Концепт на трансфер и унапредување на кадри

Екипирање - човечки ресурси

Екипирање - човечки ресурси

Со оглед на постигнатите работни резултати, залагање и способност на вработените, може да се врши и трансфер на вработените.

Трансфер претставува преместување на вработените од едно работно место на друго.

Унапредување, претставува преместување на повисоко хиерархииско ниво, кое најчесто е проследено со повисока плата, статус и власт.

Хоризонтален трансфер претставува поместување од една на друга позиција, која се наоѓа на исто хиерархииско ниво. Овој трансфер се применува доколку се јави недостаток на одреден профил на вработените, па се врши дополнување од друг сектор.

Доколку вработениот не ги исполнува работните задачи, не се ангажира доволно и нема соодветно знаење или способности, тогаш се врши трансфер наречен уназадување или деградација. Тоа е преместување на пониско хиерархиско место, пратено со намалување на плати и бенефиции или може да се добие и отказ.

Во текот на работниот век, вработените се унапредуваат почнувајќи од пониска па одејки кон повисока позиција во компанијата. Унапредувањето може да биде иницирано од различни причини:

  • покажани способности,
  • докажана лојалност,
  • потреба за воведување на нови сектори,
  • испразнети повисоки позиции,
  • роднински и пријателски врски и слично.

Чест случај е унапредливите луѓе да чекаат одреден временски период, додека не се ослободи или не се отвори ново работно место каде би се вработиле. Постојат различни причини за испразнување на работни места. Тоа се: пензионирање, болест, смрт, деградација, отказ, напуштање по сопствена иницијатива или доколку со унапредување останало непополнето претходно работно место.

Кога се зборува за унапредување, најчесто се мисли на унапредување кое се врши во рамките на компанијата. И самите вработени повеќе сакаат ваков тип на унапредување, бидејќи се надеваат дека и тие еден ден ќе бидат унапредени на подобра работна позиција.

Политика на унапредување одвнатре

Забраната за поставување на луѓе од надвор на одредена позиција, ја ограничува конкуренцијата и им дава на вработените во компанијата монопол на работните места. Политиката на унапредување од внатре може да биде пригодна за големи компании, бидејќи има многу квалификувани луѓе, па унапредувањето од внатре се приближува до ситуација слична на политика на отворена конкуренција.

Сепак, компаниите често се принудени да одат надвор кога се бара кадар. Опасно е за компанијата доколку следи исклучиво политика на унапредување од внатре, бидејќи можат да се унапредуваат луѓе кои немаат доволно способности или луѓе кои работеле под закрило на успешен претпоставен, па се предимензионирала сликата за способностите на неговиот подреден, која не е потполно исправна.

Често пати при унапредување од внатре се јавува љубомора, ривалство и конфронтација што може трајно да го наруши работењето на компанијата. Тешкотиите се најевидентни при изборот на клучни менаџери или инженери, бидејќи тогаш се во прашање најголеми интереси па конфронтацијата е најинтензивна. Врвните менаџери честопати во такви случаи, одлучуваат да го изберат полесниот пат и да ги избегнат проблемите и конфронтациите со избор на личност надвор од компанијата, кој би завзел клучна позиција во компанијата.

Политика на отворена конкуренција

Но, факт е дека компанијата реално има потреба за луѓе од надвор, за да воведат нови идеи, нови практики и нови методи во работење. Менаџерите мора да одлучат, дали предностите од политиката на унапредување од внатре, се поважни од нејзините недостатоци. Разбирливи се причините за спроведување на принципите на отворена конкуренција, преку отварањето на слободни работни места за најдобро квалификуваните луѓе кои стојат на располагање, било да се од внатре или од надвор. Тоа и дава можност на компанијата, на крајот од анализата, да прими најсоодветен кандидат. На овој начин се надминуваат недостатоците од политиката на исклучиво унапредување од внатре, при тоа овозможувајќи и на компанијата да ги примени најдобрите техники за регрутација на менаџери и неменаџери.

Политиката на отворена конкуренција е подобро и почесно средство при обезбедувањето на потребниот кадар, отколку задолжителното унапредување од внатре. Доколку е потребно да се сочува моралот на вработените, при примена на политиката на отворена конкуренција, компанијата мора да има фер и објективен метод за оценување и избор на своите луѓе. Доколку вработените знаат дека нивните квалификации и способности ќе бидат разгледани и дека ќе бидат добро оценети, а при тоа им се овозможи развој на знаења и вештини, чувството на неправда, ако на испразнето место дојде некој од надвор, ќе биде помало.

Во секој случај вработените треба да бидат способни да им конкурираат на луѓето од надвор. Ако вработените од внатре имаат способност за конкурирање на отвореното работно место, ќе имаат голема предност, бидејќи се запознати со компанијата и нејзиниот персонал, историјата, проблемите, политиката и целите. За таков кандидат политиката на отворена конкуренција треба да биде предизвик, а не пречка при унапредувањето.

Унапредување на клучни менаџери

Клучните менаџери се луѓе кои ја водат компанијата или водат одредени развојни и производни програми, без оглед дали се работи за техничко-технолошко или менаџерско работење.

Вакви менаџери можат да се најдат во сите организациски нивоа, но најчесто се среќаваат на самиот врв или близу до врвот на компанијата. Тие менаџери формираат и спроведуваат клучни идеи, ставови и судови кои и помагаат на компанија да ги постигне своите цели. Тие имаат задача да ја развиваат севкупната политика и работењето на компанијата. Развиваат производи, услуги, кадри, начини за финансирање. Одлучуваат за развојот на нови технологии и други важни прашања за работењето на компанијата, па изборот на клучниот менаџер е од голема важност за понатамошното работење на компанијата.

Во пракса можат да се најдат голем број на примери каде клучните менаџери се прикажани како клучни за успехот или неуспехот на компанијата. Така да изборот на клучен менаџер, претставува одговорна задача во која треба да се вклучат сите релевантни структури во компанијата.

Многу е важно под кои услови доаѓа до бирање на нови клучни менаџери, но важна е и сопственичката структура на компанијата. Во некои случаи, сопствениците на најголем број на акции определуваат менаџери на клучната позиција, а некогаш одлучувањето за клучните менаџери се препушта на врвниот менаџмент на компанијата.

Доколку е тоа редовна замена заради пензионирање, компанијата работи стабилно, има добри резултати во работење, тогаш бирањето на клучни менаџери претставува помал проблем, при што може и претходниот менаџер да промовира свој наследник или тоа може тивко да се изврши во рамките на самата компанија.

Тука единствено настанува проблем доколку постои ривалство помеѓу клучните менаџери, па тоа ривалство може да биде продолжено и по изборот. Така што новоизбраниот менаџер може да му се реваншира негативно на својот ривал, преместувајќи го на пониско работно место, терајќи го на тој начин сам да ја напушти компанија, што во такви случаи претставува и најдобро решение за компанијата, бидејќи се избегнува конфронтација.

Но, доколку компанијата се наоѓа во лоша состојба, унапредување од внатре не е препорачливо, бидејќи луѓето од внатре ја создале таа ситуација. Но, тоа секогаш и не мора да биде точно, бидејќи помладата менаџерска структура нема клучна улога во донесувањето на главни одлуки, па не може во иста мерка да ја понесе и одговорноста за неуспехот. Од друга страна тие ја познаваат состојбата во компанијата, па со поголемо унапредување можат да покажат успех во работењето.

Но, постојат и голем број на причини за избор на клучни менаџери надвор од компанијата. На надворешните кандидати може да се смета повеќе отколку на внатрешните, бидејќи тие немат разгранети роднински и пријателски врски, па можат да одлучуваат без дополнителни притисоци. Нов клучен менаџер може да се доведе од страна и во случај кога некој менаџер долго стои на одредена позиција, па е потребно да се внесе ’свежа крв’ за да компанијата добие полетна атмосфера. Во секој случај, изборот на нов клучен менаџер ќе ја обележи нова ера во работењето на компанијата.

post

6 Совети за да го извлечеш најдоброто од твоите вработени

Најдоброто од вработени Ти не си сам во активностите да го направиш твојотот бизнис да биде успешен. Како еден претприемач ти си важен дел од твојот бизнис успех, но твоите вработени му даваат нуклеарната енергија на бизнисот за патот кон успешноста.

Многу од твоите планирани активности може да пропаднат, доколку вработените не ги спроведуваат на вистински начин. Можеш да го имаш најдобриот план, опрема, производи и услуги, но ако вработените не го дадат својот максимум во спроведувањето, твојот бизнис нема да успее.

Како да го добиеш најдоброто од твоите вработени?

Како можеш да го извлечеш максимумот од нив?

Еве неколку совети кои можат да ти помогнат во добивање на она што го сакаш од твоите вработени.

1. Секогаш имај ги вистинските луѓе за твојот бизнис

Ако сакаш твојот бизнис да успее, тогаш ќе ти требаат прави луѓе за него. Неможеш да ги вработиш сите. Но, ако ги имаш вистинските луѓе во твојот бизнис, тие ќе го дадат најдоброто од себе за спроведување на сите твои стратегии.

Затоа, многу е важно за да имаш прав систем за регрутирање на кадри во твојот бизнис.

2. Обезбеди фер плата

Правило е да дадеш, ако сакаш да го добиеш најдоброто од твоите вработени. Важно е за нив да не се чувствуваат како некој кој дава повеќе работа за помала плата.

Обезбеди фер услови за нивната плата, ако сакаш да го извлечеш најдоброто од нив.

3. Обезбеди добри услови за работа

Никој не сака да работи и да придонесува во лоши работни услови. Добри услови за работа се работните места кои овозможуваат непречено извршување на работните задачи и во исто време се инспиративни и задоволувачки за вработените.

Обезбеди одлични работни услови и работна околина, ако сакаш да го извлечеш најдоброто од нив.

4. Поттикнувај ги да работат подобро

Можеш да користиш различни стимуланси кои ќе ги охрабрат да работат подобро. Таквите стимуланси ќе ги поттикнат секојдневно да ги подобруваат сопствените резултати. Како пример за овие видови на стимуланси може да биде план за делење на профитот кој нормално ќе ги охрабри да придонесат во зголемувањето на профитот во вашиот бизнис.

5. Дај им целосна контрола на нивната работа

Тие се секојдневно во контакт со својата работа. Тие се супериорни во она што го работат. Зошто не би им дал/а можност да ги контролираат сопствените работи и активности што ги спроведуваат?

6. Дајте им дефинитивни одговорности

Дали би сакал/а да работиш нешто за што не ги знаеш своите обврски? Секој сака да знае што е неговата одговорност. Ако им објасниш кои се нивните одговорности и што се очекува од нив, се здобиваш автоматски со подобар потенцијал за извлекување на најдоброто од нив.