post

Идентификација на најверојатните прични на проблемите

Проблеми имало и ќе има во бизнисите. Задачата на претприемачот е да ги открие и да ги отстрани. Но, освен откривање и отстранување на проблемите претприемачот мора да обрне внимание и на нивно превентивно отстранување, што значи веќе никогаш да не се појават.

Една од честите грешки кои што ги забележувам кај претприемачите претставува и површно решавање на проблемот.

Што значи тоа површно решавање на проблемот? Одговорот е во следниве искази:

  • Делумно решавање на проблемот.
  • Решавање на проблемот без отстранување на причините за негово појавување.
  • Препознавање на причини кои не се суштински за појава на тој проблем.
  • Недостаток претприемачот процесот на решавање на проблеми да го гледа како процес на подобрување на бизнисот.

Како да се избегнат ваквите несакани активности во бизнисот?

Одговорот е едноставен, преку соодветна анализа на проблемот, препознавање на суштинските причини за појава и отстранување на тие причини со што ќе се обезбеди таков проблем повторно да не се појави.

Меѓу различните алатки за една ваква анализа претставува и дијаграмот на причини и последици, познат уште и како дијаграм на рибина коска или Ishikawa дијаграм.

Овој пост ќе биде дел од серијал на постови во кои ќе обработуваме различни алатки или техники кои им стојат на располагање на претприемачите во однос на различни активности во нивните бизниси.

Што претставува дијаграм на причини и последици?

Овој дијаграм е развиен од страна на професор Kaoru Ishikawa, пионер од областа на управување со квалитетот од 60-тите години на минатиот век.

Дијаграмот уште се нарекува и како дијаграм на рибина коска бидејќу конечниот изглед на истиот ќе биде во облик на рибина коска.

Иако основата на развојот на дијаграмот била во подобрување на квалитет, сепак оваа техника може да ви помогне во анализа на различни постапки во бизнисот како што се откривање на причини на проблеми, откривање на “тесни грла” во производствениот процес, подобрување на разни процеси…

Техниката е добра затоа што на еден уникатен начин овозможува креативно размислување на проблемите и разглобување на причините до најситни детали како би се дошло до вистинското решение.

Користење на алатката

За да се користи оваа алатка мора да постои проблем. А, во бизнисот кога нема проблеми? Само кога нема да постои тој бизнис.

Да ги опфатиме чекорите за наједноставен начин на примена на оваа алатка.

Чекор 1: Идентификација на проблемот.

Прво што треба да направите е да го идентификувате проблемот кој што сакате да го анализирате. Добро е дескриптивно да се опише проблемот за тоа што предизвикува, кои се последиците од него, каде се појавил и во кој оддел или под чија одговорност се појавил.

Откако ќе го дефинирате проблемот започнувате со конструкција на дијаграмот како на сликата подолу.

Дијаграм на последици и причини

Чекор 2: Идентификација на главните причини за проблемот

Во овој случај проблемот е последица на причините и поради тоа во вториот чекор мора да ги идентификувате сите можни прични за појава на тој проблем.

Кога станува збор за бизнис проблеми, најдобро е да се почне со чинителите кои може да бидат причина за тој проблем. Тие чинители може да бидат луѓе, процедури, материјали, вештини, системи, опрема…

Добро е проблемот да го набљудувате како дел од процесот и при тоа да ги идентификувате сите системи кои го сочинуваат тој процес каде се појавил проблемот. Бидејќи секој процес има влез, елементи (системи) кои го сочинуваат процесот и излез кој заради проблемот не е онаков каков што треба, сите тие составни елементи на процесот може да бидат потенцијални причини за проблемот или субјекти кои влијаат на излезот кој е проблематичен.

Задачата на овој чекор е да се бреинстормираат колку што може повеќе потенцијални причини за проблемот.

Откако ќе ги идентификувате можете да ги нанесете на дијаграмот како на сликата подолу.

Дијаграм рибина коска

Чекор 3: Идентификација на можни причини во секоја главна причина

Бидејќи веќе ги имате главните причини, секоја од тие причини е последица на некоја подпричина. Секогаш на прашањето зошто ќе има повеќе одговори затоа. На пример, доколку една од главните причини за проблем кој е доцна испорака претставува производствениот процес може да  ги имате следниве подпричини:

  • Подготвитело-завршно време
  • Layout во погонот
  • Норми
  • Грешки во производство
  • Планирање…

За секоја од овие причини ќе има сигурно дополнителни причини, кои е добро да ги расчлените во дијаграмот. На пример, доколку земеме грешки во производството може да бидат следниве причини:

  • Обука на вработените
  • Репроматеријал
  • Одржување на техничко-технолошка опрема…

Откако за секоја главна причина ќе ги идентификувате подпричините до најситен детал од расчленувањето внесете ги во дијаграмот кој го конструирате како на сликата подолу.

Ishikawa дијаграм

Чекор 4: Анализа на дијаграмот

Откако ќе завршите со претходниот чекор веќе ќе имате комплетен дијаграм кој ги прикажува сите можни причини за појава на проблемот до најситното расчленување на истиот. Ваквиот начин овозможува да обезбедите различни проблеми кон појава на проблемот преку идентификација на повеќе од само една причини. Во бизнисот само една причина за некој проблем не е вообичаен случај. Проблемите се комплексни и бараат покомплексни решенија.

Затоа во овој чекор ќе вршите анализа на дијаграмот. Анализата ќе бара подетално разгледување на секоја причина преку снимање на состојбата на терен, разговори со одговрните лица, интервјуирања, состаноци…

Целта на анализата е да се подготви проект со конкретни чекори за решавање на проблемот и отстранување на сите можни причини за појава на таков проблем во блиска иднина.

post

10 причини да воведете ISO 9001 стандард

Често пати кога разговараме со претставници од компаниите во врска со воведување на ISO 9001, ни го поставуваат следново прашање: „Зошто на нашата компанија ѝ е потребен сертификат за ISO 9001?“. Добро прашање. ISO 9001 е стандард за управување со квалитет и има повеќе причини зошто Вашата компанија треба да го воведе овој стандард.

#1 Исполнување на очекувањата на клиентите

Многу компании решаваат да воведат ISO стандард за да ги задоволат очекувањата на клиентите. Било да се клиентите широка маса на потрошувачи (B2C)  или други компании (B2B), тие ќе преферираат да ги користат вашите услуги или производи доколку вашата фирма работи според меѓународни стандарди. Во некои случаи, клиентите го наведуваат ISO сертифицирањето како предуслов за соработка (на пример кога конкурирате на тендер).

Исто така треба да се има на ум дека целта на системите за менаџирање со квалитет е обезбедување на континуирана задоволност кај клиентите од користење на вашите услуги или производи. На воведувањето на ISO 9001 треба да се гледа како на долгорочен процес за подобрување на квалитетот.

#2 Зголемување на профитот и придобивање на нови клиенти

Штом воведете ISO стандард, тоа можете да го искористите во вашиот маркетинг план, но и да придобиете нови клиенти. Ова особено важи за фирми кои се стремат да излезат на меѓународниот пазар. Запомнете, секој сака да прави зделки со фирми кои нудат квалитетен производ.

#3 Зголемување на квалитетот на производите

Кај ISO 9001, сѐ се врти околу квалитетот. Доброимплементираниот стандард ќе резултира со зголемен квалитет на производите. Тоа ја подобрува вашата позиција на пазарот, а ќе ги стимулира и потрошувачите да зборуваат за вашиот производ.

#4 Намален број на поплаки од клиентите

Кога нудите производ, секогаш треба да водите сметка за поплаките од корисниците. Кога имате воведено стандард за квалитет, прво бројот на поплаки ќе се намали, а како резултат на тоа и трошоците за справување со поплаките од клиентите ќе се намалат со тек на време.

#5 Подобрена комуникација и разбирање на интерните процеси во компанијата

Со ISO 9001 стандардот ќе ги идентификувате клучните процеси во компанијата со метрика која ќе овозможи полесно и подобро менаџирање со интерните бизнис процеси. При воведување на стандардот, се прави искрен обид да се приближи квалитетот на производите до зацртаните цели. Во текот на воведувањето, добивате појасна слика за тоа како може да се оптимизираат интерните процеси во вашиот бизнис.

#6 Развој на деловна култура и морал кај вработените

Воведувањето на ISO 9001 подразбира и едуцирање на вработените. Тоа им дава можност да развијат деловна култура на однесување, зголемен морал и секако шанса да напредуваат во својата кариера. Стандардизирањето ќе им ги разјасни деталите околу очекувањата на компанијата од самите вработени, начинот на користење на алатките кои се потребни да се исполнат тие очекувања и како да извршат мерење на нивната ефикасност при работењето.

#7 Конзистентност при извршувањето на обврските

Конзистентноста подразбира доследност и дисциплина во работењето. Типичен пример е запазување на димензиите на производот, тежината, функционалноста итн. Вашите клиенти го очекуваат тоа од вас и за да го постигнете, потребно е да ја зголемите контролата при работењето. Научете ги вашите вработени како да внимаваат на конзистентноста и валоризирајте го нивниот труд.

#8 Фокусирање кон вредностите

При работењето, често пати се дефокусираме и трошиме време на непотребни работи. Со спроведување на редовни интерни ревизии може да се идентификуваат точките при кои настанува отстапување од главниот фокус на вредности и истото да се елиминира. Тоа е опфатено во стандардот за квалитет.

#9 Заштеда на пари

Ниту еден процес не е идеален, но секој може да се оптимизира. Оптимизацијата опфаќа намалување на трошоците, па затоа на воведувањето ISO стандард за квалитет треба да се гледа како на инвестиција.

#10 Го зајакнува вашиот бренд

Каков впечаток остава вашиот бренд од надворешен аспект? Со работењето според утврдени и признати меѓународни стандарди, создавате слика на сериозна, одговорна и доследна деловна структура од која може да се има големи очекувања. Во многу случаи перцепцијата на вашите потенцијални клиенти има клучна улога за тоа дали ќе направите зделка или не. Во крајна линија, ви дава предност пред конкуренцијата.

Автор на статијата е Ванчо Апостолски, консултант и  основач на ИСО Консалтинг ДООЕЛ – Скопје,  која им помага на фирмите да воведат ISO стандарди, да извадат еколошки дозволи или елаборати.

post

TQM – Total Quality Management

TQM Подобрувањето на квалитетот не е некој нов концепт. Уште во времето на старогрчките филозофи како што се Сократ, Платон и Аристотел се водела дискусија за квалитетот и совршенство. Но, се чини дека во текот на втората половина од минатиот век квалитетот станува жешка тема во повеќето часописи, книги, научни конференции итн.

Од тој период па се до денес повеќе научници и експерти пишуваат за квалитет и TQM. Имињата кои што први го воведуваат овој концепт за квалитет се Edward Deming, Jospeh Juran и Philip Crosby. Интересно е што овие поставувачи на темелите на TQM доаѓаат од западните земји а примената на нивните идеи за првпат била во Јапонија по Втората Светска војна.

Во 50-тите години од минатиот век Јапонците побарале од Edward Deming, статистичар и менаџмент теоретичар од САД да помогне во возобновување на нивната економија која била разрушена по завршувањето на војната. Со имплементирање на овие идеи на Edward Deming, Јапонја доживува невиден успех на полето на конкурентноста со компании од западните земји.

Во 60-тите години јапонците воведуваат кружоци на квалитет (quality circles), со кои успеале да ја поттикнат иновацијата од страна на работниците, со помош на генерирање на идеи за подобрување на производите, услугите и процесите. Кружоците на квалитет немале успех во западните земји поради недостаток на поддршка од страна на менаџментот. Имено, вработените секогаш кога ќе имаат некоја идеја морале прво да добијат одобрение од менаџментот при што повеќето идеи биле отфрлани или одбивани, така да вработените во иднина немале мотивација да генерираат идеи за подобрување.

Во 80-тите години на минатиот век САД го увиделе намалувањето на учеството на пазарот во однос на компаниите од Јапонија и стнале свесни дека мора да преземат итни чекори, со што пак се вратиле на идеите на Edward Deming кои пред многу години ги отфрлиле.

Експертите од областа на менаџмент на квалитетот како Joseph Juran и Philip Crosby исто така даваат голем придонес за усовршување и развој на TQM филозофијата.

Што претставува TQM?

TQM е акроним составен од:

T – Total. Квалитетот е обврска на сите без разлика на кое организациско ниво се наоѓаат и ги содржи сите активности на бизнисот. За добивање на висококвалитетни производи одговорни се сите организациски членови и сите активности кои што се изведуваат во бизнисот. Кога се зборува за активности не се мисли само на производствени процеси за добивање на готови производи туку и сите други активности како што се исражување и развој, маркетинг, финансии, набавки итн., кoи што индиректно учествуват во добивање на производот или услугата или пак во изведување на бизнисот.

Q – Quality. Deming смета дека квалитетот на било кој производ и/или услуга може да биде дефиниран само од купувачот и дека проблемот на дефинирање на квалитетот е пренесување на идните потреби на потрошувачите во мерливи карактеристики за да може производот или услугата да бидат дизајнирани, произведени и испорачани со цена со која купувачот е задоволен.

Crosby спротивно на Deming смета дека квалитетот е последица на потреби, а тие потреби треба да бидат искажани во мерливи единици.

Juran пак го дефинира квалитетот како способност за користење на производот поставувајќи рамнотежа помеѓу карактеристиките на производот и потрошувачката на тие производи.

Иако различно го дефинираат поимот квалитет сепак суштински не се разликуваат, односно сите тргнуват од купувачот, бидејќи тој има потреба од одреден производ и тој влијае со тоа на потрошувачката на тој производ. Оттука, квалитетот значи исполнување на барањата на купувачите, како на интерни така и на екстерни купувачи. Тој не треба да биде онаков како што самиот претприемач смета дека треба да биде, туку тој треба да биде онаков каков што купувачите го бараат и го очекуваат од бизнисот.

M – Managemnent. Бидејќи квалитетот е обврска на сите тој може и мора да биде управуван. Управувањето се однесува на сите луѓе и процеси кои учествуваат во исполнувањето на барањата на купувачите (обезбедување на квалитет).

Од претходното можеме да ја извлечеме дефиниција за TQM:

TQM филозофијата е еден вид на организациска промена која е насочена кон подобрување на квалитетот на производите и/или услугите што ги нуди бизнисот, како и на луѓето и процесите кои учествуваат во добивање на квалитетот со што се зголемува конкурентноста на бизнисот.

3 Принципи на TQM

Претходно ги разгледавме основите на која ја темелат својата филозофија за квалитет трите мислители за квалитет: Deming, Crosby и Juran. Врз основа на нивните согледувања можевме да навлеземе во основните карактеристики на оваа филозофија. Но, каква е практичната примена на овие карактеристики ќе го прикажеме со навлегување во трите главни принципи на кои се базира TQM.

TQM принципи На сликата се претставени трите главни принципи на кои се темели TQM филозофијата според Dean:

  1. Фокусирање кон купувачите
  2. Континуирано подобрување
  3. Тимска работа

Првиот принцип на TQM ефокусирање кон купувачите, односно фокусирање кон нивното задоволување. Овој принцип се базира на верување дека ако купувачот не се задоволи најверојатно тој ќе стане купувач на некој друг бизнис. Тој е онаа личност која плаќа за производот и секогаш треба да добива приоритет иако крајниот корисник на производот или услугата и купувачот (оној кој плаќа) не мора да се исти.

Но, со давање на приоритет на оној кој плаќа не треба да се заборави крајниот корисник, односно треба да се задоволат и двата субјекта со нешто поназначен приоритет на купувачот.

TQM филозофијата купувачите ги дели на внатрешни и надворешни. Освен внатрешни и надворешни купувачи оваа филозофија препознава и внтрешни и надворешни снабдувачи. Внатрешни купувачи и снабдувачи претставуваат синџир на купувачи и снабдувачи во компанијата кој ги поврзува надворешните снабдувачи со надворешни купувачи. Доколку една алка од овој синџир се скине (не функционира) целиот процес ќе пропадне што секако ќе доведе кон незадоволство на надворешните купувачи.

Надворешни и внатрешни потрошувачи

 

Од сликата може да се види дека секоја индивидуа, процес или активност во една компанија претставуваат и купувач и снабдувачи. Секој работник не само што треба да го задоволи внатрешниот купувач, туку треба да размислува и како со неговото влијание врз процесот да го задоволи крајниот (надворешен) купувач. Значи секој внатрешен снабдувач мора да ги исполни или надмине очекувањата на внатрешните, а во исто време и на надворешните купувачи. Според ова, најважен критичен елемент на ефективен TQM програм е системот за откривање на очекувањата на купувачите (внатрешни и надворешни) за производот и/или услугата.

Вториот принцип на TQM филозофијата е континуирано подобрување. Подобрувањето се однесува на производи, услуги и процеси со кои се добиваат тие производи и услуги како и луѓето кои учествуваат во тие процеси.Овој принцип бара од сите луѓе никогаш да не бидат задоволни со постоечкиот производ, услуга или процес и секогаш да бараат начини за нивно подобрување.

Најважен е елемент е да се открие изворот на вистинскиот проблем, потоа да се тргне кон барање на решенија за тој проблем со што ќе се подобри се што има можност да се подобри (а има ли нешто што не може да се подобри?). Со ваков принцип на размислување бизнисот ќе може да продолжи да ги исполнува па дури и надминува очекувањата на потрошувачите.

Третиот принцип е тимската работа. TQM филозофијата бара тимска работа помеѓу сите кои што директно или индиректно се вклучени во деловниот процес.

Тимската работа мора да постои помеѓу менаџерскиот и неменаџерскиот кадар, помеѓу купувачите и снабдувачите како и помеѓу различните функции на организацијата. Како што кажавме за квалитетот се одговорни сите вработени (и менаџерите и неменаџерите) па затоа мора да работат во тимови и да дадат значаен допринос во решавање на проблемите. Тимско работење помеѓу купувачи и снабдувачи треба да се разгледува како еден поширок систем во кој се наоѓа и самата компанија. Ова може да придонесе да се дознае кои се потребите и очекувањата на субјектите во тој систем и заеднички да се решаваат проблемите со донесување на вистински одлуки со кои ќе бидат задоволени сите субјекти од тој систем.

Тимската работа помеѓу функциите е значајна бидејќи организацијата не може да функционира како ефективен и ефикасен систем без соодветна поврзаност помеѓу организациските единици. Значи помеѓу функциите не смееме да имаме добива-губи (win-loose) стратегија со која една организациска функција ќе победи со тоа што другата ќе загуби. Стратегијата која по однос на оваа треба да се применува е добива-добива (win-win) стратегија, односно меѓуфункционалните проблеми да се решаваат со решение кое ќе предизвика двострано задоволство (добивка за организацискиот систем како целина).

Основни карактеристики на TQM

Како една од филозофија за подобрување на квалитетот на произвосите и/или услугите и сите бизнис процеси TQM (Total Quality Management) e една од најпопуларните и најкористените филозофии. Квалитетот е основа на се! Ќе се обидеме со овој наслов накратко да ги опфатиме основните карактеристики на кои се базира оваа филозофија. Ќе ги разгледаме основите на филозофиите за квалитет кои ги предлагаат тројцата мислители за TQM, Deming, Crosby и Juran.

Deming своето размислување за филозофија на квалитетот ја темели на следниве елементи:

  1. Систем на длабоко знаење. Квалитетот и подобрување на квалитетот се базира на систем на длабоко знаење. Основата на квалитетот е втемелена во знаењето на сите вработени во бизнисот. За подобрување на квалитетот потребно е знаење од:
    • Теорија на системи
    • Теорија на варијации
    • Теорија на знаење и
    • Знаење на психологија
  2. PDCA циклус
    • Plan (Планирај)
    • Do (Реализирај)
    • Check (Провери, контролирај)
    • Act (Дејствувај)
  3. Превенција со подобрување на процесите
    • Контрола на крајот на процесот е задоцнета и прескапа, затоа предлага анализа на процесот, контрола и подобрување на истиот.
  4. Теорија на верижна реакција на подобрување на квалитет.
    • Подобар квалитет води кон намалување на трошоците и подобрување на продуктивноста.
  5. Општа и посебна причина на варијации
    • Општите причини се насочени кон целиот систем па со тоа и доаѓа до потреба од редизајн на системот.
    • Посебни причини претставуваат изолирани проблеми во системот па со тоа доаѓа и до потреба од решавање на проблемите.
  6. 14 точки за квалитет
    1. Креирај визија и покажи ја посветеноста кон неа
    2. Прифати ги новите филозофии
    3. Не се ослонувај само на контрола во обезбедување на квалитетот
    4. Не практикувај наградување само врз основа на цената
    5. Подобрувај постојано и засекогаш
    6. Обезбеди тренинг на вработените
    7. Воведи лидерство
    8. Исфрли го стравот
    9. Скрши ги бариерите помеѓу одделите
    10. Елиминирај ги слоганите, опомените и целите за работната сила
    11. Отстрани ги бариерите со кои им е одземена гордоста на луѓето од својата професија
    12. Охрабри го учењето и самоусовршувањето
    13. Kreiraj vizija i poka`i ja posvetenosta kon nea
    14. Преземи акција преку учество на сите во компанијата
  7. 7 смртни болести на квалитетот
    1. Недостаток на континуитет во целите
    2. Краткорочни профити
    3. Оценка и рангирање на перформансите
    4. Мобилност на менаџментот
    5. Водство само врз основа на видливи податоци
    6. Здравствена заштита на работници се смета за трошок
    7. Гаранција претставува зголемен трошок.

Crosby пак од друга страна неговата филозофија за квалитет ја темели на следниве елементи:

  1. Секогаш превенција
    • Направи го првилно од првпат и секојпат
    • Размислување, планирање и анализирање на процесот за да се претпостави каде ќе се појават грешките и преземање на акција за да не се појват
    • Ова е континуиран процес кој никогаш не престанува.
  2. Работа без грешки
    • Било каков дефект во системот доведува до намалување на квалитетот
  3. Филозофијата на Crosby се темели на 4 апсолутности на квалитетот:
    • Квалитетот е последица на потребите
    • Превенција е систем на квалитет
    • Работа без грешки
    • Цена на неконформизам е мерка за квалитет
  4. 6 C
    1. Comprehension (Сеопфатност – квалитетот е одговорност на секого од врвот до дното на хиерархијата)
    2. Commitment (Ангажираност на сите вработени во превенција на дефекти на процесите)
    3. Competence (Компетентност – Луѓето мора да се компетентни за извршување на нивните задачи, а компетентноста се стекнува со едукација и тренинг)
    4. Communication (Комуникација – сите напори кои се преземаат во врска со квалитетот мора да бидат комуницирани за да се разбере целиот процес)
    5. Correction (Корекција – Поправка за да не се појават грешки)
    6. Continuance (Континуитет – повторување на целиот процес)

Juran пак својата филозофија за квалитет ја темели на следниве елементи:

  1. Спирала на прогрес во квалитетот
    • Работење во меѓуфункционални тимови
    • Квалитетот е резултат на меѓуодноси помеѓу различни спирали
  2. Секвенца на продор
    • Пат кон ново и повисоко ниво на перформансите
    • Користење на се што ни стои на располагање за да се направи еден таков продор
    • Продорите во различни подрачја на организацискиот живот водат кон континуирани подобрувања
  3. Проект по проект приод
    • Дијагностицирање, откривање на причини и лечење
    • Процес на решавање на проблеми
  4. Трилогија на квалитет
    • Планирање на квалитет (дефинирање на целите кои треба да се постигнат, ова претставува и процес на подготовка за постигнување на тие цели како и дефинирање на потрошувачите и нивните потреби и очекувања.)
    • Контрола на квалитет (Процес на постигнување на целите и обезбедување дека не се промашуваат истите во текот на работата)
    • Подобрување на квалитетот (Процес на постигнување на подобри резултати каде што ќе се открие потреба за подобрување, ќе се изготват проекти, ќе се дијагностицира, ќе се пронајде лек за дијагнозата и ќе се контролира целиот процес, а резултатите од последното се основа за нов процес на подобрување кој никогаш не престанува.)
  5. Мал број на значајни и поголем број на незначајни причини за слаб квалитет
    • Давање на приоритет на оние причини на проблеми кои се од поголемо значење
    • Не се тргнува со решавање на незнчајни причини кои се помногубројни туку со решавање на помалубројните но познчајните
    • ABC анализа или 80/20 правило
    • Pareto дијаграм

Од тука може да се види дека секој од овие мислители за менаџмент на квалитетот има различни филозофии во однос на квалитетот и имплементирање на подобрувањето на тој квалитет. Но, од сите три приоди може да се заклучи следново:

  1. Купувачот, како и неговите потреби и очекувања се клучните елементи во процесот на формулирање на квалитетот, односно негово изразување во одредени мерливи променливи кои би можеле да се вклучат во прозводството на производот или услугата.
  2. Производи со висок квалитет создаваат помалку трошоци отколку производи со слаб квалитет. Ова е поради фактот што секоја грешка во процесите може да чини многу пари. Затоа и трите приоди ја нагласуваат превенцијата од грешките како клучен елемент во постигнување на квалитет во севкупното работење, разликата е само во изразеноста на нагласување на истите. Кога зборуваме за превенција од грешки не се мисли само на превенција во процесот на производство туку и превенција на грешки во сите аспекти на бизнисот. Подобро е да се спречи отколку да се лечи.
  3. Квалитетот претставува одговорност како на врвниот менаџмент така и на сите вработени. Не постои работно место во организацискиот систем кое не е поврзано со можноста да даде придонес во процесот на подобрување на квалитетот.
  4. Секаде е нагласена тимската работа. Значи квалитетот не може да се постигне со индивидуализација.
  5. Континуираност (непрекидност) на процесот на подобрување на квалитетот е нагласен во трите филозофии како основа за одржување и големување на учеството на пазарот.

Методи и техники во TQM

TQM е таква менаџмент филозофија која опфаќа широк спектар на методи и техники кои се доста испреплетени. Генерално кажано методите и техниките кои ги користи TQM може да се поделат врз основа на основните принципи на TQM филозофијата кои ги опишавме претходно. Според тоа може да имаме:

  • Методи и техники за откривање на очекувањата на купувачите (фокусирање кон потрошувачот),
  • Методи и техники за континуирано подобрување, и
  • Методи и техники за поттикнување на тимска работа.

#1 Методи и техники за откривање на очекувања на купувачите

Ова се такви методи и техники кои имаат за цел да соберат податоци и информации од купувачите како надворешните така и внатрешни и потоа да ги групираат и да обезбедат добра основа за анализирање на истите со што би се открил патот за откривање на можните подобрувања. Во оваа група на методи и техники би можеле да се користат:

  • Прашалници за тековни купувачи. Тука би можеле да го искористите вашиот продажен тим секогаш да постави неколку прашања на постоечките купувачи за тоа:
    • Што очекуваат во иднина од вашите производи и/или услуги?
    • Како се задоволни од тековните производи и/или услуги?
    • Дали имаат некои предлози за подобрувања на тие производи и/или услуги?
  • Прашалници за потенцијални купувачи. Ова се прашалници за оние кои и не мора да ви бидат тековни потрошувачи. Наједноставно е да се изберат веб прашалници кои можат да бидат на вашата веб страна или пак да пратите по меил линк до прашалникот. Истите прашања нека бидат и тука со тоа што можете да ги проширите со:
    • Дали сушнале за вашиот бизнис
    • Дали ги користат вашите производи и/или услуги
  • Коментари од вашиот блог. Доколку имате блог ќе имате и можност да добивате коментари за Вашите написи. Ова се вредни информации за откривање на очекувањата на потрошувачите.
  • Дијаграм на афинитети. Оваа е алатка која ќе помогне да сортираат и обработуваат собраните информации за афинитетите или очекувањата на купувачите. Процесот на изведување на оваа техника е:
    • Забележување на сите очекувањата на хартија или MS Excel во една колона
    • Пронаоѓање на сите слични или дупли очекувања и нивно групирање во едно (Со помош на MS Excel ќе можете да ја искористите функцијата Sort заради полесно пронаоѓање)
    • Додавање на секоја група на слични идеи категорија. На пример, цена, функционалност, квалитет, гаранција итн. На ваков начин ќе добиете кластери на секоја категорија со афинитети. Пожелно е да го вклучите и бројот на појавување на секој афинитет кој ќе го искористите како тежина на секој афинитет за да дадете приоритет на оние кои се најпосакувани. На сликата е даден пример изработен со MS Excel, но во истите не е даден бројот на појавување.

Дијаграм на афинитети

Со овие методи и техники ќе можете да ги определите сите посакувани очекувања од потрошувачите и да бидете подготвени за наредните методи и техники за континуирано подобрување.

#2 Методи и техники за континуирано подобрување

Овие методи и техники имаат за цел да ги откријат можностите за подобрувања врз база на анализа на податоци добиени со користење на претходната група на техники. Може да се каже дека овие методи и техники спаѓаат во група на методи и техники за откривање и решавање на проблеми како и техники за подобрување на деловните процеси на организацискиот систем. Тука може да се користат следниве:

  • Brainstorming. Техника која служи за генерирање на колку што може повеќе идеи.
  • Pareto анализи. Ова е всушност 80/20 правило за кое можете да прочитате во 80/20 правило или ABC анализа. Имате на располагање и видео за изработка на оваа анализа со помош на MS Excel.
  • Дијаграм на текот. Дијаграм во кој ќе се наведат сите процеси.
  • Дијаграм на последици и причини. Овој дијаграм има за цел да ги дефинира сите проблеми, нивните последици и секако причините за нивно појавување.

#3 Методи и техники за поттикнување на тимска работа

Овие техники се од голема важност како за претприемачот така и за бизнисот воопшто бидејќи тимската работа е многу важна за успешен TQM програм. Во оваа група на методи може да се искористат сите методи кои служат за обука на луѓето за работење во тимови. Овие ехники спаѓаат во една посебна дисциплина наречена организациски развој. Еден од најраспространетите методи кои се користат за оваа цел е техниката на градење на тимови (team building). Оваа техника се одвива во следниве фази:

  • Откривање на проблемите во тимското работење
  • Подобрување на односите меѓу членовите на тимовите
  • Овозможување на членовите да ги разберат целите на тимот и да ја разберат улогата и одговорноста на секој член во тој тим.
post

Lean менаџмент како филозофија

Lean менаџментот своите историски корени ги влече од Јапонија, поточно во Toyota Motor Corp и е познат уште и како Toyota Production System (Производен систем на Toyota).

Повеќето автори сметаат дека оваа филозофија се јавува помеѓу 60-тите и 70-тите години на минатиот век токму во периодот кога почнале да се забележуваат успесите на Toyota. Но сепак сметаме дека темелите на оваа филозофија се некаде во 1937 година на минатиот век и се започнати од човекот кој е основач на Toyota, Kiichiro Toyoda. Toyota во самиот почеток на своето функционирање имала конкуренти како што се Ford и GM – General Motors. Kiichiro Toyoda си поставил за цел да понуди ватомобил за иста или пак пониска цена од конкурентите, но со подобар квалитет. Затоа тргнал од тоа колку е спремен потрошувачот да плати и спрема тоа вршел пресметки за развојните и производствените процеси.

Уште тогаш, поради тоа што Toyota немала доволно ресурси кои би можела да ги вложува во поголем обем на производство, Kiichiro Toyoda барал да се штедат реурсите и во нивниот производствен систем да се произведат само толку автомобили колку што може да се продадат.  Тој често го користел поимот just-in-time (точно навреме).

По Втората светска војна новиот претседател на Toyota, Eiji Toyoda му дал задача на Taiichi Ohno кој бил шеф на одделението за машинска обработка,  повторно да ги разработи принципите на Kiichiro Toyoda. Во период од 15 години Ohno, со помош од производствено-техничкиот консултант Shigeo Shingo воведува програма за рационализација на производството која производствениот систем на Toyota го направил да биде еден од најефикасните системи во светот. Заради тоа, честопати оваа филозофија се нарекува и “ohnoizam” или “toyodizam” поради двајцата најзаслужни за нејзино развивање и примена.

Најпрвин оваа филозофија се користела само во производството, додека подоцна нашла примена и во менаџментот и целото работење на компаниите. Lean менаџментот спаѓа во групата на филозофии за континуирано подобрување бидејќи со неа се подобруваат сите аспекти на еден бизнис и особено на производствените бизниси.

Како што веќе кажавме за разлика од конкурентите како Ford и GM, Toyota не поседувала доволно ресурси кои ќе ги вложува во технолошки инвестиции и производство во големи серии туку морала да се прилагоди на таков начин што ќе ги произведува производите со пониска цена, подобар квалитет и побрза испорака од своите конкуренти. Оваа своја цел Toyota ја исполнила со производство само на онолку автомобили колку што можеле да продадат и со елиминирање на сите расфрлања во производствените текови.

На ваков начин тие го намалиле времето од нарачка до испорака на готовиот производ така да побргу ги добивале парите од купувачите пред да мораат да им платат на снабдувачите за суровината и полуфабрикатите. На ваков начин успеале да стекнат повеќе капитал за нови инвестиции. Од оваа практика на Toyota може да се види целта на Lean менаџментот:

  • Поврзување на нивото на производство со вистинските барања на потрошувачите
  • Континуирано подобрување на сите процеси во компанијата
  • Елиминирање на сите непотребни расфрлања (време кое не додава вредност на готовиот производ)

Со помош на оваа кратко објаснување би можеле да кажеме дека:

Lean менаџментот претставува коктел на концепти, техники, алатки и идеи кои содржат континуирано подобрување на сите процеси во организацијата со цел да се намали времето од нарачката на купувачите до испорака на готовите производи преку елиминирање на сите расфрлања кои не додаваат вредност во производствените и организациските процеси и произведување на онолку колку што може да се продаде со цена која купувачот е спремен да ја плати.

Но, треба да напоменеме дека концептите на Lean менаџментот не се применливи само на производствените бизниси. Тие можат да се применат на пример и во малопродажба преку:

  • Подобрување на процеси
  • Намалување на време од нарачка до продажба
  • Намалување на нивото на залихи
  • Поставување на вистинската цена
  • Намалување на трошоци.

Ова може да се однесува и на големопродажба и на услужните бизниси. Но, суштината на концептот доаѓа од производствените бизниси.

Основни карактеристики

Lean менаџмент иако своите корени  ги влече од производствен бизнис (TOYOTA) сепак има примена и во услужните дејности. Оваа филозофија обезбедува подобрување на севкупното работење преку насочување кон неколку критични точки.

Lean менаџмент Накратко ќе се обидеме да ги објасниме и опишеме следните карактеристики на Lean менаџментот (слика):

  1. Намалување на времето од нарачка до испорака на готовите производи
  2. Безскладишно работење
  3. Целен трошок
  4. Сплосната организациска структура и
  5. Принципи на Lean размислување.

Од погоре издвоените поважни карактеристики на оваа филозофија може да се забележи дека првите три ја отсликуваат дефиницијата која ја наведовме погоре. Четвртата карактеристика – сплосната организациска структура претставува последица од оваа филозофија, додека последната карактеристика Lean – размислување се однесува на принципите на кои се темели Lean менаџментот.

Да навлеземе во овие подрачја.

Намалување на времето од нарачка до испорака.

Времето од нарачка до испорака може да се претстави како на сликата подолу.

Lean Management време

 

Како што може да се види од сликата оваа време е составено од 4 елементи:

  • Време во кое се додава вредност. Ова е време во кое навистина бизнисот додава вредност во вид на нов производ или услуга, промена, подобрување, внесување на креативност, маркетинг итн. Активностите во оваа време го прават бизнисот ефективен и ефикасен.
  • Време на промена на серијата. Оваа време е извлечено од производствените бизниси и се однесува на промена на серија што значи и промена на типот на алатите кои ќе се користи при производството. Но, може да се користи и во малопродажбата, на пример време на промена на смена кога не се продава ништо. Значи оваа време не додава вредност за бизнисот, иако кај некои бизниси (особено производствените) може да се мери во денови, недели па дури и месеци.
  • Време на чекање. Оваа е време во кое производот и/или услугата кои ги продава бизнисот стојат, чекаат да бидат продадени. Затоа и не додава вредност. На пример, во производствен бизнис по завршување на производство производот се складира во магацин. Набавената стока од големопродажба во малопродажба стои на сталажите во малопродажниот објект. Создадената услуга чека да биде купена.
  • Време на транспорт. Оваа е времето потребно физички да се испорача производот од продавачот до купувачот. Во зависност од локацијата може да биде различно. Но, онаа што е важно е тоа што не додава никаква вредност на бизнисот.

Фокусот на Lean менаџмент е на трите времиња кои не додаваат вредност, со цел да ги елиминира сите расфрлања кои се јавуваат во бизнис процесите со тоа што ќе се подобрат тие процеси кои учествуваат во креирање на тие времиња за да се обезбеди нивно намалување, а со тоа и намалување на вкупното време од нарачка до испорака. На пример, доколку малопродажен бизнис нарачува производи кои бргу ќе се продадат ќе го намали времето на чекање.

Од сликата се забележува и дека околу 95% од времето од нарачка до испорака го сочинуваат времиња кои не додаваат вредност на бизнисот.

Безскладишно работење

Залихи и брег Втората значајна карактеристика на Lean менаџментот е произведување на онолку парчиња колку што можат да се продадат, односно онолку колку што се барани од потрошувачите. Оваа карактеристика доведува до безскладишно работење. Предуслов за ваквото работење при оваа филозофија е да постои реална проценка на побарувачката. Освен финансиските ефекти кои што ќе се добијат со ваквото работење постои уште една значајна придобивка, а тоа е овозможување на откривање на сите проблеми кои што постојат во бизнисот, а со тоа и нивно решавање со што ќе се изврши промена со која доаѓа и до севкупното работење на бизнисот. Ова може да се претстави како намалување на нивото на водата во езерото (складиштето) при што ќе можат да се видат гребените (проблемите) кои се криеле под нивото на водата, односно складираните производи (слика долу)

Целен трошок

Како трета карактеристика што ја издвојуваме за оваа филозофија е целниот трошок. Ова претставува одредување на цената која што е спремен да ја плати купувачот и потоа врз основа на тој податок се прилагодуваат трошоците на останатите бизнис процеси (дизајн, инженерство, набавка, производство, продажба). Во овој случај најважно е да се изврши реална проценка за тоа колку купувачите се спремни да платат за тој производ (да се определи целната цена). Со пресметаната целна цена (target price) се определува со колкави средства купувачот влегува во горенаведените бизнис процеси. Со вакво размислување оваа филозофија врши промена на основната економска формула од:

ТРОШОЦИ + ДОБИВКА = ЦЕНА НА ПРОИЗВОДОТ

во

ДОБИВКА = ЦЕНА НА ПРОИЗВОДОТ – ТРОШОЦИ

Математички гледано ова се исти равенки, но во суштината на работењето на бизнисите даваат сосема различни ефекти. Втората формула вели дека ништо не треба да се развива или отпочнува доколку купувачот тоа не сака да го плати. Карактеристично за оваа филозофија е тоа што цената на производот ја определува корисникот на тој производ.

Сплосната организациска структура

Како една од карактеристиките на Lean менџментот претставува и тоа што оваа филозофија доведува до сплосната организациска структура. Ова е поради фактот што ваквите организациски структури го забрзуваат процесот на донесување на одлуки, а со тоа и побрзо решавање на проблемите што пак доведува до побрзо подобрување на организациските процеси. Со ваквата структура ќе се овозможи искористување на нови можности, изведување побрз развој на производи и побрз одговор на желбите на купувачите. Во овој случај ќе постојат само тимови и лидери и се ќе се разгледува во вид на проекти кои ќе бидат изведувани од тие тимови.

Принципи на Lean размислување

Се смета дека Lean размислување претставува филозофија, додека Lean менаџментот претставува алатка за развивање и распространување на оваа филозофија. Lean размислувањето е составено од 5 принципи врз база на кои се темели Lean менаџментот. Овие 5 принципи се разработени од James P. Womack и Daniel T. Jones во нивното дело Lean Thinking. Тука Womack и неговите колеги ги воспоставиле принципите на Lean менаџментот и на Lean организација. Петте принципи на Lean размислување според Womack се:

  • Вредност. Вредноста како принцип на Lean размислување се однесува на вредноста што ја даваме на купувачите со нашите производи и/или услуги. Оваа вредност претставува се она што го нудиме на купувачите без разлика дали сакаме да го задржиме учеството на пазарот или да го зголемиме, но од гледната точка на купувачите. Принципот вредност на Lean размислување се претвора во целната цена, односно цената која купувачот е спремен да ја плати за таа вредност. Lean менаџментот има за цел да ја постигне таа цена со што ќе се задоволат купувачите и стејкхолдерите (интересентите).
  • Движење на вредноста. Движењето на вредноста како принцип на Lean размислување претставува процеси низ кои поминува вредноста се додека не стигне до купувачите. Lean менаџментот има за цел да ги управува овие процеси во функција на зголемување на вредноста. Во производствените бизниси според Womack постојат три нивоа на движење на вредноста:
    • Движење на вредноста низ производството на процесите
    • Движење на вредноста низ дизајнот и решавање на проблемите и
    • Движење на вредноста низ компаниското работење и управување.
  • Тек. Овој принцип на Lean размислувањето се однесува на расфрлањето (се она што го попречува текот на процесите во однос на движењето на вредноста се нарекува расфрлање). Lean менаџментот има за цел да обезбеди непрекинат тек на процесите во движење на вредност кон купувачите со елиминирање на сите расфрлања од преземање на суровината до испорака на готовиот производ.
  • Влечење. Се што е непотребно не смее да се пушти во процесот на производство, односно да се произведува онолку колку што е потребно. Со помош на Lean менаџментот во процесот се се изведува преку влечење врз база на барања на купувачите. Ова се обезбедува со помош на Kanban. Применувајќи го овој принцип на Lean менаџментот се овозможува безскладишно работење (работење без залихи).
  • Совршенство. Овој принцип упатува на тоа дека оваа филозофија со помош на континуирани подобрувања во мали чекори и радикални подобрувања во поголеми временски периоди на бизнис процесите, при што ќе се елиминираат сите расфрлања во тие процеси, ќе се достигне такво СОВРШЕНСТВО КОЕ ТЕШКО ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ КОПИРА ОД КОНКУРЕНЦИЈАТА. Совршенството се однесува како на краткорочни така и на долгорочни подобрувања и резултати од тие подобрувања.

Методи и техники кои се користат во Lean менаџмент

За да ги исполни задачите поради кои се применува оваа филозофија се користат различни методи и техники. Повеќето од овие методи и техники ги опфативме во KAIZEN филозофијата.

Lean методи и техники Согласно горенаведените основни цели на Lean менаџментот, методите и техниките користени од истиот би би можеле да ги поделиме на следниов начин:

  1. Методи и техники кои овозможуваат производство на онолку парчиња колку што се потребни, односно изведување на JIT (JIT – Just In Time – Точно на време) производство. Оваа се овозможува со Kanban. Оваа техника претставува одреден систем за дополнување, односно дополнување на потребните делови во вистински потребната количина и во вистинско време. Во процесот се користат т.н Kanban картици во движењето на производите (од репроматеријал до готов производ). Оваа метода не мора да значи дека е применлива само во производството. Дури и како идеја е добиена од големите супермаркети. Значи може да најде примена и кај малопродажба и кај големопродажба, како и во услужниот сектор.
  2. Методи и техники за елиминирање на расфрлањата кои се појавуваат во изведување на процесите. Се она што не допринесува во зголемување на употребната вредност на производот или услугата се смета како расфрлање. Оваа техника се однесува на откривање на расфрлањата во сите подрачја на организацијата, а не само во производствениот погон. Самото име на оваа техника вели дека има 7 расфрлања кои настануваат преку:
    • Претерано производство
    • Чекање
    • Транспорт
    • Процесот на обработка
    • Складирање
    • Непотребни движења
    • Производство со грешки
  3. Методи и техники кои овозможуваат брзи реакции на променетите барања на купувачите. Ова се овозможува со воведување на флексибилни производствени системи со кои брзо може да се промени начинот и типот на производот кој се произведува. Може да се однесува и на флексибилен систем за набавка и продажба кај малопродажбата и големопродажбата, како и на флексибилен услужен систем во услужните бизниси.
  4. Методи за намалување на времето на промена на серијата на производството односно алатот. Ова се методите SMED (Single Minute Exchange of Die), OTED (One Touch Exchange of Die). Овие техники се изведуваат последователно една по друга, односно после SMED следува OTED. И двете се алтаки со кои се намалува времето на промена на алатот. SMED како што кажува самото име има за цел да го намали времето на промената на алатот на помалку од 10 минути, а втората OTED оди дури до тој степен да алатот се промени само со еден допир, односно притискање на едно копче. Слободно може технологијата на овие техники да се примени во било кој бизнис процес.
  5. Методи за брзо откривање на проблемите, односно воведување на визуелни контролни системи за стопирање на целиот процес при појава на некој проблем. Ова се нарекува автоматизација. На пример, за малопродажба или големопродажба може да биде некој тип на Business Intelligence софтвер кој лесно ќе ги открива тесните грла и проблемите во бизнис процесите.
  6. Методи и техники за стандардизирање на операциите. Оваа техника служи за стндардизирање, односно предвремено определување на група на активности на операторот за да ја заврши задачата во соодветно време и на најдобар можен начин. Стандард претставува документиран најдобар начин на кој се извршува работата. Со ова се постигнува избегнување на некои грешки во работата кои веќе се откриени и поправени. Визуелна фабрика (може и визуелен бизнис) се однесува на тоа да сите елементи кои обезбедуваат нормални работни услови во бизнисот бидат на видно место поставени. На ваков начин се креираат стандарди на работното место со кои брзо се открива доколку нешто е надвор од планирано. За секој бизнис за оние секојдневни задачи и активности е потребна стандардизација.
  7. Методи и техники за континуирано подобрување од мали групи и системи за предлози. Со овие техники ќе може да се реши проблемот на преголема стандардизација и ќе се отвори креативноста и и претприемничкиот дух на малиот бизнис. Тука влегува Brainstorming како техника за генерирање на идеи.
  8. Методи и техники за подобрување на Layout-от на машините со кои се овозможува пократок процес на производство или било кој деловен процес. Тука може да се искористат 7W, Ќелиски layout, производство со тек на едно парче, мапирање на процеси, вредносно мапирање на процеси… И овие техники може да се искористат во непроизводствен бизнис со одредени модификации.
  9. Методи и техники за подобрување на квалитетот. Тука може да се искористат кружоци на квалитет (Quality Circles).
  10. 6 сигма. Оваа техника овозможува со помош на користење на статистички методи и техники во мерење на резултатите во процесите да се откријат проблемите или можностите за подобрување и на крај да се добијат 3,4 грешки на милион можности во процесот.

Можете да забележите голем дел од овие методи и техники веќе ги опишавме кога зборувавме за KAIZEN филозофијата.

Се што ќе придонесе до промена која води кон подобро или ќе предизвика ефект на пеперутка ќе биде добредојдено за секој бизнис. Бизнисите имаат свои процеси и секој процес може да се подобри доколку се сака и нормално се знае како.

post

Реинженеринг на деловниот процес како филозофија за подобрување

KAIZEN потекнува од Јапонија, додека реинженерингот како менаџмент филозофија за организациски промени потекнува од САД.

Оваа филозофија изворно се нарекува Business Proces Reingeneering – BPR што значи реинженеринг на деловниот процес. Тешко е да се бараат творците на оваа филозофија бидејќи уште пред да го добие името (реинженеринг) се користела од некои компании. Но, доколку е потребно да се издвојат поставувачите на темелите, кои што за првпат ја именувале и образложиле оваа филозофија би ги издвоиле Michael Hammer и James Champy кои во почетокот на 90-тите години на минатиот век го разработиле концептот и ја развиле методологијата на примена на оваа филозофија во нивното капитално дело Reengineering the Corporation – A Manifesto for Business Revolution (Реинженеринг на корпорацијата – манифест за бизнис револуција).

Основниот концепт за оваа филозофија кај овие автори се родил во почетокот на 80-тите години од минатиот век кога забележале како неколку компании драматично ги подобриле своите перформанси во повеќе подрачја на нивниот бизнис преку радикални промени на работните процеси кои што ги изведувале.

Работните процеси се основа за секој успех на било каква компанија. Тие постојат и кај микро, и кај мали, и кај средно но и кај големи претприејатија. Искуствено имам работено на повеќе вакви проекти, подобрувањата може да бидат и до неколку стотици проценти од состојбата пред подобрување.

Во текот на десетгодишно проучување на овие радикални промени кои даваат драматични резултати, Champy и Hammer развиле одредени процедури за изведување на тие промени на кои што им дале име, business reengineering. Подоцна оваа филозофија стана хит на 90-тите години од минатиот век, така што се проучуваше на сите универзитети како во САД така и во целиот свет. Скоро секоја книга од менаџментот опфаќаше, па и уште опфаќа тема од реинженерингот како филозофија, алатка или пак процес за успешни, крупни организациски промени.

Но, мора да забележиме дека кај нас не и се даде некое големо значење, освен преку неколку универзитети и факултети. Се чини дека едноставно ја скокнавме токму тогаш кога ни требаше во 1990-тите години.

Но, доста за историја.

Што е тоа реинженеринг?

Пред да ја презентираме дефиницијата за реинженерингот да појасниме што претставува самиот збор реинженеринг.

Да тргнеме од инженеринг или инженерство.

Инженерингот или инженерството претставуваат примена на науката во дизајнирање, градење и користење на техничките системи.

Тогаш инженерингот на деловниот процес се однесува на организциски системи. Бидејќи ре- претставува латински предмет кој во сложенки означува назад, повторно, пак, уште еднаш, реинженерингот ќе значи повторно дизајнирање, градење и користење на организациските системи.

Може да забележиме дека реинженерингот се однесува на градење на нови темели на бизнисот.

Но, дали на некоја постоечка куќа можеме да почнеме да градиме нови темели?

Секако дека одоговорот ќе биде дека куќата ќе треба прво да се сруши и да се изгради нова на нови посилни темели. Можеби звучи чудно тоа да целиот бизнис кој веќе е изграден се руши и повторно да се гради од почеток. Состојбата во повеќето бизниси, а особено кај нас бара токму таков процес, што е резултат на влошените состојби во истите, односно појава на губење на пазари, неможност за освојување на нови пазари, лоши финансиски резултати итн.

Како формална дефиниција на реинженерингот ќе ја искористиме дефиницијата на Michael Hammer и James Champy од нивното претходно спомнато дело. Тие даваат една кратка и една посложена дефиниција.

Кратката дефиниција што ја даваат овие автори вели дека:

Реинженерингот претставува повторно започнување.

За оваа дефиниција велат дека е добра зо првично разбирање на поимот, но од друга страна не е доволна за луѓето кои сакаат да спроведат такво нешто во сопствените бизниси. Затоа како формална дефиниција за реинженерингот ја даваат следнава:

„Реинженеринг“ претставува фундаментална разработка и радикален редизајн на деловниот процес за да се постигнат драматични подобрувања во критичните показатели на перформансите, како што се трошоците, квалитетот, услугата и брзината.

Разработка на елементите од оваа дефиниција ги дава основните карактеристики на реинженерингот.

Основни карактеристики на реинженерингот

Да ги разгледаме основните карактеристики на оваа филозофија. Забележете дека користам поим филозофија, истото се однесува и за KAIZEN и за останатите кои ќе ги реобјавиме на претприемач. Ова не се алатки, не е дијаграм на рибина коска или статистичка методологија која ќе ја земеме и едноставно искористиме. Оваа е филозофија бидејќи треба длабоко да биде вкоренета во с’ржта на бизнисот.

Основните карактеристики на реинженерингот ќе ги извлечеме од презентираната дефиниција, така ќе ги разгледаме клучните зборови при дефинирање на реинженерингот.

Реинженеринг - карактеристики

 

Да го разгледаме значењето на секоја од овие карактеристики:

  1. Фундаментално. Овој термин во дефиницијата за реинженерингот се однесува на темелите на бизнисот, односно на прашањата за ефективноста и ефикасноста. Во однос на ефективноста прашањето се однесува на тоа кои работи ги работи организацијата и дали се вистински тие работи кои што ги работи, а за ефикасноста ќе треба да се запрашаме дали работите ги изведуваме на вистинскиот начин.
  2. Радикален редизајн. Ова се однесува на радикалните промени во работите и начинот на кој тие се изведуваат со цел да се зголеми ефективноста и ефикасноста на организацијата. Од тука може да се заклучи дека радикален редизајн значи отфрлување на сите постоечки структури и процедури и пронаоѓање на целосно нови начини на изведување на работата кои што ќе бидат во согласност со новите потреби на организацијата.
  3. Деловен процес. Оваа карактеристика на реинженерингот ни кажува дека тој е ориентиран кон деловните процеси во организацијата. Деловниот процес во една организација ги претставува сите активности кои се изведуваат за да влезовите во системот се трансформираат во излез кој ќе има некоја вредност за купувачите. Реинженерингот се фокусира кон скратување на времетраењето на деловниот процес, односно да се скратат активностите кои се составен дел на истиот и да се елиминираат сите грешки кои што може да се појават во текот на тие активности.
  4. Драматични подобрувања. Оваа карактеристика се однесува на подобрување, односно реинженерингот не се фокусира на инкрементални промени за да се добијат мали подобрувања во кратки временски периоди. Тој бара крупни организациски промени со цел да се постигнат драматични подобрувања во однос на перформансите на организацијата.

За разлика од KAIZEN каде што идеите за подобрување доаѓаат од сите хиерархиски нивоа, при реинженерингот тоа е задача на тимот кој е одговорен за планирање и спроведување на истиот. Членовите на овој тим треба да имаат различни вештини и способности за секој понатамошен чекор во реинженерингот. Овој тим има за задача да:

  • Изврши анализа за потребите од реинженерингот
  • Ги дизајнира промените кои треба да се спроведат
  • Планира имплементација на тие промени
  • Следи и евалуира процесот на имплементацијата.

Може да забележиме дека постои целосна спротивставеност на KAIZEN и реинженеринг. Но, сепак најдобро решение е комбинација на двата начина во секој бизнис со што би се постигнале големи подобрувања во однос на перформнсите на бизнисот како во краток така и во подолг временски период.

Методи и техники користени при реинженеринг

Статистички гледано не се сите реинженеринг проекти успешни. Може слободно да се каже дека и поголем дел завршуваат со катастрофални последици.

Постојат одредени методи и техники кои се користат од страна на реинженеринг проектите и кои можат да помогнат во вистинско согледување на состојбите и донесување на клучни одлуки.

Тука ќе разгледаме некои методи и техники кои ги користи реинженерингот во функција на подобрувањето на работењето на бизнисот како систем.

Дијаграм на тек Дијаграм на текот – Flow Chart. Оваа техника претставува системски приод за дефинирање на сите активности кои се потребни за изведување на процесот и со чија помош се елиминираат сите активности кои не додаваат вредност во севкупниот бизнис процес, а од друга страна се имплементираат новите подобрени активности. Овој дијаграм ни дава слика за тоа како различните фактори и чекори се поврзани во еден цел процес. Најчесто користени дијаграми се одгоре надоле дијаграм на текот, детализиран дијаграм на тек и дијаграм на текот на работата. Првиот тип дава едноставна слика на процесот и ги претставува само главните чекори во процесот. Детализираниот дијаграм ги претставува сите информации за процесот до најситниот детал на истиот, додека третиот тип претставува слика на физичкиот простор и движењето на работата низ него. На сликата е даден пример на дијаграм на тек од горе надолу извлечен.

Анализа на работниот тек. И оваа техника има за цел да го подобри работниот процес преку елиминирање на непотребни активности и поедноставување на работниот тек. Се конструира матрица на анализа на работен тек во која процесот е поделен на чекори, се оценуваат перформансите на секој чекор, и притоа се откриваат причините на разлики во посакувани и актуелни перформанси. Елиминирањето на непотребните активности се изведува преку анализа од страна на кросфункционален тим на функциите, активностите и задачите преку кој се откриваат постоечките проблеми во изведување на процесот. На крајот се имплементира акциониот план за подобрувањето.

Вредносна анализа. Оваа методологија претставува систематски приод за истражување на функционалниот дизајн на производот со чија помош се развива поефикасна алтернатива за развивање на истиот. Таа опфаќа анлиза на производи, услуги, производствените процеси, организациски и менаџмент процеси како и информациите и информативните системи. Штета што кај нас воопшто не се актуелизира на ниво на кое треба, можеби сегашноста ќе беше сосема поинаква. Но, ветувам дека ќе ја актуелизираме тука на претприемач.

Техника на номинална група. Оваа техника претставува партиципативен приод во идентификување на проблемите и предлагање на решенија на истите. Целта е да се генерираат идеи за подобрување. Накратко, оваа техника се содржи од:

  • генерирање на идеите за подобрување,
  • нивна анализа и рангирање по приоритет и
  • имплементација на идејата.

Особено се користи за решавање на комплексни проблеми кога треба да се избегнат одредени конфликти помеѓу организациските членови.

Дијаграм на рибна коска или дијаграм на причини и ефекти. Оваа техника служи за поврзување на елемнтите на процесот и поврзување на можните причини на одредени ефекти. Со помош на оваа техника ќе можат да се идентификуваат причините за одредени проблеми и да се развијат соодветни решенија кои ќе се имплементираат за да се реши проблемот кој е откриен.  На сликата е прикажан овој тип на дијаграм.

Рибина коска

 

Pareto анализа. Оваа анализа се изведува преку конструирање на Pareto дијаграм кој претставува графичка презентација на последици на одредени проблеми, проекти, активности или се она што го набљудуваме во бизнис системот. Овие последици во дијаграмот се покажуваат во опаѓачки распоред спрема големината на фреквенцијата (од последица со најголема фреквенција или јачина како прва до последица со најмала како последна). Овој дијаграм овозможува да се идентификуваат клучните проблеми во процесот на кои треба да се концентрираме. Всушност дијаграмот има за цел да ни го покаже 80/20 правило во пракса, кое ни вели дека 20% од проблемите предизвикуваат 80% од катастрофалните последици на тие проблеми.

Анализа на полето на силата. Ова техника е развиена од страна на психологот Kurt Lewin за надминување на отпорот кон промените. Таа може да се користи како графичко прикажување на позитивни и негативни аспекти на се она што не спроведува да ги постигнеме посакуваните цели. Може да постојат два начина на елиминирање на овие негативни сили. Првиот начин е со зголемување на позитивните сили да се потиснат негативните. Овој начин Lewin го нарекува како ефект на потисната пружина, односно по потиснувањето на негативните сили и доколку малку ослабат позитивните ќе дојде до отскокнувањњ ена негативните сили, односно ќе се ослободи енергијата која ја имаат во себе добиено поради потиснувањето (исто како и кај потиснување кај пружина). Вториот начин кој е подобар е да се намалат колку што може повеќе негативните сили, а во исто време да се зајакнат колку што може повеќе позитивните сили, и на тој начин да се обезбеди постигнување на посакуваните цели.

post

Процес на подобрување со Evernote

Evernote Вчера во постот како да го користиш Evernote во подобрување на твојот бизнис опфативме некои идеи за организирање со помош на Evernote во имплементација на подобрувања во твојот бизнис. Но, она што е важно да се напомене дека ова претставува континуиран секојдневен процес за тебе како еден претприемач.

Поради фактот дека подобрувањата претставуваат континуирана потреба за твојот бизнис, затоа и процесот со користење на Evernote ќе биде секојдневен. Но, важно е да напоменам дека овој процес нема да ти одземе повеќе од еден час дневно, но со него секојдневно твојот бизнис ќе биде подобар.

Доколку го сумаризираме процесот кој го опишавме вчера би изгледал вака:

  • Собирање на идеи за подобрување секојдневно и од секаде и нивно забележување во нотесот идеи за подобрување. Барем за ова еден претприемач нема да има проблем секогаш да го полни овој нотес. Барем по дефиниција за претприемач.
  • Секојдневно проверка на се што се наоѓа во нотесот идеи за подобрување, приоритизација на идеи и сместување во соодветниот нотес врз основа на идеите. Секојдневно мора да го испразнуваш овој нотес. Можеби на крајот на работниот ден или пак вечерта пред спиење, добро е да ги поминеш сите белешки во нотесот идеи за подобрување да ги приоритизираш и соодветно сместиш во нотесите со висок, умерен или низок приоритет.
  • Започни со нотесот со идеи со висок приоритет, избери една идеја и испрати ја белешката во нотесот со акциони чекори. Кога веќе ја имаш приоритизација следната задача е да го исчистиш нотесот со висок приоритет на идеи, така што ќе ги сместиш во нотесот со акциони чекори и каде ќе им додадеш чекори кои треба да ги преземеш.
  • За истата идеја за која создаде акциони чекори определи задачи за делегирање и во нотесот делегирани задачи создади белешка со задачи за соодветниот вработен. Се што треба да се делегира, делегирај го. Твојата задача е да доаѓаш до идеи за подобрување и да го менаџираш процесот на имплементацијата. Кога ќе бидат определени задачите, сподели ја белешката со вработениот на кој му ги доделуваш тие задачи.
  • Следи го процесот на имплементација и создади акциони чекори за следните идеи во нотесот со висок приоритет за што ќе го повториш процесот.
  • Кога ќе го испразниш нотесот со висок приоритет, продолжи со истите чекори за нотесот со умерен приоритет. А, кога пак и тој ќе биде испразнет продолжи со нотесот со низок приоритет.

Овој процес претставува само основа за идеи како може да го користиш Evernote во процесот на подобрување на твојот бизнис. Може да го подобриш процесов, затоа што целта тука е само да ти дадеме основни идеи за зголемување на твојата продуктивност и имплементираш процес на континуирано подобрување во твојот бизнис.

 

post

Како да го користиш Evernote во подобрување на твојот бизнис?

Evernote Evernote е моќна алатка која може да биде многу од помош за твојот претприемачки живот и бизнисот.

Најголемиот проблем до кој наидов при користење на Evernote e организирање на нотесите за различна корист за претприемачите.  Постојат премногу работи кои еден претприемач може да ги прави со оваа алатка, а јас сакам да опфатам колку што можам повеќе идеи како претприемачите да се организираат себеси за подобро користење на Evernote.

Во овој пост ќе презентирам еден можен начин на користење на Evernote за идеи за подобрување. Зошто идеи за подобрување? Прво претприемачите се луѓе полни со идеи за се околу нивниот бизнис. Многу од идеите може да се заборават доколку не се трансформираат ведн во акциони чекори за имплементација на таа идеја. Но, некои од идеите се вредни веднаш, но некои се за во иднина. Од друга страна, не можеш да постигнеш се што ќе ти падне на ум. Тоа не е можно.

#1 Креирање на нотес со идеи за подобрување

Evernote improvement ideas

Прво нешто што ќе треба да направиш е да креираш нотес насловен како идеи за подобрување. Овој нотес ќе биде збир на повеќе забелешки. Во овој случај, кога сакаш да го користиш Evernote за подобрување на бизнисот, ова е место каде ќе ја сместиш секоја идеја од било каде без анализирање, или размислување за идејата. Само нафрлување.

Што може да ставаш во овој нотес?

На пример, веројатно читаш различни онлајн медиуми како вебсајтови, блогови, весници, твитови… Секогаш кога мислиш дека нешто што си прочитал ќе вреди за подобрување на твојот бизнис го праќаш во овој нотес. Може да го користиш Google Reader за испраќање на идеи во нотесот, или пак да користиш разни алатки кои имаат интегративни можности за испраќање во Evernote. На пример, ќе споменам неколку корисни алатки кои може да ги користиш со Evernote:

  • Мобилна или таблет верзија на Evernote апликација ќе ти помогне да ги имаш сите твои белешки секогаш со тебе.
  • Evernote Web Clipper ќе ти овозможи да снимиш интересни работи од интернетот преку твојот интернет прелистувач.
  • Може да ги пратиш белешките преку email директно во Evernote и што е уште поважно во соодветниот нотес.
  • Доколку користиш некоја апликација за читање, повеќето од нив имаат можност за интеграција со Evernote. Јас користам Reeder for Mac и од самата апликација можам да ја испратам страната во Evernote.

Ова се само кратки примери, но постојат огромен број на можности за интеграција во секојдневниот претприемачки живот. Уште нешто што треба да споменам е дека може да снимиш аудио белешки или белешки во вид на слика. На пример, доколку возиш автомобил, а знаеме дека кога возиме креативноста ни е на високо ниво, едноставно можеш да зборуваш во телефонот и да ја снимиш таа аудио забелешка за идеи за подобрување. Така нема да можеш да го заборавиш она што креативноста ти го носи во твојот ум.

#2 Креирај контејнер за подобрувања

Evernote-Improvements-Stack

Сега имаш еден нотес полн со идеи за подобрување. Но, ти требаат и други нотеси кои ќе ги користиш за процесот на имплементација на идеите. Затоа треба да имаш подобро организирани нотеси во твојот Evernote.

Една корисна карактеристика е да креираш контејнер (stack) кој ќе ги содржи сите нотеси поврзани со подобрување. Може да го именуваш како што сакаш, во овој случај јас го именував како Improvements.

#3 Креирање на други нотеси во контејнерот подобрување

За сега имаш еден контејнер и еден нотес во тој контејнер. Нотесот идеи за подобрување претставува базен со информации за можни подобрувања кои може да ги направиш во твојот бизнис.

За овој процес, ќе ти требаат дополнителни нотеси кои едноставно ќе го прочистуваат процесот. Сакаш да ги приоритизираш идеите. Ќе имаш нешто што ќе сакаш да го имплементираш утре, но ќе имаш и нешто што не е толку важно и може да биде на листа на чекање.

По приоритизацијата треба да ги испланираш следните чекори за можни подобрувања кои доаѓаат од секоја идеја. Твојата работа ќе биде да ја трансферираш секоја идеја во чекори бидејќи идеите како идеи не се вредни без да станат реалност. Првиот чекор во претворање на идеите во реалност е бреинстормирање на идните чекори за подобрувања.

За оваа цел, ќе ги користам следниве нотеси:

  • Идеи за подобрување. Нешто што веќе го направивме во првиот чекор и претставува базен со информации.
  • Подобрувања со висок приоритет. Кога ги проверуваш твоите идеи за подобрување, првото нешто што треба да направиш е да ги приоритизираш идеите, односно белешките за можни подобрувања. Ова е твојата секојдневна работа, да исчистиш се од нотесот идеи за подобрување.  Кога ќе наидеш на белешка за која сметаш дека има висок приоритет за имплементацијаможе со помош на десен клик на белешката и избор на Move to Notebook да го избереш нотесот со висок приоритет идеи. Висок приоритет значи дека треба да започнеш со планирање на процесот на имплементацијата колку што може побргу, можеби утре или пак оваа недела.
  • Подобрувања со умерен приоритет. Ова е вториот нотес за приоритизација кој ќе ги содржи белешките кои имаат умерен приоритет. Умерен приоритет значи дека нешто треба да се имплементира, но не денес или утре или пак оваа недела. Може да чека се додека нотесот висок приоритет не биде испразнет.
  • Подобрувања со низок приоритет. Третиот нотес е нотесот кој ќе ги содржи идеите за подобрување со низок приоритет. Овие белешки не се нешто што мора да се имплементира во блиска иднина, но вредно е да се имплементираат кога нотесите со висок и умерен приоритет ќе бидат празни.
  • Акциони чекори. Следен нотес е за акциони чекори кои ти и твојот тим треба да ги преземете и имплементирате за секоја идеја за подобрување. Може да користиш посебна белешка за секоја идеја од претходно споменатите нотеси. Започни со белешките од нотесот со висок приоритет.
  • Делегирани задачи. Уште нешто вредно за тебе како претприемач со Evernote е користење на функсијата за споделување заради делегирање на задачите на вработените кои ќе бидат одговорни за спроведување на идеите за подобрување.  Кога ќе завршиш со дефинирање на акционите чекори, ќе треба да ги делегираш некои од нив на вработените. Во овој нотес, може да направиш различни белешки за различни вработени и нивните задачи поврзани со процесот на подобрување. Таквите белешки ги споделуваш со Evernote акаунт на соодветниот вработен. На ваков начин, ќе го користиш Evernote како алатка за соработка и to-do листа за тебе и твоите вработени. Ова ќе ти овозможи да го следиш процесот на имплементацијата.

Сега, контејнерот за подобрување ќе изгледа како на сликата.

Evernote Notebooks Improvement

post

Како да го подобриш процесот за да бидеш ислушан од страна на купувачите?

Подобрување на процес на зборување со купувачи Во еден од претходните постови пишувавме како да дојдеш до повеќе купувачи преку 6 работи кои тие сакаат да ги слушнат од тебе.

Ти си претприемач. Подобрувањето ти е во крвта. Затоа и постојано работиш на подобрување на твоите бизнис процеси. А, овој процес е еден од поважните процеси во твојот бизнис кој има потенцијал да обезбеди долгорочна благосостојба како за тебе така и за бизнисот воопшто.

За да влезеш во еден процес на континуирано подобрување на твоето зборување со купувачите, погледни во твоето однесување кога зборуваш со купувачите и размисли за следниве прашања:

  • Како ти им приоѓаш на купувачите?
  • Како се претставуваш себеси како еден претприемач и твојот бизнис?
  • Која е првата реченица која им ја кажуваш по првото претставување?
  • Која е втората реченица која им ја кажуваш?
  • Каков е нивниот одговор на твоето претставување?
  • Како тие реагираат на твоите следни реченици?
  • Ги слушаш ли, или едноставно додека тие зборуваат само размислуваш да дојдеш до збор и да го кажеш она што си го намислил да го кажеш?
  • Дали тие ти поставуваат прашања и кои се тие прашања?
  • Може ли од повеќето разговори да најдеш некоја врска помеѓу поставените прашања заради подобра сегментација на твоите купувачи?
  • Што ти им одговараш на нивните прашања?
  • Како можеш да го подобриш приодот кога зборуваш со нив?

Мора да го подобруваш твоето однесување во стилот подобрувај како што искусуваш доколку сакаш повеќе купувачи и повеќе продажба. Нема ништо подобро отколку подобрување базирано на твоето сопствено искуство.

Ти си претприемач, лице кое треба да следи различни однесувања и различни одговори од различни потенцијални купувачи.

Овој пост претставува само како идеи кои можеш да ги користиш за да го подобриш твоето искуство со купувачите. Користи го за да дојдеш до колку што можеш повеќе идеи за различни приоди со кои можеш да им пристапиш на потенцијалните купувачи. Фидбекот од твоето сопствено искуство ќе ти каже што треба да промениш за да го подобриш целокупниот процес.

post

Развој на интрапретприемаштвото кај нас

Претприемнички стратегии Во големиот број на книги се укажува дека големата бирократизираност е еден од најголемите проблеми во работењето на интрапретприемачите. Ако е тоа така дури и во развиените земји, тогаш овој проблем во работењето на интрапретприемачите на пример кај нас е многу поголем. 

За да го засилат интрапретприемаштвото, потребно е од страна на врвното раководство да се казнуваат оние кои не преземаат иницијатива, а да не се казнуваат строго оние кои преземаат иницијатива и кои можеби во одреден момент и не постигнале 100 % од планираното.

Секојдневните драстични промени кои се случуваат во науката и целото општество, придонесуваат да мора големо внимание да му се посвети на развојот на луѓето и на нивните способности. Доколку интрапретприемачите не се дообразуваат, не може од нив да се очекува да постигнат големи ефекти во работењето.

За развојот на интрапретприемачите кај нас може да се набројат и следниве сознанија: 

  • подготвеност на топ менаџментот да овозможи самостојност на интрапретприемачките менаџерите; 
  • стимулирање на креативноста; 
  • да се овозможи развој на секој вработен;
    подготвеност на топ менаџерите да им овозможат на соработниците во практика да ги применат своите идеи (до пазарна реализација);
  • надградување на соработниците-интрапретприемачите кои успешно ја реализирале својата идеја;
  • подготваност за партнерство во бизнисот со клучните соработници. 

Успехот ќе биде доведен во прашање ако во повисоките етапи од развојот (кога фирмата “пораснала”) се очекува деловните иницијативи да доаѓат само од сопственикот. На големите фирми им се потребни луѓе кои ќе му бидат посветени на бизнисот, исто како да се во свој сопствен бизнис. Тие луѓе се внатрешни претприемачи. 

Секако дека постои реална опасност интрапретприемачот да се “судри” со бирократска структура. Вработените кои не сакаат промени ќе му се спротивстават на интрапретприемачот. Големите фирми “тешко” прифаќаат иновации. Идејата треба да биде забележана од врвното раководство, па да биде прифатена, да се дозволи интерна реализација, проверка, маркентишка и пазарна промоција. Тоа е долг пат, па обично ги обесхрабрува интрапретприемачите. 

Кај нас се поставува прашање: Дали некои големи фирми се доведени во состојба на ликвидација и поради недостиг на интрапретприемачи (секако може да се потврди дека еден од факторите за ликвидација е и тоа)?

Дали преструктуирањето е дефиниран процес? Дали под тоа не се подразбира само издвојување на здрави делови, оформување како мали посебни компании, намалување на бројот на вработените и т.н. стратешки партнер кој би го купил “нездравиот” дел? 

Кај загубарите, Владата делегира свој претставник во управниот одбор со доминантна позиција. Има ли место за интрапретприемачи во ваква ситуација? Да се елиминира традиционалната разединетост на “ние кои работиме” и “тие од управата” или “сини мантили” контра “бели јаки”. Да се надминат досегашните правилници за распределба на плати и аналичките процеси, кај што не се плаќаше стручноста. Иновативноста да не биде инцидентна дејност, туку да прерасне во континуирана и секојдневна работа.

Внатрешното претприемаштво претставува “пат” од класичен менаџер кон претприемач во големи компании. Значењето на претприемачите е тоа што тие ја подмладуваат големата компанија, ја прават флексибилна и конкурентна на пазарот. За таа активност треба да се поседува голема енергија и ентузијазам, бидејќи промените кои треба да се изведат не се едноставни и лесни. Потребно е да се извршат одредени промени во работењето што не е ни малку лесна работа, бидејќи со секоја промена нечии интереси можат да бидат загрозени и поради тоа се наидува на големи отпори при секоја промена. Секако, кај овој начин на работење се можни грешки и прашање е дали врвното раководство ќе има слух за одредени можни промашувања, за да може процесот на иновација непречено да се одвива.

Доколку се постави прашање: Дали би биле пожелни активностите на инрапретприемачите во големите компании? Одговорот би бил: Секако, да! На сличното прашање: Дали би биле “добродојдени” во нашите големи компании, во сегашните услови на работење? Секако, одговорот би бил ист.

Останатите постови од овој серијал се:

post

Интрапретприемачки политики

Купување на постоечки бизнис Еден латински поет го нарекол човекот: “rerum novarum cupidus” што значи “алчен за нови работи”. Менаџментот во компанијата треба вработените да ги направи токму такви. Раководството во компанијата често си го поставуваат прашањето: Како да се совлада отпорот спрема иновациите во претпријатието?

Со растење на фирмата расте и отпорот кон промените, бидејќи и нечии позиции или интереси мора да се загрозат за нешто да се смени. Затоа е потребна голема борба за реализација на промените. Во секој случај ова прашање е погрешно, а вистинското прашање би гласело: Како може компанијата да се направи претприемлива за иновации? Како да се направи постојано да бара иновации и да работи на нивно создавање?

Тоа ќе се направи со усвојување и спроведување на посебни деловни политики и тоа:

  • Прво: Иновацијата мора да се направи атрактивна за менаџерите во организацијата, па и директно корисна, односно не би требало секогаш да се задржува на она што веќе постои.
  • Второ: Мора точно да се дефинираат и објаснат, значењето на создавањето и негувањето на потребата за иновации и временската димензија на настанувањето и развојот на тие иновации.

Потребен е и план за работа со иновациите, кој ќе ги содржи точно утврдените цели и моделитетите за нивно остварување. Постои еден единствен начин иновациите да се направат атрактивни за менаџерите:

  1. Постоење и спроведување систематска политика за отфрлање на сето она што е застарено, непродуктивно, како и сето она што создава грешки, промашувања и погрешно насочени напори во работата и организацијата на компанијата.
  2. Поинаков облик на деловна политика е оној кој му е потребен на компанијата за тоа да стане “алчно за нови работи”. Тоа во суштина е соочување со фактот дека сите постоечки производи, услуги, пазари, канали на дистрибуција, процеси, технологии, имаат ограничен и обично краток век на траење.
  3. “Рендгенската” снимка на бизнисот не снабдува со информации, кои помагаат да се дефинира колку и какви иновации се потребни во компанијата или работата која ја работиме, во кои области тие информации се користат и во кои временски рамки?
  4. Системско отфрлање на застарените, надминати работи. “Редгентската” снимка на постојната работа, производи, услуги, пазари, технологија како и утврдување јаз и иновативни потреби. Сето ова заедно овозможува компанијата да формулира организациски план за остварување на иновацијата, како и рокови во кои треба да се оствари. Таквиот план обезбедува буџет кој мора да биде соодветен на иновациите.
  5. Секоја компанија мора да биде водена така што ќе работи “денес” на нови производи, услуги, процеси и технологии, кои иднината ќе ја направат да биде поинаква и подобра од сегашноста

Останатите постови од овој серијал се: