Бидете секогаш најиновативни! Алатки, екниги и видео презентации само за најхрабрите!

post

Процес на бизнис планирање – 2011

Бизнис план

Бизнис план

Веќе скоро 3 години во овој период објавуваме постови за изработка на бизнис план како дел од процес на бизнис планирање. Како и претходната година (2010), така и оваа година направивме некои измени во тој процес согласно актуелноста на истиот и секако со надополнување на некои елементи кои искуствено гледано се повеќе од потребни во еден бизнис план.

Ова не се однесува на бизнис план кој ќе го искористите за добивање на финансиски средства и ќе го ставите во фиока каде ќе собира прав врз него. Ова е бизнис план кој треба да ја зголеми бизнис потенцијалната енергија на вашиот бизнис и во исто време да ве води низ патот кон успешноста на вашиот бизнис.

Оваа 2011 година во процесот на бизнис планирање вклучивме три дополнителни елементи – бизнис модел, план за социјални медиуми и ризик и менаџирање со ризик.

Со цел да се обезбеди еден поедноставен пристап до сите овие наслови истите ќе ги групираме во овој пост:

  1. Насловна Страна
  2. Содржина и Резиме
  3. Општо за Компанијата
  4. Производи и/или Услуги
  5. Дефинирање и редефинирање на бизнис моделот
  6. Анализа на пазарот и индустријата
  7. SWOT Анализа
  8. Ризик и менаџирање со ризикот
  9. Онлајн Стратегија
  10. План за социјални медиуми
  11. Маркетинг Стратегија и Имплементација
  12. Продажна Стратегија и Имплементација
  13. Менаџмент
  14. Финансии
  15. Анекси

Сега наместо 12 наслови имаме 15 наслови во бизнис планот. Целта на овие три нови елементи како дел од процесот на планирање е да овозможи зајакнување на капцитетот на вашиот бизнис преку соодветно моделирање на бизнисот во определен временски период и врз основа на тоа ремоделирање да се изработи остатаокот на бизнис планот. Освен ремоделирање, додадовме уште еден елемент кој се однесува на социјални медиуми кои се чини стануваат неизоставен дел на еден модерен бизнис. И секако уште еден важен елемент кој често пати се заборава е менаџирање со ризикот кој има за цел да ви помогне да го процените ризикот и преку соодветни механизми на менаџирање на истиот да го елиминирате или сведете на минимум.

post

Ефект на пеперутка (Butterfly Effect)

Ефект на пеперутка

Ефект на пеперутка

Денес сме подобри од вчера барем за искуството од еден ден. Истото е и за утре кога ќе бидеме подобри од денес. Бизнисот е побогат утре барем за одлуките што сме ги превзеле денес.

Сите тие мали ситни нешта имаат потенцијал да ја променат историјата. Што би се случило доколку нешто не би се случило. Малите, ситни нешта ја креираат иднината. За секоја наша постапка денес има последици утре. Последиците може да бидат големи или мали, добри или лоши. Кој знае? И додека го читате овој текст ќе стекнете некое знаење што можеби ќе ја направи Вашата иднина поинаква во однос на случајот кога не би го прочитале овој текст. Значи една мала промена кај Вас (стекнување на ново минимално знаење) може да доведе до големи промени во Вашиот живот.

Но, што е тоа ефект на пеперутка? Ќе тргнеме со дефиниција на терминот која се користи во теорија на хаосот.

Ефектот на пеперутка е фраза која се користи во теоријата на хаосот за да го опише чувтсвителното влијание на иницијалните услови на нешто, односно мали промени на иницијални услови (тековна состојба) на динамичките системи може да доведе до големи промени (варијации) во долгорочното однесување на системот.

Овој термин за првпат бил искористен од Edward Lorenz кој вршел симулации за предвидување на времето и кој внел скратен број во децимали при што добил сосема различни предвидувања. Таа разлика во децимали ја нарекол ефект на пеперутка со цел да опише дека доколку пеперутка мрда со крилцата на едно место ќе влијае на временските прилики на друго место. Неговите резултати тој ги објавил во 1963 година.

Во суштина овој ефект вели дека мали промени во тековната состојба може да предизвика крупни промени со текот на времето.

Но, ефектот на пеперутка може да се разгледува на два начина за бизнисите:

  • добивање на позитивни ефекти од малите промени
  • добивање на негативни ефекти од малите промени

Негативните ефекти е потребно да се избегнуваат бидејќи промените кои ќе се постигнат водат кон пропаѓање на бизнисите.

Постојат многу претприемачи кои станале хипер успешни заради некои мали промени во нивниот животен стил, но тие промени влијаеле на нивниот бизнис на патот кон успехот.

Но како да се постигне ефектот на пеперутка во бизнисите. Овој ефект е директно поврзан со подобрување и тоа постојано подобрување на бизнисот. Претприемачите треба да си поставуваат прашања и да бараат одговор на истите постојано за да постигнат позитивен ефект на пеперутка. Еве некои од можните прашања:

  • Како да го зголемам приходот за 5%?
  • Како да го зголемам профитот за 10%?
  • Што ќе се случи доколку работам 1 час повеќе или пак 1 час помалку?
  • Како да го подобрам готовинскиот тек на мојот бизнис?
  • Како да привлечам повеќе потрошувачи за мојот бизнис?
  • Како да ја зголемам продуктивноста за 1%?
  • Како да ја зголемам ефикасноста и ефективноста за 2%?
  • …

Како надополнување за ефектот на пеперутка можете да го погледнете и видеото за бизнис ефект на пеперутка.

post

5 Начини да продавате повеќе на постоечки купувачи

Генерација X и генерација Y

Генерација X и генерација Y

Потребата од нови купувачи е секогаш приоритет број еден на секој бизнис. Но, дали потенцијалот на постоечките потрошувачи е искористен максимално?

Постоечките потрошувачи веќе имаат изградено одредено ниво на доверба кон вашиот бизнис и продажбата е многу полесна за остварување на постоечките потрошувачи отколку на некој кој досега немал никаков контакт со вашиот бизнис. Од друга страна стекнување на нови потрошувачи вообичаено е 5-10 пати поскапо отколку задржување на постоечките.

Затоа една од задачите на претприемачите е да потроши одреден дел од сопствената енергија на стекнување н нови потрошувачи што едноставно се трансферира во раст на бизнисот, додека во исто време да троши енергија и на развој на креативни начини за поголема продажба на тековни потрошувачи.

Следуваат некои идеи на техники кои можете да ги искористите во овој процес.

1. Преразгледај го твојот бизнис модел

Целта на преразгледување на бизнис моделот е да побарате можности да во одредени делови го промените од бизнис модел со трансакционален однос со потрошувачи (доаѓа, купува и веќе никогаш ниту слуша ниту има некаква релација со бизнисот) во бизнис модел со долгорочни односи (доаѓа, купува, доаѓа, купува, контакт, доаѓа…). Затоа и секогаш кога работиме со клиенти на одредени проекти за нивен бизнис без разлика за каков вид на проект станува збор започнуваме со дефинирање и редефинирање на бизнис моделот.

На ваков начин може да дојдеш и до:

  • Можности за откривање на нови текови на приходи независни од тековните. Честопати без да навлеземе во деталите на бизнис моделот со целосното негово опкружување нема да можеме да ги видиме можностите кои ни ги нуди пазарот.
  • Можности за воведување на комплементарни производи (производи кои вообичаено одат еден со друг при купување (на пример, храна и пијалак) кои едноставно ќе ја зголемат продажбата кај потенцијалните купувачи.

2. Одржувај контакти со колку што можеш повеќе купувачи

Иако не е лесно, од прва, односно при првото купување да бараш купувачот да ти остави контакт детали, сепак постојат многу креативни начини да ги добиеш. Ако ништо друго, секој кој го повтори купување веќе има некоја доверба во твојот бизнис и веќе е време за подлабоки односи. Email, телефон, писмо, социјален медиум… Сето тоа се средства кои можат да ви обезбедат лесна комуниакција со купувачите.

Сепак едно нешто е важно: Не продавајте, едноставно контактирајте на еден начин кој не предизвикува чувство на притисок.

3. Имплементирај систем на очекуван Upsale

Ова претставува продажна техника каде продавачот му нуди на купувачот дополнителни производи како би извршил поголема продажба од тој еден купувач. Оваа техника се користи за да се извлече максимумот од секоја продажба. Се изведува со поставување на прашање како: Дали сакате да го направиме Вашиот сендвич турбо?; Купете го и овој производ за да добиете една година бесплатна техничка подршка?

Но, сепак овој upsale треба да биде нешто очекувано. На пример, доколку некој веќе купува турбо сендви не очекува дека ќе му понудите уште еден, туку очекува дека ќе му понудите пијалак кој оди со сендвичот.

4. Користи промоции за тековни купувачи

Промоции за тековни купувачи спроведени во време кога продажбата е на пониско ниво може да биде навистина корисна стратегија. Секој бизнис има периоди во годината, месеците или пак денови кога побарувачката за тие производи и/или услуги не на она ниво на кое треба да биде. Но, еден контакт со тековните потрошувачи во кој ќе се понуди промотивна понуда може да доведе до зголемување на продажбата во тој период.

5. Не заборавај да презентираш се што нудиш

Иако живееме во време каде сите се во брзање, сепак обид да покажете дека нудите и нешто повеќе од она за што се однесува тековната трансакција претставува одлична можност за зголемување на продажбата.

 

post

4 Нотеси кои секој претприемач мора да ги има кај себе

„Нотеси“ за претприемачи

„Нотеси“ за претприемачи

Иако насловот на овој пост е „нотеси“, не мора да значи дека мора да бидат хартиени нотеси бидејќи едноставно може да се користи мобилен телефон, iPad, или лаптоп. Важно е да се има кај себе структуриран преглед на идеи за 4 основни претприемнички активности.

Постојат периоди во годината кога не се остваруваат резултати, но не значи дека бизнисот не функционира и не го троши тоа време за нови потенцијални потрошувачи, размислување за развој, нови идеи…

Сигурно сте се нашле во ситуација во која чувствувате дека едноставно вашиот мозок ќе експлодира од нови идеи. Некои можеби во моментов сосема безвредни, но со одреден потенцијал кој ветува за иднина.

Можеби сте сретнале некого, но во тој момент не сте го гледале како потенцијален потрошувач бидејќи во тој момент немал проблем кој можете да му го решите или пак не сте нуделе решение за неговиот проблем. Но, тоа не значи дека во иднина нема да понудите некое решение за негов проблем или пак тој нема да има потреба за вашето решение.

Сигурно сте се нашле во ситуација на саем каде поминувате повеќе десетици штандови на компании кои во тој момент не претставуваат ваши потенцијални купувачи, но сепак не значи дека не постои можност за било каква двострана соработка помеѓу вас.

Затоа, како еден претприемач кој мисли за иднината на сопствениот бизнис секогаш мора да имате при рака минимум 4 различни „нотеси“:

1. Книга со бизнис идеи

Идејата за книга со бизнис идеи е промовирана повеќепати на претприемач. Дури и како еден од темплејтите кои ги добивте (барем оние кои се регистрирани за добивање на билтени на претприемач) еден од тие е книга со бизнис идеи. Во премум претприемач тој темплејт е малку поопширен со дополнителни елементи заради подобрување на процесот на генерирање на бизнис идеи.

Во секој случај доколку сакате да не го изгубите потенцијалот и моќта на вашата креативност во однос на бизнис идеи мора да користите еден таков вид на книга.

2. Книга со потенцијални потрошувачи

Кога и да налеташ на некој потенцијален потрошувач, или пак сретнеш некого кој има проблем кој твојата идна бизнис идеја или пак иден производ ќе може да го реши искористи ја оваа книга за да имаш спремна листа на идни бизнис можности.

3. Саемска книга

Без разлика дали сте изложувач или само посетител многу идеи и контакти може да се стекнат на саемите. Секогаш кога ќе сретнете некого кој сакате во иднина да го контактирате воведете ја неговата бизнис картичка или контакт детали во таа книга со забелешка зошто е важно лицето. На ваков начин сите ваши, контакти и идеи од саемот ќе бидат на едно место и спремни да се искористат за идните бизнис можности.

4. Книга за фидбек од потрошувачи

Многу идеи за развој на нови производи, за развој на нови бизнис потфати, за подобрување на производите и/или услугите доаѓаат од потрошувачите и нивниот фидбек. Многу од нив можеби ќе ги сретнете надвор од канцеларија или официјален состанок доколку сте претприемач кој гради блиски долгорочни односи со своите потрошувачи. Затоа и ќе ви биде потребна една ваква книга со што кога ќе дојдете во процесот на развој или подобрување едноставно ќе ги имате на едно место сите тие забелешки и идеи од фидбек на потрошувачите.

post

Истражување: Главни извори на промени во компании

Согласно едно истражување спроведено од EIU (Economist Intelligence Unit) спонзорирано од Celerant Consulting спроведено во ноември 2010 година преку анкетирање на 288 менаџери од Северна Америка, Западна Европа и Латинска Америка, фокусот на менаџментот на промените се менува.

Иако компаниите и натаму како и секогаш остануваат свесни за трошоците, се поголемо внимание посветуваат на зголемување на учеството на пазарот и подготовка за иднината.

Ова значи дека ако досега најголемото внимание било на кратење на трошоците, сега промените во голем дел се насочени и на функциите продажба и маркетинг кои овозможуваат зголемување на учеството на пазарот.

Извори на промени

post

Бизнис план – Ризик и менаџирање со ризик

Бизнис план

Бизнис план

Овој пост претставува трето дополнување на еден наслов во процесот на бизнис планирање. Ова ќе биде и последно ажурирање на овој еден вид на прирачник за изработка на бизнис план. Како дополнувања кои ги опфативме беа дефинирање и редефинирање на бизнис моделот и план за социјални медиуми.

Но, еден модерен бизнис план кој како помагало ќе го води вашиот бизнис на патот кон успешноста мора да содржи уште еден елемент кој во сите останати наслови не е опфатен, а тоа ризикот.

Првин би почнал со едно прашање кое повеќе време ми се вртеше низ главата: Дали еден бизнис план ќе биде нешто што ќе го искористи целосно својот потенцијал може да постои без соодветна анализа, проценка и менаџирање на ризик?

Ние можеме да испланираме и да предвидиме дека на одреден начин ќе се одвиваат работите, но нашето влијание не е секогаш во наши раце. Постојат многу надворешни фактори кога станува збор за еден претприемач и еден бизнис кои имаат влијание врз остварување на зацртаното и резултатите од тоа остварување. Токму тие фактори треба да се погледнат низ призмата на ризичност како би можеле да имплементираме соодветен процес на менаџирање на ризикот во периодот на имплементацијата на бизнис планот.

Што претставува ризик?

Ризикот во речниците вообичаено се дефинира како:

Можност да се појават некои опасни и лоши последици.

Кога станува збор за бизнисот, претприемачот или во овој случај за процесот на бизнис планирање ризикот претставува можност одредени елементи на бизнис планот да не се спроведат онака како што биле испланирани со што може да дојде до опасни или лоши последици.

Основни карактеристики на ризикот

Основни карактеристики на ризикот се:

  1. Ризикот делумно е непознат –  Работата на еден претприемач би била премногу лесна доколку може лесно да се предвиди ризико. Најголемиот проблем е што тој е делумно непознат затоа што се однесува за иднината.
  2. Ризикот се менува со текот на времето – Бидејќи бизнисот функционира во едно динамично опкружување не можеме да очекуваме дека ризикот ќе биде нешто стандардно освен дека секогаш ќе постои.
  3. Ризикот може да се предвиди – Од друга страна ризикот е нешто што доколку сакаме можеме да го предвидиме преку еден систематски процес.
  4. Ризикот може и треба да се управува – Врз основа на соодветни анализи на соодветни бизнис елементи може да се насочат ресурсите за елиминирање или намалување на ризичноста во соодветното подрачје каде се очекува да се појави.

Менаџирање со ризик

Менаџирање со ризик не  може да се разгледува како еден статичен процес, туку како еден интерактивен процес во кој информациите постојано ќе се ажурираат, анализираат, ќе се постапува по нив и секако ќе се преиспитуваат на определен временски период.

Соглосна тоа процесот на менаџирање на ризик ќе ги содржи следниве елементи:

  • Дефинирање на ризични подрачја – Каде е најголемиот ризик?
  • Утврдување на ризични индикатори – Што ќе претставува ризик?
  • Следење на тие ризични подрачја – Дали се појавил ризичниот индикатор во текот на работењето?
  • Превземање на конкретни мерки заради справување со ризикот – Што треба да направиме?
  • Набљудување на спроведените мерки – Дали сме ги превзеле вистинските мерки?
  • Ревизија – Доколку сме ги превзеле вистинските мерки дали сме се справиле со ризикот? Може ли нешто да се подобри? Има ли потреба за нови индикатори?

Што треба да опфатите во бизнис планот?

Сега процесот на  менаџирање со ризик да го трансферираме во еден наслов на бизнис план кој што го изработувате.

1. Дефинирање на ризични подрачја

За еден бизнис ризичните подрачја може да се дефинираат на различен начин. Но, основа за да започнете можете да ја искористите следнава поделба:

  • Ризик во однос на вредноста која вашиот бизнис ја нуди (Производ и/или услуга)
  • Ризик во однос на трошоците,
  • Ризик во однос на приходите,
  • Ризик во однос на потрошувачите,
  • Ризик во однос на односи со потрошувчи,
  • Ризик во однос на каналите на дистрибуција,
  • Ризик во однос на некој од клучните ресурси и
  • Ризик во однос на клучните партнери за вашиот бизнис.

Не мора да значи дека ќе постои ризик во сите подрачја и дека ризикот ќе биде со ист интензитет за сите подрачја. Затоа врз основа на опкружувањето на вашиот бизнис, врз основа на индустријата во која се наоѓа вашиот бизнис и врз основа на бизнис моделот ќе треба да определите во кои од овие подрачја постои ризик нешто да не оди како што треба.

2. Утврдување на ризични индикатори

Ризичен индикатор претставува еден вид на мерка која треба да ни каже дали се појавил ризикот во определеното ризично подрачје.

Да земеме еден пример од ризични подрачја. За ризик во однос на каналите на дистрибуција ризичен индикатор може да биде доцнење на испорака за минимум 3 дена кој ќе ни каже дека нешто не е во ред со тој канал на дистрибуција и мора да се реагира на определн начин.

3. Следење на тие ризични подрачја

Целта на овој чекор од процесот на менаџирање нa ризик е да се следат ризичните подрачја преку ризичните индикатори за да се увериме дека нешто не е како што треба.

На пример, доколку испораката доцни повеќе од 3 дена знаеме дека ризикот е оправдан и дека ќе треба да преминеме на следниот чекор.

Во овој дел од бизнис планот за секое ризично подрачје и за секој ризичен индикатор воспоставете систем за нивно следење преку делегирање на одговорности.

4. Акција

Откако ризикот се појавил и е лоциран време е да се превземат конкретни активности како истиот би се спречил во иднина или како би се намалило или целосно елиминирало влијанието на работењето на бизнисот или извршувањето на бизнис планот.

Да продолжиме со примерот за канали на дистрибуција при што испораката доцни повеќе од 3 дена како можни активности би биле следниве:

  • Извинување на потрошувачот за доцнењето,
  • Утврдување на причини за доцнење,
  • Анализа на причините,
  • Отстранување на причините,
  • Разгледување на алтернативни канали на испорака…

Во овој дел од бизнис планот за секое ризично подрачје и ризичен индикатор обидете се да ги стандардизирате сите можни активност. Не можеме да очекуваме дека тие ќе бидат конечни. Конкретната ситуација ќе не води до конкретни активности, но сепак заради брзо и успешно реагирање доволно е да имаме некаква структура за можни активности и одговорности.

5. Набљудување на спроведените мерки

Бидејќи менаџирање со ризик е динамичен процес набљудувањето мора да биде дел од истиот како би се обезбедило соодветно елиминирање на тој вид на ризик во иднина, а ресурсите би се насочиле кон новите ризици.

На горниот пример би требало да се одговори на следниве прашања:

  • Дали извинувањето е прифатено?
  • Дали повторно има случаи на доцнење и по елиминирање на причините?
  • Дали новите канали на испорака се навремени?

6. Ревизија

И како последен чекор кој треба да се испланира е кој, кога и како ќе ја спроведува ревизијата на ризичните подрачја и ризичните индикатори.

post

6 стилови на менаџмент кои треба да ги знаете

Од стилови на менаџмент кои се користат во еден организациски систем зависат многу работи во еден бизнис. Да разгледаме 6 различни стилови на менаџмент кои може да постојат во една компанија.

стилови на менаџмент

Во зависност од конкретната деловна состојба, фазата на развојот на бизнисот или условите кои владеат во опкружувањето, менаџерот треба да го дефинира најефикасниот стил кој е прифатлив за вработените и кој добро функционира во дадената ситуација. Не постои менаџерски стил кој е универзално прифатлив и применлив во сите ситуации.

Продолжи…

post

Пазарна ниша на која ќе се насочите

Пазарна ниша

Пазарна ниша

Многу пати еден претприемач, водејќи го сопствениот бизнис, особено во стартап фазите на бизнисот се обидува да ги задоволи сите. Но, дали еден мал бизнис може да ги задоволи сите? Дали има доволно финансии да ги задоволи сите? Дали има доволно ресурси за да ги задоволи сите? Во најголем број на случаи одговорот на овие прашања би бил не.

Повторно би се навратил на цитатот на Bill Cosby кој вели:

Не го знам клучот за успехот, но клуч за неуспех е да се обидете да ги задоволите сите. ~ Bill Cosby

Малите бизниси немаат капацитет да ги задоволат сите. Иако пазарот на кој се насочени е специфичен за одредена проблематика сепак во тие специфичности има и дополнителни специфичности изразени преку различни проблеми на потенцијалните потрошувачи кои може да го дефинираат на различни начини.

Истражувањата покажуваат дека од 1 милион бизниси кои започнуваат помалку од 10.000 ја доживуваат својта 5-та година. Тоа е помалку од 1% од започнати бизниси кои успеваат да преживеат и да продолжат понатаму низ животниот циклус. Постојат повеќе причини за пропаѓање на малите бизниси и можете да видите неколку истражувања за кои пишувавме во постот насловен како Зошто пропаѓаат бизнисите.

Но, во тие истражувања не е опфатена можноста бизнисите да пропаднат доколку не се насочат на вистинската пазарна ниша, иако сметаме дека оваа грешка, особено во стартап фазите на малите бизниси во многу случаи претставува кобна за истите.

Што е тоа ниша?

Но, што е тоа ниша? Да видиме каде се користи овој термин:

  • Терминот ниша први го употребуваат екологистите за да опишат позицијата на одредни видови и ресурсите кои се наоѓаат во нивната околина.
  • За домашни потреби се користи за одередена посебно оградена просторија во домот за чување на некои работи.
  • Во бизнисот се користи за опишување на одредени активности насочени кон некоја личност или група на личности со одредени исти или слични карактеристики.

Од овие неколку различни видови на користења на терминот ниша можеме да сфатиме дека:

Ниша претставува нешто одделено, посебно, специфично, со посебни карактеристики од другите предмети на разгледување.

Кај екологистите секои видови на животни или растенија имаат своја сопствена ниша со посебни ресурси. Секој дом има посебна ниша за чување на некои работи. И секој бизнис има посебни ниша активности насочени кон различни луѓе или групи на луѓе (делови од пазарот).

Но што е тоа пазарна ниша. Наједоноставно кажано

Пазарна ниша е еден сегмент или еден дел од пазарот кој на некој начин има посебни карактеристики и специфичности во однос на другите сегменти.

Пазарна ниша претставува процес или пак стратегија на избор на еден дел на пазарот со посебни специфики, карактеристики и потреби, кој е доста профитабилен и сеуште со недоволно задоволени потреби.

Од последниот опис на пазарна ниша може да се видат основните карактеристики на овој процес:

  • Пазарна ниша е само еден дел од пазарот. Пазарот може да биде многу поголем од самата ниша. На пример, пазарот на цвеќе е доста поголем во однос на пазарот на продажба на цвеќе по нарачка и испраќање по пошта.
  • Тој дел има посебни специфики, карактеристики и потреби. Карактеристките, спецификите и потребите на пазарната ниша се различни од редовниот пазар или пак од останатиот дел од пазарот. Потребите на пазарна ниша од претходниот пример е можноста да се нарача и испрати цвеќе каде што сакаме без да одиме во продавница да бираме и купуваме и потоа да го однесеме кај оној за кој е наменето.
  • Тој дел е доста профитабилен. Оваа не мора да биде точно, но често пати пазарните ниши претставуваат доста профитабилно подрачје. Секако дека на пазарната ниша од нашиот пример со цвеќето производот и услугата ќе бидат доста поскапи отколку редовно купување во продавница.
  • Сеуште на тој дел не се доволно задоволени потребите на пазарот. Пазарна ниша е дел од пазарот на кој сеуште не е доволно задоволена потребата на која се однесува нишата. Ќе видите многу продавници со цвеќе, додека локални цвеќари со брза испорака многу малку.

Но, онаа што е интересно за претприемачите и малите бизниси е што големите компании не ги интересираат овие пазарни ниши бидејќи тоа се доста мали пазари. Кога велиме доста мали пазари сметаме на квантитеот на истиот затоа што она што е доста профитабилно за малиот бизнис не е за големите бизниси. А, токму тука претприемачот и малиот бизнис може да ја пронајде сопствената шанса, особено на високо профитабилен сегмент од пазарот.

Како да се избере вистинската ниша на пазарот?

За избор на пазарна ниша ќе мора да спроведете неколку чекори.

  1. Избор на пазар. Првин мора да го знаете пазарот на кој ќе ја барате специфичната пазарна ниша. Што е она во што сте добри? Што е она што особено ве интересира? Што е она што особено добро знаете да го првите? Размислете за вакви и слични прашања за да го дефинирате пазарот кај што ќе барате специфична ниша.
  2. Анализа на избраниот пазар. Следниот чекор е да го анализирате пазарот. Кој е присутен? Што нуди? Какви се потреби постојат? Каква е популацијата?
  3. Сегментирање на избраниот пазар. Анализата на пазарот ќе ви даде можност да го сегментирате врз основа на одредени карактеристики на истиот.
  4. Истражување на незадоволени потреби. Четвртиот чекор е да побарате незадоволени потреби или пак некои проблеми кои сеуште не се решени од останатите учесници на сите тие сегменти или само еден од нив за кој анализата ќе покаже дека е најпрофитабилен.
  5. Напад на нишата за да се задоволат тие потреби. И секако последниот чекор е да спроведете напад на таа ниша, но само таа ниша за да ги задоволите тие потреби или за да ги решите тие проблеми.

Значајна е вашата креативност и анализа и истражување на пазарот кое ќе го спроведете.

Уште нешто:

НИША МАРКЕТИНГ = ПРОДЖБА НА ЛУЃЕ КОИ ИМААТ ЗАЕДНИЧКИ ИНТЕРЕС

 

post

Продажни цени и методи за нивно определување

Продажба

Определување на цена

Продажни цени – основа за многу бизнис елементи и успешноста на истиот. Ќе се покријат ли трошоците? Ќе комуницираат ли соодветна вредност? Ќе обезбедат ли повраток на инвестиција за бизнисот? Ќе обезбедат ли повраток на инвестиција за купувачот? И уште безброј други прашања се поврзани со продажните цени.

Какви се методи му стојат на располагање на еден претприемач во определување на продажни цени. Од тоа каков метод ќе изберете ќе зависат и цените.

Пристапот на определување на продажните цени може да биде различен, но сепак целта е да добиете продажни цени кои ќе бидат во согласност со:

  • пазарните услови,
  • овозможување на покривање на трошоците,
  • профитабилно работење на бизнисот и
  • можноста да комуницираат соодветна вредност за купувачот.

Вие како претприемач имате на располагање неколку методи за оределување на продажни цени, и сите тие методи ги користат истите елементи од кои се составени продажните цени, само пристапот и начинот на определување е различен.

Накратко ќе ги претставиме следниве методи:

  • Продажна цена врз основа на маржа
  • Метода на трошоци плус
  • Метода на побарувачка
  • Метода на конкурентност

Продажна цена врз основа на маржа

Оваа метода се базира на определување на маржа во вид на процент или во паричен вид и додавање на цената на чинење на производот. Збир на маржата во парични единици и цената на чинење ја претставува малопродажната цена која се нуди на потрошувачите. На пример, цената на чинење на производ за кој определувате цена е 100 денари, и определувате маржа од 50%, а тоа е 50 денари ќе добиете малопродажна цена на производот од 150 денари. Но, со оваа метода може да се направи грешка доколку не се разберат два типа на маржа:

  • Маржа како процент од цена на чинење што се применува во оваа метода и
  • Бруто маржа како процент од продажна цена

На пример бруто маржа од претходниот пример е 50/150 = 0,333 или тоа е 33,33% а не 50% како што е маржата пресметана на трошоците. Тука треба да се внимава при давање на попусти бидејќи попустите ги давате на продажна цена (10% од 150 или 20% од 150 денари). Во ваков случај не смеете да дадете попуст поголем од 33,33%.

Втора работа на која треба да се внимава е што маржата треба да опфати:

  • Трошоци на бизнисот (општи трошоци: како плати, струја, телефон, кирии…)
  • Профит (заработката)

Што значи дека иако при определување на цените тргнавме од 50% маржа Вие кога одобрувате попуст нема да можете повеќе од 20% (зависи од обемот на продажба и висината на трошоците).

Овој метод на определување на цени се користи од производителите, големопродавачите и малопродавачите.

Метода на трошоци плус…

Суштината на оваа метода е слична како и претходната со маржа. Основната разлика е што оваа метода користи термин „плус“ кој треба да ги опфати сите општи трошоци и да генерира профит за бизнисот. Значи доколку:

  • Цената на чинење е 100 денари
  • Општите трошоци (со се плати за вработени) се 30 денари по единица производ/услуга
  • Вкупните трошоци ќе бидат 130 денари
  • Посакуван профит е 30 денари (18,75% од продажна цена)
  • Продажната цена ќе биде 160 денари.

Метода на побарувачка

Оваа метода е малку посложена од претходните и зависи директно од побарувачката на тие производи и вкупните трошоци во врска со тој производ. Основното правило е доколку производот е повеќе баран и повеќе се продава му се намалува цената бидејќи поголемата продажба ќе ги покрие побргу фиксните трошоци и остатокот ќе претставува добивка. Од друга страна, производите кои се помалку барани ќе треба да бидат поскапи како би ги покриле сите трошоци во врска со истите и би обезбедиле профит.

На пример, еден производ се продава на месечно ниво од 1000 парчиња и има:

  • цена на чинење од 100 денари
  • вкупните општи месечни трошоци се 10.000 денари
  • посакуван профит е 20% од продажната цена.
  • Доколку производот го продаваме за 150 денари (маржа од 50%) ќе имаме приход од 1000х150=150000 денари. Кога ќе одземеме цена на чинење од 1000 парчиња х 100 денари = 10.0000 денари ќе останат 50000 денари. Кога ќе ги одземеме општите трошоци ќе имаме 50.000-10.000=40.000 денари. Ова ни кажува дека профитот ќе биде 40.000/150.000=0,2666 или 26,66% што е повеќе од посакуваниот за 6,66%.
  • Доколку производот го продаваме за 140 денари (маржа од 40%) ќе имаме приход од 10.00х140=140.000 денари. Кога ќе одземеме цена на чинење од 1000 парчиња х 100 денари = 100.000 денари ќе останат 40.000 денари. Кога ќе ги одземеме општите трошоци ќе имаме 40000-10000=30000 денари. Ова ни кажува дека профитот ќе биде 30000/150000=0,2 или 20% што претствува и нашата цел.

Но, сега да разгледаме случај за истиот производ но продаваме 500 парчиња:

  • Доколку производот го продаваме за 150 денари (маржа од 50%) ќе имаме приход од 500х150=75.000 денари. Кога ќе одземеме цена на чинење од 500 парчиња х 100 денари = 50.000 денари ќе останат 25.000 денари. Кога ќе ги одземеме општите трошоци ќе имаме 25.000-10.000=15000 денари. Ова ни кажува дека профитот ќе биде 15000/75000=0,2 или она што го посакуваме. Забележувате дека во овој случај соодветна цена е 150 денари, а не 140 како во претходниот и тоа само заради волуменот на продажба (побарувачка) на соодветниот производ.
  • Доколку производот го продаваме за 140 денари (маржа од 40%) ќе имаме приход од 500х140=70.000 денари. Кога ќе одземеме цена на чинење од 500 парчиња х 100 денари = 50000 денари ќе останат 20.000 денари. Кога ќе ги одземеме општите трошоци ќе имаме 20.000-10.000=10.000 денари. Ова ни кажува дека профитот ќе биде 10.000/70.000=0,1428 или 14,28%. Со ваква цена нема да ја оствариме целта од 20% профит од продажба.

Метода на конкурентност

Оваа метода тргнува од веќе определена пазарната цена на производот. Ова значи дека доколку сите Ваши конкуренти наплатуваат одредена цена за ист производ ќе морате и вие да тргнете од истата цена. Оваа метода се спроведува на следниов начин:

  • Првин мора да ги откриете цените на сите Ваши конкуренти
  • Потоа треба да ја определите Вашата оптимална цена (со трошоци и посакуван профит)
  • Потоа треба да разгледате дали имате можност да понудите други цени (пониски или повисоки)

Имајте на ум дека пред да донесете конечна одлука мора да го истражите пазарот и спремноста на потрошувачите да платат повеќе за истиот производ, односно дали ќе прифатат некоја дополнителна услуга за разликата во цената.

post

Бизнис план – План за социјални медиуми

Бизнис план

Бизнис план

Социјални медиуми во повеќе наврати беа предмет на обработка на овој сајт. Но, иако беше допрено до нив со верзијата на процес на бизнис планирање од 2010 година преку онлајн стратегија сепак истата не резултираше со конкретен план кој би гарантирал спроведување на стратегијата (во делот на социјални медиуми) во пракса.

Користење на она што досега е направено

Кога станува збор за овој план како дел од севкупниот бизнис план вие како еден претприемач веќе имате изработено соодветна онлајн стратегија која на некој начин ќе ги отслика потребите на градење на присутност на вашиот бизнис на интернет.

На пример, со претходниот (ажуриран дел за 2011) пост кој се однесува на дефинирање и редефинирање на бизнис моделот имате дефинирано:

  • Кого опслужува вашиот бизнис?
  • Каква вредност испорачува вашиот бизнис?
  • Како и преку што ќе ја испорачува таа вредност?
  • Каква и преку кои средства ќе се одвива комуникацијата со потроувачите?

Токму овие прашања во комбинација со инлајн стратегијата подготвена во претходниот наслов која навлезе во конкуренцијата, пазарот и целите на онлајн присутноста ќе бидат основа на изработка на план за социјални медиуми.

Изработка на план за социјални медиуми

Во овој дел би ги сублимирале основните чекори кои ќе треба да ги спроведете за изработка на еден ваков план. Првин би тргнал со одговор на шрашањето за тоа што значи добар план за социјални медиуми. Добар план за социјални медиуму претставува:

  • едноставен
  • концизен
  • воден од целите и
  • применлив во пракса.

За да ја исполните целта, да имате добар план за социјални медиуми следете ги следниве чекори:

  • Чекор 1: Дефинирајте ги сите цели на бизнисот кои на било каков начин може да имаат врска со присутноста на вашиот бизнис на социјални медиуми. Ова веќе ви е обработено при дефинирање на онлајн стратегија, па така за целите на овој наслов на бизнис плано можете да ги искористите.
  • Чекор 2: На скицата на бизнис моделот наведете ги сите места каде социјалните медиуми може да имаат одредена улога во спроведување на ефикасни и ефективни активности за комуникација и дистрибуцијата на вредноста што вашиот бизнис ја нуди.
  • Чекор 3: Спроведете SWOT анализа за социјални медиуми. Во овој дел ќе треба да одговорите на 40 прашања (од внатрешноста и надворешноста на бизнисо) по што лесно ќе можете да ја конструирате SWOT матрицата.
  • Чекор 4: Направете еден Scorecard за социјални медиуми преку кој ќе ги анализирате различните социјални медиуми кои согласно бизнис моделот, онлајн стратегијата и спроведената SWOT анализа од претходниот чекор најмногу одговараат за вашиот бизнис.
  • Чекор 5: Изберете ги социјалните медиуми кои ќе имаат најмногу поени согласно претходниот чекор и кои вие и вашиот бизнис ќе ги користите за периодот за кој се однесува планот.
  • Чекор 6: Направете една листа на активности која ќе треба да ја спроведете за градење на соодветен настап на избраните социјални медиуми согласно претходниот чекор.
  • Чекор 7: Определете точен датум на реализација на секоја активност која ја дефиниравте во листата од претходниот чекор.
  • Чекор 8: Определете одговорни лица за спроведување на секоја од тие активности.
  • Чекор 9: Определете мерни индикатори за секоја активност како би можело да се спроведе соодветно мерење на резултатите од истите.
  • Чекор 10: Имплементација, мерење и подобрување