Бидете секогаш најиновативни! Алатки, екниги и видео презентации само за најхрабрите!

post

Теорија на бизнис идеи – Финализација на бизнис модел – 3

Вчера во теорија на бизнис идеи – финализација на бизнис модел 2 додадовме уште неколку елементи во нашите драфт верзии на бзинис модели кои ги тестираме за да го изградиме бизнисот од соништата.

Тоа беа приходи и трошоци изразени во бројки и профитот кој произлегува од нив. Многу е важно бизнис моделот да биде профитабилен, бидејќи тоа и му е улогата да обезбеди успешен бизнис кој ќе создава профит.

Сега, овие бизнис модели сеуште се драфт верзии и сеуште базирани на наши претпоставки и наши анализи направени внатре во канцеларија. Но, она што е важно, иако серијалов на претприемач трае веќе три месеци со еден месец и повеќе пауза, е дека сето ова што досега го направивме се изведува во неколку дена. Овој серијал не е подготвен претходна година како би се објавил одеднаш туку дел по дел се креира и објавува на претприемач.

Да сублимираме пред оваа дополнителна финализација:

  • Имаме повеќе бизнис модели со различни сегменти и различни елементи во самиот бизнис модел.
  • Знаеме кој има потенцијал да донесе најмногу приходи и секако профит.
  • Знаеме кои бизнис модели не се надежни, односно онака како што се проектирани во моментов нема да донесат профит за бизнисот.

Прво што ќе треба да направиме е да ги разгледаме бизнис моделите кои во моментов не се прифатливи и да започнеме со нивно прилагодување, доколку сметаме дека може да одиграат важна улога. Еве ги претпоставките на кои треба да обрнете внимание:

  • Дали за тој сегмент се навистина потребни сите тие карактеристики?
  • Дали ни се потребни навистина сите тие ресурси?
  • Дали ни се потребни сите тие карактеристики?
  • Дали треба да направиме некој вид на прилагодување на сегментот преку насочување на нашиот фокус на една ниша од тој сегмент која ќе биде профитабилна?
  • Дали имаме грешки во поставување ан хипотезите дека постои проблем на пазарот токму за тој дефиниран сегмент?

Одговорот на овие прашања може драстично да го смени изгледот на самиот бизнис модел, па дури и од непрофитабилен да го направи профитабилен. Доколку успееш на ваков начин да го редизајнираш бизнис моделот и да го направиш профитабилен, треба да знаеш дека тој нов бизнис модел има:

  • Редефиниран проблем, а со тоа и можно решение и карактеристики на решението.
  • Редефинирани сегменти, а со тоа и нови хипотези за доволно критична маса.
  • Редефинирани извори на приходи, а со тоа и редефинирани стратегии за цени кои треба да се тестираат.
  • Редефинирани трошоци и претпоставки за појава на тие трошоци.

Значи во овој момент доаѓаш до 5-10 бизнис модели за различни сегменти, со различни карактеристики на решенија, со различни извори на приходи и ценовни стратегии и со различни трошочни структури. И сето ова е ОК, доколку и реалноста е таква. Но, сепак уште се се базира на наши претпоставки поткрепени со одредени наши анализи. И тоа е нешто, сепак повеќе од ништо.

Пред да започнеме со тестирање надвор од канцеларијата би додал уште една измена на бизнис моделот и тоа во однос на сегментите бидејќи тие ни се основата. Таа измена се однесува на втората хипотеза: се бара решение за проблемот, или нивото на болка за купувачот. Тоа е желбата за решение, нивото на барање на решение, нивото на потреба од решение…

И повторно, одиме со наши претпоставки поткрепени со некои иницијални анализи на пазарот кои доаѓаат преку одредени знаци и сигнали кои ги препознаваме. Начинот на кој ќе го означам ова ниво на болка или оваа хипотеза е со боја на самите сегменти во бизнис моделот. На пример, црвена боја има најголема потреба, портокалова умерена, додека жолта најмала потреба. Целта е нашиот фокус во старт да биде сегментот со најголема потреба. Така да сега нашиот бизнис модел ќе изгледа како на сликата подолу.

Развој на бизнис модел

Сега веќе сме подготвени, остануваат уште неколку одлуки пред да започнеме со практично тестирање надвор од канцеларија за кои ќе продолжиме во другите наслови. Важно е дека ти веќе:

  • Имаш креирано 5-10 бизнис модели
  • Знаеш колкава е потребата или болката на секој сегмент и
  • Имаш бизнис модели кои се профитабилни врз основа на твои лични претпоставки и анализи на знаци од надвор.
post

Маркетинг стимулации на меѓународниот пазар

Маркетинг Компанијата треба да го анализира побарувањето на производот/услугата на домашниот и странскиот пазар, за да се утврди на колкава побарувачка треба да се смета во одреден временски период. За таа цел се проверуваат податоци за неколку години порано, за приближно да може да се предвиди порачката.

Врз база на тоа се прават планови за продажба, а врз база на тие планови се создаваат ориентири, преку кои може да се набљудува продажбата, односно порачката на производите.

Вистинската побарувачка на производите може да биде мала, преголема или во рамките на очекуваното. Со оглед на овие показатели се приспособува работењето на компанијата. Односно, компанијата го намалува, зголемува или држи на исто ниво производството. Доколку побарувањето е поголемо, акцент се става на зголемување на производството. Односно се врши обезбедување на доволен број на производи за заинтересираните купувачи. Доколку побарувачката е помала, тогаш акцентот во работењето се става на маркетинг акциите со кои би се стимулирало побарување на производите. Доколку поради одредени причини тие акции не вродат со плод, тогаш како прв чекор следува намалување па дури и стопирање на вкупното производство, за да не се зголемуваат губитоците. Доколку побарувањето е во рамки на предвиденото, тогаш се продолжува континуитетот на активностите, бидејќи менаџерскиот врв извршил квалитетно планирање.

Негативното побарување се јавува доколку се продаваат производите кои не се барани за одредени подрачја. Пример: Опрема за зимско скијање да се продава на море. Секако дека и таму би се нашол по некој купувач, но тој број не би бил доволен за профитабилно работење. Негативно побарување се јавува и доколку купувачите не се запознати со можностите што ги нуди производот. Доколку е помала побарувачката на производите од планираното ниво, тогаш треба маркетингот да открие дали производот ќе се купува доколку се редизајнира, доколку се намалат цените или се подобри рекламата. На тој начин негативното побарување се преобразува во позитивно побарување.

Менаџерите задолжени за маркетинг се оспособени да го стимулираат побарувањето на производите што ги произведува компанијата, односно треба да пронајдат купувачи за постоечките производи. Заради тоа, задачата на менаџерите е да го објаснат значењето на производот, со што би извршиле стимулирање на продажбата. Поради овие стимулации, компаниите често се наоѓат на удар на јавната критика. Компаниите се бранат со објаснување дека тие не создаваат непостоечки потреби, туку дека потребите постојат и дека тие само таквите потреби ги активираат.

Компаниите преку рекламата психолошки дејствува на купувачите да го купуваат одредениот производ, па најчесто купувачите не се ни свесни дека се изманипулирани, туку мислат дека тоа е нивна сопствена одлука. Пример: Доколку на ТВ или радио се слуша одредена музика која оди со рекламираниот производ, а купувачот се најде во продажен објект и ја слушне музиката, веднаш ќе се асоцира на одредениот производ и во голем број на случаи и ќе го купи.

Голем број на купувачи често не се ни свесни за суптилните маркетинг пораки, преку кои се наведени да купат одредени производи или да користат одредена услуга, туку мислат дека самите одлучиле да извршат купување. Маркетинг експертите користат значајни маркетинг стимулатори како: музика, боја, дизајн, вкус, мирис, пакување… Нудат дополнителни сатисфакции на редовни или потенционални купувачи. Доколку купувачот го повтори купувањето, тогаш тој заслужува “награда”. Пример: Купи пет добиваш едно гратис; купи масло за кола-замена гратис; нудење на одложено плаќање и слично, се со цел да се придобијат купувачите.

На купувачите може да им се постават и излезни бариери, доколку им се продадат производи кои не се со стандардни димензии и кои тешко можат да се најдат кај конкуренцијата. Пример: полначите кај мобилните телефони не можат да се комбинират за секој телефон, додека каблите кај компјутерите можат да се комбинираат. За да го сокријат овој трик, компаниите во договорот можат да гарантираат дека ќе обезбедат во наредните неколку години делови за одреден производ, но сепак тој производ може да се купи само кај нивните представници.

Некогаш стимулирањето на купувачите се врши преку наградување, врз база на вредноста на купената стока, а некогаш врз база на фрекфенцијата на купување. Често се користи кредитна политика, како стимулирачки фактор за подобрување на продажбата. Некои производи можат да се продадат само доколку се кредитираат купувачите.

Кредитирањето се врши најчесто при купување на поскапи предмети. Тоа е најчест случај при купување на капитални производи како: производствени машини, багер, камион, комбајн.

Цел на секоја кредитна политика е да се зголеми побарувачката, а при тоа да се обезбеди сигурна наплата на побарувањата. При кредитирањето се води сметка за ниво на врзување на финансиските средства, како и за ризикот при наплата, односно дали навремено и целосно ќе биде наплатен побаруваниот износ, бидејќи со тие пари потребно е да се платат пристигнатите обврски кои ги има компанијата, спрема своите доверители. Во пракса, за купувачите постојат добри и лоши кредити.

Добри кредити се оние со помала кредитна стапка, но тоа и не е толку пресудно, бидејќи условите на кредитирањето се определуваат од страна на банките, па компаниите немаат големо влијание врз кредитот.

Доколку се земе кредит за да се купи машина со која понатаму ќе се заработува, тоа е добар кредит. Доколку се земе кредит за производите кои не се неопходни, а се немаат реални приходи за покривање на тие издатоци, таквото кредитирање, односно задолжување на купувачите, е негативно.

Заради ваквите купувања често се обвинуваат компаниите кои со маркетинг акциите стимулираат вакви, помалку потребни купувања. Тоа се работи под парола “купи сега, плати подоцна”, “мала рата лесна отплата”.

Покрај добрите страни, кедитирањето има и негативности, бидејќи се врзуваат финансиски средства, па најчесто компаниите за тоа наплаќаат камати. Некаде не се наплаќаат камати, што е најчесто врзано за односот на конкуренцијата, но зависи и од стабилноста на финансискиот пазар. Некогаш пресметувањето на каматите, компаниите суптилно го кријат. За да ги заштитат своите средства, компаниите најчесто им нудат можност на купувачите да извршат купување по една цена, доколку веднаш платат, а друга поголема цена, за одложено плаќање. При одобрување на продажбата преку кредит, мора да се води сметка и за законските ограничувања, кои ги наметнуваат државните органи, врзани за условите на кредитирање. Треба да се испитаат и можностите како купувачите полесно да дојдат до потрошувачките кредити кои ги одобруваат банки.

Платежните картички овозможуваат плаќање во земјата и во странство. Банките издаваат кредитни картички, па гарантираат наплата на долгот, што за компанијата претставува поволна можност и намалување на ризикот.

Давањето стока на почек, е вид на кредитирање. Во некои продавници постојат тетратки во кои се евидентирани сите набавки од одредени купувачи и тие еднаш месечно плаќат. Доколку купувачот е склон кон шпекулации, ова стратегија може да биде лоша. Кога ќе се соочи со плаќање, купувачот може да се префрли кај конкуренцијата, за да го избегне или одложи плаќањето.

Со цел да се зголеми продажбата, на купувачите може да им се одобри бесплатен превоз за купените производи. Зголемена побарувачка може да се оствари и со намалување на даноците и таксите, бидејќи тогаш на луѓето им остануват поголеми средства на располагање. Но овие поволности се во надлежност на државата, па на нив компанијата помалку може да влијае.

post

Теорија на бизнис идеи – Финализација на бизнис модел – 2

Вчера дојдовме до бизнис модел кој ја содржеше и големината на секој сегмент, односно тоа е третата хипотеза за доволно голема критична маса која ќе има потреба од нашето решение.

Она што ќе треба сега да го направиме е да навлеземе малку во бројки, односно она што се нарекува предвидување на приходи и трошоци за да видиме дали нашите иницијални бројки кажуваат дека постои надежен бизнис модел. Надежен бизнис модел е оној кој носи профит за бизнисот. Доколку тие бројки покажат загуба, односно не генрираат профит ќе треба да се вратите назад во редефинирање на сегментите, проверка на хипотезите и редизајн на бизнис моделот. Можеби промени во однос на ресурсите или активности кои генерираат трошоци, можеби промена во сегментите преку насочување на сегмент со поголем потенцијал преку редефинирање на карактеристиките итн.

Уште една напомена која морам да ја кажам е дека, вие може да имате повеќе од еден бизнис модел за што зборувавме вчера. На пример, посебни карактеристики за посебен сегмент, со посебни извори на приходи и ценовни стратегии, како и активности, односи, канали и се она што го формира еден бизнис модел.

Целта е да дојдете до оној најнадежниот, вреден за понатамошни тестирања и докажувања.

Сега нашиот бизнис модел ќе биде дополнет со уште три нови елементи:

  • Приходи. Бидејќи веќе ги имате дефинирано изворите на приходи, како и големината на сегментите лесно ќе можете да дојдете до дизајн на приходи во бројки. На пример, ако имате сегмент со големина од 100.000 купувачи и вашата претпоставка (нова хипотеза) е дека ќе имате учество на пазарот на тој сегмент од 10% вие ќе имате 10.000 купувачи за твојот бизнис. Доколку тие купуваат по еден производ за цена од 100 денари ќе генерирате приход од 1.000.000 денари.
  • Трошоци. Бидејќи веќе ги имате дефинирано клучните ресурси, како и активностите кои ќе бидат главен извор на трошоци за бизнисот лесно можете да дојдете до трошоците кои ќе ги генерира бизнисот врз основа на овој бизнис модел. На пример, имате фиксни трошоци од 400.000 денари годишно, и варијабилни трошоци на продажбата во претпоставените приходи погоре во износ од 500.000 денари вкупните трошоци ќе бидат 900.000 денари за да генерирате приход од 1.000.000 денари.
  • Профит. Ова е веќе главната оценка или показател на успешноста на еден бизнис модел. Ние сакаме да генерираме профит. На пример, од претходните приходи и трошоци ќе генерираме профит во износ од 100.000 денари. Доколку овој број е позитивен и поголем тоа значи дека бизнис моделот е подобар.

На сликата е прикажан овој бизнис модел како пример во кој се вклучени и приходи и трошоци.

Развој на бизнис модел

На примерот презентиран во бизнис моделот профитот е 768.000 денари.

Неколку напомени:

  • Во оваа фаза за развој на бизнис идејата и бизнис моделот може да имате 5-10 посебни бизнис модели
  • Сеуште користите претпоставки, ова не се докази. Не ги земајте здраво за готово овие претпоставки бидејќи сеуште не се потврдени. Ние само правиме анализа за да дојдеме до бизнис модел кој вреди да се продолжи со тестирање заради потврдување на претпоставките.
  • При самиот дизјан на оваа драфт верзија ќе дојдат повеќе идеи за подобрување на бизнис моделот кои е добро веднаш да ги инкорпорирате во истиот.
post

Промотивна продажба

Маркетинг пред започнување Промотивната продажба се дефинира како промоција, која подразбира моментално поттикнување на купувачите за купување на одреден производ (услуга).

За разлика од рекламирањето, каде ефектот може да биде подолгорочен, промотивната продажба е пред се тактички инструмент, преку кој најчесто се продават новите производи, но секако дека има и рекламен карактер. Промотивната продажба е директно насочена кон купувачите и има за цел директно да се контактира со купувачите (преку рекламна пошта, рекламни медиуми, бесплатни примероци, поклони, купони за попусти), со цел да се увиди нивното мислење и став спрема производот и спрема компанијата, но истовремено се настојува и тој производ да се промовира и прикаже во најдобро светло, за да се продаде.

Во меѓународните услови на работењето, често се наметнува потреба промоцијата да ја врши промотер кој доаѓа од друга држава.

Секако дека тие промотери добро го познават англискиот јазик, но најчесто не ги познаваат локалните јазици што некогаш може да претставува проблем во комуникацијата. Во тој случај организаторот на промотивната продажба мора да обезбеди човек, кој ќе биде врска помеѓу англискиот и локалниот јазик. Но, не е доволно само познавање на јазиците, тие личности мора да поседуват и технички знаења, но и преговарачки знаења, за да може промотивната продажба да се реализира.

Промотивната продажба најчесто се организира таму каде што има голем број на потенцијални купувачи. Потребно е купувачите да се поттикнуваат да ги пробаат производите, за да се уверат во нивниот квалитет и да ги купат во поголеми количини. Промотивната продажба може да биде насочена кон целен пазар, односно кон поединец, група, но и кон одделни канали на дистрибуција на производот како што се трговијата на големо и трговијата на мало.

Доколку дистрибутерот е голем и значаен, тогаш презентацијата може да се организира само за него, но во некои случаи може да се организира промоција и пред повеќе дистрибутери, што на некој начин би ја поттикнала конкуренцијата меѓу нив и би се направил обид да се создаде мислење дека претставува престиж купувањето на производот на таа компанија.

Преку промоцијата, трговците се стимулираат да купуваат (за понатамошната продажба) одреден производ, а бидејќи се запознаени со квалитетот кој го поседува производот или пак го виделе начинот на производството, кое се одвива на квалитетен начин, не се сомневаат дека при користење на тој производ може да дојде до несакани дефекти. Со тоа го потврдуваат мислење дека купувачите ќе бидат задоволни и ќе има побарувања за тој производ.

Промоцијата во продавниците има за цел да се комуницира со купувачите при купувањето на одреден производ во реално опкружување. Најчесто се определува место во продажниот простор, каде што се врши промоцијата на новите или подобрените производи.

Доколку се рекламираат пијалоци или храна, најчесто се овозможува дегустирање на истите, со што купувачите би се увериле за квалитетот на производите. Доколку се промовира нов автомобил, тогаш би им се дозволило на заинтересираните, во присуство на промотерите, да извршат пробно возење. Доколку се рекламират одредени машини, тогаш се презентираат техничките карактеристики и можности на тие машини. Доколку машините се големи, промоцијата може да се организира и во самата компанија, каде би се повикале потенцијалните купувачи и би се организирала промоцијата.

Саемските манифестации, изложби и слични случувања се погодни за вршење на промотивна продажба, бидејќи тоа се места на кои се собираат голем број на луѓе. Колку бројот на луѓе е поголем, поголем е и ефектот од промоцијата, но и од продажбата. На купувачите најчесто им се нудат специјални попусти, доколку го купат одредениот производ, додека трае манифестацијата, што за купувачите претставува дополнителна стимулација. При тоа треба да се организира и паралелно течење на рекламните пораки преку различни медиуми, за кои се смета дека ќе постигнат најдобар ефект. Врз база на изнесеното, заклучуваме дека промотивната продажба има двоен ефект. Како прво се врши промоција на производите и на компанијата, но не се останува само на тоа, туку се врши и продажба, што е крајна цел на секое производство, производот да се продаде.

post

Теорија на бизнис идеи – Финализација на бизнис модел – 1

Вчера дојдовме до една финална драфт верзија на твојот бизнис модел. Но, оваа верзија не е за започнување, таа треба да послужи како основа за тестирање на хипотезите, оние основните и секако да генерира нови хипотези кои ќе бидат од значење за нормално функционирање на бизнис моделот.

Веќе ги имаш сите елементи склопени на една страна во вид на еден бизнис модел. Нашата цел е колку што можеме побргу да дојдеме до прифатлив бизнис модел кој ќе гарантира успешност на бизнисот кој ќе го започнеме. Затоа уште пред да излеземе надвор и да тестираме ќе бидат потребни уште подготовки или промени во самиот бизнис модел.

Еве го бизнис моделот кој го изработивме вчера.

Развој на бизнис модел

Забележуваме дека имаме повеќе дефинирани сегменти како и потенцијални сегменти за во иднина. Сите тие сегменти имаат различни демографски и психографски карактеристики. Ова значи еден проблем при тестирање на нашиот бизнис модел бидејќи не можеме со една стандардна подготовка да излеземе надвор и да започнеме со интервјуирање на тие сегменти. Од друга страна, различни сегменти ќе имаат потреба од различни решенија. Затоа ќе треба да ги дефинираме карактеристиките на нашето решение кои планираме да ги содржи и врз основа на тиое карактеристики и различните сегменти да направиме повеќе од еден бизнис модели.

Првин карактеристиките со што ќе добиеме допрецизирање на бизнис моделот.

Развој на бизнис модел

Мора да напоменам дека во оваа верзија може да се вметнат сите карактеристики кои ги планираш, дури и оние научна фантастика. Сепак целта е да имаме почетни идеи кои треба да ги тестираме.

Понатаму, не секој сегмент ќе има потреба од сите карактеристики кои сакаш да ги имплементираш. Од друга страна не е секој сегмент со иста големина, што значи дека нема секој сегмент да гарантира исти резултати за бизнисот. Ние развиваме бизнис идеја, преку развој на бизнис модел и развој на купувачи. Сакаме колку што можеме побргу да го доведеме бизнисот да започне да генерира приход. Па затоа и сакаме да се насочиме на најнадежниот сегмент на кој ќе му ги понудиме најпотребните карактеристики. Ова не значи дека остатокот ќе се заборави, туку значи дека нашиот фокус ќе биде насочен на она најважното: дизајн на оние карактеристики кои се најбарани за најголемиот сегмент на пазарот.

Ова е процес на тестирање и прилагодување, а ние штотуку започнуваме.

Втората промена која треба да ја вметнеме во бизнис моделот е големината на секој од дефинираните сегменти. Колку потенцијални купувачи има во секој од сегментите. На пример, една издавачка куќа има повеќе сегменти на купувачи: директни читатели, локални книжарници, големопродавачи… Не се сите еднакво големи и нема сите да генерираат еднаков приход бидејќи ќе се користат различни ценовни стратегии. На сликата е даден бизнис моделот со последните фази (ја користам методологија во Business Model Generation од Alexander Osterwalder и Yves Pigneur).

Развој на бизнис модел

Забележувате дека веќе полека, но сигурно навлегуваме и во третата хипотеза дека постои доволно критична маса која ќе биде заинтересирана за решението.

Врз база на овие последни сознанија и анализи можеме да направиме посебни неколку бизнис модели, врз основа на посебните сегменти, потребните карактеристики за тие сегменти и секако останатите елементи од бизнис моделот. Тука јас нема да навлегувам детално во еден таков случај на разделување, туку ќе работам и презентирам на еден бизнис модел.

Утре ќе продолжиме со доработката на бизнис моделот заради подготовка за тестирање.

post

12 маркетинг тактики за стартап бизниси

Да се навратиме на стартап бизниси и особено за една важна функција во оваа фаза, а тоа е маркетинг функцијата преку која ќе се обезбедат и првите купувачи.

успех

Имате бизнис идеја, сте преминале во следната фаза од животниот циклус – започнување и тука започнуваат вистинските проблеми. Немате доволно купувачи, а со тоа и приходите се слаби, а со тоа и финансиите за финансирање на бизнисот се на исклучително ниско ниво.

Продолжи…

post

Теорија на бизнис идеи – Хипотеза 1: Подготовка за тестирање

Продолжуваме со развојот на нашата теорија на бизнис идеи.

Денеска ќе продолжиме со развојот на теоријата продолжувајќи со подготовка за тестирање на првата хипотеза која доколку се потврди ќе ни каже дека постои проблем на пазарот за кое нашата бизнис идеја или иден бизнис ќе даде решение.

Добро би било да се потсетиме до каде стигнавме бидејќи ова е серијал на кој ќе работиме цела година.

Зошто еден ваков приод?

Многу бизниси се започнати без цврст доказ дека постои проблем на пазарот кој тие ќе го решат. Но, и многу проекти за равој на нови производи и услуги се започнати во постоечките компании без еден таков доказ. Затоа и статистички гледано многу нови бизниси пропаѓаат уште во првата или неколку први години. Затоа и многу проекти за развој на нови производи се неуспешни.

Пред да започнеш да вложуваш пари, време и енергија за развој на твојот бизнис од соништата, мора да бидеш сигурен дека ќе развиеш бизнис кој решава проблем кој постои. Ова е првото прашање, првата хипотеза, односно нешто што ќе ти каже дека вреди да вложиш време, пари и енергија во развој на тој бизнис.

Доколку не ја докажеш оваа прва хипотеза, тогаш подобро е едноставно да запреш или да се вратиш назад, кон самото решение, односно бизнис идејата. Тоа е прикажано и на шематскиот приказ на процесот.

Теорија на бизнис идеи - Валидација на хипотези

Бидејќи веќе го имаш дефинирано проблемот, и досегашните анализи веќе ти покажале одредено високо ниво на веројатност дека истиот постои сега треба да продолжиш со тестирање на истиот, она што се нарекува “излези надвор од канцеларија”.

Дополнување на бизнис моделот

Бидејќи веќе ги имаш дефинирано сегментите на купувачите за кои сметаш дека имаат проблем кој твојот бизнис ќе го реши и сетоп тоа поставено во твојот бизнис модел (сликата подолу) може да започнеш со подготовките за тестирање на проблемот.

Развој на бизнис модел - Прва драфт верзија

Пред да започнеш со активностите на тестирање на проблемот, потребно е да го дополниш бизнис моделот во делот на останатите елементи од истиот. Досегашниве анализи сигурно веќе ти дале идеи за можни подобрувања на сегашнава испорака на решението на сличен проблем кој постои на пазарот. Така, дополни ги следниве елементи:

  • Односи со купувачи. Ги имаш анализирано сегашните односи, но ти треба да дизајнираш твои уникатни односи со тие купувачи. Обиди се да ги најдеш најголемите недостатоци на конкурентите и нивните сегашни односи. На пример, можеби ќе обезбедиш долгорочни односи надополнети со постојана интеракција преку социјални медиуми, лични контакти, e-mail…
  • Канали. Каналите претставуваат начини на кои твојот бизнис ќе дојде до купувачи за да комуницира и го испорача решението. И тука бидејќи веќе ги знаеш конкурентските може да продолжиш со најголемите недостатоци на конкурентите. На пример, може да одлучиш дека каналите ќе бидат: твои сопствени физички продавници, e-трговија, синџир на мали продавници… Запомни дека каналите треба да обезбедат колку што може поголема достапност на твоите производи. Во оваа фаза (ова се однесува на сите елементи) слободно вметни се што мислиш, не размислувај на трошоци или можностите на изведба бидејќи сето тоа ќе го тестираш со купувачите.
  • Приходи. Вредноста која ќе ја нудиш, заедно со односите и каналите веќе ти навестуваат на можни извори на приходи и начини на наплаќање на производите или услугите кои ќе произлезат. Критичен елемент на секој бизнис модел е одговорот на прашањето како бизнисот ќе “прави” пари. Многу е важно уште во стартот на тестирање да провериш дали начинот на кој сметаш да заработуваш ќе биде прифатлив од страна на тие купувачи. Затоа ќе треба во бизнис моделот да наведеш како ќе заработуваш. Постојат повеќе видови на извори на приходи врз основа на решението или видот на производот или услугата. На пример, може да биде продажба на производот, наплата на износ за користење на определен временски период, регистрација, изнајмување, лиценцирање… Откако ќе одлучиш за изворот на приходите размисли за ценовната стратегија која сакаш да ја примениш. Не е лошо истата да се провери со тестирање на хипотезата. На пример, можеби сакаш да наплаќаш членство од 500 денари месечно по 30 дена бесплатна проба на сервисот кој го нудиш преку интернет.
  • Клучни активности. Овој елемент на бизнис планот треба да ги опфати најважните активности кои бизнисот треба да ги спроведува за да се обезбеди нормално функционирање на бизнис моделот. На пример, може да биде производство, одржување на платформа, развој на нови производи…
  • Клучни ресурси. Овој елемент од бизнис моделот ги дефинира најважните ресурси кои се потребни за да се обезбеди нормално функционирање на бизнис моделот. На пример, хостинг компанија ќе има сервери, луѓе, апликации…
  • Клучни партнери. Овој сегмент од бизнис моделот ги опфаќа сите мрежи на снабдувачи и партнери кои овозможуваат бизнис моделот да функционира. На пример, за една издавачка куќа партнер може да бидат печатниците.
  • Трошоци. Клучните ресурси и активности, како и партнерствата генерираат трошоци за бизнисот. Овој елемент од бизнис моделот треба да ги опише сите трошоци кои ќе се појават за да функционира бизнис моделот. На пример, производството ќе предизвика трошоци, одржувањето претставува трошок и ќе се изрази во пари, набавка на апликации…

Сега, твојот бизнис модел ќе изгледа како на сликата подолу:

Развој на бизнис модел

Сега веќе имаме подготвен бизнис модел кој ќе го тестираме. Ќе продолжиме во следниот наслов со уште една подготовка, а потоа ќе одиме со тестирањето.

post

Заштита на купувачите

Продажна локација Државата е должна да обезбеди заштита на купувачите. Нивото на заштита на купувачите, од страна на државата, варира од држава до држава и не е секогаш адекватно ниту правично, но скоро секаде постои.

Компанијата при работењето во една земја, мора на таа заштита да смета. Лошо е кога купувачите нагласуваат дека компанијата со своите маркетинг активностите ги навела на погрешен заклучок. Некогаш купувачите и не се свесни за одредени придобивки кои ги нуди производот, па менаџерите со промотивните акции овозможуваат да се дознаат одредени корисни особини на производот.

За да ги одбегнат оптужбите за манипулација, компанијата најмногу сака другите корисници претходно да ги објаснат сите предности на производот или услугата. Купувачите тогаш доаѓаат потполно информирани за сите карактеристики на производот/услугата, па не можат да дадат приговор дека се изманипулирани.

Паралелно со државата, како фактор за заштита на купувачите се јавуваат и здруженијата, чија задача е заштита на купувачите од штетни маркетинг активности на компаниите. Собраните информации за сите проблеми кои се јавуваат во комуникацијата меѓу компаниите и купувачите, здруженијата ги доставуваат до државните органи, кои се должни понатаму да ги заштитат правата на купувачите.

Купувачите се штитат од неетичкото однесување на оделните компании, но во заштита влегува и поширокото општество кое се штити од:

  • еколошки загадувања,
  • преголеми искористувања на природните ресурси и
  • монополско однесување.

На прво место, државата е должна да го заштитува здравјето и сигурноста на купувачите, а потоа треба да спречи постоење на можност за измама од страна на команијата, како: недоволен квалитет на производите, лоша услуга, преголеми цени, монополско однесување и слично.

Доколку се утврдат недостатоци, државата мора да обезбеди надомест за претрпената штета. За остварување на овие активности, државата има свои инспекцииски служби, кои се должни да ја спроведуваат пропишаната политика.

Главно оружје за работење на здруженијата за заштита на купувачите се токму овие институции. Доколку во одредени случаи државните органи не преземат ништо, поради недоволната грижа или поради нечии лични интереси, тогаш здруженијата излегуваат во јавност со собраните информации. Судот на јавноста значи многу за секоја компанија, па во најголем број на случаи компанијата ги исправа девијантните однесувања.

Експертите од определени компании се во состојба да ги прикажат и штетните производи, пример, цигари и алкохол како пожелни, за да ја зголемат продажбата на овие артикли. Па задача на државата е да ги ограничи овие маркетинг активности на компаниите, за да се заштити здравјето на купувачите. Поради овие активности, компаниите кои произведуваат цигари се должни да ги информираат купувачите за сериозните здравствени проблеми кои ги предизвикува пушењето. Како резултат на акциите за заштита на купувачите, дојде до воведување на низа технолошки решенија, кои овозможија зголемување на сигурноста на купувачите како: воведување на сигурносни каиши, воздушни перничиња, појаки конзоли на автомобили, посигурни материјали во индустријата и слично.

Производот не смее да ја загадува околината, доколку после употребата се фрли (доколку материјалите тешко се разлагаат или доколку производот содржи радиоактивни делови и слично), бидејќи се загрозува здравјето на поширока заедница. Потребно е, да може производот да се рециклира. Поради тоа државата пропишува правила за фрлање и рециклирање на тие производи, како и типови на материјали кои мораат да се вградат во определен производ, доколку е тоа потребно. Меѓународните компании најчесто се информирани за овие барања, па сами, во текот на конструирањето и на производството, применуваат голем број на стандарди со што ги одбегнуваат понатамошните можни проблеми.

Купувачот мора да биде информиран за перформансите на производ. Доколку не е задоволен, тој има можност да се обрати директно кај државните органи или во здруженијата за заштита на купувачите. Пријавувањето на проблемот во инспекцијата или во здружението е едноставно, а нивна должност е да ги проверат наводите на приговорот, бидејќи има купувачи кои сакаат да ги злоупотребат овие институции, за постигнување на лична корист. Доколку има приговор на нивниот производ или услуга, компанијата треба позитивно да го реши секое реално барање. Во спротивно може да се вмешаат државните органи, како и медиумите, па да се создаде негативен публицитет. Можни се и законски казни што, никако не е во интерес на компанијата, ни во случај да е во право, бидејќи треба да одвои додатно време и да ангажира стручњаци да го објаснат проблемот, а во некои случаи мораат да се ангажираат и правници, кои би ги бранеле интересите на компанијата. Од друга страна позитивното решавање на реалните поплаки на купувачите, допринесува до позитивна реклама на компанијата, бидејќи на секој купувач кому му е помогнато, своето позитивно искуство го пренесува на уште најмалку 5 луѓе.

Некогаш може да дојде и до нереално барање од страна на купувачите. Во тие случаи компанијата треба внимателно да постапува и доколку штетата не е голема може да се излезе во пресрет дури и на некои нефер барања. Но, доколку е тоа невозможно, треба да се даде реално и рационално толкување за причините поради кои не се исполнети барањата на купувачот, за да се му се објаснат работите и тој да се смири, бидејќи се јавуваат купувачи кои сакаат да даваат приговори и кога се во право, но и кога не се во право. Пример: Може купувачот при нестручно ракување, монтажа или употреба да се повреди или да го оштети производот, а потоа од компанијата да бара да му се надоместат штетите.

Пример од пракса: Во компанијата може некој да краде гориво или масло, ставајки гориво и масло со непропишан квалитет, па потоа да ја обвини производствената компанија дека му продала неисправен автомобил. Да бара големи одштети поради некористење на автомобилот, доколку е превозник и слично. Процесот на докажување е мачен. Во проценката се вклучуваат голем број на фактори, пример роднински и пријателски врски, па спорот може да добие големи и несакани последици.

Законодавството има обврска да ги штити купувачите, но има задача и да ги штити интересите на компанијата, од нечесно однесување на купувачите. Со законот еднакво се штитат интересите и на компаниите и на купувачите. Доколку би се докажало дека купувачот нема право во врска со приговорот, тој едноставно може да се брани со тоа дека немал доволно сознанија и мислел пинаку. Но, доколку е создаден негативен публицитет во јавноста преку средства за јавно информирање или доколку компанијата неоправдано имала проблеми или судски завршници, во зависност од големината на нанесената штета, истата одлучува дали да покрене судска постапка против таквите купувачи, здруженија, а некогаш и држави, заради нанесената штета.

post

Идеи кои може да ги искористиш од Февруари 2012

Претприемач

Претприемач

Веќе сме во третиот месец од оваа 2012 година, односно поминува првиот квартал од годината. Овој пост претставува месечен серијал за оние најчитаните, односно најдобрите постови кои како идеи може да ги искористиш за развој на твојот бизнис, а се објавени претходниот месец. Претходниот месец во овој случај е февруари 2012 година.

Овие наслови, на крајот на годината по уште една анализа на популарноста ќе влезат на страната Започни тука.

Во февруари на претприемач беа објавени 48 наслови во кои преовладуваше темата за маркетинг. Маркетинг темата беше актуелна бидејќи сакавме да направиме малку пауза со темата за започнување на бизнис која всушност е главна тема за оваа година и особено поради еден серијал за меѓународен маркетинг и секако маркетинг планот и негова подготовка преку одговор на 8 прашања.

Па, да видиме што е она најактуелното што можеш да го искористиш за твојот бизнис од Февруари 2012 година.

Започнување на бизнис

Оваа 2012 година главната тема на претприемач ќе биде започнување на бизнис. Фактот дека она што најмногу ни треба е креација на нови бизниси, за ново време прилагодени кон најновите светски трендови. Темата е избрана поради фактот што развојот на науката и технологијата во последниве години доведе до многу промени кои имаат големо влијание на процесот на развој на нови бизниси. Но, ние су тераме, онака по старо, онака како сме научиле, или поточно како не научиле.

Маркетинг

Што е маркетинг? Дали маркетингот е наука? Дали маркетингот е уметност?

Маркетинг претставува еден креативен процес во бизнисот кој овозможува соодветна комуникација помеѓу бизнисот и производот или услухата со купувачите. Но, не било кои купувачи, туку идеални купувачи. Бидејќи претставува процес кој што пак од друга страна е креативен процес во маркетингот се измешани повеќе научни дисциплини. Оној кој повеќе е насочен кон финансиските работи ќе го гледа како трошок, иако не е. Оној кој е насочен кон техничко технолошките работи ќе го гледа како нешто што создава непотребен притисок врз развојот и производството. Но, целта е тој маркетинг процес да ги интегрира сите функции на бизнисот кога станува збор за најважниот надворешен фактор – купувачот.

Ќе се занимаваме доста во оваа подрачје оваа година, бидејќи како секундарна тема на претприемач за оваа година ја определивме темата за маркетингот.

Менаџмент

Некој веднаш ќе каже зошто менаџмент, кога јас сум и претприемач и менаџер и вработен. Но, менаџмент концептот сепак е нешто што треба да претставува еден вид на “патобран” кој нема да дозволи твојот бизнис да излезе од патот. Не е важно што можеби во моментов си сам, ти треба но и допрва ќе ти треба. Подобро уште во раните фази да ги изградиш и имплементираш менаџмент системите за да твојот бизнис биде подготвен за иднината.

Претприемач

Сепак бизнисот е креација од два ентитета: претприемачот и купувачот. Еден без друг неможе да функционираат, ниту да постои бизнис.

Во минатото оваа тема беше доста форсирана, но и ќе продолжиме со неа, само не со некој голем интензитет.

Продажба

И секако, продажбата е конечната цел на секој бизнис процес. Без продажба нема ни бизнис. Но, продажбата не значи и крај на процесот, таа е нов почеток, на еден нов циклус на развој на бизнисот.

post

Како се побарува производот?

JV Партнерство како маркетинг средство Побарувањето на производи може да биде различно во различни делови во годината, месецот, неделата, денови, како и во текот на различни сати во денот.

Пример: Транспортот од и кон работните места, пауза за јадење, пред и по спортските натпревари. Тогаш се јавуваат тесни грла во работењето, па главна задача на менаџерите задолжени за маркетрингот, е да ги решат тие проблеми. Пример за сезонско побарување може да биде ремонт на автомобили пред зима или пред годишните одмори.

Прекумерното побарување може да настане доколку компанијата поседува револуционарен производ или доколку компанијата намерно го ограничи пласирањето на доволни количини на производите, за да се остварат одредени цели, како на пример енормни профити. Ако продажбата се ориентира спрема моментите кога клиентите сметаат дека е погодно за купување, битно ќе се зголеми интезитетот на продажбата, а со тоа ќе се зголемат профитите. Најзгодно време за купување може да се констатира по одредени шеми и правила, во зависност од производот што го поседува компанијата. Во тие шеми спаѓат променливите:

  • време во денот,
  • ден во недела,
  • месец во годината,
  • влијание на сезонските промени и
  • време во животот.

#1 Време во денот

Различни купувачи се во можност или претпочитуваат да купуваат во различни времиња во денот, така да компанија тоа мора да го почитува. Постојат некои типизирани времиња за купување. Пример, за тинејџерите згодно време за купување на сендвичи или училишен прибор, може да е на одморите или на пат до училиште. Вработените купуваат за враме на паузата или по работното време. Во семејствата каде двајцата родители се во работен однос, обично шопинг прошетките се прават попладне или во викендите. При основање на компанијата, најнапред треба да се проучи во кои интервали од денот има најголем интензитет на посета на купувачите и според тоа да се организира работното време.

#2 Ден во недела

Во некои компании денот во неделата може да биде најважен влијателен фактор за интензитетот на работата. Пример: доколку некоја продавница е лоцирана во непосредна близина на голема компанија, која врши исплата на вработените секој петок, би било мудро во петоците да се работи со продолжено работно време, а исто така да се работи и во викендите.

#3 Недела во месецот и месец во годината

Во индустриските локалитети каде примањата се релативно високи, менаџерите и останатиот персонал обично добиваат плата двапати месечно (тоа се примери од запад). Доколку компанијата е лоцирана во близина, може да се открие дека во тие денови се зголемува интензитетот на работа. Доколку е така, би требало да се приспособи распоредот на работата, така што ќе може да се прифати зголемувањето на интензитетот на работата веднаш по овие денови на исплатата.

Многу компании профитираат за време на годишните одмори и празниците. Трговијата во предновогодишниот период се зголемува и компаниите во овој период бележат успешно работење. Доколку се работи со производи кои се трошат за време на овие и слични празници, потребно е да се извршат подготовки за успешна работа во профитабилната сезона. Менаџерите треба благовремено да се подготват за постојната потрошувачка сезона.

#4 Време на годината

Многу е важно, менаџерот на компанијата да знае кога луѓето купуваат. Најчесто се работи за сезонски побарувања, како што се предновогодишни купувања, купувања пред зимската или летната сезона. Овие сознаниа ќе им помогнат на менаџерите да ја темпираат набавката на залихите, како и да се подготви комплетната маркетинг стратегија, за да се задоволат купувачите на соодветен начин.

Ниту еден менаџер не може да го диктира времето во кое купувачите ќе го извршат купувањето. Но секој менаџер, кој е задолжен за маркетинг, мора преку истражување да открие во кое време е најголема фрекфенцијата на купувачите и спрема тоа ќе го организира работење на компанијата. Доколку е потребно, во фрекфентните периоди ќе се вработат дополнителен број на вработени, кои успешно ќе ги услужат купувачите.