post

Маркетинг план: До кога треба да се спроведат активностите?

Маркетинг календар Продолжуваме со шестото прашање на кое треба да даде одговор еден маркетинг план. Станува збор за рокови на завршување на планираните активности, односно тактики.

И ова е тактичко прашање или едноставно процедура која ќе служи за подобрување на севкупните напори кога станува збор за маркетингот.

Сега кога веќе знаеш што се треба да имплементираш, знаеш колку пари имаш на располагање и сето тоа е добро усогласено заради максимизирање на резултатите, ќе треба да направиш еден план за имплементација на тие активности или тактики.

За ваквите потреби се користи маркетинг календар.

Нема да навлегувам во детали за опишување на изработка на маркетинг календар бидејќи досега беше опфатен во повеќе наврати тука на претприемач, па затоа ќе ги наведам линковите на кои ќе можете да прочитате повеќе за тоа како да подготвите маркетинг календар:

Тука само ќе се обидеме да дефинираме еден процес или чекори за имплементација заради изработка на овој календар:

  • Извлечи ги сите активности за сите персони кои ги наведе на скиците на маркетинг инката
  • Пополни ги во табелата која ќе ти служи како маркетинг календар (или користи го темплејтот кој го обезбедивме)
  • Размисли за целиот процес на инката и времетраење на истото како и можните циклуси на тактиките кои ќе ги имплементираш
  • Определи време кога ќе почне и кога ќе заврши секоја тактика
  • Тактиките кои ќе бидат постојани ќе имаат ознака “континуирано”
  • Внеси го идеалниот купувач во втората колона
  • Внеси го буџетот кој ти стои на располагање во третата колона (претходното прашање)
  • Може да ја внесеш и фазата од инката за која се однесува (ова го нема во темплејтот, но може да биде од помош)
  • Внеси ги целите кои треба да ги постигнеш со секоја тактика
  • Подготви колона за резултати од имплементација

Забележувате дека еден ваков календар ќе има повеќе функции. Првата е да обезбеди имплементација на се што е испланирано. И втората е да обезбеди доволно информации заради мерење на резултатите и подобрувања на целиот процес во иднина.

Останатите постови од овој серијал за маркетинг план:

post

Маркетинг план: Буџет

Да продолжиме со петото прашање на кое ќе треба да даде одговор еден маркетинг план, за да се обезбеди перфекционизам во функционирањето на маркетинг процесите. Станува збор за буџетот или колку пари ќе имаме на располагање за трошење заради исполнување на целите, односно она што го одговоривме во првото прашање.

И оваа прашање како и претходното спаѓа во групата на тактички прашања. Стратешки прашања беа првите три, односно:

  • Што треба да постигнеме?
  • Кого треба да привлечеме?
  • Како да ја дизајнираме маркетинг инката?

Сите останати прашања спаѓаат во групата на тактички прашања кога станува збор за еден маркетинг процес во еден мал бизнис.

Пари, пари, пари… Секогаш се чини дека се најважни, најпотребни и најнедостапни. Но, тоа и предизвикува многу грешки за сопствениците на малите бизниси.

Освен грешката која ја напоменав во претходното прашање за активности или тактики кое се наметнува како прво, голем број на грешки се и започнување со прашањето за буџетот и потоа врз основа на тој одговор да се определат активностите и тактиките без претходно да се постават целите, дефинираат идеалните купувачи или дизајнира маркетинг инката.

Во таков случај резултатите се никакви или едноставно не се на онаа посакувано ниво за еден претприемач.

Она што е важно до сега е дека ти веќе имаш изградено модели, односно макети на твојот маркетинг процес со кои ќе можеш да си играш игра на стратегии. Во исто време, ќе можеш да го прилагодуваш буџетот и да го видиш неговото влијание врз резултатите.

Понекогаш буџетот може да одигра и ограничувачка улога, особено ако ние дозволиме тоа да се случи. А, дозволуваме ако започнеме со определување на буџетот како прво нешто во планирање на маркетинг процесите. На пример, 5% од приходот од минатата година. Ваквото определување на буџетот не ми се допаѓа бидејќи во целост се потпира на нешто поминато, а ние спремаме план за во иднина. Нема логика.

Проблемот е што влијанието на различни маркетинг агенции играат клучна улога во оформување на твојот буџет. Но, сите се различни и сите советуваат преку сопствено стојалиште на видеување каде доминира личниот интерес. Ако контактирате со видео продукциска куќа таа ќе има сопствено видување дека треба да имаш определен буџет за видео реклами. Ако разговарате со некоја радио станица ќе добиете сосема поразличен пристап. Интернет маркетинг агенција пак ќе ви даде едно сосема поинакво видување. Затоа и овој пристап не е прифатлив за еден мал бизнис.

Најдобро е да започнеш од она што досега го имаш подготвено во овој маркетинг план, односно поточно од идеалниот купувач. Твојот маркетинг план врз основа на еден систематски пристап веќе содржи:

  • што треба да се постигне, во форма на тоа колку купувачи треба да генерираме,
  • детален опис на идеалните купувачи и
  • развиена маркетинг инка.

Ајде да дефинираме еден процес кој би можел да го примениш.

#1 Вредноста на твојот идеален купувач

Наместо да користиш податоци од минатата година, започни со вреднување на твојот идеален купувач. Колку вреди еден твој идеален купувач кој ќе помине низ инката до крајот? Колку пари во иднина, не само за една година току во однос на целиот животен век ќе донесе тој еден идеален купувач во твојот бизнис?

Нема да навлегуваме сега во формули, бидејќи различен бизнис ќе има различна вредност на идеален купувач, но она на што треба да внимаваш е да дојдеш до некоја просечна сума на пари која твојот бизнис ќе ја заработи од тој еден идеален купувач. Забележете дека користам термин заработи, тоа е износот кој ќе претставува профит за твојот бизнис и од кој ќе можеш да користиш за генерирање на уште повеќе купувачи.

Ако има потреба, а ќе има, истото треба да го направиш за сите дефинирани персони на идеални купувачи.

#2 Определи ја вредноста за целиот процес на инката

Сега кога веќе знаеш колку твојот бизнис ќе заработи доколку тој купувач стигне до крајот на маркетинг инката, лесно ќе можеш да размислиш за делот кој сакаш да го издвоиш за генерирање на еден таков купувач. На пример, ако тој купувач доколку животен век на купување во твојот бизнис е 5 години ти заработи 100.000 денари веќе имаш слика за тоа колку сакаш да остане за твојот бизнис, а колку би можел да генерираш за привлекување и процес на влечење во маркетинг инката на нови идеални купувачи.

Може да одиш и во претпоставки дека во просек тоа се по 20.000 денари годишно, иако различен бизнис различно ќе го распределува тој износ по години на пример некои бизниси најмногу ќе генерираат во петата година а помалку во првата. Ова е резултат на самата маркетинг инка, бидејќи можеби кога повторно купува купува повеќе или пак кога е во фазата на препорачува купува во најголем износ поради фактот на високата доверба која ја има кон бизнисот.

Од друга страна, секоја фаза ќе бара различен износ на пари. Теоретски гледано, раните фази треба да искористат помал процент на парите додека понапредните фази повеќе. Оваа теорија се базира на фактот дека колку повеќе идеалниот купувач се движи надолу низ инката, тој е поблиску до одлука да купи. Инвестираните пари во подолните нивоа се со најмал ризик и со најголема веројатност за брз повраток на инвестиција.

Важен фактор кој ќе треба да го разгледаш е и времетраење на процесот на инката. Некоја ќе биде за неколку месеци, но некои бизниси ќе им требаат повеќе години за влечење на еден идеален купувач до крајот на инката. На пример, бизнис кој продава iPhone апликација ќе има инка која ќе трае неколку месеци, додека бизнис кој продава автомобил неколку години.

Сепак на крајот кога ќе одлучиш ќе имаш одредена сума на пари која треба да ја искористиш за привлекување на идеалниот купувач во инката и неговото влечење кон последната фаза во таа инка. На примерот од горе, најпросто кажано може да одлучиш дека 10.000 денари ќе користиш за генерирање и влечење на еден купувач. И доколку инката е проектирана така да процесот од влегување до последната фаза трае една година, ќе имаш на располагање 10.000 денари за генерирање на еден купувач.

Со еден ваков приод знаеш дека во првата година ќе потрошиш 10.000 денари, но тој во првата година ќе генерира 20.000 денари и за 5 години ќе донесе 100.000 денари, но и како препорачувач може да донесе уште идеални купувачи на почетокот на твојата инка.

#3 Распредели ја вредноста по фазите

Кога веќе знаеш колку пари имаш за генерирање на еден идеален купувач и неговото влечење низ целиот процес на инката, потребно е да го алоцираш тој износ по фазите.

Како едно правило веќе напоменавме повеќе пари за понапредни фази. Но, сепак тоа ќе зависи од твојот бизнис и индустријата во која се наоѓа. На пример тие 10.000 денари би можел да ги распределиш вака:

  • За дознавање и будење на свесност 500 денари
  • Кога е во фаза на анализирање и истражување 1000 денари
  • Кога одлучува и избира 1500 денари
  • Кога е во фаза на купување 2000 денари
  • Кога е во фаза на повторно купување 2500 денари
  • Кога е во фаза препорачува 2500 денари

#4 Сега колку пари треба да потрошиш за секоја фаза?

Сега кога веќе знаеш колку пари ти треба за секоја фаза и знаеш колкав е износот на идеалните купувачи кои треба да се движат низ секоја фаза, лесно ќе можеш да го определиш потребниот буџет за секоја фаза.

На пример, ако за фазата анализирање и истражување ти требаат 1000 денари за еден идеален купувач за да го пренесеш во фазата одлучува и избира, а за исполнување на целите во таа фаза ти требаат 200 идеални купувачи, тогаш буџетот за таа фаза ќе биде 200.000 денари.

#5 Колку пари треба да потрошиш за секоја тактика?

Сега имаш буџет по фази, имаш тактики или активности за секоја фаза од претходното прашање и ќе можеш да направиш уште едно распределување на тој буџет за таа фаза по тактика.

На пример, ако буџетот за целата фаза анализирање и истражување е 200.000 денари, а во претходното прашање како тактики си определил дека треба да користиш, блог постови, e-книга и каталози по пошта ќе можеш да го распределиш тој износ на ваков начин:

  • Блог 50.000 денари,
  • Е-книга 50.000 денари и
  • Каталози 100.000 денари.

Останатите постови од овој серијал:

post

Маркетинг план: Активности во различните фази низ маркетинг инката

Листа на маркетинг активности

Листа на маркетинг активности

Продолжуваме со четвртото прашање на кое ќе треба да даде одговор еден маркетинг план, а тоа е кои активности (тактики) ќе ги имаме или користиме во различните фази на маркетинг инката.

Забележувате дека целта е преку подготовка на маркетинг план да внесеме еден систематски пристап во сфаќањето и практицирањето на маркетингот. Сега сме на четвртото прашање, но претходните три се всушност темелите на твојот севкупен маркетинг процес. Ова што сега ќе го одговориш и она што во следните прашања ќе одговориш се базира на претходните три. Доколку не успееш квалитетно да ги одговориш претходните три, подобро не започнувај со оваа прашање и наредните секако.

Интересно е што имам видено повеќе маркетинг планови, односно процеси да започнат токму од оваа прашање, но без инката. Па, слободно може да кажам и дека повеќе од 90% од малите бизниси функционираат така, започнувајќи од дизајнирање на тактики, односно активности за привлекување на купувачи. Но, затоа и повеќе потрошени пари за послаби резултати. Затоа и идејата за еден ваков серијал и едно повторно насочување кон темелите на маркетингот како она за започнување на бизнис на претприемач. Многу зборуваме за PR, социјални медиуми, блогирање за бизнис, реклами, огласи… Но, тоа се тактики кои едноставно не може да функционираат без основите од претходните 3 прашања. Ќе функционираат, но не онака како што ти како еден претприемач би сакал да функционираат.

Но, ти нема да бидеш таков претприемач доколку го следиш овој серијал.

Тука нема да зборувам за тоа која тактика, односно маркетинг средство ќе го користиш во секоја од фазите бидејќи нема еден едноставен темплејт. Ќе се обидам да презентирам еден процес кој би требало да го спроведеш.

#1 Стави се од претходните 3 прашања пред себе

Да, едноставно започни со она што досега го имаш направено. На еден лист хартија нека бидат целите, на друг идеалните купувачи, односно персоните и на третиот (кој може и да го ископираш бидејќи ќе ти треба повеќе копии) нека биде дизајнираната маркетинг инка со бројките внатре во неа за секоја фаза.

Значи имаш:

  • Цели преточени во бројки во маркетинг инката
  • Неколку персони како твои идеални купувачи
  • Маркетинг инка во повеќе копии

Гледај ги размисли ги уште еднаш. Добро размисли и одлучи се конечно дали тое е тоа што ти треба, што ја презентира реалноста на твојот бизнис.

#2 За секоја персона обезбеди еден лист со маркетинг инката

И ова е едноставно. Определи по еден лист од дизајнираната инка за секоја персона како идеален купувач со тоа што можеш да го напишеш името на лицето за кое се однесува. Во слободен простор напиши ги главните карактеристики на тоа лице. Тоа веќе го имаш дефинирано кога го одговараше второто прашање.

Истото повтори го и за останатите персони.

#3 Започни со бреинстормирање на тактики

На остатокот од слободен простор почни да ги запишуваш идеите за можни тактики кои би ги користел. Нафрлувај, не размислувај сеуште за фази. Важно е да бреинстормираш колку што може повеќе идеи.

Во бреинсторминг процесот фрлај поглед на карактеристиките на персоната за која се однесува маркетинг инката и секако тактиките кои ги бреинстормираш.

Повтори го процесот за сите останати персони.

#4 Постави соодветни тактики на соодветната фаза во маркетинг инката

Едноставно од десната и левата страна може да започнеш да ги распределуваш различните тактики во однос на фазата во која ќе ја користиш.

Внимавај на фактот дека не се сите тактики соодветни за определена фаза. Повторно едното око нека ти оди во карактеристиките на персоните. На пример, радио реклама во фазата анализира и истражува или пак одлучува и избира нема да има ефект како во фазата не знае.

Затоа добро размисли што и каде треба да биде сместено.

  • Користи ги карактеристиките тие ќе ти кажат што е најсоодветно за таа персона.
  • Користи ги целите тие ќе ти кажат каква аудиенција е потребно да се опфати.
  • Користи ги фазите, тие ќе ти кажат како треба да го влечеш потенцијалниот купувач кон купувач.
  • Биди креативен, не е се во пари.

На крајот треба да имаш јасна слика за она што ќе правиш за да ги реализираш целите.

Останатите постови од овој серијал:

Да одиме со прашањата на кои треба да одговори еден маркетинг план.

post

За таканаречениот “феномен” на купувачи

Стратегија Луѓето се социјални суштества па често купуват производи или користат услуги кои им помагаат за создавање на подобра слика за нив.

Односите со купувачите секогаш треба да се добри. Има различни изрази кои се користат за купувачите: дека се богови, дека се главни и слично.

Ние сме на мислење дека купувачите се луѓе, кои барат едно коректно однесување и дека односот помеѓу компанијата и купувачите, секогаш може да биде добар доколку постои фер однос. Без разлика што купувачите секогаш не се во право, компанијата секогаш треба да излезе во пресрет на нивните барања доколку е тоа можно, бидејќи купувачите “секогаш остануваат купувачи”.

Има купувачи кои не се корисни за компанијата, ретко купуват, малку купуват, нередовно плаќат, нелојални се и доколку излезе слична понуда лесно се префрлат кај конкурентските компании. Потребно е овие купувачи да се елиминираат или да се намали нивниот број.

Во одредени купувачи, компанијата треба да инвестира преку доделување на одредени бенефиции, со кои би се изградила лојалноста на потенцијално добрите купувачи.

Доколку кај купувачите се развие осет дека се злоупотребени или оштетени од страна на компанијата, лојалноста се прекинува и се шири негативен публицитет. Истото се случува и доколку купувачите се чувствуват зависни од компанијата, па тогаш можат да побараат нови релации со други компании.

Компаниите треба да се насочени кон остварување на желбите на најпрофитабилните купувачи. Тоа се најчесто големи купувачи. Не смее да се подцени и влијанието на ситните купувачи, доколку се во голем број, бидејќи остваруваат голема фрекфенција на купување, а со тоа е и профитот голем. Доколку се изгуби некој купувач, трошоците за неговото повторно враќање се помали, отколку да се придобие нов купувач. Потребно е де се испита таквиот купувач, за да се согледа што му пречело во меѓусебната интеракција. Доколку забелешката е рационална и реална, потребно е тој недостаток во работење или во производот да се надмине.

Во подем се и стручни купувачи. Тие луѓе се бават со одредена проблематика и добро го познаваат производот, неговите квалитети, цените, можните замени и други параметри. Тие луѓе се примерно добавувачи од големи компании, сервисери кои поправаат коли, мобилни, компјутери… Тие купуваат за сметка на крајниот корисник, наплатувајќи им ја таа услуга, а од друга страна купувачите се мирни, бидејќи им се гарантира квалитетот и техничките својства на производот.

Како значаен купувач за компанијата може да се јави државата, матичната или странска.

Често пати државата е обврзана да купува производи кај домашните компании. Таа купува производи за дневни потреби, коли, мебел, клими, канцелариски прибор, како и воена опрема, но и набавките за потребата на воените резерви како: гориво, пченица, зејтин.

Доколку домашните компании не го произведуваат определениот производ или немаат производ со пропишаниот квалитет, тогаш државата се обраќа на меѓународниот пазар.

Купувачите од непрофитните и добротворните организации исто така се значајна категорија, бидејќи по правило располагаат со големи финансиски средства и купуваат големи количини на производи.

Постојат и вродени потреби за купување и тие главно се во функција на задоволување на физиолошките потреби како: потреба за храна, пијалок и секогаш се очекува дека купувачот прво ќе ги задоволи тие потреби.

Понатаму постојат научени или стекнати потреби, кои се формираат поради различни фактори, како склоност кон користење на одредени маркирани производи. Пример: Скапа храна, пијалоци, гардероба, парфеми, кола и слично. Со користење на овие производи купувачот се чувствува посигурно, има поголема самодоверба, создава подобар имиџ.

Постои рутинско купување доколку се знаат цените и атрибутите со кои располага производот, а постои и нерутинско купување, доколку се купува нова опрема и кога се врши детално информирање за сето она што производот го нуди. Пример: Новиот авион, нова производна линија и слично. При вакви продажби, компанија е должна да изврши обука за користење на производот, да обезбеди техничка помош и подршка како и ремонт и сервисирање.

Индустриските производи прво ги купуваат богатите, потоа школуваните луѓе кои ги знаат техничките карактеристики, а потоа следат останатите купувачи. Очекувањата на купувачите се формираат врз база на претходни искуства, на информации добиени од други купувачи, најчесто се тоа роднини и пријатели. Очекувањата можат да бидат различни и да се однесуваат на: цената, квалитетот, транспортот, имиџот, престижот, издржливоста, естетиката. Самиот процес на купување ќе определи кој производ или услуга ќе егзистира и во колкав обем, а од побарувањето во голема мерка ќе зависи и цената на производите.

Постојат неколику типови на купувачи:

  • Деловно ориентирани купувачи. Тие се рационално ориентирани и стрпливи и промислено купуваат. Секогаш бараат квалитет и функционалност на производите. Главно се работи за добро образовани луѓе и овој сегмент опфаќа 29%  луѓе.
  • Ценовно ориентирани луѓе. Најчесто барат производи со пониски цени. Тие добро го познаваат пазарот и ги има околу 27%.
  • Брендирано ориентирани купувачи. Купуват производи од определени марки, во кои имаат стекнато доверба врз база на позитивно искуство и ги има околу 23 %.
  • Луксузно ориентирани купувачи. Склони се кон промени и иновации. Сакаат да бидат во тренд и ги има околу 21%

Поради тоа компаниите се определуваат за целниот пазар, односно ги насочуваат свои маркетинг активности кон целните купувачи. Компанијата треба да го процени секој сегмент и врз база на тоа, ќе определи кој сегмент ќе го задоволи.

Купувачите се разликуват спрема цената која се спремни да ја платат за производот или за услугата, но се разликуваат и по прашање на количината на производи кои ги купуваат.

Луѓето во одреден регион покажуват индентичен интерес спрема одредени производи. Поради тоа компанијата врши сегментација, со цел да изврши групирање на луѓето на таков начин да нивната реакција и однесување биде слично. Со освојување на сегментот се намалува влијанието на конкуренцијата.

Фокусните групи се формираат врз база на исти карактеристики на купувачите како:

  • иста полова припадност,
  • иста старосна доба,
  • иста семејна припадност,
  • слични приходи,
  • ист или сличен животен стил,
  • користење на ист призвод и слично.

Потоа сегментација може да се изврши врз база на:

  • женидби,
  • крштевки и други верски случувања,
  • разводи,
  • погребни услуги и слично.

Сегментацијата може да се врши и врз база на религиската припадност: Пример прослава на Божиќ, Бајрам и слично.

Одредени производи, кои првично биле наменети за одреден сегмент, покасно може да се прошират на поголемиот пазат. Со развојот на технологијата доаѓа до развој на поголеми сегменти, без оглед на близината или одалеченоста на сегментот. За компанијата најдобро е кога таргетираниот сегмент расте. Одредени производи можат да се пласираат и како производи со висок квалитет, а со ниска цена. Културното значење како: вера, фолклор, традиција, определува во голема мерка што ќе се купува.

Компаниите можат да обучуваат два типа на продавачи. Еден да биде специјализиран за продажба кај новите купувачи, а другиот кај веќе постоечките купувачи. Тоа најчесто се прави со цел да се постигне тесна специјализација, а од друга страна се овозможува постоечките купувачи да се чувствуваат фамилијарно, при контакт со компанијата. Голем број на компании вршат поделба на сегментите врз база на годините на купувачите. Гледано во перспектива, важно е да се знае што купуваат луѓето за време на целиот живот.

post

Маркетинг план: Дизајн на маркетинг инката

Сега веќе сме во третото прашање на кое маркетинг планот треба да даде одговор.

Кога веќе знаеш што треба да постигнеш, и ги имаш дефинирано идеалните купувачи кои со помош на маркетинг процесот ќе треба да ги привлечеш, може да преминеш во дефинирање на маркетинг инката (тунел).

Маркетинг инката има слична функција како и продажната инка. Можеби кога станува забор за малите бизниси најдобро е да се изедначат овие два поима, бидејќи ќе имаат иста функција: влечење на потенцијалниот купувач од фаза во фаза се до станување на вистински купувач и ценет фан за бизнисот, кој директно ќе се вклучи во маркетинг процесот во иднина.

Тука на претприемач повеќе пати пишувавме за продажната инка, па сметам дека ќе бидат од корист да ги напоменам тие наслови пред да продолжиме со дизајнот на маркетинг инката како дел од подготовка на маркетинг планот.

Но, ајде сега да се обидеме да ја дизајнираме маркетинг инката за твојот бизнис.

#1 Кои се фазите низ кои поминува еден потенцијален купувач?

Бидејќи го знаеме идеалниот купувач, го знаеме неговиот проблем, неговите однесувања, фрустрации, просечен работен ден, навики и се она што го дефиниравме при одговорањате на прашањето за тоа кого треба да привлечеме ќе можеме да ги дефинираме и фазите низ кои поминува еден потенцијален купувач за да стане купувач.

Прво го имаме потенцијалниот пазар каде се наоѓа нашиот идеален купувач, кој иако ние знаеме за него тој воопшто не знае ништо за нас, дури и дека постоиме. Ова е факт, и не треба да се залажуваш дека твојот производ е познат или твојот бренд е препознатлив бидејќи купувачите воопшто не ги интересира твојот производ или твојот бренд, нив ги интересира само за самите себеси, односно што е она што му го подобрува животот.

Затоа и првата станица (или поточно кажано почетната станица) во маркетинг инката ќе биде дека тој не знае за тебе, твојот бизнис или пак твојот производ. (Морам да напоменам дека пристапот кој тука ќе го користам е она како што јас сметам дека треба да биде, различен бизнис ќе има и различен дизајн на маркетинг инката, најважно е да ја отсликува реалноста на бизнисот).

Ајде да одиме понатаму, кога тој некако дознава за тебе, твојот бизнис или твојот производ или услуга. Ова не значи дека тој станува купувач. На некој начин тој дознал за твојот бизнис, можеби преку некои твои маркетинг активности, можеби преку социјални медиуми, можеби преку збор од уста од пријателот со кого го пие утринското кафе. Но, факт е дека тој сеуште не е во фаза кога би преземал некоја акција која ти и твојот бизнис сакате да ја преземете. Затоа и се наоѓа во фазата знае, но сеуште не е свесен за потребата.

Понатаму, во моментот кога ќе се сретне со проблемот кој твој бизнис го решава тој веќе и знае за твојот бизнис и станува свесен за потребата. Значи сега е во фазата знае и е свесен за потребата.

Иако е свесен за потребата тој сеуште не е купувач, едноставно сеуште нема доверба за да се одлучи да купи. Затоа ќе анализира, истражува, ќе бара сигнали за кредибилитет, репутација и доверба. Значи тој е во фаза на анализирање и истражување.

Понатаму, врз база на анализи и истражување сака да донесе одлука за избор на бизнис од кој ќе купува. Затоа и се наоѓа во фазата на одлучување и избор.

Е сега откако ќе избере и донесе одлука ќе стане купувач.

Многу маркетинг инки завршуваат тука. Сметаат дека целта е исполнета на маркетингот, но сепак оставаат големи можности неискористени. Затоа ние ќе продолжиме со фазите на кои треба да обрнете особено внимание.

Откако еднаш ќе купи целта на твојот бизнис е да ја продолжи да купува уште. Затоа следната фаза е повторувачки купувач.

Повторување со купување значи и се поголема доверба кон твојот бизнис. А довербата е предуслов за следната фаза купувачот да стане препорачувач на твојот бизнис со што директно се вклучува во твоите маркетинг активности.

Ајде се га да ги сублимираме фазите кои тука ги дефиниравме (повторно напоменувам, можеби некоја фаза ќе ја скокнеш, можеби нешто ќе додадеш, се зависи од твојот бизнис):

  • Не знае за твојот бизнис
  • Знае, но сеуште не е свесен
  • Знае и веќе е свесен
  • Анализира и истражува
  • Одлучува и избира
  • Купува
  • Повторува купување
  • Препорачува.

#2 Визуелизирај ја инката

Маркетинг претставува процес и тоа не смее да се заборави. Многу пати ќе се најдеш себеси како шаркаш, означуваш, обележуваш, скицираш… Се со цел да ја најдеш златната комбинација на успехот, златната комбинација или формула на најдобрите резултати.

Од друга страна како што веќе знаеш ти имаш повеќе персони на купувачи. За секоја од тие персони може да биде и различна инката, а со тоа и различни активности кои ќе ги преземаш.

Затоа е добро во оваа фаза од развојот на твојот маркетинг план да ја визуелизираш инката. Визуелизација значи да ја нацрташ или скицираш онака како што си ја осмислил.

Маркетинг инка

Вака дизајнираната и визуелизираната инка ќе претставува една од најважните алатки во твојот маркетинг процес.

#3 Стави ги бројките

Бидејќи веќе знаеш што треба да постигне маркетинг процесот, ги знаеш и идеалните купувачи и ја имаш дизајнирано инката, веќе може да започнеш со конкретни бројки. Можеби твоите досегашни анализи покажале колкав е бројот на тие идеални купувачи, знаеш колку продажби ти се потребни и во кој износ за исполнување на целите, знаеш и која комбинација на продажби и повторени продажби ќе овозможат реализација на целите. Знаеш и каква е досегашната стапка на конверзија, можеби не на вака дизајнираната инка, но ги знаеш бројките за влезот и излезот како купувачи.

Време е сите тие бројки за кои си сигурен да ги ставиш на една скица на самата инка, можеби во внатрешноста е најдобро. Внимавај, целта е излезот да обезбеди и исполнување на целите, првото прашање на кое одговори маркетинг планот.

Доколку се појават празнини, односно непознати, што е нормално едноставно направи калкулации за да ги најдеш. Сепак оваа не е сложена математика. Имаш влез познат на една фаза и влез позната на трета фаза ќе можеш со помош на равенка со една непозната да го најдеш потребниот влез во втората фаза. Играј си, пробувај со разни бројки… Тука лежат многу идеи.

Останатите наслови од серијалот за маркетинг план:

post

Дистрибуција во функција на меѓународниот маркетинг

Дистрибуција Секоја компаниија мора да обезбеди сопствените производи или услуги да бидат достапни до купувачите кога тие сакаат или кога им се потребни во доволна количина и со пропишаниот квалитет.

Од ова заклучуваме дека дистрибуцијата е активност, која се презема со цел производот или услугата да се достави до купувачите.

Каналите за дистрибуција претставуваат патишта преку кои се доставуваат производите до купувачите, односно претставуваат мрежа на дистрибутивни компании, кои во рамките на своите можности придонесуваат да се поврзат произведувачите и купувачите. При тоа се настојува доставувањето да биде брзо, сигурно и евтино за да не се зголеми крајната цена на производот или да не дојде до расипување или оштетување на производите.

За дистрибуцијата да се изврши квалитетно потребно е да се изврши квалитетно пакување и складирање, за да не дојде до оштетување на производите.

Каналите на дистрибуцијата, како елемент од маркетинг миксот, може да им помогне на менаџерите поефикасно да ја спроведат маркетинг стратегијата. Тие се важен фактор во почетната фаза на работење на компанијата во некоја земја, бидејќи влијаат врз сигурноста на продажбата, цената, промоцијата, како и врз имиџот на производот. Каналите за дистрибуција имаат големо влијание и во понатамошниот тек на работата, преку можноста за намалување на транспортните и посреднички трошоци, со цел да се влијае на крајната цена на производот или на услугата.

Во тој контекст, особено се важни следниве параметри:

  • типот на каналот,
  • бројот на посредниците и
  • транспортните можности.

Односот помеѓу производствената компанија и дистрибутивната компанија, се засновува врз взаемен интерес. Доколку производствената компанија има производ кој е баран на пазарот, тогаш повеќе дистрибутивни компании се борат за можноста да работат со таа компанија, па таа ги диктира условите за работењето, ја определува висината на маржата на дистрибутивните компании, а определува и други услови за работење. Доколку одреден дистрибутер не ги задоволи пропишаните услови за работа, тој лесно се заменува со друг дистрибутер.

Дури и одреден дистрибутер да банкротира или западне во други проблеми, тоа врз компанијата најчесто нема големо влијание, бидејќи производот е платен или е оставена банкарска гаранција или е осигуран производот или сеуште се наоѓа на продажните места, па е лесно да се наплати побарувањето.

Одредени производствени компании се одлучуваат во одредена земја да доделат ексклузивно дистрибутивно право само на една компанија. Тоа има свои предности. Компаниите се запознаваат меѓусебно, ги кординираат акциите на пазарот, дистрибутивната компанија е запозната со сите производствени процеси и тоа може јасно да го презентира на купувачите. Но, постојат и негативности. Дистрибутивната компанија може да собере одредени податоци и да се наметне како партнер. Одредени податоци може да сокрие. Може да се јави недоволно ангажирање поради доделената монополска позиција. Доколку дистрибутивната компанија западне во проблеми со работењето, на производствената компанија ќе и треба дополнително време додека го организира работењето на другата дистрибутивна компанија и ќе изгуби дел од пазарот.

Поради овие причини одредени компании подеднакво ги третират сите потенцијални дистрибутери, не форсирајќи ниеден дистрибутер. Рабатот и другите бенефиции се делат врз база на големината на нарачката, врз база на редовноста во плаќањето, како и врз база на долгогодишното соработување. Доколку постојат големи и јаки продажни синџири, тогаш производствената компанија има интерес нејзините производи да се продаваат преку тие дистрибутивни канали.

Во тој случај дистрибутерите одлучуваат со која производствена компанија ќе соработуваат и под кои услови. Бојкотирањето на производите од страна на големите продажни синџири, најчесто се фатални за малите производни компании. Проблемите помеѓу големите производни и дистрибутивни компании, поради постоење на заеднички интерес полесно се решаваат, бидејќи и двете компании се силни па во заеднички интерес е можните проблеми договорно да се решаваат.

Дистрибутерите извршуваат различни функции како што се: обезбедување, складирање, пакување, транспорт.

Трошоците за транспорт, најчесто претставуваат фактор преку кој менаџерите во производствената компанија се определуваат за одреден тип на канал за дистрибуција. Транспортните трошоци се пониски доколку може да се искористат водени површини (море, езеро, големи пловни реки), значи бродски транспорт, доколку има пристап до железничкиот транспорт или доколку држава има добро развиени мрежи од патишта. Но, и брзината на сообраќајот во сагашните услови на работење има големо влијание. Па определени производи можат да се дистрибуираат и со помош на авионски сообраќај, се со цел да бидат брзо доставени до локацијата на која се барани.

Најчесто, дистрибутивната шема оди од производствената компанија преку дистрибутерите на големо (трговци на големо) па се до дистрибутерите на мало (трговци на мало). Дистрибутивната шема оди на следниве начини:

  • Производител=> Купувач;
  • Производител=> Посредник=> Купувач;
  • Производител=> Посредник1=> Посредник2=> Купувач.

Секоја компанија треба да настојува да го намали бројот на посредниците, бидејќи тие ја зголемуваат крајната цена на производот, што не е во интерес на производната компанија. Продажбата преку големопродажните посредници има одредена предност. Производната компанија ја намалува администрацијата и брзо доаѓа до финансиски средства, бидејќи трговци веднаш плаќаат за да добијат поголем рабат (попуст).

Понатаму трговците на големо ги известуваат компаниите за желбите и барањата на купувачите, што во некои случаи за компанијата може да биде и лошо, бидејќи трговците поседуваат информации и со тоа на нив им се зголемува преговарачката моќ. Но, тоа лесно се надминува со составување на тимови кои периодично би вршеле истражување на пазарот. Најблиски дистрибутери до крајните купувачи се трговците на мало. Па, близината на продажниот објект, како и доставата на домашна адреса, придонесува за подобра продажба, како и за подобар однос со купувачите. Доколку се јават проблеми, можно е да се изведе замена на неефикасните трговци, со испорака преку пошта, телефонска продажба, испорачување на стоката на домашна адреса, интернет продажба.

Производната компанија може и самата да организира директна продажба во други земји преку свои филијали. Може да продава само свои производи, но може и заради зголемување на асортиманот да продава и производи од други компании. Во овој случај најголема корист имаат купувачите кои одбегнуват плаќање на маржа на посредниците и добиваат најевтин производ. Доколку се работи за купување на скапи производи, како и производи со големи количини, тогаш е најдобро компаниите произведувачи и купувачи да се сретнат и детално да се договорат околу условите на предстојната продажба. Тука треба голем број на прашања да се решат. Цена, плаќање, квалитет, количина, начин на испорака, сервис, гаранција и сето тоа бара сериозни преговарања.

Дистрибуцијата може да се врши и преку мрежниот маркетинг. Мулти левел системот е продажба од страна на купувачите и се одвива преку роднински и пријателски канали, каде задоволните или заинтересирани поединци за заработка одат од купувач до купувач, продавајќи им одреден производ.

Компанијата им обезбедува обука, производ, подршка во законското работење, бидејќи ниту една држава нема да ја толерира продажбата без плаќање на соодветните давачки. Секој нареден продавач влегува под чадор на одреден ментор, кој со неговото вклучување во работа добива привилегии или бодови, па заинтересираноста и ангажираноста на овие продавачи е исклучително голема.

Овие продавачи, во желба да остварат продажба, можат да бидат дури и непријатни. За вакво отпочнување не требаат големи финансиски средства. Сепак одредена транша на производи мора да се купат. Во земјите каде владеат лоши економски услови, владее голема заинтересираност на луѓето кон овој стил на продажба. На истакнати поединци може да им се понуди дури и вработување, што е голема мотивирачка сила. Некој може да започне со работење во Скопје, а поради големата подвижност на луѓето може да му се разграни мрежата за работење во странство.

Сите работи функционират војнички точно, предвиден е секој чекор и после одреден чекор следува награда, казна или прекин на соработката. Тука е многу драгоцено, тоа што продавачите се стекнуваат со големо практично и теоретско знаење и искуство, па можат понатаму и сами да се занимават со трговија, која е во голем број на случаи исплатлива.

Покрај компаниите кои сериозно работат, се јавуваат и измамници кои ја злоупотребуваат наивноста и неинформираноста на купувачите, па во оделни земји постои забрана за ваков начин на работење, а компаниите се обврзуваат да вршат продажба во продажни објекти. Тука најчесто се надоврзува и интересот на државата да има зголемена вработеност, а овие компании настојуваат да вработат што е можно помал број на луѓе. Поради што државата знае на различни начини и под различни изговори да го ограничува работењето на овие компании.

Постојат неколку стратегии за поквалитетно реализирање на дистрибуцијата.

Стратегија: Измена на каналите за дистрибуција. Тактика: Воспоставување на што подиректни канали до продавачот. Промена на дистрибутерите во одделни региони.

Стратегија: Јакнење на сервисната дејност. Тактика: Воспоставување на сервисна мрежа во целата земја.

post

Маркетинг план: Кого треба да привлечеме?

Повеќе купувачи Ќе продолжиме со прашањата на кои треба да одговори еден маркетинг план и секако воедно и дизајнирање на еден план кој ќе ја смени иднината на твојот бизнис, наречен како маркетинг план.

Бидејќи веќе знаеш што треба маркетинг процесот да постигне за твојот бизнис, веќе може да продолжиш со дизајнирање на целиот процес.

Но, прашањето е од каде да се почне?

Нема многу размислувања бидејќи едно е јасно, а тоа дека маркетинг процесот не е за тебе, не е за твојот бизнис, не е за твоите вработени, не е за твоите производи и/или услуги, туку во основа се однесува на твоите купувачи.

Една од најголемите грешки која ја имам забележано кај малите бизниси е што при градење на маркетинг процесот започнуваат од производот или услугата, од бизнисот или локацијата на бизнисот, од вработените и нивната улога во процесот… Но, тоа е погрешен пристап, особено во оваа фаза на дизајнирање на твоите маркетинг процеси. Сето тоа ќе следува подоцна, бидејќи и најдобриот производ или услуга, и најдобриот бизнис и локација и најдобрите вработени со најдобра мрежа на пријатели нема да ги дадат посакуваните резултати доколку не се дизајнирани врз база на купувачот, односно твојот идеален купувач.

Па, затоа и второто прашање е кого треба да привлечеме со маркетингот?

Можеби одговорот се чини лесен бидејќи веднаш те наведува дека тоа се купувачите. Но, прашањето е кои се твои купувачи, или поточно кои се твоите идеални купувачи?

#1 Кои се твоите идеални купувачи?

Застани за момент и обиди се одговориш на оваа прашање.

Многу пати кога разговарам со претприемачите, одговорот е целосно промашување. Зошто?

Затоа што постои мислење дека сите можат да бидат потенцијални купувачи и колку повеќе сегменти опфатиш, повеќе можности за бизнисот. Но, токму тоа мислење доведува до големи проблеми. Не можат сите ниту да се привлечат, ниту да се задоволат.

Можеби ќе имаш успех, но ќе ти треба буџет како на големите корпорации.

Како сопственик на мал бизнис најпродуктивен начин е твојот фокус да биде кон еден прецизно дефиниран сегмент кој има потенцијал да обезбеди исполнување на поставените цели.

Во насловот Како да го привлечеш твојот идеален купувач поттикнавме при дефинирање на твојот идеален купувач да започнеш со размислување за следново:

  • Тие се дел од твојот целен пазар.
  • Тие имаат потреби за твоите производи и услуги.
  • Тие треба да имаат проблеми кои твојот бизнис ги решава.
  • Тие треба да имаат страсна желба за да ги решат тие проблеми.
  • Тие мора да бараат можни решенија за нивните проблеми.

Овие размислувања веќе ќе ти овозможат да добиеш еден основен опис на твојот идеален купувач кој всушност ќе треба да го привлечеш за твојот бизнис со твоите маркетинг процеси.

#2 Но, потребно е подлабоко дообјаснување

Иако веќе го знаеш твојот целен пазар, потребите на идеалните купувачи од тој целен пазар и секако проблеми и желба на решавање соодветни за твојот бизнис, сепак за да успееш да подготвиш маркетинг план кој ќе даде резултати ќе ти требаат уште карактеристики за да го опишеш твојот идеален купувач.

Разгледај ги овие прашања кои може да ти послужат како идеја:

  • Какви проблеми има мојот идеален купувач, не само проблемите кои мојот бизнис ги решава?
  • Колкав приход има мојот идеален купувач?
  • Каде се движи и кои се навиките на мојот идеален купувач?
  • Што најмногу ги иритира?
  • Кои им се најголемите фрустрации?
  • Каков им е еден просечен работен ден?
  • Кои позиции ги имаат на нивните работни места?
  • Дали е маж или жена?
  • Која е возраста на мојот идеален купувач?
  • Од каде е мојот идеален купувач?
  • Дали е политички активен и кои му се размислувањата на мојот идеален купувач?
  • Какви коли возат моите идеални купувачи?
  • Со кого живеат моите идеални купувачи?
  • Што сакаат да читаат, да гледаат, да јадат…?

Ова се само како идеи на кои треба да се насочиш, врз основа на твојот бизнис и уникатноста на твојот бизнис понекогаш ќе можеш да дојдеш и до стотина вакви прашања. Колку подлабоко одиш во описот на твојот идеален купувач толку повеќе ќе може маркетинг планот повеќе да му помогне на твојот бизнис.

#3 Можеш ли да дефинираш неколку персони на твоите идеални купувачи?

Сега кога веќе имаш доста информации за идеалните купувачи за твојот бизнис ќе можеш да изградиш неколку персони. Што значи тоа?

Едноставно низ приказна ја опишуваш личноста која е идеален купувач за твојот бизнис и неговиот секојдневен живот.

Некои експерти дури препорачуваат да се оди и со именување на тие неколку персони кои всушност ќе бидат клучни за твојот бизнис. Кога им дадеш име, лесно ќе можеш да ја визуелизираш твојата маркетинг инка што всушност претставува следното прашање.

Мора да напоменам дека резултатот од овој чекор ќе бидат дефинирани неколку персони како твои идеални купувачи. На пример, различни работни места иако станува збор за ист производ или услуга доведува до различно однесување на тој идеален купувач. Ти ќе треба да дизајнираш активности кои ќе бидат различни за тие две персони.

Останатите наслови од серијалот за маркетинг план:

post

Ценовни стратегии за меѓународен пазар

Купување на постоечки бизнис Кога станува збор за меѓународен маркетинг во изминатите неколку недели пишувавме доста. Во вчерашниот наслов зборувавме за формирање на цени, некои погледи и пристапи кога станува збор за настап на меѓународен пазар.

Тука би сакал да продолжиме со некои ценовни стратегии кои би можеле да се применат.

Постојат неколку ценовни стратегии:

Стратегија на собирање “кајмак”

Под оваа стратегија се подразбира влегување на пазар со висока цена, што подразбира и собирање на големи профити. Кога конкуренцијата ќе влезе на пазарот или кога пазарот ќе се засити, цените се движат надолу.

Пример: Со воведување на мобилни телефони во Република Македонија, цената на картицата и телефонот беа, за денешни услови, енормно големи и изнесуваа дури и неколку илјади евра. Компаниите кои ја контролираа ова продажба, ги намалуваа цените повеќепати, па сега одредени типови на мобилни како и картички со броеви, можат да се добијат дури и бесплатно.

Овој тип на ценовна стратегија може да ја примени компанијата која е лидер на одреден пазар или која има монополска позиција. Меѓутоа, долгото држење на оваа стратегија не е добро, бидејќи ова стратегија претставува повик за конкуренцијата да го нападне тој пазар.

Тактика: Формирање на цена 70% над нивото на досегашните производи. Продажбата да се базира на рекламата за “револуционарен” дизајн и “карактеристика” на производот. Намалување на цената кога обемот на продажба ќе почне да се намалува, за да се спречи влегување на конкуренти.

Стратегија на премиум цени

Некои производи се продаваат по високи цени бидејќи се многу квалитетни или бидејќи е тоа производ на некоја компанија со голема репутација.

Оваа стратегија во голема мерка има заеднички елементи како претходната стратегија.

Стратегија на ценовни лидери

Оваа стратегија е слична на претходните две стратегии, а нејзина суштина претставува тоа што пазарните лидери се во позиција да можат да ја диктираат висината на цените, а останатите компании ги приспособуваат своите цени спрема цените поставени од страна на ценовните лидери.

Стратегија на пазарна пенетрација

За да освои некој пазар, компанијата може да користи намалени или дампинг цени. Тоа се цени кои се пониски од производните трошоци, со што ги мотивира купувачите на зголемено купување на одреден производ, со што се зголемува прометот и пазарното учество.

Компаниите одат со пониски цени за да се ослободат од неквалитетни производи, да се решат од демодирани производи, да пенетрираат во определениот пазар и да добијат за возврат стратешки енергенси, да ја истиснат конкуренцијата, а потоа да ги надоместат можните загуби. Пракса е во голем број на земји, на дампинг цените да се плаќа дополнителна царина.

Тактика: Поставување на пониска цена за нови производи, со цел да се одврати конкуренцијата од навлегување на одреден пазар. Зголемувањето на продажбата од ниво на кое производот станува профитабилен според дадената цена.

Стратегија на диференцирани цени

Оваа стратегија се користи често и подразбира промена на цените и условите на продажба на одделни производи на различни пазарни сегменти. Секогаш се селектираат производите кои одат на пробирливиот западноевропски пазар, за разлика од производите кои одат во земјите на бившиот источен блок.

Тактика: Намалување на цените на производите. Користење на разни ценовници за различен пазар. Поставување на цените за 10 % пониски од конкурентскиот лидер на пазарот. Редуцирање на цената на производот, со цел максимализација на продажбата.

Стратегија на дисконтна политика

Дисконтна политика значи политика за купување на попуст. Не е исто кога некој ќе купи едно парче и илјада парчиња. Сите купувачи немаат иста тежина. Погледни RFM анализа за сегментација на купувачи.

Тактика: Понуда на попуст за големи купувања. Одобрување на попуст за идната година, врз база на обемот на купување во тековната година.

Стратегија на формирање цени врз база на групирање според BCG матрицата

BCG матрица

Ако производот се наоѓа во групата наречена “крава за молзење” со големо пазарно учество, би било нелогично да се симнуваат цените за да се постигне зголемување на пазарното учество. Тогаш е подобро да се држат цените на повисоко ниво и тоа да трае што е можно подолг временски период, за да се обезбеди профит за финансирање на новите производи. Ако производот се наоѓа на брзорастечкиот пазар или “прашалници” со релативно мало пазарно учество, тогаш е пожелно да се изведе пазарно пенетрирање, односно свесно намалување на цените за да се освои поголем пазар. Ако се работи за производ “ѕвезда” со релативно големо пазарно учество, односно ако е тоа лидер во одредено подрачје треба да се води политика на ’собирање на кајмак’ се додека е тоа можно.

post

Маркетинг – Каде да се насочиме – еден експеримент

Повторно сме во темата на маркетингот. Минатата недела најавив во постот Маркетинг план и прашања на кои треба да одговори дека во следен период ќе работиме на еден пристап во однос на маркетингот кој целосно ќе го смени начинот на кој размислувате или го практицирате маркетингот, пристап базиран на науката и практиката, не на интуиција.

Допрва ќе развиваме начини и модели кои можете да ги користите за вашиот мал бизнис. Она што тука ќе го презентирам е еден реален случај како може нешто да се мери и врз база на експериментални набљудувања и анализи да се донесе одлука со која ќе ја зголемиме и ефективноста и ефикасноста како на самата маркетинг кампања (тактика), така и на нашите напори.

Прво нешто морам да напоменам. Маркетинг е процес. Маркетинг е еден подсистем во твојот бизнис кој има големо влијание на резултатите на твојот бизнис. Но, маркетинг е нешто што значи експериментирање, пробување, прилагодување, подобрување… Тоа се активности на маркетинг и тоа ќе го презентираме преку следниов пример.

Во табелата се дадени резултати од десетдневно експериментирање со една landing (целна) страна на клиент. Резултатите и ознаките се променети од оној реалниот експеримент.

Маркетинг експеримент

Што значи оваа табела? Преку  Google Adwords и Facebook кампањи се праќаа посети до една целна страна. За целите на оваа презентација, малку е поедноставена табелата бидејќи не содржи варијации на кампањи на Google Adwords и Facebook. Но, колоната кампања ги претставува променливите од кампањите на дневна основа. Останатите варијабли кои ги меревме се:

  • Наслов на целната страна со 3 варијации покажани како 1, 2 и 3.
  • Повик за акција на целната страна со 3 варијации покажани како 1,2 и 3.
  • Форма за пополнување во две варијации. Целта на целната страна е да се пополни формата.
  • Копче со две варијации во однос на бојата.

Последните 3 колони се резултатите кои се постигнати во поглед на:

  • Број на посети, односно колку посетители генерирале кампањите,
  • Број на пополнувања на формата, односно колку посетители ја пополниле формата и
  • Конверзија која претставува процентуално пополнување во однос на број на посети.

И добро, што можам да видам од оваа табела. Ништо само да претпоставувам. На пример, кампања број 1 генерира и 1000 и 600 посети при што има и 20% конверзија, но има и 8% конверзија. Претпоставките и интуицијата може да доведат до големи грешки.

Затоа мојата цел беше да утврдам на некој начин што е она што најмногу влијае на конверзијата. Бидејќи оваа маркетинг тактика претставува подпроцес на маркетинг процесот (може да користите и терминологија како систем и подсистем) и има влез во вид на варијабли (променливи) и има резултат како излез и секако знаеме што е добар, а што лош резултат можеме да мериме што сакаме. (Ова што тука го прикажувам е еден вид на Lean принцип во маркетингот и може да се примени за секој систем. Затоа и секогаш повторувам, гради системи во твојот мал бизнис.)

Се сеќавате ли кога кажав во гореспонеатиот пост Маркетинг план и прашања на кои треба да одговори дека:

Кога имам функција (y = f(x)), имам математички методи и техники, ќе можам лесно да го анализирам и подобрувам процесот. Финтата е секогаш да го зголемувам излезниот резултат (y) со комбинација на активностите во процесот (x).

Затоа и во овој експеримент ја користев оваа функција и спроведов корелациона анализа со помош на Pearson-ов коефициент на корелација. Резултатите се прикажани на следнава табела:

Корелација од експеримент во маркетинг

Значи прашањето кое си го поставив е да најдам цврста врска на високо влијание на променливи врз конверзијата. Забележувате дека најголема корелација 0,907 има пополнета форма и конверзија. Ова всушност треба да биде 1, но поради заокружување на децимали се јавува ваков резултат.

Втората највисока корелација постои кај повик за акција. Ова значи дека повикот за акција има најголемо влијание врз конверзијата. Третата влијателна варијабла е копчето, кое исто така има одредено влијание врз конверзијата.

Што значат овие сознанија? Сакаме повеќе конверзија со помалку пари. Еден начин на зголемување на конверзија е зголемување на буџетот за кампањите. Тоа значи повеќе посети, повеќе конверзии. Но, со оваа знаење дека повикот за акција и копчето може да доведат до значителни подобрувања на конверзијата можеме да се насочиме целосно кон нивното подобрување, а со тоа и подобрување на конверзијата, без дополнително зголемување на буџетот. Нема да губиме време во останатите променливи, нив можеме да ги стандардизираме, а нашиот фокус ќе биде на двете најважни кои при 80/20 правило значат дека ќе донесат 80% подобрување.

Тука имаме уште еден показател. Имаме позитивна корелација, што значи како што одиме од повик за акција 1 кон 3 се зголемува конверзијата. Значи дека 2 е подобра од 1 и 3 е подобра од 2. Можеме да ги анализираме содржините и да донесеме одлука на тоа што во нивната содржина влијае на таква одлука на посетителот. Ова е непроценливо знаење за тебе како еден претприемач.

Ова е само еден начин на мерење и донесување на заклучоци врз основа на анализи, експериментирање и мерење што може да ти заштеди многу пари.

post

Формирање на цени за меѓународниот пазар

Грешки при определување на цени Формирањето на содветна цена на производот или услугата е една од најтешките одлуки во бизнисот. Определувањето и следењето на цените на производите или услугите е жива материја, бидејќи за цените мора секојдневно да се води сметка. Тоа има директно влијание на јакнењето или слабеењето на мотивацијата кај купувачите, одредени потреби да ги задоволат со купување на одреден производ или да користат одредени услуги.

Оние што имаат пари штедат време и не гледаат многу на цените, додека оние што имат помалку пари имаат повеќе време, па шетаат и се распрашуваат за цените и тоа искуство го пренесуваат на роднините и пријателите.

Ценовните цели можат да бидат:

  • постигнување определен паричен износ со продажбата, односно остварување на профит;
  • освојување нов пазар;
  • постигнување на одредено ниво на продажбата и слично.

Заедно со цените мора да се анализираат и другите релевантни фактори кои влијаат врз цените, како што се:

  • трошоците на работењето;
  • цените кај конкуренцијата;
  • висината на профитот;
  • влијанието на побарувачката;
  • впечатокот (некои купувачи сакат да купуваат скапа стока);
  • евентуалните попусти;
  • промотивната продажба и слично.

Со промена на цените се реагира во случај на економските пореметувања како што се ефекти од светска економска криза, а може да се реагира и на акциите на конкурентите. Доколку конкуренцијата со одредени активности (подобрување на квалитетот, дизајнот, промената на локацијата) ја подобри продажбата, тогаш како контрамерка матичната компанија може да парира со намалување на сопствените цени. Некогаш и купувачите поради свои причини, без влијание од страна на конкуренцијата, одбегнуват купување на производот.

Пример: Поради намалените финансиски средства. Во тој случај компанијата може да влијае на побарувањето на производот преку намалување на продажната цена. Манипулацијата со цените може да се одвива во насока на промена на цените и условите на продажба за одделни групи производи, за одделни сегменти од пазарот, можност за кредитирање на потрошувачите, политика на пенетрација, дисконтна политика и слично.

Формирање на цена

Некогаш поради јаката конкуренција или поради слабата платежна моќ на купувачите во определени земји, при формирање на цените, се оди од горниот лимит.

Пример: Доколку повеќе конкуренти ја определат крајната цена на ист производ да биде 10.000 евра, тогаш и матичната компанија мора да оди со таа цена. Од таа цена се одзимаат комплетните трошоци, а паричните средства што ќе останат претставуват профит. Врз база на оваа анализа, компанијата понатаму одлучува дали има интерес да влегува во тоа производство, бидејќи до поголемиот профит може да дојде исклучително преку намалување на трошоците.

Цена-Трошоци = Профит

Постои и друг пристап, каде прво се поаѓа од определување на комплетните трошоци за производство, на тој износ се додава посакуваниот профит и се доаѓа до дефинитивна цена. Во овој случај со крајната цена може да се манипулира на два начина. Прв начин е доколку компанијата успее да ги намали трошоците и втор кој е и полесен, преку зголемување или намалување на висина на профитот.

Трошоци + Профит = Цена

Доколку се оди на мал профит, тогаш како цел се поставува остварување на масовна продажба и големо пенетрирање на пазарот.

Еден од впечатливите сегашни примери на формирање на цените на тој начин се Кинезите, кои одат со милионски серии. Доколку за 5 милиона произведени парчиња се оди со заработката од само едно евро, тоа е одлична заработка. Производот брзо ќе се продаде, бидејќи е евтин, не се создаваат залихи преку кои би се врзувале дополнителни финансиски средства, побарувањата брзо се наплаќат, па профитот може брзо да се насочи за други потреби, што дополнително создава позитивен ефект.

Втора опција е одење на оптимален профит, кој по наша препорака би изнесувал околу 30 % во однос на трошоците.

Трета опција би била одење на максималистички профит. Оваа опција е можна доколку компанијата поседува квалитетен производ, редок производ, јака марка на производ или слични параметри, па за купувачите не претставува проблем да издвојат поголем паричен износ.