post

Бизнис план грешки кои не знаете дека ги правите

Бизнис план грешки

Бизнис план грешки

Бизнис план грешки можат да бидат страшни за сопствениците на малите бизниси. Понекогаш некои грешки неможат да бидат избегнати, но не значи дека истите грешки треба да бидат повторени.

Понекогаш, постојат грешки кои едноставно претприемачот не знае дека ги прави. Најголемата грешка на еден претприемач е кога тој не препознава дека направил грешка.

Грешките се болни кога ќе се случат, но години подоцна, колекција на грешки е она што се нарекува искуство. ~ Denis Waitley

Да, тие се нешто што може да доведат до искуство. За ова пишувавме во Подобрување – последица на грешки.

Како и да е, грешките може да бидат трансформирани во искуство само кога знаете дека сте направиле грешка. Без тоа витално знаење, грешките може да се повторат во следниот процес на вашите активности.

10 Бизнис план грешки

Ќе презентирам тука едни од најслабо препознатливи грешки кои вие можете да ги направите кога спроведувате процес на планирање во вашата компанија.

  1. Го гледате планот како документ, а не како производ на процес на планирање. Број еден грешка која спаѓа во група на неприметливи грешки е да го гледате планот само како парче хартија за кое некој побарал да го направите (се мисли на банка, финансиска инсистуција, бизнис план натпревар…). Бизнис план има големо значење за вас и за вашиот бизнис само ако неговото производство претставува процес, и тоа процес кој никогаш не завршува.
  2. Обид да се најде перфекционизам во се. Перфекционизмот е важен елемент, но понекогаш може да ве вовлече во еден циклус на планирање кое никогаш не завршува и планот никогаш да не биде имплементиран бидејќи не е перфектен.
  3. Обид да се задоволат сите страни. Сакаш да се задоволиш себеси како претприемач. Сакаш да ги задоволиш финансиските институции за да ти дадат пари. Сакаш да ги задоволиш вработените. Сакаш да ги задоволиш потрошувачите. Сакаш да ги задоволиш акционерите… На ваков начин го губиш фокусот од најважната работа – бизнис моделот кој мора да се имплементира.
  4. Користење на премногу оптимистичко предвидување. Добро е да се биде оптимист, но во процесот на бизнис планирање погледите кои се премногу оптимистички може да доведат до катастрофа во вашата компанија.
  5. Заборавање дека на пазарот постои и конкуренција. Можеби вашиот бизнис е толку уникатен што ве доведува до констатација дека на пазарот не постои конкуренција. Како и да е, мора да запаметите дека не постои бизнис кој оперира на пазар целосно без конкуренција. Најважната тековна конкуренција и најважната идна конкуренција мора да биде дел од бизнис планот.
  6. Ја објаснувате бизнис идејата, а не бизнис можноста. Можеби вашата идеја е брилијантна, но доколку бизнис идејата не стане бизнис можност тогаш вашата компанија ќе страда. Мора да запаметите дека една бизнис идеја не е секогаш и бизнис можност. Затоа вашиот бизнис план треба да ја објасни бизнис можноста, а не како бизнис идејата е брилијантна.
  7. Не го ажурирате планот постојано. Бизнис планот не е статичен елемент кој може да се напише и заборави. Тој е динамичен документ кој бара постојано мерење, подобрување и ажурирање.
  8. Некомплетно резиме на планот. Понекогаш резимето е единственото нешто што ќе биде прочитано од луѓето кои се задолжени за давање на финансиски средства. Затоа е важно и мора да биде комплетно.
  9. Бизнис планот не содржи конкретни чекори. Секој план мора да резултира во прецизно дефинирани чекори кои мора да се изодат во наредниот период. Без вакви чекори, планот ќе биде само парче хартија.
  10. Одложување на имплементација. Доколку сте го направиле бизнис планот не го одложувајте. Доколку сепак го одложите, тоа е знак дека нешто не е во ред со него.

Ќе го завршам овој пост со уште еден цитат за грешки:

Грешките се тука и чекаат да бидат направени. ~ Savielly Tartakower

post

Бизнис план – Следење на имплементација

Бизнис план - Следење на реализација

Бизнис план - Следење на реализација

Еден бизнис план не служи за да се каже дека имате бизнис план и тој да ви стои во фиока или на полица каде ќе собира прав. Бизнис планот не е нешто што е непроменливо. Запомнете едно нешто, светот на бизнисот е променлив свет, па така и вашиот бизнис е променлив, а со тоа и вашиот бизнис план спаѓа во променлива категорија.

Претприемачите се луѓе кои се секогаш полни со идеи. Идеите се тие кои го водат бизнисот напред. Тие идеи можеби не сте ги имале кога сте го подготвувале бизнис планот. А, сите ваши анализи покажуваат дека имплементацијата на идеите ќе го зголеми вашиот успех. Затоа ќе мора да ги внесете во вашиот план и нормално да извршите прилагодување на истиот бидејќи една мала промена во еден дел од бизнис планот може да доведе до крупни промени во останатите (The Tripping Point – How Little Things Can Make a Big Difference).

Не може да се очекува дека планот ќе биде 100% точен и вистинит бидејќи тој во најголем дел се базира на историски податоци, анализи и проценки за иднината. Грешките се можни и оправдани. Затоа, постојано мора да се споредуваат планираните  во однос на остварените бројки. Да се бара разликата. Да се бараат причините за таквата разлика кои би се имплементирале во следниот циклус на планирање. Само на ваков начин ќе се обезбеди континуирано подобрување не само на процесот на планирање во вашиот бизнис туку и на севкупните бизнис процеси.

Но, што е тоа што треба да се споредува во бизнис планот? Еве некои споредбени точки во Вашиот бизнис план на кои треба да обрнете внимание:

  • Дали минатата година ги исполнив целите кои си ги постави во бизнис планот. Дали тековната работа води кон исполнување на поставените цели? Ова е значајно бидејќи доколку целите не ги исполнувате ќе мора да менувате нешто во самиот процес на работата.
  • Дали имате воведено нови производи кои не се опфатени со Вашиот бизнис план. Дали споредбата на вашите производи во однос на конкурентните е иста како во бизнис планот? Дали имате планови за идни производи кои не сте ги опфатиле со бизнис планот? Производите и/или услугите се тие кои ви носат финансии во вашиот бизнис. Нивното постојано следење е многу важно.
  • Дали движењата на пазарот се токму онакви како што покажува вашата анализа на пазарот во планот? Движењата на пазарот се основа за многу одлуки во однос на вашето работење. Мора да го следите пазарот доколку сакате да останете на него. Инаку, тој едноставно ќе ве отфрли.
  • Дали има крупни промени во индустријата кои не се предвидени во анализата на индустријата во Вашиот бизнис план? Секоја индустрија има посебни карактеристики и движења. На пример, за IT индустријата карактеристика се големи и брзи промени. За да се биде во тренд и во согласност со пазарот мора да се следат движењата во индустријата во која се наоѓате.
  • Дали има или ќе има некои промени во законската регулатива кои би влијаеле на работењето на вашиот бизнис и кои би требало да се имплементираат во самиот план?
  • Имате ли некои промени во Вашата маркетинг стратегија која е опишана во бизнис планот? Како се движат Вашите цени, промоцијата и дистрибуцијата? Вашиот маркетинг, цените, промотивниот материјал и начинот на дистрибуција се променлива категорија. И треба да бидат променливи. Но, какво влијание ќе имаат на продажба, на процесот на работењето, на менаџментот ќе влијае и на планирањето.
  • Дали продажбата се движи како во проекциите во планот? Ова е најважна контролна точка со планот. Од продажбата ќе зависи и рентабилноста, и готовинскиот тек, и видот на маркетингот, вработување… Сето ова се важни елементи на кои се базира Вашиот бизнис план.
  • Има ли промени во однос на маркетинг планот?
  • Дали организациската структура е онаква како што е наведена во планот? Дали работите со истиот менаџерски тим како во планот? Променети ли се плановите за вработување на персонал?
  • Каква е вашата реална рентабилност во однос на планираната?
  • Дали вашата добивка или загуба е во согласност на планот? Продолжувате со ист начин на работа или не?
  • Дали готовинскиот тек се движи како што е опфатено во планот?
  • Дали вашите јаки и слаби страни, како и можности и закани се исти како во планот? Има ли промена во нивното влијание на вашето работење?

Ова се основните елементи кои во текот на годината треба:

  • да се контролираат,
  • да се споредуваат со планот,
  • да се утврдат причините за таквата разлика
  • да се решаваат сите проблеми преку отстранување на негативните разлики (несиполнувањата на планот)

На сликата подолу е даден еден поедноставен дијаграм на текот на активностите при мерење на резултатите и споредбата на оствареното со планираното.

Дијаграм на тек - Следење на бизнис планот

Дијаграм на тек - Следење на бизнис планот

post

Бизнис план: Најдоброто на претприемач во 2010

Бизнис план - Најдоброто за 2011

Бизнис план - Најдоброто за 2011

Бизнис план претставува третата тема од серијалот најдоброто на претприемач во 2010. Овие постови можете да ги искористите како надополнување на Бизнис план за 2011 во кој презентирвме 22 прашања кои треба да ги одговорите за да ве водат низ процесот.

Како нешто што навистина вреди да се прочита и знае за оваа година во категорија бизнис план ги издвоивме следниве постови:

  1. Процес на бизнис планирање. Оваа е второто издание на постови за процес на бизнис планирање каде се разработени сите елементи кои треба да ги содржи производот од тој процес – бизнис планот. Тука ќе ги најдете сите линкови до упатствата за изработка на бизнис план.
  2. 7 Различни значења на бизнис планот. Во овој пост претставени се 7 различни значења на бизнис планот кои може да бидат инкорпорирани во процесот на бизнис планирање од каде што ќе произлезе еден таков документ.
  3. Бизнис Капацитет – Секогаш мора да биде земен во предвид! Во процес на бизнис планирање, мора да се земат во предвид и капацитетите на бизнисот. Кога велам капацитети на бизнисот мислам на Вашите капацитети, капацитетите на Вашите вработени и капацитетите на Вашата технологија.
  4. Постави ниски но остварливи, наместо високи неостварливи цели. Поставување на објективни цели претставува основа за постигнување на тие цели кои ќе ги опфатиме со нашиот бизнис план.
  5. PEST – Политички, Економски, Социо-Културни и Технолошки Влијаниа.  Во овој пост е направен обид само накратко да се навлезе во сите овие подрачја на околината кои влијаат врз бизнисот и кои секако треба да бидат дел од Вашиот бизнис план.
  6. Бизнис Модел Наместо Бизнис План. Често пати се поставува прашањето дали е потребен бизнис план. Во овој пост се опфатени некои размислувања и препораки дали да се оди само со бизнис модел кој би го заменил бизнис планот.
  7. Претприемничко предвидување – побарувачка.  Најважното предвидување за секој претприемач е да се предвиди побарувачката. Во овој пост е прикажан начин како да ја предвидувате побарувачката за производите и/или услугите кои ги нуди Вашиот бизнис.
post

Бизнис план за 2011

Бизнис план за 2011

Бизнис план за 2011

Крајот на годината и почетокот на новата година е период кога во големо се планираат активностите за годината која што следи. Бизнис планирање е процес кој доведува до осветлување на патот кој сакаме да го изодиме како бизнис во новата година. Бизнис планот е тој кој ќе ни даде можност да ги следиме постигнувањата и секако да подобриме секаде каде што ќе направиме промашување. А, промашувањата се реалност, мора да бидеме објективни.

Во овој пост сакам да презентирам прашања кои ќе треба да ги одговорите за Вашиот бизнис план за 2011 да биде подготвен и спремен за имплементација.

  1. Кои се краткорочните цели на Вашиот бизнис?
  2. Кои се долгорочните цели на Вашиот бизнис?
  3. Кои се Вашите лични цели за 2011?
  4. Каков бизнис модел ќе користите во 2011 година?
  5. Зошто токму Вашиот производ и/или услуга ќе ги надминат производите и/или услугите на конкуренцијата?
  6. Како Вашиот бизнис ќе и помогне на Вашата околина (заедница во која оперира)?
  7. Каде Вашите купувачи ќе го купуваат Вашиот производ и/или услуга?
  8. Колку се спремни да платат за Вашиот производ и/или услуга?
  9. Кои се најважните конкуренти?
  10. Каква вредност има Вашиот производ и/или услуга за купувачот?
  11. Како може да се подобри бизнис идејата?
  12. Кои се целните потрошувачи за Вашиот бизнис?
  13. Која е староста на тие целни потрошувачи?
  14. Од кој пол се тие потрошувачи?
  15. Какви потреби тие имаат?
  16. Каков им е финансискиот статус на тие потрошувачи?
  17. Како ќе дојдете до тие потрошувачи?
  18. Каков слоган ќе користите за привлекување на тие Ваши потрошувачи?
  19. Кои стратегии за финансирање ќе ги користи Вашиот бизнис во 2011 година?
  20. Колкави ќе бидат трошоците на мојот бизнис (фикснии варијабилни)?
  21. Колкав месечен буџет ќе има Вашиот бизнис и за што ќе се троши тој буџет?
  22. Како ќе се движи готовината во новата 2011 година (анализа на готовински тек)?

Ова се основните прашања на кои ќе треба да дадете одговор во Вашиот бизнис план за 2011 година, се она што дополнително сметате дека треба да го одговорите со планот слободно внесете го во истиот. Секој бизнис е различен, па така и ќе бидат различни потребните одговори за соодветниот бизнис план.

post

10 Прашања кои треба да ги одговорите пред 2011

Претприемнички прашања пред 2011

Претприемнички прашања пред 2011

Се ближи новата година и овој период бара многу работа за претприемачи. Потребна е соодветна подготовка за годината која следува. Се разгледуваат остварувањата и успесите од оваа година. Но, сето тоа е безполезно доколку не се извлечат соодветни заклучоци со кои во новата година ќе влеземе поподготвени и секако подобри.

Искуство од една година водење на бизнис за еден претприемач претставува големо искуство. Затоа, само како еден потсетник за тоа кои прашања како минимум ќе треба да си ги поставите и одговорите во овој период од годината. Сепак, сигурно се подготвувате и за прославата за дочек на новата година.

1. Дали планираното за 2010 го остваривте?

Како претприемач, сигурно 2010-тата година сте ја зпочнале со соодветен план за истата во кој ги имавте поставено целите за 2010 и секако акционен план со потребни постигнувања во бројки (мерливи). Доколку е така, а би требало да биде така, отворете го листот хартија или Excel табела во која се наоѓаат тие планови и планирани постигнувања и споредете ги со актуелните бројки. На пример, една цел е да се оствари приход од 20.000.000 денари за 2010 година. Вистински остварен приход може да биде еднаков, поголем или помал од таа сума. Доколку е поголем или еднаков тогаш вие сте ја оствариле зацртаната цел.

Во тој акционен план означете ги стие активности кои предизвикале за остварување на целта која навистина сте ја оствариле.

2. Она што го остваривте зошто го остваривте?

Откако ги имате означено остварените цели и акциите кои придонеле за нивното остварување веднаш поставете си го прашањето ЗОШТО. Зошто успеав да остварам приход од толку и толку денари, зошто профитабилноста ја зголемив за толку и толку проценти? Зошто…

Кои активности сте ги превзеле за тие успеси?

Ова се значајни прашања бидејќи ќе ви дадат одговор за она што сте го направиле исправно во годинава која што изминува, а што навистина дава добри резултати.

3. Како да ги подобрите процесите кои придонесоа до тоа остварување?

И она што може да се чини како најдобро секогаш може да биде подобрено. Разгледајте ги сите процеси кои придонеле до остварување на поставените бизнис цели и активностите од кои се составени. Размислувајте како да ги подобрите, како да ги повторите за следната година.

4. Она што не го остваривте зошто не го остваривте?

Мора да бидете објективни и да кажете доколку нешто не сте оствариле дека навистина не сте го оствариле. Зошто не е остварено? Дали целите биле поставени превисоко? Дали сте направиле погрешно предвидување за иднината?

Сите овие прашања ќе ви помогнат да ги лоцирате елементите кои претставуваат слабост за Вашиот бизнис.

5. Како да ги елиминирате препреките кои довеле до тоа неостварување на планираното?

Сите препреки кои ви се појавиле на патото во текот на 2010 година и кои довеле до неостварување на некои планирани цели потребно е да ги елиминирате. Ова всушност претставува и подготовка на подобрување за Вашиот бизнис во новата година.

Сето она што како причина за неостварување ќе го одговорите во 4-тото прашање ќе претставуват препреки за кои ќе треб да најдете начин како да ги елиминирате.

6. Што сакате да постигнете во 2011?

И повторно, нов циклус на планирање за нова година кој е пред нас. Што е она што сакате да го постигнете во 2011 година? Бидете специфични со желбите, бидете објективни во согласност со реалните можности и секако барем малку обидете се да ги подобрите бизнис перформансите.

Направете листа на она што сакате да постигнете во 2011 со мерливи индикатори како догодина ова време повторно би си ги поставувале овие прашања.

Не заборавајте во овие планови да ги вклучите и препораките од одговорите во 5-тото прашање.

7. Како планирате да го постигнете тоа во 2011?

Лесно е да се постави цел, но цел без конкретни акциони чекори кои во пракса ќе се спроведат и кои треба да доведат до остварување на таа цел имаат многу послаб потенцијал за вистинско остварување.

Затоа одговорете на оваа прашање преку изготвување на конкретна листа на чекори за секоја поставена цел.

8. Дали се подготвени процесите за тие постигнувања во 2011?

Без бизнис процеси тешко дека може да оствари било што во бизнисот. Затоа, уште сега проверете дали ги имате изградено и воспоставено сите бизнис процеси кои ќе ви бидат потребни за реализирање на целите за 2011. Доколку нешто недостасува, поправете го или вклучете го во планот за 2011 како нешто што ќе треба да се направи.

9. Што ќе подобрите во 2011?

Од досегашните прашања веќе можевте да забележите големи можности за подобрувања. Излистајте ги сите и ставете ги на хартија за да не се заборави, и секако за да имаат поголема тежина.

10. Како ќе го подобрите тоа во 2011?

И секако 10-тото прашање е како да ги подобрите сите идентификувани можности за подобрување од 9-тото прашање.

post

Бизнис математика: 20% од 10 е многу помало од 20% од 1000

Бизнис математика

Бизнис математика

Бизнис математика претставува секојдневна работа на еден претприемач. Како и да е, различни гледишта носат различни резултати и констатации за можните идни насоки.

Ист процент од нешто е многу помал од истиот процент од нешто поголемо. Како и да различните бизнис елементи доведуваат до различна математика при што еден ентитет се чини дека е поуспешен од другиот.

Да се поиграме со една проста бизнис математика.

Бизнисот А се наоѓа на пазарот со 100.000 луѓе на кој има 10% учество. Ова не е исто со бизнисот Б кој се наоѓа на пазар со 1.000.000 луѓе и на кој има исто учество од 10%. Бизнисот А има 10.000 купувачи, додека бизнисот Б има 100.000 купувачи. Со оваа математика очигледно е дека бизнисот Б е подобар од бизнисот А.

Но, да продолжиме со „весела математика“ на истиот пример пред да прогласиме дека еден е победник во однос на другиот.

Што ќе се случи доколку просечен износ на купување во пари за едн година од страна на еден купувач кај бизнисот А изнесува 5.000 денари, додека кај Б изнесува 100 денари. Во еден ваков случај А ќе има годишен приход од 50.000.000 денари, додека Б ќе има годишен приход од 10.000.000 денари. Очигледно дека во овој случај А е подобар од Б иако Б има повеќе купувачи.

Што ќе се случи доколку профитната маржа на А е 5% а на Б е 35%? Во овој случај, А ќе има 2.500.000 денари профит, додека Б ќе има 3.500.000 денари профит. Кој бизнис е подобар? Очигледно Б е попрофитабилен.

Забележувате како од математика до математика се случуваат драстични промени во донесување на заклучоци.

Што можам да кажам, освен дека:

  • Се во бизнисот започнува од пазарот и потрошувачите.
  • Се е околу математикта која ја изведуваме.
  • Се се базира на елементи и гледишта кои го разликуваат еден бизнис од друг.
  • Се мора да се евалуира до крај или до линијата финиш.

Започнете да се играте со бројките и различните фактори кои влијаат на тие бројки. Користете рзлични гледишта во различни аспекти. Ќе се изненадите колку се различни работите околу Вашиот бизнис.

Што мислите Вие, како бројките ќе влијаат на вас?

post

Постави ниски но остварливи, наместо високи неостварливи цели

Бизнис цели

Бизнис цели

Дали е сигурно дека ако поставиме високи цели и се обврземе кон нив сигурно ќе ги оствариме?

Не верувам. Обврзување кон остварување на целите е важен фактор во успешноста на еден претприемач што повеќе пати беше нагласено тука. Но, не верувам дека ако поставиме цел продажба од една милијарда евра како еден мал бизнис и се обврземе на остварување дека ќе ја оствариме. Сепак, ние се наоѓаме во една мала земја, каде многу работи многу потешко се изведуваат во споредба со некоја „понормална“ држава.

Еден планинар почетник нема да може веднаш да се искачи на Монт Еверест. Еден претприемач, сопственик на мал стартап бизнис неможе да постави цели веднаш да биде Google, барем не во Македонија. Дури и најиновативните идеи кај нас тешко поминуваат заради недостаток на една глобална рамка која ќе му помогне на еден таков претприемач да ја оствари својата висока цел.

На пример, целта да заработиме 100.000 евра е многу поостварлива отколку една милијарда во тековната година.

Од што зависат целите?

Постојат повеќе фактори и елементи во бизнис светот кои имаат влијание и ги регулираат претприемничките цели. Но, во овој дел ќе се обидам накратко да презентирам неколку.

1. Претприемач

Бидејќи целите ги поставува еден претприемач, нормално е дека ќе има влијание на истите. Од друга страна, еден претприемач како сопственик на мал бизнис е централната точка околу која се друго се одвива и нормално е да се тргне од желбите на еден претприемач кои понатаму ќе се прилагодуваат на останатите фактори за да се добијат вистински остварливи цели кои ќе обезбедат раст на бизнисот.

2. Индустријата

Освен претприемачот тука е и индустријата во која функционира еден бизнис. Не можат целите да бидат значително поголеми од просекот на индустријата во која се наоѓа еден бизнис.

3. Пазар

Секој бизнис оперира на одреден пазар. Тој пазар има одредени граници во поглед на квантитетот на истиот. Растот на пазарот е дефиниран со растот на неговите чинители. Не можеме да очекуваме да исполниме цели кои се над можностите на пазарот во кој се наоѓа нашиот бизнис.

4. Квалитет

Квалитетот на производот и/или услугата кои ги нудиме ќе влијаат на одреден начин на целите на нашиот бизнис. Можеме ние да сакаме да оствариме нешто, но доколку квалитетот кој го нудиме нема потенцијал за да обезбеди остварување на тоа нешто приказната со нашите соништа завршува.

5. Ресурси

Ресурсите се уште еден фактор кој влијае на остварувањето на нашите цели. Без разлика дали станува збор за финансиски, материјални, човечки или пак информациски ресурси тие ќе влијаат на висината на нашите и цели и нивното остварување.

Објективност

Затоа, првиот чекор во обезбедување на соодветен развој на нашиот бизнис е да бидеме објективни и таа објективност да биде вклучена во поставување на нашите бизнис цели. Сите погоре наведен фактори треба да бидат земени во предвид (а и не само тие, туку и се што во дадена ситуација може да влијае на нашиот бизнис).

Имам видено поставени цели за имплементација на нов софтвер кои се нереално остварливи, а веќе се надминати и доцнат скоро една година. Тука главен фактор е недостаток на интелектуален капацитет на еден организациски систем, влијание на бирократија, несоодветен менаџмент на проекти и несоодветно планирање и предвидување на иднината. Значи не треба да се ограничите само на горенаведените 5 фактори затоа што различна состојба бара разгледување на различни фактори.

post

77 Подобрувања на бизнисот за 77 дена

77 Подобрувања за 77 дена

77 Подобрувања за 77 дена

Подобрување е основа за конкурентска предност. Најуспешните бизниси се бизниси кои денес не се исти како вчера, а утре воведуваат нешто ново со што денешницата претставува подобрена. Во овој пост на претприемач подготвив една листа од 77 елементи кои можете да ги подобрите за 77 дена. Секако листата не е конечна, можеме да одиме со уште многу елементи. Но, сепак ја ограничив на 77 најважни елементи.

Можете да ја искористите одеднаш, но моја препорака е да ја користите во циклуси. Започнете од првиот ден и по 77-иот ден повторно навратете се на првиот. Така ќе имате бизнис кој тешко ќе може некој да го копира. Па да започнеме со подобрувањето.

Бизнис идеја

Ден 1: Креативност

Прво место каде има секогаш простор за подобрување е да ја зголемите Вашата креативност.

Ден 2: Комуницирање на идејата

Вие не сте сам и идејата нема да биде само за вас доколку ја реализирате. Комуницирај ја идејата и извлечи подобрувања од таа комуникација.

Ден 3: Заедница

Бизнис идејата се комуницира со Вашата заедница во која Вие и Вашиот бизнис опстојувате или ќе опстојувате. Важен елемент од процесот на креирање и имплементација на бизнис идеи.

Ден 4: Приоритизација

Ќе имате многу идеи, многу проекти но приоритетот на истите не е ист. Можете да го подобрите процесот на приоритизација.

Ден 5: План на имплементација

Многу добри бизнис идеи не се трансформираат во успешни бизниси заради недостаток на едно нешто – имплементација.

Ден 6: Процес на имплементација

Бизнис идејата може да е одлична, но доколку не се имплементира на вистински начин целиот процес ќе биде залуден.

Ден 7: Лидерство

Кој е лидерот кој ќе го води целиот процес?

Ден 8: Капацитет на имплементација

Каков е и може ли да се зголеми капацитетот на имплементација на бизнис идеи?

Бизнис план

Ден 9: Претходно искуство

Провери го претходното искуство со бизнис планирање и пронајди ги најголемите промашувања.

Ден 10: Предвидување

Квалитетно предвидување е основа за добро бизнис планирање. Подобри го процесот на предвидување.

Ден 11: Знаење

Бизнис планирање бара знаење, пронајди извори на знаење со што ќе го подобриш истото.

Ден 12: Бизнис модел

Започни со дизајн на бизнис моделот, па потоа инкорпорирај го тој бизнис модел во еден квалитетен бизнис план.

Ден 13: Цели

Што сакате да остварите со бизнис планот? Целите се основа на секој процес на бизнис планирање и нешто што секогаш може да се подобри.

Ден 14: Графици

Бизнис планот претставува графичка презентација на бизнис бројките. Со еден поглед може да се видат потребните подобрувања.

Ден 15: Намената на бизнис планот

За кого е наменет бизнис планот? Не се обидувајте со еден бизнис план да ги задоволите сите страни.

Ден 16: Интересност

Дали бизнис планот е интересен или здодевен?

Ден 17: Реалистичност наместо оптимизтичност

Процес на планирање бара на сте реален, немојте премногу оптимистички да предвидувате или да поставувате цели.

Ден 18: Јас, јас и само јас синдром

Проверете каде го користите и избегнете го!

Ден 19: Поглед кон конкуренцијата

Секогаш можете да најдете можности за подобрување на Вашиот поглед кон конкурентите.

Ден 20: Перспективи

Изберете една перспектива преку која ќе биде насочен Вашиот поглед, подобрете ја и само напред!

Ден 21: План за имплементација на планираното

Имајте, подобрете го и применете го планот за имплементација на планираното.

Ден 22: Докази

Проверете дали сите бројки и факти се докажани и извлечени од доследни извори на информации, а не од обични претпоставки.

Финансии

Ден 23: Извор на финансии

Нешто што на секој бизнис му е потребно! Побарајте ги можните извори на финансии и подобрете ги!

Ден 24: Готовински тек

Погледни го графикот на анализа на готовински тек и забележи што може да се подобри.

Ден 25: Вештини за готовински тек

Подобри си ги вештините за готовинскиот тек преку избор на различни извори на знаења за проблематиката.

Ден 26: Трошоци

Верувале или не трошоците се нешто што секогаш може да се подобри (скратат).

Ден 27: Рентабилност

Направи анализа на рентабилноста и види што, каде и како да подобриш.

Ден 28: Проекции на профит/загуба

Погледни во проекции на добивка/загуба и разгледај ја можноста како да го подобрите профитот или пак доколку е загуба како да го направите профитабилен.

Ден 29: Коефициент на економичност

Каков е односот помеѓу вкупните приходи и вкупнит расходи и што треба да направите за да го зголемите тој однос?

Ден 30: Коефициент на повраток на инвестиција

Како се движи повратокот на инвестициите во бизнисот? Како може да се подобри?

Ден 31: Стапка на акумулативност

Каков е односот помеѓу нето приходот и вкупните инвестиции (вложувања) и што треба да направите за да го зголемите тој износ?

Продуктивност

Ден 32: Организација

Организирање претставува мајка на зголемена продуктивност. Подобрете ја организацијата и ќе ја подобрите и продуктивноста.

Ден 33: Планирање

Бизнис планот ја зголемува личната и бизнис продуктивност. Подобри го процесот на планирање за да ја подобриш личната и бизнис продуктивност.

Ден 34: Системи

Бизнис системите овозможуваат побрзо изведување на иста работа во ист временски период. Секогаш постои можност за подобрување.

Ден 35: Личен живот

Подобри го личниот живот и ќе ги видиш разликите во бизнисот.

Ден 36: To-Do Листи

To-Do Листи претставуваат корисни алатки во зголемување на продуктивноста.

Ден 37: Препреки

Секогаш постојат препреки како лични така и бизнис препреки. Пронајди ги и елиминирај ги ќе ја зголеми личната и бизнис продуктивност.

Ден 38: Аутсурсинг

Што може да биде изведено во вид на аутсурсинг како би се заголемила продуктивноста?

Ден 39: Вработени

Бизнис продуктивноста се базира на продуктивноста на вработените.

Ден 40: Менаџмент системи

Бизнис продуктивноста зависи од менаџерските системи кои се користат во бизнисот.

Ден 41: Информативни системи и софтвер алатки

Вистинска информација, во вистинско време, кај вистинската личност ќе помогне да се заврши повеќе работа.

Ден 42: Систем за учење

Знаењето стекнато преку добар систем за учење ќе ја зголеми бизнис продуктивноста.

Бизнис процеси

Ден 43: Организирај го неорганизираното

Секогаш постои нешто во бизнисот што не е организирано онака како што треба.

Ден 44: Систематизирај ги бизнис процесите

Систематизација на бизнис процесите претставува основа за идни подобрувања и одржување на конкурентска предност.

Ден 45: Технологија

Користи ја оптимално технологијата во бизнисот.

Ден 46: Влез/Излез

Секогаш може да се подобри трансформацијата на влезот во излезот.

Ден 47: Бизнис модел

Основата на на секој бизнис секогаш може да се подобри.

Маркетинг

Ден 48: Маркетинг план

Направи подобар маркетинг план. Прочитај повеќе во Маркетинг план во 7 реченици и Дополнувањаво однос на маркетинг планот.

Ден 49: 4P

Производ, промоција, дистрибуција и цената се елементи од маркетинг миксот кои можете да ги имате како предмет на подобрување.

Ден 50: Маркетинг средства

Секое маркетинг средство може секогаш да се подобри.

Ден 51: Маркетинг календар

Провери, спореди, анализирај и редизајнирај го маркетинг календарот.

Ден 52: Повик за акција

Повик за акција е еден од најважните елементи на секое маркетинг средство кој има огромно влијание на успешноста на одредена маркетинг кампања. Подобри го за да ја зголемиш ефикасноста и ефективноста на маркетинг напорите.

Ден 53: Сегментација

Искористете ги алатките како RFM формула и демографија наспроти активности на потрошувачите.

Ден 54: Листа на потрошувачи

Провери, спореди, анализирај и редизајнирај ја листата со потрошувачи.

Ден 55: Листа на потенцијални потрошувачи

Провери, спореди, анализирај и редизајнирај ја листата со потенцијални потрошувачи.

Ден 56: Блог дизајн

Што може да подобрите во дизајнот на блогот.

Ден 57: Дизајн на веб страна

Што може да подобрите во дизајнот на веб страната.

Ден 58: Маркетинг кампањи

Секогаш може и подобра кампања од претходната.

Ден 59: Онлајн стратегија

Онлајн стратегија станува една од најважните бизнис стратегии за еден бизнис. Секое подобрување претставува севкупно бизнис подобрување.

Ден 60: Внимание, репутација и доверба

Подобрете го привлекувањето на вниманието кон Вашиот бизнис како и репутацијата и довербата кон истиот.

Ден 61: Дополнителна услуга

Подобрете ги дополнителните услуги кои ги нудите на потрошувачите.

Ден 62: Запознај ги подобро потрошувачите

Потрошувачот претставува најважната личност во Вашиот бизнис свет. Подобро познавање на Вашите потрошувачи подобар бизнис ќе имате.

Ден 63: Ургентност

Подобри ги елементите кои предизвикуваат ургентност за купување.

Ден 64: Корисности

Подобри ги корисностите на Вашиот производ и/или услуга за потрошувачите.

Ден 65: Кредибилитет

Подобри го кредибилитетот на бизнисот.

Ден 66: Понуда

Подобрете ја Вашата понуда да биде од аспект на потрошувачи. Бизнис понудата мора да се базира на потрошувачите и пазарот, не на желбите на претприемачот.

Ден 67: Социјални медиуми

Подобрете го присуството на Вашиот бизнис на социјалните медиуми.

Ден 68: SEO

Подобрете ја оптимизацијата за пребарувачи на Вашата бизнис веб страна или блог.

Продажба

Ден 69: Продажна инка

Подобрете го подесувањето на продажната инка на Вашиот бизнис. Секогаш има простор за подобрување.

Ден 70: Влез во продажна инка

Подобрете го влезот во продажната инка. Зголемен влез претставува зголемена веројатност за поголема продажба.

Ден 71: Стапка на конверзија

Стапка на конверзија претставува стапка на трансформирани потенцијални купувачи кои влегле во продажната инка во купувачи. Оваа мерка се изразува како процент од вкупниот влез и секогаш може да се најде простор за подобрување.

Ден 72: Просечна продажба

Подобрете го износот на просечна продажба од еден купувач.

Ден 73: Времетраење на продажна инка

Намалете го времетраењето на продажната инка.

Ден 74: Продажен тим

Продажниот тим е оној кој ја завршува последната работа, нека биде поубедлив.

Ден 75: Знаење на продажниот тим

Подобри го знаењето на продажниот тим за твоите производи и/или услуги. Сепак тие се во директен контакт со потрошувачите.

Ден 76: Насмевка

Подобри ја насмевката на лицето на продажниот тим. Не држи луѓе кои не знаат да се смеат.

Ден 77: Објаснување

Секогаш може подобро да се објаснат на потрошувачот карактеристиките и корисностите на производот и/или услугата.

post

7 Различни значења на бизнис планот

Бизнис план - Значења

Бизнис план - 7 значења

Бизнис планот е еден од најважните бизнис документи произлезени од мозокот и пенкалото на еден претприемач. Но, кога ќе го гледаме како еден документ, реалната вредност од една претприемничка перспектива драстично се намалува. Многу е подобро да се гледа како еден процес нa бизнис планирање. Впрочем, во последниот серијал на туторијали за бизнис планирање и изработка на бизнис план се обидов да дадам еден таков пристап.

Тука сакам да претставам 7 различни значења на бизнис планот кои може да бидат инкорпорирани во процесот на бизнис планирање од каде што ќе произлезе еден таков документ.

1. Бизнис планот како средство за финансирање на малите бизниси

Бизнис планот може да се користи за бизнис план натпревари или добивање на финансии за започнување или развој на бизнисот од различни институции како банки или владини развојни програми. Претприемач со идеи, но без пари нема да може да го започне бизнисот.

2. Бизнис план како блупринт за претприемничкиот успех

Може да се гледа и како блупринт кој ќе го води претприемачот низ патотот на успехот. Ова се едноставни To-Do листи за иднината. Секој процес на планирање мора да резултира во детална To-Do листа за претприемачите која мора да биде спроведена во иднина.

3. Бизнис план како патоказ за идните бизнис активности

Бизнис планот ќе го претстави целосниот пат низ кој еден претприемач ќе треба да вози за да го постигне она што го сака. Доколку го знаете патот, ќе биде многу полесно да го поминете тој пат и побргу да ја дотигнете дестинацијата.

4. Бизнис план како сет на бизнис идеи

Понекогаш бизнис планот може да се користи како средство за синтетизирање на различните бизнис идеи. Претприемачите се луѓе полни со идеи. Тие идеи може да бидат идеи за подобрување, развој, раст…

5. Бизнис план како средство за опишување на бизнис идеи

Бизнис планот може да се користи и како место каде различните претприемнички идеи ќе бидат опишани како листа на задачи или идни активности за нивната реализација. Бизнисот се гради врз идеи, и добрите идеи кои ситематски се имплементираат ќе доведат до успех.

6. Бизнис план како финансиски водич за бизнисот

Може и треба да се користи како финансики водич за трошење во однос на идните бизнис оперции. Бизнис планот ќе ви каже колку можете да потрошите и за што. Каков ќе изгледа готовинскиот тек, приходот, продажбата, профитот…

7. Бизнис план како мозочен регулатор

Ова го искусив на сопствена кожа во последните неколку месеци. Кога започнав со пишување на еден ваков документ и кога погледнав во различните идни бизнис аспекти и ми го промени размислувањето во некои аспекти дури за 360 степени кога сите бројки ги ставив на хартија. Она што го претпоставував во започнување на процесот на започнување, бројките ми кажуваат каде грешам и каде треба да се вратам и да ги променам моите претпоставки и предвидувања.

post

Процес на бизнис планирање

Процес на бизнис планирање

Бизнис план - Алатка за планирање

Во изминатиот период ги објавив најновите верзии од процесот за бизнис планирање преку изработка на еден квалитетен бизнис план. Ова е втора верзија која по една година истрпе голем број на измени. Во моментов овие туторијали се пакуваат во една е-книга во која ќе бидат дополнети со To-Do листи и еден вид на темплејти кои ќе ви помогнат во процесот на бизнис планирање. Освен самите наслови и поднаслови оваа книга ќе биде дополнета и со повеќе елементи кои го тангираат успешното бизнис планирање кое претставува основа за поставување на нозе на еден успешен бизнис.

Тука би сакал само да ги наведам сите елементи кои досега ги поминавме како би се олеснило пребарување на веб страната. Ова е поради фактот што овој серијал не одеше секојдневно туку распоредот беше по случајна селекција.

  1. Бизнис План – Насловна Страна
  2. Бизнис План – Содржина и Резиме
  3. Бизнис План – Општо за Компанијата
  4. Бизнис План – Производи и/или Услуги
  5. Бизнис План – Анализа на пазарот и индустријата
  6. Бизнис План – SWOT Анализа
  7. Бизнис План – Онлајн Стратегија
  8. Бизнис План – Маркетинг Стратегија и Имплементација
  9. Бизнис План – Продажна Стратегија и Имплементација
  10. Бизнис План – Менаџмент
  11. Бизнис План – Финансии
  12. Бизнис План – Анекси

Ова се 12 елементи на еден бизнис план, кои се обидов да ги претставам како еден процес на планирање. Подетално за целиот процес на бизнис планирање како што наведов на почетокот на овој пост ќе биде објавена е-книга за која ќе бидете известени (се надевам за едно 10-тина дена).

Во секој случај, ова е само еден процес, кој најмногу зависи од Вас – претприемачи. Тука е Вашата креативност во прв план. Формата и обликот на документот воопшто не е важна, важно е она што ќе произлезе од процесот – јасна патека за остварување на поставените бизнис цели.

И уште нешто би напоменал. Ова е процес, не е нешто што започнува и завршува. Кога ќе заврши овој процес опишан во горенаведените наслови веднаш започнува имплементација, следење, мерење и подобрување. А, по завршување на временскиот период за кој се однесува бизнис планот започнува повторно истиот процес.